IX

АПРИЛ — СЕПТЕМВРИ 1941 ГОДИНА

Васил Антевски се враќа од војната во 1941 како што влезе во војната од 1915 година: селанец од теме до петици, бегалец од веѓи до петлици. За да се спаси од заробеништво, ги заменува по беспаќа деловите од војничката униформа со парталите од селската облека. Таков, бос во опинци и преправен под паларија, се прибира дома по цела недела талкање, гладување и криење. Да има кој да го чека, нема да го препознае.

За среќа, го пречекува само разурнатиот град, бомбардираното Скопје. Разорани мравулници по улиците, слистени чела од зградите, пожарни греди на чатиите, слепи прозорци по куќите — и ни црна птица на голото небо. Иселен од луѓето, градот е како шупликав камен — да го допреш, ќе се престори во пепел. Но, сепак под грбникот на урнатините, стенка по некој прснат пршлен. А крцкотот од стаклата под нозете одѕива во крцкот на скомина под вилиците, заглушувајќи го смрзнатиот крвотек со молкот на стравот.

Васил Антевски се прибира дома на колена, речиси лазејќи. По еден сон, како камен на камен, кој трае додека денот и ноќта неколку пати се спојуваат и одвојуваат — собира само толку сили колку да си свари чај. Планински чај во градска соба, сам среде вителот што ги превртува судбините, ронка топлина освен голтка горчина.

Така, под кризата од чирот, Васил Антевски прележува цел месец дома — на блуткава попара од планински чај и војнички цибок. Ништо не знае што се случува во градот. Прелистува стари книги, проодува со искривена половина и се обидува со саморачен приемник на глуви кристали да ги фати вестите за светот преку брановите на радиото.

Прв човек што го посетува, уште истиот месец, во неговата ергенска соба е — се разбира — Блажо Орландиќ. Гледајќи го свиткан од чирот, со испиени образи и откроени очи, незавршениот студент се труди своето присуство да го ублажи со шега:

— Еј, Васо, Васо! Крепи душа, Васо! Крепи душа, да те слуша! Не ни е далеку спасот.

Васил Антевски се сили да се насмевне на неговата здрава смисла за народски хумор, но тоа никако не му успева како ни напорот да го почести со млак чај. Хроничната глад, што го следи од детската попара, сега му се запијавичила во утробата со ноктестото глочкање на воспалениот чир. За срамота, во ова време на судбоносни промени на човештвото — ќе треба да се лекува од банална мирновременска болест, што ги напаѓа ненаситните желудници на малограѓанските епикурејци.

— Важно е дека си жив, — ја остава шегата Блажо Орландиќ. — Добро е што си останал жив, макар и по овој срамотен април. Ќе ни требаш, Васо. Нè чекаат нови работи. Ќе ни треба: не секој наш човек, туку сите наши луѓе. Иако не си вистински комунист, ти си добар Македонец. Како таков и треба да живееш за македонскиот народ. Затоа, чувај се колку можеш. Држ' се додека крепиш сила. Доаѓа време кога животите, колку и да не ни се вредни, треба да ги продадеме што поскапо можеме. Кога ќе ти биде подобро, ќе ти се јави човек. Бива?

И, ненадејно како што се појавува, Блажо Орландиќ се повлекува во темнината од која како да не излегува без да ја изнесе искрата на надежта. Млад а веќе маж, со врел стисок на дланката и тврд блесок во погледот, со топлина во гласот и острина на мислата. Кога не би бил илегалец, си мисли Васил Антевски, би имал најдобар помошник во адвокатската кантора. Вака, му останува само да се запраша: дали некогаш пак ќе го види овој снаодлив младич, со здржана насмевка под танкиот мустак и решителни движења на политички затвореник, кој не може повеќе да се замисли со заврзани раце?

Штом доаѓаат Бугарите, три недели подоцна но за три паради попобеднички од Германците, Васил Антевски го фаќа патот за Софија. Го подзакрпува приправничкиот костум, потсобира пари од пријатели на заем и вади привремен документ од новите власти; треба да се пријави во Адвокатската комора, да го лекува чирот во стомакот и да се подготви за нова правничка практика преку купување јуристички книги и државни закони на Царството Бугарија и Новиот Ред на Земјата. Во Софија Васил Антевски останува десет дена.

За тие десет пролетни дена во Софија Васил Антевски не завршува ни една работа од планираните. Во Адвокатската комора му бараат не само декларација туку и нострификација, за која уште не се знае кој орган треба да се издаде а кој да ја потврди. Чирот во стомакот може да се залечи, но не и да се излекува — и тоа под услов нервозата да му ја напушти утробата. А за купување книги, на сопствен џеб и под државна цензура, самоиницијативниот правник го упатуваат на празните книжарници и испрашените антикварници.

Сепак, на Васила Антевски му останува задоволството од запознавањето со македонската емиграција во „новите предели“ на бугарското царство. Тоа е, бездруго, во неизбежниот „Средец“ — меана во која идеалите на македонскиот народ можат да се испијат во готово или пак да се крчмат на вересија, зависно од стопанот кому ќе му ја продадеш душата. Иако, поради самечкиот живот чест посетител на вакви установи, Васил Антевски не е љубител на навикот чашата да се зема како причесна за исповед а масата да послужи како политичка трибина. Затоа, кога ги гледа луѓето околу себе — ветерани, врсници а умислени занесенковци — има впечаток дека се вратил барем половина век порано, во времето кога според романтиката на историјата пијаниците станувале јунаци само затоа што ја заменувале чашката со пушка.

Во „Средец“, меѓу другите, Васил Антевски се сретнува и со Венко Марковски, македонски поет. Венко Марковски е веќе познат, не само со гласноста на своето име туку и по насловите на своите поеми. Луѓето го слушаат, децата одат по него, а на вратите им отпаѓаат крилата штом ќе затупоти неговиот феминистички чекор. Васил Антевски знае за него само дека пребегал уште пред војната од Македонија во Бугарија, ама ни го сретнал ни го запознал досега како човек ниту пак прочитал нешто од него како од поет. Затоа му е интересен: со искокнатите очи што му играат како белки на зејтин, со ломотливите усни што му исфрлаат шарени меури од плунката, со кржлавите раце што му мавтаат над главата, како тупаници на доенче.

Венко Марковски, удирајќи со лактовите по масата, испраќа страшни погледи кон луѓето околу себе и не престанува да производува зборови за поезијата, за слободата, за народот, за Македонија. Никој не може да му пререче, ни постар ни поумен, тој тоа го прима како напад на поезијата, на слободата, на народот, на Македонија. На крајот, кога завршува или барем остава и другите да кажат нешто, насамо од Васила Антевски бара поткрепа — не толку материјална, колку морална. Има напишано поема за Илинденското востание или за Гоце Делчев, не е битно, па му требаат средства да ја отпечати — за да стане достоинство на народот, нели? Васил Антевски му ги вади последните 1,600 лева и треба да има чувство дека ги дава токму на народот. Но, додека Венко Марковски му го извлекува ветувањето да му помогне и во продажбата на поемата во Македонија, Васил Антевски се срамува од чувството што не смее ни да си го признае — дека се сретнал помалку со творец а повеќе со трговец.

Како и да е, по враќањето во Скопје Васил Антевски ја продолжува својата мршава работа во адвокатската кантора зад Ибни Пајко. Чирот му е привремено смирен со скрама од лекови, купените закони се сместени во нечитаниот дел од библиотеката, но луѓето од градот сè помалку се обраќаат да ги побараат своите права во новата држава. Нова држава, нова војна, нова судбина — кој да се снајде во тие неизвесности, во кој човекот не може да добие кога и народите губат? И како тој да им префрла за тоа, кога и самиот нема стекнато не само право туку ни сила да ги брани пред тие неизвесности?

Помирен со поразот на адвокатската кариера, Васил Антевски ја откажува кантората зад Ибни Пајко и ја сместува во својот стан на улица 222 бр. 27а, веќе мал за оваа нова намена. Тоа го прави во летната сезона на 1941 година, мртва како што можат да бидат мртви и сите воени години. Најпосле, треба да биде и практичен: кога не може да заработи за сопствениот чир, барем да не плаќа две кирии. Станот му е на кат, со посебен влез и ѕвонче на вратата, додека стопаните се стискнаат во сутеренот за да ја отплатат куќата. И секој што ќе сака да го побара може да го најде, штом ќе разбере дека е на граничникот меѓу Буњаковец, Мала станица, Железничка колонија и Дебар маало.

И навистина, штом ја преместува фирмата од Ибни Пајко на улица 222 бр. 27а, со нејзината позната содржина и стара ламарина: „Васил точка Антевски адвокат“, кај него доаѓа Периша Савелиќ. Иако го гледа првпат по интернацијата, мобилизацијата и капитулацијата, Васил Антевски не забележува на него никакви промени. Самсон си е истиот: кога остануваат во четири очи, тој му се развикува како син на татко:

— Ти си луд! Што си ја обесил фирмана? Поарно да си врзал бело крпче!

Васил Антевски не ја разбира неговата лутина: за разлика од него, тој е легален граѓанин, познат адвокат и јавен работник. Да, но не знае дека бугарската политичка полиција веќе ги прелистува комунистичките досиеја од српската политичка полиција, а таму за Васила Антевски бездруго има и други податоци, освен тоа дека е легален граѓанин, познат адвокат и јавен работник. Не може, според тоа, да не се очекува полициските органи на фашистичката власт од окупаторска Бугарија да останат незаинтересирани за неговата личност. Само прашање на ден е кога тоа ќе го сторат.

— Затоа, — заклучува Самсон како да составува наредба, — да си најдеш друг стан и да не и се пријавуваш на власта. А фирмата да ја симнеш и да ја фрлиш на буниште. Сврши времето на приватниот живот. Овде да оставиш белешка дека си заминал во Софија, да се регистрираш во Адвокатската комора. И да не се предаваш на полицијата, каде и да те побара.

— Ама, станов ми е платен, — му упаѓа Васил Антевски. — И тоа однапред за шест месеци. Сакав да ја стекнам довербата на стопанот, а и тој не е многу богат.

— Колку за станов, — го прекинува Самсон, — ќе го искористиме за толку. Кој и како, тоа не е твоја грижа. Ти имаш уште една задача: да собираш пари за Народната помош. Многу пари треба. Наоѓај како знаеш. Собирај од кај што знаеш.

Од каде да собира, се прашува Васил Антевски? Да бара од најблиските пријатели, кој ќе му остане кога ќе дојдат уште полоши времиња? Самиот да даде не е во состојба, зашто нема работа преку целата година. Не што чекаат во селото од него, туку и брат му е на врат во градов.

— Ништо не знам, — му ги чита мислите Периша Савелиќ. — Како што знаеш. Туку, ќе најдеш ти преку твоите врски меѓу граѓаните. Треба само да се одберат чесните, оние што нема да прекажат. Има уште образ и скопската чаршија и скопската интелигенција. Три недели од денеска, во истиов час, те чекам кај Кулата во Тавталиџе. Со извршена задача. Здраво!

Завидувајќи му на годините, на решителноста, на здравјето — Васил Антевски го испраќа Самсона без збор во погледот. Потоа, облекувајќи се како за визита, излегува од дома, пребирајќи ја во мислите сè истата бројаница адреси кај што може и треба да сврати. Патем, на улица. ги поткупува децата да му ја украдат фирмата, да ја исчукаат бојата и да си ја исечат ламарината за самоделски санки. Од таа игра, што почнува да го позема како бран на суводолица, заборава на чирот што го глочка во утробата.

Уште истата вечер, небаре за неодложна љубовна средба, Васил Антевски доаѓа до клуч на туѓ стан. Тоа треба да е, заправо, една стара куќа во Горно Водно, првото село над Скопје. Сопственикот, неговиот колега адвокатот Жика Костов Баждавела, го уверува дека тоа лето нема да ја користи неговата фамилија и му препорачува да се чувствува како во своја куќа.

— Макар што нема удопства, сепак можеш да собираш и друштво, — му намига женетиот колега. — Ај, па да нè викаш и на свадба! И пријатно летување!

„Удопство, друштво, свадба, летување“ — си мисли со насмевка Васил Антевски, како за мислени именки што му облетуваат околу главата во вид на недофатни а опивачки облаци од мушички. „Драги колега“, му иде да му каже, „ние живееме во два света. Ти во удопства, друштва, свадби, летувања; јас во лишувања, самотија, тегоби, зимувања. Како ќе нè разберат другите, кога ние самите не се разбираме? По половина век, кога ќе се определуваат спрема нашево време, луѓето нема да нè прашаат кон кој свет сме припаѓале, туку каков свет сме изградиле“. Меѓутоа, Васил Антевски не може на својот колега Ж. К. Баждавела да му го дошепне ни тоа дека неговата куќа му треба — не за денгубење, туку за криење.

Селската куќа во Горно Водно му легнува на Васила Антевски како груба клашна на потен грб. Одајата му е варосана, над зглавјето има свеќа, по душемето козји патеки, постелата тешко покриена, а од ѕидовите свежо здива на гнило овошје. Долу во дворот тече поток, секирата чека со врвот во пенушката а чардакот гледа кон градот. Дрвјата над чешмата сретсело го задржуваат ветерот низ гранките, па го испуштаат и кога сонцето ги гори покривите од камен.

Од градот до тука треба половина час машко одење. Васил Антевски го минува за четириесет и пет минути, ама со застанувања на пострмните места. Кога ќе му пријде на селото, го фаќа главниот пат: кос сокак, среде кој истекува водата од селската чешма и низ кој минува селскиот добиток. Колите на селаните, со исчашени глуждови на калните тркала, тропаат и се искривуваат на некогашниот макадам без да ги заплашат децата што се накачени на нивните превртливи врвови. За да се разминеш со нив, треба да се припиеш до некоја порта, па и да го потиснеш мандалото што ќе ти се откачи над главата.

Васил Антевски, меѓутоа, се чувствува многу добро, дури и удобно. Како да се вратил во времето, во детството, во утробата што го родила, за да си го земе назад. Еден стар селанец, Велко Црниот, изутрина му носи млеко или матеница — што ќе му се најде. Гледајќи го блед, сув и испиен, тој мисли дека боледува од офтика и му раскажува за својот син, кој со таа болка не стасал да види внук додека други ќе дочекаат и правнуци.

— Пиј, синко! — му вели. — Кога нема млеко, и матеницата е арна. Ќе се умира што ќе се умира, ама здравје нека е!

— Што ќе ни е здравје, стрикото Велко, кога и така ќе се умира?

— Човек треба здрав да умре. И болештини да носи, пак здрав да умре. Како човек. Така останало од старите, тоа им треба на живите.

Исклепан како сач, стврднат како ума — Велко Црниот ги крстосува доловите на Водно како дивојарец, не искажувајќи ја туку потврдувајќи ја срцевината на животот. Тој слегува во Скопје како што слегува до поило — колку да ги брцне глуждовите во живејачката на другите. И, одбиен од тој жабурнак, да се врати кон сртовите, каде што ветровите од сите страни му ги сушат месата во пастрма. Оставајќи му го мозокот, смален до зрно, но способен да про'рти во секој допир достоен за човечки.

Поведен од неговиот пример (дали тоа во него го препознава деда си Стефана, за чиј дух знае повеќе по туѓо кажување, одошто за ликот по сопствено сеќавање?), Васил Антевски и самиот прави чекор назад кон природата. Гол до појас, се мие секоја утрина со планинска вода, без градски сапун. Своерачно, како дете во кражба, го одбира под квачката најсвежото јајце и го пие уште топло, проверувајќи ја спроти сонцето неговата снежна лушпа. Зазбивтан над дрвеното магаре, сече со крцкавата пила по дузина цепеници од бука и ги реди под чардакот за намерници во невремиња. Одбирајќи ги сè пострмните врвици, се искачува кон сртовите на Водно и гледа колку е мал, и тој и врвот, меѓу планините околу него и среде луѓето што ги нема. Собира суви корења, шарени полжави, чудни камчиња. Изненаден, се фаќа себеси како потпевнува. Да го сретне некој познат од градот, ќе помисли дека е избеган од подрумите на Душевната болница.

Кот, по извесно време, решава да слезе до Скопје — во дланката на огледалото Васил Антевски го здогледува своето изменето лице: поцрнето, збрчкано, брадосано. Само очите, тие светулки од копата на ноќта, со намигнување му потврдуваат дека е непроменливо тој. Сепак, кога зема да се бричи, ги остава мустаќите. Става очила, се чешла на патец и во стара облека, стуткана и напрашена, се упатува кон градот.

Скопје лежи во голата котлина како ранет на бојно поле: секнатите води на летните реки дотечуваат до неговите отворени и запуштени рани, сонцето и правта ги покриваат со крваво набрана кора, околу која избива потта на маката, додека во дупките од бомбите гнилиот жабурнак се стврднува во зелен бигор. Скршени прозорци, сипаничави фасади, паднати фирми. Меѓу излижената калдрма и изабените налани, босоногата сиромаштија претрчува од стреа до стреа — криејќи се колку од ѓулето на сонцето толку и од јамата на војната.

Па сепак, додека се спровира како зрно крв низ капиларите на сокаците, Васил Антевски се чувствува како дома: погледот му игра како скакулец на камен, дланката му ги допира познатите рапавини на дрвјата а околу срцето му е меко како штотуку да стапнал на песокта од плажата.

Кога минува низ улицата 222, близу до бројот 27-а, со измешано чувство на задоволство, почуденост и страв забележува дека од адвокатот Васил Антевски нема останато ни трага ни глас. Прозорците од неговиот стан се затворени и запечатени со хартија за затемнување, токму како да е отпатуван на подолго време и во неодредена насока. Мирните домаќини од сутеренот, кај кои брата му Никола (а повеќе власта) го чека неговата белешка дека заминал по службена работа во Софија, тромо тропаат со наланите под лозницата и суво кашлаат со старата пумпа. Адвокатската фирма е симната од куќата, однесена на буниште и раскрчмена на децата, меѓу кои веќе ни едно на улицата не го препознава во денгубниот минувач.

По оваа кратка прошетка по сентиментални врвици, Васил Антевски го решета градот во потрага по некогашни познаници. Некои го препознаваат, некои не го препознаваат — сите се зачудени од неговиот изглед, зашто Васил Точка, бидејќи дрт ерген, е познат и како манијачен педант: подобро горда сиромаштија, одошто нечисто богатство. Васил Антевски им објаснува дека западнал во непредвидени тешкотии, дека уште не извадил одобрение за работа и дека во најскоро време ќе им ги врати нивните евентуални позајмици. Така, Бошко Жераиќ, кој држи железарска работилница, му дава 10,000 лева и не сака да слушне за рокот и условите на нивното враќање; а Павле Станковиќ, кој се бави со препродажба на пасишта, му врачува 9,000 лева со намиг дека не би имал ништо против ако, место да му ги врати, најде начин да им помогне на вистинските сиромаси. Преќутно, сите знаат дека овие средства, вклучително и нивните, одат за Црвената помош; а Васил Антевски знае и задоволен е што еве и старите симпатизери, колку и да им врви приватната работа во воените услови, не забораваат сепак од каде потекнале и што им е според тоа соодветното оддолжување.

Тука, истиот ден, пред да ги предаде парите на следната врска — Васил Антевски прави една произволност. Имено, се вртка, од пладне до вечер, околу еден механичар од Тавталиџе, по потекло Русин а по табиет Македонец: ни вода, ни киселина. Најпосле, Васил Антевски се решава веднаш да му брои колку што треба од купот пари кој не е негов, а пак механичарот се согласува истиот момент да му предаде пиштол под услов кога ќе излезе од дуќанот да не го погледне името на фирмата. Двајцата верувајќи си, а како крадци, вршат трампа на тајните предмети со врзани погледи и веднаш забораваат еден на друг.

За чудо, место да го гризе совеста дека си купил пиштол од народни пари Васил Антевски се чувствува многу подобро со него: допирот на железото, стоплено од неговата снага, го подлажува дека не е сам. Иако никогаш во животот не употребил вакво нешто, а освен тоа во џебовите нема ни еден куршум за да го наполни, тој се чувствува сигурен — како да му е рамен на секој насилник, што ќе посегне не само кон неговата слобода туку и кон егзистенцијата на оние за кои се наменети средствата што ќе му тежат додека не ги предаде. Затоа, Васил Антевски не се враќа во селската куќа на Горно Водно пред да се сретне со врската, без која потоа не ќе знае што да прави.

Тоа е Пустата кула, напуштената беговска куќа во Тавталиџе, која и ноќе и дење гледа околу себе со слепи и мртви прозорци, со излупени и искривени ѕидови, со извадени и украдени ќерамиди, со потклекнати темели и поткосени оџаци — како питач на мост. Внатре, до единствениот миндер, гол како прст, води тесна патека од гнили штици меѓу темната згура од однесеното душеме. Тоа бегот, крчмејќи си го наследството, го зачувал барем патот до својата постела — една за раѓање и иста за умирање. Кога навечер низ покривот се вселуваат чавките, од таванот излетува т лилјаците; а полските глувци и градските стаорци го секое време се бркаат по изедените диреци, делејќи некој изгубен мегдан.

Васил Антевски, како мокра птица на црна гранка, ја чека врската — една ноќ, втора ноќ, трета ноќ. Дење оди низ град и ги обиколува познатите, собирајќи доброволен прилог за Црвената помош. А ноќе, откако ќе прокасне во некоја од народните гостилници, се прибира во Пустата кула и се топли од студениот пиштол. Го знае местото, го знае и времето што се повторува со денови, но не го знае човекот што ќе му се јави на врска.

А врската доцни: градот е возбуден. Германски воен камион е уништен среде бел ден на улица во движење, транспортен јункерс е запален на аеродромот со сиот товар за фронтот, под платното на споменикот, пред свеченото откривање, бугарскиот окупатор наоѓа пароли со црвена мрсна боја: „Долу окупаторот“, „Да живее слободна Македонија“, „Да живее КПЈ“. Каде и да се свртиш, на улица или в гостилница, пред дуќан или под перница, во градот се говори, поправо се шепоти, само за едно: за нападот на Германскиот Рајх врз Советскиот Сојуз. Во старата чаршија, пак, отаде Ибни Пајко и кантората на Васил Антевски, каде што повеќе јасно се шепоти одошто гласно се говори и каде што златните занаети позеленуваат од оксидот на мирувањето, се вадат од пепелта препознатливи пирустии на стари метафори, од типот на: кусиот мустак (Хитлер) се кренал против долгиот мустак (Сталин), оставајќи по узенгијата на таа спрега секој да си става чуденка, прашалник или многуточие; никој точка.

Третата ноќ во Пустата кула се појавува очекуваната врска. По гласот на изговорената јавка, а без ликот зад џепната батерија, Васил Антевски го препознава извесниот Горски. Љубомир Лековиќ, доселен Црногорец и монополски службеник, кој доаѓал и порано во неговата кантора да бара правна помош за нивни работници западнати во различни тешкотии. Сега, вршејќи примопредавање на парите, со жарта од светлината во неспретните раце, тие се одмеруваат со демнечките погледи на стари познаници, кои во новата средба можат да излезат пријатели колку и непријатели.

— Тоа е сè? — прашува Горски, ценејќи ја со потценување скромната дебелина на купчето банкноти.

— Сè. Сега за сега, се разбира. И едно прашање.

— На прашања обично нерадо одговорам. Те гледам, меѓутоа, некако растревожен. Да не речам преплашен. Што те мачи, Васо?

— Оттргнат сум. Изолиран, осамен. Од другарите, од луѓето, од светот. Не знам што се случува. Особено по нападот од 22 јули. Што правиме? Не можам да замислам да се кријам од светот, додека се решава неговата судбина.

— Точно. И нема да се криеш. Ние не се криеме, ние се подготвуваме за борба. Тоа усилено го правиме. Колкумина војници го чуваат Железничкиот мост меѓу Скопје и Жостов? Знаеш?

— Не знам. А сум слегувал до Бел камен на капење, што значи дека можам да знам.

— Да дознаеш. Такви работи ни се потребни: од општи политички ситуации од ситни војнички детали. Потаму, да продолжиш со собирање парични средства. Топла облека и зимски обувки, исто така. Ме разбираш?

— Значи, се подготвувате. А јас? Оваа илегала е здодевна работа, човек е оставен сам со себеси. Јас, навистина, сум самец, ама всушност никогаш не сум живеел осамен.

— За сега остануваш во Горно Водно. Во меѓувреме, изврши ги поставените задачи. Ќе дојде човек кој ќе ти каже што ќе правиш потаму. Сите ние во некоја смисла сме осамени, сите се бараме во новите состојби што ни ги наметнува времето. Не „се подготвувате“, туку „се подготвуваме“. Качувај се на Водно, набивај кондиција! Здраво!

Кога го снемува Горски, заедно со игривиот сноп џепна светлина што ги набележува можните врвици на неговите незнајни патишта, Васил Антевски останува — без пари, без палто и без паника. За пиштолот, разбирливо, ништо не признава. Тој товар, тој трет тег на неговата внатрешна рамнотежа, останува неприкосновен под јазикот на неговата волја. Сега, ослободен од едната дузина дилеми, може пак да го нарами остенот на совеста и на него да ја ниже другата половина од неразрешените недоумици.

Првото нешто, со кое се зафаќа Васил Антевски откако се враќа во селската куќа на Горно Водно, тоа е да се преобрази кон претстојните околности а не само да се сообрази со моментните. Тоа се редица мерки, што се применуваат како да се однесуваат на друг и кои имаат за цел: лишувајќи го човекот од неговите навики, да ја зачуваат културата на неговата човечност. Васил Антевски не е сигурен дека ги предвидува сите мерки, како што не е сигурен дека тие мерки ќе ја постигнат саканата цел, но сигурен е дека треба да почне со нивната примена врз себеси, зашто нема начин за друга проверка на нивната правилна поставеност и барана ефективност.

Така, небаре реконвалесцент, Васил Антевски — редовно, системно и упорно — пешачи угоре и удолу по Водно, одмерувајќи на секое губење здив со колку нови сили се здобил. Патем, ја отсликува стражата на Железничкиот мост кај Жостов, па дури и кај воените магазини над него. Ги изучува шумите од костен меѓу Нерези и Крушопек; го прекршува грбникот на Каршијак по неговите скрки, карпи и красти; слегува до дивите плажи на градот, уверен дека гол во снагата и престорен во ликата нема кој да го препознае.

Потоа, ги заменува фабричките лекови со народни за својот чир во стомакот, уште повеќе што останува со свеста дека таа болка ќе си ја носи до гроб. Ги одлага пастата за заби и градскиот сапун, преземајќи го толчениот ќумур и изворската вода. Ја отфрла свикнатата вдлабнатина на познатата перница и ги прифаќа јазлите на сите пенушки што ќе се подметнат како зглавје. Се одвикнува да заспива со книга, туку со проблем во сонот. Кожните каиши, што му израснуваат на дланките и табаните, го штитат од убодите на слабодушноста — пред недогледната суровост на природата и вкоренетата неправда на животот.

Додека ова трае цело лето, Велко Црниот го надгледува со потсмев кој сè повеќе омекнува во насмевка и со млеко кое сè почесто се разводнува во матеница. Идат лоши времиња, не од планините туку од градовите. Тоа значи од луѓето, не од бога. А штом идат такви времиња, човек треба да се одвикнува од прилежното и да се привикнува со жестокото, кога покрај сувото гори и суровото.

— Кога нема млеко, и матеницата е арна! — Го подучува, го утешува, го насрчува Велко Црниот, повторувајќи ги своите стари вистини кои векот ги потврдува како нови. — Кога нема матеница, и водата е добра. Стига да ја има. А, знаеш, кога е жив и здрав, на човека и водата му е слатка. Само, не знам зошто ти е она сечење дрва: ќе зимуваш овде?

Васил Антевски, обземен од системот на своите движења, не го ни слушна: му се чини дека цел живот го слушал, толку му се познати неговите вистини. Чувствувајќи со секој ден како жилите во снагата му се затегаат, како стисокот му зацврстува и како погледот му се изострува — Васил Антевски мисли само на оној момент кога ќе дојде човек кој ќе му каже што да прави потаму.

Во почетокот на септември, едно утро што осамнува со срамлива скрама од далечна есен, Велко Црниот доаѓа и без млеко и без матеница. Место тоа, како речна бајка, во рацете држи дрвен склопец — го префрла од дланка на дланка, ни го дава ни го отвора, час го погледнува а веднаш потоа бега со погледот од него. Макар што ѓупското лето е уште далеку, Велко Црниот е смрзнат како него: здрвен, смален, збунет.

— Што е, стрико Велко? Денес нема матеница? — го пречекува Васил Антевски, гол до појас и сцрвен до рамењата од студените извори на Горно Водно. — Здравје. Ќе пиеме вода. И водата е слатка, кога нема матеница. Така ли е?

— Така е, синко. Уште водата што не ни е скусена. — Го следи Велко Црниот до собата на чардакот, во која сечилото на сонцето ја распорува светлината како презреан плод. — Ти носам поздрав од твоите.

— Од кои мои? — се сепнува Васил Антевски. Сè уште гол, сега и тој збунет, гледа бело во Велко Црниот кој покажува со раката: не кон градот, туку кон шумите од костен по падините на Водно. Колку што памети, тој нема роднини ни во градот ни во селата. Освен ако брат му Никола не се вратил од сестра им во Оморани, па заседнал во станот на улица 222 број 27а. Но, тоа е невозможно, без тој да знае. Што сака да каже стрико Велко — тој сач од немаченост, таа ума од заумност?

— Кои мои, Црни Велко?

— Твоите, другарите!

Без чудење повторува Велко Црниот, покажувајќи кон шумата од костен над нив. Во собата, меѓутоа, допира само шумот од дрвјата, кои над селото треперат со влакнестите опачини на меките лисја. Кога ќе заесени, лисјата ќе се сронат од гранките низ стеблата до корењата, а нивниот исушен шум ќе се свие во празните полжави.

— Чекај, стрико Велко. Седни, почини си. Така. Успокој се. А сега, ако сакаш, почни одново. Ништо не те разбрав досега. Кои мои?

И навистина: кога седнуваат двајцата, на излижаните троножници, еден спроти друг со колениците, лактовите и брадите, сè излегува просто и едноставно. Токму како да си ставил мангал меѓу нозе и како да си ја отпретал жарта со дланките. Само што Васил Антевски, со олабавена интелегенција колку со затегната кондиција, бавно сфаќа и тешко го прима фактот дека емисарот, кој му е сегашната врска и од кого ја позема наредната задача, е никој друг туку Велко Црниот.

Од недовршените зборови и дополнителните гестови на скожуравениот Водњанец, Васил Антевски разбира неколку работи — кои истовремено го изненадуваат, го радуваат и го збунуваат:

— Прво — дека оние негови другари, на кои со палецот преку рамо покажува Велко Црниот, се всушност партизаните, излезени во одред над Горно Нерези од пред дваесетина дена. Лоцирани во костеновите шуми меѓу Пантелејмон и Крушопек, тие се обучуваат за акција без да ги раскинуваат врските со градот. Со жалење, Васил Антевски во себеси констатира дека токму низ тие шуми не поминал веќе цел месец, во барање на голите скрки за своите кондициони тренинзи. Горски значи, не го излажал, а можеби и го следел од некое стебло, начудувајќи му се на упорноста. Баш сум бил будала, си заклучува Васил Антевски, сум им бил и на нишан.

Второ — дека вчера, поправо сношти, во Скопје имало блокада, и бугарската полиција ја открила во водњанско маало илегалната печатница. Боро Папучар, одговорен за партизанската техника, се пробил со оружје од приземната куќичка број 17 на улицата 335, убивајќи го притоа првиот окупаторски војник. По едноноќно лутање со сите скинати врски, тој е веќе поврзан со партизанскиот одред. А одредот, од распрснатите шуми меѓу Нерези и Крушопек, од утрово е во движење, за да ја заметне трагата пред озлобените потери. Зар не слушнал ништо ноќва — никакво пукање, никакво движење, никакво шушкање? Мора да спиел како клада на тврдото зглавје. Уште еднаш будала, си заклучува Васил Антевски, штом не сум ги надушкал барем непријателите; кога веќе другарите не сум бил кадарен да ги насетам на чекор одовде!

Трето — дека уште веднаш, од овој триножник, треба да се префрли во Скопска Црна Гора. Сам, како што знае и умее, без да остави трага од себеси, ни во врска со Велко Црниот ни во врска со селскава куќа. Таму, во манастирот Свети Арангел над Кучевиште, треба да се појави како трговец под име Васил Точка. Потем, да ја продолжи задачата со собирање средства — пари, облека, храна. Тоа значи дека не смее да оди по некој од можните патишта на одредот во движење, туку дека треба да помине низ самиот град за да ја изврши попатната обврска. По трет пат будала, си заклучува Васил Антевски, да се прошеташ меѓу жици без да го издадеш своето присуство.

— Четврто? — прашува Васил Антевски. Гледајќи во Велко Црниот сосема нов човек, кој му израстува пред очи како ѓупски цвет од вековна ума.

Нема четврто, синко! — завршува Велко Црниот. Па му го подава склопецот; изделкан, истанчен, измазнат од неговите црни прсти. — Само ова: чај за твојот чир. Да си ми здрав, жив и четворен!