Џорџ Орвел

1984

(извадоци)


Првпат објавено: 1949.
Извор: Календар
Техничка обработка: Календар
Онлајн верзија: февруари 2020


Глава девет

...

Теорија и практика на олигархискиот колективизам

...

Глава прва
Незнаењето е моќ

Во текот на целата пишувана историја, а веројатно уште од крајот на неолитот, на светот постоеле три вида луѓе: високи, средни и ниски. Биле поделени на многу подгрупи, носеле безброј различни имиња, а нивниот броен однос, како и меѓусебниот однос, варирале од еден до друг период; но во суштината, структурата на општеството не се менувала. Дури и во огромни пресврти и навидум неповратни промени, секогаш повторно се воспоставувала истата структура, токму како што жироскопот секогаш се враќа во состојба на рамнотежа колку и да се ниша од едната на другата страна.

„Јулија, будна ли си?“ праша Винстон.

„Да, љубов моја, те слушам. Продолжи, прекрасно е.“

Тој продолжи:

Целите на овие групи се наполно непомирливи. Целта на високите е да останат таму каде што се. Целта на средните е да го преземат местото на високите. Целта на ниските, кога имаат цел – бидејќи постојана карактеристика им е тоа што се премногу притиснати од црнчење за да бидат свесни за што било друго освен за својот секојдневен живот – е да се укинат сите разлики и да создадат општество во кое сите ќе бидат еднакви. Така низ целата историја се повторува битката што е во основата секогаш иста. Високите остануваат на власт во текот на долг период, но порано или подоцна секогаш доаѓа моментот кога или ги губат вербата во себе или способноста ефективно да владејат, или и едното и другото. Потоа средните ги симнуваат од власт, претходно придобивајќи ги ниските во нивната стара положба на слуги, а самите стануваат високи. При тоа, од ниските или од поранешните високи или од двете групи, се отцепува група нови средни и борбата почнува од почеток. Од овие три групи, единствено ниските дури ни повремено не успеваат да ги остварат своите цели. Би било претерано да се каже дека низ целата историја немало никаков материјален напредок. Дури и денес, во периодот на опаѓање, просечниот човек е физички во подобра ситуација отколку пред неколку столетија. Но, никаков напредок во богатството, никаква цивилизираност во однесувањето, никаква реформа и ниту една револуција не ја приближија еднаквоста до човештвото ниту за милиметар. Од гледна точка на ниските, ниту една историска промена никогаш не значела ништо друго освен промена на името на господарот.

Кон крајот на XIX век, повратниот карактер на овој процес станува очигледен за многу набљудувачи. Притоа, се појавиле школи на мислители што ја толкувале историјата како цикличен процес и тврделе дека нееднаквоста е непроменлив закон на човечкиот живот. Се разбира, оваа доктрина секогаш имала следбеници, но сега начинот на кој била изнесена значително се променил. Во минатото, потребата од хиерархиски облик на општеството била специфична доктрина на високите. Неа ја проповедале кралевите и аристократите, а исто така и нивните паразити: свештеници, адвокати и слични, ублажувајќи ја со ветувањата дека ќе им биде надоместено во замислениот свет од другата страна на гробот. Средните, додека се борат за власт, секогаш ги употребуваа зборовите како слобода, правда и братство. Меѓутоа, сега идејата за човековото братство почнуваат да ја напаѓаат оние што сѐ уште не биле на управувачка функција, туку едноставно се надевале дека наскоро ќе дојдат до неа. Во минатото, средните кревале револуција под знамето на еднаквоста, а потоа, откако ќе ја собореле старата, воспоставувале нова тиранија. Социјализмот, теорија што се појавила на почетокот на XIX век, а која претставува последна алка во мисловната верига што се протега сѐ до робовските побуни од античко време, сѐ уште беше силно инфициран со утопистичките идеи на минатите времиња. Но, во секоја варијанта на социјализмот што се појавила од околу 1900 година наваму, целта да се воспостават слобода и еднаквост сѐ поотворено била напуштана. Новите движења што се појавиле во средината на векот: англосоцот во Океанија, необолшевизмот во Евроазија и обожавањето на смртта, како што обично се нарекува во Истоказија, имале свесна цел, овековечување на неслободата и неднаквоста. Овие нови движења, се разбира, никнале од старите и имале тенденција да ги задржат старите имиња и на зборови да ѝ оддадат почит на старата идеологија. Но целта на сите нив била во одреден момент да се запре напредокот и да се закочи историјата. Веќе познатото нишало требало да направи уште еден замав и потоа да престане. По обичај, високите требало да бидат протерани од средните, кои со тоа ќе станеле високи, но овој пат применувајќи свесна стратегија, високите ќе биде во состојба да ја задржат својата положба вечно.

Овие нови доктрини никнале делумно поради натрупаното историско знаење и поради развојот на историската свест, која пред XIX век речиси не постоела. Цикличниот тек на историјата сега станал јасен или барем така изгледал; а ако е јасен, тогаш е и променлив. Но главната суштинска причина било тоа што уште од почетокот на XX век човечката еднаквост станала технички невозможна. Сѐ уште било вистина дека луѓето не се еднакви според своите вродени таленти и дека функциите мора да се специјализираат, така што на некои единки им се дава предност пред други; но веќе не постоела вистинска потреба за класни разлики или за големи разлики во богатството. Во поранешните времиња, класните разлики биле не само неизбежни, туку и пожелни. Нееднаквоста претставувала цена на цивилизацијата. Меѓутоа, развојот на машинското производство ја промени ситуацијата. Иако и понатаму било потребно луѓето да извршуваат различни работи, веќе не било потребно да живеат на различни општествени или економски нивоа. Со тоа, според мислењето на новите групи што биле подготвени да ја приграбат власта, човечката еднаквост веќе не била идеалот за кој требало да се борат, туку опасност што требало да се спречи. Во примитивните времиња, кога праведно и мирно општество всушност не ни можело да постои, релативно лесно можело да се верува во еднаквоста. Визијата за земскиот рај, во кој луѓето ќе живеат заедно како браќа, без закон и без макотрпна работа, илјадници години не ја напуштила човечката мечта. Таа визија во извесна мера, ја имале дури и групите на кои историските промени им донесле корист. Наследниците на француската, англиската и американската револуција делумно и самите верувале во своите фрази за човечки права, слобода на говорот, еднаквост пред законот и сл. и дури дозволиле тие фрази во извесна смисла да влијаат врз однесувањето. Меѓутоа, во четвртата деценија на XX век сите главни текови на политичките мисли биле автократски. Земскиот рај бил дискретидиран токму во моментот кога станал возможен. Секоја нова политичка теорија, без разлика со кое име се нарекувала, водела назад кон хиерархија и кон круто устројство. Во општите огрубувања на погледите што почнале околу 1930 год. постапките што одамна биле напуштени, понекогаш и по неколку стотици години – апсења без судење, претварање воени заробеници во робови, јавни погубувања, мачења заробеници, земање заложници и раселување цели народи – не само што повторно станале практика, туку биле и толерирани, па дури и бранети од луѓето што се сметале за образовани и за напредни.

...

Додаток
Принципите на новоговорот

Новоговорот е официјалниот јазик на Океанија, создаден да ги задоволи принципите на Ангсоцот, или англискиот социјализам. Во годината 1984, сѐ уште не постоеше никој што Новоговорот како средство за општење, го употребуваше, било писмено или усно. На Новоговорот се пишуваа уводниците во Тајмс, ама тие претставуваа само Fours de force, коишто можеше да ги објавува само специјалист. Очекувањата беа дека Новоговорот конечно ќе го замени Староговорот (или стандардниот англиски, како што ние би го нарекле) отприлика 2050 год. Во меѓувреме, тој се повеќе го освојуваше теренот, со тоа што членовите на Партијата настојуваа сѐ почесто да употребуваат новоговорски зборови и граматички конструкции во секојдневниот говор. Верзијата што беше во употреба 1984 г. и беше систематизирана во деветото и десетото издание на Речникот на Новоговорот, беше привремена; содржеше голем број одвишни зборови и архаични облици кои подоцна требаше да се исфрлат. Ние овде ќе се бавиме со конечната, усовршена верзија, систематизирана во единаесетото издание на Речникот.

Целта на Новоговорот беше да не биде само средство со кое би се изразувала филозофијата и духовните навики на следбениците на Ангсоцот, ами да ги оневозможи сите останати начини на мислење. Намерата беше кога еднаш Новоговорот ќе биде прифатен засекогаш, секоја еретичка мисла – т.е. мислата која би била во несклад со принципите на Ангсоцот – дословно да биде непромислива, барем во онаа мерка во која зависи од зборови. Речникот на Новоговорот беше составен така што му даваше точен и често мошне суптилен израз на секое значење, кое членот на Партијата легитимно би сакал да му го пренесе на соговорникот или читателот, исклучувајќи ги притоа сите други значења, како и можноста до нив да се дојде по посреден пат. Тоа делумно се постигнуваше со измислување на нови зборови, но пред сѐ преку исфрлување на непотребните думи, и тргањето на сите секундарни значење, колку што тоа беше можно. Ќе наведеме еден пример: Речта „слободен“ постоеше и во Новоговорот, арно ама можеше да се употреби само во реченици како што се: „Дали ова седиште е слободно?“ или „Ќе бидам слободен да ве замолам за еден жилет“. Во старата смисла на „политички слободен“ и „интелектуално слободен“ не можеше да се употребува, бидејќи политичката и интелектуалната слобода веќе не постоеја како поими, заради што нужно станаа безимени. Сосема неповрзано со исфрлувањето на еретичките зборови, стеснувањето на Речникот беше цел сама за себе; на ниеден збор кој не беше неопходен не му беше допуштано да остане во живот. Новоговорот беше замислен не да го прошири, туку да го стесни кругот на поими достапни на човековата мисла, и на таа цел посредно ѝ користеше намалувањето на зборовите на минимум.

Новоговорот се засноваше на англискиот јазик каков што го познаваме денес, макар што мноштво реченици на Новоговорот, дури и кога не би содржеле новоговорни зборови, би биле едвај разбирливи за денешниот читател кој говори англиски. Новоговорските думи беа поделени во три посебни категории, познати како Речник А, Речник Б (комбинирани зборови) и Речник Ц. Ќе биде поедноставно да се зборува за сите категории засебно, меѓутоа граматичките особености ќе ги разгледаме во одделот посветен на Речникот А, заради тоа што за сите три категории важеа исти правила.

Речник А

Речникот А се состоеше од зборови потребни во секојдневните нешта – јадење, пиење, работење, облекување, качување и слегување по скали, возење кола, обработување градина, готвење и сл. Се состоеше во потполност од зборови кои што веќе денес ги имаме – удирање, трчање, пес, дрво, куќа, нива – но во споредба со денешниот англиски речник, нивниот број беше извонредно мал, додека значењата им беа одредени далеку построго. Сите двосмислености и нијанси беа истребени. Во мера која што беше возможно, новоговорската реч од оваа категорија не беше ништо друго, освен еден staccato звук, што изразува само еден единствен јасно разбирлив поим. Речникот А беше невозможно да се употребува во книжевноста, како и во дискусиите за политиката или филозофијата. Неговата цел беше да искажува единствени, целесообразни мисли, кои обично се однесуваа на конкретни предмети или физички дела.

Граматиката на Новоговорот имаше две јасно изразени особености. Првата беше речиси потполна универзалност на сите видови зборови. Секоја дума (во принцип, тоа важеше и за мошне апстрактни зборови какви што се „ако“ или „кога“) можеше да се употреби и како глагол и како именка и како придавка и како прилог. Меѓу именскиот и глаголскиот облик, доколку потекнуваа од ист корен, немаше никаква разлика. Ова правило, само по себе, уништи голем број архаични форми. Зборот „мислење“, на пример, во Новоговорот не постоеше. Нејзиното место го зазема зборот „мисла“, која служеше и како глагол и како именка. Тука не се применуваше никаков етимолошки принцип: во некои случаеви е задржуван првобитниот именски облик, а во други глаголскиот. Дури и кога глаголот и именката со сродно значење не беа етимолошки поврзани, често од јазикот се исфрлуваше било едното или другото. Зборот „сечење“ на пример, не постоеше; нејзиното значење го содржеше зборот „нож“, којшто се употребуваше и како именка и како глагол. Придавките, секогаш во среден род, се образуваа со додавање на наставката –асто на именката (која истовремено беше и глагол), додека прилозите се образуваа со додавање на суфиксот –сно. Така на пример, „брзинасто“ значеше „брз“, а „брзинасно“ – „брзо“. Некои од денешните придавки – јак, добар, велик, црн, мек – се употребуваа и во Новоговорот, ама нивниот број беше многу мал. За нив се чувствуваше слаба потреба, оти секоја придавка можеше да се изведе преку додавање на наставката –асто. Ниеден од денешните прилози не се задржа, освен оние кои веќе завршуваа на –сно. На пример, прилогот „близу“ гласеше „близносно“.

Освен тоа, спротивноста на секој збор – ова исто така важеше во принцип за сите зборови – се изведуваше со додаваше на префиксот не-, а засилувањето со додавање на префиксот повеќе-, или за појачани форми, двапатиповеќе-. Така на пример, „неладно“ значеше „топло“ (топла, топло) додека „повеќеладно“ значеше многу студено, а „двапатиповеќеладно“ исклучително студено. Исто така, беше можно, како и во денешниот англиски, да се менува скоро секоја дума со додавање на префикси, пре-, по-, уз-, под-, итн. Со сите овие начини можеше драстично да се намали бројот на зборови. Постоењето на пример, на придавката „добар“ ја чинеше излишна придавката „лош“ бидејќи пожелуваната смисла можеше еднакво добро - ако не и подобро - да се искаже со зборот „недобар“. Секогаш кога две думи сочинуваа природен чифт на спротивности, се поставуваше само прашањето која од нив да се исфрли. На пример, „темен“ можеше да се замени со „несветол“, или „светол“ со придавката „нетемен“, по желба.

Втора карактеристична црта на граматиката на Новоговорот беше правилноста. Освен неколку исклучоци, кои ќе ги наведеме подолу, сите наставки беа подвргнати на исти правила. Минато време за сите глаголи се образуваше со додавање на наставката –ло, на трето лице еднина. Минато време од глаголот „иде“ гласеше „идело“, од „сретнува“ – „сретнело“ итн. Множина по правило се образуваше преку додавање на наставка –и, така да зборот „човек“ стануваше „човеки“, „прут“ – „прути“, а „лав“ – „лави“. Сите придавки се редеа по исти правила, така што компаратив и супрелатив од „добар“ (во Новоговорот „добро“, зашто сите придавки беа од среден род) гласеше „подобарско“ и „најдобарско“.

Единствени неправилности беа допуштени кај заменките, показни и односни, како и кај помошните глаголи. Исто така, имаше неправилности и во зборообразувањето, коишто беа диктирани од потребата да се говори брзо и леко. Збор тежок за изговор или кој можел погрешно да се чуе ipso facto се сметал за лош збор; оттаму понекогаш, заради еуфонија, се задржуваше архаичен облик или беа внесувани накнадни букви. Но, оваа потреба главно се почувствува во врска со Речникот Б. Зошто на леснотијата на говорот му се придаваше толкава важност ќе видиме во натамошниот тек на овој есеј.

Речник Б

Речникот Б се состоеше од зборови намерно составени во политички цели; имено, од зборови кои имаа не само ексклузивен политички смисол, ами кои целеле кон тоа на оној што ги кажува, да му наметнат посакуван ментален став. Без потполно сфаќање на принципот на којшто почиваше Ангсоц, тие зборови тешко би можело правилно да се употребуваат. Во некои случаи, тие можеа да се преведат на Староговор, па дури и на зборови од Речникот А, но обично со долго парафразирање и задолжително по цена на извесни финеси. Зборовите Б претставуваа некаква вербална стенографија, која често цели кругови од идеи ги искажуваше низ неколку слогови, а која беше истовремено попрецизна и поседуваше поголема ударна моќ од обичниот јазик.

Сите думи Б беа комбинирани. (Комбинирани зборови, разбира се, имаше и во Речникот А – на пример „дактилограф“; но тоа беа само погодни скратеници што немаа идеолошки бои.) Се состоеја од два или повеќе збора или од делови на два или повеќе збора, стопени во едно в облик лесен за изговор. Амалгамот кој оттаму произлегол секогаш истовремено бил и глагол и именка, а се менувал по вообичаените правила. Да земеме само еден пример: речта „добромисла“ во мошне груб превод значи „идеолошко-политичка исправност“, или гледана како глагол, „да се мисли на идеолошки и политички исправен начин“. Нејзини форми беа: глагол и именка добромисла; минато време и прилог за минато време – добромислувано, прилог за сегашно – добромислечки; придавка – добромислено; прилог – добромисленосно; глаголска именка добромислител.

Зборовите Б не се градеа по никаков етимолошки план. Можеа да се составуваат од секаков вид зборови, наредени по било кој редослед и креснати на кој било начин којшто ги правел лесен за изговор, не одземајќи им ја притоа нивната смисла. Со оглед на тоа што овде беше потешко да се постигне еуфонија, неправилните форми овде беа почести отколку во Речникот А. На пример, придавски форми од „добромисла“ и „злосекс“ гласеа „добромислесто“ и „злосексасто“...

...


Орвелова архива

марксистичка интернет архива