Напишано: 1939.
Прв пат објавено: К(очо) Р(ацин): Златен занает, „Наша реч“, г. I, бр. 4, 8 април 1939 г., Скопље.
Извор: Кочо Солев Рацин „Проза и публицистика”, „Наша книга”, Скопје, 1987, 41-42 стр.
Превод од српскохрватски: Јован Бошковски
Техничка обработка: Златко Димитриоски, Здравко Савески
Онлајн верзија: април 2025.
Како коба се ниже ден по ден, како кошмар се гнезди во душата темна, мачна неизвесност, од времињата што идат. Нешто пополека, пополека стиска за гушата и дави.
Еј, тешки ли времиња дојдоа, пусти биле! Опусте чаршијата, раскапаа ќепенците, во некогаш веселите, ѕвонливи занаетчиски работилници се вовлече чума: со прав посипан лежи алатот на тезгињата, со прав посипана една мртва, златна доба — ’рѓоса златниот занает... Еј, Темо, еј пусто турско!
Како дождалец седи Темо со скрстени нозе и скрстени раце на голиот чардак, седи и премислува: снопот сонце што дрско се вовира низ скршеното прозорско окно на чардакот, силно се излива на нечистото душеме од штици, па расплинувајќи се отаде во бледи одблесоци, благо го облива неговото мрачно и небричено лице, по кое се браздат страдалничките брчки. Но неосетлив е Темо за сонцето, неприемлив за видот. Какво проклетство му донесе овој тутун.
Тој, Темо Крапче, некогаш добар столар, угледен занаетчија, едно време дури и устабашија на столарскиот еснаф, окапа, сиромашкиот, спласна сосема, го затвори дуќанот и дотера ете до обичен, ситен садач на тутун, кому секој час му буричкаат по градите и му ги пребројуваат глужливите ребра!
Онака малечок, дебеликав, малку веќе побелен но сѐ уште пргав, темпераментен, обигран во досетките и умеан во однесувањето со муштериите и другите еснафлии од Безистен-чаршија, Темо претставуваше цел еден примерен тип на македонски паланечки особењак. Беше тоа човек од стара кова, притеснет од неволите, но во себеси длабоко карактерен и морален. Годините на самостојно и чесно еснафско занимање создадоа од него човек што е мошне осетлив за својата паланечка чесност и на својата личност, па навикнал така, човек сѐ да гледа како оди по некој постојанен, утврден ред, и да се удави како во вода, штом нешто ќе скршне од тој ред. Одеше тоа така кај него со години, одеше така и зарасна најназад со мозокот, со жилите и крвта. Како сега да се помири со тоа да биде поинаку, во неговата работа и марифетлак да се меша и да се внесува некој друг?
Засади Темо со тутун едно свое малечко угарно нивче, па станал така сам во рано јулско утро, јавајќи на магарето како бег, и дошол на нива, застанал на работ на песочниот пат и се опива: по тенкиот пласт магла чурат длапките од леите засадени со тутун, чури земјата сета, во бога плод. Му се надигаат и се полнат градите негови со нешто благо и свидно — го сеќава така присно ова што трепери под него како плод од негова мака и чесен труд, како плод на марифетлакот, како што еснафот го сфаќа. Има ли тука место за некој друг?
А ете, дошле луѓе во зелено, па прашуваат:
— Како тутунот?
— Сполај му на господа, шуќур, вели Темо. Но не може да се помири како тоа овие луѓе идат и газат по таа негова бавча, како ги бројат страковите, како неговите ребра...
— Зошто, џанам, штрапате така, зошто газите?[1]
Темо не сфаќа, Темо не може да мисли како нив. За Тема е тутунот марифетлак, Темо го обработил како бавча. И зошто сега така да му газат!
И со денови ги гледа така, ги гледа како го бројат, го сметаат и мерат, па тешко му е, не може да сфати. Нема ли тој чесно да го предаде? Не е ли тој чесен еснафин, не го знае ли тој ред и тоа право, туку вака...
И мачно му е, мачно. Си го жали старото турско, го жали златното време на еснафот, си ги брои ѓердан-деновите, и сѐ му е пред очите поцрно и поцрно.
Еј, Темо, Темо, еј пусто турско! Ти 'рѓоса залтниот занает!...
Забелешка на преведувачот
[1] И во оригиналот реченицата е на македонски.