Џек Лондон
Железната петица

Глава XX

Еден изгубен олигарх


Но, сеќавајќи се на стариот живот, јас отидов многу напред со мојата приказна. Масовното ослободување на нашите другари од затворите стана дури во 1915 година. Иако сложено, тоа, сепак, беше изведено без поголеми проблеми, а како крупно дело, тоа нѐ охрабри во нашата понатамошна работа. Од Куба до Калифорнија, од бројни зандани, воени затвори и тврдини, ослободивме педесет и еден од нашите педесет и двајца претставници во Конгресот и уште преку триста водачи. Во ниеден случај немавме неуспех. Тие не само што избегаа, туку и стасаа до скривалиштата што им беа одредени. Единствениот наш другар — претставник во Конгресот, кого не успеавме да го ослободиме, беше Артур Симпсон, кој по свирепото мачење, умре во Хавана.

Следните осумнаесет месеци беа, можеби, најсреќниот период во мојот живот со Ернест. Во тоа време бевме неразделни. Подоцна, кога се вративме во светот, бевме честопати разделени. Ниту пламенот на утрешната револуција не го очекував со такво нетрпение како што таа вечер го очекував доаѓањето на Ернест. Го немав видено долго, а при помислата на можна пречка или грешка во нашите планови што би можело да доведе до тоа тој и понатаму да остане во оној островски затвор, просто полудував. Часовите ми минуваа како векови. Бев сосема сама. Биденбах и тројцата младичи кои живееја во скривалиштето беа надвор, во планината, наоружани до заби и спремни на сѐ. Таа ноќ, претпоставувам, сите скривалишта беа сосема празни.

Токму кога небото почна да бледнее, навестувајќи го доаѓањето на мугрите, одозгора го слушнав знакот и одговорив. Во темнината речиси го прегрнав Биденбах кој слезе прв, но во следниот миг се најдов во прегратката на Ернест. И, за момент, сфатив колку сум преобразена зашто само со голем напор на волјата можев да бидам старата Ејвис Еверхард, со старото држење и насмевка, со стариот начин на зборување и со интонацијата на гласот. Само со голем напор можев да го задржам својот поранешен идентитет; не смеев да си дозволам ниту за момент да се заборавам — толку автоматски ми се наложуваше мојата новосоздадена личност.

И тогаш, во сопчето, го видов Ернест на светлина. Освен онаа затвореничка облека, на него не забележав промена — барем не голема. Тој за мене беше мојот љубовник-сопруг и херој. Па, сепак, лицето му беше некако аскетски издолжено. Но тоа добро му прилегаше, зашто само му придаваше извесна благородност и префинетост на бунтовничкото преобилство на животот што отсекогаш му се читало на лицето. Можеби беше нешто посериозен од обично, но во очите сѐ уште му беше онаа стара насмевка. Беше полесен за десетина килограми но физички беше совршено здрав. Во текот на престојот во затворот правел гимнастика и мускулите му беа како од железо. Вистина речено, сега беше здравствено многу подобро одошто кога го затворија. Поминаа часови пред да си легне и пред да го заспијам. Но за мене немаше сон. Бев пресреќна, а не ме измори бегството од затворот и јавањето на коњ.

Додека Ернест спиеше, си го преслеков фустанот, косата си ја исчешлав поинаку и се вратив на своето ново автоматско јас. А потоа, кога се разбудија Биденбах и другите другари, со нивна помош направив мал заговор. Сѐ беше подготвено и ние седевме во пештерската одаја што ни служеше како кујна и трпезарија кога Ернест ја отвори вратата и влезе. Во тој момент Биденбах ми се обрати како да се викам Марија, а јас се свртев и му одговорив. Потоа го погледнав Ернест со љубопитство какво што секој млад другар би пројавил кога за првпат би видел некој така прочуен херој на револуцијата. Но Ернестовиот поглед мина преку мене и нестрпливо почна да кружи по одајата. Следниот момент ме претставија како Марија Холмс.

За да биде измамата потполна, на масата беше поставена една чинија повеќе, а кога седнавме да јадеме, еден стол беше слободен. Просто ми доаѓаше да викам од радост кога ја забележав Ернестовата сѐ поголема вознемиреност и нетрпение. На крајот тој не издржа повеќе.

„Каде е жена ми?” праша налутено.

„Уште спие”, му одговорив.

Тоа беше пресудниот момент. Но мојот глас беше некаков чуден глас и во него Ернест не откри ништо познато. Продолживме да јадеме. Зборував многу и со занос како што може да зборува секој што ги обожава хероите, и беше очигледно дека тој беше мојот херој. Мојот занес и обожавање достигнаа врв, и пред тој да ја сфати мојата намера, му се фрлив околу вратот и го бакнав. Ме оттурна од себе гледајќи наоколу налутено и збунето. Четворицата наши другари почнаа гласно да се смеат, а потоа следеше објаснување. Најнапред тој се сомневаше. Остро ме испитуваше со погледот и беше речиси убеден, но потоа заврте со главата и рече дека не верува. И така, сѐ додека не станав онаа стара Ејвис Еверхард и додека не му ги шепнав на увото тајните за кои знаеја само тој и Ејвис Еверхард, дури тогаш тој ме прими како негова стварна и вистинска сопруга.

Подоцна, во текот на денот, тој ме прегрна, покажувајќи голема збунетост и признавајќи дека нема ништо против полигамијата.

„Ти си мојата Ејвис,” ми рече, „но ти си и друга жена. Во тебе се две жени, па според тоа ти си мојот харем. Во секој случај, сега сме безбедни. Ако во Соединетите Држави стане претопло за нас, зошто не би имал услови да добијам турско државјанство?”[103]

Живеев пресреќна во скривалиштето. Вистина, со часови работевме, но работевме заедно. Си припаѓавме еден на друг, осумнаесет месеци, и не бевме сами, зашто тука постојано доаѓаа и си заминуваа водачи и другари — чудни гласови од подземниот свет на сплетките и револуцијата — раскажувајќи чудни приказни за борбата и војната вдолж сета наша борбена линија. Имаше и многу шегувања и радости. Не бевме само мрачни затвореници. Работевме многу и не помалку страдавме, ги пополнувавме празнините во нашите редови и продолжувавме потаму, а покрај сета таа работа, игра и меѓуигра на живот и смрт, наоѓавме време за смеа и љубов. Меѓу нас имаше артисти, научници, музичари и поети, а во таа дупка во земјата културата беше на повисоко ниво и поблагородна од онаа во дворците или чудесните градови на олигарсите. А, всушност, многу од нашите другари работеа на разубавувањето на тие исти дворци и чудесни градови.[104]

Но ние не бевме постојано затворени во скривалиштето. Честопати, навечер, јававме шетајќи по планината, а јававме на Виксоновите коњи. Кога би знаел само колку многу револуционери превезле неговите коњи на својот грб! Дури си правевме и излети до осамените места што ги знаевме само ние, и таму останувавме по цел ден, од рано наутро до касно навечер. Го јадевме и Виксоновото сирење и путер,[105] а Ернест не се мислеше многу дали да ги убива или не и Виксоновите еребици и зајаци, па, одвреме навреме и неговите срни.

Навистина скривалиштето беше безбедно. Реков веќе дека тоа беше само еднаш откриено и тогаш ми се разјасни тајната на исчезнувањето на младиот Виксон. Сега кога тој е мртов, може слободно да зборувам. На дното на големата дупка имаше агол во кој сонцето во истекот на денот светеше со часови, а што беше скриен одозгора. Тука пренесовме товари чакал од речното корито, така што сега беше сув и топол, па претставуваше пријатно место за сончање; и тука, едно попладне, речиси заспав над една книга од Менденхол.[106] Се чувствував толку удобно и безбедно што дури ни неговата огнена поезија не можеше да ме возбуди.

Ме разбуди грутката земја што падна до моите нозе. А потоа, одозгора, слушнав како некој неспретно се спушта од гранките. Следниот момент, едно момче, лизгајќи се по ронливиот ѕид, се спушти крај моите нозе. Тоа беше Филип Виксон, иако тогаш сѐ уште не го познавав. Ме погледна ладнокрвно, а потоа, изненаден, тивко свирна.

„Гледај, гледај,” рече, а следниот момент, со капата в раце продолжи, „простете, не очекував дека ќе најдам некого овде.”

Ни јас не бев толку ладнокрвна. Кога стануваше збор за тоа како да се однесувам во критични околности сѐ уште бев новајлија. Подоцна, кога станав меѓународен шпион, сигурна сум дека бев поспретна. Но, во овој момент; скокнав на нозе и почнав да викам на помош.

„Зошто го сторивте тоа?” ме праша остро погледнувајќи ме.

Беше очигледно дека, додека се спушташе, тој ни најмалку не се сомневаше на нашето присуство. Го сфатив тоа со олеснување.

„А што мислите, зошто го сторив тоа?” му се противставив. Во тоа време бев навистина неспретна.

„Не знам,” ми одговори вртејќи со главата. „Освен ако имате пријатели тука некаде, наоколу. Во секој случај, ми должите објаснување. Не ми се допаѓа ова. Вие чините престап. Ова е имотот на татко ми и...”

Но во тој момент, Биденбах, секогаш љубезен и тивок рече со тивок глас од зад неговиот грб, „Горе рацете, млад господине.”

Младиот Виксон прво ги крена рацете, а потоа се сврте наоѓајќи се очи в очи со Биденбах, кој држеше автоматска пушка вперена во него. Виксон беше сталожен.

„О, хо,” рече тој, „гнездо на револуционери — и како што ми изгледа вистинско осино гнездо. Па, може да ви кажам дека не ќе смеете долго да останете овде.”

„Можеби вие ќе останете доволно долго уште еднаш да размислите за ова што го рековте,” рече тивко Биденбах. „А во меѓувреме морам да ве замолам да дојдете со мене внатре.”

„Внатре?” Момчето вистински се вчудовиде. „Има тука некаква катакомба? Сум слушал за такви нешта.”

„Дојдете па видете,” му одговори Биденбах со оној свој љубезен тон.

„Но тоа е незаконски,” протестираше младиот Виксон.

„Да, незаконски според вашиот закон,“ му одговори Биденбах значајно. „Но според нашиот закон, верувајте ми, тоа е сосема законски. Морате да се навикнете на фактот дека се наоѓате во свет поинаков од оној на угнетување и свирепост во кој сте живееле.”

„Има место да расправаме по тоа прашање,” промрморе Виксон.

„Тогаш останете кај нас и ајде, да расправаме.”

Момчето се насмеа и појде по Биденбах во куќичката. Го воведовме во внатрешната пештерска одаја, и додека ние, во кујната, ја разгледувавме новонастанатата ситуација, еден од помладите другари остана да го варди младиот Виксон.

Биденбах со солзи во очите предлагаше младиот Виксон да се убие, а беше пресреќен кога го надгласавме неговиот ужасен предлог. Од друга страна пак, не помислувавме да го пуштиме младиот олигарх да си замине.

„Ќе ви кажам што да правиме,” рече Ернест, „ќе го направиме наш воспитаник.”

„Тогаш молам да дозволите јас да го просветувам во областа на правото,” извика Биденбах.

И така, смеејќи се, донесовме и одлука. Ќе го задржиме Филип Виксон како затвореник и ќе го воспитаме во нашиот морал и социологија. Но во меѓувреме имаше и доста работа да се сврши. Мораше да се избрише секоја трага на младиот олигарх. Спуштајќи се по ронливиот ѕид на дупката, беше оставил траги. Го задолживме Биденбах да ја изврши оваа задача, и тој, врзан со јаже одозгора, вешто работеше до крајот на денот додека не ја избриша и последната трага. Исто така беа избришани и сите траги назад, почнувајќи од работ на дупката па угоре по клисурата. Приквечер дојде Џон Карлсон барајќи да ги земе Виксоновите чевли.

Момчето не сакаше да ги даде, па дури беше спремен и да се тепа, додека не ја почувствува налбатската сила на Ернестовите раце. Подоцна, Карлсон се жалеше на неколкуте плускавци и излупената кожа што се должеше на тесните чевли, но сепак со нив успеа да сврши голема работа. Тргнувајќи од работ на дупката каде што беа избришани и последните траги на момчето, па наназад, Карлсон ги обу неговите чевли и појде в лево. Одеше пеш со милји заобиколувајќи ритчиња, одејќи преку 'ртови и низ клисури и на крајот трагата ја покри во коритото на потокот што таму протекуваше. Тука тој ги собу Висконовите чевли, криејќи ги трагите уште извесно растојание и на крајот ги обу своите. Виксон ги доби назад своите чевли една недела подоцна.

Таа ноќ кучињата беа пуштени, а во скривалиштето се спиеше малку. Следниот ден одвреме навреме разлаените пци се спуштаа во клисурата, се отклонуваа, тргнувајќи по трагата што Карлсон им ја остави зад себе и потоа нивниот лаеж се губеше далеку во клисурата, високо во планината. И сето време нашите луѓе чекаа во скривалиштето со оружје в раце — автоматски револвери и пушки, а да не зборувам за шесте пеколни машинки што ги направи Биденбах. Не можеше да се замисли поизненадена група спасители од онаа што го бараше Виксона, ако се осмелеше да слезе во нашето скривалиште.

И така ви раскажав вистинито за исчезнувањето на Филип Виксон, некогашен олигарх, а подоцна наш другар во револуцијата. Зашто, на крајот, успеавме да го преобразиме. Неговиот дух беше свеж и еластичен, а по природа тој беше многу морален. Неколку месеци подоцна го пративме, на коњ, и тоа на еден од оние на татко му, преку Сономските Планини, до заливот Петалум и го качивме во еден мал рибарски чамец. А потоа, по кратки и проодни патеки го прокриумчаривме до скривалиштето Кармел со нашата подземна железница.

Таму тој остана осум месеци, а кога тие изминаа, не му се одеше од кај нас од две причини. Прво, зашто се заљуби во Ана Ројлстон, а второ, тој стана дел од нашите. Но кога се убеди во безнадежноста на својата љубов, нѐ послуша и се врати кај татко му. Привидно олигарх сѐ до својата смрт, тој всушност беше еден од нашите најзаслужни агенти. Не еднаш Железната петица остануваше стаписана поради неуспехот во спроведувањето на своите планови и на операциите против нас. Само да знаеше колкумина нејзини членови беа наши агенти, сѐ ќе ѝ беше јасно. Младиот Виксон никогаш не се поколеба во својата верност на Делото. Вистина речено, тој и умре вршејќи ја верно својата задача. Во големата бура, во 1927 година, кога одеше на еден од состаноците на нашите водачи, доби воспалување на белите дробови и од тоа умре.[107]


Забелешки

[103] Во тоа време во Турција сѐ уште постоеше полигамија.

[104] Ова не е фалење на Ејвис Еверхард. Сѐ што било најдобро во уметничкиот и интелектуалниот свет, било револуционерно. Со исклучок на неколкумина музичари и пејачи, и неколкумина олигарси, сите големи творци од она време, чии имиња ни се познати, беа револуционери.

[105] Дури и во тој период, сирењето и путерот сѐ уште се добиваа од кравјето млеко по еден многу примитивен начин. Лабораториското приготвување на храната cѐ уште не беше започнато.

[106] Во сета досега зачувана литература и документи од тој период, постојано се споменуваат песните на Рудолф Менденхол. Неговите другари го наречуваа „Пламен“. Беше несомнено голем гениј; сепак, до нас стигнале само таинствени и незаборавни извадоци од неговата поезија, цитирани во туѓите написи. Железната петица го погуби во 1928 година.

[107] Случајот на ова момче не беше ништо необично. Многу млади луѓе од редовите на олигархијата, гонети од чувството праведно да се однесуваат, или замаени од славата на револуцијата, ѝ ги посветуваа своите животи на револуцијата од морални или романтични причини. На сличен начин ги играа своите улоги и многумина синови на руското благородништво во поранешната револуција и во времето по неа.