Фридрих Енгелс

Синдикати


Напишано: околу 20 мај 1881
Првпат објавено: "The Labour Standard" Nr. 4 и 5 од 28 мај и 4 јуни 1881
Извор: К. Маркс - Ф. Енгелс, „Дела“, „Просвета“, Београд, 1979, том 30, стр. 209-214
Превод: Томислав Захов
Онлајн верзија: октомври 2011


I

Во нашиот последен број го разгледувавме делувањето на синдикатите во реализирањето на економскиот закон на наемнината наспроти работодавците. Се враќаме на оваа тема; бидејќи од најголема важност е целокупната работничка класа темелно да го сфати тоа.

Да претпоставиме дека ниеден англиски работник денес не мора да го учиме дека во интерес е како на индивидуалниот капиталист така и на целокупната капиталистичка класа да ја намалува наемнината колку што е можно. Како што тоа непобитно го докажа Давид Рикардо, производот на трудот се дели, после одбивањата за сите трошоци, на два дела: едниот ја прави надницата на работниците, другиот - профитот на капиталистите. А, бидејќи нето-производ на трудот во секој посебен случај претставува дадено количество, јасно е дека тој еден дел, наречен профит, не може да расте ако другиот дел, наречен наемнина, не биде намален. Да се противречи дека во интерес е на капиталистот да ја намалува наемнината би било исто како да се тврди дека не е во негов интерес да го зголемува профитот.

Многу добро знаеме дека има други средства за привремено зголемување на профитот; меѓутоа, тоа не го менува општиот закон, па затоа не треба овде да ги разгледуваме.

А, како можат капиталистите да ги намалуваат надниците ако нивната висина се регулира со јасниот, точно одреден економски закон? Економскиот закон на наемнините постои и тој е неповредлив. Но, тој е, како што видовме, еластичен, и тоа на два начини. Наемнината може да се намали во некоја индустриска гранка, и тоа или директно, со постепено навикнување на работниците од таа индустрија на понизок стандард, или индиректно, со продолжување на работното време (или зголемување на интензитетот на трудот за време на исто работно време) без зголемување на наемнините.

Интересот на секој поединечен капиталист да го зголемува својот профит со намалување на наемнините на своите работници добива нов импулс во конкуренцијата меѓу капиталистите на една иста производствена гранка. Секој од нив настојува да понуди поевтино од своите конкуренти, а ако не сака да го жртвува својот профит, мора да се обиде да ја намали наемнината. На тој начин притисокот врз наемнината, предизвикан од интересот на секој посебен капиталист, се зголемува десет пати после нивната меѓусебна конкуренција. Она што претходно беше прашање на поголем или помал профит, сега станува прашање на нужност.

Против овој постојан, непрекинлив притисок неорганизираното работништво нема никакви ефективни средства на отпор. Поради тоа, наемнината во производствените гранки во кои работниците не се организирани покажува постојана тенденција на опаѓање, а работното време - постојана тенденција на зголемување. Полека но сигурно, процесот напредува. Периодите на просперитет може да го прекинат тоа овде-онде, но периодите на лоша деловност можат, пак, после тоа дотолку повеќе одново да го забрзаат. Работниците постепено се навикнуваат на сè понискиот животен стандард. Додека работното време покажува тенденција кон продолжување, наемнината сè повеќе се приближува кон својот апсолутен минимум - онаа сума под која за работникот станува сосема неможно да живее и да го продолжи својот вид.

Едно привремено отстапување од ова се случило на почетокот на овој век. Брзото ширење на примената на парната енергија и машина не било доволно за уште побрз раст на побарувачката за нивните производи. Во овие производствени гранки наемнината по правило била висока, освен наемнините на децата кои работничките домови им ги продавале на фабрикантите; наемнината за квалификуван физички труд, без којшто не можело да се излезе на крај, била многу висока; она што тогаш го добивал еден бојадисувач, механичар, кројач на сомот, предач на рачна предилница денес звучи како бајка. Во исто време, индустриските гранки кои биле потиснати од машините, биле осудени на бавно одумирање. Меѓутоа, новооткриените машини постепено ги потиснувале овие добро платени работници; биле пронајдени машини со помош на кои се произведувало машини, и тоа во толкав размер што понудата на машински произведени стоки не само што ја задоволувала побарувачката, туку дури и ја надминувала. Кога со Општиот мир од 1815 година одново бил воспоставен нормален трговски промет, започнале десетгодишни циклуси на просперитет, претерано производство и криза. Сите предности кои работниците ги сочувале од поранешните периоди на просперитет и кои можеби дури биле и зголемени за време на периодите на бурна хиперпродукција, сега им се одземени во добата на лоша деловност и кризи; и набрзо населението на Англија, вработено во фабриките, е потчинето на општиот закон по којшто наемнината на неорганизираните работници постојано тежнее кон апсолутен минимум.

Во меѓувреме, пак, синдикатите, легализирани во 1824 година стапиле на сцена; а беше и краен момент. Капиталистите се секогаш организирани. На нив најчесто не им се потребни никакви формални сојузи, никакви статути, функционери итн. Нивниот мал број, во споредба со работниците, фактот што тие прават посебна класа, нивните постојани општествени и деловни меѓусебни контакти го прават сето тоа излишно; дури подоцна, кога некоја индустриска гранка ќе преовладее во некоја област, како на пример индустријата на памук во Ланкашир, станува неопходен формалниот синдикат на капиталистите. Наспроти тоа, работниците не можат да успеат ако од самиот почеток немаат силна организација со точно одредени статути, која врши свое влијание преку функционерите и комисиите. Со законот од 1824 година овие организации се легализирани. Од тоа време работништвото во Англија стана сила. Таа маса сега не е беспомошна и внатрешно расцепкана како некогаш. На силата, која произлегувала од здруженоста и заедничката активност, наскоро се придружила моќта на добро-наполнетата каса - „парите на отпор“, како што гласи карактеристичниот израз на нашите француски другари. Целокупната ситуација сега се промени. За капиталистите сега стана опасна работа да ја намалуваат надницата или да го продолжуваат работното време.

Оттука и бесните реакции на капиталистичката класа од тоа време против синдикатите. Својата непречена пракса да ја дерат кожата на работничката класа оваа класа отсекогаш ја сметала како стекнато право и законска привилегија. На тоа сега требало да се стави препрека. Тогаш не е никакво чудо што капиталистите кренале бесна врева и се почувствувале загрозени во своите права и својот посед барем исто толку колку и ирските земјопоседници од наше време.[1]

Шеесетте години на борбено искуство ги направило разумни. Синдикатите сега станале признаена институција, а нивната функција на фактор во соодлучувањето при одредувањето на наемнината е признаена исто толку колку и функцијата на фабричките закони[2] како пресудни фактори при регулирањето на работното време. Памучните фабриканти во Ланкашир неодамна дури ги читале работничките книги и сега знаат да организираат штрајк ако е тоа во нивен интерес, и тоа исто така добро или подобро од секој синдикат.

На тој начин, преку активноста на синдикатите законот на наемнини се наметнува против работодавците и на тој начин работниците на секоја добро-организирана гранка се во можност, барем приближно, да ја добиваат целата вредност на својата работна сила, која им ја даваат на наем кај капиталистите, и што, со помош на државните закони, не го се пречекорува работното време, барем не премногу, онаа крајна должина преку која работната сила се исцрпува предвреме. Меѓутоа, тоа е крајната цел која синдикатите при својата сегашна организираност воопшто може да ја достигнат, и тоа само низ непрекината борба, со огромно трошење сила и пари; а потоа флуктуациите на конјуктурите, најмалку на секои десет години, за миг одново го уништуваат сето она што е освоено, па борбата мора да се води од почеток. Тоа е магичен круг од кој нема излез. Работничката класа останува она што била и онаква каква што нашите чартистички предци не се двоумеа да ја наречат - класа на наемни робови. Треба ли тоа да биде крајниот резултат на толку труд, самопрегорност и патење? Треба ли тоа засекогаш да остане крајна цел на англиските работници? Или работничката класа во оваа земја мора најпосле да се обиде да го разбие овој магичен круг и од него да најде излез во движењето за укинување на наемниот систем воопшто?

Идната недела ќе ја разгледаме улогата којашто синдикатите ја играат како организатори на работничката класа.

II

Досега ги разгледувавме функциите на синдикатите во онаа мера во која тие придонесуваат кон регулирањето на висината на наемнината и во која му обезбедуваат на работникот, во неговата борба против капиталот, барем одредени средства со коишто може да се брани. Но, овој аспект не ја исцрпува нашата тема.

Зборувавме за борбата на работниците против капиталот. Оваа борба постои без разлика што ќе кажат против тоа апологетите на капиталот. Таа ќе постои сè додека намалувањето на наемнината останува најсигурно и најлесно средство за зголемување на профитот, односно сè додека воопшто постои наемниот систем. Самото постоење на синдикатите е доволна потврда на тој факт; ако тие не се создадени за борба против капиталот, зошто се тогаш создадени? Нема смисла да се крие тоа. Со никакви убави зборови не може да се прикрие грдиот факт дека современото општество во суштина е поделено на две големи антагонистички класи - на едната страна се капиталистите, сопственици на сите средства за производство, а на другата страна се работниците, кои не поседуваат ништо друго освен својата работна сила. Производот на трудот на втората класа мора да се дели помеѓу тие две класи, а токму околу оваа поделба непрекинато се води борбата. Секоја класа се обидува да дојде до што поголем дел; а најчудното во таа борба е тоа што работничката класа, иако се бори за делот од својот личен производ, често е обвинувана дека таа всушност ги ограбува капиталистите!

Борбата помеѓу двете најголеми општествени класи, меѓутоа, неизбежно станува политичка борба. Така било со долготрајната борба помеѓу средната или капиталистичката класа и земјопоседничката аристократија; така е и со борбата помеѓу работничката класа и овие исти капиталисти. Во секоја борба на класа против класа непосредната цел околу којашто се води борбата е политичката власт, владејачката класа ја брани својата политичка надмоќ, што значи своето сигурно мнозинство во законодавното тело; пониската класа се бори прво за учествување во таа власт, а подоцна за целата власт, за да биде во состојба да ги промени постоечките закони според своите интереси и потреби. Така работничката класа на Велика Британија со години со сиот жар и применувајќи сила се борела за Народната повелба,[3] којашто требала да ‘и ја даде таа политичка власт; претрпела пораз, но таа борба оставила врз победничката средна класа такво влијание што таа тогаш радо по цена на сите нови отстапки од работничкиот народ купува продолжување на примирјето.

Во политичката борба на класа против класа организацијата е најважното оружје. И колку повеќе се распаѓала политичката, чартистичка организација, дотолку јакнеела организацијата на синдикатите, сè до сега кога доби толкава сила што со неа не може да се споредува ниедна работничка организација во странство. Само неколку крупни синдикати, кои опфаќаат еден до два милиони работници и со поддршка на ситните и локалните сојузи, претставуваат сила којашто треба да ја има предвид секоја влада на владејачката класа, виговска или ториевска - сеедно.

Според традицијата на своето настанување и развој, овие моќни организации досега се ограничиле скоро исклучиво на функцијата на соучествување во регулирањето на наемнината и работното време и изнудување на укинување на отворено антиработничките закони. Како што веќе кажавме, тие го правеле тоа со точно онолку успех колку што со право можеле да очекуваат. Но, тие постигнале и повеќе: владејачката класа, која ја познава силата на синдикатите подобро отколку самите тие, доброволно им правела отстапки кои отишле уште подалеку од тоа. Правото на глас за домаќинството на Дизраели[4] му даде глас барем на поголемиот дел од организираната работничка класа. Дали тој би го предложил тоа ако не претпоставил дека овие нови гласачи ја искажуваат својата лична волја - дека тие во иднина нема да го препуштат своето водство на либералните политичари од средната класа? Дали тој би можел да го спроведе тоа ако работниот народ, раководејќи ги своите џиновски синдикални сојузи, не ја докажа својата способност за административни и политички работи?

Токму оваа мерка отворила нови перспективи за работничката класа. Таа им даде мнозинство во Лондон и во сите индустриски градови и со тоа ги оспособи да водат борба против капиталистите со ново оружје - испраќање луѓе во парламентот од редовите на својата класа. Меѓутоа, мораме, за жал, да кажеме дека овде синдикатите ја заборавиле својата должност на авангарда на работничката класа. Тоа ново оружје повеќе од десет години се наоѓа во нивни раце, но тие едвај некогаш да го извадиле. Тие не треба да забораваат дека положбата којашто денес ја заземаат не може постојано да ја задржуваат ако навистина не маршираат на чело на работничката класа. Скоро е неприродно англиската работничка класа, иако има сили да испрати во парламентот четириесет или педесет работници, вечно да се задоволува со тоа да ја застапуваат капиталисти или нивни платеници, адвокати, уредници итн.

Освен тоа, има мноштво знаци кои покажуваат дека кај англиската работничка класа се пробудила свеста за тоа дека долго време одела по погрешен пат; дека сегашните движења со исклучива цел да се постигне поголема наемнина и пократко работно време ја држат во магичен круг од кој нема излез; дека основното зло не лежи во ниските наемнини туку во самиот наемен систем. Ова сознание, кога еднаш ќе биде проширено кај целата работничка класа, неизбежно значително ќе ја промени положбата на синдикатите. Тие повеќе нема да уживаат привилегија да бидат единствена организација на работничката класа. Покрај сојуз во индивидуални индустриски гранки или над нив, мора да настане еден општ сојуз, политичка организација на работничката класа како целина.

Според тоа, синдикатите добро би направиле ако земат предвид две работи: прво, дека брзо се приближува времето кога работничката класа на оваа земја ќе бара свое полно учество во претставувањето во парламентот; второ, дека исто така брзо се приближува времето кога работничката класа ќе сфати дека борбата за високи наемнини и кратко работно време и целокупната активност на синдикатите во нејзината сегашна форма не се сами по себе цел, туку средство, многу неопходно и ефикасно средство, но сепак само едно од различните средства за постигнување на една повисока цел: укинување на наемниот систем воопшто.

За целосното претставување на работништвото во парламентот, како и за подготовката на укинувањето на наемниот систем ќе биде неопходна организација не на посебните индустриски гранки, туку на работничката класа во целина. И што порано таа се појави, дотолку подобро. Ја нема таа сила на светот која само еден ден ќе може да ’и се спротивстави на англиската работничка класа организирана како една целина.


Забелешки

[1] Станува збор за незадоволството на земјопоседниците во Ирска, чија самоволност кон закупците Гледстоновата влада во одредена мера се обидела да ја ограничи за на тој начин да ги одврати ирските селани од револуционерната борба која во тоа време примила сè пошироки размери. Ирскиот „Landbill“ (Закон за заштита на закупот) го ограничувал правото на земјопоседниците да ги протеруваат закупците од нивните поседи ако уредно се плаќа закупнината; износот на вкупната закупнина бил одреден на 15 години. Иако Законот од 1881 година им овозможувал на земјопоседниците под поволни услови да ’и ја продаваат земјата на владата и иако одредениот износ на закупнината и понатаму бил необично висок, англиските земјопоседници давале отпор на спроведувањето на законот, бидејќи не сакале да се откажат од својата неограничена власт во Ирска.

[2] Фабрички закони (Factory Acts, закони за работни односи во фабриките); повод за донесување на фабричките закони во Англија бил, од една страна, постојаната борба на англиската работничка класа за подобрување на својата положба и, од друга страна, високиот морталитет и лошата здравствена состојба на работничкото население. Првите закони, донесени на почетокот на 19 век, го регулирале работното време на жените, децата и младината во посебни гранки на англиската текстилна индустрија. Во 1840-тите и 1850-тите години со тие закони е опфатена целата текстилна индустрија. Подоцна се донесени закони и за останатите индустриски гранки. Меѓутоа, тие биле со недостатоци, па фабрикантите ги измамиле властите.

[3] Народна повелба (People's charter) - документ којшто ги содржи барањата на чартистичкото движење. Објавен е на 8 мај 1838 година како законски предлог којшто требало да биде предложен на парламентот. Ги содржал следните барања: 1. општо право на глас (за мажи со наполнета 21 година), 2. парламент којшто се избира секоја година, 3. тајно гласање, 4. еднакви изборни окрузи, 5. укинување на имотниот цензус за пратеничките кандидати, 6. плаќање дневница на членовите на парламентот. Парламентот во 1839 и 1842 година ја одбил петицијата на чартистите со барањата од тој документ.

[4] Под притисок на масовното движење на работници во Англија во 1867 година е спроведена парламентарна реформа. Генералниот совет на Меѓународното здружение на работниците активно учествувал во тоа движење. Новиот закон го намалил имотниот цензус. Во селските изборни места право на глас добиле и оние закупци кои годишно плаќале најмалку 12 фунти стерлинзи закупнина. Во градовите право на глас добиле сопствениците и закупците на куќи како и закупците на станови кои во едно место биле населени барем една година и плаќале закупнина не помалку од 10 фунти стерлинзи. Реформата од 1867 година значително го зголемила бројот на гласачи во Англија. Право на глас исто така добиле голем број образовани работници.