Милан Недков

Кон темата: Политиката и студентското раздвижување

Белешки за Југословенската универзитетска ситуација во јуни 1968 година


I

1) Како што беше возбудлива и интересна појавата на ерупција на студентскиот немир во 1968 година, така возбудлива и интересна е денес и расправата за социјално-политичкиот немир на студентите и во Југославија. Темата за тој немир е всушност без граници во теориската и прагматичко-политичката експлоатација, таа останува да биде неисцрпна и незастарена. Зашто, расправата за студентскиот немир во 1968 година не е расправа за една ефермна епизода во политичката практика, туку тоа е расправа за радикално нова појава во политичкиот живот на југословенското општество, која доведе, и денес води, кон ревизија на многу норми во нашиот традиционален политички кодекс. Во тоа, таа останува да биде мошне актуелна.

Не е воопшто случајно што и денес се бара одговор на едно фундаментално прашање: 3ошто југословенските студенти демонстрираа, или барем покажаа невообичаен „и од ништо непредизвикан” немир во јуни 1968 година? Одговорите што ги даде официјалната политика, разбирливо, беа така ниансирани што во сферата на политиката да не бидат лоцирани барем најзначајните и основни причини на студентскиот немир. Научно-стручната јавност, за разлика од политичките организации, се покажа многу воздржана во анализата на студентскиот немир. Научно-стручната елаборација на феноменот на студентскиот немир во Југославија затоа беше крајно скромна, еднонасочна и без одликите на суптилна анализа.

Некои од позначајните причини што се нудат како објаснувања на студентскиот немир во летото 1968 година го привлекуваат интересот. Еве ги трите најчесто наведувани:

а) „Студентите се бунат заради тоа што ја губат перспективата да се здобијат со работно место”. При тоа се приведуваат серија аргументи. Студентските аспирации за запослување дојдоа во колизија со интересите на работничката класа. Таа (работничката класа) во условите на стопанска стагнација тендира сопственички да се однесува кон средствата за производство, што се манифестира во затворањето и создавањето на монополна позиција во работната организација. Таквото однесување беше во расчекор со очекувањето на студентите за сè помасовно отварање на нови работни места, што ќе овозможи веднаш по завршувањето да стапат на работа.

Несомнено, немањето перспектива за запослување беше, и веројатно ќе биде уште подолго време, „фактор на возбуди” во редот на студентите и младите луѓе воопшто. Но не е сосема точно кога под тоа се настојува да се супсумираат сите причини за немирот. Зашто, немирот in toto не се искристализира исклучиво околу неспокојството за работното место, иако тоа неспокојство како да беше најмаркантно. Личноста на студентот не е така еднодимензијална како што се сугерира. Југословенскиот студент во јуни 1968 година покажа дека не сака едноставно да биде запослен, иако е точно дека без запослувањето тој ја нема елементарната претпоставка за сестраното изразување на сопствената личност. Треба да се додаде: студентите покажаа разбирање за тешкотиите на кои наидуваше југословенското општество во барањето на патиштата кон полното запослување. Но и во една друга насока „објаснувањето” тендира кон симплификации. Имено, работничката класа не се затвараше и затвара заради тоа што тоа е во нејзиното битие, заради тоа што таа сака да има монополна позиција. Напротив, тенденциите кон затварање и создавање монополна позиција се формираат во работничката класа заради тоа што и таа ја губи или може да ја изгуби социјалната сигурност. Стопанската стагнација ги загрозува и нејзините витални интереси, тоа може да доведе до редукција на работната[1]

Уште во еден пункт постоеше идентитет во позицијата на работничката класа и студентите: опасност да станат орудија на технократскиот развиток. Оваа опасност не беше само потенцијална. Југословенското општество во грчевитиот напор да се истргне од хипотеката на минатото почнува, и покрај самоуправување и спроти него, да ги прифаќа некои патеки на технократски развој. Тоа се само никулци кои што застрашуваат. Дури некои луѓе со технократска инспирација како да сугерираат југословенското општество да се определи за една од алтернативите: или „ефикасна организација” и забрзан стопански развој или самоуправување и стопанска стагнација. Во тоа е донекаде судбината на нашата Револуција: без прекин да кормилари по немирни води полни со опасности. Ако вчера успешно ја одбегнавме опасноста од бирократизација, денес ни прети не помала опасност од технократизација. Токму затоа студентите имаа право кога истакнуваа дека едноставно не сакаат само запослување и поголем доход. Работничката класа истото тоа го чувствуваше, иако тоа не го демонстрираше.

Сево ова дава право да се заклучи: вистински судир на интересите на работничката класа и студентите немаше. Во јуни 1968 година, затоа не дојде до директно конфронтирање на работничката класа и студентите, како што од некои страни се очекуваше. Поточно, не дојде спонтано до конфронтирање од овој вид. Треба да се забележи дека останаа без видлив успех некои обиди да се провоцира ваквото конфронтирање. Таков обид направија некои сили во југословенското општество. Интелектуално обидот воопшто не беше оригинален, бидејќи рецептот беше позајмен од полската мартовска политичка кујна. Како што е добро познато суштината на „полскиот рецепт” беше во тоа работничката класа да биде орудие во рацете на бирократијата во борбата против студентите.

б) Студентскиот немир се настојуваше да се објаснува и со незадоволувањето на некои материјално-сталешки ревендикации, како што се: „создавање подобри услови за работа и живот на студентите на Универзитетот”, „Универзитетот да ги прими сите свршени средношколци кои сакаат да студираат и на адекватен начин да им обезбеди настава и сместување”, „да студираат сите способни без оглед на материјалните можности на нивните родители” и слично. Тука треба да се каже дека студентската акција во јуни 1968 година најмалку се ориентира кон задоволувањето на одделни студентски барања, пред сè, во сферата на нивниот материјален стандард и режимот на студиите. Материјално-сталешките ревандикации, иако не беа сосема безначајни, сепак беа периферни. Барањата од тој вид несомнено најмалку ги мотивираа студентите на преземањето акција од дотогаш невиден вид. Впрочем, во матицата на јунската студентска акција беа барањата за имобилноста и неспособноста на политичките институции во барањето решенија за најгорливите социјални и политички проблеми, за поголем дострел на демократичноста во политичкото одлучување, за студентска партиципација и дијалог во донесувањето на одлуките што ги тангираат нивните интереси и потреби. Накратко: се бараше динамизам и ефикасност во решавањето на најакутните социјални проблеми. Неслучајно, меѓутоа, како во самата студентска акција, а уште повеќе вон неа, се настојуваше таа да се ориентира исклучиво или барем претежно кон материјалните ревандикации и со тоа да се редуцира на еден од нејзините најирелевантни аспекти. Не може при тоа да се премолчи фактот дека во редовите на студентите имаше и настојувања на определен начин ситуацијата да се експлоатира за брзо и под пресија да бидат задоволени одделни барања. Вистина, таквата тенденција не беше така димензионирана за да може да влијае врз обликувањето на целата студентска акција, но сепак беше солидно импрегнирана во неа. Неа ја носеа определени придружнички сили кон вистинската студентска акција. Однадвор, исто така, се настојуваше на студентската акција да ѝ се сврти вниманието исклучиво кон материјалните ревандикации за да може преку нивното задоволување да се воспостави одново некој имагинарен мир и спокојство, односно да се наметне на определен начин ситуацијата на имобилност која пред тоа студентите толку страствено и вехементно ја критикуваа. Но, не само тоа. Таквото секундарно реориентирање на студентската акција требаше да има за последица: Универзитетот да не биде во фокусот на барањето на новото и прогресивното, активен негов чинител и протагонист. И двете настојувања влијаеја негативно врз студентската акција, која примарно се декларира дека ќе се бори бирократскиот мир и спокојството да се заменат со творечки, револуционерен немир и духовно неспокојство во барањето на сè поадекватни патишта за развитокот на самоуправувањето и социјалниот прогрес, во совладувањето и елиминирањето антисоцијалистичките бариери од било кој вид. Во крајна линија, иако овие настојувања водеа до ерозија на студентската акција, сепак не успеа дефинитивно и комплетно да ја дефигурираат.

в) На крај студентскиот немир се настојува да се објаснува со инфлуенцијата од страна. Се резонира приближно вака: ако не беше примерот на раширените студентски демонстрации, особено во Европа во 1968 година, не ќе имаше ни демонстрации на студентите во Југославија. Дури се тврди: импресивните студентски акции во мај 1968 во Франција директно ја провоцираа и студентската акција во Југославија. Секако, точни се две работи: универзалноста на студентските немири и влијанието на телекомуникациите врз обликувањето на студентските акции. Доколку се движиме во сферата на хипотези треба да се додаде: веројатно демонстрации во Југославија ќе немаше, поточно ќе немаше демонстрации идентично обликувани како тие во другите земји. Влијанието од страна и престанува на нивото на рецепција на обликот на студентската акција. Но студентскиот немир и неспокојството не се од импортен карактер, тие се појави што ги имаа корените во југословенската социјално-економска и политичка ситуација во 1968 година. Таа ситуација беше почвата во која и можеше да вирее определено влијание од страна. Познато е дека ниедно влијание не може да се ефектуира доколку за тоа во социјалната и политичка реалност на едно општество не постојат барем определени услови и претпоставки. Треба да се констатира: немирот беше наш и нашински обоен. Но уште помалку плаузибилна е тезата дека демонстрациите беа резултат на непријателска дејност, особено од странство. Секако влијанието од овој вид не треба сосема да се заборава и негира. Но целокупноста на појава на студентските демонстрации, нејзиното битие и феноменалните белези не може да се објаснуваат со тоа. Дури се чини дека таквата теза не само што е депласирана, туку има и крајно негативни импликации. 3ашто, тврдењето дека студентите биле заведени од „непријателите на југословенскиот социјализам”, имплицитно, значи, дека тие многу слабо биле врзани за постојниот политички режим. Тоа значи, понатаму, дека тој режим мора да е многу фрагилен кога една од највиталните снаги на општеството со него не се идентифицира, па дури му се спротивставува масовно. На крај оваа теза студентите ги сведува на маса со која секој може да манипулира како што сака, па дури да ги наведе на масовна антисоцијалистичка акција. Доколку тоа би било така треба да признаеме дека југословенскиот пат во социјализам претрпел фијаско или е во курс тоа да го стори. За секој објективен набљудувач не е спорно дека сите „страни и непријателски фактори” само се придружија кон веќе оригинерно никнатата акција на југословенските студенти. Изгледа дека со таа теза се оперираше како со претекст за преземање на специфичен вид недемократски мерки на интервенција во гушењето на студентскиот немир. Инспирацијата за тоа е во сталинистичката догма дека социјалните немири се секогаш „дело на непријателот”, бидејќи социјалистичкото општество само по себе не може да води до конфликти и ситуации. Но, несомнено е дека со овој аргумент се служеа претежно силите чиј идеал не е демократскиот социјализам.

2) Немирот на студентите во Југославија стана масовна појава во 1968 година. Тотализацијата на немирот не ја создаде некоја малцинска група на „побеснети”. Корените на немирот и кај нас се во широкото уверување дека југословенското општество нема адекватни решенија за некои крупни социјални проблеми и за обезбедување на социјалниот прогрес. Тоа уверување се комплетираше со сознанието дека политичките институции не се свртени или не се способни да ги идентифицираат вистинските проблеми и да ги најдат вистинските решенија. Затоа се случи енергијата на тие што беа свесни за потребите од определени промени во социјално-економските структури и политичкиот живот да се троши и потрошува во огорчувањата и незадоволството. Токму затоа студентската акција го доби појавниот облик на оспорување на поодделни аспекти на социјалната и политичка практика во Југославија. Се оспоруваше не генералниот курс на изградба на демократскиот модел на социјализмот во неговата самоуправна варијанта во Југославија, туку спороста, неефикасноста и задржувањето во реализирањето токму на тој курс. Зашто, само во условите на конституирањето на основните општествени односи како самоуправни, тие (студентите), имаа шанса да обезбедат човечки, хуман статус и како студенти и како граѓани, и денес и утре.

Студентското незадоволство се кристализира во две насоки: Универзитетот и глобалното општество.

На современиот Југословенски универзитет му беа „припишани” три основни грева:

а) Напредната склероза, која што се изразува во доминацијата на застарените, надживеани и конзервативни односи. Природната регенерација на односите на Универзитетот веќе не е можна.

б) Социјална нефункционалност. Југословенскиот универзитет таков каков што е не може да биде она што од него се очекува да биде: еден од најрелевантните фактори на социјалниот прогрес. Неговата функција е редуцирана на еден вид образование кое што тој го дава како дефинитивно. Тој формира специјалисти, но не и комплетни личности.

в) Недемократичност и несамоуправност на Југословенскиот универзитет, што се покажува како во нееднаквостите во пристапот кон високошколското образование, така и во неправедната дистрибуција на одговорноста во управувањето меѓу тие чии интереси се ангажирани на универзитетот и во врска со него.

На политичките структури им се „припишани” исто така три основни грева:

а) Неспособност да го решаваат прашањето на запослувањето, особено на стручњаците и да обезбедат елементарна социјална сигурност. Се приговараше и оптужуваше политиката не за тоа што не обезбедила полна запосленост, туку заради тоа што не го стопила она што можела да го стопи во барањето адекватни решенија за обезбедување на поголема запосленост и социјална сигурност воопшто.

б) Неспремност на политичките институции да го решат прашањето на социјалните разлики, кои стануваа сè помасовна појава, а кои не се резултат на трудот. Политиката беше обвинета дека не е при волја некои успешни решенија да ги примени, односно оние решенија што ќе го спречат создавањето на социјалните разлики.

в) 3адржување на определени олигархиски тенденции во политичкото одлучување. Се пледираше политичкото одлучување да го има фокусот таму каде што е определено со југословенскиот Устав. Никој вон формалните политички институции да не биде носител на политичкото одлучување.

Ваквата ориентација на студентското оспорување дава основа на студентите да им се верува дека со демонстрациите и другите манифестации на немир сакаа да поведат евентуална борба за демократски и самоуправен социјализам, и тоа тогаш кога тие почувствуваа дека таа борба во одделни сфери почна да стагнира на еден значаен начин. Се чини сосема разбирливо што во ситуацијата на огорчување можеа да погрешат во изборот на средствата и методите на сопствената борба. Впрочем, речиси беше општо уверувањето во Југославија дека неопходните промени на кои студентите инсистираа можеа да се извршат и без физичка пресија од било кој вид. Но студентскиот немир ќе егзистира сè дотогаш додека одговорните политички органи не почнат на успешен начин да ги решаваат некои крупни и суштествени социјални проблеми. Мудроста на југословенската политика во јуни 1968 година беше во тоа што немирот започна да го ползува како импулс во решавањето на тие и такви проблеми. Студентските немири и „немаа” друга цел и задача освен да ги покренат од имобилност политичките институции и да ги свртат кон успешното решавање на некои главни проблеми на нашето општество.

3) Очигледно социјалните и политички проблеми што го провоцираа студентскиот немир не беа само студентски проблеми. Проблеми што ја тангираат исклучиво нивната сфера. Дури може да се додаде дека тоа не беа ни типично студентски проблеми, па и воопшто само проблеми на младите. Всушност, тоа беа проблеми што завлегуваа во некои највитални сфери на современото југословенско општество во целина. Навидум, тука лежи една од енигмите на студентскиот немир; зошто токму студентите покренаа специфична, малку за нашиот политички живот неконвенционална политичка акција за нивно политичко разрешување?

Несомнено, одговорот не може да биде еднонасочен. Но, секако, сознанието за некои факти може да нè доближи до него.

Најпрвин, свеста за промените во социјалниот, економскиот и политичкиот живот најпрво се формира на Универзитетот воопшто. Универзитетските луѓе инклузивно и студентите се реално во ситуација да ја набљудуваат перманентно и да „размислуваат” за социјалната реалност. Тие затоа, порано од другите социјални групи, дојдоа до сознанието за дискрепацијата меѓу стварното и нормативното и со самото тоа до сознанието за неопходноста од промени.

Потоа, младиот универзитетски човек, со оглед на својот социјален статус и психофизички карактеристики е предиспониран да оспорува и импулсивно да реагира. 3ашто, тој е со целото свое битие свртен кон иднината. Најзначајната димензија на неговото живеење е во иднината, а не во неговата студентска сегашнина. Но и свесен дека неговите егзистенцијални проблеми ќе настанат во иднината, повеќе утре отколку денес. 3атоа разбирлив е неговиот стремеж да има што помалку бариери кои ќе му се испречуваат на патот кон неговото инкорпорирање во општеството за да го оневозможуваат неговото слободно и вистинско човечко изразување.

Со тоа може парциално да се објасни што тој и со релативно малку респект, можеби поточно идолатрија, се однесува кон некои аспекти на она што било и што е во социјалниот и политичкиот живот. Тој, младиот универзитетски човек, едноставно сака да јуриша кон невозможното или она што изгледа оти е невозможно. Тој е свесен за тоа дека во сегашнината „нема што да изгуби” и дека она што треба да го добие ѝ припаѓа на иднината. Впрочем, во тоа е специфичната разлика на студентите vis а vis другите социјални групи.

Но, студентите беа свесни за тоа дека „добрата и светла иднина” не никнува ex nihilo. Таа има корен во сегашнината. Лошата сегашнина најчесто може да доведе до лоша иднина. Иако свртен кон иднината, младиот човек не сака да ја жртвува сегашнината. Едноставно, тој сака дел од иднината да доживее веќе денес. Инаку, иднината останува за него да биде имагинарна, „ветена земја”. Во политиката со младите на овој свет најповеќе се манипулирало со ветувања. Разумната политика, меѓутоа, не може ним просто да им ветува дека „утре ќе биде добро или подобро за нив”. Впрочем, таквите ветувања ги даваат протагонистите на една неефикасна и неспособна политика.

Па, со покренувањето на една спонтана политичка акција, младите универзитетски луѓе во Југославија сакаа да cи го „преземат“ делот на одговорноста што им припаѓа природно за социјалистичкиот развиток на југословенското општество. Ноторно е дека во југословенскиот политички систем не беше обезбедена рамномерна дистрибуција на одговорноста меѓу одделните социјални групи и слоеви за развитокот на југословенското општество. Политичките институции навистина се подмладуваат, но всушност во нив отсуствуваа генерациите „што доаѓаат”. Одговорноста ја носеше определена генерација. Со тоа во политичката практика беа создадени мошне релевантни диспропорции. Очигледно треба да се отфрли гледиштето за младата генерација како на корисник на привилегиите што ги нуди социјалистичкиот развиток. Тезата за утилитаристичкиот дух на младата генерација е измислица што треба да го објасни елиминирањето на младите од политичката сфера и задржувањето на монополната позиција на „генерацијата што владее”. Младата генерација децидирано се декларира дека не сака одговорноста да им ја препушти на другите, дури и тогаш кога сè оди добро во општеството.

Таа, напротив, сакаше одговорноста да ја преземе веднаш. Затоа, младите не сакаа само биолошки да ги подмладат политичките институции, туку сакаа ним ефективно да им припадне дел од одговорноста и работата што тие институции треба да ја вршат. Младата генерација сакаше да се превозмогне состојбата на склеротизација на политичките институции. Таа беше самосвесна за потребата да внесе свежина толку неопходна за политичките институции и интегралниот политички живот. Несомнено дека новите сокови политичките институции и политичкиот живот можат да ги добијат само од младата генерација и дека новите програми на социјалистичкиот развиток можат успешно да се реализираат само со масовна партиципација на нови, млади луѓе. Зашто генерациите што доаѓаат се генерации кои животот го гледаат таков каков што е, без предрасуди и без елементи на мистика. Спекулација е кога се тврди дека тие од животот бараат „премногу“. Во нивните аспирации за поарен живот најинтимно е пресметана постојаната борба за менување на постојното. Младите универзитетски луѓе бараа активна политичка борба за социјализам. Заблуда беше што се мислеше дека тие ќе се задоволат со просто членување и вклучување во политичките органи и тела, доколку тоа истовремено не значи и „ефективна борба за самоуправен социјализам“. Впрочем, тоа е генерација која што по своето битие не знае и не сака други алтернативи освен социјализмот, и тоа демократскиот социјализам.

4) Општиот студентски немир беше типичен и за скопската универзитетска ситуација во јуни 1968 година. Маркантен белег на ситуацијата беше во, речиси, вкочанетиот во свеста скептицизам во способноста и ефикасноста на постојните политички структури, така како што тие дотогаш функционираа, да можат да ги решаваат актуелните и акутни проблеми на Универзитетот и општеството воопшто. Сомневањата во акцијата на СК на Универзитетот беа во тоа што тој, најчесто дотогаш, се ограничуваше на контемплативност, на просто констатирање без ефикасна политичка акција. Кон тоа: и постојниот механизам на самоуправувањето на Универзитетот, кој последните години беше несомнено во подем, се покажа речиси одбивен спрема партиципацијата на студентите. Но и покрај нагласениот духовен немир до демонстрации не дојде заради тоа што СК на Универзитетот во пролетта 1968 година се сврти кон најфундаменталните универзитетски и општествени проблеми. Сојузот на комунистите на Универзитетот не понуди „ниту декларации, ниту готови решенија, туку отворена политичка борба за остварување на самоуправни социјалистички перспективи на нашето општество и на нашиот Универзитет во него”. На тој начин на највиталните сили во студентските редови СК им понуди и овозможи доволно простор за мутација на немирот, неспокојството и возбудата во ефективна, организирана политичка акција. Само така може да се објасни фактот што недовербата не се манифестираше како оспорување на акцијата на СК, туку исклучиво како стремеж и настојување таа акција да се стори динамична, витална и ефикасна.

Во тоа, или, пред сè, во тоа беше маестралната специфичност на скопската универзитетска ситуација во јуни 1968 година.

II

1) Во интерпретирањето на јунската универзитетска ситуација во 1968 година се манифестираа извесни наши веќе традиционални заблуди. Тие имаа корен во класично-догматското гледање на социјализмот како на „совршено општество”. Се покажа уште еднаш дека во нашите сфаќања и погледи цврсто е усидрено гледиштето дека е доволно да се зачекори на патот кон социјализам, потоа ќе се оди само по рамно, исклучиво право и без било какви-годе противречности. Доколку се признава егзистенција на некој вид противречности, тогаш тие без остаток се сведуваа на единствена: спротивставувањето на социјализмот со „неговите непријатели”. Догмите секогаш се создавале за да се скрие зад нив вистинската социјална реалност, тие најмалку придонесуваат таа реалност да се осознава и сфаќа, па постепено и менува. Особено во случаевите на социјални напнатости и конвулзии ваквиот целисходен догматски третман на социјалната реалност секогаш водеше кон некои веќе познати типски реакции.

Несомнено, студентските демонстрации како спонтан масовен политички процес претставуваа радикално нов феномен во современиот политички живот на Југославија. Појавата на демонстрации делуваше речиси шокантно, бидејќи во нашата политичка традиција нема место за спонтаните масовни политички процеси како дел на демократскиот политички живот и инструмент на политичката борба од отворен тип. Појавата на демонстрации се смета за инкомпатибилна со тенденциите на конституирање на општествените односи како самоуправни. Се случи, затоа, во нашето општество сè што се јавува вон постојните институционализирани рамки и текови секогаш само по себе да ја добие етикетата на антисоцијалистичко. Во тој контекст вредно е да споменеме дека духовното раздвижување на Универзитетот беше оценувано и како нешто што му е сосема туѓо на социјализмот. Несомнено студентскиот немир во 1968 година нè подучи, ако не научи: повеќе не ќе може за процесите да се суди по тоа дали им припаѓаат на институционалниот поредок или не, како што и нивниот карактер мора да се оценува не по тоа што тие треба да бидат, туку по тоа што тие се всушност. Социјализмот со самото тоа што е општество кое штотуку се истргнува од пазувите на старото, буржуаското општество е предиспонирано кон потреси. Како што вели Маркс, старата кал од претходното општество уште долго е присутна во новото, социјалистичко општество. Отаде, доколку управувањето со заедничките работи не е организирано демократски или механизмот на управувањето не функционира демократски, може да се претпостави дека потресите ќе се јавуваат многу често вон и ќе се одвиваат покрај политичките институции. Во случај на вакви потреси нив не може да ги цениме по субјективните намери на нивните протагонисти, туку по она кон што тие објективно водат. Денес, после студентските демонстрации, од кога и да било порано, јасно е дека еден од битните критериуми за она што е социјалистичко и самоуправно, не е само целта кон која се движиме, туку и средствата со кои и низ кои ја остваруваме целта. Но при тоа, од особено значење е сознанието дека демократски организираното општество, ако не може сосема да ги избегне потресите, сепак, може толку да ги ублажи што нивното јавување да биде социјално-политички ирелевантно. Затоа демократски организираното општество и го фаворизира реалистичкиот третман на социјалната и политичка проблематика. Зрелоста на едно општество е, пред сè, во тоа што ќе смогне сила да ги решава токму оние задачи кои објективно може да ги реши. Денес, токму затоа, повеќе никој не сака да суди само по она кои задачи сме си ги поставиле, туку и по тоа како нив сме ги решавале и решиле.

Кога се анализира јунската универзитетска ситуација уште една напомена се чини неопходна. Секое демократско движење ако сака да биде и да остане тоа, мара да настојува да покренува иницијатива, да отвара расправи за решавањето на прашањата што се зрели за решавање. И тоа расправи во кои ќе бидат максимално ангажирани сите заинтересирани, за, при тоа, во една демократска атмосфера и постапка да се дојде до вистинските солуции за социјалните и политички проблеми. Демократската постапка, несомнено, е поспора, бара повеќе време, но општествено-политички е поефикасна. Во тој контекст мора да се постави студентското раздвижување. Ова раздвижување, впрочем, настана и заради покренувањето и обезбедувањето перманентен дијалог, перманентна демократска расправа. И тоа, расправа како на универзитетот, така и во целото општество, расправа која ќе биде инспирирана не од потребата просто да се задоволат некои барања, туку да се најдат решенија за најактуелните проблеми.

Но тоа, секако, не значи дека во јунската ситуација се манифестираа исклучиво демократските настојувања. Точно е само тоа дека демократската ориентација ѝ даваше основен белег на ситуацијата. Инаку, во многу аспекти се манифестираа и недемократски навеви. Дури, и тоа во политичката борба не е парадоксално, тие се манифестираа тогаш кога најповеќе се инсистираше на потребата од максимална демократизација. Неоспорно е, меѓутоа, дека никој не треба да освојува било каква социјална позиција и статус со пресија. Тоа е елементарниот постулат на самоуправната демократија. Зашто пресијата секогаш води кон остварување на некои права за сметка на другиот човек или другите општествени групи. Самоуправната демократија претпоставува договорање и согласност на сите заинтересирани. Во извесни студентски барања, меѓутоа, беше содржано пледоајето и настојувањето по „секоја цена” да се обезбедат определени права, особено права во сферата на материјалниот стандард. Не беше во прашање барањето тие на адекватен начин да се решат, туку да се решат веднаш, по една извонредна процедура и на начин што им конвенира на тие што бараат. Всушност, тоа значеше најпрвин занемарување на демократското одлучување, кое што беше дотогаш често презентно и кое со право во јунските денови беше многу критикувано. Потем, тоа неминовно водеше кон тоа овие потреби да се задоволуваат со тоа што ќе бидат евентуално редуцирани други, без да се изврши демократската оценка на приоритетот на потребите. Ваквото задоволување на студентските потреби, затоа, можеше реално да предизвика опасност од создавање на привилегиран статус. Не помалку, при тоа, неразбирливо изгледа и однесувањето на некои од факторите вон Универзитетот. Наместо дијалог и расправа, тие преферираа решеност веднаш да ги задоволат или да изјават дека во релативно кратко време тие ќе бидат решени.

Уште помалку можат како опортуни да се прифатат некои тенденции, студентското раздвижување да се трансформира во група за притисок врз одлучувањето на универзитетот и во општеството воопшто.

Впечатлив белег на јунската политичка ситуација на универзитетот ѝ даваше нервозата и нестрпливоста. Очигледно, кај универзитетските луѓе во јуни 1968 постоеше нагласена нервоза определени социјални и политички прашања да се решат брзо и ефикасно. Но изгледа токму нервозата и нестрпливоста на студентското раздвижување му сторија многу лоша услуга. Несомнено е дека имаше прашања кои што можеа да се решат брзо и без поголеми социјално-политички напнатости. Но суштествените, основните проблеми на универзитетот и општеството воопшто, треба тоа отворено да се рече, не можеа и не требаше да се решаваат брзо и на брзина. Впрочем, досегашната практика во оваа насока е многу индикативна. Нервозата секогаш раѓа пресија. Под пресијата редовно се раѓаат лоши решенија, или барем решенија што никогаш не водат кон трајна социјална и политичка стабилност, а во студентските немири се инсистираше токму на изнаоѓањето на релативно трајни решенија, решенија што ќе овозможат перманентна еволуција кон прогресот во сите сфери. Таквите решенија, меѓутоа, не можат просто да бидат работа само на универзитетските луѓе, посебно студентите или пак на било која сепаратна социјална група, туку работа на сите заинтересирани. Во спротивност, туѓата арбитрираност, што толку многу беше критикувана, повторно ќе се наметне и ќе ја оневозможи вистинската демократска расправа и вистинското демократско одлучување. Треба да се додаде: без демократско одлучување нема трајни и солидни решенија на социјалните и политички проблеми во југословенското општество.

2) Студентските демонстрации не беа ниту инспирирани, ниту организирани од општествено-политичките организации. Но, демонстрациите го тангираа нивното политичко битие на специфичен начин во два пункта: прво, во нив учествуваа членови на овие организации, и второ, демонстрациите можеа, хипотетски зборувајќи, да бидат ориентирани за или против нивниот политички курс. Во тоа и преку тоа демонстрациите директно се одразуваа врз животот и остварувањето на социјалните функции на овие организации.

Разбирливо се чини прашањето: дали имаше криза на политичкото организирање на студентите и универзитетот воопшто? Феноменот на студентските демонстрации сам по себе, секако, беше индикатор за тоа. Во логиката на политичкото организирање е да ја апсорбира и канализира политичката енергија. Доколку политичките организации во тоа не успеваат таа енергија ќе се манифестира и троши спонтано, вон и покрај политичките организации, а евентуално и против нив. Причините за кризата во политичкото организирање на универзитетот беа, пред сè, во тоа што организациите на СК и Сојузот на студентите беа веќе, речиси, интегрално зафатени со процесите на осификација. Надворешни појавни белези на осификацијата беа: егзистенција на форумите без реално активно членство, формална а не и стварна припадност кон организациите. 3атоа, се јави расчекорот меѓу однесувањето на форумите и членството. Тој расчекор раководството на Сојузот на студентите ги присили да идентифицираат со веќе спонтано отпочнатата студентска акција. Дури тие се обидуваа да сторат нешто повеќе: да ја посвојат спонтано општата студентска акција.

Студентските демонстрации не спаѓаа во категоријата на „благословени” политички акции. Бирократизираниот политичар ни едно движење не го признава доколку не е благословено. Но мудрото политичко движење мора да настојува во својата акција во борбата за реализација на својот генерален курс да ги вклучи сите акции кои што не се против неговиот политички курс. Уште помалку разумното политичко движење од своите приврзани, истомисленици и сопатници ќе прави противници, ќе отвара фронтови и против тие што се борат во основа за исти или идентични идеали и цели. Како што е добро познато, политиката на каприци никогаш не била разумна политика. И денес се чувствува дека СК студентската политичка енергија демонстрирана во јуни 1968 година не успеа сосема адекватно да ја интегрира во сопствената борба за социјализам и не настојуваше на сосема успешен начин таквите движења да станат опора на неговата политичка линија во сите сфери на општествениот живот. Треба да се повтори: во нашата ситуација студентското движење, барем неговата матица, не беше ориентирана против генералната линија на СКЈ. Многу несолидно е кога за житото се суди според својството на класот. Никој не може да го оспорува фактот дека на студентското движење му се прилепија групички, кои што сакаа за свои сепаратни цели да го експлоатираат едно вакво раздвижување. Тие на студентскиот јуни во 1968 година не му дадоа белег, иако не беа, во определени ситуации и на определени универзитети сосема за потценување. Во крајна линија и не постоеше реална опасност тие да му дадат тон на движењето. Обидот целото раздвижување да се супсумира под појавата на групи што беа против платформата на СКЈ, е очигледно шпекулација. Тоа толку потсетува на сталинистичките закани од антисоцијалистички сеништа.

3) Една од големите теми што студентскиот јуни ја наметна беше тоа за морално-политичкото оправдување на спонтаните масовни политички процеси во облик на демонстрации. Јуни, несомнено, на определен начин го доведе во прашање традиционалниот морално-политички кодекс, оној кодекс којшто става ембарго врз сите видови на недирижирани и неконтролирани политички процеси. Овој морално-политички кодекс беше и останува да биде доминантен во политичката етика, не само на определен слој „политички луѓе”, туку и на едно огромно мнозинство на југословенски граѓани. 3атоа, се случи и луѓе со, во основа, недогматски дух да бидат во ситуација на двоумење: дали демонстрациите всушност можат морално да се оправдуваат, иако како метод не можат воопшто да се прифатат. Речиси унанимно се прифаќаше тезата дека тие како метод на политичка борба во условите на самоуправната демократија не можат морално да се оправдуваат. Студентскиот немир може да се разбере, но не може да се оправда изборот на средства за политичка борба што тие го извршија. Целите што студентските акции ги афирмираа се оправдани и добри, но средствата не се адекватни и пропорционални на поставените цели, бидејќи тие средства најмалку можат да водат директно кон постигнување на целите. Штетата што тие ќе ја причинат е поголема од корисноста што тие ќе ја донесат во постигнувањето на целите.

Всушност ваквата расправа од овој вид изгледа помалку схоластичка. За едно мудро политичко движење е суштествено:

а) да не дојде до демонстрации, бидејќи аксесорна појава на секој вид демонстрации е насилството. Насилството, меѓутоа, може нормално да се правда само во ситуацијата на револуционерна акција.

б) доколку дојде до демонстрации, нивната енергија да ја интегрира што повеќе во сопствената политичка акција. Сигурно, под еден услов, да нема дискрепанција во политичката платформа на институционализираното политичко движење и спонтаната политичка акција во облик на демонстрации. Притисокот што демонстрациите го вршат, на политичкото движење можат да му дадат сила да ги реализира и оние програми што во нормалната конфигурација на политички сили би било речиси невозможно. Во тоа, покрај другото, притисокот на демонстрациите може не само да се оправда, туку и да биде сосема корисен.


Забелешки на транскриберот

[1] Текстот тука е прекинат во оригиналот.


Студентската 1968 година: Содржина

Југословенска тематска архива

марксистичка интернет архива