Ганчо Хаџи Панзов

Поема за родниот град


Извор: Кирил Ќамилов, „Ганчо Хаџи Панзов – поет и борец“ во „Современост, списание за литература, уметност и општествени прашања“, год. IX, број 4, Скопје, април 1959, 334-338 стр.
Препев: Кирил Ќамилов, од француски јазик
Техничка обработка: Здравко Стојкоски
Онлајн верзија: мај 2015


Јас не сум сакал и не сум сонувал
за булевари со долги дрвореди.
Не сум сонувал ни за Палати со шарена рустика
ниту салони со огромни платна на кубистика.
Сум сонувал, како сите добри луѓе во светот,
само можни соништа: за тишината
во црвената раскош на лалињата во полињата.
Сум сонувал за тихи села крај Сена
на патот што води низ гората
што ја загрнува долината
од Буживал до Версај
по стрмнината на Сен-Клу.

А пред мене се денес опнати наконтени
огромни ламњи – часовници на Клинанкур
и мравјалниците на „Опера“
и краватите на претставата
без кои не се влегува во „храмот“
каде што пее Шаљапин
за Борис Годунов и Дон Кихот.
Јас не сонував за булевари со долги дрвореди
Но сонував за тие што го полнеа просторот
со полуоблечени раменици во студениот ден
на јануари кога мразот го покрива асфалтот.
Сонував за илјадите девојки од предградијата
што бегаа во подземијата
што броеја и плачеа за судбата на еден бездомник.

Ми беа пусти парковите, квечерината
и трубата и барабаните на гардиените
и скриените во храстите безработни
браќа на моите соништа од дрворедите на Париз.
Ме пустееше вревата.
Ме преследуваа пијаните жени на кејот
ме задушуваше смрадот на Метрото
од Сен-Мишел до Порт Мајо
А јас сонував за селото,
за патот што води кон шумата
низ долинката на Буживал
и рамнинката од Шату до Сен-Жермен

Јас сонував за палавите дечиња
за празничната врева во куќурките
за безмилосните ветрови што ги гореа
првите пупки на цвеќињата.
Пред мене се улици без прозорци
пред мене се улици без палави дечиња
и булеварите со часовници занемени
загрижени за задоцнетите патници.
Јас ништо веќе не сонувам.
Ви посакав ли да ми ја дадете вилата во Семеринг
или затоплената мансарда на „Сан Бернарден“
или хотелот што клонеше кон каналот
што секогаш паѓаше и се подигаше ...
Хотелот на „Улицата на Јакобинците“.
Јас ништо не сонував.
Сакав само собичка со прозорец
што би гледал во планината.
А мојата собичка гледа во гробиштата
на болниот Монпарнас.


Архива на Ганчо Хаџи Панзов

Тематска архива за поезија и проза

марксистичка интернет архива