Иван Цанкар

Слугата Јернеј и неговото право


Напишано: 1907
Извор: Иван Цанкар „Слугата Јернеј и неговото право“, „Македонска книга“ и др., Скопје, 1990.
Превод: Александар Поповски
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: јули 2019


Сакав да напишам агитациска бpoшypa за изборите, а ја создадов мојата најдобра новела.
Иван Цанкар

I

Оваа повест ја раскажувам, како што навистина се случуваше со сите свои нехристијански неправдини и со целата своја голема тага. Во неа нема ниедна лага, нема убави зборови и никаква дволичност. Се вчудовидоа луѓето на Бетајнова и заплашени наведнаа глави, зашто се појави на ридот и влезе во долината небаре црна смрт. Голема и тивка сенка навлезе во долината: во главата темен облак, нозете јаки тополи на ливада; а русата коса, спуштена до раменици, отсјајуваше дури до Љубљана.

*

Го закопаа стариот Ситар; Господ да си го прими на небо, душа човек беше. Камбаните отчукаа, жупникот се пресоблече, погребувачите се упатија во крчмата. Наседнаа покрај долгата маса при Стржинар, сите во црно облечени, сериозни и замислени, жените расплакани; слугата Јернеј, долг, стар и побелен, каков што беше, седна на клупата под прозорецот; си го истри челото со црвено шамиче и воздивна.

„Сите ќе си заминеме; јас, мислам, прв ќе зачекорам во неговата пртина!”

Тогаш рече младиот Ситар:

„Е, Јернеј, а ти си седиш таму раширен и напернато, како газда! Кој е наследник, ти или јас? Првиот збор го откачи, прв не си!“

Јернеј весело се насмевна и весело погледна.

„Секогаш беше шегобиец и задорко, и таков ќе останеш, Тоне! Ме радува и добро е што жалоста не те надви – за мажите вино, на бабите солзи!“

И си наточи и ја крена чашата, но никој не ја крена со него.

Јернеј ја остави чашата на маса, уште пред да ја допре со усните. Гледаше вчудовиден во газдата и ceмeјството и виде само смуртени лица.

„Но, што е?“

Му легна на срце тежок мраз. Ни од устите ни од очите немаше одговор.

„Но, што е? Зар заталкав меѓу преметари и Цигани, така што ме гледате и ништо не зборувате? Дали седам со нашето семејство или со контрабандисти, кои размислуваат како да ме измамат?“

А Ситар рече:

„Не карај нѐ, слуго, со преметари, цигани и контрабандисти! Уште пред да помирисаш, се испијани!“

Трипати Јернеј го изгледа семејството, од лице до ред, потоа ја зеде чашата и го истури виното во шишето; полека и долго го претураше, зашто раката му се тресеше. Потоа стана, си ја откри главата и ја држеше шапката со двете раце. Висок и поднаведнат беше, додека стоеше покрај масата; како што беше поднаведнат, со побелената глава речиси ја допираше исчадената греда на таванот; стоеше така, со лице збрчкано, подгорено, по нужда избричено, со очи живи и ведри под бујни веѓи.

„Не е убаво од тебе, господаре, и од вас не е убаво, семејство мое, сакани мои, да не ми понудите капка вино по погребов! Господ да ве благослови неизмерно, што ќе јадете и пиете – не ви завидувам! Ако воспоставивте нов ред, ќе му се повинувам: на младите леб, на старците камен; на здравите риба, на болните змија; на одморните јајце, на уморните скорпија! Не е на слугата да го растура од господар воспоставеното!“

Младиот Ситар, избувлив човек, поцрвене од лутина.

„Не ни притребале твоите проповеди, Јернеј! Ако виното не ти е по вкус, бог да ти е на помош!“

„Надуен си, Јернеј, на господари господар!“ рече Ситарица.

„Тешко на домот во кој слугата седи покрај печка и си ги брише чизмите од грбот на господарот!“ рече тештата.

„Што сеир кола, во која е впрегнат господарот, а слугата ги држи дизгините!“ рече шурата.

„Тешко на имотот во кој ора господарот, а слугата в сенка се протега!“ рече соседот.

И откако рекоа, Јернеј уште еднаш се поклони.

„Умно е тоа што го рековте и нема неправда во вашите зборови. Поради тоа благослови им го, Господи, јадењево и пиењево, а мене мирната совест и безгрешниот живот!“

Така рече слугата Јернеј, плукна на прагот и замина.

II

Одеше право по патеката преку полето, покрај потокот, кој речиси пресушен, се губеше во белиот песок. Жежок и тивок беше мајскиот ден; многу рано се навестуваше лошо време онаму зад зелената гора; се молчеше на ливадите, на полето, земјата се плашеше од лошото време и не се осмелуваше да диши.

Кога Јернеј ја здогледа оддалеку, онаму под стрмниот пат, белата куќа со зелени прозорци, и арот и амбарот и сушилницата, му падна тешко на срце. Таму немаше ни ракатка земја каде што не се познаваше работата на неговите раце, потта од неговото чело. Живее човек во куќата една година, живее десет години и четириесет години – и погледнете, добри луѓе, куќата личи на него, како брат на брата, и силно се засакуваат тие. И ако појде во далечни краишта по несакана наредба, ќе плаче по куќата повеќе отколку брат по брата и повеќе, отколку некогаш плачел по својата мајка.

На Јернеја му се причини дека зелените прозорци веќе не го поздравуваат онака љубезно како што го поздравуваа секогаш; и дека врз куќата, врз целиот бел дом, како да легнала тивка тага на вдовица.

А тагата е како семката од која се раѓаат илјадници плодови. Тукушто посеана в срце, нарастува раскошно, така што за утеха повеќе нема ни земја ни сокови. И тукушто навредено, срцето на Јернеј веднаш беше потиснато и силно нажалено.

„Што направи, господаре, со лошиот збор, што ми направи мене, старец? Зошто направи да биде осрамотен и скршен зиме, кога не знаеш за горчина ни в далечна пролет, ниту пак за целото долго лето?“

Јернеј не влезе во куќата, и на полето не погледна; влезе во плевната и легна врз папратта. Таму го мачеа такви мисли какви што не мислел никогаш.

– Четириесет години ќе има, така мислеше, четириесет и ништо помалку, кога го пречекорив овој праг. Колиба беше тогаш чемерна и бедна, што се срамеа и господарот и слугата. Но течеше пот по потоци, и кренавме дом, за радост на жените и чест на мажите. Кој го подигна? Сите изумреа, уморни; останав сам, последен господар. На пространо, благословено поле гледа нашиот дом. Кој го обработи тоа пространо поле, кој го прошири? Сите изумреа, останав сам, последниот орач, последниот косач... Погледнете, чудо невидено: четириесет години раѓаше јаболкницата, на градината чест и господар; и ќе дојде туѓин, и ќе ја ископачи јаболкницата и ќе ја пресади на камен!... Погледнете, чудо невидено: четириесет години скапуваше од работа, за да го изгради домот, со својата пот ги наѓубри полето и ледината; и кога домот се втемели, кога полето и ледините станаа плодородни, дојде човек – а откаде дојде? – и вели: не си прв! И го набркува во амбарот, а самиот седнува таму горе зад печката и си го гнете лулето!...

Така размислуваше Јернеј и стана, ги истресе сламките од црниот погребен капут и се упати во куќата. Таму го соблече капутот, се искачи на местото зад печката и го гнете лулето. Неочекувано му помина целата потиштеност: се насмевнуваше и очите му подмигнуваа под бујните веѓи.

Во куќата влезе слугинката.

„Убаво си ја тераш, Јернеј! Отворил денот надвор, сите се во полето, а ти си седиш таму зад печката!“ Јернеј го извади лулето од устата и го набрчка челото.

„Мавни се, жено! Кому му наредуваш?“

Слугинката тресна со вратата.

„Што ли ја спотерало, жениште?“ се зачуди Јернеј.

Приквечерина, кога небото се наоблачи, вратата широко се отвори. На прагот стоеше Ситар, се занесуваше по малку, шапката му паѓаше на едното уво. Јернеј гледаше нерасположено, не го извади лулето од устата.

„Кој си дојде?“ викна Ситар.

Јернеј молчеше.

„Кој си дојде, прашувам?“ Јернеј полека го извади лулето од устата и се насмевна.

„Убаво се натреска на денот на погребот на твојот татко! Оди да спиеш, оди!“

Со тежок чекор од кој се тресеше подот, Ситар влезе во собата.

„Кого го тераш на спиење, слуго? Кој е пијан, слуго?“

Јернеј мирно седеше и мирно зборуваше, како да разговараше за летината:

„Тебе ти реков да одиш на cпиењe, затоа што си пијан!“

Ситар се вцаши, а потоа му се напнаа жилите на челото, ја фрли шапката на подот и почна да вика.

„Молк, слуго! Не погребав еден господар, двајца погребав! Долу!“

Јернеј се насмевнуваше и полека слегуваше од зад печката; никаде не брзаше.

„Готов ли си?“

„Прости им на стариве коски! Ќе стигнеш да се одмориш!“ се насмевнуваше Јернеј.

Малку се занесуваше, малку се сплеткуваше, додека се искачуваше Ситар горе зад печката; долази, седна удобно, горделиво се навали.

„Собуј ми ги чизмиве!“ нареди Ситар.

Јернеј ништо не одговори, седеше на клупата и си го палеше лулето, кое му беше изгаснало.

„Собуј ми ги чизмиве!“

„Уште ли не ти поминала будалштината?“ рече Јернеј полека и испувка дим. „Уште мириса на смртта во оваа соба; поклекни подобро и моли се вечерва!“

И самиот клекна пред распетието. Господарот гледаше смуртено, си го палеше лулето, плукаше преку собата и молчеше, додека Јернеј не заврши со молењето. Јернеј стана, гледаше в земја и се фати за рачката, за да излезе.

„Јернеј!“ извика Ситар.

Јернеј стоеше пред вратата и се држеше за рачката.

„Да ти кажам, Јернеј!“ Ситар зборуваше брзо и лулето му се тресеше во раката. „Да ти кажам – барај си господар другаде!“

Целото лице на Јернеј му го прекри насмевка весело намигнувајќи со очите.

„А?“

Ситар со чизмите удри во клупата.

„Зар си оглувел, слуго? Барај си друг господар, реков! Заврши кај мене, во оваа куќа заврши!“

Тогаш молскавица го испресече црното небо, згрме во далечината. Јернеј ја извади шапката и се прекрсти. „Господи, чувај нѐ од сето лошо! Не прави грев, момче, кон Бога крени очи и кон својот заштитник!“

И ја отвори вратата и отиде во шталата: таму легна во сеното и заспа уморен; сите лоши мисли исчезнаа од неговото срце.

III

Како младо, уште плачливо, веќе утешено лице, така по лошото време се насмевна утрото.

Јернеј излезе на прагот, заврте околу шталата и се упати да погледне во полето. Тогаш Ситар го отвори прозорецот, се сврте со дремливо лице, разбушавен и нерасположен; и го виде високиот Јернеј, кој беше тргнал кон полето.

„Каде?“

Јернеј полека се сврте. „Во полето!“

„На чие?“

„А?“

„На чие поле?“

Јернеј гласно се насмеа.

„Што зар уште не си наспан? Уште малку подреми, ако те боли главата!“

„На чие поле?“ викна господарот и крвта му удри в лице.

„На нашето поле!“ одговори Јернеј и застана покрај браздата спокоен, наведнат, со рацете на грб.

„Што значи тоа: наше поле?“

Челото му се набрчка на Јернеја; дури во неговото набрчкано лице навре крв.

„Тоа значи: мое поле!“

Ситар се вџаши, отвори уста, гледаше со големите, ококорени очи.

„Си побудалел, старче!“

Јернеј се сврте и по браздата замина в поле. Долго Ситар гледаше по него, потоа се облече и отиде во полето на другата страна, за да не го сретне слугата. Двајцата одеа полека, двајцата поднаведнати; гледаа во земјата и сепак се здогледуваа од далеку, како кога човек гледа со самото срце, кога се плаши и кога некој потајно му се приближува од зад грб...

Јернеј се врати во куќата, кога ужината веќе беше на масата. Застана изненаден пред вратата, смршти веѓи, погледна во господарот, во семејството. За него немаше ни лажица ни стол.

„Зошто не ме викнавте?“

„Те викаа ли соседите?“ одговори Ситар. Семејството се насмеа.

„Што се кикотите, слуги и слугинки? Зар Курент [митолошко суштество, прототип на музикант и веселник.] влезе во куќава?”

На Јернеја му трепереше гласот од лутина и од уште незапозната горчина.

Тогаш се јави Ситарица и повеќе подбивни отколку љубезни беа нејзините зборови.

„Зар не слушна синоќа? Господарот те отпушти! Но ако си гладен, донесете лажица; ни просјаците не ги бркаме од прагот, а не слугата, кој работел во куќава и јадел со нас!“

Слугинката отиде и донесе лажица оставајќи ја на масата, покрај лажицата на овчарот.

„Што стоиш и гледаш?“ праша грубо господарот и не погледна на Јернеја. „Ти нудиме лажица, зашто си гладен, Господ нека те благослови, нема да ти ги броиме залаците! Но ако не ти се сака, оди си со среќа!“

Јернеј гледаше, ништо не одговори. Тогаш Ситар ја фрли лажицата на масата и стана.

„Зар ти оглувеа старите уши, зар вода ти станaл стариот мозок? Или пак на будала се преправаш? Вчера ти реков да си бараш на друго место господар – голем е светов и долги нозе имаш! Дослужи кај нас, му благодариме и го славиме Господа!“

На Јернеја му премалеа колената; и зборовите му беа тивки и бавни, гласот не му излегyваше од грлото.

„Добро те слушнав и те разбрав исто така, момче! Но да речеше: оди и запали ја куќата – добро би те слушнал, добро разбрал, ама нема да ја запалам! Зборувај умно, па ќе те слушам и разбирам и угодувам! Што треба тоа да значи: нарами ја бовчата на стариот грб и оди си од куќава? Каде е во тие зборови божјата памет и правдината? Похристијански би било и немаше да си ги измацаш колената, по задушницата да клекнеше пред мене, последниот господар на оваа куќа. И јас ќе ти речев: ти господарувај сега, твоја е куќава, твои ледините, твое полето – сето земи го, што изникнало и пораснало толку чудесно од мојата крв и од мојата пот, та сега мојот живот е пресвиткан и исцицан, та се немоќни моиве раце и ми се тресат старите колена! Сѐ земи – јас, старец, уморен господар, да си запалам луле и да си поседам горе зад печката. Така јас би направил, така јас би зборувал и ќе му се допаѓа и на Бога и на луѓето!“

Ситар се сврте, со весел поглед го погледна семејството.

„Луѓе божји, погледнете го; зар да клекнам пред него?“

Семејството гласно се насмеа.

И кога се сврте кон Јернеја, долго му гледаше во лицето, а потоа изрече:

„Зар мислиш дека ти го покажав прагот затоа што сум бил пијан и нерасположен? Или пак на задушница да ми се присака комедија и шеги? Вака е, слуго: ме потресе татковата смрт, но кантарот беше праведен, освен горчина имаше и утеха. Никогаш не бев господар, последниот слуга бев, мојата лажица беше покрај лажицата на овчарот. Ти, слуго, беше мојот несправедлив господар; твојот поглед повелба, твојот збор наредба. А јас во срцево те гледав како ќе молиш на мојот праг, и уживав насладувајќн се... На сите вас ви беше господар над господарите, и вие сега насладувајте се: овчару, широко отвори му ја вратата!“

Овчарот стана и широко ја отвори вратата. Јернеј не се помрдна, не пречекори.

„Не стој таму како дрвен господ! Мрдај!“

Јернеј се разбуди како од лош сон; но не чувствуваше горчина, се насмевна.

„Ситар, од Господа се законите, ти нема да ги преуредуваш. Потта што капела од твоето чело е твоја – тоа е закон! Нема да молам за постела што сам сум си ја послал, нема да просам леб што сум си го заработил и замесил! Ќе легнам в постела и нема никого да прашам, ќе посегнам по леб, нема да молам! Тоа е законот и правдата. А вие сркајте со лажиците, не срамете се од украдениот ручек, ништо нe срамете се што не чекавте на господарот и на неговата молитва; милостив е, без злоба – зашто на негова страна се правдата и законот!“

Така зборуваше Јернеј. А лицето на Ситар беше мрачно, неговиот збор беше брз и остар, намуртено гледаше семејството.

„Заминувај без расправии; отворена е вратата, низок е прагот!“

Уште се загледуваше Јернеј, долго се загледуваше, не сретна поглед кој да му речеше збогум. И му се смачи на Јернеја.

„Свадбувајте, мили мои! Отворена ви е куќата, отворена ви е визбата и амбарот широко ви е отворен. Земајте и гоштевајте се! А јас ќе се вратам кај вас со напишана правда, потпишана и запечатена; зашто Господ не лаже и законите исто така не лажат. И кога ќе се вратам, мили мои, тогаш нека има љубов меѓу нас и милост христијанска!“

Рече и замина.

IV

Се упати кај жупанот, кој беше крчмар во Долина. По пат сретна човек, кој не беше ни господин, ни учен, ни божјак; беше облечен во црно, имаше брада, го знаеше едно и друго, а инаку беше неранимајко, кој немаше ни дом ни свои; повремено се врткаше во Бетајнова, каде што беше роден, а одеднаш исчезнуваше бог знае каде; ни вера имаше, ни капа симнуваше пред црквата.

„Ќе го распрашам, безверников!“ помисли Јернеј и го застана.

„Помози бог, Гостачев!“

„Дал бог добро, Јернеј!“

„Ти, кој си учен и ги знаеш законите: кажи ми го ова! Четириесет години работев, со куќа се сторив, со своја пот ги наѓубрив полето и ледината: домот чиј е?“

Поцрнетиот учен само поткрена веѓи и молчеше.

„Еве вака, значи, размисли: четириесет години работев на тој свој дом; ако таму клекнеш, внимателно ја разгледаш грутката земја, тогаш убаво ќе видиш, дека е моја, зашто ќе ја распознаеш мојата крв. Дури ако ја погледнеш и куќата, во мое име ќе те поздравуваат тие зелени прозорци... Значи, што мислиш?“

Учениот само гледаше и молчеше.

Јернеј уште повеќе се нагрби, го збрчка челото и вкрстувајќи ги показалците, се зафати да објаснува полека и умно.

„Вака е, значи! Дојдов пред четириесет години – од каде? Од Ресје, ми се чини – од Ресје дојдов! Многумина бевме, па заминав; одамна беше, повеќе и не сонувам ни за мајка ми ни за браќата; и ако сега ни пријдат, нема да ги препознаам... Гледај, и дојдов и го создадов оној дом – онаму погледни, онаму под стрмнината!“

Студентот погледна и се зачуди.

„Тоа е на Ситар... онаму!“

„На кој Ситар, прашувам? Каде талкаше, па не знаеш? Умре, вчера го погребавме! Само уште јас останав, последен господар!“

„Каде исчезна младиот Ситар?“

„Погледни, онаму стои, пред куќата; го познавам, зашто стои онака горделиво... Пази боже, ништо лошо за него: добар работник би бил, само малку премногу пие и избувлив е... Никогаш нема да го бркам од куќата; нека се перчи со Господ на чело, па млад е!“

„Како да го бркаш од куќата? Тој е господар по татка!“

Јернеј незадоволно одмавна со главата и широко замавна.

„Што дрдориш, празна уко? Не затоа те застанав на пат!... Наследник и господар по татко – обичај е, и праведност можеби, Господ ќе знае. Но тоа е една работа. Но другата е: четириесет години работеше Јернеј, четириесет години Јернеј ѕидаше, Господ ја благослови Јернеовата работа, така што роди плод, во изобилие и претур. На кого е работата, чиј е плодот? – тоа сега да ми го кажеш! Кој световен закон и која божја заповед направи да нема каде да легнам, кога сум изнакосил сено, кое би било, ако го направам копа, планина повисока од Љубљанскиот врв? И да немам корка леб кога ги наполнив и нагнетов египетските храмови со 'рж, пченица и елда? Учен си, тоа сега да ми го кажеш!“

Студентот сфати и разбра и весело се насмеа.

„Јернеј, вака е наредено со световни закони: Јернеј ќе ја ѕида куќата, и кога ќе ја изѕида: господарот на печката, Јернеј преку прагот; Јернеј ќе ора и ќе сее и ќе жнее: на господарот жетвата и лебот, на Јернеј каменот; Јернеј ќе коси и Јернеј ќе врши, Јернеј ќе ги прибира сеното и сламата, и кога ќе ги наполни амбарот и таванот и плевната: господарот на меката постела, Јернеј на нерамниот пат; ќе остарат господарот и Јернеј: господарот ќе седне на печката и ќе си го зачури лулето и пријатно ќе дреме; Јернеј ќе се спика зад плевната да пцовиса во гнила слама. Така уредиле световните закони. А заповедта на Бога наредила: трпи неправда, Јернеј, и кога соседот ќе те удри по десниот образ, понуди му го и левиот; и ако ти го украде палтото, дај му ја и кошулата!“

„Лажеш!“ извика Јернеј. „Бог не сторил неправда!“

Можеби во срцето на студентот навре сочувство, зашто повеќе не се смееше.

„Јернеј, не расправај се за кривината и правината, ниту за законите и за божјите заповеди; и јас се расправав, па сега немам ни дом ни близок. Сакав на луѓето да им ја објаснам неправдата на светов и законите, и ме избркаа на улица, бунтарот. Трпи ја неправдата Јернеј, и не именувај ја! Врати се, клекни пред господарот, склопи раце и моли го за најбезвредниот агол на таа куќа што самиот си ја изградил, за корка леб што сам си ја сработил. Така направи, и ќе им се покоруваш на световните закони и божјите заповеди!“

Јернеј бавно заниша со главата.

„Неправда си трпел, и ти се вгнездила в срце, па зборуваш неумни и безбожни зборови. Но бидејќи си страдал, дојди кај мене кога ќе бидеш уморен и гладен: постела ќе има таму за тебе и лажица!“

Така рече Јернеј, а во срцето му беше лошо и тешко. И заминаа секој на своја страна.

V

Пред крчмата стоеше жупанот, со засукани ракави, крупен и весел.

„Каде, Јернеј?“

„Кај тебе, жупане, по работа!“

Влегоа во крчмата; широко седна жупанот, а Јернеј стоеше.

„Сега слушни ме, жупане, што ќе ти кажам, па пресуди по правда и според законите! – Вака ми рече младиот Ситар: оди и барај си господар другаде! Ова му го рече на Јернеј: работеше, доработи за мене, оди и барај си ја на друго место задната постела! Ова му го рече на старецот: пролетта ми ја даде и летото ми го даде и есента: сѐ прибрав во амбарите, та се наполнија до таваните, а ти сега оди си на зима, каде што уште можат да те однесат старите нозе! Јас не орав, така рече, не сеев и не жнеев, но твојата богата жетва ќе ја приберам; јас ќе ја јадам погачата, а ти гледај, пред прагот да најдеш корка што сонцето ја пресушило. Ти ни подготви јадење и пијалок, ти ни ја посла масата; а сега на колена клекни, голтар Лазаре, и фаќај трошки! Така рече и воопшто не се засрами! – Каде се тука правдата и законот, тоа пресуди го, жупане!“

Жупанот намршти веѓи, го збрчка челото и неговиот поглед повеќе не беше весел ниту љубезен.

„Долго зборуваше, а можеше кратко да речеш: Ситар те набркал од службата!“

Јернеј ја остави шапката пред себе со тупаниците се потпре на масата.

„Како набркал? Како слуга да избрка господар? Кој ја градеше таа куќа, та сега е голема и бележита? Тој или јас? Кој полето го ѓубреше со својата благословена пот, кој го прошируваше полето, ледините и шумата високо во ридовите, длабоко во долината? Тој или јас? Кој го создаде тоа богатство со својата голема сила? Јас, кој стоев во полето гол и испотен – тој, кој лежеше во пелени и врескаше? Кој има право, да зборува: нарами си ја бовчата на грб и тргни без поздрав, зашто голем е светов? Јас или тој? Откриј ја правдата, жупане, објасни го законот!“

Жупанот го потпре широкиот грб на клупата и гледаше смуртено.

„Што сакаш, Јернеј, кажи ми го тоа! Зошто дојде?“

Јернеј го истегна своето долго тело и се чудеше.

„По правда дојдов! Не дојдов да молам ни леб ни постела! Погледни во законите, распечати го писмото и откриј ја правдата! Твоја работа е!”

„Што сакаш?“

„Тоа што реков!“

„Господарот те избрка од служба?“

„Кој господар? Од каква служба?“

„Не будали се, Јернеј! Стар си, и веќе не си умен, ништо не ти замерувам! Зошто те избрка?“

„Кој избрка? Од каде?“

„Оди, Јернеј, на овчарите раскажувај им ја својата приказна, ако не сакаш умни зборови! Ова да ми објасниш, за друго не те прашувам ништо: што мислиш сега, Јернеј, кога немаш ни дом, ни господар? Каде ќе одиш?“

„Каде да одам?" праша Јернеј полека и широко отвори очи.

„Така е! Отвори уши и не зјапај: те набрка од службата, ни дом имаш ни господар – каде сега?“

Долго молчеше Јернеј, пред да проговори.

Што, тоа ли е законот и правдата?“

Жупанот се налути.

„Не говори за правда и закон – што е правда и закон, што ќе му се тие работи на слуга и што го интересираат! – Сега да зборуваме за оваа работа: каде ќе ги упатиш своите стари нозе?“

Јернеј ја наведна главата, вкочането и долго го гледаше.

„Значи, таков е сега зборот, така е запишан: за слугата ни правда, ни закони!“

„Така не реков, никаде така не е напишано – не навредувај! Господарот е господар и слугата е слуга; и ако му рече господарот на слугата: врзи си ја бовчата, стани и оди си, на слугата му е наредено да стане и да си оди по свој пат. Така било од секогаш и така ќе биде за вечни времиња, зашто инаку светов ќе биде наопаку. – Зар не се срамиш што морам ваквиве работи да ти ги објаснувам како на дете, кога веќе шеесетина имаш на грбот?“

Јернеј гледаше вземи и размислуваше.

„Значи да си ги земам парталите, да станам и да си одам!“

„Да си одиш по свој пат!“

„Тоа е правдата!“

„Тоа е закон!“

„Ама уште ова да ми го речеш, учен човеку и жупане: а како во бовчава ќе ја завиткам и заврзам својата работа, како во неа да сместам четириесет години? Тоа да ми го објасниш, па да си одам!“

Навистина тогаш жупанот се налути и со тупаница удри по масата.

„Зар дојде глупаци да бричиш? Собери ги дечиштана на улица, па раскажувај им за да ти се смеат, јазик да ти исплазуваат и да те влечат за палто! Со возрасните луѓе заврши, а меѓу жеништата веќе нема што да бараш!“

Јернеј вџашен слушаше.

„До вчера твоите зборови беа поинакви, жупане! Сосема поинаков беше твојот поздрав па дури и твоето лице, ми се чини, беше поинакво! Колку е необично да гледаш како пред очи човекот се менува, при бел ден до вчера беше, а сега веќе го нема, некој друг седи тука! Што сум ти сторил, за да ми плукаш в лице, кога до вчера како христијанин ме поздравуваше?“

„Не ти должам ни збор ни одговор, слуго! Не додевај ми ни мене ни на општината; врзи си ја бовчата и замини си по својот пат!“

Така рече жупанот и стана.

VI

Додека Јернеј и жупанот така разговараа и се караа, по крчмата влегуваа луѓе.

И бидејќи Јернеј беше многу навреден, се сврте кон нив и изрече.

„Сега слушнавте, луѓе божји, сега пресудете! Според совеста да кажете, и не избрзувајте со зборот! Сите ме познавате, и како што сте мажи, сте биле младеж и деца, кога јас веќе сум орал и жнеал и косел. Мојот дом беше, моето поле зрееше, кога уште немавте дом ни во мајчиното тело! Онаму горе е мојот дом, онамy под стрмнината, сето она поле е мое, долу до потокот, горе до ридот; и мои се оние широки ледини и моја е онаа шума што од ридон мрачно гледа! Кој тамy работеше ако не работел Јернеј? Кој им наредуваше на слугите и слугинките ако не Јернеј? Кој од небесата измолуваше господов благослов, та изникна богатство од каменот како дрво од синапово зрно? Кој ако ме Јернеј? – Веќе има четириесет години, сега е сѐ изработено, ожнеано и искосено и прибрано – Јернеј, сега си готов, сега врзи си ја бовчата и оди си! Така се случи: бидете вие мои судии, луѓе, премислете и пресудите!“

Луѓето гледаа, некои се насмевнуваа, сите молчеа. Јернеј се загледуваше од лице до лице и страв го фаќаше.

„Зошто молчите и ме гледате како просјак и натраплив талкач? Луѓе христијани, само молчите; убаво размислете, не избрзувајте со зборот и пресудата! Онаму седнете во ред, вие луѓе на поротата, мои праведни судии; ви го објаснив своето право, како што се случуваше од почеток до крај; ништо не изместив, ништо не испуштив; а вие сега премислете, познајте ја вистината и откријте ја!“

Вејачевиот се насмеа и рече:

„Да не си се мрднал, Јернеј?“

Јернеј не сфати, отворено гледаше.

„Зошто такви зборови? Не те прашав за својот ум, за своето право те прашав! А и да бев будала јас и нечисти шеги да се биев со вас, за ваша разонода и соблазнување: моето право ќе останеше такво, какво што е. И будалата има право!“

„Нека објасни што се случило!“ рече Шaландер. „Ако побудалел, не побудалел од убавина!“

Но нaлутено проговори жупанот.

„Што можеше да се случи! Му откажал Ситар – господарот му откажал на слугата, тоа се случило!“

„На Јернеја му откажал?“ се зачуди Шaландер. „Не е убаво што му откажал; на стари години да му откажеш! Заслужил место на печката и лажица при чинијата! Дури ни ослепен коњ не би изгонил од арот!“

Јернеј високо ги подигна густите веѓи.

„Како – ослепен коњ? Не се работи за милостиња и за просење, за правда се работи! Дали човечките закони и божјата заповед се за тоа да ми наредат: сега, кога доработи и кога се навали вечерта, врзи си ја бовчата и оди си кај што патот те носи! – за тоа се работи!“

Селаните се погледнуваа и молчеа.

„Ти зборувај, Шаландер!“ рече Јернеј. „Дали е тоа човечкиот закон и божјата заповед?“

„Па убаво го слушнавте!“ се насмеа жупанот. „Одговорете му!“

И Шаландер одговори.

„Човечки закон е и божја заповед: слуго, слушај го својот господар! Но исто така е закон, никаде незапишан, насекаде уважуван, и исто така и Христов указ е господарот да не го гони слугата од куќата, кога овој дослужил и е стар и изнемоштен! Ти, Јернеј, отиди сам и објасни му и тој ќе ти се смилува!“

А Јернеј се вознемири и зборуваше гласно.

„Не на вратата на смилувањето, на вратата на правдата чукам, за да ми се отвори широко! Не е просјак и талкач оној што господарел четириесет години; не е без дом кога самиот дом си изградил; не треба да моли леб оној што самиот обработувал широки полиња. Ти, кој си работел – твое е делото: тоа е закон! Ќе ја најдам правдата, ќе ми биде доделена; ако вие не ми ја пресудите, судии неумни, неправедни: голем е светов, има многумина судии над вас; а над сите е Господ!“

Селаните гледаа смуртени, жупанот се потсмевна.

„Размисли, Јернеј, премисли и не избрзувај!" полека одговори Шаландер. „Она што во светов е уредено, ти самиот нема да го преуредуваш! Ако сте се скарале со младиот господар и не ти се сака да молиш – можеби би можеле да најдеме катче во домот на бедните, иако не си од нашава општина. Долго си меѓу нас; не треба на улица да умираш!“

Целиот, колку што беше висок, од лутина затрепери Јернеј.

„На улица ме исфрли, а вие уште и со срамови ме потуривте! Правда тргнав да барам, а судиите ме исмејаа! – Ништожните затворајте ги таму, во бедната плевнa, пијаниците, кои куќа си испиле, и арамиите, на кои во староста долгите прсти им откажале! А исто така во неа затворајте ги судиите, кои законот го исплукале и правдата ја испоганиле! И уште оние последните, кои му се потсмевале на старецот, наместо да му се поклонуваат до земја!“

Така рече Јернеј.

Тогаш се разлутија селаните и почнаа истовремено сите да зборуваат и да викаат.

„Не навредувај, слуго!“

„Си побудалел, слуго!“

„В затвор со слугата бунтар, не во домот за сиромаси!“

„Врви си, слуго, по патот!“

„Отвори му врата, на слугата, отвори му, жупане!“

„Отвори му ја широко!“

И жупанот му пријде на Јернеј.

„Оди си со збогум, Јернеј; доста зборуваше!“

Јернеј се загледа наоколу; само гласот му се тресеше, а лицето му беше мирно.

„Ви проштавам, неправедни судии, како што Господ им прости на оние што го прогонуваа и колнеа!“

Наведна глава, полека ја отвори вратата, полека ја затвори зад себе.

VII

Кога Јернеј се најде на патот, помисли:

„Вака рече жупанот: Збери ги дечиштата на улица и раскажувај им ја својата правда, за да ти се смеат и да те влечат за палто! Од нељубезниот збор говореше бистар ум. Она што не го сфати срцето на возрасните, осквернето од човечки неправди, тоа ќе го сфати невиното срце, уште полно божји благослов!“

И Јернеј отиде и ги собра дечиштата на улица, колку што можеше да види и да сретне. И кога пријдоа, љубопитни, игриви и весели, им ја објаснуваше својата правда.

„Имав куќа, деца, онаму стои под стрмнината, онаа белата со зелени прозорци; но ми ја зедоа. Ја изградував долги години, погледнете, деца, веќе сум остарен и изнемоштен, и кога ја доѕидав, дојдоа и ми рекоа: нà, Јернеј, а сега оди си! Мили деца, и поле имав: сето тоа беше мое, што можете да го видите од ридот онаму до потокот; но ми го зедоа. Во почетокот беа само оние нивички онаму зад куќата; а јас го проширував имањето и го зголемував, со плуг и забран: и кога се изнаработив, дојдоа и ми рекоа: ете, Јернеј, меѓите се поставени, а сега оди си! – Деца, малечки мои, невини, кажете ми, закон ли е тоа и правда!”

Децата се чудеа, а потоа весело се насмеаја.

„Дај ми паричка, Јернеј!“ Извика босоногото.

„Еве ти, паричка, не плаши се, не криј се! Земи ја паричката и одговори по правина за тоа што прашав!“ Босоногото плашливо протегна рака, ја стисна паричката в дланка и избега.

„Господ со тебе, босо ѓаволче, палавко ниеден!“ се насмевна Јернеј. „Кажи ми тогаш ти што стоиш пред мене, зашто сѐ слушна и мудро гледаш: што е во оваа правда правина и закон? Што според твоите млади мисли, неиспоганети?“

„И мене дај ми паричка!“ рече момчето со бавен, необично длабок глас.

„Еве ти паричка и тебе, еве ти две: зашто Јернеј е богат, оти работеше четириесет години! Па кажи за тоа што прашав!“

Момчето ги прибра двете парички, се повлече за чекор и извика со ист таков бавен, необично длабок глас: „Пијаницо!“ Потоа си тргна, вртејќи се да види дали Јернеј зачекорил по него.

„Оди си, млад си и неразбран, Господ да ти помогне!“ рече и беше тажен.

Многумина се насобраа околу него, и колку што одеше потаму, толку поголема и повесела беше придружбата.

„Само врвете, деца, со богатиов сиромав, само верно слушнете ја неговата правда! Разорана нива се вашите срца, нека падне семето во неа, за да 'рти и созрее еднаш. Не пречи што сте весели и разиграни; плашете се од оној што смуртено гледа и полека врви! И јас имам вревено и играно, та беше веселба; девојките ме гледаа и момците ми се плашеа. Со тупаница тогаш можев да го докажам своето право, како што сега со тупаница ми го скратуваат!“

„Заиграј, Јернеј!“ почнаа да викаат децата.

И како што Јернеј одеше во веселата завревеност, во придружбата што потскокнуваше, одеднаш неговите нозе станаа лесни и млади, дури и се нишкаа во колковите.

„Еј, Јернеј игра, Јернеј е пијан!“ викаа децата; пред него играа, одзади се залетуваа во него.

Јернеј со ракавот си го истри испотеното чело, застана насред пат и се загледуваше во децата.

„А сега малку да подзапреме, мили мои, доволно беа глупостите! Ни правда ни неправда познаваат вашите млади срца. Господ да ги благослови; зашто самата правда е во нив, уште неиспоганета од сите сознанија и од целата горчина. Како што јас до оваа доцна есен што не ја познавав неправдата, додека не си ја натоварив на грбот, па сега да одам по светот и да барам каде да ја растоварам. Да не ви даде Господ, мили мои, некогаш да сретнете, што одредува заповедта и што направиле луѓето! Да не ви даде Господ да ја осознаете правдата, зашто неправдата ќе ја почувствувате!“

Јернеј се затетерави, шапката му падна во правта; зашто некој го турна одзади; децата весело извикаа. Јернеј си ја крена шапката.

„Ова не ви требаше, деца! Стар сум веќе и изнемоштен, не можам да си играм со вас, не можам да потскокнувам, да се превртувам преку глава!“

И кога застана длабоко наведнат прибирајќи си ја шапката, одеднаш се спушти на колена, со рацете во правта; придружбата се распрсна, децата застанаа накрај пат, се смееја и чекаа. Јернеј полека стана и си ја тресеше правта од колената; лицето му беше сето пропаднато од страв и горчина.

„Господ затвори очи, деца, и јас ќе ги затворам! Како ќе ја знаете неправдата кога уште не сте ја почувствувале? Господ нека е со вас и милоста негова!“

„Падна Јернеј, на земја се преврте пијаниот Јернеј!“ викаа децата.

Тогаш долета камен, го погоди Јернеја во коленото.

Јернеј се сврте и се вџаши.

„Господ да ве чува, деца! Што правите, сакани мои!“

Но дофучи камен од другата страна, го погоди Јернеја во брадата и му ја пресече кожата, така што се покажа крвта.

Јернеј затрепери во чудна треска, рашири раце.

„Деца, мили мои, што сум ви сторил?“

„Крв!“ заврескаа децата и преплашени прескокнуваа преку јазот, бегаа преку нивјето.

А од толпата се оддели ситно, главато детенце; уште скутниче носеше и беше босо. Со ситни чекори, липајќи и пискајќи трчаше кон Јернеја, го префати преку колената. Јернеј го помилува по неисчешланата коса, по насолзените образи.

Се разведри лицето на Јернеја, очите му светкаа.

„Само ти пријде, момченце кадраво, само ти ме слушаше, слабичок малечок! Па биди ти мојот застапник, мој праведен судија!“

Детето липаше и се тресеше.

„Мама, мама, мама!“

Пријде жена, го зеде во прегратка.

„Што му сторивте?“

„Неправдата ја почувствува, самиот тој! Сите божји благослови со тебе, ти мој милостив судијо!“ рече Јернеј.

А детето го криеше своето расплакано лице во мајчините гради, само уште тивко липаше и јачкаше.

„Мама, мама, мама!“

VIII

Јернеј се врати по бовчата. Пред куќата го сретна Ситар, но не го погледна, а и Ситар ја сврте главата.

„Само по алиштата доаѓам, само по бовчата!“ рече Јернеј и гледаше пред себе, како да разговара со куќата, а не со Ситар. „Нема ништо друго да земам, нема потреба да се заклучуваат куќата и амбарот!“

Влезе во тремот, по лествиците се качуваше во својата соба, која некогаш сам беше си ја избрал и суредил под покривот. Во неа имаше кревет, распетие и бројаници над креветот, ништо друго. На клинец висеше празничната облека, во кошницата под клупата беше прибрана преслеката. Креветот беше покриен со шарена покривка, што беше му ја донел покојниот Мартин за спомен од војната со Турците. На покривката првин ја стави празничната облека, потоа преслеката; а кога почна да ја дипли покривката и да ја врзува бовчата со здраво јаже, му падна тешко на срцето. Го стисна во градите, му се крена под грло, необично како никогаш. Затоа Јернеј клекна пред распетието и се прекрсти и сведна глава длабоко, како челото да беше го притиснал во перницата.

„Оче наш, кој си на небото... твојата правда ја барам, што ја имаш пратено на светов! Што си рекол, нема да одречуваш; што си запишал, нема да бришеш! Не во луѓето да не верувам, не во својата правда да не верувам, во твоето писмо верувам. Оче наш, кој си на небото... бескрајно си милостив, дај му на просјакот милостиња; неизмерно си праведен, дај да му се плати на работникот! Благослови го слугата, кој за правда е гладен и жеден, насити го и напои! Само нареди, и жив ќе биде твојот збор и ќе ги исполни сите срца, за да ја распознаат праведноста!... Оче наш, кој си на небото... не искушувај ги предолго, допри ги со прст нивните очи за чудесно да прогледаат; и твојот слуга не искушувај го предолго, зашто е веќе стар и изнемоштен; и утеши го, бидејќи е потиштен и слаб од горчина! Оче наш, кој си на небото...“

И Господ го утеши и горчината исчезна и мирно беше неговото срце.

Така Јернеј стана, ја префрли преку рамо бовчата и чизмите, ги зеде в рака глуждовиот стап и тргна. На прагот се прекрсти.

„Со среќа тргни, Јернеј, ако е господова волја да зачекориш по овој пат; и среќен врати се!“

Оддалеку го догледа Ситар, кој стоеше покрај ледината.

„Прости им!“ рече Јернеј во своето срце и испружи рака да се поздрави и збогува.

„Без омраза на пат; на срцето повеќе му тежи омразата од горчината; без омраза од патот – двете раце стисни му ги за поздрав, за рака воведи го во куќата, како син што заблудел!“

Уште еднаш погледна на куќата и по полето, по ледините, шумата и далечните пасишта, и замина во долината.

Голема и убава куќа е судот, среде плоштадот во Долина, има долга редица прозорци, висока врата и над вратата царскиот орел.

Чудно и незгодно му беше на Јернеј, кога влезе во широкиот трем; се плашеше од ова место, кое беше исполнето со лутина и клетви; лоши и неправедни пресуди и кривоклетства.

Отспротива му пријде службеник, сув, подгрбавен старец, кој под мишката носеше голема смотка жолти хартии.

„Господ да ви даде добар ден!“ рече Јернеј и симна шапка.

„Што сакаш?“ праша службеникот негодувачки и го измери Јернеја со непријатен поглед.

„Што би сакал?“ се насмевна Јернеј и гледаше во сувиот службеник длабоко долу, висок до таванот, каков што беше. „Никого не мислам да ставам на бесилка, верувајте! Зошто човек без потреба да навредува другого? Други нека се судат, други нека клеветат и колнат Јернеј нема да се суди! Само нека слушаат, без лутина и без лошотија!“

Зачуден и зловолен гледаше искривоколчениот службеник.

„Што дрдориш? Кого бараш?“

„Праведен судија!“

Службеникот се намршти, покажа со долгиот показалец на скалите и замина.

Со бовчата и чизмите на рамо, со стапот во раката чекореше Јернеј полека по мрачните скали. Спроти него доаѓаше малечок, ковчест селанец, кој мавташе со двете раце и во лицето беше зацрвенет од лутина.

„Разбојници! Разбојници! Разбојници!“

Јернеј силно се зачуди.

„Кој е разбојник?“

Ковчестиот селанец избрза покрај него и ништо не одговори.

„Гневен човек помисли Јернеј и заниша со главата. „Меѓу праведни судии беше, а нашол разбојници!“

Стоеше во ходникот и не знаеше на која врата да тропне. И додека стоеше и гледаше, широко се отвори една од вратите. Мошне висок и мошне испиен човек, во црно облечен, козјобрад, излезе од собата, помина покрај и вратата ја остави отворена.

Со шапката в раце, плашлив и љубопитен, Јернеј гледаше во собата. Таму зад дрвена преграда, зад голема, со хартии покриена маса седеше судијата; дебел, ќелав господин со долги мустаќи и непријатно лице. Зад другата маса пишуваше млад писар.

Судијата ја крена главата и напорки го изгледа Јернеја.

„Што има?“

Со внимателен чекор Јернеј го пречекори прагот.

„Правда барам, неправдата ја обвинувам!“ рече Јернеј. „И мислам дека дојдов на вистинското место!“

Писарот малку ја сврте главата и се насмевна, а и судијата ги поткрена веѓите.

„Само бргу кажувајте!“

Јернеј ги спушти бовчата и чизмите на клупата, пристапи кон преградата и се потпре на неа со двете раце.

„Судијо, јас не сум лош човек, никому не му сакам зло, дури ни на оние што неправда ми сторија. Правдата за мене, на другите ниту неправдата ниту лошо да им се врати — тоа е правдата по божја волја! Затоа не сакам Ситар да го бркаат од куќата, со бовчата и чизмите на рамо, како што јас заминав; уште помалку да го врзуваат и низ селото да го спроведуваат в затвор! Дури не треба ни да се кара пред другите луѓе, зашто навреден ќе биде – сам нека си расчисти со својата совест! Правдата, на крајот на краиштата, на праведниот – на неправедниот милостива поштеда и прошка!“

Го гледаа двајцата, судијата и писарот.

„Зарем ти се мати, христијанине?" извика судијата. „Зар ти не си Јернеј на Ситар од ридот?“

„Тој сум!“ брзо потврди Јернеј. „Четириесет години сум истиот – Јернеј на Ситар од ридот! Ама младиот сега нешто си измислил – да речеме, судијо, дека само за да се пошегува си измислил, само од ѓаволштина и бес: ете, Јернеј, рече заврзи ја бовчата и земи си скитачки стап и оди си! Не, да рече, волови да купувам, или сено да продавам – туку налево тргни, или надесно, или така право, кој пат поугоден ќе ти се чини; и повеќе никогаш да не се вратиш! Сега си стар, и бидејќи грбот веќе ти е свиткан, бидејќи веќе колената ти се тресат – сега оди си! Така рече – а вие отворете книги, судијо, и праведно пресудите!“

Писарот се наведна над хартиите и се смееше, така што грбот му се тресеше; судијата го збрчка челото.

„Значи што бараш тука? Зошто дојде?“

Вџашен Јернеј отвори уста и молчеше.

„Па зошто си дојден?“ праша судијата толку грубо и го гледаше толку смуртено, што Јернеј ја испушти преградата и уште повеќе го свитка грбот.

„Па ја објаснив својата случка по ред, без лаги и без разубавување: така се случуваше и никако поинаку. Што уште да раскажувам, зошто да преџвакувам? Ваша е пресудата и вие да кажете, не јас! Вие сте лекар; ви ја покажав раната, а вие залечете ја!“

Сѐ позачуден беше судијата и сѐ поналутено гледаше; а и писарот се смееше сѐ повеќе.

„Не стигнувам, човеку“, рече судијата, „немам време“, рече „за да разговарам со вас за збеснат полжав и лута змија! Што имате да кажете, нешто ако имате, кажете без усукувања, инаку губете се!“

Така рече судијата, а Јернеј не го разбра, се префрлаше од нога на нога, се чешаше зад увото и не знаеше што да прави.

„Како, судијо? Ако влезам кај бакалот да купам тутун – зар ќе ми понуди сол? Дојдов да прашувам за правдата, а вие: зошто си дојден? Ви ја објаснив својата пpaвдa, а вие: што дрдориш? Не дојдов да купувам сол, слуги бакалски, дајте ми тутун!“

Се врати јадниот сув службеник со друг, уште поголем преграб хартии под пазувата.

„Ти, Крушник“, му нареди судијата, „фати го човеков за рака и покажи му каде се скалите и како се излегува на улица!“

И навистина сувиот службеник го фати Јернеја за рака, толку силно го стегна, што Јернеј се зачуди: „Види, види, каква склопка!“

Гласно пак Јернеј рече:

„И над тебе, неправеден судијо, има други судии; и над сите е Господ!“

Си ја зеде бовчата и чизмите и стапот и тргна. Од пред скалите се врати и со долги чекори уште еднаш дојде пред преградата.

„Сега знам, неправеден судијо, сега знам што рече оној селанец – Господ да му го просвети умот! Не место на правда – проклето е ова место, гнездо на неправедни правди и лажни заклетви!“

Замавна со раката, сакаше уште да зборува, но службеникот го истурка преку прагот.

Се свечеруваше кога Јернеј помисли каде би можел да се одмори.

Беше јасна и топла вечер, толку дуваше ветерче колку нежно да се занишкаат лисјето на тревата и колку тивко да зашумолат дрвјата во шумата.

Натаму се упати Јернеј, зашто од ридот го поздравуваше смрековата гора, убавата Тичница, свртaлиште и утеха на сите заљубени и сите бездомни. Покрај нивјето се виткаше пријатниот пат, преку пасиштата во зелената падина. Полека чекореше Јернеј, зашто беше уморен и зашто неговото срце беше исполнето со горчина. Со онаа голема и лоша горчина која некогаш го обзеде и самиот син божји, кога немал каде глава да навали.

„Ако некогаш некого сум навредил меѓу вас“ помисли Јернеј, „меѓу вас некого кои талкате бездомни по светов, на мене нека не се спомнува со лоша мисла! Вие, уморни патници, поуморни од неправда отколку од стрмниот пат, ако некого од вас сум истерал од дома, во своето срце нека не ме проколнува! Тешко е вашето бреме; тукушто го нарамив, веќе ми потклекнуваат нозете, главата ми клапнува до појас. А кога еднаш ќе го симнам, кога ќе има доволно божја казна, тогаш само дојдете, вие благословени од несреќа и горчина; ќе ви го отворам храмот, масата ќе биде послана, трпезата ќе биде изнесена!“

Покрај шумата ја спушти бовчата и легна во тревата. Целата убава долина беше во сенка; а и Бетајнова, на онаа страна на угодната падина навалена, дремеше. Господски светеше белиот Ситаров дом зад јаболкниците; му се чинеше на Јернеја дека му намигнува, дека ѓаволито го поздравува.

„Уште ти задреми!“ рече Јернеј. „Задреми и да немаш соништа за неправдата! Убаво да се подготвиш, во сватовска облека да ме примиш кога ќе се вратам и да ме поздравиш! Да нема лутина меѓу нас, не се разделуваме со лош поглед и со зол збор – Господ да те благослови!“

Такви благи и умилни беа неговите мисли, но горчината во неговото срце не беше помала. Зашто самотија беше наоколу и се смрачуваше; во смреките шумолеше, таму разговараат неутешни и неспокојни души.

„Господ да ви даде починка и утеха!“ молеше Јернеј. „Како што е праведен, така е милостив; за сите вас ќе дојде часот, кога ќе го гледате неговото величие; и ќе дојде часот за мене, грешникот!“

По патеката дојде безверниот студент, го здогледа Јернеја оддалеку и се упати право кон него.

„Како се чувствуваш, Јернеј, покрај скитачкиот стап?“ праша.

„Господ знае зошто ми го натовари бремево – кој ќе се расправа за него?“ одговори Јернеј.

И студентот легна во тревата.

„Овде, каде што лежиш всушност е мој дом!“ рече. „Голем е овој дом, без ѕидови и без меѓи; не треба соседот да се повлекува пред својот сосед, за сите има доволно место! Овде покривот е високо; како што си долг не ти треба да се наведнуваш! И целото ова пространо богатство без давачки и без дополнителни даноци. Да не се жалиме, Јернеј; каде што луѓето се неправедни, таму Господ е праведен. Ни дадоа стап, ни го покажаа нежеланиот пат – а Господ за нас отвори дом толку величествен како што може да им се даде само на патници и скитачи!“

Јернеј го погледна со милозливи очи.

„Голема е, се чини, неправдата што си ја претрпел, тешка е, се чини, горчината што ја носиш во срцето! Како инаку би зборувал такви зборови што самите ти се потсмеваат в лице, зошто го споменуваш Господа кога не мислиш на него?“

Помолча студентот, гледаше во небото, кое тивко притемнуваше, а потоа се насмевна.

„Повеќе умилност имаше Господ за мене отколку за тебе, Јернеј! Мене ми ја откри неправдата во почетокот, тебе дури на крајот. Јас во заблуда живеев одвај половина час, ти цели четириесет години! Мене ме избркаа без посебни комедии право на патот на вистинското сознание, а ти одеше четириесет години по погрешен пат – долг ќе ти биде патот на враќање, о Јернеј! – Види, Јернеј, одвај прогледав, почнаа да удираат по мене, слабичкото дете, веднаш со стапови! Одвај зачекорив, ме поздравија со клоца. Силно, Јернеј, силно ми ја втераа во кожата вистинската свест, силно ги втераа законите и заповедите: дека правдата е создадена за оние што ја создале. Што ќе ми се сега тужбите и барањето правда, што ќе ми е карањето со Господа и со луѓето? Најголемо богатство е свеста, иако е втерано во стапови! – А ти сега што си намислил, Јернеј?“

Кон праведен судија ќе тргнам, уште на ранина ќе се упатам, а сега ќе спијам!“

„Само дремни си, ти уморно дете, добра ноќ! – Но уште ова речи ми го: каде ќе ги бараш тие праведни судии?“

„Кај оние ќе одам, кои се повикани да судат праведно и според законот. Господ ја испрати праведноста на светов и не дозволува луѓето да ја затвораат во сандаци; исто така не дозволува јавно да плукаат на неговата заповед! Господ е милостив, нема докрај да го искушува слугата Јернеј, кој никогаш не му причинил навреда!“

„Цврста е твојата вера, Јернеј, и голем ќе биде гревот што ќе ти го сторат! Ќе те чекам, Јернеј, да се вратиш. Би сакал да те видам, би сакал да го видам старецот кој ќе застане насред пат искинат и гологлав за да проколнува, за соблазнување на возрасните, за смеа на децата. Уште ова да ми го кажеш, Јернеј: што ќе направиш кога ќе се вратиш и нема да најдеш правда ни кај Господа ни кај царот?“

„Што да направам, студенту, кога би ги немало повеќе ова небо и повеќе никакви ѕвезди, кои гледаат на нас, и на оваа долина да ја нема и тебе да те нема па ни мене? О, колку безбожни беа твоите зборови, и колку зло направила неправдата спрема твоето срце! Моли се, и јас ќе се молам!“

Гледаа во небото со широко отворени очи. Мрачна беше долината, а небото беше сѐ посветло; руменееше на исток, таму ѕвездите гаснеа, голема и црвена се креваше месечината.

Х

Јернеј тргна во Љубљана. Ги преброи своите пари и подоста беа: речиси секоја година заштедуваше по една форинта.

Пред да тргне, уште еднаш погледна во долината, ја симна шапката и се прекрсти. Рано беше, уште се немаше покажано сонцето; тревата беше росна, студена магла се креваше од долината. На Јернеј му пристуде; неговата облека беше влажна од роса, неговото лице беше како измиено.

„Уште не сум навикнат на домот на студентот!“ помисли. „Ниту на оваа росна постела, ниту на овој висок покрив!“

И ја префрли бовчата преку рамо и тргна напреку меѓу ледините и нивите до патот. Одморен беше и одеше со лесен чекор, а и неговото срце беше весело и утешено.

„Зошто да расфрлам пари за превоз?” помисли. „Додека ме држат стариве нозе, грев би било да дембелам; а исто така грев би било да божјачам. Ако веќе ме заминува добар човек и рече: ела, Јернеј, има место за двајца и кобилата е одморна – тогаш со господ на помош ќе приседнам!“

И тукушто така помисли, го престигна селанец, го погледна и ја запре колата.

„Каде вака?“

„Кон Љубљана!“

„Приседни до Гошчевје!“

Јернеј се качи.

„По што работа во Љубљана?“

„Правда да барам.“

Селанецот, набиен, широк човек, погледна во Јернеја со недоверлив поглед.

„А кој си ти?“

„Јернеј од Бетајнева.“

Селанецот помисли.

„Не познавам Јернеј од Бетајнова. Кој Јернеј?“

„Слугата Јернеј. Кај Ситаровите бев до вчера.“

„И одиш да го тужиш?“

„Така се вели... не мислам да го носам под бесилка ниту в затвор. Ама нека пресудат праведно.“

„Што ти сторил?“

„Четириесет години работев таму. И кога доработив, дојде и рече: оди си!“

Селанецот погледна смуртено и го швркна коњот.

„Така. А одиш да го тужиш?“

„Што значи тоа: тужиш? Својата правда одам да ја разјаснам, нека пресудат! Правда сакам за себе и за другите и за сите — неправда никому!“

„И ќе свршиш ли нешто?“

„Да. Има многу судии на светов, а законот е само еден!“

„Ништо, ништо нема да свршиш!“

Селанецот толку наврапито се сврте кон Јернеја, што ги повлече дизгините и колата речиси застана.

„Ако сакаш да послушаш умни зборови, слуго, cлушај: скокни веднаш од колава и врати се од каде што си дошол. Зашто слуга против господар никогаш не успеал да постигне нешто, а уште повеќе, кога правдата и законот се на господаровата страна! Стар си, тоа би требало да го знаеш. А знаеш ли што би направил јас кога слугата би тргнал да ме тужи, виновен или не? Би му дал на Шимен и би му дал на Јакец секому по еден стап и би им рекол: а сега удирајте по него додека рацете не ви паднат, за другпат да умеете да разликувате кој е господар а кој слуга? Така би им рекол, разбираш! – Онаму, гледаш ли, таму има крчма, таму ќе свртам!“

Селанецот со камшикот покажа на полето, а крчма никаде немаше. Затоа Јернеј си ја зеде бовчата и чизмите, и скокна од колата и се занесе кон ендекот. Селанецот швркна по коњот, се крена прав.

Јернеј натажено гледаше по него.

„Како дете е: добра погача јадел, добро вино пиел, па глад не познава. Неправда не почувствувал, па правда не познава. Господ ќе му суди според своите закони и по својата милост!“

Брзо се искачи сонцето, по малку почна да припечува, и Јернеј почна да чувствува умора од жештината. Одеше еден час, одеше два часа, нозете му отрпнаа; и во далечината, од ридот, отчука пладне; и Јернеј беше гладен. Не тетеравеше уште многу, не требаше многу да чека, бела крчма му се испречи крај патот.

Само двајца гости имаше во крчмата: млад селанец, кој од Господа ги крадеше деновите и веќе напладне беше пијан; и еден ситен, побелен и згрбавен старец, во износени партали облечен, кој свиреше на армоника и пееше бесрамни песни. Работата беше таква што Јернеј првин поздрави, а потоа плукна.

„Наваму, наваму!“ го канеше младиот селанец.

Јернеј не го погледна и не сакаше да го послуша и седна на друга маса.

„Што, зар сме разбојници?“ се налути селанецот и се обиде да направи трезно лице. „Каде и по какви патишта, татко?“

„В Љубљана!“

„Значи в Љубљана? Не за да тужиш?“

„Да тужам!“

„Господ да ти даде среќа! Кого тужиш?“

„Господарот.“

„А?“

„Мој господар, велат, дека бил! Рече оној селанецон што ме истера од колата: а и жупанот рече.”

„А како беше? А како? Па како се закачивте?“ брзаше селанецот и беше толку расположен, што Јернеј беше вчудовиден.

„Како? Работев и доработив; млад бев некогаш, а сега сум стар. И тој рече: оди си!“

„Ха, ха, ха!“ се насмеа селанецот гласно и го удри по рамо стариот свирач. „Слушна ли, Андреец? Дали слушна? Слугава оди да тужи господар!“

Свирачот меѓу колената ја стисна армониката, така што таа зацвили, и почна да се смее од срце, што му потекоа солзи од очите.

„Море слуго, ти што одиш да тужиш господар, погледни!“

Селанецот здивна од смеењето, се искашла и со прст покажа на свирачот.

„Погледни, на овој не му паднало на ум да тужи; зашто е умен и ја знае правдата. Ќе има веќе неколку години, откако го истерав, убаво го истерав, зашто така ми се присака. И весел е; и ништо не му е, а можам и да му се смеам, и можам да го штипкам!“

Го штипна во лактот, а свирачот по детски го искриви лицето, залипа чувствително и високо ги подигна колената. Потоа и двајцата се насмеаја.

Јернеј го испи виното, чашата му се тресеше во раката.

„Толку си се нагрдил, невернику, толку си ја изопачил божјата лика!“

И се крена неодморен и ја префрли бовчата и тргна. Преку прозорецот сѐ уште го поздравуваше ѓаволестата смеа на селанецот и свирачот.

Патот се ширеше, во далечината Јернеј ја здогледа сивата прав над градот. Кон него се приближуваше жена, дете држеше на раце, се занесуваше како пијана и гласно плачеше. И детето плачеше и со двете раце околу вратот ја прегрнуваше мајка си! И кога го виде Јернеја, го крена збувнатото заплакано лице и извика.

„Тоа ли е правда, кажете ми, човеку, кој да си!“

Го оддели детето и го подигна и му го покажуваше на Јернеја. Убаво дете беше, а очите му беа црвени и тапи.

„Човеку, и кај Господа нема правда, ни на небото! Што му сторило моево дете на Господа, на Мајката божја и на светците? Што сторило, та никогаш да не види ни мајка ни татко? Да се исуши раката што го удрила со слепило, мојот син, невиниот, без проклет грев! – Кажете, човеку, има ли правда на светов и на небото?“

Го прегрна детето со растреперена сила, заплака на глас и отиде понатаму.

Јернеј ја наведна главата.

XI

Голем град е Љубљана. Куќите се високи, изградени во редици, една до друга, никакви огради нема меѓу нив. Сите улици се полни со луѓе, секој ден големи миси и литании. Има толку свештени лица, што човек треба шапката постојано да ја држи в раце. Од утро до вечер бијат камбани и саати. Како на панаѓур да е човек, не знае каде да погледне попрво, каде да премине и кого да праша.

Долго талкаше Јернеј крстосувајќи ги улиците и ги загледуваше тие чуда; потоа влезе в црква, потклекна пред споредниот олтар и долго молитвеше. Насекаде во црквата беше тивко и мрачно, можеше човек тука да си позборува со Господа.

Откако Јернеј се помоли, неговата вера беше голема и цврста.

„Може патот да биде долг, може патот да биде уште потежок, со камења посеан, со шипје преграден!“ помисли. „Но еднаш патот ќе сврши, еднаш веќе ќе се отворат вратите! Господ не ја скри правдата, како скржавецот сребрениците! На сто врати ќе чукнам, но сто и првата широко ќе ми се отвори!“

Така се врати на улицата и праша еден господин човек, кој поминуваше покрај него:

„Каде се судиите, за да им се пожалам и да им ја објаснам својата правда?“

Првин господинот се зачуди, а потоа се насмеа.

„Татко, побарајте и изберете си адвокат, тој ќе се тужи и ќе ја изнесе правдата!“

„А зошто ќе треба адвокат, кога правдата е таква што и слеп може да ја види и глув да ја разбере? Не се судам за меѓа, ниту за пат, не сакам никого да измамам – зошто да одам кај измамник, адвокат? Не суд правда барам!“

„Долго ќе барате, татко! Бараа правда, многу ги имаше, но изнемоштеа патем; а и Пилат си ги изми рацете!“

Рече и ce насмеа, пa cи замина по својот пат.

„И овој претрпел неправда!“ помислил Јернеј. „Зашто се смееше кога му се плачеше!“

И одеше по улици, распрашуваше и бараше и најде.

Голема куќа беше, висока и пространа, друга таква Јернеј уште немаше видено. Со плашлив чекор влезе во тремот. Луѓето се пресретнуваа по тремовите, ходниците и скалите; граѓани и селани, мажи и жени; и сите имаа загрижени лица и на сите им се брзаше; како панаѓур да имаше... Јернеј не знаеше треба ли десно или лево да фати, по скалите или право. Поздрави еден граѓанин, го праша за судиите, а граѓанинот го погледна, собра раменици и побрза понатаму. Остана Јернеј со шапката в раце и не знаеше каде. И одеднаш по скалите се слушнаа развикани гласови, длабок машки глас и тенок женски!“

„Разбојници! Разбојници! Разбојници!“

Дојдоа по скалите со тешки чекори, двајцата од налутеност вцрвенети во лицата. Жената празнично облечена, во рацете имаше чадор и бовча, а мажот со стап удираше по камените скали.

Одозгора викна мирен глас, се познаваше дека е господски; толку беше сладникав и мазен.

„Размисли за своите зборови, човеку, подоцна да не се премислуваш!“

Јернеј се чудеше и како стравот да му посегна во срцето. Тргна по скалите, но одеше полека, како да носеше тежок товар. Уште слушаше оддалеку како удираше по камениот под на тремот стапот на селанецот.

„Исто и тој рече... дека барал праведни судии, а го грабнaле разбојници...“

Јернеј застана на врвот од скалите и чекаше некој да го зазборува и го распраша по каква работа е дојден.

И навистина покрај него помина млад човек, го погледна високиот Јернеј, кој стоеше со бовчата и чизмите, и застана.

„Зошто сте вие?“ праша.

„Вака е: не знам каде треба, на десно ли или на лево, кога куќава на правдата е олку голема. Кажете ми каде се судиите!“

Младиот човек се насмеа.

„Судии овде има многу, драги татко – кого го барате и зошто?“

„Праведниот судија го барам, не ми е до име и лика. Ваква е работата: работев четириесет години, си создадов дом и куќа. Запомнете: си создадов дом и куќа. А сега размислете: чија е јаболкницата – на оној што ја садел и калемел, или пак на оној што ги тресол јаболката кога зреале? – Зашто тој рече: еве, работеше четириесет години, создаде дом и куќа, а сега тргни по светот и барај ја својата правда! Но не се уплашив, тргнав по светов да барам правда, и така дојдов. Каде да се упатам, пријателе, каде да тропнам кога има олку врати.“

Не беше веќе сам младиот човек, тројца веќе застанаа пред Јернеја. И сите гледаа развеселено и сите се смееја. А Јернеј беше вџашен и навреден.

„Кажете ми кога толку многу ве има и кога сте учени!“

Најслабиот, кој имаше брада и носеше очила, си ја измазни брадата и благо се насмевна.

„Дали ве повикаа?“ праша.

„Како да ме повикаат? Самиот дојдов, по својата правда дојдов! Како да ме повикаат, правда да ми понудат, кога уште не знаат за жалбата на Јернеја? Ќе ја објаснам, па нека пресудат!“

„Имате ли напишана тужба?“

„Зошто напишана? Каква тужба? Никого не тужам: за мене правда, без неправда за други! Не сакам никого, дури и да е голем никаквец, да го затворат поради мене, или да го бесат. Исто така нема потреба брборливите доктори неспособните да ја пишуваат мојата правда: судиите знаат да читаат, а и уши имаат за да слушаат. Покажете ми каде да тропнам!“

Се погледнаа оние што стоеја пред Јернеја, а брадестиот по втор пат се насмевна и рече:

„Дојдете со мене за да ви покажам каде се праведните судии!“

Јернеј тргна со него, а и другите што слушаа тргнаа по нив.

XII

Дојдоа до вратата, која беше широко отворена. Во собата зад широка маса имаше млад човек со руси мустаќи и весели очи. Се сврте и се вџаши кога го здогледа високиот Јернеј и луѓето по него.

Брадестиот преку рамо со палецот покажа на Јернеја, поднамигна задорливо, се насмевна и рече:

„Тебе, Кошир, кој си човек со смисла за хумор, ти го препорачувам и предавам патников, кој бара праведни судии на овој свет. Објасни му на кого е јаболкницата: дали на оној што ја засадил, или на оној што ја обрал?“

Така правеше шега со правдата господова. А младиот судија не се смееше, туку ги намршти русите веѓи.

„Зошто комедија? Кој сте вие, човеку, и кого барате?“

Јернеј дојде поблизу до него.

„Јернеј сум од Бетајнова и неправда ми сторија. Затоа тргнав по светов да ја барам правдата, која Господ ја испрати и која ја чуваат судиите во своите книги.“

„Каква неправда ти сториле? Кого тужите и зошто?“

„Никого не тужам, зашто нема потреба и не сакам луѓе да страдаат поради мојата правда. Ако ме наситите мене, нема потреба други да бидат гладни. Така се случи како што ќе ви раскажам; дете може да пресуди, а камоли вие, кои сте учени и го познавате законот! – Работев четириесет години на Бетајнова; нема толку земја колку со дланка да ја покриеш, ни во полето, ни во ливадите, каде уште да не капнала пот од моето чело. Така работев четириесет години и господ ја благослови мојата работливост. Но умре стариот Ситар и дојде неговиот син, никаквецот, и рече, во распашана опијанетост, рече: Јернеј, сега врзи си ја бовчата и оди си зашто, Јернеј, сета јас сум господар; сега си доработен, сега си стар и дооден, не те сакам веќе; нема веќе катче за тебе во домот што сам си го создал и го чуваше од сето лошо, нема за тебе веќе леб што си го произвел; само земи си го скитачкиот стап и замини си кај што те носи патот! Така рече; сам пресуди против правдата и законот, декa јаболкницата е на оној што ја истресол, а не на оној што ја засадил. А јас заминав и тргнав да ја барам правдата, која Господ ја испратил на светов и која човечката сила не може да ја поништи. Пресудете!“

Така зборуваше Јернеј, полека и по ред, без преправање. А младиот судија слушаше и го гледаше натажено.

„Вратете се,“ рече, „само вратете се на Бетајнова кај својот господар, кој е суров и неправеден, и речете му: осознај ја правдината, биди милостив, дај ми катче во својата куќа, парче леб за стари години! Речете му така, и ќе му биде жал и ќе го сфати својот грев и ќе стори како што ќе го замолите!“

Вџашен, Јернеј ги слушаше таквите зборови; долго молчеше.

„Зар сте судија?“

„Судија сум.“

„И пресудивте според пишана и божја правда?“

„Така пресудив.“

Високо се истегна долгиот Јернеј, за глава беше повисок од судијата и од мрзеливците, кои стоеја пред вратата.

„А јас ќе речам, судијо, дека не пресудивте ни по човечка ни по божја правда! Каде Господ наредил да се кутне никаквец во постелата што јас самиот сум ја постилал и местел цели четириесет години? Каде Господ заповедал Јернеј да пцовиса во јазот кога си изградил убава куќа и топол храм? Отворете ги книгите: не знам да читам, но би сакал оддалеку да ги видам оние црни зборови што имаат така наредено и заповедано. Покажете: и кориците би сакал да ги видам на тиe црни книги и црната обвивка! Дали е таму запишано, кажете: си работел, со крв си ѓубрел, така што високо се крена пченицата, па дури и од тревата сок капеше; а сега, кога си стар и изнемоштен, кога повеќе нема крв, со неа да ѓубриш, сега оди си! Ако е запишано, кажете, нека Јернеј, откако ги наполни амбарите и избите, оди од село на село, од куќа на куќа, да им додева на луѓето и кучињата, и како питач да пита за корка леб? Тоа кажете ми го! И уште да ми објасните што да правам сега со своето дело, каде да одам со него: во земјата е закопано, но сажен длабоко – како да го ископам? Како да го заврзам во бовчава на рамо да го префрлам? Моите четириесет години – како да ги приготвам, за да уживам на печката одгоре? Овде е бовчата: преслеката е во неа и празничното облекло! Четириесет години – пребројте и поразмислете колку недели се тоа и колку часови! Мојот ум е бавен, стар; не знам да пребројам; ама кажете ми дали се тоа само толку недели и само толку дни, па со оваа бовча обилно да е платено? Празничното облекло и платнената блуза да се доволно надоместување? Така е, речете: обилно платено, праведно е надоместено – па ќе верувам дека сте судија, каков што Господ поставил!“

Натажен слушаше младиот судија, натажен гледаше во Јернеевото испечено, разорено лице, во прашливите чевли и износената облека.

„Не карајте се со правдата каква и да е; луѓето ја создале, луѓето ѝ дале сила и власт. Кога ве бие, свиткајте грб и верувајте во Господа; ако го преправи лицето за човек да не ја разликува од неправдата, свртете се настрана и не барајте работа со неа! Така размислете и одете си збогум и направете како што ви реков!“

Сосема вџашен, сосема исплашен погледна Јернеј.

„Значи нема правда? Значи сте ја сокриле?“

Судијата молчеше.

„Затоа, значи сте ја затвориле во оваа голема куќа за да не може да излезе? Сте ја затвориле два пати, сте ја запечатиле деветпати, за да не се изгуби по пат, за да не ја сретне Јернеј? Затоа сте ја украле, затоа сте ја туриле под палто, за да не соголи пред страдни очи? Ама се измамивте кога така направивте, не го познававте Јернеја! Ќе ја барам, дури и да е закопана в земја толку длабоко колку што е моето дело! Ќе копам, ќе земам лопата и ќе копам, додека издржат овие мои стари раце! – Уште в Долина ми рече оној селанец, разбојници ве нарече по правина. А јас си мислев во својата глупост: разбојници рече, но се праведни судиите; слепо гледал, наглотени му се очите; слабо слушал, оглувени му се ушите! И не се ни свртев по него туку продолжив. А сега повторно, а сега погласно, онаму на скалите, мажот и жената: разбојници, разбојници, разбојници! И пак си мислев: како може да бидат разбојници во оваа куќа, која е куќата на правдата и на пишаните закони? Така си мислев, а се излажав во својот стар ум. Зашто не куќа на правдата, куќа на лагата, дволичноста и разбојништвото сте изградиле. Не сте службеници на божјиот збор и закон туку службеници сте на сатаната и на неговата неправда. На крив пат сум заталкал, по правиот ќе тргнам!“

Сѐ погласно зборуваше Јернеј, сѐ повеќе безделници се насобираа пред вратата. И дојде ситен пристар ќелав човечец, се запре и лошо го погледна.

„Кој вика, како чобан на пасиште?“

Но Јернеј продолжуваше да зборува.

„Никако не сакам некој да страда поради Јернеја. Но ќе објаснам, ќе тужам: не се праведни судиите, разбојници се; не е куќа на правдата, куќа на лицемерството е, со лага и злосторство ја испоганиле. Нема да ве обесат, на улица ќе ве исфрлат, со бовча и со стап скитачки; ќе ја урнат оваа испоганета црква, камен на каменот да не остане!“

Така зборуваше Јернеј и се тресеше од длабока лутина.

XIII

И тогаш се случи неправда каква што светов уште не доживеал.

Еден мустаклија дојде кај Јернеја и го фати за рака. „Што ме допираш?“ извика Јернеј.

„Не брани се, Јернеј, не спротивставувај ѝ се на правдата!“ рече младиот судија.

Ситниот ќелав човечец гледаше прекорно и со смуртено лице.

„Што правите комедија со него? Зар не го видовте и не го слушнавте?“

Јернеј молчеше од преголема вџашеност и одеше со него. Крстосуваа по ходниците, по скалите; а во дворот Јернеј застана и се сврте кон оние што го следеа.

„Луѓе, веќе не сме во куќата на разбојниците; кажете без преправање: што сте намислиле со мене?“

Остро го гледаа и молчеа. Јернеја го здоболе во срцето од преголема неправда; и додека одеше со нив преку дворот, одеднаш се почувствува сосема остарен и прекршен.

„Ако сте разбојници, дури и најлошите меѓу нив: кажете ми зошто ме навредувате? Дури и разбојникот има свое право и свој закон, не краде и не убива без размисла – што сум ви сторил?“

Ништо не одговорија; гледаа налутено и молчеа.

„Погледнете, разбојници; колку сте млади и крупни колку е Јернеј стар и немоќен од неправди: како снопје би ве расфрлал по дворов, со тупаница би си ја запишал својата правда! Но правдата не е јаболко, со стап за да ја кутнеш; и на Господа не му треба човек да му помага. Тешко е бремето што го натовари, долг е патот што го одмерил; а јас ќе тргнам и ќе го носам докрај!“

Такви зборови изговори Јернеј, зашто во неговото срце верувањето беше толку големо колку што беше голема горчината.

Оние што го водеа ја отворија вратата и ја затворија по Јернеја. Собата беше пуста; имаше маса, два ниски кревети, на широки клупи слични; ѕидовите беа празни, на човека гледаа како слепи очи; дури ни распетие немаше во аголот. Прозорецот беше со решетки.

На едната постела седеше распартален човек; беше ли стар или млад, господ знае. Косата му беше ретка и бушава; сипаничавото лице не беше ни избричено, а и брадата не му беше долга. Намигна, со весели очи го поздрави Јернеја.

„Помози бог, соседе! Што си украл?“

Јернеј го изгледа со долг, тажен поглед, отиде до другата постела, на неа ја остави бовчата, чизмите и шапката, а стапот го остави во аголот.

Парталавиот се смееше сѐ повесело и пољубезно; скитник беше каков што човек не би сакал да сретне на пат.

„Зошто молчиш, татко? Праведно е да страдаме за гревовите; да ѝ се радуваме на правдата ако е слатка или горчлива, и да му пееме aлилyja на судијата!“

Јернеј седеше на постелата; ги потпре лактите на колената, лицето го стави во дланките.

„Каква неправда тебе ти сториле?“ праша.

Скитникот од срце се насмеа.

„Неправда? Никаква неправда! Крадев, ме фатија и ме потераа и ме затворија. Така cѐ си беше во ред и како што треба. Зар згора на тоа да ми дадеа и некоја пара, зашто при крадењето ме фатија? Па доволно е што ми дадоа постела и јадење. Креветов вистина не е кој знае што, а и јадењето може да им биде подобро; ама додека не заталкав и додека не почнав да крадам, вакво јадење никогаш не сум имал ниту пак ваква постела! Затоа работата малку ја поразмислив и сега не ми е лошо. – A зошто тебе, татко? Дали дури на стари години почна вака неарно да се однесуваш?“

Јернеј гледаше во подот и молчеше, а скитникот весело зборуваше.

„Лежи секако тежок грев на душата, нека лежи покриен и затворен! – Каењето – нека биде каење! Но горчина – горчина не треба! Види, јас сум лош, ништожник, здодевен безделник што се плетка пред нозете на способните луѓе. И воопшто не сум натажен. Што ќе биде утре со мене, што задутре? Утре ќе ме cyдaт, задутре ќе ме затворат – и што потоа? Каде ќе мe гонат? Онаму ќе ме изгонат, зашто на целиов широк свет имам најмалку работа! Во она село меѓу ридовите закопано, каде што Господ во својата глупост ме повикал меѓу луѓето! Кој е таму: татко, мајка, братот, соседите? Погани се таму, поголеми туѓинци и нелуѓе од градскиве господа! Кој им ги знае лицата, кој им го разбира јазикот? Ништо, таму ме фрлаат; таму, велат, ми е домот! Зошто таму ми е домот, тоа Господ нека му мисли; сосема исто е како да ме гонат во земјата Дембелија и да ми речат: домот ти е во државата Дембелија, не смееш да талкаш другаде! А јас сакам да имам дом во Љубљана, во Љубљана сакам. – А каде ќе те протераат тебе?“

„Да ме протераат?“ се зачуди Јернеј. „Нема никаде да ме протеруваат! Јас имам свој дом и своја правда!“

Скитникот високо ја крена ногата, ги прекрсти под себе и весело се насмеа.

„А зошто крадеше?“

„Што да крадам?“

Јернеј го исправи телото и ги спушти рацете на колена.

„Не сум крадел! Својата правда ја барам и ќе ја најдам! Ја заклучиле правдата разбојници, и мене ме затворија, но ќе дојде часот и вратите ќе бидат отворени!“

Скитникот веќе не се смееше гласно, само во поискорнатите мустаќи се насмевнуваше, како што возрасен човек му се смее на дете.

„А те затворија? И вратата ќе се отвори?“

„Ќе се отвори!“

Уште поубаво се смееше скитникот; широко ја отвораше устата, целото тело му се тресеше, но глас немаше.

„Сега ти верувам дека вистина не си крадел! Кој верува во правдата, не краде, не убива. Ама полошо за тебе, кој ниту си крадел ни убивал а сепак се судри со правдата! Лош и самоволен господар е правдата, не дозволува да ѝ се противречи! Ако на невин ти натоварила убиство, тогаш си убивал, и тури му точка! Ако ти натовариле кражба, си крадел и со двете раце! И зборувај дека си невин, и зборувај дека не си убивал, не си крадел – тешко тебе! Секогаш е подобро да си прикачиш со убаво уште неколку убиства и кражби, зашто ќе покажеш понизна душа што се кае. А на правдата и се мили таквите души, дури да се сосема арамиски и со гревови обложени; окоравени срца не сака и не прашува дали си невин. Мене послушај ме, според мене однесувај се. Јас со неа излегувам на крај сосем чесно; како соседи сме, кои повремено малку се поткачуваат, а инаку живеат како Господ што одредил. Денес ме надмудрува таа, утре ќе ја надмудрам јас, и двајцата сме задоволни. Кога ќе ме фати невин, не цимолам и не правам страдно лице, туку, грешам веднаш и точно во онаа мера за да се израмни работата. Така се однесуваме со правдата ние учените и мудрите. Не расправај се со неа, особено ако си невин, никако не расправај се! – Раскажи ми ја својата правда за да ти помогнам со корисен совет!“

Јернеј му ја објасни својата правда, а скитникот се смееше до солзи. Гледаше во Јернеја, вчудовиден, како во црнец на панаѓур, се нишкаше во половината и со дланките се удираше до колената.

„Кога ќе те пуштат, Јернеј, дојди со мене! Ќе те покажувам по светот, по панаѓурите ќе те водам, по црковни собори ќе одиме, пред црквите ќе те поставувам. И добро ќе ни биде, Јернеј! Може да ни се случи и правдата да ја сретнеме, онаа што ја демнеш; и јас би сакал да ја видам. И кога ќе ја сретнеме, ќе ја земеме со нас, по панаѓури и слави. Комедијантите ќе ги кренат шаторите, Италијанецот со мајмунот ќе замине во други краишта, камилата ќе ја посрамотиме, мечката ќе биде омаловажувана. Но ние тројцата, ти, Јернеј, твојата правда и јас учен човек, ние тројцата ќе насобереме пари и ќе живееме повесело отколку што живеел самиот Курент!“

А Јернеј го гледаше стуштено и натажено, ниту една брчка не се помрдна на неговото лице.

„Не доведувај го во искушение Господа!“ рече. „Тешко бреме ти товарил, што срцето ти малаксало и богухулно зборува во својата малодушност. Неправда си претрпел, правда не си спознал: и зборуваш дека нема правда на светов; камен ти дале место леб: и зборуваш дека нема леб на светов. Господ ги создал законите; а божјиот збор не е како дождовница, која до квечерина ја испива сувата земја; жив е, како што беше првиот ден, и ако има вера во тебе, ќе го слушнеш и богато ќе бидеш награден за сѐ што си претрпел!“

Скитникот веќе не се смееше, го погледна Јернеја со зачудени очи.

„Не би сакал да бидам во твое друштво, соседе; уште вечерва ќе се свртам кон ѕидов, зашто патник сум и гледам в темнина. Нема многу утеха во твоите христијански зборови, а сепак – дали знаеш, соседе, што би направил, ако вака те слушам и таа твојата вера би се прелеала во мене? Би отишол и првин би го убил судијата и неговите помошници, а потоа уште некои други луѓе, зашто cитe се мои зли судии уште од раѓање; најпосле би ја запалил и оваа куќа, и би рекол: Погледнете, Господ ја испрати правдата на светов, јас ги послушав неговите зборови и сторив според неговите заповеди! – Така би рекол и така би направил, кога би ја имал таа вера во мене, како што ја има во тебе. Ама Господ не ме создал за апостол, затоа повеќе сакам да сум просјак. Правдата ме тепа, јас ѝ се смеам, и сѐ е во ред. Добра ноќ!“

„И тебе Господ ќе ти се смилува, и ти ќе клечиш и плачеш!“ рече Јернеј. „Зашто поспокојно е срцето при плачење отколку во смеата; и солзите го мијат сиот грев и целата неправда!“

Така разговараа скитникот и Јернеј; и се стемни, двајцата притивнаа; скитникот не беше расположен и се сврте кон ѕидот, Јернеј клечеше покрај креветот и молеше долга молитва.

Уморен беше, бремето го притисна ниско кон земи, но неговата вера не ја разниша.

XIV

Тукушто Јернеј се разбуди, дојдоа по него и го потераа некаде без да знае каде.

„Удри, апостоле, удри!“ викаше скитникот по него, додека се затвораше вратата. Јернеј не го слушна, молчеше, ја наведна главата и одеше каде што му наредуваа.

„Каде ме влечете? Тоа кажете?“

Молчеа сите и смуртено гледаа, како црните чувари Христови.

Јернеј не се плашеше, но немирно и со лоши мисли беше исполнето неговото срце; зашто му се чинеше како веќе да не гледа добро и дека не слуша убаво; и како прекуноќ да ослабел неговиот ум. Не можеше да сфати што им сторил на незнајниве разбојници, та го тераат од врата на врата; не можеше да замисли каде го влечкаат вака молчеливи и страшни; не можеше да погоди што намислиле со него, за правда жеден. Како во градов да беше заталкал, таму каде што уште никогаш не одел, меѓу луѓе на кои не им разбира ни јазик ни закони; да ги прашуваш, нема да ти одговорат; да ги поздравиш, нема да ти отпоздрават; нивната правда не е твоја правда, нивниот Господ не е твој Господ.

„Така треба, Господ наредил, стрмен и трнлив е патот до правдата!“ рече Јернеј во своето верување и ја наведна главата и тргна со нив. Зашто знаеше дека еднаш патот ќе заврши и дека Господ засекогаш не ги одвратува очите од своите слуги.

Го водеа и тераа, како некогаш Господа од еден голем свештеник до друг голем свештеник, од судија до судија; го испитуваа, а Јернеј ја зборуваше вистината, без лутење и без надуеност. Многу господа виде и многу пандури. Остро зборуваа со него, намуртено гледаа на него, го туркаа и го буткаа од врата на врата; а Јернеј не викаше и не застрашуваше, зашто чисто беше неговото срце и цврста беше неговата вера. Исто така не се спротивставуваше кога се однесуваа со него како со болен и како со дете; омаловажувањето и потсмевањето го поднесуваше поради правдата. Не колнеше и не се жалеше кога рекоа дека е душевно болен и дека е глупаво дете по својот ум.

„Господ ќе ги просветли и ќе им прости!“ помисли Јернеј. „Кога ќе заврши овој пат и ќе биде откриена правдата, ќе се погледнат и засрамени ќе го сфатат својот грев. Како што Господ не ја скрил правдата, така и вистината не ја сокрил; и негова волја е да талкаат во темнината пред утрото на спознанието!“

Неговото срце беше исполнето со верување; а телото му беше старо и слабо и се искривуваше под тежината на неправдата и горчината. Кога стоеше Јернеј за последен пат пред судијата, беше длабоко превиткан во тилот и во половината, рацете му се тресеа и колената му беа слаби; бовчата порано не ја чувствуваше, одеднаш му стана тешка и незгодна. Зашто девет дена беа изминале како шеташе Јернеј од праг на праг, од судија до судија, од неправда до неправда; девет дена како го гонат и без милост го затвораат меѓу скитници и арамии.

Пред нељубезен судија стоеше, пред пакосен, смуртен старец.

„Сега заминете си и не покажувајте се веќе!“ рече судијата. А Јернеј стоеше пред него и се чудеше и не пречекоруваше.

„Што, крај ли е ова на овој тажен пат, што – зар така пресудивте најпосле?“ праша и гласот му се тресеше како на грешник пред Господа. „Зошто тогаш, о господине – зошто сето ова страдање, кое го извршивте врз мене?“

„Би требало да се срамиш на стари години што талкаш по светот и им додеваш на луѓето и на власта. Прибери се во родниот крај, моли и мисли на смртта!“

Јернеј гледаше; му се приближи на нељубезниот судија со плашлив чекор, зборуваше тивко и понизно.

„Не слушнав, мислам, добро, или пак убаво не разбрав; зашто стар сум, слухот откажува, сеќавањето ми ослабнува. – Што, зар вистина така пресудивте најпосле: оди и не појавувај се веќе? Така ја пресудивте мојата правда од името на Господа и на царот? Што, зар поради тоа ме турнавте меѓу арамии и разбојници, по долго учење за да истакнете таква мудрост? Чекав трпеливо и со вера, а вие стоевте зад вратата и му се смеевте на моето верување. – Нели добро немам чуено, нели убаво немам разбрано; така не се однесувавте, таква не е вашата пресуда, судии!“

„Оди си, бргу замини си, не карај се со правдата!“ нареди судијата. „И фали го Господа, да умреш на христијанска постела наместо меѓу будали, каде што ти местото!“

Окапан и слаб беше Јернеј, кога ги слушна тие зборови.

„Така се подбивавте со мене, старецот; Господ да ви прости!“ рече и си замина.

Само девет дена имаше работа Јернеј со правдата и со нејзините апостоли, и веќе за две педи беше понаведнат кога заминуваше преку дворот, а главата му се тресеше.

Излезе на улица, надвор беше светол ден. Само со нељубезни туѓинци се разминуваше и немаше никого Јернеј да го праша и да му се пожали. Целиот голем град беше полн неправедни судии; кој и да го видеше се свртуваше по него како по злосторник, но не му прозборуваше ни збор, ниту му го одредуваше правото. И Јернеј почувствува, во страв и горчина, дека е сам со Господа.

Седна во една крчма да си почине. А таму на ѕидот виде преубава слика и целиот беше обземен како во радост и голема надеж. Зашто на сликата беше царот; полно праведност и милост беше неговото лице.

„Зошто сум дошол овде да ја барам правдата?“ се загледа во него Јернеј. „Покрај црква одев на богослужба, па се најдов меѓу опасни разбојници! Прав пат ми покажа Господ, а јас лазев по патчиња и патишта и се жалев во својата глупост! Наместо да одам на изворот, жеден каков што бев, одев да пијам од кална бара. Славен да е Господ!“

Уште пред да се одмори, стана, ја нарами бовчата и се упати кај царот.

XV

Лоши соништа сонуваше Јернеј. Зашто вистина не е и не може да биде, во чист извор да нема чиста вода, во јасното сонце да нема јасна светлина, во правдата, онаму каде што е воспоставена и потврдена, да нема правда.

Долг беше патот, предолг за Јернеј, кој беше стар и уморен. Тргна пеш, акаше низ туѓи села, преку непознати покраини. И еднаш, кога се спушти мрак во полето, му откажаа нозете и седна на крајпатниот камен. Поминуваше млад патник: беше бос и прашлив, а и гладен, но неговите очи гледаа весело.

„Каде, татко, каде?“

„До царот!“

„Леле, татко, долг е патот до царскиот град и стари се вашите нозе; нема да стигнете за една недела, патувајќи деноноќно!“

„Морам да стигнам, пред да умрам!“

„Зошто, татко, кај царот?“

„Да пресуди праведно, да ги искара и поучи неправедните судии, кои му се потсмеваа на старецот!“

Патникот заниша со главата, тажно го погледна Јернеј, кој на крајпатниот камен седеше сосема остарен и згрчен.

„Ништо нема да постигнете, татко, тешко се доаѓа до царот!“

„Зошто тешко?“ се зачуди Јернеј. „Кај царот е правдата – каде на друго место, ако не кај него? Зар да одам кај арамиите леб да молам? Отидов во своето слепило, но ми се потсмеваа и ништо не фаќам кусур. Кај оној ќе одам – што го сече по правина и на гладните и сиромашните!“

„Нема да дојдете до него, татко!“

„Што, во соба ли e заклучен? Околу-наоколу обѕидан, ограден со ограда до небо?“

„Стражари има таму, никого не пуштаат кај него!“

„Како? Цареви на царот, господари на господарот? Што дрдориш во својата млада неумност? По правда сум се упатил – кај да се упатам ако не кај царот? Правина дели и милост – како да дели низ заклучени врати, преку ограда и ѕидови? Ќе продолжам, зашто Господ ми даде вера, да не папсам пред да завршам!“

3ло му беше на патникот слушајќи го Јернеја.

„Долг и тежок е патот, татко! Преку високи ридишта сече, пpeкy рамнини без огради и крај. Еден месец одам, многу се одморам и погледнете ги нозеве! На крајпатниот камен седете — одвај сте на сто сажни од дома; уште сто сажни па ќе се одморате во јазот, долго ќе се одморате, татко! Земете го последниот сребреник што уште го имате, татко, и качете се на воз. Кога ќе бидете во царскиот град и ќе претрпите голема горчина, тогаш сетете се на мене! Полесно ќе ископате во иванденска ноќ златно сокровиште отколку правда на бел ден!“

Така рече патникот и замина, а Јернеј гледаше по него мошне натажен.

„Колку млад е уште и колку милостиво е неговото срце, а веќе носи тешка неправда стоварена врз неговиот грб! Каде е мајка му, каде му се таткото и братот, на патникот? Како лист го одвеало преку полиња на пат и никој да праша за него и никој да го погледне, кога со тешка нога стапнува врз него. На мајка си можеби мислеше – копнее таа по него – кога рече: нема правда на светов, и кај царот ја нема!“

Кога Јернеј се крена од крајпатниот камен, се преплаши и му беше зло; зашто нозете му беа како од камен, не сакаа да се свиткаат во колената, не можеа да чекорат.

„Колку еден ден одев како од куќата до полето!“ се спомни Јернеј. „Сто сажни сега, и веќе ме влече кон земи!“

Зашто нe само бовчата, туку и неправдите на долгите денови ги носеше на рамо и тешки беа како половина свет.

Беше ноќе кога влезе во крчмата пред селото. Недоверливо го погледна крчмарот, нељубезно го поздрави крчмарката. Јернеј, сиот прашлив и болен, беше сличен на просјак, кој во доцен час дошол да моли ракатка сено за да умре на него.

„Ако ме гледате ваков, ништо не плашете се од мене!“ рече и на масата спушти сребрена пара. „Патник сум, кој оди по правдата кај господарот, зашто не ја најде кај неговите слуги!“

„Каде те води патот?“ праша крчмарот.

„Во царскиот град, во царската Виена, право до царот!“ објасни Јернеј. „Луѓето не ми ја дадоа правдата, судиите не ми ја пресудија, царот ќе ми ја додели изобилно!“

Крчмарот и крчмарката се погледнаа, се насмевнаа.

Јернеј ги соблекуваше чизмите од нозете што силно го болеа, и седејќи така белокос, склопчен, при што му се тресеа несмасните суви прсти, изгледаше како столетен старец, наведнат над гробот.

„Леб донесете ми и чаша вино; само малку ќе се одморам тука на клупава; а утре впрегнете рано, ако имате кола, за да се префрлам до возот. Зашто стар сум веќе и сосема уморен, навистина можеби нема да стигнам до царскиот град, нема да успеам преку оние високи ридишта и преку бескрајните рамнини.“

Брзо вечера и легна и веднаш заспа, како телото да му се втурна во смртта и одеднаш му згаснаа сите мисли.

Тогаш Јернеј како да почна да сонува лоши соништа. Вака беше:

Кога утрината се разбуди, крчмарот впрегна и се возеше со Јернеја во непознат град. Тука Јернеј чекаше во голема, одбивна крчма, а потоа заѕвони и го повикаа и влезе во вагонот. Црно беше во возот и непријатно, како на мемла смрдеше. На клупите седеа многу непознати луѓе, гласно зборуваа и Јернеја не го поздравија; го погледнаа под веѓи, како неповикан да влегол во туѓа соба. Јернеј седеше на работ од клупата, бовчата ја остави на колената; вагонот се затресе, затропа и зачкрипи, а Јернеј ја извади шапката и се прекрсти.

„Благослови го, Господи, овој последен пат; во твоите раце ја полагам својата правда!“

„Каде сте наумиле?“ го праша соседот.

„Во Виена“.

Подигнаа глави, зачудени го гледаа Јернеја, неговото износено, прашливо облекло, бовчата на колената и чизмите преку рамо.

„Зошто во Виена?“

„До царот.“

Тогаш повеќе не гледаа зачудени, туку гласно се насмеаја.

„Раскажи ја, соседе, раскажи ни го твојот случај!“

И додека ја раскажуваше случката со својата правда и својот тежок пат, се смееја толку весело, како да слушаа шарено преправен комедијант на панаѓур.

„Та не играм пред вас, та не ви пеам гнасни песни!“ рече Јернеј и беше вџашен од нивната веселост.

Почнаа да се смеат уште погласно.

„А сега уште да ни објасниш, соседе, како ќе одиш кај царот, што ќе му речеш и како ќе сториш; уште тоа да ни го објасниш, за возењево да ни биде повесело!“

„Какви луѓе сте, каде сте родени, од каде сте, на правдата да ѝ се смеете како на пијана слугинка? Кој е вашиот Господ, та се подбивате со неговите закони?“

А сопатниците беа сѐ повесели и гледаа во Јернеја како во панаѓурско чудо. Неговиот сосед брцна во палтото и му понуди шише.

„Нà ракија, соседе, за полесно да зборуваш, зашто мошне се пријатни твоите случки!“

Јернеј не ја проба ракијата и молчеше.

„Што им стана на луѓево на земјава?“ размислуваше. „Дали се слуги на неправдата и нејзини пандури, та се подбиваат со правдата и јавно ја навредуваат? Или пак поднесувале толку неправда, што навлегол стравот во нивните срца и веќе не веруваат ни во Гослода ниту во законите негови? Се смеат, како да барам непозната земја а не правда, од Господа испратена и од царот потврдена!“

Заминуваа сопатниците и доаѓаа други, кои зборуваа сосема туѓ јазик; и кога погледна низ прозорецот надвор веќе беше светла ноќ и месечината светеше, тогаш виде сосем туѓ предел. Му се стори дека под нозете веќе нема почва, ниту наоколу има на што да се потпре; и во неговото срце навлезе чуден страв.

Го праша соседот, малку по господски облечен човек, кој дремеше во аголот:

„Уште колку има до градот, соседе, до царскиот град?“

Човекот ги отвори заспаните очи, го погледна Јернеја, заниша со главата и се стисна во аголот.

„Не разбира!“ помисли Јернеј. „И да го разбира говорот, нема да ги разбере мислите и правдата, зашто други се луѓето овде, други закони имаат и друг Господ. – Ти, што си мој Господ од раѓање и во кого секогаш верував, ти смилостиви се на мене, патникот, за твоја правда жеден!“

Го грабна стравот на осаменоста, спушти раце на колена и се молеше за да ја утеши исплашената вера.

Така се возеше цел ден и цела ноќ. Уморен беше, што не можеше да помрдне ни рака ни нога, дури одвај си ја распознаваше дланката пред очите и повеќе не го ни слушаше тропањето на тркалата. И сѐ беше како лоши соништа.

XVI

Бескраен град, до небо извишен, на сите јазици неразбирлив говор – самиот страшен Вавилон! Каде да се скрие човек, каде да избега?

Јернеј луташе по широката улица: замоци на двете страни, врволици коли, бутканица на туѓи, смyртени луѓе – брзаа и се пробиваа покрај улицата, како да се пресретнале и измешале две вечни колони. Кого да праша, како да праша? Со шапката в рака се моткаше меѓу нив и самиот чувствуваше дека заталкал меѓу нив, како да се нашол голорак и босоног на богослужба пред големиот олтар.

Каде да застане, каде да се одмори? Пред очите мy се нишкаше, како да беше од силно вино испијанет; луѓето му се чинеа многу високи, поминуваа со чудно долги чекори, како кога сенката да се врти во круг, и како за прочка да беа преправени. И чекореше Јернеј како пијан; нозете мy се клатеа и мy се заплеткуваа; телото му се сведна ниско до земјата и се плашеше Јернеј одеднаш да не се пласне на земја.

Улицата како да немаше крај, колоната никако не свршуваше. Молеше и молитвеше за милост, но така мy се чинеше како Господ да е необично далеку, дека небото не ги слуша молитвите од Вавилон.

Долго одеше, натаму не можеше. Се навали на ѕидот, му клапна главата, потклекнаа колената. Луѓето се удираа од него, гледаа на него; малечок господин со златни очила застана пред него, го прашуваше на туѓ јазик и замина, зашто Јернеј не одговори. И одеднаш пред него се најде голем човек во необично шарена облека, го фати под рака и го поведе.

„Каде? Каде сега?“ мрмореше Јернеј и доброволно замина со него. „Кај царот водете ме, право кај него, бргу да свршам; зашто уморен сум!“

Ништо не одговори водителот, само ги поткрена рамењата; а по нив се влечеа многу луѓе, го гледаа Јернеја и неговата бовча.

И дојдоа Јернеј и неговиот водител до голема куќа, влегоа во голема соба. Тука го испрашуваа, а тој не ги разбираше; а и тие не го разбираа и не му одговараа.

„Што да се расправаме, што да разговараме и правиме?“ рече Јернеј. „Не се познаваме и не се разбираме, никогаш се немаме видено и исто така нема никогаш веќе да се видиме. Господ да ве благослови, а мене да ми ја подари својата правда! Дајте малку да си починам кај вас од овој долг пат, зашто многу сум уморен и одвај уште ме држат болниве нозе; а потоа ќе одам натаму, зашто Господ сака да дојдам до крајот на ова големо страдање!“

Седна на клупата, а бовчата и чизмите ги остави на подот. Го гледаа и му ce смееја и повеќе не го зазборуваа. Штотуку се беше поотпочинал и уште пред дa го фати сонот, зашто дремката тешко му паѓаше на очи, дојдоа, му ја зедоа бовчата и чизмите и стапот, а и елекот му го пипаа и му ги превртеа џебовите и му го зедоа ножот и парите: а потоа го изведоа од куќата и го сместија во чудна кола, затворена од сите страни, како да беше затвор нa тркала.

„Што правите со мене? Каде ме водите?“ го праша онега, што го придружуваше. А придружникот ништо не му одговори, не се ни сврте.

Се уплаши Јернеј и во своето срце молеше:

„Престани, о Господи, стар сум и уморен, се плуски и отоци ми ce нозеве, не ќе издржат веќе на овој пат! Сам ја одмери мерата на страдањата и горчините; ја одмери со мојата моќ и не се излага; само уште еден сажен си ми одмерил, ништо повеќе, и нема да дозволиш да премалам, пред да ја исполнат твојата заповед! Дај, наскоро да го слушнам твојот збор, дај, наскоро да се одморам! Рацете ми се тресат, слухот ми откажува, а и слабо гледам од голема горчина! Наскоро утеши го твојот слуга Јернеј, со радосно срце да дојде пред твојот лик! А на оние што талкаат во темнина и плукаат на твојата правда дај им милост и спознание!“

Го доведоа до друга куќа, го воведоа во друга соба. А тука дојде човек што го зборуваше јазикот на Јернеја. Слаб, висок човек беше, имаше тенка црна брада и очила, сличен беше на адвокат.

„А ти зошто си?“ нељубезно го поздрави Јернеја. „Од каде си и што правиш во Виена? Објасни со ред и не тропај празни зборови!“

А Јернеј беше израдуван и утешен.

„Здравоживо, господине! Нека бидат благословени вашите зборови колку и да не се нељубезни! Кој би му понудил рака на човек што никогаш не го видел и кој може да е контрабандист или разбојник? – А јас сум Јернеј од Бетајнова и дојден сум да барам правда онаму каде што им се дели на гладните!“

Адвокатот високо ги подигна веѓите и слушаше вчудовиден. А Јернеј ја раскажуваше својата тажна приказна од почеток до крај.

„И така, гледајте, ме смоткаа, така ми ја криеја правдата, кога жеден копнеев по неа! А јас знаев дека не можат да ја скријат, дека не е умно што се зафаќаат со мислата да го угаснат сонцето. И сите ги надитрив и го послушав гласот Господов и тргнав на овој тежок пат, на долгиов пат до царот. Кај него е почетокот на правдата, кај него водете ме!“

Уште еднаш адвокатот го погледна, чудно се насмевна и се сврте да си оди.

„Каде, господине?“ викна Јернеј и го полазија морници. „Не ме ислушавте до крај, уште не ја слушнавте мојата молба! Кој да се најде покрај мене во овој страшен Вавилон? Дајте ми рака, ако сте христијанин, ако го сакате божјиот збор, водете ме онаму каде што е правдата!“

Гласот на Јернеј трепереше како да имаше солзи во него.

„Ќе те одведат веќе таму, каде што има правда и ум!“ рече адвокатот и си замина.

И тукушто тоа го стори и зад него се затвори вратата, дојдоа други и го фатија Јернеја и го одведоа.

Заскрцаа клучови, ниската врата се отвори и Јернеј влезе во соба каква уште немаше видено.

Сосема празна беше, ѕидовите беа голи и сиви. Покрај ѕидот имаше ниски широки клупи, со гласни платна покриени; маса немаше. Јернеј одвај успеа да погледне и да се зачуди, а вратата се затвори.

Тројца имаше во собата, тројца измацани, искинати; нивните лица беа одбивни и сурови, погледите им беа зли. Такви луѓе Јернеј уште немаше видено.

„Зар никогаш не го виделе Господа? Зар никогаш не биле жедни за правда?“ исплашен си помисли. „Дали само кората е толку нечиста и кална, или е начната веќе и средината?“

И потоа преку целото тело му помина, голема болест, голем страв.

„За правда ги молев, а ме турнаа меѓу арамии и злосторници!“

Еден од нив се подигна од лежиштето, погледна смуртено и викна неразбирлив збор. Јернеј затрепери, дојде до клупата, во задниот агол и никаде не погледна. Мислите му беа болни, не можат веќе да се надеваат, срцето му беше натажено, не можеше веќе да се моли.

И Јернеј длабоко се наведна, го скри лицето во дланките и се расплака.

Така Јернеј преживеа три дни и три ноќи во таа страшна соба, меѓу злосторници и разбојници.

XVII

Кога се разбудуваше четвртото утро, вратата се отвори, на Јернеј му ја дадоа бовчата, чизмите и стапот, а и ножот и парите, и го поведоа без збор да му речат.

„Каде, луѓе божји?“ молбено праша Јернеј. Но ниту го погледнаа, ниту му одговорија. Го сместија в кола и го возеа горе-долу по широки улици, низ вревата и виорот на страшниот Вавилон.

„Каде, луѓе божји?“ молбено праша Јернеј, кога го натоварија во железнички вагон меѓу скитници и арамии. Но никој не го погледна, никој не одговори. Оној што ги придружуваше – се потпираше во аголот и гледаше лошо, другарите скитници се смееја, кога засвири однадвор и затропаа тешките тркала. Со исплашен поглед се загледуваше Јернеј и, како што се вртеше, одеднаш сретна тажни, од солзи зацрвенети очи.

„Неправда претрпел, неправедно го обвиниле!“ го жегна Јернеја. „Младо е неговото лице и исполнето горчина, ништо зло нема во неговото срце!“

„Каде, другар?“ праша Јернеј; а тој гледаше и не одговараше; тажна мисла cи разменуваа нивните очи.

Така патуваа. Помина ден и помина ноќ; од место во место, од воз во воз, заминуваа другарите, доаѓаа други.

„Каде?“ прашуваше Јернеј во длабока уплашеност и никој не му одговори.

Кога последниот пат излезе од возот, разгледа и се вчудовиде. Овој крај некогаш го имаше видено, како во далечни соништа го гледаше. И затрпери и го праша смуртениот човек, што стоеше покрај него:

„И човеку божји, о соседе — ако можеш да зборуваш, кажи ми каков е овој крај?“

„Ова е твојот роден крај! Уште два часа имаш до Ресје; патот е долг и пуст, ако имаш пари, фати си кола!“

„Зошто во Ресје?“ извика Јернеј. „Тука не е мојот дом, ниту брат имам таму, ниту сестри! Кој ме повика во Ресје, кој ме испрати ваму?“

Смyртениот човек полека ги подигна рамениците, си гo наполни лулето и го запали.

„Значи, фати го патот и не прави ми тешкотии! До Ресје ќе те придружувам, а тамy Господ нека ти е на помош!“

Јернеј веќе не зборуваше. Како што беше уморен и болен, чекореше со долги чекори; убав беше крајот, нивјето зрееја, тревата во сенокосите беше висока, но Јернеј не гледаше. В земја гледаше, сивите веѓи му ги покриваа очите.

Патот се виеше во блага падина, во убава долина светеше бело село. Дојдоа до куќата на жупанот, а жупанот се исплаши кога го виде Јернеја.

„Никогаш те немаме видено, никој не се сеќава на тебе, и ни доаѓаш на стари години да ни го товариш ова бреме!“

„Нема да молам милостиња, никому нема да му додевам!“ рече Јернеј. „Ракатка сено дајте ми, да се одморам, зашто сум уморен!“

Отиде во појатата и легна во сеното. Лежеше, долго не заспиваше, разговараше со Господа. Повеќе не разговараше со него како слуга со господар, туку како побарувач со должник.

„Што сакаше, тоа сега исполни го! Правда им даде на луѓето, но ја скрија; не е кај пандурите, не е кај судиите, не е кај царот; пандурите ме турнаа меѓу злосторници, судиите ме исмеваа, за царот ме измамија! Кај тебе е правдата, ти ја испрати, ти ја потврди, ти грижи се за неа, да се исполни твојата заповед! Кај тебе самиот се засолнувам, јас, слугата Јернеј, сам на светов, сред бел ден пљачкосан, чија правда е ограбена! Твојот закон е во моево срце и твоето ветување, твојот збор го слушав – дај, нека не исчезне твоето верување! Сега подај ја својата рака, семоќен Господи, праведен судијо!“

Така Јернеј разговараше со Господа, долго во ноќта молеше; и кога светна утрото, стана и се упати без поздрав.

Одеше долго, трипати се одмораше; а пред мракот дојде во Бетајнова.

„Зар е ова Јернеј?“ прашуваа кога го видоа.

„Искинат е и прашлив, до половината е превиткан, побелен старец — зар е ова Јернеј?“ се чудеа и гледаа по него.

А Јернеј никаде не се вртеше, никого не поздрави и со никого не проговори. Дури и онаму не погледна каде што стоеше неговиот дом. Одеше право кај жупникот.

Љубезен господин беше жупникот, крупен и црвен, и се насмевнуваше.

„О Јернеј, о Јернеј, каде шеташе, та си олку остарен и ослабнат?“

Јернеј застана пред вратата, го исправи подгрбавениот грб, од под веѓите му засветкаа очите.

„Heмa да седнам, нема да се одморам, зашто веќе е доцна и уморен сум! – По светот одев, од пандур до судија, од судија до цар. Правда нема под небото, ја закопале сто сажни под земја, тешка карпа стркалале над неа. И јас веќе не ја барам на земјава, пандурите и судиите му откажаа на Господа, ги предадоа неговите зборови и заповеди. Кај Господа барам правда, кај него самиот, кој е судија над сите судии! Отворете го писмото вие, кој сте негов службеник, протолкувајте го неговиот збор, пресудете ја мојата правда според неговата!“

Жупникот дојде до Јернеј, го фати за рака, зашто милозлив беше.

„Не така, Јернеј! Големо зло ти сториле, нехристијански се однесувале со тебе – но прости им, како што Господ им прости на оние што го прогонуваа!“

Јернеј ја пушти раката на жупникот, слепо гледаше во неговото лице, со болно светли очи, и зборуваше со цврст глас како никогаш порано.

„Не зборувам за милоста, ниту за проштавањето – за правдата зборувам! Пресудете по господови зборови, според неговото учење и заповеди! Службеник божји сте, од вашите усти ќе зборува, со вашиот јазик! На мојата страна ли е Господ или на страната на пандурите и неправедните судии – тоа пресудете го! Уморен cyм, веќе би сакал да влезам во својата куќа, веќе сакам да легнам во својата постела!“

„Зли и неправедни се твоите мисли, Јернеј!“

„Пресудете!“

„Покори се, Јернеј, и пред неправдата покори се; Господ ќе суди!“

„Бескрајно е праведен – каде е неговата праведност? Мој ли е домот по неговата правда, или чиј е? Тоа нека пресуди, тоа да ми го кажете, вие кој сте негов апостол!“

Цврст и налутен беше погледот на Јернеј, а неговото лице како од камен; од неговото срце исчезна целата горчина и сето верување.

„Дали е правдата кај Господ, или не?“

„Богухулни се твоите зборови, Јернеј!“ се згрози жупникот и се врати чекор назад, зашто страв го фати. „Ако излезеш пред Господа, не стои исправен, туку потклекни и моли се и плачи!“

„Нема да се молам и нема да плачам, мојата правда е божја правда; сам што установил нема да урива, што зборувал нема да крие! Мој должник е; нема да клечам – стојам пред него и барам!”

Уште имаше крв во лицето на Јернеј: одеднаш мy се покажа на челото, на образите; и усните му трепереа.

„Пресудете! Оној збор речете го на кој чекав толку горчливи денови: има ли правда или нема – има ли Господ или нема!“

Од таквите зборови жупникот затрепери, ја протегна растреперената рака и отстапи до самиот ѕид.

„Мавни се, невернику!“

Уште чекаше Јернеј; гледаше со светли устремени очи.

„Мавни се, богоклетнику!“ извика жупникот.

Полека се сврте Јернеј и си замина; со цврсти чекори одеше, ниту сведнат, ниту болен повеќе, а во срцето воопшто веќе нема ни горчина ни надежи.

XVIII

Се смрачуваше, од полето се враќаа селаните и слугите. Тогаш на Ситаровиот покрив се покажа пламен јазик, црвен и тенок се вивна високо кон небото. Потоа пламениот јазик се појави на амбарот, на арот, на плевната, на двата сенарници; голем беше пламенот, силен достигаше од земјата до небото. Пламени цепки од огнениот виор паѓаат во узреаното поле, како да ги фрлаше човечка рака. Така Јернеј го запали својот страшен факел.

Луѓето стоеја и трепереа – кој да го гаси овој оган содомски, кого ветрот го гонеше како пламен облак преку долината, го носеше преку безѕвездното небо како огромна птица со огнени крила? Гологлави стоеја тука, сите бледи, во гревот загледани, растреперени, а уплашените срца им шепотеа залипани молитви.

Тогаш пред нив се појави високиот Јернеј, со изгорени раце и обгорени коси. Беше весело насмеан.

„По лулето влегов, сакани мои! Не сакав да изгори и моето луле што бев го заборавил дома, кога заминав на пат. Зар не гори пријатно мојот дом, зар не е убав мојов оган? Кој има луле, нека си го запали; имам доволно за палење!“

Го стави лулето в уста, рацете ги потпре на колковите и гледаше во огнот.

„Јернеј запалил!“

И тукушто извикаа, мy се стемни пред очи, се занесе и се урна на земја.

„Удрете!“

Со запалени цепки удираа по него, со потковани пети газеа по него, сите пламнати и подгорени.

„Во огнот фрлете го!“

Го фатија, го понесоа, окрвавен, обгорен, каков што беше, го занишаа на три пати и високо вивнаа искри од пламенот: кога погребувачите на Јернеј се вратија откај огнот беа црни во рацете и лицата.

Ова се случи на Бетајнова, Господ да мy ce смилува на Јернеј и на неговите судии и на сите грешни луѓе!



Тематска архива за поезија и проза

марксистичка интернет архива