Петар Кропоткин
Меѓусебната помош: фактор на еволуцијата

Глава 1

Меѓусебната помош меѓу животните


Борба за постоење. – Меѓусебната помош – закон на природата и главен фактор на прогресивната еволуција. – Безрбетници. – Мравки и пчели. – Птици: ловечки и риболовни здружувања. – Дружељубивост. – Меѓусебната заштита помеѓу малите птици. – Жерави; папагали.

Концепцијата за борбата за постоење како фактор на еволуција, воведена во науката од Дарвин и [Алфред Расел] Валас, ни овозможи да прифатиме неизмерно широк спектар на појави во една единствена генерализација, што набрзо стана основа на нашите филозофски, биолошки и социолошки спекулации. Исклучителна разновидност на факти: – прилагодувања на функциите и структурата на органските суштества кон нивната околина; физиолошка и анатомска еволуција; интелектуален напредок и самиот морален развој, што порано го објаснувавме со толку многу различни причини, беа отелотворени од Дарвин во една општа концепција. Ние ги сфативме како континуирани напори – како борба против неповолните околности – за таков развој на единките, расите, видовите и општествата, што би резултирало во најголема можна полнота, разновидност и интензитет на животот. Можеби ниту самиот Дарвин на почетокот не бил целосно свесен за општоста на факторот на кој прво се повикал за објаснување на само една серија факти во однос на акумулацијата на индивидуални варијации кај првобитните видови. Но, тој предвиде дека поимот што го воведуваше во науката ќе го изгуби своето филозофско и единствено вистинско значење ако се користи само во неговата тесна смисла – тоа на борба меѓу одделни единки за непосредните средства за постоење. Па уште на самиот почеток од својот забележително дело тој инсистираше на тоа терминот да се сфати во неговата „голема и метафорична смисла, што вклучува и зависност на едно суштество од друго, и што го вклучува (а што е уште поважно) не само животот на единката, туку и успехот во оставањето потомство.“[1]

Додека тој самиот главно го користеше изразот во неговата тесна смисла за неговата сопствена посебна цел, ги предупредуваше своите следбеници да не ја прават грешката (што се чинеше дека и тој самиот претходно ја направил) да го натценуваат неговото тесно значење. Во „Потеклото на човекот“ тој напиша неколку моќни страници за да ја илустрира неговата правилна, широка смисла. Тој посочи како, во безброј животински општества, исчезнува борбата меѓу одделните единки околу средствата за постоење, како борбата се заменува со соработка и како таа замена резултира со развој на интелектуалните и моралните способности кои на видовите им ги обезбедуваат најдобрите услови за опстанок. Тој посочи дека во таквите случаи најспособни не се ниту оние што се физички најсилни, ниту најлукави, туку оние што ќе научат така да се комбинираат заемно за да се поддржуваат едни со други, силни и слаби, за благосостојбата на заедницата. „Оние заедници“, напиша тој, „кои вклучуваат најголем број на најемпатични членови ќе успеваат најдобро и ќе одгледаат најголем број потомци“ (второ издание, стр. 163). Терминот, кој потекнува од тесната малтузијанска концепција за натпревар помеѓу сите и секого, така ја изгуби тесноградост во умот на оној што ја познаваше природата.

За несреќа, овие забелешки, кои можеа да станат основа за исклучително плодни истражувања, беа засенети од мноштвото факти собрани со цел да се илустрираат последиците од вистинскиот натпревар за живот. Покрај тоа, Дарвин никогаш не се обидел да ја подложи на поподробно истражување релативната важност на двата аспекти под кои се јавува борбата за постоење во животинскиот свет и тој никогаш не го напиша делото што го предложил да го напише во врска со природните пречки за прекумерното размножување, иако тоа дело ќе беше клучен тест за да се процени вистинската смисла на индивидуалната борба. Не, токму на страниците што се спомнати, помеѓу податоците што не ја оправдуваат тесната малтузијанска концепција за борбата, повторно се појавува стариот малтузијански никулец – имено, во забелешките на Дарвин за наводните непријатности при одржувањето на „слабите во умот и телото“ во нашите цивилизирани општества (гл. V). Како илјадниците телесно слаби и кревки поети, научници, пронаоѓачи и реформатори, заедно со другите илјадници таканаречени „будали“ и „слабоумни ентузијасти“, да не биле најскапоценото оружје што го користело човештвото во својата борба за постоење преку интелектуални и морални средства, а што самиот Дарвин го потенцираше во истите тие поглавја на „Потеклото на човекот“.

Со Дарвиновата теорија се случи она што секогаш се случува со теориите кои имаат никакво влијание врз односите меѓу луѓето. Наместо да ја шират според неговите посочувања, неговите следбеници уште повеќе ја стеснија. И додека Херберт Спенсер, тргнувајќи од независни, но блиски позиции, се обиде да го прошири истражувањето кон она големо прашање: „кои се тие најспособните?“, особено во додатокот кон третото издание на „Податоци од етиката“, безбројните следбеници на Дарвин го редуцираа поимот на борбата за постоење до неговите најтесни граници. Тие почнаа да го замислуваат животинскиот свет како свет на вечна борба меѓу полуизгладнети единки, жедни за крвта на другиот. Тие направија модерната литература да одекнува со воениот крик за несреќа над победениот, како да е тоа последниот збор на модерната биологија. Тие ја издигнаа „немилосрдната“ борба за лични придобивки до висината на биолошки принцип на кој мора да му се покори и човекот, под заканата дека во поинаков случај ќе пропадне во светот втемелен на меѓусебно истребување. Ако ги тргнеме настрана економистите кои од природните науки знаат само неколку зборови позајмени од второкласните вулгаризатори, мора да признаеме дека дури и најпризнатите изложувачи на ставовите на Дарвин дадоа сѐ од себе да ги задржат тие лажни идеи. Всушност, ако го земеме [Томас] Хаксли, кој секако се смета за еден од најспособните изложувачи на теоријата на еволуцијата, зарем тој не нè учеше, во трудот за „Борбата за постоење и нејзиното влијание врз човекот“, дека „од гледна точка на моралистот, животинскиот свет е на приближно исто ниво со гладијаторската претстава. Суштествата се прилично добро третирани и се подготвени да се борат; оттука, најсилните, најбрзите и најлукавите преживуваат да се борат следниот ден. Гледачот нема потреба да го спушти палецот, бидејќи не се дава милост.“

Или, подолу во истиот труд, не ни кажа тој дека, исто како кај животните, така и кај примитивните луѓе, „најслабите и најглупавите беа уништени, додека најцврстите и најостроумните, оние кои беа најдобро подготвени да се справат со околностите, но не и најдобри во друга смисла, преживеаја. Животот беше континуирана неограничена борба и, надвор од ограничените и привремени односи на семејството, Хобсовата војна на секој против сите беше нормалната состојба на постоењето.“[2]

Околу тоа колку ова гледиште за природата е поткрепено со факти, ќе се види од доказите што ќе му бидат претставени тука на читателот во врска со животинскиот свет и со примитивниот човек. Но, може веднаш да се забележи дека гледиштето на Хаксли за природата има исто онолку малку основа да се смета за научен заклучок, колку и спротивното гледиште на Русо, кој во природата гледаше само љубов, мир и хармонија уништени со настапувањето на човекот. Всушност, уште првата прошетка во шума, првото набљудување на кое било животинско општество, па дури и проучувањето на кое било сериозно дело што се занимава со животински живот (Д’Орбињи, Одубон, Ле Вајант, без оглед кој и да било од нив), не може да не го натера природонаучникот да не размислува за улогата што ја има општествениот живот во животот на животните и да го спречи да види во природата само поле на колење, исто како што би го спречило да види во природата само хармонија и мир. Русо направи грешка со исклучувањето на борбата со клунови и канџи од своите мисли; а Хаксли ја направи спротивната грешка; но ниту оптимизмот на Русо ниту песимизмот на Хаксли не можат да се прифатат како непристрасно толкување на природата.

Веднаш штом ги проучуваме животните – не само во лабораториите и музеите, туку и во шумата и преријата, во степите и планините – веднаш сфаќаме дека, иако има огромно ниво на војување и истребување што се случува меѓу различни видови, а особено меѓу различни класи на животни, истовремено има исто толку, или можеби дури и повеќе, меѓусебна поддршка, меѓусебна помош и меѓусебна одбрана меѓу животните кои припаѓаат на ист вид или, барем, на исто општество. Друштвеноста е исто толку закон на природата, колку и меѓусебната борба. Се разбира дека би било исклучително тешко да се процени, дури и приближно, релативната нумеричка важност на овие две низи од факти. Но, ако прибегнеме кон еден индиректен тест и ја прашаме природата: „Кои се најспособните: оние кои постојано војуваат едни со други или оние кои се поддржуваат едни со други?“, веднаш гледаме дека оние животни кои се здобиле со навики на меѓусебна помош се несомнено најспособните. Тие имаат повеќе шанси да опстанат и тие достигнуваат, во нивните соодветни класи, највисок развој на интелигенцијата и телесната организација. Ако се земат предвид безбројните факти што можат да се изнесат за да се поддржи ова гледиште, можеме со сигурност да кажеме дека меѓусебната помош е исто толку закон за животот на животните, колку и меѓусебната борба, но дека, како фактор на еволуцијата, таа има далеку поголема важност, со оглед на тоа што го фаворизира развојот на такви навики и карактери што го осигуруваат одржувањето и понатамошниот развој на видовите, заедно со најголемата количина на благосостојба и уживање во животот на единката, при најмалку губење на енергија.

Од научните следбеници на Дарвин, првиот, колку што знам, кој го сфати целосното значење на меѓусебната помош како закон на природата и главен фактор на еволуцијата, беше добропознатиот руски зоолог, покојниот декан на Универзитетот во Санкт Петерсбург, професор Кеслер. Тој ги разви своите идеи во едно обраќање што го одржа во јануари 1880 година, неколку месеци пред неговата смрт, на еден конгрес на руските природонаучници; но, како и многу добри работи што се објавени само на руски јазик, ова исклучително обраќање останува речиси целосно непознато.[3]

„Како зоолог со долг стаж“, тој се чувствуваше обврзан да протестира против злоупотребата на еден термин – борбата за постоење – позајмен од зоологијата, или, барем, против преценувањето на неговата важност. Зоологијата, кажа тој, и оние науки што се занимаваат со човекот, постојано инсистираат на она што го нарекуваат немилосрден закон на борба за постоење. Но, тие забораваат на постоењето на еден друг закон што може да се опише како закон за меѓусебна помош, кој закон, барем за животните, е далеку посуштински од претходниот. Тој посочи како потребата од создавање потомство нужно ги зближува животните и „колку повеќе единките се држат заедно, толку повеќе меѓусебно се поддржуваат едни со други и поголеми се шансите на видовите да опстанат, како и да направат понатамошен напредок во нивниот интелектуален развој“. „Сите класи на животни“, продолжи тој, „а особено повисоките, практикуваат меѓусебна помош“ и ја илустрираше својата идеја со примери позајмени од животот на бумбарите-гробари и социјалниот живот на птиците и некои цицачи. Примерите беа малку, како што можеше да се очекува од едно кратко воведно обраќање, но главните поенти беа јасно искажани; и, откако спомна дека во еволуцијата на човештвото меѓусебната помош имала уште поистакната улога, професор Кеслер го заклучи следното:

„Јас очигледно не ја негирам борбата за постоење, но тврдам дека прогресивниот развој на животинското царство, а особено на човештвото, се унапредува многу повеќе преку меѓусебната поддршка отколку преку меѓусебната борба .... Сите органски суштества имаат две суштински потреби: таа на исхраната и таа на создавањето потомство на видот. Првата ги доведува до борба и до меѓусебно уништување, додека потребите за одржување на видовите ги доведува до тоа да си пристапат едни на други и да се поддржуваат едни со други. Но, јас сум склон да мислам дека во еволуцијата на органскиот свет – во прогресивната преобразба на органските суштества – меѓусебната поддршка меѓу единките игра многу поважна улога од нивната меѓусебна борба.“[4]

Точноста на горенаведените погледи ги погоди повеќето присутни руски зоолози, а [Николај] Северцов, чие дело им е добро познато на орнитолозите и географите, ги поддржа и ги илустрираше со уште неколку примери. Тој спомна некои видови соколи кои имаат „речиси идеална организација за грабеж“, а сепак се во надолна линија, додека други видови соколи, кои практикуваат меѓусебна помош, успеваат. „Земете, од другата страна, една дружељубива птица, патката“, рече тој; „таа е слабо организирана во целина, но практикува меѓусебна поддршка и речиси ја освои Земјата, како што може да се процени од нејзините безброј сорти и видови.“

Подготвеноста на руските зоолози да ги прифатат гледиштата на Кеслер се чини прилично природна, бидејќи речиси сите имале можности да го проучуваат животинскиот свет во широките ненаселени региони на Северна Азија и Источна Русија; и невозможно е да се проучуваат таквите региони без да се дојде до истите идеи. Се сеќавам на впечатокот што ми го остави животинскиот свет на Сибир кога ги истражував регионите на Витим во друштво на еден толку успешен зоолог каков што беше мојот пријател Полјаков. И двајцата бевме под свежите впечатоци на „Потеклото на видовите“, но залудно ја баравме жестоката конкуренција меѓу животните од ист вид, која читањето на делото на Дарвин нѐ подготви да ја очекуваме, дури и кога ќе се земат предвид забелешките од третото поглавје (стр. 54). Видовме многу прилагодувања за борба, многу често заеднички, против неповолните околности на климата или против различни непријатели, а Полјаков напиша многу добри страници за меѓусебната зависност на месојадците, преживарите и глодарите во нивната географска распространетост; бевме сведоци на бројни факти за меѓусебна поддршка, особено за време на миграциите на птиците и преживарите; но дури и во регионите на Амур и Усури, каде што животинскиот свет е во изобилство, можев многу ретко да забележам факти за вистинска конкуренција и борба меѓу повисоките животни од ист вид, иако желно ги барав. Истиот впечаток се појавува во делата на повеќето руски зоолози и тоа веројатно објаснува зошто идеите на Кеслер биле толку поздравени од руските дарвинисти, додека таквите идеи не се во мода помеѓу следбениците на Дарвин во Западна Европа.

Првото нешто што ни паѓа во очи веднаш штом започнеме да ја проучуваме борбата за постоење при двата нејзини аспекти – директната и метафоричната – е изобилството на факти за меѓусебната помош, не само за одгледување на потомството, како што признаваат повеќето еволуционисти, туку и за безбедноста на единката и за нејзиното снабдување со потребната храна. Кај многу големи поделби на животинското царство, меѓусебната помош е правило. Меѓусебната помош се среќава дури и помеѓу најниските животни, и мора да бидеме подготвени да научиме еден ден, од проучувачите на микроскопскиот живот во водите, факти за несвесна меѓусебна поддршка дури и од животот на микроорганизмите. Се разбира, нашето знаење за животот на безрбетниците, освен за термитите, мравките и пчелите, е крајно ограничено; а сепак, дури и во однос на пониските животни, може да собереме неколку факти за добро утврдена соработка. Безбројните асоцијации на скакулци, ванеса пеперутки, бумбари, штурци итн., се фактички доста неистражени; но самиот факт на нивното постоење укажува на тоа дека тие мора да бидат сочинети врз основа на приближно истите принципи како привремените асоцијации на мравките или пчелите со цел миграција.[5] Што се однесува до бумбарите, имаме доста добро набљудувани факти за меѓусебна помош кај бумбарите-гробари (Necrophorus). Тие мора да имаат некоја органска материја во распаѓање за да ги положат своите јајца, а со тоа да им обезбедат храна на своите ларви; но таа материја не смее да се распаѓа многу брзо. Така, тие имаат обичај да ги закопаат во земјата труповите на сите видови мали животни кои попатно ги наоѓаат во нивните прошетки. По правило, тие живеат изолиран живот, но кога некој од нив ќе открие труп на глушец или птица, што тешко ќе успее да го закопа самиот, повикува уште четири, шест или десет други бумбари за да ја извршат операцијата со здружени напори; доколку тоа е потребно, тие го пренесуваат трупот на соодветно меко тло; и го закопуваат на многу внимателен начин, без да се расправаат кој од нив ќе ја ужива привилегијата да положи јајца во закопаниот труп. И кога Гледич закачил мртва птица на крст направен од два стапчиња или обесил жаба на стап насаден во почвата, малите бумбари на истиот пријателски начин ги комбинирале своите интелигенции за да го надминат лукавството на човекот. Истото комбинирање на напорите е забележано и кај бумбарите што се хранат од измет.

Дури и кај животните кои стојат во нешто понизок степен на организација, може да најдеме слични примери. Некои копнени ракови во Западните Инди и Северна Америка се собираат во големи стада со цел да патуваат до морето и да ги положат таму своите јајца; и секоја таква миграција подразбира здружување, соработка и меѓусебна поддршка. Што се однесува до големиот молучки рак (Limulus), бев шокиран (во 1882 година, во аквариумот во Брајтон) од обемот на меѓусебна помош што овие трапави животни се спремни да му ја дадат на другарот во случај на потреба. Еден од нив паднал на грб во еден агол од резервоарот и неговиот тежок оклоп сличен на тенџере го спречуваше да се врати во својата природна положба, дотолку повеќе што во аголот имаше железна шипка што ја отежнуваше задачата. Неговите другари дојдоа на помош и еден час гледав како се трудат да му помогнат на својот паднат другар. Двајца дојдоа веднаш, го поттурнаа својот пријател одоздола и по силните напори успеаја да го подигнат исправено; но тогаш железната шипка ќе ги спречеше да успеат во работата за спасување, а ракот повторно ќе паднеше тешко на грб. По многу обиди, еден од помагачите отиде во длабочината на резервоарот и доведе уште два ракови, кои започнале со свежи сили со истото туркање и кревање на нивниот беспомошен другар. Останавме во Аквариумот повеќе од два часа и, кога заминувавме, повторно дојдовме да фрлиме поглед на резервоарот: спасувачката работа сè уште продолжуваше! Бидејќи го видов тоа, не можам да не му оддадам признание за забелешката цитирана од д-р Еразмо Дарвин – имено, дека „обичниот рак, за време на сезоната на митарење, поставува како чувар неизмитарена или цврсто-оклопена единка за да се спречи морските непријатели да ги повредат измитарените единки во нивните незаштитена состојба.“[6]

Фактите што ја илустрираат меѓусебната помош меѓу термитите, мравките и пчелите им се толку добро познати на читателите, особено преку делата на Романес, Л. Бихнер и Сер Џон Лебок, што можам да ги ограничам моите забелешки на неколку посочувања.[7] Ако земеме гнездо на мравки, не само што гледаме дека секој вид на работа – одгледувањето на потомството, потрагата по храна, градењето, одгледувањето на малите мравки итн. – се изведува според принципите на доброволна меѓусебна помош; исто така, мора да признаеме, заедно со Форел, дека главната, основната одлика на животот на многу видови мравки е фактот и обврската на секоја мравка да ја сподели својата храна, која веќе е проголтана и делумно сварена, со секој член на заедницата што би ја побарал. Две мравки кои припаѓаат на два различни вида или на две непријателски гнезда, кога случајно ќе се сретнат, се избегнуваат една со друга. Но, две мравки кои припаѓаат на исто гнездо или на иста колонија гнезда, ќе си пристапат една кон друга, ќе разменат неколку движења со антените и „ако една од нив е гладна или жедна, а особено ако на другата ѝ е полн стомакот... таа веднаш бара храна.“ Мравката од која на тој начин ќе биде побарано никогаш не одбива; ги отвора вилиците, зазема соодветна позиција и повраќа капка проѕирна течност што ја лиже гладната мравка. Повраќањето храна за другите мравки е толку истакната карактеристика во животот на мравките (на слобода) и толку постојано се случува како за хранење на гладните другари, така и за хранење на ларвите, што Форел смета дека дигестивното црево на мравките се состои од два различни дела, од кои едниот, задниот, е за посебна употреба на единката, а другиот, предниот дел, главно е за употреба на заедницата. Ако некоја мравка која има полн стомак е доволно себична да одбие да го нахрани другарот, таа ќе биде третирана како непријател, па и полошо. Ако одбивањето е направено додека нејзините сродници се борат со некои други видови, тие ќе ја нападнат алчната единка со поголема жестокост отколку дури и врз самите непријатели. А ако некоја мравка не одбила да нахрани друга мравка што припаѓа на некој непријателски вид, таа ќе се третира од сродниците на втората како пријател. Сето ова е потврдено со најпрецизни набљудувања и конклузивни експерименти.[8]

Во онаа огромна поделба на животинското царство, кое вклучува повеќе од илјада видови, и е толку многубројно што Бразилците кажуваат дека Бразил им припаѓа на мравките, а не на луѓето, конкуренцијата меѓу членовите на исто гнездо, или на колонијата на гнезда, не постои. Колку и да се страшни војните меѓу различни видови и без оглед на злосторствата извршени во време на војна, меѓусебната помош во рамките на заедницата, самопожртвуваноста прерасната во навика и многу често саможртвата за заедничката благосостојба, се правило. Мравките и термитите се одрекоа од „Хобсовата војна“ и подобро им е поради тоа. Нивните прекрасни гнезда, нивните градби, супериорни по релативната големина во однос на човечките; нивните поплочени патишта и надземни засводени галерии; нивните пространи хали и амбари; нивните пченкарни полиња, бербата и „посладување“ на житото;[9] нивните рационални методи на одгледување на нивните јајца и ларви и за градење на посебни гнезда за одгледување на малите мравки кои [Карл] Лине толку сликовито ги опиша како „кравите на мравките“; и, конечно, нивната храброст, одважност и супериорна интелигенција – сето тоа е природен исход на меѓусебната помош што тие ја применуваат во секоја фаза од нивниот напорен и макотрпен живот. Тој начин на живот, исто така, нужно резултираше во развој на уште една суштинска карактеристика на животот на мравките: исклучителниот развој на индивидуална иницијатива, што, за возврат, очигледно доведе до развој на онаа висока и разновидна интелигенција која не може да не го зачуди човечкиот набљудувач.[10]

Ако не знаевме други факти од животот на животните, освен она што го знаеме за мравките и термитите, веќе би можеле со сигурност да заклучиме дека меѓусебната помош (што доведува до меѓусебна доверба, што е првиот услов за храброст) и индивидуалната иницијатива (првиот услов за интелектуален напредок) се два фактори бескрајно поважни од меѓусебната борба во еволуцијата на животинското царство. Всушност, мравката успева без да има никакви „заштитни“ одлики, од кои не можат да се откажат животните кои живеат изолиран живот. Нејзината боја ја прави забележлива за нејзините непријатели, а високите гнезда на многу видови се забележливи во ливадите и шумите. Таа не е заштитена со тврд оклоп, а нејзиниот апарат за бодење, колку и да е опасен кога стотици убоди ќе навлезат во месото на животното, не е од голема важност при индивидуална одбрана; а пак јајцата и ларвите на мравките се деликатес за многу жители на шумите. А сепак мравките, во своите илјадници, не се многу уништени од птиците, дури ниту од мравојадците, а од нив се плашат повеќето посилни инсекти. Кога Форел истури вреќа мравки на една ливада, виде дека „штурците избегаа, напуштајќи ги дупките за да бидат заземени од мравките; скакулците и штурците избегаа во сите правци; пајаците и бумбарите го напуштија својот плен за самите да не станат плен;“ дури и гнездата на осите беа заземени од мравките, по битката за време на која многу мравки загинаа за безбедноста на заедницата. Дури и најбрзите инсекти не можат да избегаат, а Форел честопати гледал пеперутки, комарци, муви итн., изненадени и убиени од мравките. Нивната сила е во меѓусебната поддршка и меѓусебната доверба. А ако мравката – настрана од повисоко развиените термити – стои на самиот врв од целата класа инсекти поради своите интелектуални способности; ако нејзината храброст ја достигнуваат само најхрабрите 'рбетници; и ако нејзиниот мозок – да ги употребиме зборовите на Дарвин – „е еден од најпрекрасните атоми на материја во светот, можеби повеќе и од мозокот на човекот“, не се должи ли тоа на фактот што меѓусебната помош целосно го зазеде местото на меѓусебната борба во заедниците на мравките?

Истото важи и за пчелите. Овие мали инсекти, кои толку лесно може да станат плен на толку многу птици, и чиј мед има толку многу обожаватели во сите класи на животни, од бумбарот до мечката, исто така немаат никакви заштитни карактеристики што произлегуваат од мимикријата или на некој друг начин, без кои инсектот што живее изолирано тешко може да го избегне целосното уништување; а сепак, поради меѓусебната помош што ја применуваат, тие ја стекнуваат широката распространетост што ја знаеме и интелигенцијата на која ѝ се восхитуваме. Со заедничко работење тие ги мултиплицираат своите поединечни сили; со прибегнување кон привремена поделба на трудот во комбинација со способноста на секоја пчела да врши секаков вид работа кога тоа е потребно, тие достигнуваат таков степен на благосостојба и безбедност, кој ниту едно изолирано животно не може да очекува да постигне колку и да е силно или добро вооружено. Во нивните комбинации тие често се поуспешни од човекот, кога тој занемарува да ја искористи доброиспланираната меѓусебна помош. Така, кога нов рој пчели ќе ја напушти кошницата во потрага по ново живеалиште, одреден број пчели ќе направат првично истражување на околината и ако откријат погодно место за живеење – да речеме, стара корпа, или што и да е од тој вид – тие го заземаат, го чистат и го чуваат, понекогаш цела недела, сè додека ројот не дојде да се насели во него. Но, колку човечки доселеници ќе загинат во новите земји, едноставно бидејќи не ја разбрале неопходноста од комбинирање на своите напори! Со комбинирање на своите индивидуални интелигенции, тие успеваат да се справат со неповолните околности, дури и кога тие се доста непредвидливи и невообичаени, како оние пчели на Париската изложба што со својот смолест прополис ја прицврстуваа ролетната за стаклената плоча вклучена во ѕидот на нивната кошница. Освен тоа, тие воопшто не ја покажуваат жестоката склоност и љубовта кон бескорисни борби кои многу писатели толку лесно им ги припишуваат на животните. Стражарите што го чуваат влезот во кошницата безмилосно ги убиваат пчелите ограбувачи кои се обидуваат да влезат во кошницата; но оние туѓи пчели кои по грешка доаѓаат во кошницата, поминуваат без да ги вознемируваат, особено ако се полни со полен, или се млади единки кои лесно можат да залутаат. Нема повеќе војување од она што е строго потребно.

Дружељубивоста на пчелите е дотолку попоучна, бидејќи предаторските инстинкти и мрзеливоста продолжуваат да постојат и меѓу пчелите и одново се појавуваат секогаш кога нивниот пораст е овозможен од некои околности. Добро е познато дека секогаш има одреден број пчели кои го претпочитаат животот на грабеж во однос на макотрпниот живот на работникот; и дека и периодите на недостиг и периодите на невообичаено богата снабденост со храна доведуваат до зголемување на ограбувачката класа. Кога нашите земјоделски култури се собрани и има уште само малку што да се собере на нашите ливади и полиња, пчелите ограбувачи стануваат почести; додека, од друга страна, околу плантажите со шеќер на Западните Инди и рафинериите за шеќер во Европа, грабежот, мрзеливоста и многу често пијанството стануваат доста вообичаени кај пчелите. Така, гледаме дека антисоцијалните инстинкти продолжуваат да постојат и меѓу пчелите; но природната селекција мора постојано да ги елиминира, бидејќи на долг рок практиката на солидарност се покажува многу поповолна за видовите отколку развојот на поединци обдарени со предаторски склоности. Најлукавите и најпрепреданите се елиминираат во корист на оние кои ги разбираат предностите на дружељубивиот живот и меѓусебната поддршка.

Секако, ниту мравките, ниту пчелите, дури ниту термитите, се немаат подигнато до концепцијата за повисока солидарност, која ќе го опфати целиот вид. Во тој поглед, тие очигледно не достигнале степен на развој што не го наоѓаме ниту кај нашите политички, научни и верски водачи. Нивните социјални инстинкти тешко дека ги надминуваат границите на кошницата или гнездото. Сепак, Форел опиша колонии со најмалку двесте гнезда, кои припаѓаат на два различни вида (Formica exsecta и F. pressilabris), на планините Тандр и Салев; и Форел тврди дека секој член на овие колонии го познава секој друг член на колонијата и дека сите тие учествуваат во заедничката одбрана; додека во Пенсилванија г-дин Мек Кук видел цела нација од 1.600 до 1.700 гнезда на мравки што прават насип, при што сите живееле во совршена согласност; а г-дин Бејтс ги опиша постројките на термитите, кои покривале големи површини во „кампосот“ – некои од гнездата се засолниште на два или три различни видови, а повеќето од нив се поврзани со засводени галерии или аркади.[11] Така се преземаат некои чекори кон спојување на поголеми оддели на видовите заради меѓусебна заштита дури и кај безрбетните животни.

Преминувајќи сега на повисоките животни, наоѓаме многу повеќе случаи на несомнено свесна меѓусебна помош за сите можни цели, иако мора да признаеме дека нашето знаење дури и за животот на повисоките животни сѐ уште останува многу несовршено. Голем број факти се акумулирани од набљудувачите од прва рака, но постојат цели оддели од животинското царство за кои не знаеме речиси ништо. Веродостојните информации во врска со рибите се крајно ретки, делумно поради тешкотиите на набљудувањето, а делумно и затоа што сè уште не ѝ е посветено соодветно внимание на оваа тема. Што се однесува до цицачите, Кеслер веќе забележа колку малку знаеме за нивниот начин на живот. Многу од нив се ноќни во нивните навики; други се кријат под земја; а оние преживари чијшто социјален живот и миграции нудат најголем интерес, не му дозволуваат на човекот да им пријде на нивните стада. Главно за птиците имаме најширок спектар на информации, а сепак социјалниот живот на многу видови останува само несовршено познат. Сепак, не треба да се жалиме на недостатокот на добро утврдени факти, како што ќе се види од тоа што следи.

Нема потреба да зборувам за здружувањата на мажјаците и женките заради одгледување на нивните потомци, за обезбедување храна за нив за време на нивните први чекори во животот или за заедничкото ловење; иако може да се спомне попатно дека ваквите здружувања се правило дури и кај најмалку дружељубивите месојади и грабливи птици; и дека тие предизвикуваат посебен интерес бидејќи се полето на кое се развиваат понежни чувства дури и кај обично најсуровите животни. Исто така, може да се додаде дека реткоста на здружувањата поголеми од тие на семејството меѓу месојадите и грабливите птици, иако најчесто се резултат токму на нивните начин на исхрана, исто така може да се објасни до одреден степен како последица на промената произведена во животинскиот свет поради брзото зголемување на човечкиот род. Како и да е, вреди да се напомене дека постојат видови кои живеат прилично изолиран живот во густо населените региони, додека истите видови, или нивните најблиски сродници, се грегарни во ненаселените земји. Волците, лисиците и неколку грабливи птици може да бидат наведени како примери за тоа.

Сепак, здружувањата што не ги надминуваат семејните врски имаат релативно мало значење во нашиот случај, дотолку повеќе што знаеме бројни здружувања за поопшти цели, како што се ловење, меѓусебна заштита, па дури и едноставно уживање во животот. Одубон веќе спомена дека орлите повремено се здружуваат за лов, а неговиот опис на два белоглави орли, машки и женски, што ловеле на Мисисипи, е добро познат поради својата описна моќност. Но, едно од најубедливите набљудувања од овој вид му припаѓа на Северцов. Додека ја проучувал фауната на руските степи, тој еднаш видел орел кој припаѓал на еден сосема грегарен вид (белоопашест орел, Haliactos albicilla) како се издига високо во воздухот; половина час тој ги опишувал своите широки кругови во тишина кога одеднаш се слушнал неговиот продорен глас. На неговиот крик набрзо одговорил друг орел кој се приближил до него, а по него дошол трет, четврт итн., сè додека девет или десет орли не се собрале и набрзо исчезнале. Во попладневните часови, Северцов отишол на местото каде што ги видел орлите како летаат; скриен зад еден насип на степата, им пришол и открил дека се собрале околу трупот на еден коњ. Старите орли, кои, како правило, први го започнале оброкот – такви се нивните правила на соодветно однесување – веќе седеле на возвишението во околината и чувале стража, додека помладите продолжиле со оброкот, опкружени со групи врани. Од ова и сличните набљудувања, Северцов заклучи дека белоопашестите орли се здружуваат за лов; кога сите ќе се подигнат на голема висина, можат, ако се десет, да истражуваат површина од најмалку дваесет и пет квадратни милји; и штом некој откри нешто, ги предупредува другите.[12] Се разбира, може да се тврди дека обичниот инстинктивен крик на првиот орел, па дури и неговите движења, ќе го имаше истиот ефект да доведе неколку орли до пленот; но во овој случај има силни докази во прилог на меѓусебното предупредување, бидејќи десетте орли се собраа пред да се спуштат кон пленот, а Северцов подоцна имаше неколку прилики да се осигура дека белоопашестите орли секогаш се собираат за да јадат некој труп и дека некои од нив (прво помладите) секогаш чуваат стража додека другите јадат. Всушност, белоопашестиот орел – еден од најхрабрите и најдобрите ловци – е потполно грегарна птица, а Брем кажува дека кога ќе биде заробен, тој набрзо создава приврзаност кон неговите чувари.

Дружељубивоста им е заедничка карактеристика на многу грабливи птици. Бразилскиот јастреб, еден од „најдрските“ грабливци, сепак е најдруштвена птица. Неговите ловечки здруженија се опишани од Дарвин и други природонаучници и факт е дека кога ќе улови плен што е преголем, повикува пет-шест пријатели да го однесат. По напорниот ден, кога овие јастреби се повлекуваат заради ноќен одмор на дрво или во грмушките, тие секогаш се собираат во групи, понекогаш доаѓаат заедно од растојанија од десет или повеќе милји, и често им се придружуваат неколку други мршојадци, особено перкноптерите, „нивните вистински пријатели”, кажува Д’Орбини. На друг континент, во транскасписките пустини, тие, според Зарудниј, имаат иста навика да се гнездат заедно. Друштвениот мршојадец, еден од најсилните мршојадци, го доби своето име поради својата љубов кон друштвото. Тие живеат во бројни групи и одлучно уживаат во друштвото; голем број од нив се вклучуваат во нивните високи летови заради спорт. „Тие живеат во многу добро пријателство“, кажува Ле Вајан, „и во иста пештера понекогаш наоѓав дури три гнезда блиску едно до друго.“[13] Мршојадците урубу во Бразил се исто онолку, а можеби и повеќе, дружељубиви како и враните.[14] Малите египетски мршојадци живеат во блиско пријателство. Тие играат во групи во воздухот, се собираат заедно да ја поминат ноќта, а наутро сите одат заедно да бараат храна и никогаш не се појавува ниту најмала кавга меѓу нив; такво е сведочењето на Брем, кој имаше многу прилики да го набљудува нивниот живот. Соколот со црвено грло исто така се среќава во многубројни групи во шумите на Бразил, а соколот кестрел (Tinnunculus cenchris), кога ја напушта Европа и стигнува во зимите во прериите и шумите во Азија, се собира во многубројни друштва. Во степите на Јужна Русија е (или поточно беше) толку дружељубив што Нордман ги гледал во многубројни групи, со други соколи (Falco tinnunculus, F. аesulon и F. subbuteo), како се собирале заедно секое убаво попладне околу четири часот и уживале во нивните спортови до доцна во ноќта. Тргнувале да летаат, сите одеднаш, во прилично права линија, кон некоја одредена точка, и откако ќе стигнеле до неа, веднаш се враќале по истата линија за да го повторат истиот лет.[15]

Да се лета во јато само заради задоволството од летањето, тоа е доста честа појава кај сите видови птици. „Особено во областа Хамбер“, пишува Ч. Диксон, „често се појавуваат огромни јата на северни пескарки на каливите рамници кон крајот на август и остануваат во текот на зимата.... Движењата на овие птици се исклучително интересни, бидејќи големото јато кружи и се отвора или затвора со толкава прецизност како истренирани војници. Распрснати меѓу нив се многу необични морски чучулиги, трипрстни пескарки и средни пескари.”[16]

Би било доста невозможно тука да се набројат разните ловечки здружувања на птиците; но здружувањата за ловење риби на пеликаните секако се достојни да се забележат заради извонредниот ред и интелигенција што ја покажуваат овие несмасни птици. Тие секогаш одат да ловат риби во многубројни групи и откако ќе изберат соодветен залив, формираат широк полукруг насочен кон брегот и го стеснуваат преку шлапкање во водата кон брегот, фаќајќи ги сите риби што ќе бидат затворени во кругот. На тесните реки и канали тие дури се делат на две групи, од кои секоја се реди во полукруг, и двете шлапкаат во водата за да се сретнат едни со други, исто како две групи луѓе што влечат две долги мрежи треба да напредуваат за да ги фатат сите риби заробени помеѓу мрежите кога двете групи ќе се сретнат. Со доаѓањето на ноќта, тие летаат кон своите места за одмор – секогаш исти за секое јато – и никој досега не ги видел како се борат за поседување на заливот или на местото за одмор. Во Јужна Америка тие се собираат во јата од четириесет до педесет илјади единки, од кои дел уживаат во сонот додека други бдеат, а пак други одат да ловат риби.[17] И, конечно, ќе им нанесам неправда на многу клеветените домашни врапчиња, ако не спомнам колку верно секое од нив ја споделува секоја храна што ќе ја открие со сите членови на друштвото на кое му припаѓа. Овој факт им бил познат на Грците, а на потомците им е пренесено како еден грчки оратор некогаш извикнал (цитирам по сеќавање): „Додека ти зборувам, дојде едно врапче за да им каже на другите врапчиња дека некој роб истурил на подот вреќа пченка и сите отидоа таму за да се најадат со житото.“ Уште повеќе, човек со задоволство може да открие дека ова старо согледување е потврдено во неодамнешната мала книга на г-дин Гарни, кој не се сомнева дека домашните врапчиња секогаш се информираат едни со други за тоа каде има храна да украдат; тој вели: „Кога некој стог ќе се фрли некогаш подалеку од дворот, врапчињата во дворот секогаш се полни со жито до гуша.“[18] Точно, врапчињата се исклучително внимателни во чувањето на својата област од продорите на странци; така, врапчињата од Луксембуршката градина огорчено се борат против сите други врапчиња што можат да се обидат да уживаат на својот ред во градината и нејзините посетители; но во рамките на нивните сопствени заедници тие целосно практикуваат меѓусебна поддршка, иако повремено секако ќе има некоја расправија дури и меѓу најдобрите пријатели.

Заедничкото ловење и хранење е дотолку навика во пердувестиот свет што повеќе примери тешко дека се потребни: тоа мора да се смета како утврден факт. Што се однесува до силата што произлегува од ваквите здружувања, таа е сама по себе очигледна. Најсилните грабливи птици се немоќни пред здруженијата на нашите најмали птици миленичиња. Дури и орлите – дури и моќниот и страшен чизмест орел и воениот орел, кој е доволно силен да однесе зајак или млада антилопа во своите канџи – се принудени да го препуштат својот плен на групите на оние неранимајковци јастреби, кои му се вдаваат на орелот во редовна потера веднаш штом ќе видат дека поседува добар плен. Јастребите исто така ќе го забркаат брзиот сокол-риболовец и ќе му ја грабнат рибата што ја уловил; но никој никогаш не видел јастреби што се борат меѓу себе за присвојување на пленот што го украле. На Кергеленскиот Остров, д-р Куес го видел буфогусот – морската кокошка на ловците на фоки – како ги гони галебите да ја испуштат својата храна, додека, од друга страна, галебите и чигрите се здружуваат за да ја избркаат морската кокошка веднаш штом се приближи до нивните живеалишта, особено во времето на гнездење.[19] Малите, но исклучително брзи калуѓерици (Vanellus cristatus) смело ги напаѓаат грабливите птици. „Да се гледа како тие напаѓаат сокол, јастреб, врана или орел, е еден од најзабавните глетки. Човек чувствува дека тие се сигурни во победата и го гледа гневот на грабливата птица. Во такви околности тие совршено се поддржуваат едни со други, а нивната храброст расте со нивниот број.“[20] Калуѓерицата сосема го заслужува името „добра мајка“, што Грците ѝ го дале, бидејќи никогаш не пропушта да ги заштити другите морски птици од нивните непријатели. Но, дури и малите бели плиски (Motacilla alba), кои добро ги познаваме од нашите градини и чија должина едвај достигнува осум инчи, го принудуваат јастребот-врапчар да се откаже од својот лов. „Често се восхитував на нивната храброст и подвижност“, напиша стариот Брем, „и убеден сум дека соколот сам е способен да фати која било од нив .... Кога некоја група плиски ќе ја присили грабливата птица да се повлече, тие прават воздухот да одѕвонува од нивните триумфални крици, по што тие се растураат.“ Така тие се здружуваат со посебна цел да го избркаат својот непријател, исто како што тоа го гледаме кога целата популација на птици во една шума ќе се раздвижи поради веста дека некоја ноќна птица се појавила во текот на денот, и сите заедно – грабливи птици и мали ненападни песнопојки – тргнуваат да го бркаат странецот и да го натераат да се врати во своето скривалиште.

Колку е огромната разлика помеѓу силата на јастребот или соколот и малите птици како плиската од ливадата; а сепак овие мали птици, со своето заедничко дејствување и храброст, се покажуваат супериорни во однос на моќните крилести и вооружени грабливци! Во Европа, плиските не само што ги бркаат грабливите птици кои можат да бидат опасни за нив, туку го бркаат и соколот-риболовец „повеќе заради забава отколку за да му нанесат штета“, а во Индија, според сведоштвото на д-р Џердон, враните го бркаат јастребот говинда „едноставно заради забава“. Принцот Вид видел бразилски орел урубитинга опколен од безброј јата тукани и касики (птица прилично слична на нашата врана), што го исмејувале. „Орелот“, додава тој, „обично многу тивко ги трпи овие навреди, но од време на време ќе фати некој од овие потсмевачи“. Во сите вакви случаи, малите птици, иако се многу инфериорни во силата од птиците грабливки, се покажуваат супериорни во однос на нив поради своето заедничко дејствување.[21]

Сепак, највпечатливите ефекти на заедничкиот живот за безбедноста на единката, за нејзиното уживање во животот и за развојот на нејзините интелектуални способности, можат да се видат кај две големи семејства на птици, жеравите и папагалите. Жеравите се исклучително дружељубиви и живеат во одлични односи, не само со нивните сродници, туку и со повеќето водни птици. Нивната претпазливост е навистина зачудувачка, а исто и нивната интелигенција; тие за момент ги сфаќаат новите услови и соодветно постапуваат. Нивните чувари секогаш внимаваат на јатото што се храни или одмора, а ловците добро знаат колку е тешко да им се приближат. Ако човекот успеал да ги изненади, тие никогаш нема да се вратат на истото место без претходно да испратат еден извидник, а потоа и група извидници; а кога групата за извидување ќе се врати и извести дека нема опасност, се испраќа втора група извидници за да го потврди првиот извештај, пред да се премести целата група. Со блиските видови, жеравите склучуваат вистинско пријателство; и во заробеништво нема птица, освен исто така дружељубивиот и високо интелигентен папагал, кој влегува во такво вистинско пријателство со човекот. „Тој во човекот гледа не господар, туку пријател и се труди да го покаже тоа“, заклучува Брем од широкото лично искуство. Жеравот е во постојана активност од рано наутро до доцна во ноќта; но одвојува само неколку часа наутро за задачата на барање храна, главно зеленчук. Остатокот од денот му е посветен на социјалниот живот. „Тој собира мали парчиња дрво или мали камчиња, ги фрла во воздухот и се обидува да ги фати; го превиткува вратот, ги отвора крилјата, танцува, скока, трча наоколу и се обидува да ја покаже со сите средства својата добра состојба на умот и секогаш останува грациозен и убав.“[22] Бидејќи живее во заедница, тој речиси нема непријатели, и иако Брем во една прилика видел еден од нив што бил уловен од крокодил, тој напиша дека освен крокодилот, тој не познава други непријатели на жеравот. Тој ги избегнува сите со својата поговорична претпазливост; и, по правило, постигнува длабока старост. Не е ни чудо што за одржување на видот, жеравот не мора да одгледува многу потомци; тој обично неси само две јајца. Што се однесува до неговата супериорна интелигенција, доволно е да се каже дека сите набљудувачи се едногласни дека неговите интелектуални способности потсетуваат многу на оние на човекот.

Другата крајно дружељубива птица, папагалот, стои, како што е познато, на самиот врв на целиот пердувест свет според развојот на неговата интелигенција. Брем толку восхитувачки го сумираше начинот на живот на папагалот, што не можам да постапам подобро отколку да ги преведам следните реченици:

„Освен во сезоната на парење, тие живеат во многубројни друштва или групи. Избираат место во шумата за да останат таму и од таму секое утро ги започнуваат своите ловечки експедиции. Членовите на секоја група остануваат верно приврзани едни на други, и заедничко ја споделуваат добрата или лошата среќа. Наутро сите заедно посетуваат некое поле, или градина, или дрво, за да се нахранат со овошје. Поставуваат стражари за да внимаваат на безбедноста на целата група и внимаваат на нивните предупредувања. Во случај на опасност, сите бегаат, меѓусебно поддржувајќи се едни со други, и сите истовремено се враќаат на своето место за одмор. Со еден збор, тие секогаш живеат тесно обединети.“

Тие уживаат и во друштвото на други птици. Во Индија, сојките и гавраните доаѓаат заедно, поминувајќи многу милји, за да ја поминат ноќта во друштво со папагалите во бамбусовите грмушки. Кога папагалите почнуваат да ловат, тие покажуваат прекрасна интелигенција, претпазливост и способност да се справат со околностите. Земете, на пример, група од бели какадуа во Австралија. Пред да започнат да ограбуваат нива со пченка, тие прво испраќаат група за извидување која ги зафаќа највисоките дрвја во близина на полето, додека другите извидници седат на дрвјата помеѓу полето и шумата и ги пренесуваат сигналите. Ако извештајот биде „во ред е“, одреден број какадуа ќе се одделат од главнината на групата, ќе летнат во воздух и потоа ќе летаат кон дрвјата што се најблиску до полето. Тие, исто така, долго ќе ја разгледуваат околината и дури потоа ќе дадат сигнал за општо напредување, по што целата група започнува истовремено да го ограбува полето за кратко време. Австралиските доселеници имаат огромни потешкотии да ја измамат претпазливоста на папагалите; но ако човекот, со сета своја умешност и оружје, успеал да убие некои од нив, какадуите стануваат толку претпазливи и внимателни што од тогаш па понатаму ги нарушуваат сите стратагеми.[23]

Нема сомнение дека практиката на живот во општество е таа што им овозможува на папагалите да го достигнат она многу високо ниво на речиси човечка интелигенција и речиси човечки чувства што ги знаеме кај нив. Нивната висока интелигенција ги поттикна најдобрите природонаучници да ги опишат некои видови, конкретно сивиот папагал, како „птицата-човек“. Што се однесува до нивната меѓусебна приврзаност, познато е дека кога еден папагал ќе биде убиен од некој ловец, другите летаат над трупот на нивниот другар со писоци на жалби и „самите паѓаат жртви на нивното пријателство“, како што кажа Одубон; а кога два папагали во заробеништво, иако припаѓаат на два различни вида, склопиле заедничко пријателство, случајната смрт на еден од двајцата пријатели понекогаш била проследена со смрт од жал и тага на другиот пријател. Не е ништо помалку очигледно дека во нивните друштва тие наоѓаат бесконечно поголема заштита отколку што евентуално би можеле да најдат во кој било идеален развој на клунот и канџите. Многу малку грабливи птици или цицачи се осмелуваат да нападнат некого од нив, со исклучок на помалите видови папагали, и Брем има апсолутно право кога кажува за папагалите, како што кажува и за жеравите и социјалните мајмуни, дека тие едвај имаат некој непријател освен луѓето; и додава: „Многу е веројатно дека поголемите папагали главно подлегнуваат на староста отколку што умираат од канџите на сите непријатели“. Само човекот, благодарение на неговата уште посупериорна интелигенција и оружје, кои исто така произлегуваат од здружувањето, успева делумно да ги уништи. Така, нивната долговечност се појавува како резултат на нивниот социјален живот. Не можеме ли да го кажеме истото и во однос на нивната прекрасна меморија, која исто така мора да е унапредена во својот развој од општествениот живот и од долговечноста придружени со целосното уживање во телесните и менталните способности до многу длабока старост?

Како што се гледа од горенаведеното, војната на секој против сите не е основниот закон на природата. Меѓусебната помош е исто толку закон на природата, колку и меѓусебната борба, и тој закон ќе стане уште поочигледен кога ќе анализираме уште некои други здружувања на птици и оние на цицачите. Неколку навестувања за важноста на законот за меѓусебната помош за еволуцијата на животинското царство веќе се дадени на претходните страници; но нивното значење ќе стане уште појасно кога, откако ќе дадеме уште неколку примери, ќе можеме веднаш оттаму да ги извлечеме нашите заклучоци.


Забелешки

[1] Origin of Species, chap. iii.

[2] Nineteenth Century, Feb. 1888, p. 165.

[3] Оставајќи ги настрана писателите пред Дарвин, како Тусенел, Фе и многу други, неколку дела што содржат многу впечатливи примери на меѓусебна помош – сепак, главно прикажувајќи ја животинската интелигенција – беа објавени пред овој датум. Може да ги споменам оние на Houzeau, Les facultés etales des animaux, 2 vols., Brussels, 1872; L. Büchner, Aus dem Geistesleben der Thiere, 2nd ed. во 1877; и Maximilian Perty, Ueber das Seelenleben der Thiere, Leipzig, 1876. Еспинас го објави своето најзабележително дело, Les Sociétés animales, во 1877 година и во тоа дело тој ја истакна важноста на животинските друштва и нивното влијание врз зачувувањето на видовите и навлезе во доста вредна дискусија за потеклото на општествата. Всушност, книгата на Еспинас содржи сè што е напишано досега околу меѓусебната помош, како и многу други добри работи покрај тоа. Ако јас сепак посебно го спомнувам обраќањето на Кеслер, тоа е затоа што тој ја подигна меѓусебната помош до висината на закон што е многу поважен во еволуцијата отколку законот за меѓусебната борба. Истите идеи беа развиени следната година (во април 1881 година) од Ј. Ланесан во предавање што е објавено во 1882 година под овој наслов: La lutte pour l'existence et l'association pour la lutte. Капиталното дело на G. Romanes, Animal Intelligence, беше издадено во 1882 година, а следната година беше проследено од Mental Evolution in Animals. Приближно во исто време (1883 година), Бихнер објави друго дело, Liebe und Liebes-Leben in der Thierwelt, чие второ издание беше објавено во 1885 година. Идејата, како што се гледа, беше во воздухот.

[4] Memoirs (Trudy) of the St. Petersburg Society of Naturalists, vol. xi. 1880.

[5] Види Додаток I.

[6] George J. Romanes, Animal Intelligence, 1st ed. p. 233.

[7] Pierre Huber, Les fourmis indigëes, Génève, 1861; Forel, Recherches sur les fourmis de la Suisse, Zurich, 1874 и J.T. Moggridge, Harvesting Ants and Trapdoor Spiders, London, 1873 и 1874, треба да бидат во рацете на секое момче и девојче. Исто така видете: Blanchard, Métamorphoses des Insectes, Paris, 1868; J.H. Fabre, Souvenirs entomologiques, Paris, 1886; Ebrard, Etudes des mœurs des fourmis, Génève, 1864; Sir John Lubbock, Ants, Bees, and Wasps итн.

[8] Forel, Recherches, pp. 244, 275, 278. Описот на Ибер за процесот е за восхит. Исто така, тој содржи навестување за можното потекло на инстинктот (популарно издание, pp. 158, 160). Видете Додаток II.

[9] Земјоделството на мравките е толку прекрасно што долго време беше под сомнеж. Фактот сега е толку добро докажан од Mr. Moggridge, Dr. Lincecum, Mr. MacCook, Col. Sykes и Dr. Jerdon, што без сомнение е можен. Погледнете го одличното резиме на докази во трудот на г-дин Романес. Исто така видете Die Pilzgaerten einiger Süd-Amerikanischen Ameisen, од Alf. Moeller, во Schimper's Botan. Mitth. aus den Tropen, vi. 1893.

[10] Овој втор принцип не беше веднаш признат. Поранешните набљудувачи често зборуваа за кралеви, кралици, управители итн.; но откако Ибер и Форел ги објавија своите подробни набљудувања, несомнено е можно да се остави слободен простор за иницијативата на секоја единка во сè што прават мравките, вклучувајќи ги и нивните војни.

[11] H.W. Bates, The Naturalist on the River Amazons, ii. 59 seq.

[12] N. Syevertsoff, Periodical Phenomena in the Life of Mammalia, Birds, and Reptiles of Voronèje, Moscow, 1855 (на руски).

[13] A. Brehm, Life of Animals, iii. 477; сите цитати според француското издание.

[14] Bates, p. 151.

[15] Catalogue raisonné des oiseaux de la faune pontique, во Démidoff, Voyage; апстракти во Brehm, iii. 360. За време на нивните миграции, грабливите птици често се здружуваат. Едно јато, кое Х. Зебом го видел како ги поминува Пиринеите, претставувало интересно друштво од „осум јастреби, еден жерав и еден сив сокол“ (The Birds of Siberia, 1901, p. 417).

[16] Birds in the Northern Shires, p. 207.

[17] Max. Perty, Ueber das Seelenleben der Thiere (Leipzig, 1876), pp. 87, 103.

[18] G. H. Gurney, The House-Sparrow (London, 1885), p. 5.

[19] Dr. Elliot Couës, Birds of the Kerguelen Island, во Smithsonian Miscellaneous Collections, vol. xiii. No. 2, p. 11.

[20] Brehm, iv. 567.

[21] Што се однесува до домашните врапчиња, еден набљудувач од Нов Зеланд, г-дин Т.В. Кирк, го опиша на следниот начин нападот на овие „дрски“ птици врз еден „несреќен“ сокол: „Тој слушнал еден ден една исклучително невообичаена врева, како сите мали птици од земјата да се вклучиле во некоја огромна расправија. Гледајќи нагоре, видел еден голем сокол (C. gouldi – мршојадец) нападнат од јато врапчиња. Постојано се залетувале кон него во групи и тоа од сите точки одеднаш. Несреќниот сокол бил прилично немоќен. Најпосле, приближувајќи се до некоја грмушка, соколот јурнал во неа и останал таму, додека врапчињата се собирале во групи околу грмушката, одржувајќи постојан џагор и врева“ (труд прочитан пред Новозеландскиот институт; Nature, Oct. 10, 1891).

[22] Brehm, iv. 671 seq.

[23] R. Lendenfeld, во Der zoologische Garten, 1889.