Трети јуни 1969 година

„3.000 зборови“[1]


Напишано: 1969
Извор: Alija Hodžić i dr. (red.), “Jun - lipanj 1968: dokumenti”, “Praxis”, 1/2 1969, 442-447 str.
Превод: Здравко Савески
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: јуни 2018


1.

Овој текст е резултат на работата на работната група избрана на последната седница на Собранието на Сојузот на студентите на Белград, со задача да изврши анализа на остварувањето на барањата на студентите на Белградскиот универзитет, поставени по интензивната политичка активност на Белградскиот универзитет во јуни 1968 година. Согласно одлуката на Собранието, оваа анализа се објавува во вонредниот број на списанието „Студент“ кој излегува на 3 јуни 1969 година.

Мотивот да се покрене оваа дискусија има три аспекта:

1. Помина една година од моментот на поставување на барањата и потребно е да се разгледа каков одек имаа тие во општествениот живот на Универзитетот и кои се нивните практични последици.

2. Во изминатата година дојде до извесни поместувања на елементите на општествените односи во нашата земја како одраз, од една страна на надворешно-политичката ситуација која содржи сериозни закани по суверенитетот на Југославија и од друга страна понатамошната конфронтација на нараснатите барања за побрза демократизација на општеството и отпорите кои прилагодени на новите услови прават сè уште сериозни пречки и за демократизацијата и за решавањето на отворените прашања на нашето општество. Сметаме дека единствено и исклучиво здравиот внатрешен политички и стопански живот дава гаранција дека суверенитетот на патот во социјализам кој го одбравме и прокламиравме може да се одбрани.

3. Реформата на универзитетот се одвива на недозволиво бавен начин. Отпорите кои се јавуваа мора да бидат идентификувани и надминати.

1. Акционо-политичката програма, пред сè, инсистира на тоа да се „донесат мерки кои брзо ќе ги намалат некои социјални разлики во нашата заедница“. По една година мора да констатираме дека социјалните разлики останаа и понатаму огромни, со распони на доходите од 1:30, 1:40, па и повеќе. Додуша, минималните лични доходи со закон се зголемени од 150 на 300,00 нови динари (во СР Србија) за оние кои работат и кога претпријатијата имаат средства да им исплатат доходи. Работата е гарантирана во Уставот, но не и во Животот.

Предлогот за зголемување на надоместокот за издржување на семејствата на паднатите борци е одбиен и останува 12,00 нови динари, а на истата седница на Сојузното собрание одбиен е и предлогот за одредување на лимит на пензиите на 3.000 нови динари. На ликвидацијата на привилегиите и неоправдано високите примања на политичките функционери не е направено ништо. Во сферата на професионалната политика принципот на наградување според трудот не се применува. Примањата се одредуваат според претходните функции и заслуги, а не според квалитетот, интензитетот и творечкиот карактер на трудот. На јавноста не ѝ се познати ниту целокупните примања на сите поистакнати функционери, но според луксузниот начин на живот на мнозинството од нив јасно е дека и понатаму се одржуваат големи разлики не само во однос на работничката класа, туку и на другите категории на населението. Во „Насоките“,[2] меѓутоа, пишуваше дека Сојузот на комунисти „треба да биде на чело на општествената акција против привилегиите, паразитизмот, бирократскиот и друг монопол, занемарувањето на општествените обврски, егоистичките злоупотреби, шпекулацијата и другите видови нарушување на социјалистичките норми на општествено однесување.“

Извесни мерки на прогресивно оданочување би можеле да играат значајна улога во борбата против зголемувањето на социјалните разлики кога би се применувале секаде и би биле пропратени со ефикасна контрола. Меѓутоа, тие не ги погаѓаат привилегиите.

На IX Конгрес на СКЈ [во март 1969] превлада гледиштето дека мора да се води сметка за принципот на работничка солидарност и дека заедницата мора да обезбеди соодветна компензација на работните организации кога ќе претрпат губитоци поради неповолните инструменти на државната стопанска политика. Оваа промена на ориентацијата ја сметаме за значајна исправка на некои еднострани и некритички ставови за пазарот како единствен можен регулатор на социјалистичкото стопанство. За жал, сè уште ниту не почнавме да се приближуваме на самоуправната концепција и на заедничкиот став за неопходноста од изедначување на условите за стопанисување. Од друга страна, спротивно на ставовите од „Насоките“ (параграф 2), не се прави ништо да се најдат решенија за зафаќање екстра доход и рента од оние делови на доходот кои не се засноваат на резултати од труд. Без изедначување на условите и без општествено присвојување на ваквиот екстра доход, во секое пазарно стопанство доаѓа до неоправдано прелевање на вишокот труд од едни работни организации, гранки, региони и републики во други. Меѓутоа, теориски и научно оваа задача не е нерешлива.

Кратко време после Јуни беше водена општествена акција против појавата на пљачка на општествениот имот, неоправданото богатење на приватните занаетчии, злоупотребата на формата на ГГ претпријатија итн. Општеството во меѓувреме го потресоа две крупни афери во кои беа вмешани некои одговорни политички личности, а кои на крајот се расплинаа во (еден) процес против третокласни личности. Никакви решителни мерки не беа преземени, ниту се на повидок против упропастувањето на општествениот имот, широко распространетата корупција, митото, изигрувањето на обврските кон заедницата, злоупотребата на општествените фондови, шпекулацијата со становите, национализираното и експроприраното земјиште итн. При тоа, се превидува дека ваквите појави, на кои општеството не му пружа речиси никаков поорганизиран отпор, немаат само свое економско и социјално значење, туку и длабоко ги деморализираат работниците и младината.

2. Една година после Јуни нашето општество ниту малку не се приближи до решението на проблемот со невработеноста. И покрај надминувањето на стопанската стагнација, невработеноста и понатаму има сосема алармантни размери. Процентот на невработеноста во земјата е над границата на толеранција во капиталистичките земји, која изнесува 4%, додека во нашата земја изнесува (овде требаше да се внесат податоци). Стотици илјади наши работници во странство претставува резервна армија на трудот за која тешко може да се каже дека придонесува во борбата на работничката класа од тие земји за подобрување на условите на својот живот. Илјадници стручњаци, за чие школување се потрошени огромни средства и кои најчесто се неопходни на нашето општество, заминуваат – и тој проблем се игнорира. Донесувањето на законот за приправниците стварно не го реши проблемот на вработувањето на младите стручњаци. Законот е непотполн, Законот за приправничкиот стаж остава широк простор за даночни махинации и експлоатација на приправничкиот труд. Систематско решение на невработеноста не постои, по него ефикасно и не се трага. Единствената перспектива која се нуди се врзува, многу комотно, за подалечната иднина, кога и онака ниеден денешен проблем нема да постои. Секое залагање тој проблем организирано и упорно да почне да се решава веќе денес и во следните години – се отфрла како пледирање за „еднаквост во сиромаштијата“, па дури и како „етатизам“. Но во ова, како и кај многу други прашања, се среќаваме со истата тешкотија: државата постои – јака, гломазна и скапа држава. Таа самата не ги решава значајните општествени задачи – „за да не зајакне етатизмот“. Но таа исто така не овозможува тие задачи да ги решаваат самоуправните заедници кои би ја замениле.

3. Во поглед на остварувањето на самоуправните односи на повисоките нивоа на општеството, во прв ред во републиките и во Федерацијата, што е клучен проблем на понатамошниот развиток на самоуправувањето во нашата земја не дојде до какви и да е поважни промени. Непосредните производители не стигнаа во некој позначаен број во републичките и сојузните собранија; еден висок политички функционер се обиде за тоа да најде и оправдување, кажувајќи дека такво нешто ќе биде можно дури во подалечната иднина кога нема толку многу да работат.

Во овој период поради недоволно развиената самоуправна пракса евидентни се процеси на отуѓување на непосредните функции на управување од самиот произведувач и нивно претворање во посредни и професионализирани функции (управни одбори и централни работнички совети во интегрираните претпријатија). Се поставува прашањето, дали е можно да се оствари вертикално самоуправување на ниво на општеството доколку не се отстрануваат деформациите на хоризонталното самоуправување во базата.

И понатаму проблемот на личната одговорност се поставува речиси исклучиво поради кршење на дисциплината, а не поради лошиот и несовесен труд, поради неодговорноста, грабливоста, поради кочењето на правилните иницијативи под видот на раководење итн. Критиките имаат воопштен облик и се упатуваат на „антиреформските“, „антисамоуправни“, „конзервативни“, „анархолиберални“ и други сили во самите врвови. Обичниот граѓанин не може да знае кој се крие позади таквите изрази, во што е природата на споровите и какви се интересите во прашање. Тој, меѓутоа, забележува дека таквите сили се кријат токму помеѓу оние луѓе за кои тој од избори до избори и од конгрес до конгрес треба да гласа, што тој дисциплирано и го прави, не знаејќи за кого и за што всушност гласа. Решавачките конфронтации се вршат позади затворени врати, вистинскиот политички живот фактички се одвива далеку од јавноста и можноста за влијание на јавното мислење.

Во „Насоките“ се пишува за опасноста „наместо зајакнување на непосредната демократија и решавачко влијание на здружениот труд јакнее доминацијата на разни осамостоени центри на политичка моќ кои го присвојуваат правото единствени да ги претставуваат интересите и потребите на потесни или пошироки делови од заедницата.“ Таа опасност и понатаму постои. Таа не е ништо помала од што беше и не се гледа дека што било е преземено во праксата за таа да се намали.

4. Акционо-политичката програма бараше „темелна и брза демократизација на сите општествени и политички организации, особено на Сојузот на комунистите“. „Насоките“ констатираа дека „сè уште постои голем расчекор помеѓу претставничките тела и органи на општествено-политичките организации – и непосредната демократија како револуционерна самодејност на масите, како облик на слободно изразување и формирање на интересите на основние социјални сили.“ „Насоките“ исто така констатираа дека потесните и пошироките општествено-политички организации на многу подрачја уште се однесуваат како затворени политички организми.

Мерките кои по донесувањето на „Насоките“ се преземени во правец на демократизација на општествено-политичките организации главно се сведуваат на ротација на еден дел од постарите функционери и на отворање на поголеми можности за кандидирање на повеќе од еден кандидат на изборите за претставничките тела. За жал, ефектот од тие потенцијално многу важни промени кои можат да доведат до тоа и да се избира, а не само да се гласа, во голема мера е намален од недоволно демократскиот начин на кој тие се спроведени. И покрај сите изјаснувања за кандидатите на пошироките форуми, важните одлуки за листите на кандидати се донесувани на начин кој ги исклучуваше реалните можности на влијание на поширокото избирачко тело. На Конгресот на синдикатите и на конгресите на СК на повеќето од републиките на листите на кандидати се ставаа само онолку личности колку што требаше да бидат избрани. Оттаму, новиот персонален состав на поодделни форуми и собранија значително е под оној квалитет кој можеше да биде постигнат преку демократските патишта. Без вистинско оправдување и потреба, непосредните избори за советите на работните заедници на собранијата се заменети со посредни – што е чекор наназад во поглед на понатамошната демократизација на нашиот политички систем. Една од последиците на тоа беше елиминирањето на мнозинството претставници на студентите и наставниците од универзитетот на општинските кандидациски конференции – некои од нив само затоа што учествуваа во јуни или што го уредуваат студентскиот печат.

Во Акционо-политичката програма поставено е барањето за демократизација на средствата за информирање на јавното мислење. Единствениот нов момент во периодот после Јуни е административната забрана на повеќе броеви на „Студент“, на број на списанието „Дело“, кој беше посветен на анализа на студентското движење во светот и кај нас, растурање на редакцијата на белградското младинско списание „Сусрет“, на сараевското студентско списание „Наши дани“ и загрепските списанија „Разлог“ и „Полет“.

Демократизацијата на средствата за информирање остана на почетен стадиум и печатот и РТВ не ги остваруваат принципите кои ги пропагираат преку пишаниот или живиот збор. Уште поактуелна е потребата за отворање дијалог за сопствената хиерархизирана структура и цензорскиот однос кон непосредните творци на списанија и програми, чија иницијатива е пресудна во создавањето квалитет и кои можат да преземат одговорност за етичките и политичките грешки во својата работа и подобро да ги отстрануваат од оние кои, одговорни по функција или од страна, го прекројуваат нивното дело.

5. Во културата уште ништо значајно не е направено да се надминат сè посилните и поочигледни тенденции на комерцијализам и шунд и вистинските културни вредности да се направат попристапни до најшироките слоеви од народот. Сите мерки да се надмине неписменоста се палијативни и крајно недоволни. Недостига долгорочна културна политика, најголем дел од грижата околу културата на масите им се препушта на радиото и телевизијата, со многу ограничени и недоволни фондови за културна дејност. На делата со вистинско културно значење им недостига организирана поддршка на пазарот на културни стоки. На тој начин се репродуцираат примитивните потреби затекнати од полуруралното ситнокапиталистичко општество и се создаваат нови потреби и вкусови под налетот на силната малограѓанска стихија која продира од џиновската индустрија за забава на развиеното граѓанско општество. Судејќи по индолентноста и негрижата со која најодговорните личности и институции на нашето општество се однесуваат кон културата, судејќи по минималните вложувања и ангажирања во оваа област и по стихијата што во неа владее, се добива впечаток дека кај нас дефинитивно преовлада гледиштето дека новото социјалистичко општество може да се оствари и без создавање на една формално и содржински нова култура на масите. Тоа, се разбира, би била трагична историска заблуда. Новите социјалистички односи меѓу луѓето – а за тоа пред сè се работи – не се можни без нова социјалистичка култура.

6. Акционо-политичката програма не поставуваше никакви барања во поглед на националната политика во нашето општество. Меѓутоа, студентите во Јуни со своето однесување јасно и убедливо покажаа колку им е туѓ секој национализам, секоја национална нетолеранција и исклучивост, секој национален, републички или регионален егоизам и партикуларизам. Во текот на минатата година со изразување националистичките тенденции во сите републики, повеќе или помалку се зајакнаа и добија крајно загрижувачки размери. Студентите еднодушно го поддржуваат секој оној курс, сите оние мерки кои водат кон јакнење на солидарноста и соработката на југословенските народи и народности. Меѓутоа, одговорноста за сегашната сериозна состојба и постоењето на силни тенденции кои би можеле да го загрозат и самиот опстанок на Југославија како заедница на народи, несомнено лежи не само кај оние книжевници, лингвисти, економисти и други културни работници кои на културен и економски план последните години сè поупорно внесуваат дух на загриженост, национална омраза и сепаратизам, туку и кај сите оние бирократски сили кои своите посебни интереси ги идентификуваат со интересите на поодделните нации и републики, кои се спротивставуваат на секое рационално решавање на отворените меѓунационални и меѓурепублички прашања и кои отворено или прикриено ги поддржуваат националистичките елементи во редовите на интелигенцијата. Според тоа, студентите се уверени дека најитните услови за надминување на национализмот се надминувањето на разликите во достигнатото ниво на економски развиток и бирократизмот.

7. Основната смисла на студентските барања беше критичко спротивставување на некои неприфатливи тенденции во општеството, како што се: од една страна, во сферата на политиката, упорно одржување на некои авторитарни, бирократски структури наспроти доследниот понатамошен развој на самоуправните односи на сите нивоа на општеството, од една [друга] страна, во сферата на економиката, едностраното инсистирање само на стихијата на пазарот со отворено залагање за принципот на преживување на посилните и пропаѓање на слабите, што во праксата доведе до неоправдано зголемување на социјалните разлики, до масовна невработеност и до продирање на малограѓанските сфаќања, потреби и аспирации во сите области и во сите слоеви на општеството. Посебно ангажирајќи се против ова заедничко делување на бирократизмот со малограѓанскиот неолиберализам, студентите во суштина поставија барање за побрзо и подоследно реализирање на програмата на СКЈ, за понатамошен развој на самоуправувањето и социјалистичката демократија, за укинување на постоечкиот облик на експлоатација и нерамноправност. Спротивно на она што им префрлаа и им префрлаат малограѓанските неолиберали, студентите не зазедоа фронтален став против стопанската реформа, ако под неа треба да се подразбере премин ко помодерно, порационално поинтензивно стопанисување, придружено со грижливо систематско решавање на сите социјални и други проблеми кои при тоа нужно настануваат, а не стихијно делување на пазарот. Спротивно на она за што ги обвинуваа и ги обвинуваат бирократите, тие не се залагаа за плурализмот на буржоаската демократија, ниту за анархистичко разорување на сите постоечки институции, ниту за стопански и политички етатизам, макар што недвосмислено се изјаснуваат за укинување на сите центри на отуѓена политичка моќ. Со еден збор, идеалот на студентите е демократски социјализам. Тие се уверени дека во нашите историски услови остварувањето на таа цел е реално можно. Меѓутоа, благодарение на делувањето на различни конзервативни сили во нашето општество, расчекорот помеѓу прокламираната цел и стварноста, помеѓу теоријата и праксата, премногу е голем и премногу бавно се намалува. Во тоа лежи основната причина на студентското незадоволство и револт.


Забелешки

[1] Кон крајот на мај месец 1969 година студентите на две Академии, Филолошкиот, Филозофскиот факултет и ПМФ покренаа иницијатива за годишнината од 3 јуни ’68-ма да се закажат собири на студентите. Таквата иницијатива ја поддржа Собранието на Сојузот на студентите на БУ [Белградскиот универзитет], па во склоп на подготовката на планираните собири подготвен е документ кој требаше да послужи како платформа за собирите, со што би се избегнал празниот манифестациски карактер на собирите. Овој документ, како и собирите на кои требаше да се дискутира, беше остро нападнат, од страна на политичките форуми, пред сè, универзитетските, а и од средствата за масовни комуникации. Под таков притисок, собирите се откажани, па ниту овој документ не можеше да биде јавно разгледуван.

Популарно наречен „Три илјади зборови“ (по углед на документот „Две илјади зборови“, со кој еден број авангардни интелектуалци во Чехословачка, неколку месеци пред окупацијата [од неколку членки на Варшавскиот пакт на Чехословачка], инсистираше на решителна реализација на демократска комунистичка акција, која би о[не]возможила оживување и јакнење на сталинистичките сили), овој документ е неточно интерпретиран во јавноста. За последиците од таквата практика зборуваше др. Војан Рус, професор на Универзитетот во Љубљана на Републичката конференција на ССРН Словенија (“Tribuna”, br. 10., 14. IV 1970.). Тој, меѓу останатото рече:

„Мислам дека студентското движење во Белград во никој случај не доби вистинска слика во словенечките средства за информирање. Да го спомнам документот кој се викаше ‘Три илјади зборови’, кој на почетокот на минатото лето го подготви белградското студентско раководство. Го прочитав тој документ (се надевам дека верзијата беше точна), а го читав и записникот од неодамнешната дискусија на студентите во Белград (V седница на Собранието на ССБУ [Сојузот на студентите на Белградскиот Универзитет], на која е сменета редакцијата на ‘Студент’ – заб. на ур.). Анализата на овие документи покажува голема разлика помеѓу приказите на нашите весници и вистинската содржина. Во некои прашања можеме да се согласиме со ставовите на бившото студентско раководство во Белград; можеби оправдано мислиме дека во спомнатите документи недоволно е осуден стремежот кон унитаризам, дека во поглед на стопанската реформа премногу е нагласена социјалата и дека на некои места недоволно е осудена урамниловката. Меѓутоа, овие документи содржат огромен број основани критики и сериозно поставени забелешки кои свесно и изречно поаѓаат од истите принципи кои нашето општество формално ги брани. Тоа се барањата дека самоуправувањето треба да биде развиено до врвот, дека треба да се елиминираат неоправданите разлики кои не извираат од резултатите на трудот, дека треба поодлучно да се остваруваат Насоките на Претседателството на СКЈ од пред две години. Од сите барања кои преовладуваат во спомнатите документи, во нашите средства за информирање нема ниту збор. Во таа постапка дури и гледам чекор назад од она што на тоа подрачје го постигнавме уште пред 20 години кога, стопански ослабнати и воено и политички опколени, веднаш ја објавивме Резолуцијата на Информбирото или Ѓиласовите ставови и полемизиравме со нив. Зошто на сличен начин не би постапиле и со документот ‘3.000 зборови’?“

Неточното интерпретирање на овој документ е една од причините за протестот на групата интелектуалци од Љубљана, која испрати писмо до „Дело“, љубљанскиот дневен весник, изразувајќи ја својата загриженост поради повторувањето на неточното и злонамерно пишување за студентите (“Delo”, 8. VI 1970.).

Ваквите случаи не се ништо невообичаено, но во недостаток на простор не можеме систематски да ги изложиме, па затоа се ограничивме само на два примери (заб. на ур.).

[2] Станува збор за документот од 9 јуни 1968 година, "Smernice Predsedništva i Izvršnog komiteta CK SKJ o najvažnijim zadacima Saveza komunista u razvijanju sistema društveno-ekonomskih i političkih odnosa" (заб. на прев.).


Архива на социјалните движења во 1968

Југословенска тематска архива

марксистичка интернет архива