Наоми Клајн
Под оган

Вовед: Ние сме пожарот

(извадок бр. 2)


Извор: Naomi Klein. On Fire: The (Burning) Case for a Green New Deal, 2019.
Превод и техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: февруари 2020


...

[Климатската] криза во голема мера е создадена од најбогатиот слој од општеството: речиси 50 проценти од глобалните емисии се произведени од најбогатите 10 проценти од светското население; најбогатите 20 проценти се одговорни за 70 проценти. Но, влијанијата од овие емисии најпрво и најлошо ги погодуваат најсиромашните, предизвикувајќи преселување на растечки број луѓе, а уште многу повеќе ќе следат. Една студија на Светска банка од 2018 година проценува дека до 2050 година повеќе од 140 милиони луѓе во Супсахарска Африка, Јужна Азија и Латинска Америка ќе бидат раселени поради климатските притисоци – проценка што многумина ја сметаат за умерена. Повеќето ќе останат во своите земји, преплавувајќи ги градовите и сламовите што веќе се под притисок; многумина ќе се обидат да имаат подобар живот на други места.

Во секој морален универзум, воден од основните принципи на човековите права, овие жртви на кризата создадена од други луѓе би имале право на правда. Таа правда би имала и треба да има многу облици. Во прв ред, правдата бара најбогатите 10-20 проценти да ја прекинат основната причина за оваа продлабочувачка криза преку намалување на емисиите онолку брзо колку што тоа го дозволува технологијата (претпоставката на Зелениот нов договор). Правдата исто така бара да му обрнеме внимание на повикот за „Маршалов план за Земјата“, кој го упати климатскиот преговарач на Боливија пред една деценија: да префрлиме ресурси на глобалниот Југ со цел заедниците да можат да се зајакнат себеси пред екстремните временски прилики, да се извлечат себеси од сиромаштијата преку чиста технологија и да го заштитат својот начин на живот кога тоа е можно.

Кога заштитата не е можна – кога почвата едноставно е премногу испржена за да се одгледуваат култури и кога морињата се подигаат премногу брзо за да бидат задржани – тогаш правдата бара јасно да признаеме дека сите луѓе го имаат човековото право да се иселат и да бараат безбедност. Тоа значи дека тие имаат право на азил и статус при пристигнувањето. Всушност, среде толкавите загуби и страдање, тие имаат право на многу повеќе од тоа: тие имаат право на љубезност, оштета и сесрдно извинување.

Со други зборови, нарушувањето на климата бара преземање мерки на теренот кој им е најодбивен на конзервативните умови: прераспределба на богатството, споделување на ресурсите и оштета. И сѐ повеќе луѓе од радикалната десница го сфаќаат тоа многу добро, поради што развиваат разни искривени изговори зошто ништо од ова нема да се случи.

Првата фаза е да се вика „социјалистички заговор“ и изречно да се одрекува реалноста. Ние сме во оваа фаза веќе некое време. Тоа беше позицијата што ја зазеде Андерс Бревик, социопатот што отвори оган во норвешкиот летен камп во 2011 година. Бревик беше убеден дека, покрај имиграцијата, еден од начините како се слабее белата западна култура е преку повиците Европа и Англосферата да го платат својот „климатски долг“. Во одделот од неговиот манифест насловен „Зеленото е новото црвено – Стоп за енвиро-комунизмот!,“ во кој наведува неколку познати негатори на климатските промени, тој ги прикажува барањата за климатското финансирање како обид да се „’казнат’ европските земји (вклучувајќи ги и САД) поради капитализмот и успехот.“ Климатската акција, тврди тој, „е нова Прераспределба на Богатството.“

Но, ако категоричното негирање се чинеше изводлива стратегија тогаш, девет години подоцна (при што шест од тие години беа помеѓу десетте најжешки досега забележани) тоа е помалку така денес. Тоа сепак не значи дека некогашните негатори одеднаш прифатија одговор на климатската криза втемелен на договорените меѓународни рамки. Далеку поверојатно е дека многу од оние што сега тврдат дека ги негираат климатските промени едноставно ќе преминат нагло на злокобниот поглед на свет што го изрази убиецот од Крајстчерч [Нов Зеланд], на сфаќањето дека ние навистина се соочуваме со турбулентна иднина и дека тоа е уште повеќе причина богатите земји со бело мнозинство да ги забарикадираат своите граници, исто како и својот идентитет како бели христијани, и да поведат војна против секој и против сите „агресори“.

Науката за климата повеќе нема да се одрекува; она што ќе се одрекува е идејата дека нациите што се најголеми историски испуштачи на јаглерод им должат нешто на црните и кафеавите луѓе што трпат последици од тоа загадување. Тоа ќе се одрекува врз основа на единствениот можен изговор: дека тие не-бели и не-христијански луѓе се помалку вредни, дека тие се другиот, дека тие се опасни агресори.

Во голем дел од Европа и Англосферата, ова закоравување веќе доста е во тек. Европската Унија, Австралија и САД, сите тие усвоија имиграциски политики што се варијации на „превенцијата преку одвраќање“. Бруталната логика е да се третираат мигрантите со толку голема бездушност и суровост со цел очајните луѓе да бидат одвратени од тоа да бараат безбедност преку преминување на границите.

Со ова на ум, мигрантите се оставаат да се удават во Медитеранот, или да умрат од дехидратација во суровата Аризонска пустина. А ако преживеат, ги ставаат во услови еднакви на измачување: во либиските логори, каде европските земји сега ги испраќаат мигрантите кои се обиделе да стигнат до нивните брегови; во австралиските островски бегалски логори на отворено море; во еден огромен „Валмарт“ маркет претворен во детски затвор во Тексас. Во Италија, ако мигрантите успеат да стигнат до некое пристаниште, тие сега редовно се спречуваат да стапнат на брегот, се држат во заложништво на бродовите за спасување под услови за кои еден суд пресуди дека се еднакви на киднапирање.

Во меѓувреме, канадскиот премиер твита слики од себеси како им посакува добредојде на бегалците и како посетува џамии – иако неговата влада прави огромни нови инвестиции за да ја милитаризира границата и го заострува Договорот за безбедна трета земја, кој им забранува на барателите на азил да побараат заштита на официјалните канадски гранични премини, ако доаѓаат од претпоставената „безбедна“ земја – Трамповите САД.

Целта на ова забарикадирање околу Европа и Англосферата е повеќе од јасна: убедете ги луѓето да останат таму каде што се, без разлика колку и да е бедно таму, без разлика колку и да е смртоносно. Според овој поглед на светот, вонредна состојба не е човечкото страдање; тоа е нивната незгодна желба да побегнат од тоа страдање.

Тоа е причината зошто Доналд Трамп можеше, само неколку часа по масакрот во Крајстчерч, да го одрекува напливот од радикално-десничарско насилство и веднаш да ја смени темата во насока на „инвазијата“ на мигранти на јужната граница на САД, како и неговата неодамнешна објава на „национална вонредна состојба“, потег што значеше ослободување на милијарди долари за ѕид на границата. Три недели подоцна, Трамп твитна: „Нашата земја е ПРЕПОЛНА!“ Ова го проследи италијанскиот министер за внатрешни работи, Матео Салвини, кој одговори на пристигањето на мала група мигранти, спасени на море, твитајќи: „Нашите пристаништа се и ќе останат ЗАТВОРЕНИ.“

Муртаза Хусаин, истражувачки новинар кој го проучуваше поподробно манифестот на убиецот од Крајстчерч, нагласува дека тој е полн со идеи што се сѐ, само не маргинални. Неговите зборови, пишува Хусаин, се „и луцидни и застрашувачки познати. Неговото именување на имигрантите како агресори го одразува јазикот кој се користи од Претседателот на САД и радикално-десничарските лидери ширум Европа... За оние што се чудат каде [тој] се радикализирал, одговорот им е токму пред очи. Тој е во нашите медиуми и политика, каде малцинствата, муслиманите и другите, се оцрнуваат како редовна практика.“

Климатски варваризам

Двигателите на масовната миграција се сложени: војни, насилство на бандите, сексуално насилство, продлабочувачка сиромаштија. Она што е јасно е дека нарушувањето на климата ги засилува сите овие други кризи, а ќе станува уште полошо како што станува пожешко. Но, наместо да помагаат, најбогатите земји на планетата изгледаат решени да ја продлабочат кризата на сите фронтови.

Тие не успеваат да обезбедат значајна нова помош за посиромашните нации да можат подобро да се заштитат себеси од екстремните временски прилики. Кога осиромашениот и презадолжен Мозамбик беше покосен од циклонот „Идаи“, Меѓународниот монетарен фонд ѝ понуди на таа земја 118 милиони долари, заем (а не грант), кој некако ќе мора да го врати; Кампањата за јубилејниот долг го опиша потегот како „шокантна пресуда на меѓународната заедница.“ Уште полошо, во март 2019 година, Трамп објави дека има намера да скрати 700 милиони долари од тековната помош за Гватемала, Хондурас и Ел Салвадор, од кои дел беа наменети за програми за помош на фармерите да се справат со сушата. Во еден исто толку експлицитен израз на своите приоритети, во јуни 2018 година, на почетокот од сезоната на урагани, Департментот за татковинска безбедност пренамени 10 милиони долари од Федералната агенција за справување со вонредни состојби, која има за цел да одговори на природни непогоди во земјата, и ги префрли на Одделот за имиграцијата и царини, за да платат за притворањето на мигрантите.

Да нема недоразбирање: ова е зазорувањето на климатскиот варваризам. И освен ако нема радикална промена не само во политиката, туку и кај темелните вредности што ја раководат нашата политика, вака богатиот свет ќе се „прилагоди“ на дополнителните нарушувања на климата: преку целосно отпуштање од синџир на отровните идеологии што ја рангираат релативната вредност на човечките животи со цел да го оправдаат монструозното отпишување на огромни делови од човештвото. А она што започнува како суровост на границата речиси сигурно ќе ги зарази општествата како целини.

Овие супремацистички идеи не се нови; ниту пак некогаш имаат исчезнато. За оние од нас во Англосферата, тие се длабоко вкоренети во правните темели на самото постоење на нашите нации (од доктрината за христијанското откритие до terra nullius [ничија земја]). Нивната моќ опаѓала и растела во текот на нашите истории, во зависност од тоа кое неморално однесување барало идеолошко оправдување. И исто како што овие отровни идеи испливувале на површината кога имало потреба од нив за да се рационализира ропството, крадењето земја и сегрегацијата, тие сега повторно испливуваат кога се потребни за да се оправда климатското инаетење и варварството на нашите граници.

Брзо растечката суровост на сегашниот момент не може да биде пренагласена; ниту тоа може да биде долгорочната штета врз колективната психа, ако ова помине без да биде оспорено. Позади театарот на некои влади што ги одрекуваат климатските промени и оние другите што тврдат дека прават нешто околу тоа додека ги забарикадираат своите граници пред нивните ефекти, има едно далекусежно прашање кои стои пред нас. Во немирната и непредвидлива иднина која веќе започна, каков тип на луѓе ќе бидеме? Дали ќе го споделиме она што преостана и ќе се обидеме да се грижиме едни за други? Или, наместо тоа, ќе се обидеме да го оградиме она што преостана, ќе се грижиме за „нашите“ и ќе ги заклучиме надвор сите останати?

Во ова време на растечко ниво на морињата и на растечки фашизам, ова е тешкиот избор пред нас. Има и други опции поинакви од целосно развиениот климатски варваризам, но имајќи предвид колку далеку имаме заминато, нема смисла да се преправаме дека тие се лесни. Ќе биде потребно многу повеќе од данок на јаглеродот или начелото „ограничи и тргувај“. Ќе треба да се поведе сеопфатна војна и на загадувањето и на сиромаштијата и на расизмот и на колонијализмот и на очајот, и сето тоа истовремено.

Можеби најважно, ако сакаме да ја избегнеме иднината која ќе биде одбележана со уште посурово префрлање на вината врз најранливите и невините, ќе мора да изнајдеме цврстина да се соочиме со моќните играчи кои ја сносат најголемата одговорност за климатската криза. Соочувањето со секторот на фосилни горива може да се чини неверојатно тешко: тој има неограничено богатство да го троши на лобирање кај политичарите да изгласаат драконски закони што ќе ги погодат активистите и да купува реклами за односи со јавноста што ги загадуваат јавните бранови должини. Но, и покрај тоа, овој сектор е далеку повеќе ранлив на разни видови притисок од она што се чини на прв поглед.

Во изминатите пет години, централна стратегија на движењето за климатска правда беше да покаже дека овие компании се неморални актери чии профити се нелегитимни, бидејќи нивниот основен бизнис модел зависи од дестабилизирањето на човечката цивилизација. Таа стратегија доведе до тоа стотици институции да се заложат да ги повлечат парите од акциите на компаниите за фосилни горива. Уште понеодамна, движењето „Санрајс“ и други се фокусираа на тоа да го овозможат изборот на политичари кои ќе се заложат дека нема да земаат „пари од фосилни горива“, а што повеќе од половината од претендентите за раководството на Демократската партија брзо се согласија да го потпишат. Ако тоа стане политика на една владејачка партија да одбива донации од фосилни горива и да ги одбегнува лобистите на фосилните горива, стисокот на оваа индустрија врз носењето одлуки драматично ќе биде ослабен. А доколку, под јавен и регулаторен притисок, медиумите престанат да објавуваат реклами од компаниите за фосилни горива, слично како што престанаа да објавуваат реклами за цигари во минатото, преувеличеното влијание на оваа индустрија дополнително ќе се намали.

Со помалку дезинформации што ќе ги искривуваат дебатите и со јасна поделба помеѓу нафтата и државата, патот ќе биде далеку порасчистен за оној вид робусни регулативи што брзо би завладеале во овој престапнички сектор, зашто сите екстрактивни компании функционираат во една непроменлива рамка на „расти или умри“: тие мора постојано да ги уверуваат инвеститорите дека за нивниот производ ќе има голема побарувачка не само денес, туку и доста долго во иднината. Поради тоа централен дел од вреднувањето на секоја компанија за фосилни горива претставуваат не само проектите кои тековно ги има во производство, туку и нафтата и гасот кои ги има во „резерва“ – депозитите што ги има откриено и купено за свој развој во децениите што следат.

Според Стивен Крецман, извршен директор на „Оил чејнџ интернационал“, со седиште во Вашингтон, штом владите престанат да даваат дозволи за нови истражувања и дупчења врз основа на тоа дека мора брзо да преминеме на стопроцентна обновлива енергија, инвеститорите ќе започнат да го напуштаат бродот. „Ова одредување на финансиските и политичките граници на индустријата го разоткрива нивниот најистраен мит: дека ние секогаш ќе имаме потреба од нив. Во суштина, обратното е точно. Вистинските климатски лидери на следната деценија ќе мора да ја имаат храброста да ги повлечат буквално сите дозволи за индустријата (општествени, политички, правни), итно да го запрат ширењето на индустријата и да го менаџираат намалувањето на производството во следните неколку децении на начин што е фер и праведен кон работниците и заедниците на граничните подрачја.“ Може исто така да биде неопходно да се преземат некои од овие компании за да се осигура дека преостанатите профити ќе одат за опоравување на земјата и водата, како и за пензиите за работниците наместо да завршат во џебовите на инвеститорите. Тоа од своја страна бара одлучно напуштање на фундаментализмот на слободниот пазар, кој одредуваше толку многу работи во последниот половина век.

Пораката што доаѓа од училишните штрајкови е дека голем број млади луѓе се подготвени за овој вид длабоки промени. Тие знаат премногу добро дека шестото масовно изумирање не е единствената криза што тие ја имаат наследено. Тие исто така растеа во рушевините на пазарната еуфорија, во која сонот за бесконечно растечки животен стандард им отстапи место на нескротливите мерки за штедење и економската несигурност. А техно-утопизмот, кој замислуваше бесконфликтна иднина на неограничена поврзаност и заедништво, се преобрази во зависност од алгоритмите на завидливиот, неуморен корпоративен надзор и ја мултиплицира онлајн мизогинијата и белата надмоќ.

„Кога ќе ја завршите вашата домашна задача“, кажа Грета Тунберг, „сфаќате дека ни треба нова политика. Ни треба нова економија, каде сѐ е втемелено врз нашиот брзо опаѓачки и крајно ограничен јаглероден буџет. Но тоа не е доволно. Ни треба целосно нов начин на размислување... Мора да престанеме да се натпреваруваме едни со други. Мора да започнеме да соработуваме и да ги споделуваме преостанатите ресурси на оваа планета на правичен начин.“

Бидејќи нашата куќа гори, ова не треба да изненадува. Изградена врз лажни ветувања, фјучерси на попуст и луѓе за жртвување, таа беше составена да експлодира уште од почетокот. Премногу е доцна да ги спасиме сите наши работи, но сѐ уште можеме да се спасиме еден со друг, како и огромен број други видови. Да ги угаснеме огнените јазици и да изградиме нешто поразлично наместо тоа. Нешто што ќе биде малку помалку накитено, но со доволно простор за сите на кои им е потребно прибежиште и грижа.

Ајде да исковаме Глобален зелен нов договор – овојпат за сите.


Архива на Наоми Клајн

Тематска архива за капитализмот, природата и климатската правда

марксистичка интернет архива