Гајо Петровиќ

Признавам


Напишано: 1993
Првпат објавено: "Profil. Magazin za predcivilno doba", "Nedjeljnа Dalmacijа", 23. veljača 1993., str. 20-21.
Извор: Filozofski fakultet Sveučilišta u Zagrebu
Превод: Здравко Савески
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: ноември 2009


Во последно време во „Неделна Далмација“, односно „Профил“, во „Слободна Далмација“ и во повеќе други весници доста се пишуваше за хрватската филозофија, за Хрватското филозофско друштво, за списанието „Праксис“, за Отсекот за филозофија на Филозофскиот факултет, па и за поедини филозофи. При тоа, повремено се спомнуваше и моето име - главно на сличен начин како и во претходните четири децении.

Поради чисто лични причини (без врска со филозофијата и политиката), веќе подолго време не бев во можност да учествувам на филозофските собири, ниту пак можев, дури и ако сакав, ажурно да се приклучам кон тековните (условно кажано) филозофски полемики. Ниту сега не би сакал да полемизирам, зашто мислам дека за општата работа е подобро јавно да признам барем некои од своите бројни филозофски грешки. Се разбира, попатно ќе морам да кажам по нешто друго и за некои други. Но, да не должам.

Признавам дека филозофските текстови кои ги имам објавено од крајот на 40-тите до денес (15-тина книги и неколку стотини прилози во зборници, списанија и весници) се осудувани на подрачјето на поранешна Југославија и во земјите на „социјалистичкиот лагер“ целото тоа време (четири децении) - најпрво како недоволно марксистички, а потоа како немарксистички, антимарксистички, идеалистички, апстрактно-хуманистички, хајдегеровски, егзистенцијалистички, недијалектички, позитивистички итн. Некои им ја одрекуваа секоја филозофска интенција и релевантност, прогласувајќи ги, како и целото мое јавно делување, за политички, политикантски, граѓанско-либералистички, анархистички, лево-радикалски, екстремистички, анти-самоуправни, деструктивни, антисоцијалистички и антикомунистички. Како олеснителна околност наведувам дека на сличен начин се окарактеризирани и трудовите на некои други хрватски и особено загрепски филозофи (праксисовци). Отежнувачка околност на сите нас ни е што тие трудови сосема поинаку ги оценуваа во Западна Европа, Америка и на други места.

Треба да му се оддаде признание на Саборот на СР Хрватска, бидејќи во 1966 година, врз основа на опширните излагања на др. Владимир Бакариќ и др. Милош Жанко и живата борбена дискусија на делегатите, го осуди Републичкиот одбор за наградување на научните работници (на чие чело беше Вечеслав Хољевац), како и стручната комисија за наградата „Божидар Аџија“ (на чело со професорот Владимир Филиповиќ), поради доделувањето на таа награда на двајца праксисовци (Милан Кангрга и Гајо Петровиќ), како и поради тоа што, поради неприфаќањето на таа осуда, на лице место го смени Вецо Хољевац. Поради таа постапка неоправдано би било да се обвини Саборот за постојано грубо мешање во областа на науката, зашто во текот на повеќе децении стотици научни работници (од кои многумина денес главно се признати како жртви на претходниот режим) добија републички награди, а само еднаш во Саборот на СР Хрватска се водеше таква спектакуларна расправа со така одлучни заклучоци. За да не се добие впечаток дека осудената награда „Божидар Аџија“ е единствената која сум ја добил во поранешна Југославија, признавам дека ми се доделени уште две - наградата на Матица Хрватска за 1955 година (за книгата „Англиска емпиристичка филозофија“) и наградата на „Нолит“ за 1987 година (за книгата „Пролегомена за критиката на Хајдегер“) и дека на тие признанија политичките форуми не реагираа, како што не реагираа негативно и на илјадници други „сојузни“, „републички“ и „градски“, службени, полуслужбени и неслужбени награди кои ги добија други научници, писатели, уметници итн. (одредени по неколку дузини).

Признавам дека некои универзитетски форуми го забележаа моето штетно делување, па така Универзитетскиот совет, на барање на својот претседател Борис Бакрач (кој на седницата на Советот мавташе со весник со говорот на претседателот Тито против професорите праксисовци), во 1968 година не даде согласност за мојот избор во звање редовен професор. Но, непослушниот Филозофски факултет една година подоцна (1969 година) самиот повторно изврши и го доврши мојот избор во тоа звање - без благослов на Универзитетот. Тоа беше во согласност со принципиелниот став на Филозофскиот факултет (кој, помеѓу останатото, дојде до израз во 1971-1972 година) да не ги отпушта своите членови поради политички причини. Во 1974 година деканот на Филозофскиот факултет ми кажа дека факултетот ќе се спротивстави на бркањето на праксисовците, како што тогаш планираа политичарите, но од што се откажаа по бурните реакции на меѓународната јавност по бркањето на осум професори од Филозофскиот факултет во Београд.[1]

Признавам дека бев еден од иницијаторите за основање на Хрватското филозофско друштво, прв секретар на ХФД (1957-1959) и претседател во еден мандат (1963-1964) и дека многу често учествував (особено и како предавач) на симпозиумите и дискусионите вечери на Друштвото. Признавам дека за разлика од бројните слични друштва, Хрватското филозофско друштво беше независно, не работеше по ничии „повисоки“ директиви, ниту пак некогаш имаше свој „партиски актив“ (што беше општо правило во сите стручни, културни, општествени итн. организации и институции). Согласно на своите можности, Друштвото работеше на унапредување на филозофијата, па би било добро повеќе да се пишува за таа активност - без претерани пофалби, но и без неосновани обвинувања. Во секој случај, Друштвото набрзо по своето основање постигна завиден углед, па властодршците некое време сонуваа за тоа да го стават под своја контрола и да го злоупотребат за осуда на „Праксис“. Но, нивните обиди во тој правец, за нивна жал - жално пропаднаа. Затоа треба да им се оддаде признание на оние кои на минатата седница на ХФД протуркаа некаква изјава во која политички се осудуваат одредени филозофи, некои поранешни управи на Друштвото, а „патем“ и списанието „Праксис“. Само би било интересно да се знае колку членови денес брои Друштвото, колку гласаа за таа изјава и какви позначајни филозофски трудови стојат зад нашите политички чистачи на филозофијата.

Признавам дека бев еден од основачите на спомнатото злогласно филозофско списание „Праксис“, кое почна да излегува во 1964 година, а беше оневозможено во 1974 година, и дека, без оглед на службените оценки и кампањи кои цело време се водеа против него, ја вршев должноста на еден од двајцата негови главни и одговорни уредници. Знаевме дека енергичната главна директива за напади врз „антикомунистичкиот“ „Праксис“ ја даде лично претседателот Тито, поради што во нападите врз „Праксис“ беа така сложни сите партиски форуми, раководители и идеолози од сите републики на поранешна Југославија (некои од тие напаѓачи во меѓувреме слегоа од политичката сцена, а некои и денес се на власт или блиску до власта). И покрај тоа, дрско, признавам, истрајавме во праксисовштината.

На Корчуланската летна школа - тесно поврзана со „Праксис“ - и во самиот „Праксис“ интензивно учествуваа многу угледни, па дури и некои од најугледните западно-европски и американски филозофи од најразлични ориентации (од неортодоксни марксисти, преку феноменолози до аналитички филозофи), а во меѓународните филозофски публикации, па дури и во дневниот печат, се пишуваше за списанието „Праксис“ и за филозофите праксисовци како за важна појава на меѓународниот филозофски живот. Самокритички признавам дека на таа меѓународна афирмација на „Праксис“ не се спротивставував, туку ја помагав, согласно сопствените можности.

Со тоа списокот на мои општи гревови ниту оддалеку не се исцрпува, но мислам дека морам да признам и понекој поконкретен. Значи, признавам дека на Филозофскиот факултет во Загреб повеќе децении предавав три предмети (логика, спознајна теорија и онтологија) и дека постепено ми успеваше за секој од тие предмети да се избере по еден асистент. По весниците ме обвинуваа дека еден од нив е антимарксист, другиот немарксист, а третиот - марксист со погрешна ориентација. Но, јас, признавам, либералистички сметав и сметам дека ниту марксизмот ниту антимарксизмот не треба да бидат ниту препорака ниту пречка за работа на Универзитетот.

Mea maxima culpa [моја најголема грешка], барем според нечии мислења, беше Жарко Пуховски.[2] Па кога е веќе така, признавам дека тој навистина е еден од оние на кои им бев прв оценувач на докторската дисертација, заедно со академикот Предраг Враницки и професорот Милан Кангрга, како членови на комисијата. Признавам дека таа комисија позитивно го оцени докторскиот труд на Жарко Пуховски, а пред комисијата во ист состав и под мое претседавање тој таа дисертација успешно ја одбрани. Признавам дека, како и другите членови на комисијата, не се согласував со понекоја теза на кандидатот за што живо дискутиравме на јавната одбрана пред прилично голем аудиториум. Но, воедно признавам дека таа дисертација (која во облик на книга им е достапна на сите заинтересирани) ја сметав и ја сметам за доста успешна не само според наши туку и според меѓународни критериуми.

Признавам дека имам доста добро мислење и за други научни трудови, како и за научните способности на Жарко Пуховски и дека токму поради тоа пред неколку години го предложив за едногодишен член во Wissenschaftskolleg zu Berlin, еден од најугледните научни институти во светот. Спомнатиот институт е создаден по примерот на уште пославниот Institute for Advanced Study во Принстон, но по опсегот е значително помал. Секоја година Wissenschaftskolleg поканува на година дена 40-тина научни работници од различни струки од целиот свет, при што приближно половина од поканите обично ги добиваат германските научници. Поради тоа не е баш едноставно да се добие покана за едногодишен престој во тој институт, а Пуховски таква покана доби и ја оствари. Сигурно не ја доби само поради тоа што јас го предложив како оној кој и самиот беше член и на тој институт и на оној во Принстон. Доста се комплицирани и понекогаш долготрајни процедурите според кои во Wissenschaftskolleg се врши избор помеѓу преголемиот број предлози, а во тие процедури учествуваат угледни научници од повеќе земји. Секако, тие се многу повиновни од мене што Жарко Пуховски - покрај потпишаниот - досега бил единствениот гостин на наведениот институт, не само од Хрватска, туку и од целото подрачје на поранешна Југославија.

Признавам дека моето мислење за научните трудови и способности на Жарко Пуховски (или кој и да е друг) не мора ништо да им значат на политичките двигатели на нашата филозофија, кои со своите оригинални методи можат лесно да ја оспорат научната компетентност, па дури и моралната подобност, не само моја, туку и на секој жив филозоф. Тие не само што можат да докажат, туку и де факто веќе докажаа дека никогаш не сум бил дури ниту праксисовец. Непобитно утврдија дека праксисовците речиси секојдневно го посетуваа Александар Ранковиќ - Марко, па, бидејќи никогаш во животот не го сретнав ниту запознав другарот Марко, повеќе немам право ниту да се нарекувам праксисовец. А ако истиот критериум се примени и на другите досега познати праксисовци, ќе испадне дека праксисовците и праксисовштината, против кои грмеа сите бивши властодршци, никогаш не ни постоеја.

Признавам дека филозофски во секој друг поглед треба да бидам разобличен не само јас, туку и сите други праксисовци - едноставно затоа што тоа досега сè уште не е направено „до крај“ - а тоа значи дека треба да се разобличат не само праксисовците, туку и сите оние филозофи и научници во светот кои ги оценуваа сосема поинаку од сталинистичките властодршци од поранешниот Советски Сојуз и поранешна Југославија.

Бидејќи бев визитинг професор на повеќе западно-европски и американски универзитети, а покрај тоа на уште повеќе сум држел одделни предавања, би требало да се демаскираат сите тие универзитети, а особено нивните филозофски оддели.

Бидејќи сите мои книги и расправи се објавувани на повеќе јазици на разни континенти, треба да се повикаат на одговорност бројни издавачи и уредници - од Америка преку Европа до Јапонија. Бидејќи како поканет референт учествував на голем број меѓународни филозофски собири, треба да се повикаат на ред организаторите на сите тие собири, како и во прв ред западно-европските и американските весници што за моето учество на тие собири (како и за предавањата на некои универзитети) понекогаш доста опширно пишуваа, што нашите весници - секоја им чест - не го правеа! Нашите весници треба да бидат пофалени и поради тоа што не пишуваа и за тоа какви награди праксисовците добиваа од меѓународните научни организации и институции (сега не би ги набројувал), а загрепскиот „Вјесник“ треба строго да се укори, затоа што во една прилика (пред нешто повеќе од две години) коректно пишуваше за едно признание (почесен докторат) што го добив од еден западно-европски универзитет. Но, за почесниот докторат што доста пред мене од Универзитетот во Упсала го доби мојот покоен пријател Руди Супек можеше да се прочита само неодамна, во некролозите - како да имаме повеќе стотици научници со такво признание (ги немаме, се плашам, ниту неколку десетици). За разлика од одредени научници, писатели и уметници кои во минатиот период исподобија разни награди, Руди Супек, кој умре не долго време пред својот 80-ти роденден, не доби ниту една единствена!

Уверен сум дека политичките двигатели на нашата филозофија успешно ќе ја извршат и благородната задача на рехабилитација на оние што во цивилизираниот свет се нарекуваат сталинистички мракобесници. Зашто тие мракобесници многу порано од нашите денешни факелоносци ја увидоа вистинската природа на „Праксис“ и праксисовците, па за тој свој потфат заслужуваат целосно признание од своите денешни ученици и следбеници.

Се тврди дека некои филозофски нон-ентитети преку разобличување на филозофите и филозофијата се обидуваат да постигнат некои грди нефилозофски цели. Премалку знам околу сето тоа за да би можел веднаш да се приклучам кон тоа тврдење. Но, не ми е познат ниту еден случај во историјата на филозофијата дека некој се афирмирал како филозоф преку политичко обезвреднување и клеветење на филозофите кои се афирмирале со своите филозофски трудови. Според тоа, политичките двигатели на филозофијата, најблаго кажано, не можат да тежнеат кон никакви филозофски цели. За што тие навистина се борат - е прашање кое сега го оставам настрана.


Забелешки на преведувачот

[1] Во јануари 1975 година, осум универзитетски професори дисиденти (Михаило Марковиќ, Љубомир Тадиќ, Загорка Голубовиќ, Светозар Стојановиќ, Миладин Животиќ, Драгољуб Миќуновиќ, Небојша Попов  и Триво Инџиќ), врз основа на одлука на Српското собрание, добија откази од Филозофскиот факултет во Белград, каде што дотогаш предаваа.

[2] Жарко Пуховски (роден 1946 година), во тој период на националистичка еуфорија во цела поранешна Југославија, вклучително и Хрватска, беше еден од најистакнатите бранители на човекоите права и поради тоа беше напаѓан од националиситичката десница. Следниот месец, март 1993 година, Пуховски беше еден од основачите на Хрватскиот Хелсиншки комитет за човекови права.



Архива на Гајо Петровиќ

Архива на Праксис школата

марксистичка интернет архива