Напишано: 1937.
Прв пат објавено: К. Рацин: Подне, новела, „Култура“, год. I, бр. 1-2, јануари-февруари 1937 год., стр. 24-26, Загреб.
Извор: Кочо Солев Рацин „Проза и публицистика”, „Наша книга”, Скопје, 1987, 37-38 стр.
Превод од српскохрватски: Јован Бошковски
Техничка обработка: Златко Димитриоски, Здравко Савески
Онлајн верзија: април 2025.
Седиме за време на двочасовниот починок, под сенката од високата палата, недовршена уште, на која работиме. Така е пријатно да се истегнеш по ручекот под оваа сенка. Ја сеќаваш милината на животот после усилна работа — по снагата ти струјат лесни трпки, умората ја снемува. Ќе намине тогаш и по некоја пријатна мисла, која те освежува.
Стариот, беловлас Вук, јадер кршен Црногорец, седнал на парче чамова греда, ги превиткал нозете во колената и ме гледа со мижливи очи:
— Ну, де, дечковане, прикажуј, има ли нешто во весниците.
— Ништо, велам. Весниците лажат.
— А што да прават. Лажат. А мене, еве, ми пишат од дома. Читај!
Ми подава модар, истуткан плик, што го вади од некаде од пазуви. Гледам — му јавува брат му — дома кинисало сѐ на полошо. Бериќетот ништо не чини, ќе мора и годинава да се купува храна. Големи суши сосипале сѐ.
Му го враќам писмото.
— За ова весниците не пишуваат.
— Е, е, е! се смее Вук. А што би било и кога би пишувале. Ги знаеме ние веќ и тие весници.
И јас се насмевнувам и климнувам со главата. Гледам, стариот Вук не е така стар и во мислите, во неговите очи светка сега некој огин. Го разбирам.
Имаше тука скоро голем штрајк. Црногорците најдобро се понесоа. И сѐ кога на еден простор од градот се заниша морето од човечки тела и од илјадници глави засветкаа неумоливи очи, — стариот Вук како да се подмлади. Потскокнуваше како момче, одеше од група до група, храбреше, занесуваше со жарта на своите зборови... А сега, тој вика прикажува:
— Јас, вели, не ти ги земам оние паметни теории. Она, кога ќе чујам, мене градите ми се надигаат од некоја полноќа, тоа да. Јас она сеќавам, ти велам, таму е нешто големо за нас. Го сеќавам тоа, велам, и ако не се разбирам. Ама, да ти кажам јас така, дечковане мој, сеќавам јас тогаш, во самиве гради, сеќавам јас тогаш огин тука — да! Сеќавам и сакам да живеам...
Силно светат очите на стариот Вук кај овие зборови. И мене ми гори истиот огин. Вуковите зборови се искрички што палат, тој тоа го зборува непосредно и така одвистински. И продолжува:
— Јас сум ти ги минал сите фронтови... и во Бизерта дури сум бил јас. Остај, поубаво за тоа да не зборувам... И да ти речам, онака, после оние фронтови, јас како пак да сум на фронт. Гледаш ти — куќа е тоа, а жената сака да живее, децата сакаат да живеат и јас сакам да живеам. А тешко е тоа, богме, тешко, на оној наш камењар и сушина. Таму — на сушината друга една сушина, па пече, пече веќе со години. Знаеш како го мислам тоа. И сега, еве се мене пак, вала, во градов, во овие години, гледаш, како...
Но наеднаш се свитка:
— И не се давам пак! Јок! Им покажав.
Навистина, стариот тоа го покажа.
Од надворешната палата и покривите за околните куќи се леат коси светли сончеви реки, сенката станува подолга, се ближи времето за работа. Ја гледаш така оваа треперлива сончева река, заигрува нешто во твојата крв, ќе се сетиш на нешто умилно и ќе оживиш. Ти се сјаат очите — гледаш некаде далеку, далеку... Но, одеднаш — мислата дека имаш пред себе еден дел од своето време, кое му припаѓа на друг, оваа мисла го гасне нивниот сјај. Сеќаваш — се напињаат жилите, се собираат мускулите, а немаш ни малку волја за тоа, присилуван си. И еден нов сон се зачнува во твоето сонување, еден сон — тоа веќе да го нема, да работиш без приморување, со сета своја волја, со полн занес. Примамлив поглед тогаш се навртува спрема изгревот на сонцето.
Гласовите на другите го прекинуваат сонувањето.
Стариот станал и оди накај влезот на граѓевината. По некој час тој ќе црпи со лопатата ситен песок и ќе го уфрла во гротлото набетонската мешалица. На неговите очи ќе се спуштаат веѓите нешто помалку подолу. Како да ќе сака нешто, а не ќе може. И ќе засветка во него тогаш еден ситен огин, оној што осветлува.
Сите веќе се разотишле на работа.
Забревта, како живо, срцето на моторот од бетонската мешалица. Замајката вртогаво се врти. Со лопати, што ѕвонливо се одзиваат кога го испураат песокот, работниците го полнат топчестиот котел на мешалицата. Се врти котелот, клопотат весело запчаниците, чкртаат полугите. Наеднаш — се раствори котелот на две полутопки и се излива лавата од бетонска маса. Други лопати ја подземаат и ја пренесуваат понатаму.
Работата почна.
А од некаде зачкртуваат звучно трамвајските тркала. На улиците врие кладенчето на градот — луѓе, убави жени, како мравки, итаат некаде, одат.
Силниот пулс на животот го сеќаваш. И би сакал повеќе, пополно да живееш. Во твоите гради, во срцата на сите твои, копнежот по тој живот е така силен, така копнежлив, и неумолив.