Фридрих Енгелс

Вовед [кон “Класните борби во Франција од 1848 до 1850” од Карл Маркс]


Напишано: 1895
Извор: Karl Marx “Klasne borbe u Francuskoj od 1848 do 1850”, Naprijed, Zagreb, 1973, 9-28 str.
Превод: Здравко Савески, од хрватски и германски јазик.
Онлајн верзија: август 2005.
Техничка обработка:


Овој труд што повторно го издаваме беше Марксовиот прв обид да објасни дел од тогашната историја преку своето материјалистичко сфаќање, врз основа на дадената економска состојба. Во “Комунистичкиот манифест” таа теорија во општи црти беше применета врз целата понова историја; во Марксовите и во моите статии во “Ноје рајнише цајтунг” таа постојано се користеше за објаснување на современите политички случувања. Овде, пак, се работеше за тоа врз еден повеќегодишен, за целата Европа така критичен и така типичен период од развитокот да се докаже внатрешната причинска врска и, според тоа, во согласност со концепцијата на авторот, политичките случувања во последна инстанца да се сведат на делувањето на економските причини.

При просудувањето на настаните и на низите случувања од денешната историја никогаш нема да може да се дојде до последните економски причини. Дури и денес, кога соодветниот стручен печат дава така богат материјал, дури ниту во Англија нема да биде можно да се прати од ден за ден движењето на индустријата и трговијата на светскиот пазар и промените кои се вршат во производните методи за да може да се извлече општ заклучок во која и да е временска точка од тие повеќекратно испреплетени и постојано променливи фактори, фактори од кои, освен тоа, најважните во најголемиот дел од времето делуваат прикриено пред ненадејно и насилно да избијат на површината. Јасната слика на економската историја на некој даден период никогаш не може да се добие истовремено со самите случувања, таа може да се добие само дополнително, откако материјалот ќе биде собран и среден. Статистиката тука е нужно помошно средство, а таа секогаш заостанува зад настаните. Затоа кога ја разгледуваме тековната историја, мораме и премногу често тој најпресуден фактор да го земаме како константен, а економската состојба каква што беше затекната на почетокот од дадениот период како дадена и непроменлива за целиот период, или мораме да ги земаме во обѕир само таквите промени на таа состојба што произлегуваат од потполно очигледните случувања и кои се, според тоа, исто така потполно очигледни. Поради тоа материјалистичкиот метод тука мора и премногу често да се ограничува на тоа политичките судири да ги сведува на борба на интересите на затекнатите општествени класи и делови од класи кои ги создаде економскиот развиток, а поодделните политички партии да ги прикаже како повеќе или помалку соодветен израз на тие исти класи и делови на класи.

Само по себе се подразбира дека тоа неизбежно занемарување на истовремените промени во економската состојба, во таа првобитна база на сите процеси што се испитуваат, мора да биде извор на грешки. Но условите за давање на еден сеопфатен приказ на современата историја неизбежно во себе ги содржат изворите на грешките, што, меѓутоа, никого не го спречува да ја пишува историјата на современите случувања.

Кога Маркс се зафати со таа работа, спомнатиот извор на грешки уште во поголема мера беше неизбежен. За време на револуцијата 1848-49 да се пратат економските промени кои се случуваа истовремено, па дури и да се задржуваат во видното поле, едноставно беше невозможно. Исто беше и во текот на првите месеци од егзилот во Лондон, во есента и зимата 1849-50. А токму во тоа време Маркс започна со работата. Но и покрај тие неповолни околности тој, благодарение на своето точно познавање како на економската состојба на Франција пред Февруарската револуција, така и на политичката историја на оваа земја по револуцијата, можеше да даде таков приказ на настаните кој ги открива нивните внатрешни врски на начин кој и потоа остана ненадминат и кој сјајно ја издржа и двоструката проба извршена подоцна од самиот Маркс.

До првата проба дојде во врска со тоа што Маркс од пролетта 1850 повторно доби време за економски проучувања и најпрво почна со економската историја на последните десет години. Со тоа од самите факти му стана целосно јасно она што дотогаш го заклучуваше, врз основа на нецелосниот материјал, напола априорно: дека всушност светската трговска криза од 1847 беше вистинската мајка на Февруарската и Мартовската револуција и дека индустрискиот просперитет, кој малку по малку повторно настапуваше од средината на 1848, а во 1849 и 1850 дојде до негово процветување, беше движечката сила на повторно зајакнатата европска реакција. Тоа беше она пресудното. Додека од првите три статии (кои се појавија во јануарскиот, февруарскиот и мартовскиот број од “Н[оје] Р[ајнише] Ц[ајтунг]. Политичко-економско списание”, Хамбург, 1850) сe уште извира очекувањето на скорешниот нов полет на револуционерната енергија, историскиот преглед што го напишавме Маркс и јас во последниот двоброј (мај-октомври) што излезе, во есента 1850, раскинува еднаш засекогаш со тие илузии: “Новата револуција е можна само како последица на една нова криза. Но таа е исто така неизбежна како и оваа.” Но тоа беше единствената важна промена што моравме да ја извршиме. Што се однесува на толкувањата на настаните дадени во претходните статии, што се однесува на последичните врски утврдени во нив, немаше апсолутно ништо што требаше да се менува, што го покажува продолжението на излагањето од 10 март до есента 1850, кој е даден во истиот преглед. Поради тоа ова продолжение го внесов како четврта статија во сегашното издание.

Втората проба беше уште потешка. Веднаш по државниот удар на Луј Бонапарта од 2 декември 1851, Маркс отпочеток ја обработи историјата на Франција од февруари 1848 до овој, за револуционерниот период, привремено краен настан (“Осумнаесеттиот бример на Луј Бонапарта”, трето издание, Хамбург, Мајснер, 1885). Во таа брошура, иако пократко, повторно се обработува периодот кој е прикажан во ова дело. Споредете го овој втор приказ, напишан во светлината на одлучувачкиот настан што се случи повеќе од една година подоцна, со овој, па ќе видете дека писателот имаше малку што да промени.

Она што на ова дело му дава сосема посебно значење е околноста што тоа за прв пат ја изразува формулата во која работничките партии од сите земји на светот едногласно накратко го резимираат своето барање за економска преобразба: присвојување на средствата за производство од страна на општеството. Во втората глава, по повод “правото на работа”, кое таму се означува како “првата невешта формула во која се резимираат револуционерните барања на пролетаријатот”, се кажува: “... но зад правото на работа стои власта над капиталот, зад власта над капиталот присвојувањето на средствата за производство , нивното потчинување на здружената работничка класа, значи, укинување на наемниот труд, на капиталот и на нивниот меѓусебен однос.” Тука, значи - за прв пат - е формулирана поставката според која модерниот работнички социјализам остро се разликува како од сите разни нијанси феудален, буржоаски, ситно-буржоаски итн. социјализам, така и од конфузната заедница на добра на утопискиот и самоникнат работнички комунизам. Кога Маркс подоцна ја прошири таа формула и врз присвојување на средствата за размена, тоа проширување, кое впрочем по “Комунистичкиот манифест” се подразбираше само по себе, претставуваше само дополнување на основната поставка. Некои мудри луѓе во Англија кон тоа придодадоа дека и “средствата за распределба” треба да му се предадат на општеството. На тие господа ќе им биде тешко да кажат кои се тие средства за распределба кои се разликуваат од средствата за производство и размена, освен ако не мислат на политичките средства на распределба, на даноците, помошта за сиромашните, вклучувајќи ги заксенвалдските [1] и другите дотации. Но, прво, овие средства за распределба веќе сега се во посед на заедницата, на државата или општината, а второ, токму нив сакаме да ги укинеме.

_________

Кога избувна Февруарската револуција, сите ние, со своите претстави за условите и текот на револуционерното движење, се наоѓавме под влијание на дотогашното историско искуство, особено на она на Франција. Токму ова последново играше главна улога во целата европска историја од 1789 и тоа и сега даде сигнал за општиот преврат. Затоа беше само по себе разбирливо и неизбежно тоа нашите претстави за природата и текот на “општествената” револуција прогласена во февруари 1848 во Париз, револуцијата на пролетаријатот, да бидат обоени од сеќавањата на примерите од 1789-1830. А потоа, кога Париското востание наиде на одек кај победоносните востанија во Виена, Милано и Берлин, кога целата Европа сe до руската граница беше зафатена од движењето; кога подоцна во јуни во Париз се случи првата голема битка за власт помеѓу пролетаријатот и буржоазијата; кога дури и самата победа на својата класа толку ја потресе буржоазијата од сите земји што таа повторно се фрли во прегратката на штотуку соборената монархистичко-феудална реакција - тогаш за нас при тогашните прилики не можеше да има никакви сомневања дека започна големата одлучувачка борба, дека таа мора да се одлучи во текот на еден единствен долг револуционерен период полн со промени, но и дека таа може да заврши само со конечна победа на пролетаријатот.

По поразите од 1849, никако не ги споделувавме илузиите на вулгарната демократија која се групираше околу идните привремени влади in partibus.[2] Таа сметаше на блиска и дефинитивна победа на “народот” над “тираните”; ние на долга борба, по отстранувањето на “тираните”, помеѓу спротивните елементи кои се кријат во самиот тој народ. Вулгарната демократија ден за ден очекуваше повторна експлозија; ние уште во есента 1850 изјавивме дека, во најмала рака, е завршена првата етапа на револуционерниот период и дека не може ништо да се очекува пред избувнувањето на нова економска светска криза. Поради тоа бевме жигосани како предавници на револуцијата и тоа од истите луѓе кои подоцна речиси сите без исклучок склучија мир со Бизмарк - доколку Бизмарк сметаше дека вреди да се занимава со нив.

Но историјата покажа дека ниту ние не бевме во право, дека нашето гледиште што го застапувавме беше илузија. Таа отиде уште подалеку: не само што ја разори нашата тогашна заблуда, туку и целосно ги промени условите при кои пролетаријатот мора да се бори. Начинот на борба од 1848 денес во секој поглед е застарен, а тоа е поента која во оваа прилика заслужува поблиско да биде испитана.

Сите досегашни револуции се сведуваа на потиснување на едно одредено класно владеење со друго; но сите досегашни владејачки класи беа само мали малцинства во споредба со владеаната народна маса. Така, едно владејачко малцинство беше соборувано, некое друго малцинство го зграпчуваше државното кормило наместо него и ги прекројуваше државните институции според своите интереси. Секогаш тоа беше онаа малцинска група која на даденото ниво на економскиот развиток беше способна и повикана да владее и токму поради тоа и само поради тоа се случуваше владеаното мнозинство или да учествува во превратот на страната на таа група или да се помири со превратот. Но ако не гледаме на конкретната содржина на секој поединечен случај, заедничкиот облик на сите овие револуции беше тој што сите тие беа малцински револуции. Дури и кога мнозинството учествуваше во нив, тоа работеше - свесно или несвесно - само во служба на малцинството; но токму поради тоа, или едноставно поради пасивниот, безотпорен став на мнозинството, изгледаше дека малцинството е претставник на целиот народ.

По првиот голем успех, како правило, победоносното малцинство се делеше; едната половина беше задоволна со постигнатото, другата сакаше да оди уште подалеку и поставуваше нови барања, кои барем делумно беа и во вистински или во привиден интерес на широките народни маси. Овие порадикални барања во поодделни случаи и се остваруваа, но често само за миг: поумерената партија повторно ја земаше власта во свои раце, она што најпосле беше постигнато целосно или делумно пропаѓаше; победените тогаш зборуваа за предавство или поразот му го припишуваа на случајот. Но во стварноста работите најчесто стоеја вака: придобивките од првата победа беа осигурени дури со втората победа на порадикалната партија; дури кога тоа ќе беше постигнато, а со тоа и она што во дадениот момент беше нужно, радикалите и нивните успеси повторно исчезнуваа од сцената.

Сите револуции од поново време, почнувајќи од големата Англиска револуција од 17 век, ги покажуваа тие црти, кои изгледаа нераздвојни од секоја револуционерна борба. Изгледаше дека тие се применливи и во борбата на пролетаријатот за негово еманципирање, дотолку повеќе што токму во 1848 на прсти можеа да се избројат луѓето кои барем донекаде сфаќаа во која насока треба да се бара тоа еманципирање. И на самите пролетерски маси дури и во Париз и по победата им беше апсолутно нејасно кој пат да го фатат. А сепак движењето беше тука, инстинктивно, спонтано, незадржливо. Зарем токму тоа не беше ситуацијата при која револуцијата мораше да успее, додуша водена од малцинство, но овој пат не во интерес на малцинството, туку во вистинскиот интерес на мнозинството? Ако при сите подолги револуционерни периоди широките народни маси така лесно беа придобивани преку самите примамливи ветувања на малцинствата кои притискаа напред, зарем можеа да бидат помалку отворени за идеите кои беа најверен одраз на нивната економска положба, кои не беа ништо друго освен јасен, рационален израз на нивните потреби, кои тие самите сe уште не ги сфаќаа, туку само неодредено ги чувствуваа? Се разбира, тоа револуционерно расположение на масите речиси секогаш, и обично многу брзо, му отстапуваше место на заморот или дури и од свртувањето на спротивната страна, штом ќе исчезнеа илузиите и ќе настапеше разочарувањето. Но тука не се работеше за празни ветувања, туку за спроведување на вистинските интереси на големото мнозинство, интереси кои, навистина, на тоа големо мнозинство воопшто не му беа јасни, но кои набрзо мораа да му станат доволно јасни, во текот на практичното спроведување, врз основа на уверливата очигледност. И кога тогаш, како што покажа Маркс во третата статија, во пролетта 1850 развојот на буржоаската република, која беше создадена од “општествената” револуција од 1848, ја концентрира вистинската власт во рацете на крупната буржоазија, покрај тоа и монархистички настроена, а сите други општествени класи, селаните како и ситните буржуи, ги групира околу пролетаријатот, така што при заедничката победа и по неа одлучувачки фактор мораше да стане опаметениот пролетаријат, а не тие - зарем тука ги немаше сите изгледи револуцијата на малцинството да се претвори во револуција на мнозинството?

Историјата покажа дека ние и сите оние што слично мислеа не бевме во право. Таа јасно покажа дека состојбата на економскиот развиток на континентот тогаш ни оддалеку не беше зрела за отстранување на капиталистичкото производство: таа го докажа тоа преку економската револуција што го зафати целиот континент по 1848 и вистински ја вкорени крупната индустрија во Франција, Австрија, Унгарија, Полска и, од неодамна, во Русија, а од Германија направи токму индустриска земја од прв ред - сето тоа врз капиталистичката основа која во 1848, значи, сe уште беше многу способна да се шири. А токму таа индустриска револуција насекаде создаде јасност во класните односи, го отстрани мноштвото преодни облици кои потекнуваа од мануфактурниот период, а во Источна Европа дури и од цеховското занаетчиство, создаде вистинска буржоазија и вистински крупно-индустриски пролетаријат и ги турна на првата линија од општествениот развиток. Со тоа борбата на тие две големи класи, која во 1848, освен во Англија, постоеше само во Париз и можеби уште во неколку големи индустриски центри, дури сега се прошири на цела Европа и достигна таков интензитет каков што во 1848 не можеше дури ни да се замисли. Тогаш - многу нејасни евангелија на секти, со свои панацеи; денес - една општопризната, кристално јасна теорија на Маркс која остро ги формулира крајните цели на борбата; тогаш - маси раздвоени и различни според својата локална и национална припадност, поврзани само преку чувството за заедничкото страдање, неразвиени, беспомошно растргнати помеѓу воодушевувањето и очајувањето; денес - една голема интернационална војска социјалисти, која незапирливо чекори напред и од ден на ден расте преку бројот, организацијата, дисциплината, свеста и убеденоста во победата. Кога дури и оваа моќна војска на пролетаријатот сe уште не ја постигнала целта, кога таа, далеку од тоа да ја извојува победата преку една голема битка, мора полека, преку тешка, жилава борба да напредува од позиција на позиција, тогаш тоа докажува еднаш засекогаш колку невозможно беше во 1848 да се постигне општествена преобразба едноставно преку изненаден препад.

На две династичко-монархистички секции [3] поделена буржоазија, но која пред сe бараше мир и безбедност за своите парични работи; наспроти неа додуша победен но сe уште заканувачки пролетаријат околу кого сe повеќе се групираа ситните буржуи и селаните - постојана опасност од експлозија која при сето тоа не даваше надеж за конечно решение - тоа беше ситуација како создадена за државниот удар на третиот, псевдо-демократски претендент Луј Бонапарта. Со помош на војската, тој на 2 декември 1851 и' стави крај на затегнатата ситуација и и' обезбеди внатрешен мир на Европа за да ја усреќи со нова ера војни. Периодот на револуции одоздола за некое време беше завршен; дојде периодот на револуции одозгора.

Враќањето кон царство во 1851 пружи нов доказ за незрелоста на пролетерските стремежи од тоа време. Но токму тоа требаше да создаде услови при кои тие стремежи мораа да созреваат. Внатрешниот мир обезбеди полн развиток на новиот индустриски полет; потребата на војската да и' се даде работа и револуционерните струења да се насочат кон надвор предизвикаа војни во кои Бонапарта, под изговор дека се бори за “принципот на националноста”, се обидуваше да грабни анексии за Франција. Неговиот имитатор Бизмарк ја усвои истата политика за Прусија; тој го изврши својот државен удар, својата револуција одозгора, во 1866, против Германскиот сојуз [4] и Австрија и не помалку против пруското “конфликтно” собрание. Но Европа беше премногу мала за двајца Бонапарти и така иронијата на историјата сакаше Бизмарк да го собори Бонапарта, а кралот Вилхелм од Прусија не само да го создаде мало-германското царство, [5] туку и француската република. А општиот резултат беше тој што во Европа самостојноста и внатрешното единство на големите нации, со исклучок на Полска, станаа факт. Секако, во рамките на релативно скромни граници - но сепак доволно широки за националните компликации повеќе да не претставуваат важна пречка за процесот на развиток на работничката класа. Гробарите на револуцијата од 1848 станаа нејзини извршители на тестаментот. А покрај нив, веќе заканувачки се подигаше наследникот на 1848, пролетаријатот, во Интернационалата .

По војната од 1870-1871 Бонапарта исчезнува од сцената, а Бизмарковата мисија е исполнета, така што тој сега повторно можеше да падне на нивото на обичен јункер. Но крајот на тој период го прави Комуната во Париз. Подмолниот обид на Тиер да и' ги украде нејзините топови на париската Национална гарда предизвика победоносно востание. Повторно се покажа дека во Париз повеќе не е можна никаква друга револуција освен пролетерска. По победата власта падна во рацете на работничката класа сама од себе, без никаков спор. И уште еднаш се покажа дека дури ни тогаш, 20 години по периодот кој се опишува во ова дело, таа власт на работничката класа не беше можна. Од една страна, Франција го остави Париз на цедило, гледајќи како крвави под куршумите на Мак-Махон; од друга страна, Комуната се истроши во јаловата борба на двете партии на кои беше поделена: бланкистите (мнозинството) и прудонистите (малцинството), од кои ниту едните ниту другите не знаеја што треба да се прави. Како и препадот од 1848 и лесната победа од 1871 остана исто толку јалова.

Се сметаше дека со Париската комуна е конечно закопан и борбениот пролетаријат. Токму напротив, од Комуната и од Француско-пруската војна датира неговиот најсилен полет. Вклучувањето на целото способно за оружје население во војските кои бројат милиони војници, огненото оружје, гранатите и експлозивите со досега нечуен ефект - сето тоа создаде целосен преврат во севкупното војување; тој преврат, од една страна, стави нагол крај на бонапартистичкиот период на војни и обезбеди мирен индустриски развиток, оневозможувајќи ја секоја друга војна освен светската војна со нечуени стравотии и апсолутно неизвесен исход. Од друга страна, тој преврат, при воените расходи кои растеа со геометриска прогресија, предизвика неверојатен пораст на даноците и со тоа ги натера сиромашните народни класи во прегратките на социјализмот. Анексијата на Алзас-Лорењ, непосредна причина за лудата конкуренција во вооружувањето, можеше шовинистички да ја раздразни француската и германската буржоазија една против друга; но за работниците од двете земји таа стана нова алка на поврзување. А годишнината на Париската комуна стана првиот сеопшт празник на севкупниот пролетаријат.

Војната од 1870-1871 и поразот на Комуната, како што претскажа Маркс, го пренесоа тежиштето на европското работничко движење засега од Франција во Германија. На Франција, се разбира, и' беа потребни години за да закрепне од пуштањето крв во мај 1871. Во Германија, напротив, каде што сe побрзо се развиваше индустријата која под дождот од француски милијарди [6] токму цветеше, уште побрзо и поупорно растеше социјалдемократијата. Благодарение на умешноста со која германските работници го користеа општото право на глас воведено во 1866, целиот свет може од неспорните бројки јасно да го види вчудоневидувачкиот пораст на партијата. 1871: 102.000, 1874: 352.000, 1877: 493.000 социјалдемократски гласови. Потоа дојде високото признание за тие успеси од страна на власта, во облик на Законот против социјалистите; [7] партијата привремено беше разбиена, а бројот на гласови во 1881 падна на 312.000. Но тоа беше брзо совладано и сега, под притисок на вонредниот закон, без печат, без легална организација, без правото на собирање и здружување, дури сега почна брзото ширење: 1884: 550.000, 1887: 763.000, 1890: 1.427.000 гласови. Тука попушти раката на државата. Законот против социјалистите исчезна, бројот на социјалистички гласови се искачи на 1.787.000, на преку четвртина од вкупниот број гласови. Владата и владејачките класи ги исцрпија сите свои средства - бескорисно, бесцелно, безуспешно. Властите, од ноќниот чувар до царскиот канцелар, мораа да ги примат - и тоа од презрените работници! - опипливите докази за својата немоќ, а тие докази се броеја во милиони. Државата беше на крајот од ќорсокакот, работниците штотуку беа на почетокот од својот пат.

А германските работници, освен што и' послужија на својата кауза во прв ред со самото свое постоење како најсилна, најдисциплинирана, најбрзо растечка социјалистичка партија, и' послужија на таа кауза во голема мера и преку тоа што на своите другари од другите земји им дадоа ново, едно од најострите оружја, покажувајќи им како треба да се користи општото право на глас.

Општото право на глас веќе одамна постоеше во Франција, но стекна лоша репутација поради злоупотребите кои со него ги вршеше бонапартистичката влада. По Комуната немаше работничка партија за да се послужи со него. И во Шпанија тоа постоеше од времето на Републиката, но во Шпанија апстиненцијата на изборите отсекогаш беше правило за секоја сериозна опозициона партија. Швајцарските искуства со општото право на глас исто така беа сi, само не охрабрувачки за работничките партии. Револуционерните работници од романските земји се навикнаа на гласачкото право да гледаат како на замка, како на средство на владиното измамништво. Во Германија беше поинаку. Уште “Комунистичкиот манифест” го прогласи извојувањето на општо право на глас, на демократијата, како една од првите и најважните задачи на борбениот пролетаријат, а Ласал повторно се зафати со оваа точка. Кога Бизмарк беше принуден да воведе општо право на глас како единствено средство за да ги заинтересира народните маси за своите планови, нашите работници веднаш и' пристапија на работата сериозно и го испратија Август Бебел во првиот уставотворен Рајхстаг. И од тој ден тие го користат правото на глас на начин кој илјадапати им се исплати и кој служи како пример за работниците од сите земји. Тие правото на глас, според зборовите на француската марксистичка програма, transforme, de moyen de duperie qu'il a ete jusqu'ici, en instrument d'emancipation – го претворија од средство на измамата, што беше досега, во средство на ослободувањето. [8] И ако општото право на глас не ни донесеше никаква друга корист освен што ни дозволуваше да се преброиме на секои три години; што, благодарение на редовно констатираниот, неочекувано брз пораст на бројот на гласови, во иста мера ја зајакнуваше и довербата на работниците во победата и стравот на противниците, и така стана наше најдобро средство за пропаганда; што точно нe известуваше за нашата сопствена сила, како и за силата на сите противнички партии и на тој начин ни даваше мерило, за кое нема замена, за пропорционирање на нашите акции, нe сочува како од ненавремена нерешителност така и од ненавремената луда храброст - ако тоа беше единствената корист што ја имаме од правото на глас, само тоа веќе ќе беше повеќе од доволно. Тоа во изборната агитација ни даде единствено средство да дојдеме во контакт со народните маси таму каде што тие слабо нe познаваат, да ги натераме сите партии пред целиот народ да ги бранат своите сфаќања и постапки од нашите напади; и, понатаму, тоа на нашите претставници во Рајхстагот им отвори пристап до говорницата од која можеа, со сосема поинаков авторитет и слобода отколку во печатот и на собирите, да им зборуваат како на своите противници во Парламентот така и на масите надвор. Што им користеше на владата и на буржоазијата нивниот Закон против социјалистите кога изборната агитација и социјалистичките говори во Рајхстагот постојано го кршеа?

Но со тоа успешно користење на општото право на глас стапи во акција сосема поинаков начин на борба на пролетаријатот и тој понатаму брзо се изградуваше. Се покажа дека државните институции, во кои се организира владеењето на буржоазијата, на работничката класа и' пружат и други можности за борба против истите тие државни институции. Работниците почнаа да учествуваат на изборите за одредени покраински собранија, општински совети, трговски судови, почнаа да се борат со буржоазијата околу секое место при чии пополнување во гласањето учествуваше доволен дел од пролетаријатот. И така се случи буржоазијата и владата да дојдат дотаму да се плашат далеку повеќе од легалната отколку од нелегалната акција на работничката партија, од успехот на изборите повеќе отколку од успехот при бунт.

Зашто и тука условите на борбата суштински се променија. Бунтот од стар стил, уличната борба со барикади, која до 1848 насекаде конечно одлучуваше, значително застари.

Да не си создаваме никакви илузии во врска со тоа: стварната победа на востанието над војската при улична борба, победата каква што се постигнува при борбата помеѓу две армии, заминува помеѓу најголемите реткости. Па и востаниците исто така ретко сметаа на тоа. Нив ги засегаше само тоа трупите да се поколебаат преку моралните влијанија, кои во борбата помеѓу армиите на две завојувани земји не играат никаква или многу помала улога. Ако тоа им појде од рака, трупите откажуваат послушност или командантите губат глава и востанието успева. Ако не им појде од рака, се покажува, дури и ако војската е во малцинство, надмоќноста на подоброто вооружување и на обуката, на единственото раководење, на планската употреба на борбените сили и на дисциплината. Најмногу што востанието може да постигне при чисто тактичка акција, е правилното подигање и одбрана на поодделни барикади. Заемното помагање, распоредувањето односно употребата на резервите, накратко, координирањето и комбинирањето на поодделни одделенија, кое е неопходно веќе при одбраната на една градска четврт, а камоли на цел голем град, се постигнува само во многу мал степен, а обично воопшто не може да се постигне; концентрацијата на борбените сили на одлучувачките места тука отпаѓа само од себе. Со самото тоа пасивната одбрана е преовладувачки облик на борба; нападот се врши овде-онде, и тоа само по исклучок, при случајните истапи и навали од страна; како правило, тој се ограничува на запоседнување на позиции кои ги напуштија трупите при повлекувањето. Покрај тоа, војската располага и со артилерија и е целосно опремена со обучени инженерски трупи, борбени средства кои на востаниците речиси во сите случаи им недостигаат. Поради тоа не е никакво чудо што и оние борби на барикадите кои се водени со најголем хероизам - во Париз во јуни 1848, во Виена во октомври 1848, во Дрезден во мај 1849 - завршуваа со пораз на востанието, штом командантите на напаѓачките трупи, непопречувани од политички обѕири, почнуваа да делуваат од чисто воено гледиште, а нивните војници остануваа доверливи.

Многубројните успеси на востаниците до 1848 се објаснуваат преку многу различни причини. Во Париз во јули 1830 и во февруари 1848, како и при најголемиот број од шпанските улични борби, помеѓу востаниците и војската стоеше граѓанската гарда, која или директно премина на страната на востаниците или со млитавото, нерешително држење ги поколеба и трупите, и која, освен тоа, го снабди востанието со оружје. Онаму каде што граѓанската гарда од самиот почеток истапуваше против востанието, како во јуни 1848 во Париз, и востанието беше победувано. Во Берлин во 1848 победи народот, делумно благодарение на значителното засилување со нови борбени сили ноќта и утрото на 19-ти [март], делумно поради исцрпеноста и лошото снабдување на војската, а делумно, најпосле, и поради тоа што командата веќе попушти. Но во сите тие случаи победата беше извојувана, зашто трупите откажаа послушност, зашто на командантите им недостигаше одлучност или зашто им беа врзани рацете.

Според тоа, дури и во класичното време на улични борби барикадата делуваше повеќе морално отколку материјално. Таа беше средство да се разниша цврстината на војската. Ако се одржеше додека тоа појдеше од рака, победата беше извојувана; ако не беше така, резултатот беше пораз. Тоа е главната поента која мора да се има предвид и кога ги испитуваме шансите за евентуални идни улични борби.

Овие шанси веќе во 1849 беа доста слаби. Буржоазијата насекаде премина на страната на владата, претставниците на “образованоста и сопственоста” ја поздравуваа и честеа војската која маршираше против востаниците. Барикадата ја изгуби својата магија; војникот повеќе зад неа не го гледаше “народот”, туку бунтовници, поткопувачи, пљачкаши, делители, отпадници од општеството; офицерите со текот на времето добро ја совладаа тактиката на уличните борби, тие веќе не маршираа право и без заштита на импровизираниот градобран, туку го заобиколуваа преку градините, дворовите и куќите. А тоа сега поаѓаше од рака, со малку вештина, во девет од десет случаи.

А оттогаш уште многу што се промени и сето тоа во корист на војската. Ако големите градови значително се зголемија, војските се зголемија уште повеќе. Париз и Берлин од 1848 се зголемија не повеќе од четирипати, но нивните гарнизони се зголемија повеќе од тоа. Тие гарнизони, благодарение на железницата, можат во рок од 24 часа да се дуплираат и повеќе од тоа, а во рок од 48 часа да се претворат во огромни војски. Вооружувањето на тој енормно зголемен број трупи стана неспоредливо поефикасно. Во 1848 - глатката перкусиска пушка со полнење од цевка, денес - пушката со магацин што се полни одназад и со мал калибар, која стрела четирипати подалеку, десетпати попрецизно и десетпати побрзо од првата. Тогаш - масивните артилериски ѓулиња и картечи со релативно слаб учинок; денес - перкусиски гранати од кои една е доволна да ја уништи и најдобрата барикада. Тогаш - копачи за пионери за пробивање на огноотпорните ѕидови, денес - динамитските полнења.

На страната на востаниците, напротив, сите услови се влошија. Востанието со кое симпатизираа сите народни слоеви тешко дека ќе се повтори; во класната борба сите средни слоеви веројатно никогаш нема така исклучиво да се групираат околу пролетаријатот за партијата на реакцијата, која ќе се собере околу буржоазијата, речиси да исчезне. “Народот”, значи, секогаш ќе излезе поделен, па така ќе недостига оној силен лост што беше така ефикасен во 1848. Ако на страната на востаниците има повеќе луѓе кои служеле војска, ќе биде потешко да се вооружат. Ловечките и луксузните пушки од продавниците за оружје - дури и ако полицијата претходно не ги направи неупотребливи преку отстранувањето на еден дел од затворачот - дури ни при блиска борба не можат да се мерат со пушките со магацин на војниците. До 1848 секој можеше да прави муниција од барут и олово, а денес куршумите за секоја пушка се различни и само во едно се насекаде исти - во тоа што се сложен производ на крупната индустрија и што, значи, не можат веднаш да се направат, така што најголемиот дел од пушките е неупотреблив, додека нема муниција која е направена специјално за нив. И најпосле, четвртите на големите градови кои се изградено по 1848, со своите долги, рамни и широки улици се како создадени за делувањето на новите топови и пушки. Би бил луд секој револуционер што за борба на барикади самиот би ги избрал новите работнички четврти во северниот и источниот дел од Берлин.

Дали тоа значи дека во иднина уличните борби повеќе нема да играат никаква улога? Никако не. Тоа само значи дека условите по 1848 станаа далеку понеповолни за борците цивили, а далеку поповолни за војската. Идната улична борба може, значи, да победи само ако тој неповолен однос биде израмнет преку други моменти. Затоа уличната борба ќе биде поретка на почетокот од некоја голема револуција отколку при нејзиниот понатамошен тек и ќе мора да се води со поголеми сили. А тие сили, како и во текот на целата Голема француска револуција, како и на 4 септември и 31 октомври 1870 во Париз, ќе му дадат предност на отворениот напад пред пасивната барикадна тактика.

Дали сега читателот сфаќа поради што владејачките сили сакаат да нe намамат директно онаму каде што пушки пукаат и сабји сечат? Зошто денес нe обвинуваат за кукавичлак кога не сакаме веднаш да отидеме на улица, каде што однапред знаеме дека нe чека пораз? Зошто толку ревносно нe преколнуваат најпосле веќе еднаш да ја одиграме улогата на топовско месо?

Господата залудно ги трошат своите молби како и своите предизвикувања. Толку глупи не сме. Исто така тие би можеле при следната војна да побараат од непријателот да ги построи своите трупи во линиската формација на стариот Фриц [Фридрих Втори Пруски], или во колони од цели дивизии, како кај Ваграм и Ватерло [9] и тоа со пушка-кременка во рацете. Ако се променија условите за војна помеѓу народите, ништо помалку не се променија и условите за класна борба. Времето на ненадејни препади, на револуции кои ги изведуваа мали свесни малцинства на чело на несвесните маси е поминато. Таму каде што се работи за целосна преобразба на општествената организација, таму масите морат самите да земат учество, самите мораат да сфаќаат за што се работи, за што се залагаат со телото и душата. На тоа нe учи историјата од последните 50 години. Но за масите да разберат што треба да се прави, потребен е долга, истрајна работа и токму таа работа сега ја вршиме и тоа со успех кој противникот го доведува до очај.

И во романските земји сe повеќе и повеќе се увидува дека старата тактика мора да се ревидира. Насекаде се подражава германскиот пример на користење на правото на глас, на освојување на сите места кои ни се достапни, насекаде покренувањето на неподготвени напади е потиснато во заднина. Во Франција, каде што тлото преку сто години е поткопувано од низа револуции, каде што нема ниту една партија која нема свој удел во заверите, востанијата и сите други револуционерни акции; во Франција, каде што поради тоа војската на владата никако не е сигурна и каде што приликите воопшто се далеку поповолни за востанички препад отколку во Германија - дури и во Франција социјалистите сe повеќе и повеќе увидуваат дека не е можно да се извојува трајна победа ако претходно не се придобие големата маса од народот т.е. во овој случај селаните. Бавната пропагандна работа и парламентарната активност и овде се признаени за најнепосредна задача на партијата. Успесите не изостануваат. Не само што е освоена цела низа општински совети, во Парламентот седат 50 социјалисти и тие веќе соборија три влади и еден претседател на Републиката. Во Белгија работниците изнудија право на глас минатата година и победија во четвртина од изборните окрузи. Во Швајцарија, во Италија, во Данска, па дури и во Бугарија и Романија социјалистите се застапени во парламентите. Во Австрија сите партии се согласуваат околу тоа дека пристапот во Царскиот совет не може повеќе да ни се укратува. Ќе одиме и таму, тоа е сигурно, спорно е само - низ која врата. Дури и во Русија, ако таму се состане познатиот Земски собор, она народно собрание на кое младиот Николај така залудно му се противи, можеме со сигурност да сметаме на тоа дека и таму ќе бидеме застапени.

Само по себе се подразбира дека нашите другари во странство не се одрекуваат од своето право на револуција. Правото на револуција воопшто е единственото вистинско “историско право”, единствено право врз кое се втемелени сите модерни држави без исклучок, вклучувајќи го и Мекленбург, чија благородничка револуција заврши во 1755 со “Договорот за наследството”, со таа и денес важечка славна повелба на феудализмот. Правото на револуција е толку неотповикливо признаено во општата свест што дури и генералот фон Богуславски [10] само од ова народно право го изведува правото на државен удар кое го бара за својот кајзер.

Но што и да се случи во другите земји, германската социјалдемократија има посебна положба и, според тоа, и барем засега и посебна задача. Двата милиони гласачи, што таа ги испраќа на избирачките кутии, покрај младите мажи и жените кои стојат зад нив како не-гласачи, прават најбројна, најкомпактна маса, одлучувачки “ударен одред” на меѓународната пролетерска војска. Таа маса веќе сега претставува преку четвртина од предадените гласови и таа, како што покажуваат дополнителните избори за Рајхстагот, изборите за земските собранија во некои држави, изборите за општинските совети и за трговските судови - непрекинато расте. Нејзиниот растеж е така спонтан, така непрекинат, така неодолив и истовремено така мирен како некој природен процес. Сите владини обиди да го спречи тоа се покажаа како неуспешни. На 2 1 / 4 милиони гласачи веќе денес можеме да сметаме. Ако така биде и во иднина, до крајот на векот ќе го освоиме поголемиот дел од средните слоеви од општеството, ситната буржоазија како и ситните селани и ќе се развиеме во одлучувачка сила во земјата, пред која сите останати ќе мораат да се поклонуваат, сакале или не сакале. Постојано да се одржува тој пораст додека тој сам од себе не го надрасне преку главата сегашниот систем на владеење, да не се уништи тој од ден на ден сe посилен ударен одред во авангардните борби, туку да се сочува недопрен за решавачкиот ден - тоа е нашата главна задача. Има само едно средство со кое постојаниот пораст на социјалистичките борбени сили во Германија може привремено да биде задржан и дури за одредено време да биде фрлен назад: судирот од големи размери со војската, пуштањето крв како она од Париз 1871. На долг рок и тоа би го совладале. Една партија која брои милиони не може да се збрише од лицето на земјата; за тоа не се доволни ниту сите пушки со магацин во Европа и Америка. Но нормалниот развиток би бил забавен, ударниот одред веројатно не би ни стоел на располагање во критичниот момент, до одлучувачката борба би дошло подоцна, би била одложена и би била добиена со потешки жртви.

Иронијата на светската историја сe поставува на глава. Ние, “револуционерите”, “превратниците”, ние напредуваме далеку подобро преку законските средства отколку преку незаконските и преку превратот. Партиите на редот, како што тие самите се нарекуваат, пропаѓаат од законитата состојба која самите ја создадоа. Тие очајнички викаат заедно со Одилон Баро: [11] la legalite nous tue, законитоста нe убива, додека ние, при истата законитост, добиваме цврсти мускули и румени образи и изгледаме како вечен живот. И ако ние не бидеме толку луди, ним за волја, да дозволиме да бидеме натерани на улична борба, ним најпосле нема да им преостане ништо друго освен самите да ја нарушат таа за нив фатална законитост.

Засега тие прават нови закони против превратот. Повторно сe е поставено на глава. Зарем тие денешни фанатични противници на превратот не се и самите вчерашни превратници? Ние да не ја предизвикавме граѓанската војна од 1866? Ние да не ги протеравме кралот на Хановер, изборниот кнез на Хесен, војводата од Насау од нивните наследни, легитимни земји [12] и да не ги анектиравме нивните земји? И тие превратници на Германскиот сојуз и на три круни според божјата милост се жалат на превратот! Quis tulerit Gracchos de seditione querentes? [13] Кој да им дозволи на Бизмарковите поклоненици да го навредуваат превратот?

Сепак, нека ги спроведуваат своите предлог закони против превратот, нека ги направат уште посурови, нека го претворат целиот кривичен законик во каучук, нема ништо да постигнат освен нов доказ за својата немоќ. За сериозно да ја загрозат социјалдемократијата, ќе мораат да се фатат за уште сосема поинакви мерки. Со социјалдемократскиот преврат, кој моментално живее од тоа што се придржува до законот, тие можат да се справат само преку преврат извршен од страна на партиите на редот, кој не може да живее не нарушувајќи ги законите. Господинот Реслер, пруски бирократ, и господинот Богуславски, пруски генерал, им го покажаа единствениот пат преку кој можеби сe уште можат да се справат со работниците, кои сега повеќе не дозволуваат да бидат намамени на улична борба. Кршење на Уставот, диктатура, враќање кон апсолутизмот, regis voluntas suprema lex! [14] Само храбро, господа, тука не помага острината на јазикот, тука мора да делувате!

Но не заборавајте дека Германскиот рајх, како и сите мали држави и воопшто како и сите модерни држави, е производ на договор; договор, прво, на владетелите помеѓу себе, второ, на владетелите со народот. Ако едната страна го прекрши договорот, паѓа целиот договор и тогаш и втората страна повеќе не е врзана. Како што Бизмарк тоа толку убаво ни го покажа во 1866. Ако вие го прекршите Уставот, социјалдемократијата ќе има слободни раце, таа може против вас да го прави или да не го право она што и' е по волја. Но што тогаш таа ќе направи - тешко дека тоа денес ќе ви го откриеме!

Сега речиси има точно 1.600 години откако во Римското царство делуваше една исто така опасна партија на превратот. Таа ја поткопуваше религијата и сите темели на државата; таа отворено одрекуваше дека царевата волја е највисок закон, беше без татковина, интернационална, се ширеше низ целото царство од Галија до Азија и преку границите на царството. Долго копаше подземно, во тајност, но веќе подолго време се чувствуваше доволно силна да излезе на светлината на денот. Таа партија на превратот, позната под името христијани, беше силно присутна и во војската; цели легии беа христијански. Кога ќе им наредеа да присуствуваат на жртвените церемонии на паганската државна црква за таму да оддадат почит, превратничките војници беа толку дрски што во знак на протест на шлемовите ставаа посебен знак - крст. Дури и вообичаените касарнски грубијанства од страна на старешините беа залудни. Царот Диоклецијан повеќе не можеше мирно да гледа како во неговата војска се поткопуваат редот, послушноста и дисциплината. Презеде енергични мерки додека сe уште имаше време. Донесе еден закон против социјалистите, сакав да кажам против христијаните. Собирите на превратниците беа забранети, нивните простории беа затворени или дури и срушени, христијанските знаци, крстови итн. беа забранети, како што беа забранети и во Саксонија црвените марами. На христијаните им беше одземено правото да бидат во државна служба, не смееја да бидат ниту десетари. Бидејќи тогаш сe уште немаше судии толку добро издресирани за судење “со оглед на личноста”, како што ги претпоставува предлог законот против превратот што го поднесе господинот фон Келер, [15] на христијаните едноставно им забранија да го бараат своето право пред суд. Но и тој вонреден закон не помогна. Христијаните со презир го симнуваа од ѕидовите, велат дека во Никомедија на царот му го запалија и дворецот над главата. Тогаш тој се одмазди преку големиот прогон на христијаните од 303 година од нашата ера. Тој беше последниот од својот вид. А беше толку успешен што по 17 години војската се состоеше претежно од христијани, а следниот автократ на целото Римско царство, Константин, кого поповите го нарекоа велик, го прогласи христијанството за државна религија.

Ф. Енгелс

Лондон, 6 март 1895.


1 Заксенвалд - посед во близината на Хамбург што царот Вилхелм Први му го даде на Бизмарк во 1871.

2 In partibus infidelium (лат.) - "во земјите на неверниците”, додаток на титулата на католичките бискупи кои беа поставувани на чисто номинални должности како бискупи во некои нехристијански земји.

3 Се мисли на двата монархистички табори во тогашна Франција, легитимистите и орлеанистите. Легитимистите беа приврзаници на постарата бурбонска лоза, соборена со револуцијата од 1830, а орлеанистите - приврзаници на помладата бурбонска лоза, која дојде на власт по 1830.

4 Германскиот сојуз беше создаден на Виенскиот конгрес во 1815 и тогаш во него влегоа 35 германски државички и 4 слободни градови. Постоеше до Австро-пруската војна од 1866, која ја доби Прусија.

5 Германското царство што беше формирано по победата на Прусија над Франција во војната 1870-1871 не ја вклучи Австрија, односно германските делови на Австрија, поради што беше нарекувано “мало-германско царство”.

6 По Француско-пруската војна Франција мораше да и' прати репарации на Германија во висина од 5 милијарди франци.

7 Вонредниот закон против социјалистите беше донесен во 1878 и траеше до 1890. Со него се забрануваа сите организации на Социјалдемократската партија на Германија, масовните работнички организации и работничкиот печат.

8 Енгелс ја цитира теоретската преамбула на Програмата на Француската работничка партија усвоена на конгресот во 1880, а напишана од Маркс.

9 Битката кај Ваграм се одигра во 1809, а битката кај Ватерло во 1815.

10 Алберт фон Богуславски (1834-1905), пруски генерал и воен писател.

11 Одилон Баро (1791-1873) - француски политичар, монархист.

12 Прусија ги анектира кралството Хановер, изборното кнежество Хесен-Касел и големото војводство Насау како резултат на победата над Австрија во војната од 1866.

13 Кој би им дозволил на Грасите да се жалат на бунтот? (Јувенал “Сатири”, II, 24).

14 Волјата на кралот е највисок закон.

15 Во декември 1894 на Рајхстагот му беше поднесен нов предлог закон против социјалистите, но тој во мај 1895 беше отфрлен.