Хауард Зин

Оптимизмот на неизвесноста


Напишано: 2004
Првпат објавено: The Nation, September 20, 2004
Извор: Окно
Корекции на преводот: Здравко Савески
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: јануари 2011


Во овој ужасен свет каде напорите на грижливите луѓе често бледнеат во споредба со она што го прават оние кои имаат моќ, како да успеам да останам активен и наизглед среќен? Целосно сум уверен не дека светот ќе стане подобар, туку дека ние не треба да ја предадеме играта пред да бидат изиграни. Метафората е намерна – животот е коцка. Ако не се игра, се губи секоја можност за победа. Да се игра, да се дејствува, значи да се создаде барем можност да се промени светот.

Постои склоност кон мислењето дека ќе се продолжи она што го гледаме во сегашниов миг. Забораваме колку често сме биле запрепастени од неочекуваниот распад на институциите, од необичните промени во размислувањето на луѓето, од неочекуваните бунтови против тиранијата, од брзиот колапс на системите на моќта кои изгледале непобедливи.

Од историјата во последните 100 години можеме да заклучиме е дека таа е сосема непредвидлива. Револуцијата со која е симнат царот на Русија, најтромото од сите полуфеудални царства, не ги застраши само најнапредните империјални сили, туку го изненади и самиот Ленин кој побрза со воз во Петроград. Кој би можел да ги предвиди бизарните пресврти во Втората светска војна – Нацистичко-советскиот пакт (оние срамни слики на Рибентроп и Молотов како се ракуваат) и дека навлегувањето на германската армија, наизглед непобедлива и предизвикувајќи огромни жртви, ќе биде запрено на портите на Ленинград, на западниот крај на Москва, на улиците на Сталинград, по што следуваше поразот, со Хитлер стуткан во својот берлински бункер, чекајќи ја смртта?

А потоа светот по војната што добива форма која никој однапред не можеше да ја предвиди: Кинеската комунистичка револуција, турбулентната и насилна Културна револуција, потоа уште еден пресврт во пост-маовата Кина која се откажува од своите идеи и институции за кои жестоко се залагаше, со отворањето кон Западот и доближувањето до капиталистичкото претприемништво, збунувајќи ги сите.

Никој не ја предвиде дезинтеграцијата на старите западни царства која се одвиваше толку брзо по војната, ниту чудната низа општества кои ќе бидат создадени меѓу новите независни нации, од бенигниот селски социјализам во Танзанија на Њерере до лудилото во соседна Уганда на Иди Амин. Шпанија, едноставно, ги вџаши сите. Се сеќавам на еден ветеран од бригадата „Абрахам Линколн“ кој ми рече дека не може да го замисли падот на шпанскиот фашизам без уште една крвава војна. Меѓутоа, кога Франко умре, настапи парламентарната демократија, отворена за социјалистите, за комунистите, за анархистите, за сите.

На крајот од Втората светска војна останаа две суперсили, секоја со својата сфера на влијание и контрола, кои се грабаа за воена и политичка моќ. Сепак, тие не беа во состојба да ги контролираат настаните, дури и во оние делови од светот кои беа сметани за нивни сфери на влијание. Неуспехот на Советскиот Сојуз во Авганистан да биде по негово, одлуката да се повлече по речиси една деценија од грозната интервенција, беше најочигледен доказ дека поседувањето и на самото термонуклеарно оружје не гарантира доминација над решителното население. САД се соочија со истата реалност. Водеа војна со широки размери во Индокина, спроведувајќи го најбруталното бомбардирање на еден мал полуостров во светската историја, а сепак беа принудени да се повлечат. Секој ден на насловните страници гледаме други примери за порази на наводно силните од наводно слабите, како во Бразил, каде народните движења на работниците и сиромашните избраа претседател кој се заколна дека ќе се бори против деструктивната корпоративна моќ.

Кога се набљудува овој список на огромни изненадувања станува јасно дека борбата за правда не треба никогаш да се напушта заради привидната застрашувачка моќ на оние кои поседуваат оружје и пари и изгледаат непобедливо во својата решеност цврсто да се држат до неа. Таа привидна моќ често се покажа како ранлива во судирот со човечките квалитети кои не се мерливи со количината на бомби и долари: морална цврстина, решителност, единство, организираност, жртвување, разум, остроумност, храброст, трпение – без разлика дали станува збор за црнците во Алабама и Јужна Африка, селаните во Ел Салвадор, Никарагва и Виетнам, или работниците и интелектуалците во Полска, Унгарија и во самиот Советски Сојуз. Никаква студена пресметка на рамнотежата на силите не треба да ги одврати луѓето кои се убедени дека нивната кауза е праведна.

Често се обидував да им се спротивставам на моите пријатели во нивниот песимизам кон светот (и не само на нивниот), но постојано среќавам луѓе кои, наспроти страшните работи кои насекаде се случуваат, ми даваат надеж. Особено младите луѓе на кои иднината се потпира. Каде и да одам, се среќавам со такви луѓе. Освен активистите, изгледа дека постојат стотици, илјадници кои се отворени за неортодоксни идеи. Но, изгледа дека не знаат едни за други, па така, иако истрајуваат, тоа го прават со очајничката трпеливост на Сизиф, бесконечно туркајќи го каменот угоре планината. Се обидувам на секоја група да и’ кажам дека не е сама и дека и токму луѓето кои се обесхрабрени од отсуството на движење од национални размери претставуваат доказ дека има потенцијал за такво движење.

Револуционерната промена не доаѓа како еден катаклизмичен миг (чувајте се од таквите мигови), туку како бескрајна низа од изненадувања, кои се движат во цик-цак линија кон подостојно општество. Не мора да се ангажираме во големи, херојски акции за да учествуваме во процесот на промени. Малите акции, кога се изведуваат од милиони луѓе, можат да го променат светот. Дури и кога нема да „победиме“, постои радоста и исполнувањето од фактот дека сме се ангажирале, со останатите добри луѓе, во нешто што е вредно. Нам ни е потребна надеж.

Оптимистот нужно не е некој весел господин кој разиграно си свирка во темнината на нашето време. Да се биде полн со надеж во лоши времиња не е само луда романтичност. Надежта почива врз фактот дека човековата историја не е само збир на одвратни нешта, туку и на сочувствителност, пожртвуваност, храброст и добрина. Она што ќе избереме да го нагласиме во ваквата сложена историја ќе го одреди нашиот живот. Ако го гледаме само она најлошото, тоа ја уништува нашата способност нешто да направиме. Ако се сеќаваме на времињата и на местата – а таквите се многу – во кои луѓето прекрасно се однесувале, тоа ќе ни даде енергија да делуваме и барем можност да го свртиме светот во спротивен правец. Па ако делуваме, без разлика колку малку, не мораме да чекаме некоја голема утописка иднина. Иднината е бесконечна низа на сегашноста и, ако живееме сега онака како што мислиме дека човечките суштества треба да живеат, наспроти сè што е лошо околу нас, тоа само по себе е одлична победа.



Архива на Хауард Зин

марксистичка интернет архива