Гајо Петровиќ

Зошто Праксис?


Напишано: 1964
Извор: Gajo Petrović "Čemu praxis", "Praxis", Zagreb, 1971, 11-17 str.
Превод: Здравко Савески
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: јуни 2006


Има толку многу списанија денес, а толку малку луѓе ги читаат! Зошто, значи, уште едно списание?

И покрај изобилството од списанија, ни се чини дека немаме онакво какво што сакаме: филозофско списание  кое не е тесно „стручно“, филозофско списание што не е само филозофско, туку расправа и за актуелните проблеми на југословенскиот социјализам и на современиот свет и човек. Не сакаме филозофско списание во традиционална смисла, но не сакаме ниту општа теоретска ревија без централна мисла и без одредена физиономија.

Идејата да се отпочне со такво списание не произлезе од празната желба да се оствари уште една теориски можна физиономија на списание; идејата произлезе од уверувањето дека списание од тој вид е жива потреба на нашето време.

Социјализмот е единствен човечки излез од тешкотиите во кои се заплетка човештвото, а Марксовата мисла - најсоодветна теоретска основа и инспирација за револуционерното делување. Еден од основните извори на неуспесите и деформациите на социјалистичката теорија и пракса во текот на последните десетлетија треба да се бараат токму во превидувањето на „филозофската димензија“ на Марксовата мисла, во отвореното или прикриеното негирање на нејзината хуманистичка суштина. Развојот на автентичен, хуманистички социјализам е невозможен без обнова и развој на Марксовата филозофска мисла, без попродлабочено проучување на делата на сите поважни марксисти и без навистина марксистички, недогматски и револуционерен пристап кон отворените прашања на нашето време.

Современиот свет сè уште е свет на економска експлоатација, на национална нерамноправност, политичка неслобода, духовна празнина, свет на беда, глад, омраза, војни и страв. На старите страдања им се придружија нови: атомското уништување не е само можна иднина; тоа веќе денес се реализира како мôра и стравување што секојдневно го труе нашиот живот. Сè поголемите успеси на човекот во создавањето на средства за „покорување“ на природата сè поуспешно го претвораат во помошно средство на неговите средства. А притисокот на масовната безличност и на научниот метод на „обработување“ на масите сè повеќе му се спротивставува на развојот на слободната човечка личност.

Не треба да се потценуваат свесните напори што ги прават прогресивните човечки сили за да се совлада современата нехумана состојба и за да се оствари еден подобар свет. Не треба да се заборават ниту значителните успеси кои се постигнати преку борба. Но не треба да се превиде дека ниту во оние земји каде што се прават напори за остварување на навистина човечко општество, наследените облици на нехуманост не се совладани и дека се појавуваат и деформации кои порано ги немаше.

Филозофот не може рамнодушно да ги набљудува сите тие случувања, не затоа што во тешката состојба треба секој да помогне, па меѓу останатите и филозофот, туку поради тоа што во коренот на сите тие тешкотии лежат проблеми чие решавање е невозможно без соучество на филозофијата. Но ако современата филозофија сака суштински да придонесе за решавање на современата светска криза, таа не смее да се сведе на проучување и толкување на својата сопствена историја; таа не смее да биде ниту школско градење на сеопфатни системи; уште помалку само анализа на методите на современата наука или опишување на секојдневната употреба на зборовите. Ако сака да биде мисла на револуцијата, филозофијата мора да се сврти кон важните грижи на современиот свет и човек, а ако сака да допре до суштината на секојдневието, не смее да се снебива привидно и да се оддалечи од неа, запливувајќи во длабочините на „метафизиката“.

Во согласност со ваквите сфаќања, сакаме списание кое нема да биде филозофско во онаа смисла според која филозофијата е само едно посебно подрачје, една научна дисциплина, строго одвоена од сите останати и од секојдневните проблеми на човечкиот живот. Сакаме филозофско списание во онаа смисла според која филозофијата е мисла на револуцијата: беспоштедна критика на сè постоечко,[1] хуманистичка визија на навистина човечкиот свет и инспиративна сила за револуционерното делување.

Насловот „Праксис“ е избран зашто „праксисот“, тој централен поим на Марксовата мисла, најсоодветно ја изразува скицираната концепција на филозофијата. Употребата на грчкиот облик на зборот не значи дека овој облик го сфаќаме онака како што се сфаќа некаде во грчката филозофија. Тоа го правиме за да се оградиме од прагматистичкото и вулгарно-марксистичкото сфаќање на праксата и да посочиме дека сме насочени кон изворниот Маркс. Покрај тоа, грчкиот збор, дури и кога не е сфатена точно во грчка смисла, може да послужи како потсетник дека, мислејќи како и Старите Грци околу она најсекојдневното, не го превидуваме она што во него е несекојдневно и суштинско.

Прашањата околу кои сакаме да расправаме ги надминуваат рамките на филозофијата како струка. Тоа се прашања при кои се сретнуваат филозофијата, науката, уметноста и општественото делување, прашања кои не го засегаат само овој или оној сегмент на човекот, ниту само овој или оној поединец, туку човекот како човек. Во согласност со ориентацијата на проблемите кои не можат да се затворат ниту во една посебна струка, па ниту во стручно сфатената филозофија, ќе настојуваме да ги собираме соработниците. Сакаме во списанието да учествуваат не само филозофи, туку и уметници, книжевници, научници, јавни работници, сите оние што не се рамнодушни кон животните прашања на нашето време.

Без разбирање на суштината на Марксовата мисла нема хуманистички социјализам. Но нашата програма не е преку толкување на Марксовата мисла да се дојде до нејзино „точно“ разбирање и таа во тој „чист“ облик да се брани. Не сакаме да го конзервираме Маркс, туку да ја развиеме живата револуционерна мисла инспирирана од Маркс. Развивањето на таквата мисла бара широка и отворена дискусија, во која ќе учествуваат и немарксисти. Затоа нашето списание ќе објавува не само трудови на марксисти, туку и трудови на оние што се занимаваат со теоретските проблеми што нè засегаат. Сметаме дека за разбирањето на суштината на Марксовата мисла повеќе можат да придонесат нејзините интелигентни критичари отколку ограничените и догматски приврзаници.

Мислењата содржани во одделните трудови не треба да и' се припишуваат на редакцијата, туку на потпишаните автори. Како што читателите ќе имаат прилика да се уверат, ниту членовите на редакцијата не се согласуваат во сè. Објавувањето на кој било труд во списанието, без оглед на тоа дали авторот е член или не на редакцијата, не значи дека редакцијата се согласува со гледиштата на авторот; тоа само значи дека редакцијата го смета трудот за релевантен прилог кон дискусијата за актуелните проблеми на современиот свет и човек.

Списанието „Праксис“ го издава Хрватското филозофско друштво, а седиштето му е во Загреб. Тоа се изразува и во составот на редакцијата. Меѓутоа, околу проблемите на Хрватска денес не може да се расправа одвоено од проблемите на Југославија, а проблемите на современа Југославија не можат да се изолираат од големите прашања на современиот свет. Ниту социјализмот ниту марксизмот не е нешто тесно национално, па марксизмот не може да биде марксизам, ниту социјализмот - социјализам, ако се затвора во тесни национални рамки.

Согласно со ваквите сфаќања списанието ќе расправа не само околу некои специфично хрватски или југословенски теми, туку исто така и во прв ред околу општите проблеми на современиот човек и современата филозофија. И пристапот кон темите ќе биде социјалистички и марксистички, значи, интернационалистички. Покрај соработниците од Хрватска ќе настојуваме да собереме соработници од другите југословенски републики и од другите земји, па и од другите континенти, а покрај југословенското издание на списанието (на хрватско-српски јазик), ќе издаваме и интернационално издание (на англиски и француски јазик). Целта на интернационалното издание не е „репрезентирање“ на југословенската мисла во странство, туку стимулирање на меѓународната филозофска соработка во однос на расправањето на решавачките прашања на нашето време.

Не сметаме дека нашето списание може да ги „реши“, па дури ниту дека може да ги стави на дискусија сите акутни проблеми на современиот свет. Нешто такво нема ниту да се обидуваме. Ќе се обидеме да се концентрираме на некои од клучните проблеми. Затоа списанието нема да се формира само врз основа на поединечни случајно пристигнати прилози, туку во прв ред редакцијата ќе покренува одредени прашања кои ги смета за значајни и соодветни за расправање. Се надеваме дека во изборот на тие теми ќе ни помагаат соработниците и читателите.

Насочувајќи го списанието кон горливите проблеми на современиот свет и на филозофијата, редакцијата ќе настојува во списанието да се негува беспоштедна критика на постојната реалност. Сметаме дека критичноста која оди до корените на работите, не снебивајќи се од никои консеквенции, е една од важните карактеристики на секоја вистинска филозофија. Исто така мислиме дека никој нема монопол ниту исклучиво право на кој било вид или подрачје на критиката. Нема ниту едно општо ниту посебно прашање кое што би било само внатрешно прашање на оваа или онаа земја или приватно прашање на оваа или онаа општествена група, организација или поединец. Меѓутоа, сметаме дека првенствена задача на марксистите и социјалистите на одделните земји е покрај општите проблеми на современиот свет, критички да ги осветлуваат проблемите на својата сопствена земја. На пример, примарна задача на југословенските марксисти е критички да расправаат за југословенскиот социјализам. Преку такво критичко расправање југословенските марксисти можат најмногу да придонесат не само за сопствениот, туку и за светскиот социјализам.

Ако нашето списание го „присвојува“ правото на критика која не е ограничена од ништо освен од природата на критикуваната работа, тоа не значи дека за себе бараме привилегирана положба. Сметаме дека „привилегијата“ на слободна критика треба да биде општа. Со тоа не сакаме да кажеме дека секој плод на слободната критика мора да биде „добар“: „Слободниот печат останува добар дури и ако произведува лоши производи, зашто тие производи се апостати од природата на слободниот печат. Кастратот останува лош човек, дури и ако има убав глас.“ (К. Маркс) [2]

Ако сè може да биде предмет на критика, од тоа не смее да биде изземено ниту списанието „Праксис“. Не можеме однапред да ветиме дека ќе се сложиме со сите приговори, но ќе ја поздравиме секоја јавна критичка расправа за списанието. Сметаме дека дури и целосно ненаклонетата критика не мора да биде лош знак: „Викотниците на нејзините непријатели за филозофијата го имаат истото значење како и првиот плач на детето за плашливото начулено уво на мајката, тоа е животниот крик на нејзините идеи кои ја разбија хиероглифската пропишана лушпа на системот и се испилија во граѓани на светот.“ (К. Маркс) [3]

Се разбира, нашата цел не е да предизвикаме викотници против себе. Нашата основна желба е според сопствените можности да придонесеме кон развојот на филозофската мисла и кон остварувањето на хумана човечка заедница.


Забелешки на преведувачот

[1] Овој израз, беспоштедна критика на сè постоечко, го употреби Маркс во неговото писмо до Руге од септември 1843. Целиот став гласи: „Но, ако конструирањето на иднината и давањето конечни решенија за сите времиња не е наша работа, тогаш уште појасно е што треба да направиме во сегашноста: мислам на безобѕирна критика на сé постоечко, безобѕирна во таа смисла, што критиката нема да се плаши од своите резултати и исто толку малку ќе се плаши од судирот со постоечките сили.“

[2] Види Karl Marx "On Freedom of the Press", [As a privilege of particular individuals or a privilege of the human mind?].

[3] Види Karl Marx "The Leading Article in No. 179 of the Kölnische Zeitung".


Архива на Гајо Петровиќ

Архива на Праксис школата

марксистичка интернет архива