Хауард Зин

Одложете ги знамињата


Напишано: 2006
Првпат објавено: The Progressive, July 3, 2006
Извор: Окно
Корекции на преводот: Здравко Савески
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: јануари 2011


На 4 јули би било добро да ги отфрлиме национализмот и сите негови симболи: неговите знамиња, неговите заклетви на верност, неговите химни, неговото настојување во песната дека Бог мора да ја издвои Америка за да ја благослови.

Зарем не е национализмот – таа толку жестока посветеност на знамето, химната, и границите, која доведува до масовни убиства – едно од големите зла на нашиот период, заедно со расизмот, заедно со верската омраза?

Ваквиот начин на размислување – култивиран, потхрануван, индоктриниран од детството па понатаму – бил корисен за оние кои се на власт и смртоносен за оние кои се надвор од власта.

Националниот дух може да биде безопасен во некоја земја која е мала и на која и’ недостигаат воена сила и глад за ширење (Швајцарија, Норвешка, Костарика и многу други). Но за нација како нашата – која е огромна, со илјадници парчиња оружје за масовно уништување – она што би можело да биде безопасна гордост станува арогантен национализам, опасен за другите и нас самите.

Нашето население е воспитувано да ја гледа својата нација како различна од другите, како исклучок во светот, единствено морална, која се шири на другите земји за да им донесе цивилизација, слобода и демократија.

Таа самоизмама започна рано.

Кога англиските доселеници дојдоа на индијанската земја во Масачусетскиот залив и кога им беше пружен отпор, насилството прерасна во војна со Пеквот Индијанците. На убивањето Индијанци се гледало како на одобрено од Бога, а заземањето на земјата како заповед од Библијата. Пуританците цитираа еден псалм кој вели: „Прашај ме, и ќе ти ги дадам паганите во твое наследство, најодалечените делови на Земјата во твој посед“.

Кога Англичаните го запалија селото на Пеквотите и ги масакрираа мажите, жените и децата, пуританскиот теолог Котон Матер рече: „Се претпоставува дека не помалку од 600 пеквотски души истиот ден беа испратени во пеколот“.

Во предвечерието на Мексиканската војна, еден американски новинар објави дека нашата „неизбежна судбина е да се рашириме низ континентот кој ни е доделен од Провидението“. По започнувањето на инвазијата на Мексико, „Њујорк хералд“објави: „Ние веруваме дека дел од нашата судбина е да ја цивилизираме таа преубава земја“.

Секогаш поради наводно доброќудни причини нашата земја заминуваше во војна.

Извршивме инвазија на Куба во 1898 г. за да ги ослободиме Кубанците, а набрзо потоа заминавме во војна на Филипините за, како што кажа претседателот Мекинли, „да го цивилизираме и христијанизираме“ филипинскиот народ.

Додека нашите единици извршуваа масакри на Филипините (најмалку 600.000 Филипинци настрадаа во судирите кои траеја неколку години), Елиху Рут, нашиот секретар за војна, велеше: „Американскиот војник се разликува од сите други војници од сите други земји уште од почетокот на војната. Тој е претстражата на слободата и правдата, законот и редот, мирот и среќата“.

Гледаме дека во Ирак нашите војници не се поразлични. Тие, можеби наспроти својата подобра природа, убија илјадници ирачки цивили. А некои од нив самите покажаа дека се способни за суровост, за измачувања.

Па, сепак, и тие се жртви на лагите на нашите влади.

Колку пати ги слушнавме претседателот Буш и секретарот за одбрана Доналд Рамсфелд како на војниците им велат дека доколку загинат, или ако се вратат без рака или нога, или слепи, тоа е за „слободата“, за „демократијата“?

Еден од ефектите на националистичкото размислување е губењето на чувството за пропорција. Убивањето 2.300 луѓе во Перл Харбор станува оправдување за убивање 240.000 луѓе во Хирошима и Нагасаки. Убиството на 3.000 луѓе на 11 септември стана оправдување за убивање десетици илјади цивили во Авганистан и Ирак.

А национализмот добива посебна малициозност кога се кажува дека е благословен од Провидението. Денес имаме претседател кој изврши инвазија врз две земји во период од четири години, кој минатата година за време на кампањата изјави дека Бог зборува преку него.

Ние треба да ја побиеме идејата дека нашата нација е различна и морално супериорна во однос на другите империјални сили во светската историја.

Ние треба да ја изразиме нашата верност кон човечкиот род, а не кон која било нација посебно.



Архива на Хауард Зин

марксистичка интернет архива