Меѓународно здружение на работници

Обраќање
на Меѓународното здружение на работници до Абрахам Линколн,
претседател на Соединетите Американски Држави

Презентирано на американскиот амбасадор Чарлс Френсис Адамс
28 јануари 1865 година[1]


Напишано: од Карл Маркс помеѓу 22 и 29 ноември 1864 год.
Првпат објавено: "An Abraham Lincoln, Präsident der Vereinigten Staaten von Amerika", "Der Social-Demokrat", бр. 3, од 30 декември 1864 год.
Извор: Маркс-Енгелс Дела, том 27, Белград, 1979, стр. 14-15.
Превод: Томислав Захов
Онлајн верзија: декември 2021


Господине,

На американскиот народ му посакуваме среќа по повод Вашиот реизбор со големо мнозинство!

Ако отпорот кон моќта на сопственикот на робовите беше умерената максима на вашиот прв избор, „смрт на ропството!“ е триумфалниот борбен крик на вашиот реизбор.

Уште од самиот почеток на титанската борба во Америка, работниците во Европа инстинктивно чувствуваа дека судбината на нивната класа е врзана за ѕвезденото знаме. Зарем борбата за териториите со која започна оваа огромна епопеја не беше за да се одлучи дали девствената почва на огромните пространства ќе биде дадена за одгледување на доселениците или ќе биде извалкана од стапалата на ловците на робови?

Кога олигархијата од 300.000 робовладетели за прв пат во аналите на светската историја се осмели да го напише зборот ропство на знамето на вооружениот бунт, кога на истиот терен – уште еден век пред тоа се појави идејата за голема демократска република, од кога потекнува првата декларација за човекови права[2] и го даде првиот поттик на европската револуција од 18 век – кога на истиот терен контрареволуцијата систематски и темелно се фалеше дека ги „уништила идеите што преовладуваа во времето на изградбата на стариот систем“ и „го прикажуваше ропството како спасоносна институција –дури и како единствено решение за големиот проблем на односот на трудот и капиталот“ и цинично го прогласи правото на сопственост над човекот како „камен-темелник на новата зграда,“[3] тогаш работниците во Европа веднаш сфатија, уште пред да бидат предупредени од фанатичната посветеност на повисоките класи кон благородништвото на Конфедерацијата,[4] дека бунтот на робовладетелите ќе одекне како ѕвоно за повик за општа крстоносна војна на сопственоста против трудот и дека во оваа џиновска борба од другата страна на Океанот не се загрозени само надежите во иднината на работниците, но и нивните претходни достигнувања. Затоа секаде трпеливо ги поднесуваа страдањата што им ги наметна кризата со памукот,[5] полни со ентузијазам се спротивставуваа на интервенцијата во корист на ропството, која повисоките и „образованите“ класи толку ревносно се обидуваа да ја испровоцираат, а од повеќето европски земји го платија својот данок во крв за добра цел.

Сè додека работниците, вистинските носители на политичката моќ на Cеверот, дозволуваа ропството да ја оцрни нивната република, сè додека тие пред Црнецот, кој е продаван и добива господар без негова согласност, се фалеа дека најголемата привилегија на белиот работник е што може сам себе да се продава и да го избере својот господар – сè дотогаш тие беа неспособни да извојуваат вистинска слобода на трудот или да ги поддржат своите европски браќа во нивната ослободителна борба. Оваа пречка за напредок беше отстранета од црвеното море на граѓанската војна.

Европските работници се убедени дека, исто како што Американската револуционерна војна го означи почетокот на новата ера на растење на моќта на средната класа, така и американската војна против ропството ќе го означи почетокот на новата ера на растење на моќта на работничката класа. Како знак на претстојната епоха, тие гледаат во тоа што Абрахам Линколн, непоколебливиот син на работничката класа, бил предодреден да ја спроведе својата татковина преку неспоредливата борба за ослободување на една поробена раса и за трансформација на општественото уредување.[6]

Потпишал Централниот совет во име на Меѓународното здружение на работници:
Le Lubez, секретар-кореспондент за Франција; F. Rybczinsky (Полска); Emile Holtorp (Полска); J. B. Bocquet; H. Jung, секретар-кореспондент за Швајцарија; Morisot; George W. Wheeler; J. Denoual; P. Bordage; Le Roux; Tallandier; Jourdain; Dupont; R. Gray; D. Lama; C. Setacci; F. Solustri; P. Aldovrandi; D. G. Bagnagatti; G. P. Fontana, секретар-кореспондент за Италија; G. Lake; J. Buckley; G. Howell; J. Osborne; J. D. Stainsby; F. Grossmith; G. Eccarius; Friedrich Leβner; Wolff; K. Kaub; Heinrich Bolleter; Ludwig Otto; N. P. Hansen (Данска); Karl Pfänder; Georg Lochner; Peter Petersen; Karl Marx, секретар-кореспондент за Германија; A. Dick; L. Wolf; J. Whitlock; J. Carter; W. Morgan; William Dell; John Weston; Peter Fox; Robert Shaw; John M. Longmaid; Robert Henry Side; William C. Worley; Blockmoor; R. Hartwell; W. Pidgeon; B. Lucraft; J. Nicass

G. Odger, претседател на Советот
William R. Cremer, почесен генерален секретар


Одговор на амбасадорот Адамс

Дипломатска мисија на Соединетите Американски Држави
Лондон, 28 јануари 1865 година

Господине:

Упатен сум да ве информирам дека обраќањето на Централниот совет на вашето здружение, кое беше уредно пренесено преку оваа дипломатска мисија до претседателот на Соединетите Држави, е примено од него.

Колку што чувствата изразени во него се лични, тие се прифатени од него со искрена и голема желба дека тој ќе може да се докаже достоен за довербата што неодамна му ја упатија неговите сограѓани и толку многу пријатели на човештвото и напредокот ширум цел свет.

Владата на Соединетите Американски Држави има јасна свест дека нејзината политика ниту е ниту може да биде реакционерна, но во исто време се придржува до курсот што го усвои на почетокот, да се воздржува насекаде од пропаганда и незаконска интервенција. Таа се стреми да причинува еднаква и точна правда за сите држави и за сите луѓе и се потпира на корисните резултати од тие напори за поддршка дома и за почит и добра волја низ целиот свет.

Нациите не постојат сами за себе, туку за да ја промовираат благосостојбата и среќата на човештвото со добронамерен однос и пример. Токму во тој однос, Соединетите Држави ја наоѓаат својата кауза во сегашниот конфликт со ропството, сметајќи го бунтот како причина на човечката природа, и тие црпат нови охрабрувања да се истрае од сведочењето на работниците од Европа дека националниот став е фаворизиран со нивното просветлено одобрување и искрени симпатии.

Ја имам честа да бидам, господине, ваш послушен слуга,
Чарлс Френсис Адамс


Забелешки на уредникот на изданието

[1] Од записникот на Централниот (Генералниот) совет на Меѓународното здружение на работници – 19 ноември 1864 година:

„Д-р Маркс потоа го изнесе извештајот на поткомитетот, исто така нацрт на обраќањето кое беше подготвено за презентирање на народот на Америка, честитајќи му што го реизбра Абрахам Линколн за претседател. Обраќањето е како што следува и беше едногласно прифатено.“

[2] Декларацијата за човекови права – декларација за независноста која ја усвоиле на 4 јули 1776 делегатите од 13 англиски колонии во Северна Америка на конгресот во Филаделфија. Со неа е прогласено одвојување на северно-американските колонии од Англија, основање на независна република, Соединети Американски Држави, и поставени се главните буржоаско-демократски принципи, како што се слобода на личноста, еднаквост на сите граѓани пред законот, принцип на национален суверенитет, итн. Прогласувањето на овие принципи во време кога во Европа уште владеел феудално-апсолутистички поредок, извршило значајно влијание врз револуционерно-демократското движење во Европа, особено врз Француската револуција кон крајот на 18-ти век. Американската буржоазија и крупните земјопоседници од почеток ги нарушуваа демократските права прокламирани во Декларацијата, ги спречуваа народните маси да учествуваат во политичкиот живот и го поддржуваа ропството, кое Црнците, ги лишуваше од основните човекови права, значителен дел од населението на Републиката.

[3] Зборови од говорот на Брајт од 18 декември 1862 год. во Бирмингем.

[4] Конфедералисти се нарекувани, за време на Американската граѓанска војна 1861-1865, поддржувачите на Конфедерацијата на робовладетелски држави на Југот.

[5] Кризата на памукот била предизвикана од застојот на испораката на памук од Америка поради блокадата од страна на државите на Југот наметната од флотата на Северот за време на граѓанската војна. Глад за памук се јавила во пресрет на хиперпродукциска криза и се споила со неа. Дошло до застој во голем дел од европската памучна индустрија. Со тоа значително се влошила положбата на работниците. Во 1862 год. во Англија мирувале 3/5 од сите вретена и разбои, повеќе од 75% од работниците во памучната индустрија во текот на две до три години останале целосно или делумно без работа. Слабиот принос, кој ѝ се случил на Европа во почетокот на 1860-тите години, уште повеќе ја влошил бедната положба на работниците. Во многу европски градови владеело глад. Наспроти сите немаштии, европскиот пролетаријат, сепак, се заложувал за поддршка на државите на Северот.

[6] Записникот од состанокот продолжува:

„Потоа се водеше долга дискусија за начинот на презентирање на обраќањето и за формалноста да се има пратеник со делегацијата; на тоа силно се спротивставија многу членови, кои рекоа дека работниците треба да се потпрат на себе и да не бараат дополнителна помош... Потоа беше предложено обраќањето... и донесено едногласно. Секретарот кореспондира со министерот на Соединетите Американски Држави барајќи да се одреди време за примање на делегацијата, таквата делегација да се состои од членовите на Централниот совет“.