Напишано: 1929
Извор: Bertolt Breht, "Kalendarske priče", "Rad", Beograd, 1969.
Превод: Здравко Савески, од српски јазик
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: јануари 2026
1.
Честопати раскошно се слави
Другарот Ленин. Има бисти и статуи.
Градови го носат неговото име, а и деца.
Говори се држат на многу јазици,
Собири има и демонстрации
Од Шангај до Чикаго, во чест на Ленин.
Но вака го славеа килимарите од Кујан-Булак,
Мало место во јужен Туркестан.
Дваесет илјади килимари стануваат таму навечер
Од бедниот разбој, додека треска ги тресе.
Треската е раширена: железничката станица
Е полна со брмчење од комарци, густ облак,
Што се издига од мочуриштето зад старото камилско гробје.
Но железницата, која
Секоја втора недела носи вода и чад, донесе
Еден ден и вест
Дека наближува денот на чествување на другарот Ленин,
Па заклучија луѓето од Кујан-Булак,
Сиромашни луѓе, килимари,
На другарот Ленин и во нивното место
Да му се подигне гипсена биста.
Но кога собираа пари за бистата,
Стоеја сите тие, додека треската ги тресе, и ги даваа
Своите макотрпно спечалени копејки со брзите раце.
А црвеноармеецот Степа Гамалев, кој
Секогаш грижливо брои и точно гледа,
Ја гледа спремноста Ленин да се слави и се радува,
Но ги гледа и треперливите раце.
И одеднаш го даде предлогот,
Со парите за бистата петролеум да се купи и
Да се истури во мочуриштето зад камилското гробје,
Од каде идат комарците, што
Ја предизвикуваат треска.
И така, ете, да се сузбие треската во Кујан-Булак и тоа
Во чест на починатиот, но
Не и заборавен
другар Ленин.
Така одлучија. На денот на чествувањето ги носеа тие
Своите разлупани кофи, полни со црн петролеум,
И еден по друг,
Ги истураа во мочуриштето.
Така си помагаа себеси, чествувајќи го Ленин, и
Го чествуваа, помагајќи се себеси, и така,
Значи, го имаа разбрано.
2.
Чувме како луѓето од Кујан-Булак
Го славеа Ленин. А кога навечер,
Откако купениот петролеум истурен во мочуриштето беше,
На собирот стана еден човек и побара
На железничката станица да се постави табла,
Со извештај за тоа што направено било, објаснувајќи
И за изменетиот план и за замената на Лениновата биста
За еден тон петролеум што уништува треска.
И сè тоа во чест на Ленин.
И го направија уште и тоа
И поставија табла.