Карл Маркс
Теории за вишокот на вредноста

[Глава XXI] Опозицијата на економистите (втемелена врз Рикардовата теорија)


Напишано: 1868
Извор: Маркс-Енгелс „Дела“, том 26, „Теорије о вишку вредности“, четврти том „Капитала“, III део, Глава XIX - XXIV, стр. 184-199, Београд, 1972.
Превод: Лазар Гогов, од српско-хрватски јазик.
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: јуни 2011


...

1. The source and Remedy of the National Difficulties etc. A letter to Lord John Russell, London 1821 (анонимно)

[а) Гледање на профитот, рентата и каматата како на вишок труд од работникот. Взаемен однос меѓу акумулацијата на капиталот и таканаречениот „фонд на трудот“]

Овој едвај познат памфлет (од отприлика 40 страници) се појавил во време кога „оној неверојатен смотко“ Мекалох почна да крева врева околу себе. Тоа значеше битен чекор напред од Рикардо. Писателот директно го означува вишок на вредноста или „профитот“, како што Рикардо го нарекува (често и „вишок производи“), или „камата“, „интерес“, како што го нарекува писателот на овој спис, како „вишок на труд“, труд кој работникот го извршува бесплатно, кој тој го извршува преку количеството труд со која компензира вредноста на неговата работна сила, или произведува еквивалент за својата наемнина. Колку било важно вредноста да се сведе на труд, исто толку е важно вишокот на вредноста, кој се претставува како вишок производ, да се претстави како вишок на труд. Адам Смит всушност тоа и го кажал, а кај Рикардо тоа е главен момент во неговото излагање. Но, тој никаде не го искажал и фиксирал тоа во апсолутен облик.

Ако кај Рикардо итн. постои сам интерес да се сфатат односите на капиталистичкото производство и да се истакнат како апсолутни облици на производство, овој памфлет и останатите списи кои ќе ги наведеме под оваа категорија, се фаќаат за разоткривање на таинственоста на капиталистичкото производство да би се бореле против него од аспект на индустрискиот пролетаријат.

Во памфлетот се вели:

„Било колкав дел да може да му припадне на капиталистот“ (од аспект на капиталот), „тој може да го присвои само вишокот труд на работникот, бидејќи работникот мора да живее“ (Исто, стр. 23)

Додуша, овие животни услови, минимум од кои работникот може да живее, па поради тоа и количеството вишок труд кој може да се исцеди од него, се релативни.

„Ако вредноста на капиталот не паѓа во онаа мера во која се зголемува неговата маса, капиталистот од работникот ќе бара производ од секој работен час преку оној од којшто работникот може да живее. И било колку тоа да изгледа одвратно и страшно, капиталистите на крај се во состојба да шпекулираат со животните средства чие производство чини најмалку труд и на крај да му кажат на работникот: ти не треба да јадеш леб, бидејќи јачмената каша е поевтина; ти не треба да јадеш месо, бидејќи може да се живее од репа и компир. А ние веќе и дотука дојдовме.“ (Исто, стр. 23/24)

„Ако работникот би можел да се доведе до таму да живее од компир наместо од леб, тогаш, во тоа никој не треба да се сомнева, би можело од него да се бара повеќе негов труд; тоа значи, ако тој, додека се хранел со леб, бил присилен за издржување на себе и своето семејство да ги потроши понеделникот и вторникот, тој, ако живеел од компир, ќе го добие само половина понеделник, а целата друга половина од понеделникот и целиот вторник ќе бидат на располагање за работа за државата или капиталистот.“ (Исто, стр. 26)

Тука профитот итн. директно се сведува на присвојување на работното време за кое работникот не добива никаков еквивалент.

„Се признава дека каматата платена на капиталистите, било таа да има природа на рента, камата од пари или претприемачка добивка таа се плаќа со работа на други.“ (Исто, стр. 23)

Значи рентата, каматата од пари, индустрискиот профит, само се разни облици на „камата од капиталот“, која пак се сведува на „вишок труд на работникот“. Овој вишок на труд се претставува во вишок производ. Капиталистот е поседувач на вишокот на труд  или вишокот производ. Вишокот производ е капитал.

„Да претпоставиме... дека нема никаков вишок труд, значи ништо што би можело да биде акумулирано како капитал.“ (Исто, стр. 4)

А веднаш потоа тој вели

„поседувачот на вишок труд или капитал.“ (Исто.)

Во сосема друга смисла отколку плачливите рикардовци писателот вели:

„Природна и нужна последица на зголемување на капиталот е смалување на неговата вредност.“ (Исто, стр. 21/22)

Во поглед на Рикардо, тој вели:

„Зошто тој се труди да ни покаже дека акумулацијата на капиталот нема да го смали профитот, бидејќи само зголемувањето на наемнината е во состојба да го смали профитот, кога се покажува дека наемнината поради променетиот однос меѓу капиталот и трудот расте штом населението не се множи во иста мерка како и капиталот. И ако населението се зголемува, наемнината расте поради зголемените тешкотии околу производството на животни средства“. (Исто, стр. 23)

Кога вредноста на капиталот, т.е. „каматата од капиталот“, значи вишокот на трудот со кој тој командува, кој тој го присвојува, не би се смалила ако масата капитал се зголемува, би дошло до натрупување камата на камата во геометриска прогресија, и како што таа пресметана во пари (види Ричард Прајс) би претпоставувала невозможна акумулација (стапка на акумулација) претворена во својот прав елемент, во труд, таа би го проголтала не само вишокот на труд, туку и потребниот труд како „припаден“ на капиталот. (На овие Прајсови фантазии ќе се вратам во одделот за доходот и неговите извори.)

 „Кога би било можно капиталот да се зголемува без престан и да се одржува вредноста на истиот, што би се покажало во непроменетата камата од пари, тогаш каматите би се плаќале за капиталот наскоро ќе го надминат вкупниот производ на трудот... капиталот има тенденција да се зголемува во прогресија поголема од аритметичка. Се допушта каматата платена на капиталистите било во вид на рента, камата од пари или претприемачка добивка, да се плаќа со туѓа работа. Во понатамошниот тек на акумулирање на капиталот мора поради тоа трудот кој се дава за користење на капиталот да биде сè поголем ако каматата платена за капитал остане иста, додека капиталистите не го привлечат кон себе вкупниот труд на сите работници во општеството. Но, до тоа не може да дојде. Бидејќи било колку да може да му припадне на капиталистот, тој може да го добие само вишокот труд на работникот, бидејќи работникот мора да живее.“ (Исто, стр. 23.)

Но, како се смалува „вредноста на капиталот“, тоа на него не му е јасно. Тој само вели: кај Рикардо тоа настапува така што наемнината расте ако капиталот се акумулира побрзо отколку што населението се множи; или вредноста на наемнината (не нејзиното количество во употребни вредности) да расте ако населението побргу се множи отколку што капиталот се акумулира (или, пак, само ако тоа едновремено се зголемува) поради сè поголемата неплодност на земјоделието. Но, како тоа го објаснува анонимниот писател? Ова последното тој не може да го претпостави, наемнината тој сè повеќе ја смалува на можниот минимум. Така преостанува само можност, вели тој, „каматата на капиталот“ да опаѓа поради тоа што дел од капиталот кој се разменува за жив труд релативно опаѓа, иако работникот бидува сè повеќе или исто толку експлоатиран.

На секој начин писателот е заслужен веќе затоа што бесмисленоста на геометрискиот пораст на каматата го редуцирал на неговата права смисла, т.е. на бесмисла.*

Инаку постојат два начини на коишто порастот на вишокот на вредноста или вишокот на трудот - според анонимниот писател - може да се спречи капиталот да биде принуден сè поголемиот дел од својот грабеж пак да го препушти на работниците.

Првиот начин е претворување на вишокот на производи во постојан капитал, со што се спречува фондот за плати - или делот од производите кои ги троши работникот - нужно растат со акумулацијата на капиталот.

Другиот начин е надворешната трговија, која овозможува на капиталистот вишокот производи да го размени за странски луксузни артикли и така сам да го потроши. Поради тоа, оној дел од производот кој се состои од потребни животни средства може максимално да порасне а да не мора да им се врати на работниците во вид на наемнина, во некоја пропорција според неговиот пораст.

Треба да се забележи дека првиот начин, којшто делува само периодично а потоа своето дејство го парализира (барем доколку постојаниот капитал постои во машинерија итн. која влегува во производството на животни средства), условува претворање на вишокот на производи во капитал, додека другиот начин условува потрошувачка на сè поголемиот дел вишок производ од страна на капиталистот, нивна растечка потрошувачка - а не условува повторно претворање на вишокот производи во капитал. Кога истиот вишок производи би останал во вид во којшто непосредно постои, поголемиот дел би морал да се размени како променлив капитал со работниците. Последица на тоа би било пораст на наемнината или смалување на апсолутниот или релативниот вишок на вредноста. Тука е вистинската тајна на Малтусовата нужност за растечка потрошувачка од страна на „богатите“ овој дел од производот кој се разменува за труд да би се претворил во капитал, имал висока вредност, носел голем профит, апсорбирал многу висок вишок труд. Само што кај него индустриските капиталисти не трошат сами, туку за оваа своја функција се одредените земјопоседници, синекуристи (луѓе кои примаат големи плати од државата а не работат ништо) итн., бидејќи нагонот за акумулација и нагонот за трошење, ако се споени во едно лице, можат меѓусебно да се изигруваат. Тука доаѓа до израз и она погрешното во Бартоновото, Рикардовото итн. сфаќање. Наемнината не се одредува со делот од масата на вкупниот производ кој се троши како променлив капитал или може во таков да се претвори, туку со делот на онаа маса која во него се претвора. Еден дел може да се потроши и во неговата натурална состојба од страна на лакеите и паразитите на капиталистот, а другиот по пат на надворешна трговија итн. како луксузен производ.

Нашиот памфлетист сепак ги превидел овие две работи:

Со воведувањето на машинерија постојано се исфрлаат од работа маса работници и со тоа се создава вишок население; вишокот производи, значи, наоѓа нова работна сила, за која може да се размени, а населението да не се зголемило и да не е потребно да се продолжи апсолутното работно време. Ако порано биле вработени да кажеме 500 работници, сега се вработени 300 кои даваат релативно поголемо количество вишок труд. Двете стотини можат да го ангажираат вишокот на производи штом овој достигне доволна висина. Еден дел од стариот променлив капитал се претвора во постојан, другиот вработува помалку работници, но сразмерно извлекува од нив според нивниот број поголемо количество вишок вредност а посебно и поголемо количество вишок производи. Другите двеста се материја создадена за капитализирање на новиот вишок производи.

Претворување на потребните животни средства во луксузни средства по пат на надворешна трговија, како што го сфаќа написот, само по себе е важно:

1. затоа што тоа прави крај на апсурдноста наемнината да зависи од масата произведени потребни животни средства - како тие животни средства треба да бидат потрошени од страна на производителот или самиот произведувачки народ en masse во овој облик, значи би морале да бидат повторно претворени во променлив капитал, или „циркулирачки капитал“, како што тоа го велат Бартон и Рикардо;

2. затоа што со тоа се одредува целиот општествен облик на заостанатите нации, на пример, робовладетелските држави во американските држави (види Кернс[1]) или Полска итн. (што го сфатил уште стариот Буш - ако и тоа не го украл од Стјуарт), кои се поврзани со светскиот пазар базиран на капиталистичко производство. Било колкав да е вишокот на производи кој таквите нации го извлекуваат од вишокот труд на своите робови во проста форма, како памук или жито, тие можат да останат при овој прост, недиференциран труд, бидејќи по пат на надворешната трговија се оспособуваат затоа овој прост производ да „претворат“ во употребна вредност во било која форма.

Тврдењето дека од големината на „циркулирачкиот капитал“ зависи делот од годишниот производ кој мора да се потроши како наемнина, би било на исто ниво со тврдењето дека голем дел производи постојат во „зградите“, ако се градат работнички станови во голема маса сразмерно на работничкото население, затоа работниците да мораат добро и евтино да стануваат, бидејќи понудата на станови расте побрзо од побарувачката за истите.

Напротив, точно е ова: Ако вишокот на производи е голем и голем дел од тоа треба да се употреби како капитал, тогаш (под претпоставка дека оваа големина на вишок производи не е произведена по пат на исфрлање маса работници на улица) побарувачката за труд мора да расте, а поради тоа и вишокот производи кој се разменува како наемнина. Не е апсолутната големина на вишокот производи (било во која форма да постои, па и во форма на потребни животни средства) безусловно таа која принудува тој да биде потрошен како променлив капитал и поради тоа наемнината да биде зголемена. Туку страста за капитализирање бара голем дел од вишокот производи да се потроши како променлив капитал и наемнината поради тоа со акумулацијата на капиталот би се зголемувала кога машинеријата не би создавала постојано вишок население и кога не би се (посебно потпомогнат со надворешната трговија) се‘ поголем дел од капиталот се разменува за капитал, а не за труд. Делот од вишокот на производи кои веќе непосредно се произведува во форма која може да служи само како капитал, и овој негов дел кој по пат на размена со странство ја добива оваа форма, расте побрзо од делот кој мора да се размени за непосреден труд.

Фразата дека наемнината зависи од постоечкиот капитал, па брзата акумулација на капиталот поради тоа е единствено средство за зголемување на наемнината, излегува на ова:

Од една страна на тавтологија, ако го отфрлиме обликот во кој средствата за производство се капитал. Од производственоста на трудот кој го даваат одреден број работници зависи со која брзина овој број може да се зголемува без влошување на нивните животни услови. Доколку повеќе суровини, средства за работа и животни средства тие произведуваат, дотолку повеќе средства ќе имаат не само за одгледување на своите деца додека тие не можат сами да работат туку да остварат и работење на генерацијата која пристигнува, и така порастот на населението да се идентификува со порастот на производството, дури производството да го развиваат во поголем степен од порастот на населението, бидејќи со порастот на населението се зголемува вештината на работникот, расте и поделбата на трудот, расте можноста за примена на машинерија, расте постојаниот капитал, накратко: расте производноста на трудот.

Ако порастот на населението зависи од производноста на трудот, производноста на трудот зависи од порастот на населението. Тука постои взаемно дејство. Но, капиталистички кажано, тоа значи дека животните средства на работното население зависат од производноста на капиталот, зависат од тоа што поголем дел од нивниот производ да истапи кон работниците како команда над нивниот труд. Рикардо ја искажува оваа работа точно - мислам тавтологија - кога наемнината ја прави зависна од производноста на капиталот, а ова, пак, од производноста на трудот.

Дека трудот зависи од порастот на капиталот, не значи ништо друго туку, од една страна, тавтологија дека прирастот на животните средства и средствата за вработување на некое население зависат од производноста на неговиот сопствен труд, и второ, капиталистички кажано, дека тоа зависи од тоа што неговиот сопствен производ истапува кон него како туѓа сопственост, а неговата сопствена производственост, поради тоа, како производственост на предметите кои тој ги создава.

Практично тоа значи дека работникот мора да присвојува што помал дел од својот производ, да би му се спротивставил што поголем дел од неговиот производ како капитал; тој мора да му препушти на капиталистот што повеќе бесплатно така што неговите средства би биле поголеми, да би му со она што му е бесплатно го откупи повторно неговиот дел. Во овој случај, може да се дојде до тоа ако за капиталистот тој работел бесплатно многу долго, тој него сега, во размена на ова бесплатно добиено, го пушта нешто помалку да работи бесплатно. Меѓутоа, бидејќи овој резултат го спречува поточно она што се цели, што побрза акумулација на капиталот, работникот мора да живее во такви прилики да би ова смалување на неговиот бесплатен труд пак би се укинало со зголемување на работното население - било релативно, со помош на машинерија, или апсолутно, со порано женење. (Тоа е тој ист однос кој рикардовците го исмејуваат кога малтузијанците го проповедаат меѓу сопствениците и капиталистите.) Работниците мораат што поголем дел од својот производ да препуштаат бесплатно на капиталот за да во поповолни условни со нов труд би го откупиле оној дел од производи којшто бесплатно му го препуштиле. Меѓутоа, бидејќи овој поповолен пресврт воедно го укинува условот за поволен пресврт, тој може да биде само минлив и мора пак да се пресврти во своја сопствена спротивност.

3.  Што важи за претворување на потребните животни средства во луксузни средства по пат на надворешна трговија, важи воопшто за луксузното производство, за чија неограничена различност и распространетост, меѓутоа, надворешната трговија е услов. Работниците вработени во луксузно производство произведуваат, додуша, капитал за својот работодавач, но нивниот производ не може пак да се претвори во натура на капитал, ни во постојан ни во променлив.

Ако го апстрахираме делот од луксузниот производ кој се испраќа во странство таму да би се разменил за потребни животни средства, кои во целост или делумно влегуваат во променливиот капитал, тогаш тие претставуваат чисто случаен вишок на труд, и тоа вишок на труд веднаш во самиот тој облик на вишок на производи кои богатите ги трошат како доход. Тие додуша не претставуваат само вишок на труд на работникот кој ги произведува. Овие, дури, работат во просек исто толку вишок труд како и работниците во другите индустриски гранки. Но, како што третината на производите во коишто е содржан третината на вишок труд може да се сметаат како отелотворување на тој вишок на труд, а другите две третини како репродукција на пласираниот капитал, така и вишокот на трудот на производителот на потребните животни средства кои ја сочинуваат наемнината за производителот на луксузни средства, може да се претстави како потребен труд на целокупната работничка класа. Нивниот вишок на труд се претставува: 1. во делот на потребни животни средства кои ги трошат капиталистите и нивните послуги; 2. во збирот на луксузни средства. Во однос на поединечниот капиталист или поединечната индустриска гранка тоа се претставува поинаку. За него делот на луксузни средства кои ги произвел се само еквивалент за пласираниот капитал.

Ако преголем дел од вишокот на труд се претставува непосредно во вид на луксузни средства, очигледно мора да дојде до застој во акумулацијата и проширената репродукција затоа што премал дел повторно ќе се претвори во капитал. Ако тој премал дел така се прикаже, тогаш акумулацијата на капиталот (т.е. делот од вишокот производи кои можат во натура да служат пак како капитал) се развива побргу од прирастот на населението и профитната стапка би паѓала, освен во случај да постои надворешен пазар за потребни животни средства.

[б) За размената меѓу капиталот и доходот при простата и проширената репродукција]

При размената меѓу капиталот и доходот ја разгледував и наемнината како доход и воопшто го разгледував само односот на постојаниот капитал кон доходот. Околноста што доходот на работникот воедно се појавува и како променлив капитал е важна само дотолку што при акумулацијата - новото создавање на капитал - вишокот на капиталистот кој постои во животни средства кои тој ги произведува може непосредно да се размени за вишокот кој постои во суровини и средства за труд на капиталистот кој произведува постојан капитал. Тука еден облик на доход се разменува за друг и кога размената е извршена, се претвора доходот на А-та во постојан капитал на Б-то, а доходот на Б-то во променлив капитал на А-то.

При разгледувањето на оваа циркулација на репродукцијата и начинот на кој капиталистите го надополнуваат капиталот еден кон друг, треба во самиот почеток да се апстрахира од надворешната трговија.

Потоа треба да се разликуваат две појави:

1. Репродукција во дадениот размер на производство;

2. Репродукција во проширен размер на производство или акумулација; претворување на доходот во капитал.

Објаснување на 1.

Јас покажав:

Производителите на животни средства мора да го надополнат 1. својот постојан капитал, 2. својот променлив капитал. Делот од вредноста на нивниот производ кој претставува вишок преку овие два дела го сочинува вишокот на производи, материјалната егзистенција на вишокот на вредноста, кои пак од своја страна е само претставник на вишокот на труд.

Променлив капитал - делот од нивниот производ кој го претставува - ја сочинува наемнината, доходот на работникот. Овој дел постои тука веќе во натурална форма, во којшто повторно служи како променлив капитал. Со овој дел, еквивалент, којшто работникот го репродуцирал, повторно се купува неговиот труд. Тоа е размена меѓу капиталот и непосредниот труд. Работникот го прима овој дел во пари со којшто го откупува својот сопствен производ или другите производи од иста категорија. Тоа е размена на разни составни делови на променливиот капитал еден со друг, бидејќи работникот ја примил во пари уплатницата на својата сума. Тоа е размена на едниот дел на новододадениот труд за други делови во рамките на иста категорија. (Животни средства.)

Делот на вишокот производи (новододаден труд) кои капиталистите (кои произведуваат животни средства) сами ги трошат, ги трошат или во натура или во размена на една врста вишок производ кој постои во форма прикладна за потрошувачка за други видови од тие производи. Тоа е размена на доход за доход, а и двата се сведуваат на новододаден труд.

При претходната трансакција поточно не може да се зборува за размена на доходот и капиталот. Капиталот (средствата за живејачка) се разменуваат за труд (работна сила). Тука, значи, не се разменува доход и капитал. Навистина, работникот ја потрошува наемнината штом ја прими. Но, тој не го разменува за капитал својот доход, туку својот труд.

Третиот дел производи на производителот на животни средства кои претставуваат постојан капитал, се разменуваат за дел од производите на производителите кои произведуваат постојан капитал. Имено, за делот кој претставува новододаден труд. А, овој постои во еквивалент за наемнината (значи во променлив капитал) и вишок производи, вишок вредност, доход на капиталистот кој постои во вид кој може да се троши само индустриски, а не индивидуално. Тоа е, значи, од една страна размена на променливиот капитал од овие производители за дел од животни средства кои претставуваат постојан капитал на производителите на животни средства. Всушност, дел на нивниот производ кој претставува променлив капитал, но постои во форма на постојан капитал, се разменува за делот на производи на фабрикантите на животни средства кои претставуваат постојан капитал, но постојат во облик на променлив капитал. Тука се разменува новододаден труд за постојан капитал.

Од друга страна, делот од производи кои претставуваат вишок производ, но постојат во форма на постојан капитал, се разменуваат за дел животни средства кои за неговиот производител претставуваат постојан капитал. Тука се разменува доход за капитал. Доходот на капиталистот кој произведува постојан капитал се разменува за животни средства и го надополнува постојаниот капитал на капиталистите кои произведуваат животни средства.

Најпосле, делот на производи на капиталистите кои произведуваат постојан капитал кој самиот претставува постојан капитал, се надополнува со дел во натура, дел по пат на натурална размена (парично покриени) меѓу производителите на постојан капитал.

Сето тоа важи под претпоставка дека размерот на репродукција е еднаков со претходниот размер на производство.

Ако сега се запрашаме кој дел од вкупниот годишен производ го претставува новододадениот труд, сметката ќе биде многу едноставна:

А. Артикли за лична потрошувачка. Овие производи се делат на три дела. Прво, на доход на капиталистот, вишок на труд додаден во текот на годината.

Второ, на наемнина, променлив капитал еднаков на новододадениот труд со кој работниците ја репродуцирале својата наемнина.

Најпосле, на трет дел - суровини, машинерија итн. Ова е постојан капитал, дел од вредноста на производи којшто е самоодржан, не е произведен. Значи, не е нов труд додаден во текот на годината.

Ако постојаниот капитал на оваа категорија го означиме со р', променливиот со рr' и вишокот на производи со r', тогаш оваа категорија се состои од р' и рr' + r':

р' е самоодржана вредност, а не новододаден труд (овој претставува еден дел од производството); напротив, рr' + r' е додаден труд во текот на годината.

Вкупниот производ категорија А или неговата вредност Ра претставува, значи, новододаден труд, по одбивањето на р'.

Значи, производот од категоријата А: Ра - р' = во текот на годината додаден труд.

Б. Артикли за индустриска потрошувачка.
р" + r" и тука претставуваат новододаден труд. Напротив, не претставува р", постојан капитал кој функционира во оваа сфера. 

Но, р" + r" = р‘, за кои се разменуваат. р‘ се претвора во променлив капитал и доход за Б. Од друга страна, рr" и r" се претвораат во р‘, во постојан капитал на А-то.

Производот од категоријата Б, т.е. Рб - р‘‘ е еднаков со новододадениот труд во текот на годината.

Но, Рб  - р‘‘ = р‘; бидејќи целиот производ од Рб по одбивањето на р‘‘, од постојаниот капитал употребен во оваа категорија, се разменува за р‘. 

Бидејќи рr" + r" се разменуваат за р‘, работата може да се претстави вака:

Ра се состои само од новододаден труд, чиј производ се дели на профит и наемнина, на еквивалент за потребен труд и еквивалент за вишок труд. Бидејќи р" + r", што го надополнува р‘, е еднаков на новододадениот труд во категоријата Б.

Според тоа, целиот производ Ра како неговиот вишок производ така и неговиот променлив капитал и неговиот постојан капитал, се состојат од производи на новододадениот труд во текот на годината.

Напротив, Рб може да се разгледува така да не претставува никаков дел од новододадениот труд, туку само одржување на поранешниот труд,. Бидејќи, неговиот дел р‘‘ не претставува никаков новододаден труд. Како ни неговиот дел р‘, кој се разменил за рr" + r" и кои во А-то го претставуваше пласираниот постојан капитал, а не новододаден труд. 

Целиот дел од годишниот производ кој како променлив капитал го сочинува доходот на работникот, а како вишок производи фондот на потрошувачка на капиталистот, се разложува, значи, на новододаден труд, додека сиот останат производ, кој претставува постојан капитал се разложува на одржан поранешен труд и се надополнува самиот постојан капитал.

Како што е точно да се каже дека целиот годишен производ кој се троши како доход, т.е. како наемнина и профит (со гранките на профит, рента, камата итн.; исто така со наемнината на непроизводствените работници), се разложува на новододаден труд, така е погрешно да се каже дека целиот годишен производ се разложува на доход, наемнина и профит, па поради тоа на чисти учества во новододадениот труд. Тој делумно се разложува на постојан капитал, кој според вредноста не претставува новододаден труд, а според употребата не влегува ни во наемнина ни во профит. Тој претставува во права смисла акумулиран труд (според својата вредност), а според својата употребна вредност употреба на овој порано акумулиран труд.

Од друга страна, исто така е точно дека трудот додаден во текот на годината не е потполно претставен во делот на производи кои се разложуваат на наемнина и профит. Бидејќи, со оваа наемнина и профит се купуваат услуги, значи труд кој не влегол во производот во којшто се претставени наемнината и профитот. Тоа се услуги, труд којшто се троши во трошење на производи кои не влегуваат во неговото непосредно производство.

Објаснување за 2.

Поинаку стои работата со акумулацијата, претворување на доходот во капитал, со проширената репродукција, доколку ова не настанува само поради тоа што стариот капитал што поефикасно се употреби. Тука целиот нов капитал се состои од новододаден труд, и тоа вишок на труд во вид на профит итн. Но, иако е точно дека тука сите елементи на новото производство се состојат или настануваат од новододадениот труд - дел од вишокот на трудот на работникот - погрешно како економистите го прикажуваат при своето претворување на капитал да се сведува само на променлив капитал или на наемнина. На пример, нека еден дел од вишокот производи на земјоделецот се разменуваат за дел од вишокот производи на фабрикантот на машини. Така е можно овој последниот да го претвори житото во променлив капитал, вработи повеќе работници, непосредно или посредно. Земјоделецот, напротив, претворил еден дел од својот вишок производ во постојан капитал, па можно е, поради ова претворање наместо да употреби нови работници, ги отпушти старите работници. Земјоделецот би можел да засее повеќе земја. Еден дел од житото тогаш не би се претворил во наемнина, туку во постојан капитал.

Само при оваа акумулација се покажува дека сè, како доходот така и променливиот и постојаниот капитал, се присвоен туѓ труд. И дека се како средства за производство со кои тој работи така и еквивалентот кој го добива тој за својата работа - труд на работникот кој капиталистот го добива без еквивалент.

Тоа се покажува веќе при првобитната акумулација. Да земеме дека сум заштедил 500 фунти од наемнина. Оваа сума всушност не претставува, значи, само акумулиран труд, туку за разлика од „акумулираниот труд“ на капиталистот, мој сопствен труд, кој јас сум го акумулирал и за себе акумулирал. Јас ја претворам оваа сума во капитал, купувам суровини итн. и вработувам работници. Профитот нека изнесува 20%. Значи, 100 фунти годишно. Ако не се акумулира постојано одново, туку се трошат 100 фунти, јас за пет години ќе го „изедам“ својот капитал во вид на доход. Во шестата година мојот капитал од 500 фунти претставува присвоен туѓ труд без еквивалент. Спротивно, секогаш да сум акумулирал повторно по половина профит, процесот на трошење на мојот првобитен капитал би бил побавен, бидејќи не би го „изел“, а присвојувањето на туѓиот труд би било побрзо.

Капитал

Профит

Потрошувачка

прва година

500

100

50

втора година

550

110

55

трета година

605

121

60

четврта година

665

133

66

петта година

731

146

73

шеста година

804

160

80

седма година

884

176

88

осма година

972

194

97

569

Во осмата година мојот капитал скоро е дуплиран, иако јас сум изел повеќе од половина од првобитниот капитал. Во капиталот од 972 нема ни повеќе денар платен труд или труд за кој сум дал еквивалент. Целиот свој првобитен капитал јас сум го потрошил во вид на доход, значи, сум добил за тоа еквивалент и тој еквивалент сум го потрошил. Новиот капитал се состои од присвоен туѓ труд. 

При разгледувањето на вишокот на вредност како таков, натуралната форма на производот, значи, вишокот производ, нема никаква важност. При разгледувањето на реалниот процес на репродукцијата тој станува важен, делумно да би се сфатиле самите негови форми, делумно поради влијанието кое производството на луксузните артикли итн. го врши врз репродукцијата. Тука имаме пак пример како употребната вредност како таква добива економска важност.

[в) Заслуги и заблуди на авторот на памфлетот.
За надворешната трговија. Слободното време како вистинско богатство]

А сега да се вратиме на нашиот памфлет: 

„Да претпоставиме дека целиот труд на некоја земја е точно доволен да произведе толку колку што е потребно за издржување на населението; во овој случај е јасно дека нема вишок на труд, нема, значи, ништо што би можело да се акумулира како капитал. Да претпоставиме дека вкупниот труд на некоја земја произведе за година дена да може да го издржува своето население две години, тогаш очигледно мораат или се средствата за потрошувачка да пропаднат за година дена или населението мора да престане година дена да произведува. Но, поседниците на вишокот производи или капитал нема да дозволат населението да безделничи година дена ниту да пропадне производот за година дена; тие ќе го ангажираат секого на работа којашто не е директно и непосредно производствена, на пример, со градење машини итн. Но, третата година целокупното население може пак да се врати на производствената работа и бидејќи изградената машинерија во претходната година сега стапува во дејство, јасно е дека во оваа година производот е поголем од производот во првата година, бидејќи сега треба на овој да се додаде и производот од машинеријата. Овој вишок производи, значи, е уште поголем отколку производот во првата година, и мора или да се расипе или да се употреби како и порано, а оваа употреба додава на општеството пак нови производствени сили, се‘ додека луѓето за некое време не ја запрат производствената работа, ако не сакаат производот на нивниот труд да пропаѓа. Оваа е опиплива консеквенција во наједноставната состојба на општеството.“ (Исто, стр. 4/5).

Побарувачката  од другите земји е ограничена не само со нашата способност да произведеме, туку и со нивната.“

Ова е одговор на Сеј, дека не произведуваме ние премногу туку дека другите произведуваат премалку. Нивната производствена моќ не е нужно еднаква со нашата.

„Ние можеме да правиме што сакаме, со текот на низа години целиот свет не може од нас да земе повеќе отколку што ние земаме од светот, така што целата наша надворешна трговија, околу која се крева толку голема врева, на нашето богатство не додала никогаш ниту еден шилинг ниту можела да додаде било кога. Бидејќи, за секоја ролна свила, секој сандак чај, секое буре вино што се увезени, извезено е нешто со еднаква вредност. Па, и самиот профит кој го остваруваат нашите трговци во надворешната трговија го плаќаат потрошувачите на добрата кои за тоа ги увезуваме.“ (Исто, стр. 17/18.)

„Надворешната трговија е чиста трампа за удобност и уживање на капиталистот. Тој нема сто тела и стотина нозе; тој не може во вид на облека и чорапи да го потроши сиот штоф и сите чорапи кои тука се произведуваат; поради тоа тие го разменуваат виното за свила. Но, ова вино и оваа свила претставуваат вишок на труд на нашето сопствено население исто така како и овој штоф и овие чорапи, и на тој начин се зголемува разорната моќ на капиталистот преку секоја мера; по пат на надворешната трговија на капиталистите постојано им појдува од рака да ја надмудрат природата, која на нивните барања и на нивните желби им спротивставува илјадници препреки: сега нема никаква граница ниту на нивната моќ ниту на нивните барања.“ (Исто, стр. 18.)

Се гледа: Овој памфлетист го прифаќа Рикардовото учење за надворешната трговија. Кај Рикардо тоа служи само како доказ на неговата теорија на вредноста или да покаже дека таа не противречи на неговото учење. Меѓутоа, тука е истакнато дека не само националниот труд туку дека и националниот вишок труд се овоплотуваат во резултатите од надворешната трговија.

Кога вишокот на трудот или вишокот на вредноста би се покажувал само во национален вишок производ, зголемувањето на вредноста поради вредноста, а затоа и цедењето вишок труд, би нашло граница во ограниченоста, во тесниот круг на употребни вредности во кои би се прикажувала вредноста на националниот труд. Но, дури надворешната трговија ја развива точната негова природа на вишокот на вредноста како вредност со тоа што трудот кој самиот тој го содржи е општествен труд кој се прикажува во бескрајната низа на разни употребни вредности и всушност му дава смисла на апстрактното богатство.

Бескрајната разновидност на потребите и стоковните врсти“ значи, и бескрајната разновидност на конкретни трудови кои ги произведуваат тие разни видови стоки „кои се бараат за подмирување на тие потреби ја чинат страста за богатење“ значи, и страста да се присвојува трудот на другите луѓе „бескрајна и ненаситна.“ (Wakefield во изданието на Адам Смит [Wealth of Nations], London 1836, t. I, p. 64, напомена.)

Меѓутоа, само надворешната трговија, развојот на пазарот во светски пазар, ги развива парите во светски пари и апстрактниот труд во општествен труд. Апстрактното богатство, вредност, пари - значи апстрактниот труд се развива во мерка во која конкретниот труд се развива во тоталитет на разни начини на работа кои ги опфаќа светскиот пазар. Капиталистичкото производство се темели на вредноста или на развој на трудот содржан во производот како општествен. Но, ова е можно само врз основа на надворешната трговија и светскиот пазар. Тоа е, значи, како претпоставка исто така и резултат на капиталистичкото производство.

Овој памфлет не е никаква теоретска расправа, туку само протест против разните лажни причини кои економистите им ги припишуваат на тогашните неволји и „тешка положба на нацијата“. Поради тоа, тука не треба да се бара ниту може да се бара сфаќањето на вишокот на вредноста како вишок труд да биде и општа критика на целокупниот систем на економски категории. Писателот стои повеќе на тлото на Рикардовата теорија и консеквентно ја искажува консеквенцијата која е содржана во самиот тој систем, и ја истакнува во интерес на работничката класа против капиталот.

Инаку, писателот се движи во границите на економските категории онакви какви што ги затекнува. Како што кај Рикардо бркањето на вишокот на вредноста и профитот го води во незгодни противречности, исто така и кај него кога вишокот на вредноста го нарекува камата на капитал.

Додуша, тој стои над Рикардо во тоа што, прво, сиот вишок на вредност го сведува на вишок труд, и второ, што нарекувајќи го вишокот на вредноста камата на капитал, воедно истакнува дека под камата на капитал подразбира општ облик на вишок на труд за разлика од неговите посебни облици, рента, парична камата и деловен профит:

Каматата која се плаќа на капиталистите, било да таа добива природа“ (би требало да каже облик) „рента, камата од пари или претприемачка добивка...“ (Исто, стр. 23.)

Тој, значи, разликува општ облик на вишок на труд или вишок вредност од неговите посебни облици што не го прави ни Рикардо ни А. Смит, барем не свесно и доследно. Но, тој, пак, го зема името на еден од тие посебни облици, каматата, за општ облик. А тоа е доволно повторно да западне во економски жаргон.

„Постојаното зголемување на капиталот би било во едно цврсто засновано општество обележано со пад на камата на пари или, што излегува исто, со смалување на количеството на труд на другите кој би се давал за употреба на капиталот.“ (Исто, стр. 6)

Ова е некоја кериевска фраза. Но, кај нашиот памфлетист не го употребува работникот капиталот, туку капиталот го употребува работникот. Бидејќи тој под камата подразбира вишок на труд во секоја форма, ствар - „лек за тешката положба на нашата нација“ - излегува на тоа да се зголеми наемнината; бидејќи, смалувањето на каматата значи смалување на вишокот труд. Но, тој мисли дека присвојувањето на туѓиот труд во размена за капитал треба да се смали и дека работникот треба од својот сопствен труд да присвои повеќе, а капиталот помалку.

Смалувањето на вишокот труд може да значи две работи:

Дека треба да се работи помалку преку она време кое е потребно за репродукција на работната сила, за создавање еквивалент за наемнината;

или дека од вкупната маса труд помала маса труд треба да добие форма на вишок труд, т.е. време за кое се работи гратис за капиталистот; значи, и помал дел од производот во којшто трудот се претставува да добие форма на вишок производ; тоа значи дека работникот треба да добие од својот производ повеќе, а капиталистот помалку.

Затоа авторот нема јасна претстава, а тоа се гледа и од следните редови, кои го содржат последниот збор на неговиот напис:

„Една нација е вистински богата дури тогаш кога не се плаќа никаква камата за капитал; кога наместо 12 часа се работи само 6 часа. Богатството е време со кое се располага и ништо повеќе.“ (Исто, стр. 6.)

Бидејќи тука под камата се подразбира профит, рента, камата, накратко секоја форма на вишок на вредност, и бидејќи според самиот автор капиталот не е ништо друго туку производ на трудот, акумулираниот труд, кој е во состојба во размена за самиот себе да изнуди не само еднакво количество труд туку и вишок труд, според него „капиталот не донесува никаква камата“ значи: не постои никаков капитал. Производот не се претвора во капитал. Не постои никаков вишок на производи и никаков вишок на труд. Дури тогаш нацијата навистина е богата.

А ова може да значи: Не постои никаков производ, никаков труд преку производот и трудот потребен за репродукција на работникот. Или: работниците го присвојуваат сами овој вишок, било производи било труд.

Но, дека авторот не го мисли само ова последното се гледа од тоа што тој ставот „никаква камата за капитал“ ја спојува со реченицата: „Една нација е навистина богата дури тогаш кога се работи 6 наместо 12 часа. Богатството е време со кое се располага, и ништо повеќе.“

А ова може да значи: кога сите би морале да работат, би отпаднала спротивноста меѓу претераното работење и безделничење - и тоа секако би било консеквенција на тоа што капиталот би престанал да постои, што производот не би давал повеќе право на туѓ вишок на труд - и ако освен тоа се земе во вид развојот на производствените сили, како што капиталот ги создал, тоа потребниот општествен вишок ќе се произведе за 6 часа, повеќе отколку сега за 12 часа, и воедно сите работници би имале 6 часа „време со кое располагаат“, ќе имаат вистинско богатство; време кое нема да биде апсорбирано со непосредно производствен труд, туку ќе им останува слободно за уживање, за разонода, така што тоа дава простор за слободна дејност и развој. Времето е простор за развој на способностите. Знаеме дека економистите дури и ропската работа на наемните работници ја правдаат со тоа што таа создава разонода, слободно време за други, за другиот дел од општеството - а со тоа и за самото општество на наемни работници.

Или тоа може да значи и ова: Работниците работат по 6 часа преку она што на нив сега им е потребно за нивната сопствена репродукција. (Меѓутоа, тешко дека тоа е сфаќање на авторот бидејќи тој она што сега им е потребно на работниците го претставува како нечовечен минимум.) Кога капиталот би престанал, тие би работеле само 6 часа, а безделничарите би морале да работат исто толку. Материјалното богатство за сите би било со тоа намалено на ниво на работниците. Но, сите би имале слободно време за развој.

Авторот очигледно ниту сам не е начисто за тоа. Меѓутоа, во секој случај, секогаш ќе остане убава реченица:

„Една нација е навистина богата кога се работи 6 наместо 12 часа. Богатството е само време со кое се располага и ништо повеќе.

И Рикардо вели во главата „Вредност и богатство, својства по коишто се разликуваат“ дека вистинското богатство се состои во тоа да се создадат што повеќе употребни вредности од што помалку вредност; со други зборови тоа значи во што помало работно време да се создаде што поголемо изобилие на материјално богатство. И тука се појавува „време со кое се располага“, и уживањето на она што е создадено во работното време од други како вистинско богатство, но како и се‘ во капиталистичкото производство, па поради тоа и кај нивните интерпретатори, е во спротивност. Спротивноста на богатството и вредноста се појавува кај Рикардо подоцна во тоа што нето доходот треба да биде што поголем во однос на бруто доходот, што пак во оваа антагонистичка форма значи дека класата од општеството чие време е само делумно или воопшто не е апсорбирано во материјалното производство, иако ги уживаат нивните плодови, да биде по можност што побројна спрема класата чиешто време е потполно апсорбирано во материјалното производство и чија потрошувачка ја сочинува само една позиција во трошоците на производството, само услов да биде за нив таква запрежна стока. Желба е секогаш што помал број од општеството да се осуди на робувањето на трудот, на принудна работа. Тоа е најмногу што се постигнало на капиталистичкото гледиште.

Ова авторот на памфлетот го одбива. Работното време останува секогаш, па и тогаш кога разменската вредност се укине, супстанцијата која создава богатство и мерката на трошоците кои ги бара неговото производство. Но, слободното време, времето со кое се располага, е вистинско богатство - делумно за трошење на производите, делумно за слободно делување, кое не е како трудот одредено со принуда на некоја надворешна цел која мора да биде исполнета, чие исполнување е природна неопходност или општествена должност, веќе како се сака.

Се разбира по себе дека самото работно време, поради тоа што ќе биде ограничено на нормална мера, потоа што повеќе не се работи за некој друг, туку за самиот себе, заедно со укинувањето на општествените спротивности меѓу господарот и слугата итн. како вистинска општествена работа, најпосле како основа на слободното време, добива сосема друг послободен карактер и дека работното време на еден човек, кој е воедно и човек кој располага со слободното време, мора да има повисок квалитет од квалитетот на работно животно.

...


Забелешки

* Со идентификувањето на вишокот на вредноста со вишокот на трудот ставена е квалитативна граница на акумулацијата на капиталот - со вкупниот работен ден (време за кое работната сила може да делува само 24 часа), со дадениот степен на развој на производствените сили и бројноста на населението, кое го ограничува бројот на истовремено експлоатирани работни денови. Ако, напротив, вишокот на добивка се разгледува во беспоимлив облик на камата, т.е. како однос во кој капиталот се зголемува со помош на некое митско волшепство, тогаш границата е само квантитативна и апсолутно не може да се сфати зошто капиталот секој ден не си додава на себе камата во својство на капитал и така да создава бесконечна прогресија камата на камата.

[1] Cairnes, The slave power: its character, career and probable designs: being an attemt to explain the real issues involved in the American contest, London, 1862.


Маркс-Енгелсова интернет архива

марксистичка интернет архива