Карл Маркс
Капиталот (том 3)

ГЛАВА ЧЕТИРИНАЕСЕТТА

Причини со спротивно дејство


Извор: Карл Маркс, „Капиталот“, том III, Скопје: Мисла, 1976, 213-220 стр.
Транскрипција: Томислав Захов
Онлајн верзија: јули 2023


Кога го разгледуваме огромниот развиток на производната сила на општествениот труд макар само за последниве 30 години, во споредба со сите поранешни периоди, кога особено се разгледува огромната маса на основен капитал, кој покрај вистинската машинерија влегува во вкупноста на општествениот процес на производство, тогаш на местото од тешкотијата, со која досега се занимаваше економијата, имено да се објасни паѓањето на профитната норма, изникнува спротивна тешкотија, имено да се објасни, зошто ова паѓање не е поголемо или побрзо. Мора да се во игра влијанија со спротивни дејства, кои го попречуваат и укинуваат дејството на општиот закон и нему му даваат карактер само на тенденција, поради што паѓањето на општата профитна норма ние го означивме како тенденциско паѓање. Најопштите од овие причини се следниве:

I. ПОВИШУВАЊЕ НА СТЕПЕНОТ НА ЕКСПЛОАТАЦИЈАТА НА ТРУДОТ

Степенот на експлоатацијата на трудот, присвојувањето на вишокот на трудот и на вишокот на вредноста особено се зголемува со продолжувањето на работниот ден и со интензивирањето на трудот. Двете овие точки опширно се изложени во книга I при производството на апсолутниот и релативниот вишок на вредност. Има многу моменти од интензивирањето на трудот, кои вклучуваат растење на постојаниот капитал спрема променливиот, значи го вклучуваат паѓањето на профитната норма, како што е кога еден работник треба да надгледува поголема маса машинерија. Овде — како при повеќето процедури кои служат за производството на релативниот вишок на вредност — можат истите причини, кои предизвикуваат растење во нормата на вишокот на вредноста, да вклучуваат паѓање во масата на вишокот на вредноста, гледано на дадена големина од применетиот вкупен кагштал. Но има други моменти на интензивирањето, како на пример, зголемената брзина на машинеријата, која за истото време троши повеќе суровини, но што се однесува до основниот капитал, иако машинеријата побргу се троши, не го засега односот на нивната вредност спрема цената на трудот кој нив ги става во движење. Но имено продолжувањето па работниот ден, овој изнајдок на модерната индустрија, е она што ја зголемува масата на присвојуваниот вишок на труд, без да го измени суштествено односот на применетата работна сила спрема постојаниот капитал што го става во движеље, кој всушност последниов релативно го смалува. Инаку веќе беше покажано — а тоа ја прави вистинската тајна иа тенденциското паѓање на профитната норма, — дека процедурите за произведување на релативниот вишок на вредност главно се сведуваат на следново: од една страна, од дадена маса труд да се претвори колку што се може повеќе труд во вишок на вредност, од друга страна, во однос на авансираниот капитал колку што се може помалку да се употреби труд; така што истите причини, кои дозволуваат степенот на експлоатацијата на трудот да се зголеми, не дозволуваат со истиот вкупен капитал да се експлоатира исто толку труд како и порано. Ова се тенденциите што дејствуваат една спроти друга кои, додека дејствуваат за повишување на профитот и на вишокот на вредноста, едновремено дејствуваат за паѓање на масата вишок на вредност произведена од еден даден капитал, а оттука и на нормата на профитот. Исто така овде треба да се спомене масовното воведување женски и детски труд до толку што целата фамилија мора да му дава на капиталот поголема маса вишок на труд отколку порано, дури и кога ќе порасте вкупната наемнина што и се дава, но тоа воопшто не е општ случај. — Се што го унапредува производството на релативен вишок на вредност само со подобрување на методите, како во земјоделството, при неизменета големина на применетиот капитал, има исто дејство. Вистина, овде не расте применетиот постојан капитал во однос спрема променливиот, до колку последниов го земаме како показател за вработената работна сила, но се зголемува масата производи во однос на применетата работна сила. Истото се случува ако производната сила на трудот (сеедно дали нејзиниот производ влегува во потрошувачката на работникот или во елементите на постојаниот капитал) се ослободува од пречките во соодносите, од произволните ограничувања или од такви кои во текот на времето станале пречки, воопшто од окови од секој вид, без најнапред да се засега со тоа односот на променливиот спрема постојаниот капитал.

Може да се постави прашањето дали меѓу причините, кои го сопираат паѓањето на профитната норма, но во последна инстанца постојано го забрзуваа, се опфатени привремените, но постојано повторуваните, наизменично де во оваа, де во онаа гранка на производство, повишувања на вишокот на вредноста над општото ниво за капиталистот, кој ги ползува пронајдоците итн., пред нивното општо воведување.

Масата на вишокот на вредноста, која ја произведува некој капитал од дадена големина, е производ на два фактора, нормата на вишокот на вредноста помножена со бројот на работниците вработени по дадената норма. Според тоа, при дадената норма на вишокот на вредноста, таа зависи од бројот на работниците, а при даден број работници од нормата на вишокот па вредноста, значи воопшто од сложениот однос на апсолутната големина од променливиот капитал и нормата на вишокот на вредноста. Но се покажа дека во просек истите причини кои ја повишуваат нормата на вишокот на вредноста, ја снижуваа масата на применетата работна сила. Тука е јасно дека едно зголемување или смалување овде стапува според определениот однос, во кој се врши ова противречно движење и дека тенденцијата кон смалување на профитната норма особено ослабува со повишувањето на нормата од апсолутниот вишок на вредност, која произлегува од продолжувањето на работниот ден.

При профитната норма ние воопшто најдовме дека на снижувањсто на нормата, поради нараснувањето на масата од применетиот вкупен капитал, му одговара зголемување на масата профит. Ако го разгледуваме вкупниот променлив капитал на општеството, вишокот на вредноста што тој го произведува е еднаков на профитот. Покрај апсолутната маса, порасната е и нормата на вишокот на вредноста; првата, зашто е нарасната масата работна сила применета од општеството, втората, зашто е нараснат степенот на експлоатацијата на овој труд. Но во однос на еден капитал од дадена големина, на пример 100, нормата на вишокот на вредноста може да расте, а масата во просек да паѓа: зашто нормата е определена со односот во кој променливиот капитал ја оплодува својата вредност, напротив, масата е определена со сразмерниот дел, кој го сочинува променливиот капитал од вкупниот капитал.

Повишувањето на нормата на вишокот на вредноста — бидејќи тоа, имено, се случува и под околности каде што, како што е погоре наведено, што не се случува некакво или никакво сразмерно зголемување на постојаниот капитал спрема променливиот — е еден фактор, кој учествува во определувањето на масата на вишокот на вредноста а оттука и на профитната норма. Овој фактор не го укинува општиот закон. Но тој прави овој закон да дејствува како тенденција, т.е. како закон, чие апсолутно спроведување се задржува, забавува, ослабува од околности кои дејствуваат противставено. Но бидејќи истите причини, кои ја повишуваат нормата на вишокот на вредноста (дури и продолжувањето на работниот ден е резултат на крупната индустрија), се стремат кон тоа да ја смалат работната сила што ја применува некој даден капитал, тие истите причини се стремат кон смалување на профитната норма и кон забавување на движењето на ова смалување. Кога на еден работник на сила ќе му се даде работа што рационално можат да ја извршат само двајца, и кога ова се врши под околности кога овој еден може да замени тројца, тогаш едниот ќе дава толку вишок на труд колку што порано давале двајцата, и до толку нормата на вишокот на вредноста е повишена. Но тој не може да даде колку порано тројца, а со тоа масата на вишокот на вредноста е падната. Но нејзиниот пад е компензиран или ограничен од повишувањето на нормата на вишокот на вредноста. Ако целото население влезе на работа по повишената норма на вишок на вредност, тогаш расте масата на вишокот на вредноста, иако населението си останува исто. Таа уште повеќе се повишува ако нараснува населението; а иако е ова поврзано со едно релативно паѓање на бројот на вработените работници во однос спрема големината на вкупниот капитал, сепак ова паѓање се ублажува или се задржува со повишувањето на нормата на вишокот на вредноста.

Прeд да ја оставиме оваа точка треба уште еднаш да се нагласи дека при дадената големина на капиталот нормата, на вишокот на вредноста може да расте, иако неговата маса паѓа, и обратно. Масата на вишокот на вредноста е еднаква со нормата помножена со бројот работници; а нормата никојпат не се пресметува на вкупниот капитал, туку само на променливиот капитал, всушност само на по еден работен ден. Напротив, при дадeна големина на вредноста на капиталот профитната норма не може да се повиши или да падне, без, исто така, да се повиши или да падне масата на вишокот на вредноста.

II. СНИЖУВАЊЕ НА НАЕМНИНАТА ПОД НЕЈЗИНАТА ВРЕДНОСТ

Ова го наведуваме овде само емпириски, зашто всушност, како и по нешто друго што би можело овде да се наведе, нема никаква врска со општата анализа на капиталот, туку доаѓа во излагањето за конкуренцијата, која во ова дело не се разгледува. Сепак тоа е една од најзначајните причини, која ја сопира тенденцијата кон паѓање на профитната норма.

III. ПОЕВТИНУВАЊЕ НА ЕЛЕМЕНТИТЕ НА ПОСТОЈАНИОТ КАПИТАЛ

Овде спаѓа се она што е речено во првиот оддел од оваа книга за причините кои ја повишуваат профитната норма при постојана норма на вишокот на вредноста, или независно од нормата на вишокот на вредноста. Значи, особено она, дека, ако се гледа вкупниот капитал вредноста на постојаниот капитал не расте во ист размер како неговиот материјален обем. На пример, масата памук, која ја преработува еден одделен европски предачки работник во некоја модерна фабрика, е порасната во колосален размер според онаа, која европскиот предач некогаш ја изработувал на родан. Но вредноста на преработениот памук не е порасната во истиот размер како неговата маса. Исто е со машините и другиот основен капитал. Накусо, истиот развиток, кој ја зголемува масата на постојаниот капитал во однос спрема променливиот, ја смалува, поради зголемената производна сила на трудот, вредноста на неговите елементи и поради тоа попречува вредноста на постојаниот капитал, иако постојано расте, да расте во истиот размер како нејзиниот материјален обем, т.е. материјалниот обем на средствата за производство, кои се ставаат во движење од истото количество работна сила. Во одделни случаи дури може да се зголеми масата на елементите од постојаниот капитал, додека вредноста му останува иста или дури паѓа.

Со ова е во врска и обезвреднувањето на постојаниот капитал (т.е. на неговите материјални елементи) кое доаѓа со развитокот на индустријата. Тоа е и една од причините која постојано дејствува, која го задржува паѓањето на профитната норма, иако тоа под определени околности може да ја смали масата профит со намалувањето на масата капитал што го дава профитот. Овде пак се покажува дека истите причини, кои го предизвикуваат паѓањето на профитната норма, и го ублажуваат реализирањето на оваа тенденција.

IV. РЕЛАТИВНАТА ПРЕНАСЕЛЕНОСТ

Создавањето на релативната пренаселеност е неразделиво од развитокот на производната сила на трудот и, овој развиток кој ја забрзува, се изразува во паѓањето на профитната норма. Релативната пренаселеност се покажува толку поочевидно во некоја земја, колку е поразвиен во неа капиталистичкиот начин на производство. Тоа, пак, е причина, од една страна, што во многу гранки на производството повеќе или помалку продолжува неполното потчинување на трудот под капиталот и тоа продолжува подолго од што на прв поглед одговара на општата состојба на развитокот, тоа е следство од поевтинувањето и од масата расположиви или отпуштени наемни работници и од поголемиот отпор, кои некои гранки на производството, според нивната природа, му го даваат на претворањето на рачниот труд во машински труд. Од друга страна, се отвораат нови гранки на производство, особено во луксузната потрошувачка кои, како основа го земаат токму она релативно население, често ослободувано со претегнувањето на постојаниот капитал во други гранки на производство, кое, пак, од. своја страна, почива врз претегнувањето на елементите од живиот труд и други, малку по малку го врви истиот пат како и другите гранки на производството. Во двата случаја променливиот капитал зазема значителна пропорција од вкупниот капитал и наемнината е под просекот, така што во овие гранки на производството како нормата на вишокот на вредноста така и масата на вишокот на вредноста, се необично високи. Но бидејќи сега општата профитна норма се образува со изедначувањето на профитните норми во одделните гранки на производството и овде истата причина, која доведува до тенденцијата на паѓање на профитната норма, создава една противтежа спрема оваа тенденција, која повеќе или помалку го парализира нејзиното дејство.

V. НАДВОРЕШНАТА ТРГОВИЈА

До колку надворешната трговија делумно ги поевтинува елементите на постојаниот капитал, делумно нужните средства за живот во кои се преобрнува променливиот капитал, таа дејствува за повишување на профитната норма со тоа што ја крева нормата на вишокот на вредноста и ја снижува вредноста на постојаниот капитал. Таа воопшто дејствува во смисла на овозможување на ширењето на размерот на производството. Со тоа таа од една страна ја забрзува акумулацијата, но, од друга страна, предизвикува смалување на променливиот капитал спрема постојаниот, а со тоа и паѓање на профитната норма. Исто така, проширувањето на надворешната трговија, иако во детството на капиталистичкиот начин на производство таа беше негова база, со неговиот напредок, со внатрешната нужност на овој начин на производство, со неговата потреба за постојано проширување на пазарот, таа стана негов сопствен производ. Овде се покажува пак истото двојствено дејство. (Рикардо сосем не ја забележа оваа страна од надворешната трговија.)

Едно друго прашање — кое по својата специфичност лежи зад границите на нашето испитување е следново: дали општата профитна норма се повишува со повисоката профитна норма, која ја прави капиталот авансиран во надворешната и особено во колонијалната трговија?

Капиталите, авансирани во надворешната трговија, можат да фрлат повисока профитна норма, прво, зашто овде се конкурира со стоки кои со произведуваат во други земји со помали производни олеснувања, така што понапредните земји своите стоки ги продаваат над нивната вредност, иако поевтино од конкурентските земји. До колку трудот од поразвиените овде се валоризира како труд од повисока специфична тежина, профитната норма се повишува, зашто трудот, кој не се плаќа како квалитативно повисок како таков се продава. Истиот однос може да се случи и спрема земјата во која стоки се испраќаат и од која стоки се добиваат; имено, таа дава повеќе опредметен труд in natura, отколку што таа добива, и дека сепак стокатa ја добива при тоа поевтино, отколку што може самата да ја произведува. Сосем така како што фабрикантот кој ползува некој изнајдок пред тој да влезе во општа примена, продава поевтино од своите конкуренти, па сепак продава над индивидуалната вредност од неговата стока, т.е. специфично повисоката производна сила на трудот што тој го применува ја валоризира како вишок на труд. Така тој реализира еден екстра-профит. Што се однесува, од друга страна, до капиталите авансирани во колониите итн., тие можат да даваат повисоки профити, зашто таму, поради ниската развиеност, профитната норма воопшто стои повисоко, а исто така, при примената на робови и кули итн., повисоко стои и експлоатацијата на трудот. Не може да се разбере зошто сега високите профитни норми, кои авансираните капитали во извесни гранки така ги даваат и ги однесуваат во татковината, не би требало овде да влезат во изедначувањето на општата профитна норма, ако инаку монополите не им го препречуваат патот, и зошто рrо tаntо да не ја повишат профитната норма.[36] Ова особено не може да се разбере, кога овие гранки, во кои е применет капиталот, стојат под законот на слободна конкуренција. Тоа пак што на Рикардо особено му е сенка пред очи е ова: со добиената повисока цена во странство се купуваат таму стоки и се испраќаат дома како ретур; значи овие стоки се продаваат во земјата, и поради тоа ова може да биде во најдобар случај една привремена екстра-предност за овие привилегирани сфери на производство над другите. Овој привид исчезнува штом не ја земеме предвид паричната форма. Фаворизираната земја добива во размената назад повеќе труд за помалку труд, иако оваа разлика, овој вишок, како воопшто при размената меѓу труд и капитал, го присвојува извесна класа. Значи, до колку профитната норма е повисока, зашто во колонијалните земји е воопшто повисока, при благопријатни услови таа може да оди рака под рака со пониски стоковни цени. Израмнувањето се извршува, но не израмнување на старото ниво, како што мисли Рикардо.

Но истата надворешна трговија го развива во земјата капиталистичкиот начин на производство, а со тоа и смалувањето на променливиот капитал спрема постојниот, а од друга страна произведува хиперпродукција по однос на странство, поради тоа пак има во натамошниот тек и спротивно дејство.

И, така, главно со покажало дека истите причини, кои го предизвикуваат паѓањето на општата профитна норма, предизвикуваат противно дејство кое го сопира ова паѓање, го забавува и делумно го парализира. Тие не го укинуваат законот, но го ослабуваат неговото дејство. Без тоа би било неразбирливо не паѓањето на општата профитна норма, туку, обратно, релативната бавност на ова паѓање. Така законот дејствува само како тенденција, чие дејство силно избувнува само под определени околности и во текот на подолги периоди.

Пред да одиме сега понатака, а за да се избегнат недоразбирањата, ќе повториме некои веќе многупати изложени ставки.

Прво: истиот процес, кој ги поевтинува стоките во одот на развитокот на капиталистичкиот начин на производство, создава една измена во органскиот состав иа општествениот капитал авансиран во производството на стоките, а поради тоа и паѓање на профитната норма. Значи, смалувањето на релативното чинење на одделната стока, и на делот од ова чинење кој го содржи абењето на машинеријата, не смее да се идентификува со растечката вредност на постојаниот капитал во споредба со променливиот, иако, обратно, секое смалување во релативното чинење на постојаниот капитал, при неизменет или растечки обем на неговите материјални елементи, влијае за повишување на профитната норма, т.е. за смалувањето рrо tаntо на вредноста на постојаниот капитал во споредба со се пониската пропорција на применетиот променлив капитал.

Второ: Околноста дека дополнителниот жив труд, содржан во одделните стоки, од чиј збир се состои производот на капиталот, стои во еден смалувачки однос спрема материите за работа содржани во стоките и спрема средствата за работа кои се во нив потрошени; значи, околноста, дека е во нив опредметено постојано се помало количество дополнителен жив труд, зашто со развитокот на општествената производна сила за нивното производство е потребно помалку труд — оваа околност не го засега односот, во кој живиот труд содржан во стоката се дели на платен и на неплатен. Обратно. И ако паѓа вкупното количество дополнителен жив труд кое е содржано во нив, расте неплатениот дел во однос спрема платениот, било поради апсолутното или пропорционалното паѓање на платениот дел: зашто истиот начин на производство, кој ја смалува вкупната маса дополнителен жив труд во некоја стока, е следен од качување на апсолутниот и релативниот вишок на вредност. Тенденциското снижување на профитната норма е поврзано со теиденциско качување во нормата на вишокот на вредноста, значи во степенот на експлоатацијата на трудот. Поради тоа ништо не е поглупо отколку да се објаснува паѓањето на профитната норма со некое покачување во нормата на наемнината, иако исклучително може да има и таков случај. Статистиката, дури откога ќе ги разбере односите кои ја образуваат профитната норма, ќе биде во состојба да преземе вистинска анализа за нормата на наемнината во различни епохи и земји. Профитната норма не паѓа, зашто трудот станува понепроизводен, туку зашто тој станува попроизводен. Двете, паѓањето на нормата на вишокот на вредност и качувањето на нормата на профитот, се само одделни форми, во кои се изразува капиталистички растечка производност на трудот.

VI. ЗГОЛЕМУВАЊЕТО НА АКЦИОНЕРСКИОТ КАПИТАЛ

На горните пет точки може да им се придодаде и следнава, но во која ние засега не можеме подлабоко да завлегуваме. Со напредувањето на капиталистичкото производство еден дел од капиталот, кој оди рака за рака со забрзаната акумулација, се пресметува и се применува само како капитал што носи интерес. Не во смислата во која секој капиталист што дава на заем капитал се задоволува со интересот, додека индустрискиот капиталист добива претприемачка добивка. Ова ништо не ја гиба висината на општата профитна норма, зашто профитот за неа е = интерес + профит од секој вид земјишна рента, и за неа е сосем без значење нејзината расподелба во овие одделни категории. Туку во смислата дека овие капитали, иако се авансирани во големи производни претпријатија, по одбивката на сите трошоци отфрлаат само поголеми или помали интереси, таканаречени дивиденди. На пример, во железниците. Значи, тие не влегуваат во изедначувањето на општата профитна норма, зашто отфрлаат профитна норма помала од средната. Кога тие би влегле во тоа, таа би паднала уште пониско. Теориски гледано, тие можат да се земат во сметката и тогаш би добиле помала профитна норма од онаа што се чини дека постои и која вистински има определувачко значење за капиталистите, зашто токму во овие претпријатија постојаниот капитал е најголем во однос спрема променливиот.



Фусноти

[36] А. Смит овде има право наспроти Рикардо кој вели: „Тие тврдат дека еднаквоста на профитот ќе биде постигната преку општото качување на профитот; а јас сум на мислење, дека профитот во привилегираната дејност бргу ќе падне на општото ниво.“ (“Works", ed. MacCulloch, стр. 73.)