Кочо Рацин

Уметноста и работничката класа


Напишано:
Прв пат објавено:
Извор: Кочо Солев Рацин „Проза и публицистика”, „Наша книга”, Скопје, 1987, 166 стр.
Превод од српскохрватски: Тодор Димитровски
Техничка обработка: Златко Димитриоски, Здравко Савески
Онлајн верзија: април 2025


Г. Живоин Цветковиќ спаѓа во редот на оние еснафско-социјалдемократски, старомодни педант-педагози, што веќе со години ја „просветуваат“ работничката класа со своите културно-етички списи. Но дека таквата негова работа доведува до обратен резултат, до фактичкото оневозможување и спречување на работниците да се служат правилно со културно-идеолошкото оружје на уметноста — покажува неговата најнова брошура „Уметноста и работничката класа“. Во неа пишувачот ја покажа не само својата тотална неспособност правилно да го постави и реши овој така важен проблем, туку наедно ги откри и причините зошто овој проблем со години беше криво поставуван кај нас. Откако со својот еклектички и механицистичко-идеалистички метод дојде до многу весели и одамна веќе преџвакани откритија како, на пр., дека уметничките дела биле „духовно-животни зрачења на уметничкиот гениј“, дека целта на уметноста била „изнесување на самата вистина и на стварноста во симболичен, лажен облик“, и дека тоа треба што поубаво, позаносно, пострасно итн. да ни го дочара самиот живот и самата стварност“ — пишувачот неминовно морал да дојде до многу плачевниот заклучок — дека работниците во современите услови на животот не можеле да се издигнат до „разбирањето на правата и вистинска уметност“, па затоа во културно-просветните организации требало да бидат воспитувани во духот на „класната пролетерска идеологија, култура и уметност“. Но всушност, неразбирање и неспособност за сфаќање на вистинската уметност има единствено кај вакви квази-идеолози на работничката класа, коишто со своите непролетерски теории ја заглупуваат нејзината свест. Единствено правилна и единствено пролетерска теорија на уметноста е онаа што ја сфаќа уметноста не како „симболично дочарување на вистината и на стварноста“, туку како специфичен, уметнички одраз на објективната реалност и која во секоја вистинска уметност го открива нејзиниот длабок спознајно-културен елемент. Поради тоа, само таквото сфаќање на уметноста и на културната работа, сфаќање што е во единство со единствената вистинска наука на работниците, може правилно да го постави и реши проблемот на уметноста и на работничката класа, а не еклектичките сфаќања на г. Ж. Цветковиќ и на неговата братија, коишто на сите полиња доживеаја полн неуспех.