Бранко Прибичевиќ

Студентските движења во современиот свет[*]


Последниве неколку години дојде до драматично истакнување на студентските незадоволства во речиси сите делови во светот. Протестните акции на студентите, штрајковите, демонстрациите, заземањето на универзитетските згради и други форми на конфронтации со постојните општествени уредувања оставија силен печат на ова наше време. Парафразирајќи го добро познатото место од Комунистичкиот манифест можеме да речеме дека уште едно страшило „кружи низ светот” во последно време — страшилото на студентските немири. Ширум светот се јавуваат редукции на незадоволство и гнев на академската младина која го изразува своето радикално несогласување не само со условите на сопствената репродукција, туку и со приликите во пошироката општествена заедница. Во многубројни случаи овие изливи на незадоволство имаат толку жестоки форми што впадеачките општествени сили се принудени да бараат посебни законски и административни средства за „излегување на крај со бунтовните студенти”.

Студентските немири ги изненадија не само владеачките општествени сили во развиените капиталистички и други класни општествени заедници туку исто така и сите сили на традиционалната политичка левица. Изјавите на некои политичари и научни работници за тоа дека овие настани можеа да се предвидат, и што повеќе, дека тие ги предвиделе делува навистина неубедливо.

Сега кога имаме со себе неколку години искуство од студентските немири многумина се трудат да создадат впечаток како не се изненадени, како сè да предвиделе. Колку што ми е мене познато ниту во стручната, ниту во политичката литература немаше такви предвидувања. Исто така мислам дека овие настани не само што не беа порано најавени туку и денеска не се адекватно, и тоа сестрано темелно интерпретирани и испитани. Студентските немири и движења сè уште се многу повеќе предмет на политичките манипулации отколку на научните истражувања.

Со оглед на ширината и интензитетот на студентските протестни акции и сообразно на тоа неодложно и импресивно истапување на студентите на политичката сцена јасно е дека тие, речиси преку ноќ станаа предмет на големиот интерес на сите постојни политички сили. Конзервативните општествени сили бараат патишта да го сопрат таласот на политичката активизација на широките слоеви на студентите, да ги вратат на „нивното место”, т.е. да ги затворат во училниците и да ги упатат на „нивната вистинска должност и улога — студирањето”. Силите на традиционалната левица, исто така, се доста ангажирани со овие појави и во повеќе случаи не успеваат да пронајдат заеднички јазик со новата политичка сила што ги претставува студентските политички движења. Покрај настојувањата да се апсорбираат студентите во организации, политика и цели на традиционалната левица и не се ретки случаите и на директните конфронтации и длабоките разијдувања со нив.

Во овој прилог ќе се потрудиме да разгледаме само некои аспекти на студентските движења. Просторот што ни стои на располагање не дозволува сестрано и позадлабочено навлегување во оваа, инаку многу сложена и сè уште недоволно испитана материја. Ќе се потрудиме, главно, во форма на тези да понудиме барем делумни одговори на четири прашања кои тука се јавуваат. Првото се однесува на карактерот на студентските движења. Дали може да се зборува за нов и единствен феномен, посебно дали е оправдано гледиштето дека е во формирање „светско студентско движење”. Второто прашање се однесува на изворите и причините за изненадни ерупции на студентското незадоволство. Третото се однесува на идеолошката платформа; а четвртото се однесува на улогата на студентските движења во консталацијата на силите на денешниот свет.

Пред да пристапиме на разгледување на овие прашања ќе укажеме само на некои најбитни моменти во развитокот на студентските движења.

Кога се посматра развитокот на студентските движења, нараснувањето на бранот на нивниот бунт, веднаш паѓа в очи дека тие се јавуваат практично во сите поважни типови на општествени заедници. Така, нив ги гледаме во високоразвиените (САД, Велика Британија, СР Германија), но и во изразено неразвиените (ОАР и некои други арапски земји), тие се јавуваат на 3апад и на Исток, во земјите кои имаат долга традиција на жестоки општествени судири и тешки противречности, но и во земји кои обично се земаат како пример за мошне стабилни општествени заедници (на пр. скандинавските земји). Односно, оваа крајна разновидност на социјално-економските, политичките, културните, етничките и други услови во кои се појавуваат ерупциите на студентското незадоволство и револт со многу слични или дури заеднички карактеристики, во голема мера за истражувачите претставуваат права загатка.

Мој впечаток е дека како почеток на студентскиот немир може да се земе мошне силното протестно движење на јапонските студенти пред речиси десет години, усмерено против потпишувањето на јапонско-американскиот договор за одбрана и безбедност. Движењето на јапонските студенти беше масовно и имаше видливо политичко обележје. Јасно е дека неговата острица беше уперена против американскиот империјализам. По Јапонија мошне силно студентско движење се јавува во редица латинскоамерикански земји, особено во Аргентина. Набрзо потоа доаѓа до бурна политизација на американските студенти. Се јавува цела редица нови, најчесто мошне радикални студентски организации. Главните правци на акцијата на американските студенти беа: забрана на нуклеарното оружје, запирање на војната во Виетнам, отпор на расната сегрегација и „војна против сиромаштијата”. Приближно во време на најголемиот развој на движењето на американските студенти, доаѓа до слични акции и во редица европски земји. Меѓу првите, во акција стапија шпанските студенти а во центарот на нивната борба беше барањето за демократизација на системот, односно соборувањето на франкистичката диктатура. Во текот на последните три години движењето се прошири и во многу други европски земји. Во Европа студентските акции најсилно се изразија во Франција, СР Германија, Велика Британија, Италија, Шведска, Полска и Југославија.

Во оваа анализа појдовме од оценката дека денешните студентски движења претставуваат нова појава, нов политички феномен. Сметам дека денешниот бран на студентски немири во редица значајни белези суштински се разликува од некои поранешни превирања во универзитетските центри во одделни земји. Истовремено го прифаќам мислењето дека тука се сретнуваме со појава која има несомнено универзален карактер. Иако постојат несомнени разлики во содржината и формите на студентските акции на одделни земји, истовремено има многу заедничко, што ни дава за право овие акции и движења да ги третираме како универзална појава. Еве неколку поважни аргументи во прилог на ова гледиште:

Прво, сметам дека никогаш порано студентските акции и немири не опфаќале толку широк круг на студентска младина како што е тоа денес.

Второ, никогаш порано студентското движење не било толку радикално, не било исполнето со толку интензивна и остра протестна акција како што е тоа денес. Испитувајќи ги поранешните студентски акции и движења, особено оние од почетокот на 30-тите години кои беа мотивирани со големата економска криза со појавата на фашизмот и шпанската војна, дојдов до заклучок дека ниту по обемот на зафатот на студентската младина, ниту по интензитетот на политичкиот протест тие движења не се рамни на овие што ги имаме денес.

Трето, овие движења се разликуваат од сите поранешни превирања во студентските средини по тоа, што ширината на нивните зафати е без преседан. Поранешните движења се стремеа да бидат усмерени на едно прашање т.е. на она што беше нивен непосреден повод; денес сè повеќе е присутна тенденција во политичката платформа на одделни движења да се вклучат многубројни прашања, понекогаш се бара глобална општествена реформа дури и општествена револуција.

Четврто, во денешниот студентски немир нема студентска десница. Порано, кога доаѓаше до поширока политизација во студентските средини во такви процеси беше присутна левицата, но таа секојпат, како свој неизбежен пандан добиваше и организација на студентска десница. Да се сетиме само, на пример, на студентските движења во Вајмарска Германија, но и пред нејзината појава. На овие движења основни белези мошне често им даваат токму видливо десните, конзервативни, реакционерни струи во студентското движење. Нив денес или воопшто ги нема во одделни земји, или таму каде ги има тие се често безначајни во споредба со оваа основна струја која е несомнено прогресивно ориентирана.

Петто, можеби најважен аргумент во прилог на споменатата теза е — дека сме сведоци на еден нов феномен — во ставот на студентските движења спрема постојната, традиционална и работничка и социјалистичка левица. Додека порано во секој случај каде се појавуваше левичарска акција и стремеж на универзитетот, таа добиваше свој израз во приближување на тој дел на студентите на постојните работнички партии, особено комунистички. Студентите тогаш, обично се зачленуваа во работничките партии или на некој друг начин ја подржуваа акцијата на постојните работнички организации; партијата и синдикатите. На пример, 30-тите години беше речиси природно оној кој беше длабоко револтиран од економската криза со фашизмот или Шпанската војна, тоа свое незадоволство го искажуваше на тој начин што ќе се запише во комунистичка или социјалистичка партија, или пак, младинска организација поврзана со овие партии. Денес, меѓутоа, тој левичарски бунт не се искажува на ист начин. Денес не само што студентите кои протестираат против постојното не ѝ се приближуваат на традиционалната социјалистичка левица, туку нивниот бунт во значајна мера е усмерен и против оваа левица. Протестот е, се разбира, превасходно уперен против постојниот поредок во капиталистичките земји, но тој истовремено носи во себе и понекогаш мошне гласно ја изразува критиката на традиционалните работнички партии. И затоа не е ни малу случајно што се употребува името „Нова левица”. Со овој збор, „нова” се сака да се искаже дека студентската младина, ангажираната студентска младина е незадоволна и со постојната работничка левица.

Шесто, мошне важен е и временскиот фактор. Никојпат порано не дошло во така кус временски период до толку широко исполување на политизација на студентските маси во така голем број земји. 3а неполни десет години овој бран го заплиска речиси целиот свет.

Наведените моменти нè упатуваат на заклучок дека сигурно се работи за потполно нова појава. Никогаш порано во политичкиот живот не се исполило нешто слично. Истите овие моменти укажуваат исто така, и на тоа дека сме сведоци на една универзална појава. Истовременоста на постанокот и дејствувањето, големата сличност во формите на акција и организација, и што е особено важно, во содржината на протестните акции и политизација на студентите, воопшто, ни говорат дека има многу слично и заедничко во бранот на студентските немири кои се јавуваат во многубројни земји. Покрај веќе спомнатите заеднички барања (нуклеарно разоружување, запирање на војната во Виетнам, помош на неразвиените земји), тука е присутен протестот против социјалните неправди, експлоатацијата, бирократските односи, формалната демократија која често претставува само тенок и провиден плашт за семоќ на разни владеачки групи, расчекор меѓу прокламираните цели и начела од една и општествената реалност од друга страна. Сè се тоа моменти што укажуваат на универзалниот карактер на појавата којашто овде ја разгледуваме.

Иако одлучно се изјаснувам за третирање на студентските немири како универзална појава, не можам никако да се согласам со гледиштата кои кај нас се многу присутни, а се сведуваат на тезата, за појмувања на овие немири како делови на едно светско, интернационално движење. Сосема е во ред да се говори за движења (множина) кои делуваат во одделни земји, но никако за едно светско движење. Најчесто овој израз (движење) се употребува многу слободно, при што се губат од вид неговите суштински значења. Јас не го прифаќам овој термин а уште помалку ставот дека овде се работи за едно движење заради следните причини. Меѓу многубројните студентски движења, акции и организации не постои ниту минимум на идеолошка, политичка и организациона кохезија, што би било неопходно ако ги третираме како делови на движење. Оваа кохезија денес ја нема и би било крајно нереално да се очекува дека таа кохезија наскоро ќе се појави. И покрај сите сличности во идеолошките определувања и политички барања, постојат и многубројни разлики кои ја исклучуваат можноста за било какво единствено настапување, а уште помалку за координирана акција. Различните обиди кои се направени последните две години да се оствари оваа координација завршија со потполн неуспех. Предлозите на кои се наидува во некои западно-европски земји да се формира една „Студентска интернационала”, засега не се посериозно сфатени ниту во редовите на најангажираните активисти на студентските движења.

Во ситуација каде нема предуслови за координирана акција и координационо поврзување, невозможно е да се говори за движење. Елементарниот предуслов на политичкото движење ги претставуваат заправо овие два момента, без кои мора да се отфрли тезата за светско движење.

Во некои случаи тука се работи за претежно терминолошка неспогодба. Некои автори го употребуваат изразот движење таму каде се има во вид појава, движење или стремеж. Во некои пак случаи, стварно се подржува мислење за светско движење но аргументите на кои досега наидувавме беа сосема неубедливи. Според тоа, студентските немири и организации претставуваат една општа, универзална појава, израз на слични општествени противречности и стремежи на студентската младина но никако светско движење.

***

Следното прашање кое во врска со студентските движења неизбежно ни се поставува, се однесува на причините на нивната силна афирмација, што услови во текот на последните неколку години да се изрази толку силна ерупција на студентски протест, на студентски политички активизам и ангажирање.

Во интерпретирањето на причините на сегашниот бран на студентските немири многу често се сретнуваме со два вида методолошки неприфатливи ставови. На прво место многу често наидуваме на обиди овој сложен феномен да се сведе на делување на еден пресуден фактор. Мое мислење е дека тука, слично како и во другите области на општествен живот, нема таков пресуден фактор. Политичкото однесување и определување на поединците а особено на поголемите социјални групи се јавуваат најчесто како резултат на дејство на поголем број мошне разновидни фактори. Политичката мотивација на таквите социјални групи може да се разбере само во контекстот на интеракција на поголем број разновидни фактори. Следењето на литературата за студентските акции и немири во разни земји ме наведе на заклучок дека правиот одговор може да го даде само комплексната анализа на сите битни елементи кои влијаат на условите за живот и труд на студентите како и пошироката општествена заедница во кои тие делуваат.

Второ, често се губи од вид разликата меѓу оние елементи на општествената структура и постојните политички ситуации кои претставуваат длабински извори на политичкото определување на ангажираните студенти од оние моменти кои имаат карактер на непосреден повод. Внимателната анализа мора да ја открие и оваа мошне важна дистинкција. Мешањето на овие две групи чинители може да доведе до многу погрешни заклучоци за карактерот и импликациите на одделни движења.

Мислам дека, пред сè, треба да се отфрлат некои еднострани, па според тоа и погрешни теории. Како пример за такви еднострани интерпретации ќе наведам обиди на некои автори овој бунт да го објаснат со психо-физички особини на младата генерација. Сметам дека ваквата интерпретација е потполно неприфатлива. Психофизичките особини на денешната млада генерација се слични на особините на младите генерации пред петнаесет или дваесет години. Зошто тогаш немаше студентски немири со вакви размери и со ваков интензитет? Очигледно е според тоа, дека причините треба да се бараат на друга страна. Втора, по моја оцена, погрешна и непотполна интерпретација е тезата дека оваа ерупција на студентски немири е предизвикана од разни „субверзивни елементи”. На 3апад се зборува дека во студентската средина продреле комунистички, маоцетунговски, анархистички и слични идеи. Во социјалистичките земји акцентот исто така понекогаш се става на влијанието на непријателска пропаганда. Така на пример, во Полска упорно се инсистираше на тоа дека големите студентски немири до кои дојде во март 1968 година „се предизвикани” од ревизионистички и ционистички елементи.

Според моја оцена едно целосно објаснување на овој значаен феномен може да даде само комплексна анализа со вклучување на цела редица битни компоненти кои влијаат на политичкото однесување на студентите. Ја предлагам следната рамка на едно вакво објаснување. Мислам дека тие фактори можат да се поделат во три групи: а) Фактори поврзани со односите на универзитетите, б) Фактори кои извираат од општествените структури на земјите во кои се појавува бунтот и в) Фактори поврзани со меѓународни односи и појави во меѓународната заедница.

Кога се работи за првата група фактори би рекол дека можат да се наведат следните моменти кои влијаеја на ерупцијата на студентскиот бунт и незадоволството, па според тоа и на политизацијата на студентите. Првиот таков момент го гледам во процесот на извонредна експанзија на високото школство во последните десет години. Еве само еден пример: за последните 15 години Англија ја зголеми повеќе својата високошколска мрежа отколку за претходните 300 години. Секојпат кога настапува таква силна експанзија на одредени институции се јавува проблемот на ускладување на новиот институционален механизам со потребите и барањата на средината. Во овој случај со потребите и барањата на прилично зголемениот број на студенти.

Вториот битен фактор треба да се бара во познатиот конзерватизам на универзитетската структура. Ова е несомнено фактор кој денес е мошне присутен во многу студентски немири.

Трето, тоа е она што се наречува тенденција кон тесно специјалистичко образование на многу универзитети и на Исток и на Запад. Тенденција кон тесно формирање на кадрови. Тоа е појава за која еден од лидерите на германското студентско движење сликовито рече дека има за последица стварање на кадрови кои можат да се наречат: стручњак-кретен. Со ова се сакаше да се истакне лека универзитетот сè повеќе „произведува“ кадри кои се тесно специјализирани, кои се добри стручњаци за одредена тесна област на науката, но се потполно неизвестени кога се работи за пошироки општествени проблеми.

Четврто, тоа е крајно неповолниот положај на студентите на Универзитетот. Во најголем број случаи студентите немаат никаков удел во организирањето на животот и работата на установите каде што студираат. Тие се главно пасивни објекти на наставниот процес.

Петто, тоа е тенденција Универзитетот во многу општества навистина да биде потиснат на периферијата на општественото одлучување, дури и на она одлучување кое што се однесува на неговата сопствена улога и судбина.

Кога се работи за внатрешната општествена структура постои цела низа на моменти кои влијaeјa на појавата на студентските немири т.е. движења. Еден од важните моменти кој треба овде да се истакне се наоѓа во големиот расчекор помеѓу нормативното и стварното, помеѓу принципот и општествената практика, расчекор кој е присутен во речиси сите современи општества, додека во званичните изјави, програмските платформи и изборните декларации се зборува за демократијата, еднаквоста, благосостојбата итн., во практиката сето тоа го има неспоредливо помалку, отколку што тоа званично се тврди или ветува. Револтот на младите генерации особено ги предизвикува тврдењата за неспособноста или недостатокот на решеност владеачки снаги да ги исполнат прокламираните принципи или да преземат социјално-економски мерки. Несогласноста помеѓу принципот и практиката предизвикува незадоволство; не само кај студентите и младината воопшто, туку и кај сите други слоеви на населението. Овој момент е, меѓутоа, особено важен кога се работи за студентите затоа што се тие објективно во состојба да ја согледаат длабочината на овој јаз. Како образован дел на населението, на кого му се достапни нови извори на информации и сознанија, може многу полесно, отколку другите слоеви на општеството, да врши критичко споредување помеѓу програмските фасади и општествената стварност.

Се приметува дека во многу земји комплексот на политичкиот систем има особено големо значење за досегашната студентска младина. Ова е едно од подрачјата каде прокламираните принципи најчесто се разидуваат со стварноста. Водечките политички сили редовно истакнуваат дека нивниот облик на политички систем е најдемократски, дека гарантира „полна”, „вистинска” или ,,содржајна”, а не „нормална” демократија. Исто така се зборува за тоа дека постоечкиот механизам гарантира вистинска и најполна човечка слобода. Во условите на владеачките етатистички односи овие тврдења сè повеќе доаѓаат во расчекор со политичката реалност. Прокламираните демократски права и слободи најчесто се сведуваат на теоретски можности кои не можат да се реализираат во стварниот живот. Револтот на младата генерација особено го предизвикува сè поголемата монополизација на политичкото одлучување и општествената сила воопшто. Во западните земји расте недовербата во претставничката парламентарна демократија и поради тоа, во последно време во студентските клубови сè почесто се слушаат повици на „директна политичка акција”, односно на организирање на таканаречената вонпарламентарна опозиција. Во источно-европските земји студентските превирања беа доста подстрекнати со појавите на ограничување на вистинската човечка и политичка слобода, узурпирањето на власта од страна на многу тесни групи, претварањето на институциите на претставничката демократија во чиста формалност.

Речиси во сите случаи, студентските движења беа многу ангажирани во разоткривањето и критиката на социјалните, а особено економските нееднаквости. Во САД ова прашање беше извор на снажни импулси на многубројните студентски протестни акции. Тешката положба на обоениот дел на населението, како и сиромашните слоеви во целина, веќе неколку години се центар на вниманието на многу студентски организации. Овој проблем на нееднаквост стана актуелен и поради тоа што во последните десет години е остварен значаен напредок во економскиот развој и зголемените можности за подигнување на општата благосостојба, кога се подобруваат условите на животот на многу категории на населението, а се задржуваат некои групи и слоеви во услови на сиромаштво, понекогаш и во услови на акутна беда. Што повеќе е развиена земјата, овој проблем е сè поакутен, особени поради сè поголемите контрасти. Затоа и не е случајно, ова прашање особено да биде актуелно во САД.

Во третата група ги вклучивме таканаречените меѓународни чинители. Сите истражувања покажуваат дека денешната студентска младина е многу осетлива, и не само таа, на настаните во светот. Во времето на силна експанзија за средствата за масовна комуникација светот стана многу тесно поврзан, велиме понекогаш дека станал „помал”. Секој поважен настан во најкратко време може да биде презентиран на целата светска јавност. Новите можности за запознавање, сознание и на овој план се поголеми отколку што биле порано.

Во оваа група на чинители мислам дека се особено важни овие: прво, војната во Виетнам стана за добар дел на светот прашање на проба на совеста и моралот. Грубата агресија на американскиот империјализам наиде на жестока осуда во најшироките слоеви на студентската младина. Во бројни случаи ова прашање имаше улога на искра, која го покрена општиот талас на протести. Друго, борбата за мир, а посебно за забрана на нуклеарното наоружување зазема важно место во многу студентски акции. Во повеќе земји студентите се наоѓаат во првите редови на движењата и разните акции за забрана на нуклеарното наоружување. Трето, прашањето на расчекорот помеѓу развиениот и неразвиениот дел на светот сè повеќе го привлекува вниманието на академската младина. Огромните разлики во условите на животот, тешката беда што го погодува поголемиот дел на населението, додека неговиот помал дел живее во Европа и Северна Америка во благосостојба, во споредба со Азија, Африка и Латинска Америка, и поседува изобилство. Сето тоа предизвикува сè поголемо незадоволство кај студентите.

Изложениов приказ по своја прилика може да послужи како комплетна рамка за истражување на битните фактори кои доведоа до бурна политичка активизација на студентската средина. Овде сакам да укажам на уште една тешкотија. Бројните моменти на кои и овде укажавме, како и на можните извори или причини на студентски немири и движења постоеја поединечно или во групи и порано, во време кога не беше ни приближно така снажен изливот на студентските протестни акции. Како во тој случај да се објасни нивната денешна причинска поврзаност со студентскиот радикализам. Можни се главно два одговара. На прво место одговорот може да биде во тоа што во последните години дојде до истовремено дејствување на овие фактори, па спрема тоа една поголема можност на нивната взаемна интеракција. Второ, можноста што на студентската средина особено влијаеле некои моменти кои се од понов датум, како што се оние кои ги вклучивме во првата и последната група на нашата поделба на основните чинители; кои, според тоа, имаат неважни непосредни поводи.

Покрај сите наведени поединечни фактори мислам дека студентското движење, неговиот радикализам треба да се поврзе со некои фундаментални обележја на епохата во која живееме. Овде пред сè мислам на историската компромитација и изживеаност на капиталистичкиот систем потоа, на силната афирмација на едно слободарско, демократско расположение кое е подеднакво усмерено кака против фактичките облици на капиталистичката експлоатација, така и против сите современи облици на човечкото отуѓување, неправда и бирократската семоќ.

***

Дали може да се зборува за единствена платформа на студентското движење. Мислам дека таква платформа не постои и дека тоа е една од причините зошто изразот на светското студентско движење е неприфатлив. Како што би било погрешно да се предвидуваат елементите на заедничкото кои се присутни во сите студентски движења, исто така е неприфатливо да се занемаруваат и разликите кои се присутни како во сферата на идеолошките извори и мотивации така и на планот на непосредните политички цели.

Кога се работи за идејно-политичките концепции, програмската физиономија, треба веднаш да се подвлече дека овде преовладува голема хетерогеност на ставови. Друго важно обележје е во тоа што овие концепции во поголем број случаи, грубо скицирани, никаде не се развиени во еден целосен и конкретен систем на погледи на современото општество. Како изразито протестни движења, студентските организации многу појасно и погласно ги одредија појавите против кои тие се ангажираат, отколку што е тоа случај со дефинирањето на позитивните цели. Во поглед на идејните изгледи може да се констатира голема разновидност. Во нивните средини може да се сретнат елементи кои се напојуваат како на изворите на марксизмот, така и на анархизмот и троцкизмот. Тоа се приврзаниците на Мао Це Тунг и Че Гевара, Маркузе и на нашиот самоуправен социјализам. Со оглед на различните услови во кои се јавуваат овие движења и претежно спонтаниот карактер на нивниот растеж, сметам дека оваа хетерогеност во идејно-политичките концепции е сосема разбирлива и неизбежна.

***

И на крај неколку збора за тезите дека студентското движење се јавува како нова политичка алтернатива, како нова авангардна сила. Се зборува, имено, дека работничката класа заедно со своите поважни организации во толкава мера е инкорпонирана во поредокот, државно-капиталистичкиот систем на 3апад, што не можат да се очекуваат поозбилни револуционерни импулси од оваа средина. Такви импулси можат, наводно, да дојдат од оние социјални групи кои не се во толкава мера корумпирани од страна на поредокот или не се воопшто подлегнати на неговото влијание, а тоа се разни помали групи како што е, на пример, обоеното население во САД или некои слоеви на интелигенцијата кои со снагата на својот интелект можат да се издигнат над заблудите, пропагандите и лагите со коишто се штити владеачкиот поредок.

Мислам дека би било погрешно да се оспорува дека некои делови на работничката класа како и дел на нејзините организации во знатна мера се интегрирани во постоечкиот поредок. Целокупниот развиток во текот на последните неколку децении во кои земји се одвива во знакот на ова „приближување“ помеѓу делови на работничката класа и нејзините организации од една, и постоечкиот систем, од друга страна. При тоа, никогаш не треба да се губи од вид дека и самиот поредок се менува. Колку и да е ова опсервација точна, сметаме дека таа не дала основа за тезата за новата левица како авангарда во борбата за социјализам. Интелигенцијата, а посебно студентската младина по својот објективен статус во таквата ситуација не можат на себе да преземат ваква историска улога. Интелигенцијата е многу хетероген општествен слој и таа поради тоа не може тајно да се соедини со еден програм на радикално-општествено преобразување. Додека некои слоеви би можеле да делуваат и да бидат заинтересирани за такво преобразување други, кои со разни конци се поврзани со сопственичките класи и владеачките кругови, во целина сигурно би се нашле на спротивната страна во една таква поларизација. На ова треба да се додаде интелигенцијата во општествената организација на трудот која го исклучува нејзиното единствено настапување во рамките на една радикална платформа. Сево ова се однесува и на студентите. Кога се работи за нив треба посебно да се има во вид дека овој статус е преоден и дека е нормално да биде краткотраен — три до пет години. Затоа и акциите кои доаѓаа од оваа средина најчесто беа со краток здив и домет.

Студентските движења можат да одиграат многу значајна улога во покренувањето и заострувањето на поедини општествени прашања, но по мое мислење не реално е да се очекува и тие да ги решат. Впрочем, тоа добро го покажа токму најновото искуство. Вистинското значење на реперкусиите на студентските акции имаа во оние случаи каде успеаја да се поврзат со барањата на работничката класа (случајот со Франција). Во оние земји каде не дојде до такво поврзување на студентските акции, и колку да беа одлучни во водењето на остри манифестации не успеаја сериозно да го угрозат постоечкиот поредок односно неговата владеачка снага (случајот со СР Германија). Повторно нагласувам дека не се работи за било какво потценување на значењето и улогата на студентското движење, туку само за тоа да се фиксираат можностите и дометот на овие акции. Најголем допринос за мирот, прогресот и социјализмот студентските движења ќе можат да пружат во оние случаи кога ќе успеат да најдат заеднички јазик со силите и расположенијата кои изникнуваат од работничката класа и ги одразуваат нивните основни интереси и социјални стремежи.


Забелешки

[*] Прилог на д-р Бранко Прибичевиќ, професор на Факултетот за политички науки во Белград, напишан специјално за овој избор.


Архива на Бранко Прибичевиќ

Студентската 1968 година: Содржина

марксистичка интернет архива