Џек Лондон
Железната петица

Глава XIV

Почетокот на крајот


Веќе во јануари 1913 година, Ернест го согледа вистинскиот тек на работите, но не можеше да ги натера и своите другари-водачи и тие да ја видат сликата на Железната петица што му се беше појавила пред неговите очи. Тие беа премногу самоуверени. Настаните брзо се приближуваа до својот врв. Американската олигархија речиси го освои светскиот пазар, а многу земји беа исфрлени од него заедно со вишоците в раце што не можеа ниту да се потрошат, ниту, пак, да се продадат. На таквите земји не им остануваше ништо друго освен да се реорганизираат. Тие не можеа да продолжат да произведуваат вишоци. Капиталистичкиот систем, што се однесува до овие земји, беше урнат безнадежно.

Реорганизацијата на овие земји се изврши преку револуција. Тоа беше време на нереди на насилство. Секаде се уриваа влади и установи. Секаде, освен во две или три земји, некогашните капиталистички господари се бореа огорчено за своите имоти. Но воинствено настроениот пролетаријат им ги одземаше владите. Најпосле се оживотворија класичните зборови на Карл Маркс: „На приватната капиталистичка сопственост ѝ ѕвони посмртно ѕвоно. Оние што другите ги лишуваа од сопственоста, сега и самите се лишени од неа.” И како што брзо се рушеа капитaлистичките влади, така брзо никнуваа на нивното место кооперативните државни заедници.

„Зошто Соединетите Држави заостануваат?“; „Сторете нешто, американски револуционери!”; „Што се случува со Америка?” — гласеа пораките на нашите другари кои успеаја во другите земји. Но ние не можевме да држиме чекор со нив. На патот ни стоеше олигархијата. Нејзиното тело, огромно како на некое огромно чудовиште, ни го попречуваше патот.

„Причекајте да ги преземеме своите функции напролет,” им одговараше Ернест, „па ќе видите.”

Зад овие зборови се криеше нашата тајна. Ги придобивме припадниците на Селанската партија, а напролет дванаесетина држави требаше да минат во нивни раце по пат на изборите од претходната есен. Одеднаш ќе се установат дванаесетина кооперативни државни заедници. После тоа, со останатото ќе оди лесно.

„Но што ако припадниците на Селанската партија не успеат да ги преземат своите функции?” прашуваше Ернест. Другарите го нарекуваа предвесник на несреќата.

Но овој неуспех во преземањето на функциите не беше главната опасност на која Ернест мислеше. Она што тој го предвидуваше беше отцепувањето на големите синдикати и создавањето на кастите.

„Гент ги научи олигарсите како да го сторат тоа,” велеше Ернест. „Се обложувам дека неговиот Доброволен феудализам,[78] му послужи како буквар.”

Никогаш нема да ја заборавам онаа ноќ кога, по жестоката дискусија со шестмина работнички водачи, Ернест се заврте накај мене и ми рече тивко: „Со ова работата е решена. Железната петица победи. Крајот е на повидок.”

Овој мал договор во нашиот дом не беше официјален, но Ернест, како и останатите негови другари, работеше на тоа да се добие цврсто ветување од работничките водачи дека тие ќе ги повикаат своите луѓе дa ни се придружат во следниот општ штрајк. О'Конор, претседателот на Здружението на работниците од машинската индустрија, беше првиот од шестмината присутни водачи кој одби да даде такво цврсто ветување.

„Видовте дека ве истепаа здраво заради вашата стара тактика на штрајкови и бојкоти,” настојуваше Ернест.

О'Конор и другите кимаа со главите.

„А видовте и што може да стори еден општ штрајк,” продолжи Ернест. „Ја запревме војната со Германија. Ни тогаш не излегла на видело така убаво солидарноста и моќта на работниците. Работниците можат и тие ќе управуваат со светот. Ако продолжите да бидете со нас, ние ќе му ставиме крај на владеењето на капитализмот. Тоа е вашата единствена надеж. А што е уште поважно, вие тоа го знаете. Немате друг излез. Што и да правите со вашата стара тактика, осудени сте на пораз, ако не од други причини, тоа заради фактот што судовите се ва рацете на господарите.“[79]

„Истрчавте пребргу напред,” му одговори О'Конор. „Вие не ги знаете сите излези. Постои и друг излез. Ние знаеме на што сме. Доста ни е и нам од штрајковите. Со штрајковите нѐ претепаа. Но јас мислам дека никогаш повеќе не ќе треба да ги повикаме своите луѓе на повторен штрајк.”

„Што е вашиот излез?” праша Ернест отворено.

О'Конор се насмеа и заврте со главата. „Можам да ви го кажам само ова: ние не спиевме, а и сега не спиеме.”

„Се надевам дека тука нема ништо од што би се плашеле или срамеле,” го предизвикуваше Ернест.

„Мислам дека ние најдобро си ја знаеме работата,” гласеше одговорот.

„Нечиста работа е тоа штом нешто криете,” рече Ернест уште поналутено.

„Нашето искуство го плативме со пот и со крв и сѐ што добивме сме го заслужиле,” беше одговорот. „Милосрдието се почнува уште од дома.”

„Ако се плашите да ми го кажете вашиот излез, тогаш јас ќе ви го кажам.” На Ернест му зовре крвта. „Вие ќе прибегнете кон поделба на пленот. Сте се спогодиле со непријателот, ете тоа сте сториле. Го продадовте делото на работниците, делото на сите работници. Го напуштате бојното поле како кукавици.”

„Јас не велам ништо,” одговори О'Конор смуртено. „Само мислам дека ние знаеме малку повеќе од вас за тоа што е најдобро за нас.”

„За тоа што е најдобро за останатите работници, вам не ви е ниту трошка грижа. Тоа го клоцате в ендек.”

„Јас не велам ништо,” одговори О'Конор, „освен дека сум претседател на Здружението на работниците од машинската индустрија и дека ми е должност да ги застапувам интересите на луѓето чиј претставник сум. Тоа е сѐ.“

И тогаш, кога водачите си заминаа, Ернест со спокојство на пораз, накусо ми го изнесе текот на идните настани.

„Социјалистите, обично, го претскажуваа со радост денот,” рече тој, „кога организираните работници, поразени на индустриското поле, ќе преминат на политичкото поле. Па ете, Железната петица ги порази синдикатите на индустриското поле и ги истера на политичкото. Но наместо тоа да нѐ радува, тоа ќе биде само извор на нашите јадови. Железната петица си го научи урокот. Во општиот штрајк ние ѝ ја покажавме нашата моќ. Но таа презема мерки да го спречи следниот општ штрајк.”

„Но како?” прашав.

„Едноставно: ќе ги помага финансиски големите синдикати. Тие нема да ни се придружат во следниот општ штрајк. Затоа, тоа и нема да биде општ штрајк.”

„Но Железната петица не може да одржува вечно една толку скапа програма,” приговорив.

„Ох, па таа нема да ги помага финансиски сите синдикати. Тоа не е ни потребно. Еве што ќе се случи. Ќе ги зголеми надниците, а ќе го скрати работното време во синдикатите на железничарите, во синдикатите од индустријата на железо и челик и во синдикатите од градежната и машинската индустрија. Во овие синдикати ќе продолжат да преовладуваат поповолни услови. Да бидеш член на овие синдикати ќе биде како да имаш место во рајот.”

„Јас сѐ уште не сфаќам,” приговорив, „што ќе стане со другите синдикати? Има многу повеќе синдикати што ќе останат надвор од овој сојуз отколку оние што ќе бидат во него.”

„Другите синдикати ќе бидат збришани, сите. Зашто, ете, зар не гледаш дека железничарите, работниците од градежната и машинската индустрија, од индустријата на железо и челик ја вршат работата што е од животна важност за нашата механизирана цивилизација. Сигурна во нивната верност, на Железната петица око не ѝ трепнува за другите синдикати. Железото, челикот, јагленот, машините, сообраќајот — тоа е 'рбетот на целото индустриско тело.”

„Но јагленот?” прашав. „Има речиси милион рудари по рудниците на јаглен.”

„Тоа се, главно, неквалификувани работници. Тие нема да се земат предвид. Надниците ќе им се намалат, а работното време ќе им се продолжи. Тие ќе бидат робови како сите нас, останатите, и ќе се однесуваат најживотински од сите нас. Ќе бидат принудени да работат токму онака како што сега се принудени да работат фармерите за господарите кои ги лишија од нивната земја. А така ќе биде и со сите други синдикати надвор од сојузот. Гледај како сите тие се тетерават и разбиваат во парчиња, а нивните членови стануваат робови кои 'рмбаат зашто на тоа ги принудуваат нивните празни стомаци и законите во земјата.

„Знаеш ли што ќе се случи со Фарли[80] и неговите штрајкбрехери? Ќе ти кажам. Штрајкбрехерството каки професија ќе го снема. Нема да има повеќе штрајкови. Наместо штрајкови ќе има бунтови на робовите. Фарли и неговата банда ќе бидат унапредени во надзорници на робовите. А, не, таа професија нема да се вика така. Ќе се вика: примена на законите во земјата, што, пак, од своја страна ќе ги принудуваат работниците да работат. Таа професија едноставно ќе ја продолжи битката — предавството на големите синдикати. Сега, само господ знае каде и кога револуцијата ќе победи.”

„Дали е воопшто разумно да се верува дека револуцијата некогаш ќе победи кога постои вака моќен сојуз помеѓу олигархијата и големите синдикати.” прашав. „Зарем не може тој сојуз да трае вечно?”

Тој заврте со главата. „Еден од нашите општи заклучоци е дека секој систем што почива на класи и касти, во себе ги носи бацилите на сопствената пропаст. Ако некој систем почива на класи, како може да се спречи создавањето касти? Железната петица не ќе биде во состојба да го спречи тоа, па на крајот кастите НЕА ќе ја уништат. Олигарсите веќе развија касти во своите редови; но, причекај додека привилегираните синдикати не развијат СВОИ касти. Железната петица ќе ги употреби сите свои сили само да го спречи тоа, но нема да успее.

„Во привилегираните синдикати никнува цветот на американските работни луѓе. Тоа се силни, способни луѓе. Тие станале членови на овие синдикати заради соперништвото да се извојува место под сонцето. Секој способен работен човек во Соединетите Држави ќе го обземе амбицијата да стане член на привилегираните синдикати. Олигархијата ќе ја поддржува ваквата амбиција, а исто така и соперништвото. Така, силните работни луѓе, кои инаку би можеле да станат револуционери, ќе бидат придобиени, а нивната сила ќе се исползува за поддршка на олигархијата.

„Од друга страна, пак, работничките касти, членовите на привилегираните синдикати, ќе се борат да создадат цврсти корпорации од своите организации. И тие ќе успеат. Членството во работничките касти ќе стане наследно. Синовите ќе ги наследуваат татковците, па нема да има прилив на нови сили од оној вечен извор на сила, обичниот народ. Ова ќе значи изродување на работничките касти и на крајот, тие ќе стануваат сѐ послаби и послаби. Во исто време, како институција, тие ќе станат привремено семоќни. Ќе бидат како гардите во дворците на стариот Рим, а ќе дојде и до дворски револуции, со што работничките касти ќе ги зграпчат уздите на власта. А ќе има и дворски контрареволуции на олигарсите, па еднаш ќе бидат на власт едните, другпат, другите. За сето тоа време, неизбежното ослабување на кастите ќе напредува, така што на крајот, на сцената ќе стапи обичниот народ.”

Бавната социјална еволуција Ернест ја навести на почетокот на потиштеноста што го беше обзела поради отцепувањето на големите синдикати. Никогаш не се согласував со него околу тоа, а пожестоко од било кога, не се согласував и сега, додека ги пишувам овие редови, зашто дури сега, иако Ернест го нема веќе, се наоѓаме на работ на револуцијата што ќе ги збрише сите олигархии. Сепак, јас тука го изнесов Ернестовото пророштво, зашто тоа беше НЕГОВО пророштво. И покрај тоа што веруваше во тоа пророштво, тој се бореше како џин, и, повеќе од било кој друг, ја овозможи револуцијата што дури сега чека знак да избувне.[81]

„Но ако олигархијата остане и понатаму,” го прашав таа вечер, „што ќе се случи со големите вишоци што ќе ѝ остануваат секоја година?”

„Вишоците ќе мора да се потрошат некако,” ми одговори, „а на олигарсите ќе мора да им се довери изнаоѓањето начин како да се потрошат. Ќе се изградат величествени патишта. Ќе дојде до големи достигања во областа на науката, а особено во областа на уметноста. Кога олигарсите ќе загосподарат целосно со народот, тие ќе имаат слободно време и за други работи. Тие ќе станат поклоници на убавината. Ќе станат вљубеници во уметноста. Уметниците ќе бидат великодушно наградувани и ќе аргатуваат под нивен надзор. Како резултат на тоа ќе се создаде голема уметност, зашто уметниците нема, како до вчера, да му се подведуваат на буржоаскиот вкус на средната класа. Тоа ќе биде голема уметност, ти велам, а ќе никнат и чудесни градови во споредба со кои градовите од старите времиња ќе изгледаат евтино и невкусно наконтени. Во овие градови ќе живеат олигарсите и ќе ѝ се поклонуваат на убавината.[82]

„Така, вишоците ќе се трошат постојано, а работата ќе ја вршат — работниците. Изградбата на овие големи објекти и градови ќе доведе — до гладување на милиони обични работници, зашто огромната маса вишок ќе изнудува еднакво огромни трошоци, а олигарсите ќе градат уште илјадници години — да, уште десет илјади години. Тие ќе градат како што Египќаните и Вавилонците никогаш не сонувале дека ќе градат; а кога ќе мине векот на олигарсите, нивните големи патишта и чудесни градови ќе им останат на збратимените работници за да газат по нив и да живеат во нив.[83]

„Овие работи олигарсите ќе ги прават зашто ќе мораат да ги прават. Овие големи објекти ќе бидат формата на нивното трошење на вишокот, исто онака како што многу одамна владејачките класи во Египет го трошеле вишокот што го пљачкале од народот градејќи храмови и пирамиди. Под олигарсите ќе процути не класата на свештениците, туку класата на уметниците. На местото на буржоаската класа на трговци, ќе дојдат работничките касти. А под сето тоа ќе има бездна каде што ќе гнои, гладува, гние и вечно ќе се обновува обичниот народ, огромната маса население. И на крајот, којзнае кога, обичниот народ ќе се крене од бездната; работничките касти и олигархијата ќе се распаднат; и тогаш, најпосле, по вековното страдање, ќе осамне денот на обичниот човек. Мислев дека ќе го дочекам тој ден, но сега знам дека никогаш нема да го дочекам.”

Застана, ме погледна, а потоа додаде:

„Социјалната еволуција се одвива раздразнувачки бавно, нели, мила?”

Го прегрнав, а тој си ја стави главата на моите гради.

„Приспиј ме со песна,” промрморе ќудливо. „Имав привидение и сакам да го заборавам.”


Забелешки

[78] Дело на В.Џ. Гент објавено во 1902 година. Секогаш се тврдеше дека Гент бил оној што на крупните капиталисти им дал идеја да формираат олигархија. Ова верување се одржа во литературата во текот на трите века на Железната петица, па дури и во литературата на првиот век од Човечкото братство. Денес ние знаеме повеќе, но сепак со тоа не се менува фактот дека Гент останува да биде најмногу навредуваниот невин човек во сета историја.

[79] Ги даваме следниве примери на судски одлуки вперени против работничката класа. Регионите на рудниците на јаглен беа озлогласени по примената на детска работна сила. Работничката класа успеа во Пансилванија, во 1905 година, да донесе закон според кој покрај доказот за возраста на детето и одредените образовни квалификации мора да постои и заклетва на родителот. Покраинскиот суд овој закон веднаш го прогласи за противуставен зашто со него се изигрува четиринаесеттиот амандман, со тоа што тој прави разлика меѓу припадниците на една иста класа, имено, меѓу децата над и под четиринаесет години. Државниот суд ја потврди оваа одлука.

— Судот од Њујорк за специјални случаи, во 1905 година, го прогласи противуставен законот со кој се забранува децата и жените да работат во фабриките по 9 часот навечер, а како причина се наведува фактот дека таквиот закон значи „класно законодавство”. — Во тоа време и фурнаџиите имаа предолго работно време. Њујоршкото законодавно тело донесе закон со кој работното време на фурнаџиите се скратува на десет часа. Врховниот суд на САД го прогласи, во 1906 година, овој закон за противуставен. Дел од одлуката гласи: „Нема оправдана причина да се мешаме во слободата на луѓето или во нивното право слободно да се договараат за одредувањето на работното време во фурнаџискиот занает.”

[80] Џејмс Фарли — озлогласен штрајкбрехер од она време. Човек повеќе храбар одошто морален и несомнено способен. Високо се издигна за време на владеењето на Железната петица и на крајот беше примен во олигархиската класа. Во 1932 година, него го уби Сара Џенкинс, чиј сопруг, триесет години порано, го убија Фарлиевите штрајкбрехери.

[81] Еверхардовата моќ да го предвиди социјалниот развиток беше необично голема. Тој јасно, како да се работеше за веќе изминати настани, го гледаше отцепувањето на привилегираните синдикати, подемот и бавното опаѓање на работничките касти, и борбата меѓу олигархијата што полека пропаѓаше и работничките касти околу контролата над големата управна машина.

[82] Не можеме да не се воодушевуваме од Еверхардовата моќ на предвидување. Уште пред да се роди идејата за чудесните градови како што се Ардис и Асгард во главите на олигарсите, Еверхард веќе ги виде овие градови како и неизбежната потреба да се изградат.

[83] Од денот на ова пророштво минаа три века владеење на Железната петица и четири века Човечко братство, а ние денес газиме по патиштата и живееме во градовите што ги изградија олигарсите. Точно е дека ние ceгa градиме уште попрекрасни градови, но чудесните градови на олигарсите остануваат (а јас ги пишувам овие редови во Ардис) да бидат најпрекрасните од сите тие градови.