Џорџ Орвел

Политиката и англискиот јазик


Првпат објавено: George Orwell: Politics and the English Language, , Horizon. London. April 1946.
Извор: „Блесок“, бр. 21, јуни-јули 2001.
Превод: Нора Буклевска (корекции: Здравко Савески)
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: јули 2019


Поголемиот дел од луѓето кои воопшто размислуваат на оваа тема, би признале дека англискиот јазик е во лоша состојба, но општо се смета дека ние, со свесно дејствување, не можеме ништо да сториме за тоа. Вообичаениот аргумент е дека нашата цивилизација е декадентна и дека нашиот јазик мора неминовно да го следи општото пропаѓање. Следи дека секој обид за борба против злоупотребата на јазикот е сентиментален архаизам, како користење на свеќи наместо електрична енергија или кочии наместо авиони. Под сето ова лежи полусвесното верување дека јазикот природно си се развива, а не дека е алатка која ние ја обликуваме за да ги задоволи нашите сопствени цели.

Значи, јасно е дека, во суштина, падот на еден јазик доаѓа поради политички и економски причини: тоа не се случува едноставно поради лошото влијание на овој или оној писател како поединец. Но ефектот може да стане причина, која ја засилува првобитната причина и го произведува истиот ефект во засилена форма, и така во недоглед. Човек може да почне да пие, затоа што се чувствува како губитник, но потоа да пропадне сосема токму поради тоа што пие. Тоа истото се случува и со англискиот јазик. Тој станува грд и непрецизен затоа што мислите ни заглупуваат, но збрканоста на јазикот ни предизвикува да ни е полесно да имаме заглупени мисли. Поентата е во тоа што овој процес е поправлив. Современиот англиски јазик, особено пишаниот англиски јазик, е полн со лоши навики кои се шират со имитирање, но можат да се избегнат со вложување на неопходниот напор. Ако се ослободиме од овие навики ќе можеме да размислуваме појасно, а да се размислува појасно е првиот неопходен чекор кон политичка обнова: затоа борбата против лошиот англиски не е бесполезна и не е грижа исклучиво на професионалните писатели. На ова ќе се навратам за кратко и се надевам дека за тоа време значењето на ова што го велам ќе биде појасно. Во меѓувреме, еве пет примери на употреба на англискиот јазик, онаков каков што го среќаваме сега.

Овие пет извадоци не се одбрани затоа што се особено лоши – можев да цитирам и далеку полоши – туку затоа што илустрираат палета од менталните пороци од кои страдаме. Тие се малку под просекот, но се прилично соодветни. Нумерирани се за да можам подоцна да им се навратам кога ќе биде потребно:

(1) Не сум, секако, сигурен дали не е вистинито да се каже дека оној Милтон кој некогаш не се чинеше несличен на Шели од седумнаесеттиот век, не станал, од искуства сè погорки секоја следна година, потуѓ [sic!] на основачот на онаа језуитска секта што ништо не можеше да го наведе да ја толерира.

Професор Харолд Ласки („Есеј за слобода на изразувањето“)

(2) И најпосле, не можеме да си играме мачка и глушец со арсеналот идиоми од мајчиниот јазик кој што налага такви исклучителни колокации од зборови како што се базичните „да истрпи“ за „толерира“ или “да е во загуба“ за „се збуни“.

Професор Ланселот Хогбен („Интеглоса“)

(3) Од една страна, ја имаме слободната личност: по дефиниција таа не е невротична, затоа што ниту сонува ниту е во конфликт. Нејзините копнежи, онакви какви што се, се транспарентни, затоа што се токму она што институционалното одобрување ги одржува на челното место на свесноста: друга институционална шема, пак, ќе ги промени нејзиниот број и интензитет; има малку во нив што е природно, несведливо, или културолошки опасно. Но од друга страна, општествената врска сама по себе не е ништо друго до меѓусебен отсјај на овие само-обезбедени интегритети. Да се потсетиме на дефиницијата за љубовта. Не е ли тоа типична слика на еден мал академски професор? Каде има овде, во оваа сала со огледала место, било за личноста или за братството?

Есеј по психологија во политиката (Њуjорк)

(4) Сите „најдобри луѓе“ од господските клубови и сите френетични фашистички капетани, обединети во заедничката омраза кон социјализмот и во чудовишниот хорор од растечкиот наплив на масовното револуционерно движење, се свртија кон акти на провокација, во одвратни насилства, сè до средновековни легенди за отруени бунари, сè со цел да се легализира нивното уништување на пролетерските организации, да се подигне вознемирената ситна буржоазија на шовинистички восклик, во име на борбата против револуционерниот излез од кризата.

Комунистички памфлет

(5) Ако треба да се внесе нов дух во оваа стара земја, има една трнлива и кавгаџиска реформа што мора да се преземе, а тоа е хуманизацијата и галванизацијата на BBC. Срамежливоста овде ќе биде доказ за болест и атрофија на душата. Срцето на Британија можеби е здраво и силно отчукува, на пример, но британскиот лавовски извик во моментов е како оној на Ботом во Шекспировата „Сон на летната ноќ“ – мил како гулапче. Новата витална Британија не може бесконечно да продолжи да се клевети во очите или уште повеќе во ушите на светот со мрзеливата летаргија на Ленгам Плејс, бесрамно маскиран како „стандарден англиски јазик“. Кога „Гласот на Британија“ ќе се слушне во девет часот, многу подобро и бескрајно поненормално е да се чуе чесно мрморење, наместо тековниве педантериски, надуени, инхибирани, магарешки рикања и мјаукања на недопрени срамежливи стари моми.

Писмо во „Трибјун“

Секој од овие пасуси има свои грешки, но, освен грдоста што може да се избегне, две обележја се карактеристични за сите нив. Првото е мртвилото на изразните средства; второто е недостатокот на прецизност. Авторот или има што да каже и не може да се изрази, или ја промашува темата, или пак му е сеедно дали неговите зборови нешто значат. Оваа комбинација на нејасност и чиста неспособност е највпечатливо обележје на современата англиска проза, а особено на кој било вид политички текстови. Веднаш штом се отвори некоја тема, конкретното се губи во апстрактното и се чини дека никој не помислува да ги промени зачмаените изрази: прозата сè помалку се состои од зборови избрани заради нивното значење, а сè повеќе од фрази залепени една за друга како блокови од монтажен кокошарник. Подолу, со примери и забелешки, ќе набројам разни начини, со помош на кои прозните конструкции можат да се освежат:

Мртви метафори. Ново-измислената метафора ѝ помага на мислата со тоа што создава умствена слика. Од друга страна, метафората која што е технички „мртва“ (на пример, „челична решителност“) фактички повторно станала секојдневен збор, кој во принцип може да се употреби без да изгуби од живоста. Но помеѓу овие две класи има една огромна група од истрошени метафори, што ја изгубиле сета моќ да провоцираат и се користат само затоа што луѓето ги мрзи да креираат сопствени фрази. На пример: „да се застане рамо до рамо со“, „лов во матно“, „Ахилова петица“, „Дамоклов меч“, „лебедова песна“, итн. Повеќето од овие фрази се користат без да се знае нивното значење и често се комбинираат некомпатибилни метафори, што е сигурен знак дека авторот не е заинтересиран за она што го зборува. Значењето на некои метафори сега е поместено и е поинакво од оригиналното, а оние што ги креираат воопшто не се свесни за тоа. На пример, метафората “toe the line“ (буквално „да се застане со прстите на стартната линија“ односно стриктно да се следат правила) некогаш ќе ја сретнеме напишана вака “tow the line“ (tow – влече, „да ја влечеш линијата“). Уште еден пример е метафората „чеканот и наковалната“, сега секогаш употребувана со импликација дека наковалната е таа што страда, што е уништена од чеканот. Во стварноста секогаш наковалната го крши чеканот, а не обратно: авторот кој престанал да размислува што зборува треба да биде свесен за ова и да не го менува оригиналното значење.

Погрешни вербални додавки. Овие додавки го олеснуваат изборот на соодветни глаголи и именки, а истовремено даваат ритам на речениците. Тоа се постигнува со дополнителните слогови кои даваат привидна симетричност. Некои карактеристични фрази се: „да оствари контакт“, „е предмет на“, „дава основа за“, „има ефект на“, „има водечка улога во“, „покажува тенденција на“, „има за цел“, итн, итн. Овде е клучна елиминацијата на простите глаголи. Наместо да биде еден збор, како: крши, прекинува, расипува, поправа, убива, глаголот станува фраза, составен од именка или придавка закачени за некои глаголи со општа употреба, како што е докажува, служи, формира, игра, произведува. Дополнително на тоа, пасивната форма се користи и каде што треба и каде што не треба, а именските конструкции се користат наместо глаголските („со испитување“, наместо „испитувајќи“). Изборот на глаголи дополнително се ограничува со помош на претставката „де–“, наставката „–изира“ и двојната негација, со што на баналните изјави им се дава изглед на софистицираност. Некои едноставни сврзници и предлози се заменуваат со фрази како што се „во однос на“, „што се однесува до“, „фактот што“, „од аспект на“, „во интерес на“, „под претпоставка дека“, а пак краевите на речениците се спасуваат од антиклимакс со такви истрошени изрази, како што се: „не може да се изостави и“, „се очекува развој во блиска иднина“, „заслужува особено внимание“, „и се донесе задоволителен заклучок“, итн., итн.

Претенциозна дикција. Зборовите како што се појава, елемент, поединец, објективно, категорично, ефективно, виртуелно, основно, базично, промовира, конституира, покажува, истражува, искористува, елиминира, ликвидира, се користат за да маскираат едноставни реченици и да им се даде призвук на научна објективност на пристрасните ставови. Придавките како што се: епохално, епско, историско, незаборавно, триумфално, прастаро, неизбежно, неумоливо, вистинито, се користат да се направат достоинствени валканите процеси на меѓународната политика, а она пишување кое ја глорифицира војната обично зазема архаична боја и нејзин типичен начин на пишување ги вклучува следните зборови: царство, трон, кочија, стисната тупаница, трозабец, меч, штит, барјак, чизма, воена труба и сл. Странските зборови и изрази како што се cul de sac, ancien regime, deux ex machina, mutatis, mutandis, status quo, gleishsaltung, weltanschauung, се користат да се даде призвук на елеганција и култура. Освен корисните кратенки, i.e., e.g. и e.t.c., нема вистинска потреба од ниту една од стотиците странски фрази кои се користат во англискиот јазик. Лошите автори, особено од природните науки, политиката или социологијата, секогаш се прогонувани од идејата дека латинските или грчките зборови се „поголеми“ од изворните, и непотребните зборови како што се експедитивно, амелиорација, екстерно и стотици други постојано се користат наместо англо-саксонските зборови.[1] Жаргонот типичен за марксистичката литература (хиена, џелат, канибал, ситнобуржоаска, лакеј, лудо куче, белогардејци итн.) најмногу се состои од зборови и фрази преведени од руски, германски или француски. Но, вообичаениот начин за создавање нов збор е употреба на латински или грчки корен со соодветна додавка и, онаму каде што е потребно, наставката –изира. Најчесто, полесно е да се создаде ваков збор, (дерегионализира, екстрамаритално, нефрагментирано) отколку да се сетиме на домашен збор кој ќе одговара на значењето. Како резултат се зголемува неуредноста и неодреденоста.

Бесмислени зборови. Во некои прозни форми, особено кај ликовната и литературната критика, вообичаено е да се сретнат големи пасуси, кои скоро ништо не кажуваат.[2] Зборови како што се романтично, пластично, вредности, човечко, мртво, сентиментално, натурално и виталност, се користат во ликовната критика и се сосема празни, во смисла дека не само што не посочуваат на конкретен објект, туку и читателот веќе не го очекува тоа од нив. Кога еден критичар вели: „Неверојатната особина на делата на господин X се состои во нивниот витален квалитет“, а некој друг: „Тоа што најпрво паѓа во очи кај делата на господин X е особеното мртвило“, читателот ги прима само како разлики во мислењата. Но ако се употребат зборови како што се бело и црно, наместо жаргонските мртвило и виталност, читателот веднаш ќе увиди дека јазикот се користи неправилно. Многу политички зборови се злоупотребуваат на сличен начин. Зборот фашизам, сега веќе нема значење освен што означува „нешто што не е пожелно“. Зборовите демократија, слобода, патриотско, реално, правда, имаат по неколку различни значења кои не можат да се усогласат едно со друго. Во случајот на зборот демократија, не само што нема една дефиниција, туку и обидот да се дефинира ќе биде попречен од сите страни. Скоро универзално се смета дека ако една земја ја наречеме демократска, тоа значи дека ја фалиме: како резултат, бранителите на кој и да е режим, ќе тврдат дека тоа е демократија и ќе стравуваат дека ќе мора да престанат да го употребуваат зборот ако се врзе за одредено значење. Зборови од овој вид најчесто се користат на свесно нечесен начин. Односно, тој што ги употребува си има своја дефиниција за нив, но дозволува слушателот да мисли дека тој подразбира нешто сосема друго. Изјави од типот: „Маршалот Петен беше вистински патриот“, „Советскиот печат е најслободен на светот“, „Католичката црква му се спротивставува на прогонот“, се скоро секогаш напишани со цел да доведат во заблуда. Други зборови кои се користат со различни значења, најчесто нечесно, се следните: класа, тоталитарно, наука, прогресивно, реакционерно, буржоаско, еднаквост.

Сега кога го составив овој каталог на далавери и испревртувања, ќе ви дадам уште еден пример на нивното дејство. Овојпат тоа мора поради својата природа да биде имагинарен пример. Ќе преведам еден пасус од добар англиски на модерен англиски јазик од најлошиот вид. Ова се добро познати стихови од „Соборните посланија“:

„И видов под сонцето дека трката не ја добиваат брзите, ни битката силните, ниту лебот го имаат мудрите, ни богатството разборитите, ниту се во милост оние што имаат знаење; зашто, времето и непредвидените настани го снаоѓаат секого од нив.“

Еве го сега истиот текст на модерен англиски:

„Објективното резонирање за модерните феномени укажува на заклучокот дека успехот и падот во компетитивните активности не покажуваат тенденција да бидат сразмерни со вродениот капацитет, туку дека значителен елемент на непредвидливост неминовно мора да се земе предвид.“

Ова е пародија, но без многу претерување. Примерот 3 (горе), на пример, содржи неколку парчиња од истиот тип на јазик. Може да се види дека не направив целосен превод. Почетокот и крајот на реченицата го следат оригиналното значење прилично прецизно, но во средината, конкретните илустрации – трка, борба, леб – се топат во нејасната фраза „успехот и падот во компетитивните активности“. Ова мора да биде така, зашто ниту еден современ автор од типот за кој зборувам – никој што е способен да користи фрази како „објективното размислување за современите феномени“ – нема да состави список од своите мисли на така прецизен и детален начин. Целата тенденција на модерната проза е да бега што подалеку од конкретноста. Сега да ги анализираме овие две реченици подетално. Првата содржи 38 зборови, но само 76 слога и сите зборови се од секојдневниот живот. Втората содржи 36 зборови и 101 слог. Во првата реченица има 6 живи слики, и само една фраза (времето и случајот) што би можела да се нарече нејасна. Во втората реченица нема ниту една свежа, јасна фраза, и покрај нејзините 101 слог, ни дава скратена верзија на значењето опишано во првата. Сепак, вториот тип на реченица е тој што си се вгнездува во англискиот јазик. Не сакам да претерувам. Овој тип на пишување сè уште не е универзален и секогаш ќе се најдат едноставни изрази и во најлошо напишаниот текст. Но, ако на пример мене или вам ни кажат да напишеме неколку реда за неизвесноста на човечката судбина, верувам дека ќе напишеме нешто што е многу поблизу до мојата измислена реченица, а не онаа од „Соборните посланија“.

Како што се обидов да покажам, современото пишување во својата најлоша форма не се состои во одбирање зборови заради нивното значење и создавање слики со цел значењето да се направи појасно. Модерното пишување се состои од лепење на долги низи зборови кои веќе биле наредени во некој ред од некој друг и по инерција изгледаат пристојно, макар што се обично блаботење. Привлечноста на овој тип пишување е во тоа што е лесно. Полесно е – дури и побрзо, штом ја стекнете праксата – да се каже „според мене не е неоправдана претпоставката дека…“ отколку да се каже „јас мислам“. Ако користите готови фрази, не само што не морате да барате фрази, туку и не мора да се грижите за ритамот на вашите реченици, затоа што овие фрази се обично така наместени за да бидат повеќе или помалку милозвучни. Кога составувате реченица набрзина - на пример, кога му диктирате на стенограф или кога држите говор – природно е да се западне во претенциозен, латинизиран стил. Некои конфекциски фрази како „нешто што мораме да земеме предвид е заклучок со кој сите подготвено ќе се сложиме“ се наменети да го спречат предвременото пропаѓање на реченицата. Со употреба на застоени метафори, компарации и идиоми, заштедувате поприличен ментален напор, со ризик тоа што сакате да го кажете да остане нејасно, не само за вашиот читател туку и за вас. Ова е значењето на смешаните метафори. Единствената цел на метафората е да провоцира создавање на визуелна слика. Кога овие слики ќе се судрат – како на пример во „фашистичкиот октопод ја отпеа својата лебедова песна“, „чизмата е фрлена во зовриениот казан“ – може да бидеме сигурни дека авторот не гледа ментална слика на објектите што ги набројува; со други зборови, тој не ни размислува. Погледнете ги повторно примерите што ги дадов на почетокот на овој есеј. Професорот Ласки (1) употреби пет негации во педесет и седум зборови. Една од овие е вишок и го прави целиот пасус бесмислен, а освен тоа има и лапсус – наместо „сроден“, тој вели „потуѓ“ – што чини уште поголема бесмисленост, а тука се уште неколку несмасности, поради што текстот станува уште понејасен. Професорот Хогбен (2) си игра мачка и глушец со арсеналот што може да пишува правила и иако не ја одобрува секојдневната фраза „да се справи со“, неволен е да го побара зборот „исклучително“ во речник. (3) Ако заземеме злонамерен став кон текстот, би рекле дека тој е сосема бесмислен; веројатно неговото значење ќе биде појасно ако се прочита целиот напис од кој е дел. Во (4) авторот помалку или повеќе знае што сака да каже, но натрупувањето на востановени фрази го задушува како листовите од чај што го спречуваат одводот на лавабото. Во (5) зборовите скоро да се збогувале со значењето. Луѓето кои пишуваат на овој начин обично имаат чувство за она што сакаат да го кажат – ним не им се допаѓа едно нешто и сакаат да се сложат со нешто друго – но не ги интересираат деталите на она што го кажуваат. Еден скрупулозен автор, за секоја реченица што ја пишува, ќе се запраша барем четири прашања: Што се обидувам да кажам? Кои зборови се најдобри за тоа? Која слика или идиом ќе го направат појасно она што сакам да го кажам? Дали оваа слика е доволно свежа за да има ефект? Веројатно тој ќе се запраша уште две прашања: Можам ли да го скратам текстов? Дали кажав нешто грдо што може да се избегне? Но, не сте обврзани да поминувате низ сета оваа мака. Можете да си ја олесните работата ако дозволите готовите фрази да ви се нафрлат. Тие ќе ви ја состават реченицата наместо вас – дури и мислите ќе ви ги смислат, во извесна мерка – и по потреба и ќе ви направат услуга и ќе сокријат некое значење дури и од вас самите. Дури во овој момент станува јасно на кој начин се поврзани политиката и деградацијата на јазикот.

Во нашево време, општо земено е точно дека политичкото пишување е лошо пишување. Кога не е така, обично станува збор за писател кој е некој вид бунтовник, кој го изразува своето сопствено мислење, а не некоја „партиска линија“. Ортодоксноста, од која било боја, се чини дека бара безживотен, имитирачки стил. Политичките дијалекти кои се среќаваат во памфлети, насловни написи, манифести, владини изјави и говори на потсекретари, секако, се разликуваат од партија до партија, но слични се по тоа што човек во нив скоро никогаш не среќава свеж, сликовит, оригинален говор. Кога човек гледа некое изморено типче како на сцена механички ги повторува познатите фрази – животинска бруталност, железна пета, крвава тиранија, слободните народи на светот, да се застане рамо до рамо – добива некое чудно чувство дека не гледа живо суштество туку некоја кукла: чувство кое одеднаш се засилува, во моментите кога светлината ќе се одбие од очилата на говорникот и ќе ги престори во празни дискови зад кои се чини дека нема очи. А ова не е сосема нестварно. Говорникот кој употребува ваква фразеологија веќе оди во насока да стане машина. Наменските звуци доаѓаат од неговото грло, но неговиот мозок не е вклучен како што би бил ако би користел зборови кои ги одбрал самиот. Ако говорот кој го држи е истиот кој го повторува по сто пати, тој станал скоро несвесен за тоа што го зборува, како некој што само ги повторува одговорите во црква. Оваа состојба на намалена свесност, ако не клучна, тогаш секако е барем поволна за политичкиот конформизам.

Во нашево време, политичкиот говор и пишување се во голема мера одбрана на неодбранливото. Работи како што се продолжувањето на британското владеење во Индија, руските чистки и прогони, фрлањето на атомската бомба во Јапонија, секако можат да се одбранат, но само со аргументи што се премногу брутални за многу луѓе и кои не се во согласност со јавно искажаните цели на политичките партии. Па така, политичкиот јазик мора да се состои од еуфемизми, од реченици од типот „нападот е најдобра одбрана“ и од ветер во магла. Се бомбардираат незаштитени села, луѓето се натерани да станат бегалци, добитокот изрешетен, живеалиштата намерно запалени: ова се вика „пацификација“. На милиони селани им е одземена земјата, оставени да талкаат по патот со некое врзулче: ова се вика „трансфер на населението“ или „коригирање на границите“. Луѓе се затворени со години без да бидат судени, или се погубени со куршум во тилот или се испратени да умрат во арктичките кампови за сечење дрвја: ова се вика „елиминација на сомнителните елементи“. Ваквата фразеологија е неопходна ако човек сака да ги именува работите без да предизвика ментална слика за нив. Да разгледаме, на пример, изјава на некој утешителен англиски професор, кој го брани рускиот тоталитаризам. Тој не може да каже апла: „Јас верувам во убивањето на непријателите ако со тоа се постигнат добри резултати“. Затоа, најверојатно ќе каже нешто во стилот: „Иако слободно признавам дека советскиот режим покажува извесни карактеристики кои хуманитарецот е настроен да ги презира, ние мораме, мислам, да се согласиме дека извесни ускратувања на правата на политичката опозиција се неизбежни случувања на преодните периоди и дека тешкотиите на кои рускиот народ е повикан да одговори, се сесрдно оправдани во сферата на конкретниот напредок“.

Помпезниот стил е сам по себе еден вид еуфемизам. Натрупаните латински изрази паѓаат врз фактите како мек снег, заматувајќи ги деталите. Најголемиот непријател на јасниот јазик е неискреноста. Кога има јаз помеѓу нечии вистински и прокламирани цели, тој скоро инстинктивно се завртува кон долгите зборови, истрошените идиоми, како што сипата испушта мастило. Во наше време, не постои нешто како што е „немешање во политика“. Сите теми се политички теми, политиката сама по себе е маса од лаги, избегнувања, глупости, омраза и шизофренија. Кога општата ситуација е лоша, јазикот мора да страда. Мислам дека и германскиот, рускиот и италијанскиот јазик – ова е претпоставка за која немам доволно познавања да ја докажам – исто така се влошиле во последните 10-15 години како резултат на диктатурата.

Но ако мислата го расипува јазикот, тогаш и јазикот исто така ја расипува мислата. Лошата употреба на јазикот може да се прошири преку традицијата и имитирањето, дури и помеѓу луѓето од кои се очекува да се свесни за тоа. Влошениот јазик за кој зборував, во некоја рака многу згодно доаѓа во некои ситуации. Фрази како што се „не е неоправдана претпоставката“, „ќе остави простор за нови желби“, „нема добро да послужи“, „една размисла која ќе биде добро да ја земеме предвид“, се постојано искушение, како пакетче аспирини, секогаш на дофат. Прочитајте го повторно овој есеј и сигурен сум дека ќе ги најдете истите грешки против кои протестирам. Утрово по пошта добив памфлет во кој се зборува за настаните во Германија. Авторот вели дека „се чувствува присилен“ да го напише. Го разгледав памфлетот на брзина и еве ја првата реченица што ја забележав: „[Сојузниците] имаат шанса не само да постигнат радикална трансформација на општествената и политичката структура на Германија на таков начин што ќе ја избегнат националистичката реакција во самата Германија, туку истовремено да ги постават темелите за една кооперативна и обединета Европа.“ Видете, тој „се чувствува присилен“ да пишува –претпоставувам чувствува дека има нешто ново да каже – па сепак, неговите зборови се групираат автоматски како пчели во матица, во познатата досадна шема. Инвазијата врз умот на луѓето со готови фрази (да се постават основи, да се постигне радикална трансформација) единствено можат да се спречат ако човек постојано внимава на нив, зашто секоја таква фраза анестезира дел од мозокот.

Веќе порано кажав дека декаденцијата на нашиот јазик веројатно е излечива. Оние кои би го тврделе спротивното, ако воопшто можат да го докажат, би рекле дека јазикот е само одраз на постојните општествени услови и дека не можеме да влијаеме на неговиот развој со директни поправки на зборчиња и конструкции. Ако го разгледаме глобално развојот на јазикот, ова е можеби точно, но не е точно за финесите на еден јазик. Глупавите зборови и изрази често исчезнуваат, не преку еволутивни процеси, туку благодарение на свесното дејство на некое малцинство. Два скорешни примери се „да се ѕирне во секое дупче“ и „бара под дрво и камен“, кои беа уништени од потсмевот на неколку новинари. Постои долг список на мувлосани метафори од кои би можеле просто да се решиме, доколку повеќе луѓе би се заангажирале; би требало да е возможно да се насмееме на двојните негации и да ги избришеме од постоење,[3] да го намалиме обемот на латински и грчки во една просечна реченица, да ги избркаме странските изрази и застранетите научни зборови, и воопшто, да направиме претенциозноста да стане застарена. Но сите овие работи се од минорно значење. Одбраната на англискиот јазик имплицира повеќе од ова, и можеби најдобро е да започнеме од тоа што тој не имплицира.

Како прво, тој не имплицира архаизми, ископување на застарени зборови и начини на изразување или пак поставување на „стандарден англиски јазик“ до кој треба да се придржуваме. Напротив, одбраната на јазикот се состои во тоа да се избрише секој идиом или збор кој ја потрошил својата корисност. Одбраната на јазикот нема врска со точна граматика или синтакса, коишто не се важни сè додека човек јасно го каже тоа што сака, со избегнување на американизми, или пак со установување на „добар прозен стил“. Од друга страна, пак, добриот јазик не треба да се поврзува со лажна едноставност и со обидот да се направи пишаниот збор колоквијален. Ниту пак треба да се претпочита употребата на изворен наместо латински збор, или пак да се употребуваат секогаш најкратките зборови што ќе го покријат значењето. Тоа што е над сè неопходно е значењето да го избере зборот, а не обратно. Во прозата, најлошото нешто што човек може да го стори со зборовите е да им се предаде. Кога ќе помислите на конкретен објект, размислувате без зборови, и потоа, ако сакате да го опишете она што го визуализирате, најверојатно го барате додека не најдете точни зборови кои што се чини дека одговараат на значењето. Кога размислувате за нешто апстрактно, поверојатно е дека веднаш ќе употребите зборови и ако свесно не го прекинете овој процес, најверојатно вистинскиот израз ќе си дојде сам по себе и ќе ја заврши работата за вас, со ризик дека значењето може да се измени или да не е сосем јасно. Најверојатно најдобро е да се одложи употребата на зборови најдолго што може и да се појасни значењето преку слики и чувства. Потоа може да се одберат – а не само да се прифатат – фразите кои најдобро го опфаќаат значењето, а потоа да се промени улогата и да се помисли како ќе делуваат избраните зборови на оној што чита. Овој последен напор на умот ги отсекува и ги исфрла сите истрошени или нејасни слики, сите префабрикувани фрази, непотребни повторувања, блаботења и нејаснотии. Но можеби некогаш ќе се посомневаме за ефектот на некој збор или фраза и затоа се потребни правила на кои можеме да се потпреме кога инстинктот ќе нѐ изневери. Мислам дека следните правила ќе ги опфатат повеќето случаи:

1. Никогаш не употребувајте метафора, компарација или друго изразно средство кое што веќе сте го виделе во печат.
2. Никогаш не употребувајте долг збор ако и краткиот може да заврши работа.
3. Ако е можно да изоставите некој збор, сторете го тоа.
4. Никогаш не употребувајте пасивна форма ако можете да употребите активна.
5. Никогаш не употребувајте странски израз, научен израз или жаргон ако можете да се сетите на англиски еквивалент.
6. Подобро прекршете било кое од овие правила отколку да кажете некоја глупост.

Овие правила звучат просто, а тие тоа и се, но тие бараат длабока промена во ставот кај сите оние кои се навикнати да пишуваат во стилот кој е сега модерен. Човек може да се придржува до сите овие правила, и сепак да пишува лошо, но не и да пишува онакви работи какви што цитирав во петте извадоци на почетокот на текстов.

Овде не се бавев со литературната употреба на јазикот, туку само со јазикот како инструмент за изразување, а не за сокривање и спречување на мислата. Стјуарт Чејс и други дојдоа близу до тврдењето дека сите апстрактни зборови се бесмислени и го употребија ова како изговор за залагање за еден вид политички квиетизам. Штом не знаете што е тоа фашизам, како ќе се борите против него? Човек не мора да проголтува апсурдности од овој тип, но мора да признае дека тековниот политички хаос е поврзан со пропаста на јазикот и дека нешто може да промени на подобро, со тоа што ќе започне од вербалниот крај. Ако го поедноставите вашиот англиски јазик, тогаш сте ослободени од најголемите глупости на ортодоксноста. Нема да зборувате ниту еден од неопходните дијалекти и ако направите некоја глупава забелешка, тоа ќе биде очигледно, дури и за вас. Политичкиот јазик – и со некои варијации ова е точно за сите политички партии, од конзервативците до анархистите – е создаден за да направи лагите да звучат вистинито, а убиството вредно за почит, да му даде цврстина на ветрот во магла. Ова не може да се промени одеднаш, но човек може да ги промени своите сопствени навики и од време на време може дури и да се насмее доволно гласно и да испрати некоја истрошена и бескорисна фраза – некоја фашистичка чизма, Ахилова пета, осило, лакмусов тест, реален пекол итн. – во корпата за отпадоци, каде што и припаѓа.


Забелешки на преведувачот

[1] Интересна илустрација за овој проблем е начинот на кој англиските имињата на цвеќиња кои до скоро се употребуваа се заменети со грчки, белата рада станува myosotis, зумбулот станува hyacinthus orientalis. Тешко е да се согледа практичната причина за оваа помодна промена: тоа е веројатно поради инстинктивното оттргнување од домашниот збор и нејасното чувство дека грчкиот збор е понаучен.

[2] Пример: „Католицизмот на перцепцијата и сликата на Конфорт, чудно витмановска во опфатот, скоро сосема контрастна на естетските норми, продолжува да креира нежно атмосферско кумулативно сеќавање во една сурова, ненадминливо безгрижна безвременост… Реј Гардинер успешно цели среде очите на бикот, со голема прецизност. Само, тие не се така едноставни и иако оваа задоволувачка тага се проткајува повеќе отколку површната горко-слатка резигнираност.“ (“Poetry Quarterly”).

[3] Можеме да се излечиме од двојните негации со вежбање на реченицата: Не нецрно куче бркаше не немал зајак преку не незелено поле.


Орвелова архива

марксистичка интернет архива