VII

1932 — 1936 ГОДИНА

Без нигде никого во градот и со прокобата дека ќе се сроди со него како со роден, Васил Антевски ги трие тврдите прагови на неговите приватни кантори и бановински установи. Има дваесет и осум години и чувство дека допрва го почнува животот. Но, летото поминува, а тој не наоѓа работа. Правничката диплома, здиплена во Големата француска револуција, сè уште му служи за зглавје — макар што под клупата во паркот есенскиот ветар ги собира жолтите лисја во зиморлив куп.

Увидувајќи ја, ни за прв ни за последен пат, отровната разлика на пишаните права и непишаните правила на животот — Васил Антевски се упатува кон бановината. Денизден, како добиче на греда, бара прием кај банот Жика Лазиќ. А банот, Жика Лазиќ, четворен маж со четки од мустаки, коса под брилјантин и каки гамашни — секое утро доаѓа со пајтон на работа и со бамбусовиот бастум ги подбира референтите, додека се прибира во својот кабинет. Никој не смее да го допре, да му приговори, дури ни погледот да го крене до неговиот.

— Кој е овој? — прашува банот, нишанејќи на клупата во ходникот пред неговата врата. Васил Антевски сака да стане и да се претстави, но остенот на бастунот го враќа назад.

— Бара прием кај вас, — се збунува секретарот на кабинетот, преместувајќи ги папките од една дланка во друга. — Не кажува ни кој е, ни зошто?

— Како тоа? — го свртува банот остенот од својот бастум во градите на секретарот. — Веднаш да слушнам!

Васил Антевски станува со поклон од клупата, го оддиплува мајсторското право и ја рецитира постдипломската беседа:

— Васил Антевски, дипломиран правник на Белградскиот универзитет. Син на Костадин Антевски, српски повереник од село Оморани, сега покоен. Водоносец на солунскиот фронт, посетител на колеџ во Франција, моментално безработен. Приправник без практика, на ваша услуга!

— Како тоа? — повторува банот; гледајќи наизменично во својот секретар, во Васила Антевски и во неговата диплома. — Бановина ли е ова, или гулабарник? Зар нашите деца, нашите гулаби, да не свијат крило во овој ебарник? Веднаш да му се најде место!

Па, префрлајќи го мазниот бастум преку рамо, како копје на кое штотуку не се развеало државното знаме, Жика Лазиќ се свртува кон својот кабинет, чија отворена врата го очекува двојно повисока од неговата става.

Така, со препорака преку колено и вџашеност на апаратот, Васил Антевски станува секретар на началникот за администрација во градската општина. Од првата приправничка плата се снабдува со пристојна облека: костум без постава, пластрон без кошула, гамашни без чорапи.

Кога доаѓа на работа — ги олабавува врвките од чевлите, ја вади врската на ластик, ги навлекува црните ракави до лактите и ги отвора параграфите на законите за да продава памет на другите. Сето тоа му е како игра; учена во книгите дека е сериозна, сфатена во практиката дека е подбивна. Си замислува дека му недостига уште: бомба на главата, шамивче во џебот, прстен на раката и бастун под манжетата. Па да стане вистински палјачо, кој го претставува колосаното право на лажното време меѓу двете војни што се мести и подместува за чоколадно фотографирање во спомен и долго сеќавање.

За среќа, Васил Антевски знае дека гестот на банот Жика Лазиќ е пресметан — колку да го освои него, уште повеќе да ги заслепи другите. Освен тоа, досетката на банот Жика Лазиќ, за бановината од гулабарник до ебарник, се шири меѓу административниот апарат како латинска изрека, или барем како народна поговорка. И, Васил Антевски влегува во официјалните кругови и елитната класа, како одзвукот на èгето во ноќта на крадците. Дури и еден Бата Јовановиќ Стојмировиќ, референт на Жика Лазиќ и дописен член на Централното пресбиро, му станува познат, ако не пријател; а самиот пак Васил Антевски, како противуслуга, се согласува да му биде надворешен соработник на неговиот весник „Вардар“, иако во него малку нешто ќе напише. Во секој случај, за неполна година бановинскиот приправник толку се компромитира, што илегалниот весник на комунистите „Искра“, пред да биде провален, сепак стасува да ги предупреди своите читатели да се причуваат од него како од можен провокатор.

Но, Васил Антевски го задржува своето определување уште од гимназиските денови. Врз основа на напредните движења во историјата и искуството на поробениот народ во земјата, тој се залага за слобода и правда; ги застапува социјалните принципи на Републиканската партија и ослободителните начела за федерална Македонија. Од друга страна, од правата макар и опачната, како секретар на началникот во општинската администрација, се среќава со многубројни социјални и практични проблеми за решавање. Свикнува на чиста јака, но не и на стегната јамка околу вратот.

Обратно, во разбирањето на општествените и решавањето на социјалните проблеми, Васил Антевски самостојно доаѓа до марксистичката литература. Таа му отвора нов простор на свеста, му го разбиструва погледот во иднината, го привлекува со разграничувачката линија на перспективата. Васил Антевски едноставно не може а да не ја прифати. Тоа, колку нормално толку и неминовно, го доведува во судар со државната администрација, па така и си ја губи службата во општината.

Во меѓувреме, повеќе од потреба одошто од љубопитство да ја проверува мислата на марксизмот во практиката на животот, се заинтересирува за работничките синдикати и ги посетува нивните отворени собири. Не му пречи многу што на неговото присуство таму се гледа со очигледна претпазливост, па и навестено сомневање; тој отпор Васил Антевски го прима со очекување. А како би можело да биде и поинаку, кога тој каде и да се најде мара да се појави како дојденец? Откако е излезен од село, тој е изместен од својот контекст; а тоа значи дека треба да се најде себеси во новата средина, барем онолку колку што бил најден во старата. Но, додека за едното бил доволен навикот на продолжувањето, за второто е потребен напор на свеста во осознавањето на новото — за да го преживее клетката на иднината своето поместување од попросто на посложено рамниште.

Тоа време, и по сопствено признание, е најтешко во средорекот од животот на Васила Антевски. Веќе триесетгодишен, способен за живот: повеќе да му дава, одошто да му зема — тој е сам. Одроден од сточарскиот и изземен од земјоделскиот слој на селото, отфрлен од привилегираната бирократија на државата, далеку од работничката класа на градот — на Васила Антевски му останува да се ослони само на своето неначнато чувство и изострена свест за неодминливата битка за национална слобода и социјална правда. Тој е, впрочем, веќе комунист по убедување; и не му е повеќе важно дали до тоа е дојден преку животна принуда или мисловна определба. Порано или подоцна, знае: на тој пат, што се пробива со голи нокти и остава глуви победи во мракот, ќе се најде себеси. За Васила Антевски, уште од умирачката на татко му Костадин Антевски, бесмислено е да не си го осмисли животот.

1936 година, како адвокатски стажант, Васил Антевски пројавува вонредна активност преку здружената опозиција: учествува на зборови, конференции, договори; порачува книги со напредна содржина од Француската книжарница во Белград; дури и картата на СССР ја добива по пошта преку Руско-славјанската книжарница во Белград. Кога по извесно време, истражните власти, прво српски потем бугарски, ќе го распитуваат како е дојден до таа литература, Васил Антевски со искрена зачуденост ќе одговори:

— На легален начин. Со сопствени пари. Како литература со научен, а не пропаганден карактер. Главно на француски и англиски јазик. Се разбира, и на руски. Да, во таа литература има марксизам. Но, марксизмот е наука. Призрак е на Балканов. Тоа е најмалку моја вина. Или можеби е?

Истата таа, 1936 година, откога узнава за постоењето на Народниот фронт во Франција и кога веќе почнува да го добива неговиот „Соггеѕрondansе internationallе“, Васил Антевски седнува една ноќ да пишува писмо до редакцијата. Ништо особено. Гледајќи се осамен во својата средина а чувствувајќи потреба од здружување со она што Гете го нарекува духовна сродност, тој таа вечер седнува и само искрено се обраќа до интернационалното гласило на Народниот фронт во Франција. Сака да се вклучи во антифашистичкото движење, знае дека тоа треба да се стори преку организацијата на комунистите, но не знае дека патот до тоа мора да го побара во сопствената земја.

Европа веќе се костреши пред опасноста од нова војна, рилката на нерезот од Берлин со беснило ја рие земјата под нозете, а Скопје уште спие во првиот краток сон по претходната светска и балканска кланица. Лаење на кучиња од далечните бавчи, кон кои се шири младиот град врз бившите чифлици. Дишење на маневарка од станицата до ложилницата, како стенкање на старец кој го доодува својот пат од лулка до дупка преку пустата чистина на празниот живот. Чочек со дајре низ крта трска од најблискиот кафешантан, каде што во бистра чаша и матно око, матицата од заедничката судбина се доцедува во талогот на личниот безизлез. Танка миризба на срамливи кандила, приземен здив на полеани леи, начулени цветници на разгрлени дворови, отворени усти на раз'рчени прозорци — сето тоа свртено со успано лице кон изгазеното небо под Големата кола.

И кому, во таков момент, да се обрати еден буден а трезен човек? Бивш селанец, зелен граѓанин, безимотен интелектуалец, достоинствен пролетер, млад заљубеник и стар ерген? И, по нагонот — колку што е подалеку адресата, толку е поблизок зборот — Васил Антевски си кажува во писмото, не на македонски туку на француски, сè што си мисли: како да си зборува со другар, довикан од далечините колку да го ислуша и пак да се врати, а тој да си остане со она што било и пред него. Секој со себеси, секој на своето — секој со товарот на својата совест.

Таа авантура, почната како духовна потреба на еден балкански осаменик, завршува како бизарна фарса на ординарен практичен наивник. Јасно, иако срочено на француски јазик, писмото на Васила Антевски до парискиот „Соггеѕрondansе internationallе“, паѓа во рацете на кралската југословенска полиција. Полицијата го отвора писмото и го затвора пишувачот. Потоа и двајцата одат на Државниот суд за заштита на државата, на спектакуларен процес со секавична брзина. Полицијата дури не стигнува, како додатен и комплементарен материјал за обвинувањето, да ја идентификува можната марксистичка литература во неговата стажантска библиотека.

На судењето, Васил Антевски е обвинет, само врз основа на писмото, за дело квалифицирано како флагрантно поврзување со илегална организација на една странска држава. Иако и самиот правник, Васил Антевски е истовремено збунет и немоќен: не само затоа што неговите намери се земаат како извршени дела, туку и затоа што неговите сфаќања — за кои и самиот смета дека сè уште се матни — се третираат како дејства со сосема определена насока и цел. Затоа и не е во состојба да говори, освен да одговора со кратки потврдни или одречни зборови. Судот, пак, веројатно не без основа, гледа во него не толку збунет колку заблуден млад колега, кој преку мерката на пресудата ќе се врати на правиот граѓански пат. Затоа, со манифестантна великодушност, му изречува само една година затвор.

Така Васил Антевски, уште во желбата и помислата, бива обележан и осуден како комунист.