Џек Лондон
Железната петица

Глава XXIII

Луѓето од бездната


Работите се изменија одеднаш. Низ воздухот проструи трепет на вознемиреност. Пројуруваа два, три, дванаесет автомобили и од нив нѐ предупредуваа со викање. Еден од автомобилите сврте како подивен зад еден блок подалеку од нас, а следниот миг, веќе прилично далеку зад него, експлодира бомба, правејќи голема дупка во тротоарот. Ја видовме полицијата како трчајќи исчезна во споредните улици и тогаш знаевме дека доаѓа нешто страшно. Слушавме како татнежот на тоа нешто страшно стануваше сѐ посилен.

„Доаѓаат нашите храбри другари,” рече Хартман.

Кога измина и последниот воен автомобил, го видовме челото на нивната колона што ја исполнуваше улицата од едната до другата бразда покрај тротоарот. Еден автомобил за миг застана токму пред нас. Еден војник скокна од него, носејќи внимателно нешто во рацете. Со истата внимателност тој го спушти тоа во браздата покрај тротоарот. Потоа скокна назад на седиштето и автомобилот одјури, свртувајќи зад аголот и исчезнувајќи ни од пред очи. Хартман се стрча кон браздата и се наведна над предметот.

„Иставете се поназад,” ме предупреди.

Видов како работеше брзо со рацете. Кога се врати кај мене, челото му беше покриено со крупни капки пот.

„Ја демонтирав,” рече „и тоа токму навреме. Војникон беше неспретен. Ја беше спремил за нашите другари, но не остави доволно време. Ќе експлодираше прерано. Сега воопшто нема да експлодира.”

Сега сѐ се одвиваше бргу. Преку улицата, еден блок подалеку, високо во една зграда, видов како од прозорците ѕиркаат глави. Тукушто ги покажав на Хартман, вдолж тој дел од зградата, каде се беа подале главите, пролета сноп пламен и чад, и воздухот затрепери од силна експлозија. Камената фасада на зградата се оштети наместо, а под неа се покажа железната конструкција. Следниот момент слични снопови пламен и чад удрија во фасадата на зградата отспротива. Меѓу експлозиите го слушнавме штракањето на автоматските пиштоли и на пушките. Оваа воздушна битка продолжи неколку минути, а потоа сѐ стивна. Беше јасно дека нашите другари беа во едната зграда, а платениците во другата и дека водеа битка преку улицата. Но не можевме да кажеме кои беа кои — во која зграда беа нашите другари, а во која платениците.

За тоа време, колоната од улицата речиси дојде до нас. Кога нејзиното чело мина меѓу зградите што меѓусебно војуваа, обете стапија повторно во акција — од едната зграда што беше нападната од зградата отспротива, на нападот одговорија со фрлање бомби на улицата. Така дознавме во која зграда беа нашите другари. Тие сосема добро ја вршеа својата работа, спасувајќи ги оние на улицата од бомбите на непријателот.

Хартман ме зграпчи за рака и ме повлече во еден широк влез.

„Тоа не се нашите”, ми викна на уво.

Внатрешните врати на влезот беа заклучени и замандалени. Не можевме да избегаме. Следниот момент крај влезот мина челото на колоната. Тоа не беше колона, туку толпа, страшна река што ја исполни улицата, луѓето од бездната, збеснати од алкохолот и неправдата, кои на крајот, еве, се кренаа рикајќи и барајќи ја крвта на своите газди. Луѓето од бездната сум ги видела и порано, кога одев по работничките маала, и мислев дека ги познавам, но сфатив дека сега ги гледам за првпат. Нивната нема рамнодушност беше исчезнала. Сега се беа раздвижиле — каква ужасна глетка што незадржливо го привлекуваше сечиј поглед. Надоаѓаа пред моите очи во бујни бранови на гнев, 'ржејќи и мрморејќи небаре месојадци, пијани од вискито украдено од скривалиштата, пијани од омраза, пијани од жедта за крв — мажи, жени, деца, во партали и крпи, со помрачен и здивен разум, со лица од кои беше збришано сѐ што е божествено, и на кои беше втиснато сѐ што е сатанско, мајмуни или тигри, слабокрвни и туберкулозни, како огромни влакнести запрежни животни, безбројни лица од кои вампирското општество го беше исмукал сиот животен сок, млитави и подуени, згоени и во распаѓање, свенати вештици и мртовечки глави со бради како кај патријарсите, загноени млади, загноени старци, со сатански лица, искривени, извиткани, грозни чудовишта спечени од пустошот на болестите и од сите ужаси на постојаното гладување — отпадок и талог на животот, разгневена сатанска толпа што пишти и вреска.

А зошто и да не? Луѓето од бездната немаа што да изгубат, освен сиромаштија и мачниот начин на живеење. А да добијат? Ништо, освен последно и страшно гаснење на жедта за одмазда. И додека ги гледав, на ум ми падна мислата дека во таа надојдена човечка лава има мажи, другари и херои чија задача беше да го разбудат ѕверот од бездната за да му отворат на непријателот работа, борејќи се со него.

И тогаш во мене се случи нешто чудно. Како сосема да се преобразив. Стравот од смрт, за мене и за другите, сосема ме напушти. Бев чудно воодушевена, сосема друго суштество, со друг живот. Ништо не ми беше важно. Делото овојпат го изгубивме, но тоа Дело ќе постои и утре, тоа исто Дело вечно свежо и вечно горејќи. И така, можев спокојно да гледам на сета онаа оргија на ужасот што беснееше следните часови. Смртта не ми значеше ништо, животот не ми значеше ништо. Бев заинтересиран набљудувач, понесена од виорот, и љубопитен учесник. Зашто мојот дух се издигна до студените ѕвезди и објективно ги процени вредностите. Да не беше така, знам дека ќе умрев.

Изминувајќи половина милја, толпата нѐ откри. Една жена, во необични партали, со длабоко пропаднати образи и ситни црни очи како разгорени стрели, нѐ забележа Хартман и мене. Испушти остар крик и ни се нафрли. Еден дел од толпата се оддели и јурна по неа. И сега, додека ги пишувам овие редови, ја гледам, напред пред сите, со побелена коса што ѝ се разлетуваше во тенки замрсени прамени, со крв што ѝ капеше по челото од некаква рана од под косата, со секира во десната рака и со левата — слаба и збрчкана, како жолта канџа на птица-грабливка, грчовито грапчејќи по воздухот. Хартман скокна пред мене. Немаше време за објаснување. Бевме убаво облечени, а тоа беше доволно. Со тупаница силно ја удри жената меѓу разгорените очи. Од силниот удар таа се затетерави наназад, но удри во ѕидот што го беа образувале нејзините од толпата, и повторно скокна напред, зашеметена и беспомошна, замавнувајќи со секирата што без сила падна на Хартмановото рамо.

Следниот момент веќе не знаев што се случува. Толпата сосема ме совлада. Малиот простор околу мене беше исполнет со крикови, врескотници и пцости. По мене паѓаа удари. Раце ми го кинеа и ми го парчосуваа месото и фустанот. Чувствував како ме растргнуваат на парчиња. Ме туркаа наземи, одвај дишев. Среде тој метеж, нечија цврста рака ме зграпчи за рамото и почна жестоко да ме влече. Од болка и од силниот притисок се онесвестив. Хартман веќе никогаш не излезе од оној влез. Ме заштитуваше и така го прими првиот жесток удар на нападот. Но јас бев спасена зашто набргу турканицата беше толку голема што не ми можеа ништо друго освен побеснето да ме зграпчуваат и да ме растргнуваат.

Се освестив среде таа дивјачка игра. Сѐ околу мене беше во исто движење. Беше ме зафатила чудовишна река што ме носеше, а јас не знаев каде. Чувствував свеж воздух по образите исполнувајќи ми ги нежно белите дробови. Истоштена и сѐ уште чувствувајќи вртоглавица, одвај бев свесна дека нечии силни раце ме фатија под мишките и, полуподигната, ме влечеа некаде. Нозете одвај ме држеа. Пред себе видов некаков човек, свртен со грбот накај мене, во долго палто. Палтото му беше распорено по средниот шав, од врвот до подвивот, а распорените делови се отвораа и се затвораа ритмично при секое движење на оној кој го носеше палтото. Ова ме занесе извесно време додека полека си доаѓав на себеси. Следниот миг почувствував остри болки во образите и во носот и крв како ми тече по лицето. Шапката ми беше исчезнала, косата ми се беше распуштила и сета ми се вееше, а болката некаде под косата ме потсети на една рака што во оној хаос во влезот ме тргаше за косите. По градите и по рацете имав модрини, а болки чувствував и по целото тело.

Полека, умот ми се разбистри, а кога станав и потрчав, се свртев и го погледнаа човекот кој ме придржуваше за сето време. Тоа беше оној кој ме извлече од хаосот. Го забележа моето движење.

„В ред е,” викна со зарипнат глас. „Веднаш ве препознав.”

Јас не можев да го препознам, но пред да можам да проговорам, згазив на нешто што беше живо, што се превиткуваше сето под моите нозе. Оние зад мене речиси ме носеа и јас не можев да застанам и да видам што беше тоа под мене; сепак, знаев дека тоа беше некоја жена која паднала на тротоарот и која ја испогазиле илјадници нозе, едно по друго.

„В ред е”, повтори тој. „Јас сум Гартвејт.”

Сиот беше обраснат во брада, исушен, нечист, но успеав да се сетам дека тој беше она снажно момче кое пред три години престојуваше неколку месеци во нашето скривалиште во Глен Елен. Ми ја кажа јавката на тајната служба на Железната петица, како знак дека и тој таму служи.

„Ќе ве извлечам одовде штом за тоа ќе ми се укаже можност”, ме уверуваше. „Но, внимавајте како одите. По никоја цена не смеете да се сопнете и да паднете.”

Тој ден сѐ се случуваше нагло, а исто толку нагло стивна и толпата од што, речиси, ми се слоши. И тогаш се судрив жестоко со една крупна жена (човекот со распореното палто беше исчезнал), додека оние зад мене пак удрија по мене. Владееше пеколен урнебес — крикови, пцости, претсмртни извици, а над сѐ се слушаше бесното штракање на митралезите и испрекинатото пукање на пушките. Во почетокот не можев да сфатам ништо. Луѓето паѓаа леви и десно околу мене. Жената пред мене се свитка и падна избезумено притискајќи го стомакот со рацете. Крај нозете трепереше човек борејќи се со смртта.

Забележав дека се наоѓаме на челото на колоната. Половина милја од колоната беше исчезнала — каде и како, никогаш не дознав. До ден денешен не знам што се случи со таа половина милја народ — дали ја беше збришала некоја пеколна воена машина, или се распрсна, па ги уништија еден по еден, или пак побегна некаде. Но, ете, ние бевме на челото на колоната, наместо да сме некаде во средината, а порој распиштени куршуми збришуваше сѐ живо.

Штом смртта ја проретчи турканицата, Гартвејт, сѐ уште цврсто држејќи ме за рака, поведе толпа преживеани кон еден широк влез на некаква деловна зграда. Тука во задниот дел, на вратата од влезот, нѐ притискаше забревтана маса созданија. Извесно време останавме во таа положба без ништо да се измени.

„Ех, убаво направив,” ми се оплакуваше Гартвејт. „Паднавме право в стапица. Таму на улицата имавме барем некаква шанса, но тука ни нема спас. Не ни останува ништо друго освен да викаме, „Да живее револуцијата!”

А потоа започна она што тој и го очекуваше. Платениците убиваа без милост. Во почетокот огромниот бран луѓе што јурна наназад, просто нѐ здроби, но со продолжувањето на убивањата, притисокот попушти. Мртвите и полумртвите паѓаа и така правеа место. Гартвејт ми се приближи и почна на увото нешто да ми вика, но во онаа ужасна бучава не можев да разберам што ми вели. Тој не чекаше. Ме зграпчи, и ме турна наземи. Потоа довлечка една полумртва жена и ја префрли преку мене, и тој, стискајќи се и туркајќи се доползе до мене и така легна половина до мене, половина преку мене. Куп мртви и полумртви се трупаа преку нас, а преку овој куп, стенкајќи ползеа оние што сепак успеаја и да преживеат. Но наскоро и овие се смирија и завладеа полутишина, прекинувана од стенкање, лелекање и давенички извици.

Да не беше Гартвејт, сигурно ќе ме здробеа. Во онаа положба во која бев, беше просто несфатливо како можев да го издржам сиот оној товар и да останам жива. Па сепак, освен болка чувствував уште само љубопитство. Како ли ќе заврши сево ова? Како ќе изгледа смртта? Така го доживеав своето крваво крштевање во овој чикашки колеж. Дотогаш, смртта за мене беше само теорија, но оттогаш натаму тоа беше едноставен, неважен факт, зашто таа е толку лесна.

Но платениците не се задоволија со она што го сторија. Навалија на влезот убивајќи ги ранетите и барајќи ги неповредените кои како нас, се правеа дека се мртви. Се сеќавам на еден човек кого го беа извлекле од под еден куп и кој понизно молеше сѐ додека револверот не му ги прекина молбите. Потоа, имаше една жена која паѓаше од еден куп, 'ржејќи и пукајќи. Пред тие да ја убијат, таа испука шест куршуми, но не знаевме каква штета им нанесе. Сите овие трагедии можевме да ги следиме само по звукот. Вакви ненадејни сцени се одигруваа секој миг, а секоја сцена завршуваше со револверски пукотници. Во меѓувреме ги слушавме војниците кои зборуваа и пцуеја додека претураа по лешевите, а нивните претпоставени ги тераа да побрзаат.

На крајот, дојдоа да работат и на нашиот куп, и додека ги извлекуваа мртвите и ранетите, почувствувавме како притисокот попушта, Гартвејт почна гласно да ја кажува јавката. Во почетокот не го чуја. Потоа го повиши гласот.

„Слушајте,” рече еден војник. А потоа, остриот глас на еден офицер, „Стојте! Внимавајте каде газите!”

О, кога само ќе се сетам на оној прв здив свеж воздух кога нѐ извлекоа! Прво почна да зборува Гартвејт, а јас бев принудена да се подложам на кратко испитување за да докажам дека ѝ служам на Железната петица.

„Во ред, агенти-провокатори,” заклучи офицерот. Беше тоа младо, голобрадо момче, кадет, очигледно од некакво големо олигархиско семејство.

„Пеколно тешка е нашата работа,” мрмореше Гартвејт „Ќе се обидам да се повлечам и да стапам во војската. Кај вас е: нишај врата, земај плата.”

„Сте заслужиле да бидете преместени,” одговори младиот офицер. „Имам врски, па ќе видам ако можам да го средам тоа. Ќе им кажам како ве пронајдов.”

Го запиша бројот и името на Гартвејт и се сврте кон мене.

„А вие?”

„О, ќе се омажам”, одговорив ведро, „а потоа ќе го напуштам сето ова.”

И така ние разговаравме, а убивањето на ранетите продолжуваше. Сега кога ќе се сетам на сето тоа ми се чини како да беше тоа само сон, но тогаш, тоа беше нешто најприродно на светот. Гартвејт и младиот офицер се впуштија во жив разговор за разликата меѓу таканареченото современо војување и сегашните борби по улиците и облакодерите што се водеа по сиот град. Ги следев внимателно, уредувајќи си ја косата и подсобирајќи cи ги искинатите поли. И за сето тоа време убивањето на ранетите продолжуваше. Одвреме навреме револверските пукотници го заглушуваа разговорот меѓу Гартвејт и офицерот и тие беа принудени да го повторат она што го беа рекле.

Проживеав три дена од Чикашката комуна. Нејзиниот огромен обем и масовен колеж може да се замислат само ако кажам дека за сето тоа време јас практично не видов ништо друго освен убивањето на луѓето од бездната и оние вооружени борби меѓу облакодерите. Всушност не видов ништо од херојското дело на нашите другари. Ги чув експлозиите на мините и бомбите, го видов чадот на пожарите што ги предизвикуваа и тоа беше сѐ. Сепак, видов дел од една голема воздушна битка, а тоа беше нападот што го извршија нашите другари врз тврдините со балон. Тоа беше вториот ден. Трите бунтовнички полкови беа уништени до последниот човек. Тврдините беа преполни со платеници, дуваше поволен ветер и нашите балони се вивнаа во воздух од една од деловните згради во градот.

А Биденбах, откако го напушти скривалиштето во Глен Елен, пронајде најмоќен експлозив што го нарече „експедит”. Тоа оружје го користеа балоните. Тоа беа само некакви балони полнети со топол воздух, неспретно и набрзина направени, но сепак свршија работа. Сето тоа го набљудував од покривот на една деловна зграда. Првиот балон не успеа да ги погоди тврдините и исчезна некаде надвор од градот, но подоцна дознавме што се случи со него. Во него беа Бертон и О'Саливан; додека се спуштале, минувале токму преку пругата, над еден воз полн со војници што јурел за Чикаго. Сиот товар со експедит го спуштиле на локомотивата. Експлозијата до која дошло потоа ја онеспособило пругата три дена. А најинтересно од сѐ било тоа што откако балонот се ослободил од сиот товар, летнал како стрела во воздухот и се спуштил дури шест милји подалеку, а двата хероја успеале да се спасат и да останат неповредени.

Вториот балон не успеа. Одвај леташе. Леташе прениско и пред да може да стигне до тврдините сиот беше издупчен од куршуми. Во него беа Херфорд и Гинис, и беа разнесени во парчиња како и полето каде што паднаа. Биденбах беше разочаран — за сето ова чувме подоцна — и полета сам во третиот балон. Тој исто така леташе ниско, но имаше подобра среќа, зашто не успеаја посериозно да му го оштетат балонот. Како сега да ја гледам, од покривот на високата зграда, онаа надуена кеса како лета низ воздухот и она тровче човек што цврсто се држеше одоздола. Јас не можев да ја видам тврдината, но оние кои беа со мене на покривот велеа дека тој бил токму над неа. Не го видов ни експедитот кога го пресече јажето со кој тој беше врзан за балонот. Но видов како балонот одненадеж отскокна во небото. По извесно време, се крена огромен столб чад од експлозијата, а веднаш потоа го чув и нејзиниот трескот. Биденбах, кроткиот, уништи една тврдина. По него, во исто време, летнаа уште два балона. Но еден сиот се парчоса, зашто му експлодира експедитот, а од неговиот потрес беше уништен вториот балон, и тој падна точно над оној дел од тврдината што сѐ уште беше цел. Подобро и не можеше да се испланира, иако обајцата другари ги жртвуваа своите животи.

Но да се вратам на луѓето од бездната. Моето искуство се сведуваше на нив. Беснееја, колеа, уништуваа по сиот свој сопствен град, но и нив ги уништуваа; сепак, ниеднаш не успеаја да стигнат до градот на олигарсите на западната страна. Олигарсите добро се штитеа. Без оглед на тоа до кој степен беше уништен центарот на градот, на нивните жени и деца им беше судено да избегнат секаква повреда. Ми раскажуваа дека нивните деца за време на оние страшни денови си играле по парковите и дека нивна сакана игра била да ги имитираат постарите — да го газат пролетаријатот.

Но платениците сфатија дека не беше лесна работа да се совлада народот од бездната, а истовремено да се борат со нашите другари. Чикаго беше верен на својата традиција и, иако беше збришана цела една генерација револуционери, таа повлече со себе и цела една генерација непријатели. Се разбира, Железната петица ги држеше во тајност бројките, но според умерените проценки беа убиени најмалку сто и триесет илјади платеници.

Нашите другари немаа никакви изгледи. Наместо да се здружат во бунтот со другарите од сета земја, тие беа препуштени сами на себе па олигархијата во случај на потреба можеше да ја впери сета своја сила против нив. Па така беше и сега: во Чикаго беа уфрлувани, секој час, секој ден, стотици илјади платеници. Со бескрајни композиции возови.

А луѓето од бездната ги имаше толку многу! Изморени од колежот, војниците почнаа со масовни преселби чија цел беше уличните толпи да се отераат како добиток во езерото Мичиген. На почетокот на овие преселби Гартвејт и јас го сретнавме младиот офицер. Меѓутоа, овие масовни преселби беа осудени на неуспех благодарејќи на извонредното залагање на нашите другари. Платениците се надеваа дa соберат огромна војска народ, но наместо тоа успеаја да отераат во езерото не повеќе од четириесет илјади несреќници. Честопати, кога платениците ќе собереа цела една улична толпа и ќе ја потераа кон езерото, нашите другари, организирајќи диверзантски акции, успеваа да створат дупка во мрежата што ја окружуваше толпата низ која потоа тие бегаа.

Гартвејт и јас, набргу по средбата со младиот офицер, видовме пример на една таква акција. Силни одреди војска ја спречуваа толпата, чиј дел бевме и ние, а која беше натерана на повлекување, да побегне кон југ и кон исток. Трупите на кои наидовме ние го вардеа излезот на запад. Единствено можеше да се избега на север, и толпата појде кон север, следена од исток, од југ и од запад од митралески оган на автоматски пушки. Дали таа претчувствуваше дека ја водат кон езерото, или пак тоа беше само слепо придвижување и извивање на чудовиштето, не знам, но, во секој случај, толпата пo еден сокак на запад, сврте во следната уличка и повторно изби на главната улица што водеше кон југ накај големото работничко маало. Во тоа време Гартвејт и јас се обидувавме да се пробиеме на запад и да излеземе од територијата на уличните борби, но бевме повторно фатени токму кога борбите беа најжестоки. Кога стасавме до аголот, видовме како разриканата толпа брзо ни се приближува. Гартвејт ме зграпчи за рака и тукушто се спремавме да бегаме, тој ме повлече од пред тркалата на шест воени автомобили што јуреа кон местото на нередите опремени со митралези. Зад нив одеа војници со автоматски пушки. Додека заземаа позиција, толпата ги беше стасала и се чинеше дека ќе ги собори пред тие да можат да стапат во акција.

Овде-онде понекој војник ќе пукнеше, но ваквото поодделно пукање немаше никаков ефект во спречувањето на толпата. Таа напредуваше рикајќи бесно како ѕвер. Се чинеше како митралезите да не можеа да отпочнат со стрелба, автомобилите на кои беа тие монтирани ја затвораа улицата, така што војниците беа принудени да заземаат позиција или во автомобилите, или меѓу нив, или на тротоарите. Пристигнуваа сѐ повеќе војници и во тој метеж ни беше речиси неможно да побегнеме. Гартвејт ме држеше за рака и цврсто припиени стоевме покрај една зграда.

Кога митралезите отворија оган, толпата не беше подалеку од шест-седум метри. Пред тој пламенен сноп што сееше смрт ништо не можеше да остане живо. Толпата надоаѓаше, но напред не можеше. Се претвораше во купишта, во брегови, во огромни и сѐ повисоки бранови на мртви и полумртви. Оние одзади се туркаа напред, и колоната од едниот до другиот тротоар постојано се стеснуваше. Тој огромен и страшен бран исфрлаше ранети, мажи и жени, кои потоа, превиткувајќи се, паѓаа ничкум сѐ додека не паднеа под тркалата на автомобилите или додека не удреа во нозете на војниците. Војниците со бајонети ги прободуваа овие несреќници кои се бореа очајнички, а еден видов како се исправи на нозе и летна накај еден војник, зграпчувајќи го со забите за врат. Обајцата, војникот и робот, ги понесе крвавиот бран.

Огнот престана. Работата беше свршена. Толпата беше запрена во нејзиниот див обид да се пробие. Се издаваа наредби да се исчистат тркалата на воените автомобили. Не можеа да тргнат преку тој бран мртви, а замислата беше да се одвлечат во споредната улица. Тукушто ги извлекуваа војниците мртвите од под тркалата, кога се случи тоа. Дури потоа дознавме како. Еден блок подолу, во една зграда, се наоѓаа сто наши другари. Тие се пробиваа преку покривите и низ зградите додека не се најдоа точно над густо збиените војници. И тогаш отпочна противколежот.

Без никакво предупредување, од покривот на зградата се истури порој бомби. Автомобилите заедно со војниците во нив еден по еден експлодираа и се разлетуваа во парчиња. Ние, со оние кои успеаја да преживеат, почнавме лудо повлекување. Половина блок подолу, од една друга зграда, се отвори оган врз нас. И како што пред тоа војниците ги препокриваа улиците со мртви робови, така и тие самите сега образуваа килим од мртви. Гартвејт и јас повторно имавме луда среќа. Како и пред тоа, и сега побаравме засолниште во еден влез. Но овојпат тој не дозволи да го фатат на спиење. Кога стивна трескотот на бомбите, тој ѕирна надвор.

„Толпата се враќа,” ми викна. „Мораме да побегнеме одовде!”

Побегнавме, држејќи се за раце, трчајќи по крвавиот тротоар, лизгајќи се и паѓајќи, додека не стасавме до аголот. Одоздола, низ сокакот видовме војници кои сѐ уште бегаа. Ништо не им се случуваше. Патот беше чист. Така запревме и погледнавме наназад. Толпата полека напредуваше. Сега беше зафатена со наоружувањето со пушки што им ги одземаше на убиените и со убивањето на ранетите. Видовме како заврши и младиот офицер кој нѐ спаси. Со мака се поткрена на лактот и почна да пука со својот автоматски пиштол.

„Ми пропадна шансата да ме унапредат”, се насмеа Гартвејт, кога една жена, мавтајќи со касапски сатар, јурна на ранетиот човек. „Да одиме, ова е погрешниот правец. Но ќе се извлечеме некако.”

И потрчавме кон исток, низ тивките улици, подготвени на сѐ што би можело да ни се случи во секој сокак. Некаде на југ, чудовишен пожар го беше зафатило небото, и знаевме дека гори големото работничко маало. На крајот паднав на тротоарот. Бев исцрпена и не можев понатаму, модрини имав по сето тело, и ме болеше и ме вртеше секој зглоб; сепак, не можев а да не се насмеам кога Гартвејт виткајќи цигара, рече: „Знам дека сосема се збркав спасувајќи ве, но, верувајте ми, на оваа ситуација не можев да ѝ фатам ниту глава, ниту опашка. Сѐ е мешаница. Секогаш кога ќе се обидеме да побегнеме, нешто ќе се случи и ние сме повторно на старото место. Сега се наоѓаме само неколку блокови од оној влез каде што ве спасив. Сега се измешани и пријатели и непријатели. Владее сеопшт хаос. Човек не знае кој е во оние ѓаволски згради. Ако се обидеш да дознаеш, на глава ќе ти падне бомба. Обиди се мирно да си одиш по својот пат и тогаш ќе налеташ на толпа и ќе те отепаат митралези, или ќе налеташ на платеници, па ќе те отепаат твоите сопствени другари, од некој покрив. А како капак на сѐ, на тебе навалува сета толпа и те дотепува.”

Тажно заврте со главата, ја запали цигарата и седна покрај мене.

„Толку сум гладен,” додаде, „што би можел да јадам и камења.”

Следниот момент стана повторно и излезе на улицата насекаде барајќи камен. Се врати со еден во рацете и со него го скрши прозорецот на еден дуќан зад нас.

„Ова е приземјето и нема многу полза од него,” ми објасни додека ми помагаше да се проврам низ скршениот прозорец, „но ништо подобро не можеме да сториме. Вие дремнете, а јас ќе извидам наоколу. Ова спасување ќе гo завршам успешно, но ми треба време, време, многу време — а и нешто да каснам.”

Дуќанот во кој се најдовме беше сарачки па од ќебињата со кои се препокриваат коњите, ми приготви постела во приватната канцеларија, некаде доста длабоко во дуќанот. На сета мака, ми се појави и главоболка од која главата речиси ми пукаше, па единствено што пожелував беше да ги затворам очите и да се обидам да спијам.

„Ќе се вратам,” ми рече пред поаѓање. „Не се надевам дека ќе дојдам со автомобил, но сигурно ќе донесам храна како знам и умеам.”

И оттогаш Гартвејт не го видов три години. Наместо да се врати, го однесоа во болница со еден куршум во белите дробови, а друг во месестиот дел на вратот.