Данко Грлиќ

„Случајот“ на Чехословачка и новите тенденции во социјализмот


Напишано: 1969
Извор: Danko Grlić "Zašto", "Naprijed" (Zagreb), "Nolit" (Beograd), 1988.
Превод: Здравко Савески, од хрватски јазик
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: април 2006


Никогаш потешко не било од денес [1] да се зборува на темата „Нови тенденции во социјализмот“. Се разбира, оваа тежина не се должи само на трагичните случувања на кои сме сведоци во последно време, ниту само на тоа што она новото, она што како постојана и прогресивна тенденција донеодамна сè повеќе се појавуваше на политичкиот хоризонт, сега е грубо прекинато, па можеби би било - наизглед - подобро, поблагодарно и посоодветно да се зборува за старите а не за новите тенденции во социјализмот. Потешкотија се јавува и во тоа адекватно да го одредиме и самиот поим на социјализмот, зашто е очигледно дека под него се подразбираат - особено во последно време - така дивергентни, во себе целосно неспојливи работи што стана речиси бесмислено да се зборува за социјализмот воопшто, а да не кажеме на кој социјализам при тоа мислиме. Се чини дека исто така посебна потешкотија е во тоа за новите тенденции во социјализмот да зборува некој кој по професија е филозоф. Зашто, кога станува збор за таков проблем, тогаш изгледа дека зборуваме за еминентно практично-политичка тематика, па филозофот, кој плови во своите апстракции и кој според перцепцијата на многу политичари само безделнично спекулира, кој наводно никогаш не ги разбрал длабокоумните закономерности на политиката, најмалку е повикан да каже нешто позначајно во врска со таа тема. Всушност, би можеле цело предавање да одржиме во врска со тоа колку и какви потешкотии или псевдо-потешкотии постојат веќе во самата тема и што сè би требало да се совлада за воопшто и да и' се приближиме. Тогаш помалку би личеле на оној вид филозофи - а нив не ги има малку, иако секогаш ми биле туѓи - кои само зборуваат за претпоставките на една тема, а за самата тема не кажуваат ниту збор, кои само уредуваат и штимуваат инструменти, а од нив никогаш не слушаме музика.

Но сепак, да ја разрешиме барем последната потешкотија околу компетенцијата на филозофот да зборуваат за политиката. Накратко кажано, мислам дека единствено столарот нема право да зборува за столот или дека во најмала рака некој критички збор има право да искаже и оној што ќе го има тој стол во својот стан. А ние со години не само што се соочуваме со политиката во своите земји и во својот дом, туку и добро ја чувствуваме - понекогаш и премногу - па можеби поради тоа имаме и право да кажеме нешто и за таа политика. На крајот на краиштата, секој збор за политиката не мора eo ipso да биде политички, како што и секој политички збор не е изговорен само за политиката. Во таа смисла би било повеќе од апсурдно да се попушти пред постојаниот притисок на оние политичари кои се мешаат во сè и сешто, им даваат мериторни оценки на сите, а истовремено „своето“ подрачје го сметаат резервирано само за себе, за сакросанктно табу.

Значи, ќе настојуваме што помалку да зборуваме за политичките аспекти од исклучиво политички (а тоа според Маркс значи и од отуѓени, идеолошки) позиции за да можеме да навлеземе во корените, во суштината на некои есенцијално нови појави и тенденции кои во последно време се појавуваа во социјализмот. При тоа, за да не се преплашите дека ќе почнам да зборувам премногу апстрактно како филозоф, сакам да почнам со една сосема конкретна споредба, која дури и нема директна врска на прв поглед со темата за која зборуваме.

Другарот Бацилек - чехословачки министер за народна безбедност, за време на владеењето на Новотни [2] - запрашан од новинарите, живеејќи како слободен граѓанин пред окупацијата на Чехословачка [од страна на Варшавскиот пакт], за својот удел во претходните погубувања на многу невини луѓе, го кажа следново:

„Ја застапував тезата дека одлуката на Партијата е највисок закон. На Земската конференција во 1952 зборував дека за тоа кој е виновен, а кој не е виновен одлучува Партијата. На тој начин ја изразив реалната состојба на работите... Не би можел да го сносам целиот тој товар на одговорноста, немам толкава сила. Впрочем, зошто да ги земам на себе сите гревови на светот; нека секој си ја јаде својата каша. За Готвалд [3] се зборува дека беше под притисок. Зарем јас не бев под притисок? Зарем јас како министер за безбедност не бев под поголем притисок?... Впрочем, јас само ја слушав Партијата.“

Адолф Ајхман на 22 април 1961 пред судот во Ерусалим изјави: 

„Во текот на целиот живот навикнав на послушност. Од најраното детство до 8 мај 1945, на послушност која во годините на припаѓање на СС се разви до смртна, безусловна послушност... Јас целосно и секогаш до крајот ја слушав само својата партија.“

Ги наведов овие два цитати, без разлика на сосема различните прилики, па, се разбира, и на степенот на одговорност и големината на злочинот на овие двајца, затоа што во суштина овие изјави се дадени од една идентична позиција: „Мојата евентуална одговорност е само во мојот посебен, индивидуален удел во злочините, само она што самоиницијативно го направив, а не она што го направив под притисок или како послушен припадник на една организација, на еден апарат, на една машина, која, додуша, мелеше и масакрираше личности, но која всушност ме мелеше и мене самиот.“ Меѓутоа, веднаш се поставува едно сосема едноставно прашање: кој ја создава таа машина, дали можеби само еден човек кој што се наоѓа на самиот врв, или таа едноставно е дадена како производ на некои неразјаснети и неспознатливи околности, па ние сите, како што кажа другарот Бацилек, само ја изразуваме таа реална состојба на работите? Или пак тој апарат го овозможуваат, создаваат и зацврстуваат токму тие безлични луѓе, тие што само го одразуваат она што е, тие што за себе не претставуваат ништо, тие нули, кои, меѓутоа, здружно, заедно, одеднаш создаваат и развиваат механизам на стравотно моќна, хиерархиски фиксирана организација, со апсолутна власт, врвен авторитет за сите одлуки. Добриот татко, нежниот сопруг, човекот кој самоиницијативно, што би се рекло, не би згазнал ниту на мравка, одеднаш станува - како припадник на организацијата - човек кој ладнокрвно, масовно праќа луѓе во смрт, без какво и да е чувство на вина. Но зарем еден злосторник е помалку злосторник ако е послушен припадник на една гангстерска банда, зарем општествената опасност е помала кај организираниот терор отколку кај индивидуалните криминални постапки на поединците? Мислам дека токму во тоа што сè уште во нашиот век многу малку како личности (Бацилек самиот признава дека не беше личност, дека немаше за тоа сила) се спротивставуваме на тоа тркало, на таа организација, на тие свети наредби одозгора во кои не можеме да се сомневаме и кои наводно поради тоа нè лишуваат од одговорноста, лежат корените на едно монструозно, општо, организирано и институционализирано злосторство. Опасностите кои произлегуваат од менталитетот на смртна послушност, како што гледаме, не умреа со победата над фашизмот. Да се бориш за вистински, хуманистички социјализам - кој што според моето мислење имаше некои темелни претпоставки да биде остварен токму во Чехословачка, а постојат, се разбира во принцип за таков развој шанси и кај нас - да се бориш, значи, за тоа, за тие нови тенденции во социјализмот, според моето мислење значи воедно да се бориш против таа атмосфера на слепа покорност, против личната неодговорност ако нешто сме направиле во група, во јато или според директивите, значи да се бориш за целосна одговорност и рехабилитација на личноста и создавање на такви услови кои што му овозможуваат на човекот своите акти да ги извршува со свест за сопствената, човечка, слободна одлука како автономна, а не како хетерономна личност.

Во согласност со тоа и за овие зборови не одговара никој друг, а најмалку мојата земја или нејзините политички раководители, ниту југословенските и хрватските филозофи, па дури ниту мојот најинтимен пријател од „Праксис“, туку единствено и исклучиво јас самиот. Ова - патем кажано - за жал треба посебно да се нагласува, иако е сигурно дека за моите зборови не може да одговара мојата тетка, туку јас - зашто, како што знаете, стана можно сè да се прогласи за израз на контрареволуцијата (па и овие мои зборови), која треба да се задуши со тенковска револуција. Доколку, значи, тоа е контрареволуционерно - а ако она што се спроведува преку вооружени интервенции е револуција, тогаш јас навистина сум контрареволуционер - тогаш треба да бидам замолчен само јас и никој друг.

Но да се вратиме на темата Чехословачка, зашто кога зборуваме за новите тенденции во социјализмот, таа тема е незаобиколива. Често и добронамерно се тврди во одбрана на Чехословачка: Чехословачка е мала земја, нејзините вооружени сили во однос на големите сили се целосно незначителни, таа никогаш никого не загрозуваше - зошто, значи, - така обично се изрекува таа морална осуда - петте сили, петте неморални, зли, расипани сили ја нападнаа, кога таа нема ни така решавачко стратешко значење, кога е невина, кога можеше да живее во мир и сама да ги решава своите сопствени проблеми без мешање на кој било, да го најде својот сопствен посебен пат кој води до иста цел, кон кого, на крајот на краиштата, се стремат и петте земји окупатори. Наспроти таквата, наизглед оправдана морална осуда, јас би рекол дека во суштината, во самиот корен на работите, таа теза е длабоко невистинита, па дури и дволична. Имено, не е точно - колку и тоа некому да му се чини парадоксално - дека Чехословачка, иако мала земја, никого не загрозуваше. Со целото свое устројство, со целата своја насоченост, при која навистина почнаа да се будат вистински социјалистички и хумани сили кои со години беа задушувани, со тоа што така веродостојно и впрочем по прв пат радикално со својот пример почна да докажува дека бракот помеѓу социјализмот и демократијата не е мезалијанса, туку дека се развива без штета за кој било брачен партнер, Чехословачка навистина ги загрозуваше оние земји, или подобро и поточно, раководителите на оние земји кои социјализмот и себеси и на сопствениот народ го претставуваат како постојано и упорно кастрирање на сите творечки способности на народите и поединците, како сивило на владеењето на бирократските сезнајковци, како систем во кој полицијата одлучува што е идеолошки или филозофски исправно или литерарно вредно, како касарна и перманентно робување и патење денес за некоја наводно подобра, посветла, послободна утрешнина.

Речиси унисоно интервенционистичките земји упорно повторуваат: контрареволуцијата во Чешка ја загрозуваше револуцијата. Работите стојат токму обратно. Вистинската, перманентна, хумана револуција ја загрозуваше бирократската контрареволуција, која веќе со години царува во земјите на таканаречениот Источен блок. Зашто многу од она што таму се случува во име на револуцијата, социјализмот и Маркс, стотици милји е далеку не само од Маркс, социјализмот или каква било револуција, туку и од сите значајни предмарксовски идеи, демократски предсоцијалистички општествени уредувања или какви било револуционерни вриења во текот на историјата. Тоа е стагнација во историски закржлавените и скаменети, речиси феудални облици на владеење на една бирократска каста која што се брани и се одржува преку типично контрареволуционерни средства: преку теророт на полицијата, со лаги, со постојано забранување на кој било посмел и послободен збор, со меѓународни воени интервенции a la „Светата алијанса“, [4] со затворање на очите на сопствениот народ.

Впрочем, дека чехословачкиот пример некого навистина загрозуваше се гледа и од самата воена интервенција. Така, поразот на Чехословачка всушност најверодостојно го докажува победоносниот од на идеите кои што таа ги инаугурира. Зарем советските раководители би ризикувале дефинитивно да се компромитираат на таков начин пред целиот свет поради една мала земја, ако не почувствуваа дека чешкиот пример би можел да иницира движења во низа лагерски земји, па - за сега во најмала рака помеѓу интелигенцијата - и во нивната сопствена куќа. Поради тоа паничниот страв пред новото логично доведе до тенковите како единствен аргумент против хуманиот демократски социјализам.

Меѓутоа, истовремено не треба да се заборава дека чешките процеси во суштина не можеа да им бидат блиски до срцето и на другите, десни движења во светот. Зашто Чехословачка беше сè поочигледен пример не само за демократизација, туку и за тоа дека таа демократизација може да биде врзана за еден вистински социјализам. Така често употребуваната па и злоупотребувана претстава на конзервативните сили за тоа дека социјализмот е еднаков на тоталитаризам, терор, уништување на сè индивидуално, дека според тоа марксизмот е идеолошка апологија на една нечовечка состојба, таа претстава која лесно ја спомнуваше и со која успешно можеше да се исмева и секој третостепен новинар, со чешкиот експеримент во најмала рака почна многу нелагодно да се ниша. Стана речиси невозможно во ист казан да се става и догматско-сталинистичкиот и творечко-хуманиот марксизам. Стана плаузибилно тоа дека тука повеќе не се на дело некои несуштински разлики, туку дијаметрално спротивни ставови, зашто чехословачкиот обид не беше само некоја поблаго послободна варијанта на московскиот концепт, туку радикален раскин со една пракса која што се изопачи до крајни граници и така изопачена потоа тешко ја компромитира и самата идеја на социјализмот. Против таквиот раскин, кој што е извојуван дури и без оружје, и тоа во рамките на самиот социјалистички лагер, против тој нов човечки ангажман кој отвораше сосема нови хоризонти, ги будеше интелектуалните сили, ги ослободуваше масите, го разбиваше митот за невозможноста од активен зафат во политичката реалност, воведуваше вистински демократски дијалог и сето тоа го остваруваше во името на една јасна социјалистичка перспектива - повеќе не беше лесно да се бори од десни позиции. Архиреакционерните сили во светот - треба само да се потсетиме на Ван Таден - поради тоа и ја поздравуваат окупацијата на Чехословачка. Но и други, оние од таканаречената поумерена десница, навистина нешто потивко, полукаво, за себе, да не се компромитираат премногу, ги тријат задоволно рацете. И тоа не само затоа што - како што често се мисли за таа политичка ситуација од политичката платформа - така е овозможено ново воено-политичко оживување на една империјалистичка и милитаристичка акција и на реваншистичките амбиции кои така долго ги чекаа многу генерали во униформа или без неа, туку пред сè затоа што со тоа е задушено едно опасно жариште, нешто што почна да свети во светот со неодолива привлечност, што почна да живее со полниот живот на слободата и тоа на слободата во социјализмот. Поради тоа карактеристично е што многу конзервативни сили многу брзо се помирија со тоа дека Чехословачка е интересна сфера на СССР и дека не треба премногу да се меша во нивните такаречи куќни, семејни работи, во тие домашни интереси. Требаше само да се види како на неодамнешниот конгрес на филозофите во Виена многу брзо се согласија најконзервативните филозофски кругови со многубројната советска делегација на мудрословци дека воопшто не треба да се чепка во прашањето на Чехословачка, зашто тоа - и според едните и според другите - наводно би било политизација на филозофијата. Така се покажа дека Чехословачка е трн во окото за сите, иако, се разбира, некои ја искористуваа и за сопствени пропагандни цели, со привидно спротивни предзнаци. Тоа го правеа и левите и десните политички моќници, секогаш укажувајќи одново и одново на своите „принципиелни“ ставови. Меѓутоа, се покажа дека моќта на тие моќници не се темели врз различни духовни и општествено-реални структури и дека во самите темели, на пример, секогаш кога станува збор за пробој на нешто вистински ново, поголема е нивната сличност отколку нивните разлики.

Но сето тоа се надворешни појавни манифестации на еден подлабок процес кој што се јавува во крилото на нашата светско-историска ситуација и кој што се карактеризира со некои целосно нови, до сега непознати пробиви што постепено, но упорно навлегуваат во свеста и реалната стварност на европскиот човек денес.

Имено, кога зборуваме за новите тенденции во социјализмот, потребно е да се нагласи дека тие се јавуваат во целиот свет, а не само во социјалистичките или таканаречени социјалистички земји. Тие нови тенденции ги карактеризира општ степен на свесна акција која повеќе не смета дека социјализмот е некаков провизориум, преодна општествена состојба, етапа, која додуша по трнлив пат, но сигурно ќе доведе до земјата на благосостојбата, до бесконфликтниот комунизам. Имено, стана јасно дека ја нема таа ветена земја, го нема тоа апсолутно царство на хуманизмот ако само пасивно чекаме на него и ако денес и овде со своето хумано делување не го остваруваме тоа царство. Целата човечка содржина на она „како“ и „зошто“ делуваме денес е важна и конститутивна за содржината и смислата на утрешнината. Од никаде таа утрешнина нема да ни биде подарена, никој нема да може да ја оствари ако ние веќе денес не делуваме за неа и ако одговорноста за она утре не ја сносиме и ние самите. Значи, не може со современите полициски методи да се обезбеди слободна утрешнина, со сегашното претворање на луѓето во машини - утрешни автономни личности, со ширење на касарните по целиот свет - иден целосен, непопречуван развој на општеството. Таа легенда за утрешнината поради која мораме да ги трпиме сите маки денес е разбиена. Во свеста на човекот - по горките искуства за тоа како на дело се спроведуваат таканаречените хумани програми - сè повеќе навлегува уверувањето дека средствата не се ништо поразлично од целта и дека поради тоа ќе имаме токму онаква иднина каква што сега градиме. Според тоа виновна е, според мене, претставата дека, на пример, и петте земји и Чехословачка одеа кон иста цел. Догматскиот концепт на социјализмот нужно води кон ист таков концепт на комунизмот (или, можеби, дури и кон уште полоша, то ест посовршена, подобро организирана, бирократски посредена унисоност). А хуманизмот на демократско-творечката концепција на социјализмот води и кон такво или кон уште подемократско ново општество.

Но, да се вратиме на реалното тло на нашата земја, како и на тлото на драмата која што се одвива во Чехословачка и која можеби е најтешка драма на социјализмот која што досега ја познава историјата. Југословенскиот пример од 1948 иницира една програма која денес во принцип - велам, во принцип, зашто не сакам да бидам некритичен кон својата земја - се спроведува во рамките на новиот, самоуправен социјализам, кој во своите темели - без оглед на сите колебања, па и на моментните застои и ретроградни делувања - има и идејна визија и стварен реалитет на хуман, слободен, творечки социјализам. Нема никакво сомнение - јас и многу мои другари од „Праксис“ имаме најмалку причини да го прикриваме тоа со некоја лажна лакировка - дека кај нас немало и крупни недостатоци и кратковидост на одредени луѓе, дека борбата против догматизмот во одделни периоди од нашата дневно-политичка или, подобро, политикантска пракса не се нарекуваше и „опсесија“. Критичкиот збор често и кај нас во полуслужбените и во службените гласила знаеше да биде прогласуван за „милитантен антикомунизам“, па и се пишуваше дека „искуствата на работничките движења“ наводно покажуваат дека „критиката на сталинизмот“ може да доведе до „дезориентација, губење на перспективата и вербата во социјализмот“, па дури и дека води и во „професионален антикомунизам“. Нема никаква смисла - бидејќи мораме да гледаме напред, а не секогаш и постојано наназад - да влегуваме во полемика со тие апсурдни ставови, зашто, впрочем, сосема е јасно дека меѓународното (и нашето сопствено) искуство покажа дека работите стојат токму дијаметрално спротивно: дека помирувањето со некои догматски концепции и недоволно јасната и остра критика на сталинизмот - кој не е никакво сениште и опсесија, туку сè уште е многу реален - доведуваат токму до целосна „дезориентација“, до компромитација на социјализмот, а со самото тоа и секако до „антикомунизам“. Зашто, подобра пропаганда против комунизмот од она што во последните месеци, на пример, го направија со окупацијата воопшто е невозможно да се замисли. Но сите тие наши, така да кажеме, домашни девијации, неразбирања и разидувања - кои, на пример, се изразуваа и кај одреден број политичари преку несфаќањето на основните прогресивни интенции на студентското движење кај нас - а на кои, впрочем, не треба многу да им се исчудуваме во една земја каде што унисоноста сè повеќе престанува да биде основна доблест - сето тоа велам дека и не е важно за вистинската димензија на еден позитивен процес кој што е на дело во Југославија од 1948 (а всушност е присутен и во текот на вооружената револуционерна борба) и кој што со своите длабоко напредни интенции несомнено има историско значење за социјализмот воопшто. Прашање е - кое можеби ќе може да се оцени дури подоцна од подалечна историска перспектива - дали би дошло до унгарските, па дури и до чешките настани - ако Југославија - со стекот на разни околности - не даде пример дека постои можност - која што кај нас со повеќе или помалку успех е искористена - за развој на социјализам без патронат од страна. Несомнено е дека во тоа на Југославија и' припаѓа пионерската улога. Чехословачка сигурно - без оглед на тоа што таму внатрешната хумана револуција можеби повеќе отколку кај нас беше врзана за одредено движење на интелектуалци, книжевници, филозофи, студенти, па поради тоа и се здоби со некои други форми - ја имаше, свесно или не, таа можност која ја инаугурира југословенскиот експеримент пред себе и како сопствена можност. Друго прашање е колку во овој случај и дали воопшто ученикот го надмина учителот, друго прашање е до кои граници би довеле самите чешки процеси и дали можеби тоа што тие така грубо се задушени веќе на почетокот го овозможи нашето толку воодушевено и оптимистичко гледање на нив. Сепак треба да се признае дека општите рамки, зацртани како почетоци во 1948 во Југославија, на некој начин беа оној надворешен услов, оној реален простор во кој се најде социјализмот што навистина сакаше нешто ново, нешто суштински поразлично од она што дотогаш со децении се подразбираше под тој поим. Тоа е позитивното влијание, тоа е позитивното „мешање“ во работите на другите земји.

Меѓутоа, кога сме веќе кај тој поим, би сакал патем да спомнам дека толку употребуваните зборови во дневно-политичката пракса за непотребноста од мешање во работите на другите земји ги сметам во суштина, во принцип - колку тоа некој да го смета за шокантно - за неправилни, неуспешни, немарксистички. Таа дневно-политичка парола за која толку многу читаме во последно време може, додуша, да послужи како општоприфатена норма во меѓународните случувања за одредена внатрешна сигурност на сопствениот прогресивен развој, за ненаметнување на туѓите концепции, па во таа смисла можеби би можела да има и некои позитивни и реални корелати. Но таа може да послужи, а веќе и' послужи во таа смисла, за една во суштина реакционерна пракса, имено, во својата куќа, на нашето интересно подрачје да можеме да правиме сè, да ни биде дозволено воспоставување на една нечовечка состојба во која никој нема право да се меша. Немаме ли, на пример, право да се мешаме во „внатрешните работи“ на Родезија,[5] Биафра,[6], Јужноафриканската Унија, а сега и на Чехословачка? Мислам дека социјализмот, па и филозофскиот марксизам во принцип е повикан да се „меша“ во таканаречените туѓи работи, дека треба без каква било дволичност и лажна скромност активно да се залага за вистинско иницирање на хумани и револуционерни движења, дека треба да ги разобличува оние стравотни методи на газење на човечкото достоинство што се случуваат во светот под капата и во името на социјализмот, како и онаа длабоко нехумана и стандардизирана шема на развојот која што на Запад така често дозволува манипулирање со луѓето па и со цели народи.

Во таа смисла во суштина не се така различни, како што изгледа на прв поглед, од новите тенденции што се јавуваат на Исток, ниту вриењата на Запад. Светот стана поединствен отколку кога и да е порано. Додуша, студентските движења - што впрочем делумно може да се припише и на краткотрајноста на чехословачкиот експеримент - на своите знамиња не го запишаа името на Дупчек, или можеби со поголемо право, на Цисарж и Шик, туку понекогаш на Че Гевара, или дури на Мао. Но тоа не значи дека тие објективно не делуваа на планот на неинституционализираниот, слободен, па и самоуправен социјализам, на социјализмот кој нема да дозволи луѓето да станат марионети и пиони на вишите сили, без разлика дали тие се викале бог или партија. Впрочем, не стана делумно веќе и претходно (треба да се потсетиме на вонредните тези од „Двете илјади зборови“), а особено по окупацијата, целата Чехословачка вонпарламентарна опозиција? Опозиција која без организации, партии, заклучоци на парламентот, ги симнува таблите на улиците, испишува пароли за СС - СР, ги исмејува окупаторите, ги сокрива луѓето да не бидат уапсени?

Колку и да е длабоко трагичен, чехословачкиот пример има и своја светла страна. Тој повеќе не може да се избрише од историјата. Едуард Голдштикер, претседателот на Сојузот на чешките писатели, непосредно пред окупацијата на Чехословачка рече: „Ако нè проголта и земјотрес, нашиот експеримент ќе го задржи своето значење за целата демократска левица.“ Земјотресот навистина дојде. Па сепак, да го претвори она што беше во она што не беше не може никоја моќ, па ниту семоќта. Во однос на тоа краткотрајно, наизглед скромно, но сепак така големо искуство на Прашката пролет, тенковите се страшна, вревлива, нечовечна, можеби и долготрајна, но сепак за суштината на историското движење неважна епизода. Хуманата идеја е посилна од секое оружје, таа мора, порано или подоцна, да влезе и во оној што денес сè уште го држи оружјето вперено во човекот. Можеби уште долго ќе чекаме на тоа, но човекот, кој на крајот на краиштата е творец на оружјето, мора да ја победи машината.

Надежта сега е попотребна од кога и да е. Токму оваа животна потреба го отстранува од неа апстрактниот и илузионистички карактер и ја претвора надежта во пореална стварност од севкупното таканаречено реално, страшно, мртво, кафкијански сиво секојдневие.


Фусноти

[1] Извадок од предавањето одржано на 27 октомври на покана на Радио Берн.

[2] Антонин Новотни - генерален секретар на КП Чехословачка од 1953 до 1968 и претседател на државата од 1957 до 1968. Во јануари 1968 беше принуден да се повлече од власта, при што на негово место беше избран Александар Дупчек (заб. на прев.).

[3] Клемент Готвалд - генерален секретар на КП Чехословачка од 1929 до 1953 и претседател на државата од 1948 до 1953. Готвалд беше на чело на партијата и државата кога во декември 1952 беа егзекутирани неколку водечки чехословачки комунисти под обвинение дека се титоисти, троцкисти и ционисти (заб. на прев.).

[4] Света алијанса - сојуз помеѓу Австрија, Прусија и Русија, склучен на Виенскиот конгрес од 1815, чија главна цел беше сузбивање на движењата ориентирани кон менување на поредокот воспоставен со Виенскиот конгрес (заб. на прев.).

[5] Родезија - колонијално име на денешно Зимбабве. Колонијалниот режим на Родезија беше познат по својот репресивен систем насочен против мнозинското црнечко население (заб. на прев.).

[6] Биафра - сецесионистичка држава во југоисточна Нигерија, која постоеше од 1967 до 1970. За време на своето постоење Биафра беше поддржана од редица десничарски режими (заб. на прев.).


Архива на Данко Грлиќ

Архива на Праксис школата

Чехословачка тематска архива

марксистичка интернет архива