Устав на Социјалистичка Република Македонија од 1974


Глава II

Општествено-економско уредување

1. Положба на човекот во здружениот труд и општествена сопственост

Член 12

Социјалистичкото општествено-економско уредување на Социјалистичка Република Македонија се засновува врз слободниот здружен труд со средствата за производство во општествена сопственост и врз самоуправувањето на работниците во производството и распределбата на општествениот производ во основните и другите организации на здружениот труд и во општествената репродукција во целина.

Член 13

Трудот и резултатите на трудот ја определуваат материјалната и општествената положба на човекот врз основа на еднакви права и одговорности.

Никој не може ниту непосредно ниту посредно да се здобива со материјални и други користи со експлоатација на туѓиот труд.

Никој не смее на кој и да било начин да го оневозможува ниту да го ограничува работникот рамноправно со другите работници да одлучува за својот труд и за условите и за резултатите на својот труд.

Член 14

Средствата за производство и другите средства на здружениот труд, производите на здружениот труд и доходот остварен со здружен труд, средствата за задоволување на заедничките и општите општествени потреби, природните богатства и добрата во општа употреба, се општествена сопственост.

Никој не може да стекне право на сопственост на општествените средства што се услов за работа во основните и другите организации на здружениот труд или се материјална основа за остварување на функциите на самоуправните интересни заедници или на другите самоуправни организации и заедници и на општествено-политичките заедници.

Општествените средства не можат да се користат за присвојување на туѓ вишок на трудот, ниту за создавање услови за такво присвојување.

Член 15

Работникот во здружениот труд со средства во општествена сопственост има право на работа со општествени средства како свое неотуѓиво право да работи со тие средства заради задоволување на своите лични и општествени потреби и, како слободен и рамноправен со другите работници во здружениот труд, да управува со својот труд и со условите и резултатите од својот труд.

Правата, обврските и одговорностите во поглед на располагањето, користењето и управувањето со општествените средства се уредуваат со устав и закон, во согласност со природата и намената на тие средства.

Член 16

На секој работник во здружениот труд со средства во општествена сопственост му се гарантира, остварувајќи го правото на работа со општествени средства, во основната организација на здружениот труд во која работи и во сите други облици на здружување на трудот и на средствата, заедно и рамноправно со другите работници, да управува со трудот и со работењето на организацијата на здружениот труд и со работите и средствата во севкупноста на односите на општествената репродукција, да ги уредува меѓусебните односи во работата, да одлучува за доходот што ќе го оствари во различните облици на здружување на трудот и на средствата и да стекнува личен доход.

Основната организација на здружениот труд е основен облик на здружениот труд во кој работниците непосредно и рамноправно ги остваруваат своите општествено-економски и други самоуправни права и одлучуваат за други прашања на својата општествено-економска положба.

Противуставен е секој акт и дејство со кое се повредуваат овие права на работникот.

Член 17

Во остварувањето на правото на работа со општествени средства, работниците во здружениот труд заемно се одговорни, во својот заеднички и општ општествен интерес, да се користат со тие средства општествено и економски целесообразно и, како материјална основа на својот и на вкупниот општествен труд, постојано да ги обновуваат, зголемуваат и унапредуваат, како и совесно да ги извршуваат своите работни обврски.

Работниците во здружениот труд не можат во остварувањето на правото на работа со општествени средства да стекнуваат материјални користи и други предимства што не се засновани врз нивниот труд.

Член 18

Работниците на организациите на здружениот труд што вршат дејности во областа на образованието, науката, културата, физичката култура, здравството, социјалната заштита и на другите општествени дејности, стекнуваат доход со слободна размена на својот труд со трудот на работните луѓе чии потреби и интереси во тие области ги задоволуваат.

Слободната размена на својот труд работниците во овие организации на здружениот труд ја остваруваат непосредно со работните луѓе чии потреби и интереси ги задоволуваат или преку нивните организации на здружениот труд и самоуправните интересни заедници односно во рамките на самоуправните интересни заедници.

Работниците на организациите на здружениот труд во општествените дејности остваруваат со слободна размена на трудот еднаква општествено-економска положба како и работниците на организациите на здружениот труд во другите дејности.

Врз начелата на слободна размена на трудот стекнуваат доход и работниците на организациите на здружениот труд во другите дејности во кои дејствувањето на законитостите на пазарот не може да биде основ за усогласување на трудот и потребите, ниту основ за вреднување на резултатите на трудот.

Член 19

За сиот доход, како резултат од заедничкиот труд на работниците во основната организација на здружениот труд и на вкупниот општествен труд, остварен во различните облици на здружување на трудот и на средствата врз основа на дејствувањето на законитостите на пазарот и врз на самоуправна основа општествено утврдените услови за стекнување на доход, работниците одлучуваат во основните организации на здружениот труд во согласност со своите уставни права и одговорности спрема другите работници во здружениот труд и спрема општествената заедница во целина.

Доходот што заеднички ќе го остварат со здружување на трудот и на средствата, основните организации на здружениот труд го распределуваат во целост меѓу себе според нивниот придонес во остварувањето на тој доход, а врз основа на мерилата што ќе ги утврдат со самоуправна спогодба.

Остварениот доход во основната организација на здружениот труд претставува материјална основа на правата на работниците да одлучуваат за условите на својот труд и за распределбата на доходот и да стекнуваат личен доход.

Член 20

Делот на доходот што е резултат од работење во исклучително поповолни природни услови или што е резултат од исклучителни погодности на пазарот или на други исклучителни погодности во стекнувањето на доходот, се користи за развој на организацијата на здружениот труд во која е остварен или за развој на материјалната основа на здружениот труд во општината односно во Републиката, во согласност со самоуправна спогодба и закон.

Управувањето со делот на доходот што се користи за развој на материјалната основа на здружениот труд во општината или во Републиката, се темели врз самоуправни основи.

Член 21

Работниците во основната организација на здружениот труд го распределуваат доходот за своја лична и заедничка потрошувачка, за проширување на материјалната основа на здружениот труд и за резерви.

Работниците за вкупната лична и заедничка потрошувачка распоредуваат дел од доходот што е сразмерен со нивниот придонес во остварувањето на доходот што го дале со својот труд и со вложување на општествени средства, како минат труд на работниците.

Член 22

На секој работник, во согласност со начелото на распределба според трудот и со порастот на продуктивноста на неговиот и на вкупниот општествен труд и со начелото на солидарноста на работниците во здружениот труд, му припаѓа од доходот на основната организација на здружениот труд личен доход за задоволување на неговите лични, заеднички и општи општествени потреби, според резултатите од неговиот труд и неговиот личен придонес што со својот тековен и минат труд го дал во зголемувањето на доходот на основната организација.

Член 23

Работниците во основната организација на здружениот труд ги утврдуваат основите и мерилата за распоредување на доходот и основите и мерилата за распределба на средствата за своите лични доходи.

Работниците во основната организација на здружениот труд утврдуваат со работниците во другите организации на здружениот труд заеднички основи и мерила за распоредување на доходот и за распределба на средствата за лични доходи.

Ако со распоредувањето на доходот за лична и заедничка потрошувачка односно со распределбата на средствата за лични доходи се нарушуваат односите што му одговараат на начелото на распределба според трудот или се нарушува текот на општествената репродукција, со закон можат да се утврдат мерки со кои се обезбедува рамноправност на работниците во примената, на начелото на распределба според трудот односно со кои се спречуваат или се отстрануваат нарушувањата во општествената репродукција.

Член 24

На секој работник во здружениот труд со општествени средства му се гарантира личен доход и други права по основ на трудот најмалку во висина односно во обем што ја обезбедуваат неговата материјална и социјална сигурност.

Висината на гарантираниот личен доход и обемот на другите гарантирани права, како и начинот на нивното остварување, се утврдуваат со самоуправна спогодба, со општествен договор и со закон, во зависност од општиот степен на продуктивноста на вкупниот општествен труд и од општите услови на средината во која работи и живее работникот.

Член 25

Со закон, под условите утврдени со устав, може привремено да се ограничи располагањето на работниците во основните организации на здружениот труд со дел од средствата на општествената репродукција или да се утврди обврска за здружување на дел од тие средства за финансирање на определени неопходни потреби на општествената репродукција. Со задолжителното здружување на дел од средствата на општествената репродукција не можат трајно да се одземат правата на работниците на основните организации на здружениот труд во поглед на тие средства.

Член 26

Организација на здружениот труд односно друго општествено правно лице одговара за своите обврски со општествените средства со кои располага.

Член 27

Правата на организацијата на здружениот труд и на друго општествено правно лице во поглед на недвижностите и на одделни движни предмети и други права во општествена сопственост можат, со соодветен надоместок и по постапка пропишани со закон, да им се одземат или ограничат само ако тоа го налагаат врз основа на закон утврдените потреби за планско уредување на просторот или за изградба на објекти од општествено значење или друг со закон определен општ интерес.

За одземените права во поглед на земјиштето или на другите природни богатства, организацијата на здружениот труд односно другото општествено правно лице има право на надоместок само за трудот и за средствата вложени во тоа земјиште или во друго природно богатство. Ако земјиштето или другото природно богатство е услов за работа, организацијата на здружениот труд односно другото општествено правно лице има право на надоместок со кој се обезбедува овие услови да не бидат влошени.

Член 28

На работниците во основната организација на здружениот труд која во своето работење се користи со средства на други организации на здружениот труд кои по тој основ имаат право на учество во заеднички остварениот доход, им се обезбедуваат, во рамките на така остварениот доход, средства за нивната лична и заедничка потрошувачка, во согласност со заедничките основи и мерила што важат во организациите на здружениот труд, како и средства за проширување на материјалната основа на трудот според нивниот придонес во заеднички остварениот доход.

Мерилата за утврдување на придонесот во заеднички остварениот доход се определуваат со самоуправната спогодба, во согласност со единствените начела за здружување на средствата утврдени со сојузен закон.

Организациите на здружениот труд што здружуваат средства не можат по тој основ трајно да стекнат право на учество во доходот на организацијата на здружениот труд, која во своето работење се користи со тие средства.

Правото на учество во заеднички остварениот доход по основ на здружување на средства се гаси кога на организацијата на здружениот труд, покрај соодветното учество во заеднички остварениот доход, ќе и бидат вратени и средствата со чие здружување тоа право е стекнато односно кога, согласно со самоуправната спогодба, ќе престане правото на враќање на здружените средства.

Член 29

Организацијата на здружениот труд може, под условите и во границите што се утврдени со сојузен закон, да се користи во своето работење со средства на странски лица.

Работниците во организациите на здружениот труд што се користат со средства вложени од странски лица имаат исти општествено-економски и други самоуправни права како и работниците во организациите на здружениот труд, што во своето работење користат средства на други домашни организации на здружениот труд.

Правата на странското лице во поглед на средствата што ги вложило во организација на здружениот труд во Социјалистичка Република Македонија, не можат да се намалат со закон или со друг акт, откако договорот со кој се уредени тие права ќе стане полноважен.

Член 30

Организациите на здружениот труд можат, заради проширување на материјалната основа на трудот, да собираат парични средства од граѓаните и да им обезбедат, со враќањето на овие средства, и надоместок за вложените средства во вид на камата или други погодности определени врз основа на закон.

Член 31

Работниците што во организацијата на здружениот труд вршат административно-стручни, помошни и на нив слични работи од заеднички интерес за повеќе организации во нејзиниот состав и работниците што вршат такви работи во земјоделска или друга задруга, како и работниците во организација на деловно здружување, банка и заедница на осигурување образуваат работна заедница. Работниците во таква работна заедница можат да се организираат како организации на здружениот труд под услови утврдени со закон.

Работниците што во организацијата на здружениот труд вршат други работи од заеднички интерес за повеќе организации во нејзиниот состав, како и работниците што вршат такви работи за земјоделска или друга задруга, образуваат работна заедница ако не постојат со уставот утврдени услови да се организираат како основна организација на здружениот труд.

Работниците на овие работни заедници имаат право на средства за лична и заедничка потрошувачка во согласност со начелото на распределба според трудот и со основите и мерилата за распределба што важат во организациите на здружениот труд, како и други самоуправни права на работниците во организациите на здружениот труд, во согласност со природата на работите што ги вршат и со заедничките интереси заради кои се образувани овие работни заедници.

Меѓусебните права, обврски и одговорности на работниците на овие работни заедници и корисниците на нивните услуги се уредуваат со самоуправна спогодба, а меѓусебните односи на работниците во работната заедница се уредуваат со нивни самоуправни акти во согласност со таа самоуправна спогодба.

Член 32

Работниците во работните заедници што вршат работи за самоуправните интересни заедници и други самоуправни организации и заедници и нивни здруженија, за општествено-политичките организации и другите општествени организации, здруженијата на граѓаните и органите на општината и Републиката, имаат право на средства за лична и заедничка потрошувачка во согласност со начелото на распределба според трудот и со општествено утврдените основи и мерила за распределба што важат за организациите на здружениот труд. Тие имаат и други самоуправни права во согласност со природата на овие работи и со општествената и политичката одговорност на организациите, заедниците и органите за кои ги вршат работите — за остварување на нивните функции и задачи.

Меѓусебните права, обврски и одговорности на работниците во овие работни заедници и на организациите, заедниците и органите за кои вршат работи се уредуваат со самоуправна спогодба односно договор, во согласност со закон.

На овие работни заедници не можат да им се пренесуваат права, овластувања и одговорности на организациите, заедниците и органите за кои тие вршат работи.

Правата, обврските и одговорностите на работниците во работните заедници на органите на општините и на Републиката се уредуваат со закон, а кога тоа го дозволува природата на дејноста на органот, и со самоуправна спогодба односно со договор меѓу работната заедница и тие органи, и со самоуправните акти на работната заедница.

Член 33

Работните луѓе кои со личен труд самостојно во вид на занимање вршат уметничка или друга културна, адвокатска или друга професионална дејност имаат во начело иста општествено-економска положба и во основа исти права и обврски како и работниците во организациите на здружениот труд.

Работните луѓе што вршат некоја од овие дејности можат да го здружуваат својот труд и да образуваат привремени или трајни работни заедници, кои имаат во основа иста положба како и организациите на здружениот труд, и во кои работните луѓе имаат во основа исти права и должности како и работниците во организациите на здружениот труд.

Со закон се утврдуваат условите под кои овие работни луѓе и нивните работни заедници ги остваруваат своите права и ги исполнуваат обврските, како и условите под кои тие во вршењето на тие дејности можат да користат општествени средства и да управуваат со нив. Со закон се определува и начинот на остварувањето на соработката на овие работни луѓе со организациите на здружениот труд, како и начинот на нивното учество во создавањето услови за работа во тие организации и во располагањето со резултатите на нивниот труд изразени во заеднички остварениот доход.

Член 34

Работниците во организациите на здружениот труд, во согласност со начелата на заемност и солидарност, заеднички и рамноправно обезбедуваат постојано подобрување на условите за живот на работниците со издвојување и здружување на средства за таа цел и на друг начин.

Организациите на здружениот труд и општините и Републиката се должни, во согласност со начелата на заемност и солидарност, да им даваат економска и друга помош на организациите на здружениот труд што ќе дојдат во исклучителни економски тешкотии и да преземаат мерки за нивна санација, ако е тоа во заеднички интерес на организациите на здружениот труд односно во општествен интерес.

Организацијата на здружениот труд сама или спогодбено со други организации на здружениот труд во согласност со начелата на заемност и солидарност, обезбедува, средства за вработување, преквалификација и за остварување на стекнатите права на работниците, ако престане потребата од нивна работа во организацијата на здружениот труд или ако организацијата во нејзин состав престане со работа.

Работникот, додека не му се обезбеди друго работно место што одговара на неговите способности и квалификации не може да го изгуби својството на работник во основната организација на здружениот труд, ако заради технолошки или други унапредувања со кои се придонесува за зголемувањето на продуктивноста на трудот и за поголем успех на организацијата престане потребата од неговата работа во таа организација.

Со закон може да се утврди обврска за здружување на средства за овие цели и за вработување воопшто, како и да се пропишат услови за употребата на тие средства.

Овој закон се донесува со мнозинство гласови на сите делегати во Соборот на здружениот труд на Собранието.

2. Здружување на трудот и на средствата на општествената репродукција

Член 35

Својот труд и средствата на општествената репродукција во основните организации на здружениот труд работниците слободно ги здружуваат во работни организации и во други облици на здружување на трудот и на средствата.

Меѓусебните права, обврски и одговорности во различните облици на здружување на трудот и средствата, работниците во основните организации на здружениот труд ги уредуваат со самоуправна спогодба во согласност со закон, обезбедувајќи ги во целината на овие односи неотуѓивите права на работниците загарантирани со уставот.

Член 36

Работна организација е самостојна самоуправна организација на работниците поврзани со заеднички интереси во трудот и организирани во основни организации на здружениот труд во нејзин состав, или непосредно поврзани со единствен процес на трудот.

Работна организација можат да основаат организациите на здружениот труд, самоуправните интересни заедници, месните заедници, општествено-политичките заедници и други општествени правни лица.

Работна организација можат, под услови и на начин пропишани со закон, да основаат и работните луѓе заради остварување правото на работа или заради задоволување на потребите од производи и услуги на организацијата што ја основаат. Работна организација можат, во согласност со закон, да основаат и граѓански правни лица.

Работните луѓе односно граѓанските правни лица, кои во организацијата на здружениот труд што ја основале ќе вложат свои средства, можат спрема таа организација, по основ на тие средства, да имаат само права што ги имаат граѓаните од кои организациите на здружениот труд собираат средства заради проширување на материјалната основа на својот труд.

Со закон може да се пропише дека работните луѓе и граѓанските правни лица не можат да основаат работни организации за вршење на определени дејности.

Работните организации имаат еднаква положба, а работниците во нив еднакви општествено-економски и други самоуправни права и одговорности, без оглед на тоа кој ја основал работната организација.

Член 37

Работниците во делот на работната организација што претставува работна целина, во кој резултатот од нивниот заеднички труд може самостојно да се изрази како вредност во работната организација или на пазарот и во кој работниците можат да ги остваруваат своите општествено-економски и други самоуправни права, имаат право и должност таквиот дел на работната организација да го организираат како основна организација на здружениот труд.

Работниците во работната организација во која не постојат услови одделни нејзини делови да се организираат како основни организации на здружениот труд, ги остваруваат во работната организација сите права што ги имаат работниците во основната организација на здружениот труд.

Општествено-економските и другите самоуправни односи во основната организација на здружениот труд се уредуваат со нејзиниот статут и другите самоуправни акти во согласност со уставот и законот.

Ако по повод организирањето на основна организација на здружениот труд биде поведен спор, до завршувањето на спорот не можат, спротивно на волјата на работниците што ја донеле одлуката за организирање на основна организација, да се менуваат нивните права, обврски и одговорности што ги имале до денот на донесувањето на одлуката за која се води спорот.

Член 38

Работниците имаат право основната организација на здружениот труд во која работат да ја издвојат од составот на работната организација.

Основната организација на здружениот труд што се издвојува е должна, спогодбено со другите основни организации на здружениот труд и со работната организација како целина, да ги уреди начинот и условите на извршувањето на своите обврски спрема нив, што ги презела до издвојувањето и да им ја надомести штетата што настанала со издвојувањето.

Работниците не можат својата основна организација на здружениот труд да ја издвојат од составот на работната организација ако тоа, спротивно на општиот интерес, би довело до битно отежнување или оневозможување на работата во другите основни организации во составот на работната организација односно во работната организација како целина.

Член 39

Работните организации можат да се здружуваат во разни облици на сложени организации на здружениот труд, а основните организации на здружениот труд и работните организации во заедници и други облици на здружување на организации на здружениот труд во кои остваруваат определени заеднички интереси.

Со закон или со одлука на собранието на општината заснована врз закон може да се пропише задолжително здружување на определени видови организации на здружениот труд во заедници во кои се обезбедува единството на системот на трудот во соодветните области, ако тие организации вршат дејности од битно значење за работењето и развојот на другите организации на здружениот труд, кога работењето на тие организации е незаменлив услов за животот и работата на граѓаните на определено подрачје и во други случаи од општ интерес.

Член 40

Организациите на здружениот труд, самоуправните интересни заедници и други општествени правни лица можат со самоуправна спогодба да основаат банка како посебна организација за вршење кредитни и други банкарски работи и во неа, заедно со други лица, да здружуваат средства заради остварување на заеднички интереси во обезбедување парични средства, за вршење, проширување и унапредување на дејностите на организациите на здружениот труд и на другите самоуправни организации и заедници и заради остварување на други заеднички интереси.

Општествените правни лица, со чии средства банката работи, управуваат со работењето на банката. Средствата што банката ќе ги оствари, по намирувањето на трошоците на работењето и издвојувањето на средства за работната заедница на банката, овие општествени правни лица ги распоредуваат меѓу себе.

Општествените правни лица имаат право да управуваат со определени работи на банката во единицата на банката што работи со нивни средства.

Општините и Републиката не можат да основаат банка, ниту да управуваат со работите на банката.

Меѓусебните односи на општествените правни лица со чии средства работи банката, управувањето со банката и работењето на банката се уредуваат со самоуправната спогодба за основањето на банката, со нејзиниот статут и со закон.

Член 41

Работењето на финансиските организации што се основаат заради прибирање на штедни влогови и управувањето со тие организации, како и работењето на банките што се однесува на прибирањето штедни влогови, се уредува со закон, во согласност со единствените начела на кредитниот систем.

Правата на граѓаните, врз основа на штедните влогови да учествуваат во управувањето со работењето на тие финансиски организации и, покрај договорените камати, да стекнуваат и други определени погодности, се уредуваат со закон.

Член 42

Во организациите на здружениот труд што освен со други дејности, се занимаваат и со банкарско или слично работење, организациите на здружениот труд, самоуправните интересни заедници и други општествени правни лица ги имаат во поглед на тоа работење, во начело истите права што ги имаат во банката општествените правни лица со чии средства работи банката.

Ако во организациите на здружениот труд се организира внатрешно банкарско или слично работење, на таквото работење се применуваат начелата што се однесуваат на работењето на банките.

Член 43

Организациите на здружениот труд, самоуправните интересни заедници, општините и Републиката и други општествени правни лица можат со самоуправна спогодба да основаат заедница на осигурувањето на имот и лица од истородни односно сродни видови ризици односно штети или од различни повеќе видови ризици односно штети, и во неа, заедно со други лица, врз начелата на заемност и солидарност, да здружуваат средства заради осигурување на имот и лица и заради отстранување или намалување на неповолното дејство на причините што можат да ги предизвикаат тие штети.

Во заедница на осигурувањето во која се здружуваат средства заради осигурување на имот или лица од повеќе различни видови ризици односно штети, осигурениците што здружуваат средства заради осигурување од истородни или сродни видови на штета образуваат посебни заедници на ризик и здружуваат средства во посебни фондови на осигурување за тие штети. Осигурениците во заедниците на ризик, спогодбено со другите осигуреници во истата заедница на осигурување, утврдуваат под кои услови средствата на фондовите, наменети за намирување на обврските по еден вид штета можат да се користат за намирување на обврските по основ на друг вид штета.

Општествените правни лица што здружуваат средства во заедница на осигурување односно заедница на ризик управуваат со работењето на тие заедници.

Меѓусебните односи на општествените правни лица што здружуваат средства во заедница на осигурувањето, управувањето со таа заедница и нејзиното работење се уредуваат со самоуправната спогодба за основањето на заедницата, со нејзиниот статут или со друг самоуправен акт и со закон.

Граѓаните и граѓанските правни лица — осигуреници учествуваат во управувањето со заедницата на осигурувањето односно со заедницата на ризикот и остваруваат во нив други права во согласност со статутот на заедницата на осигурување и со закон.

Член 44

Односите меѓу организациите на здружениот труд што вршат работи на промет на стоки и услуги и производствените и другите организации со кои работат се засновуваат врз начелата на соработка и самоуправно здружување на трудот и средствата во рамките на таа соработка. Овие организации, врз начелата на рамноправност, остваруваат меѓусебно влијание врз деловната и развојната политика, преземаат заеднички ризик, обезбедуваат заедничка одговорност за проширување на материјалната основа и за зголемување на продуктивноста на трудот во производството и прометот и учествуваат во доходот остварен со оваа соработка според придонесот во остварувањето на тој доход.

Организациите на здружениот труд што вршат работи на извоз и увоз се организираат и работат врз начелата на задолжителна соработка со производствените и другите организации на здружениот труд за кои го вршат извозот или увозот,и во рамките на таа соработка, ја утврдуваат заедничката политика на производството односно на другата дејност, политиката на извозот и увозот, го распоредуваат доходот остварен со оваа соработка како заеднички доход, заеднички го поднесуваат ризикот на тоа работење и одговорноста за унапредување на производството и прометот, во согласност со самоуправната спогодба или договорот за таа соработка.

Организациите на здружениот труд што вршат работи на промет со стоки и услуги за непосредна потрошувачка се должни, на начин определен со закон, да соработуваат и да се договараат со самоуправните интересни заедници, месните заедници и други заедници и организации на потрошувачите за работите од заеднички интерес.

Член 45

Организација на здружениот труд може да врши дејност и да вложува средства на општествената репродукција во странство, под условите и во границите што се пропишани со сојузен закон.

Правата и средствата што организацијата на здружениот труд ќе ги стекне во странство по кои и да било основ се составен дел на општествените средства со кои управуваат работниците на таа организација.

Во организацијата на здружениот труд што врши дејност во странство, работниците чии работни места се во странство, имаат исти права, должности и одговорности како и работниците на таа организација во земјата.

Член 46

Основните и другите организации на здружениот труд, нивните заедници и другите облици на здружување на организации на здружениот труд, банките, заедниците за осигурување имоти и лица и другите финансиски организации се правни лица со права, обврски и одговорности што ги имаат врз основа на уставот, законот и самоуправната спогодба за здружување односно врз основа на актот за основање.

Овие организации, заедници и здруженија и нивните права, обврски и одговорности во правниот промет се запишуваат во регистарот на организациите на здружениот труд.

Член 47

Спрема организацијата на здружениот труд и заедницата или другото здружение на тие организации во кои побитно ќе се наруши остварувањето на самоуправните права на работниците или кои не ги исполнуваат обврските утврдени со закон или потешко ќе ги оштетат општествените интереси, можат, под услови и во постапка што се пропишани со закон, да се преземат со закон утврдени привремени мерки. Кога е тоа неопходно заради отстранување на тие појави, со овие мерки може привремено да се ограничи остварувањето на одделни самоуправни права на работниците односно права на организацијата или здружението и на нивните органи.

Член 48

Ако во организациите на здружениот труд настане спор меѓу работниците на одделни делови на организацијата односно меѓу работниците и органите на организацијата или работниците на организацијата и органите на општествено-политичката заедница, кој не можел да биде решен по редовен пат, работниците имаат право и должност, своите барања по повод настанатиот спор да ги изнесат преку синдикалната организација.

Синдикалната организација има право и должност, по барање од работниците или по своја иницијатива, да поведе постапка за решавање на настанатиот спор и, во таа постапка, заедно со соодветните органи на управување на организацијата на здружениот труд односно со органите на општествено-политичката заедница, да ги утврди основите и мерките за решавање на прашањето заради кое настанал спорот.

Член 49

Организацијата на здружениот труд односно организацијата на деловно здружување што врши стопанска дејност може да биде укината, под услови и во постапка пропишани со сојузен закон, ако не ги исполнува со закон пропишаните услови за вршење на својата дејност, ако потрајно не е во можност да ги обновува општествените средства со кои работи и да ги обезбедува со уставот гарантираните права на работниците во поглед на нивната материјална и социјална сигурност или ако не е во можност да ги исполнува другите со закон утврдени или со договор преземени обврски.

Организацијата на здружениот труд што врши општествена дејност, може, под услови и во постапка што се пропишани со закон, да биде укината ако не ги исполнува условите пропишани со закон или ако не постојат услови за вршење на нејзината дејност.

Член 50

Со закон и со одлука на општината врз основа на закон може да се утврди дека се од посебен општествен интерес, определени дејности или работи на организациите на здружениот труд што вршат општествени дејности, и да се уреди начинот на остварувањето на посебниот општествен интерес и остварувањето на самоуправните права на работниците во согласност со тој интерес.

Со закон или со одлука на собранието на општината може, ако тоа го бара посебниот општествен интерес, да се уреди начинот на остварувањето на тој интерес во работењето на организациите на здружениот труд што вршат стопанска дејност, кога тоа работење е незаменлив услов за животот и работата на граѓаните или за работата на другите организации на определено подрачје.

Член 51

Посебниот општествен интерес во вршењето на овие дејности се обезбедува со самоуправни спогодби и општествени договори за условите и начинот на вршењето на тие дејности, со учество на корисниците на услугите и другите заинтересирани организации, претставници на основачите, претставници на општината односно на Републиката и на општествено-политичките организации во одлучувањето за остварување на заедничките цели, за основните намени за користење на средствата, програмите за развој и основните услови за стекнување на доходот и работењето со нивно учество во именувањето и разрешувањето на работоводните органи на организациите на здружениот труд што ги вршат овие дејности, како и со други облици на општествено влијание врз вршењето на тие дејности, во согласност со закон.

Со закон, во согласност со овој устав, можат да се овластат собранијата на општините и Собранието на Социјалистичка Република Македонија да даваат согласност на одредбите на самоуправната спогодба за здружувањето, на статутот или на друг општ акт на организацијата на здружениот труд што врши дејност од посебен општествен интерес, кога тие одредби се од значење за остварувањето на посебниот општествен интерес во вршењето на тие дејности.

На работниците во организациите на здружениот труд што вршат дејности од посебен општествен интерес не можат да им се ограничат другите со устав загарантирани права што се однесуваат на трудот и управувањето со општествените средства, уредувањето на меѓусебните односи во работата, стекнувањето на доход, одлучувањето за доходот и стекнувањето на личните доходи.

Со закон или со пропис на општината можат да се предвидат посебни права и должности на Републиката односно на општината и на нивните органи во поглед на надзорот над вршењето на дејноста односно работата од посебен општествен интерес.

Член 52

Организациите на здружениот труд што вршат дејности или работи од посебен општествен интерес се должни да обезбедат трајно и непрекинато вршење на дејностите односно на услугите, а во случај на прекин или нередовно вршење на дејноста односно на услугата, се должни да им ја надоместат штетата на корисниците, кога е тоа предвидено со закон, со самоуправна спогодба или со пропис на општината.

Ако надлежниот орган на Републиката, врз основа на закон, односно на општината, врз основа на свој пропис, определи дека организацијата на здружениот труд е должна дејноста односно работите од посебен општествен интерес да ги врши на сите или на определени корисници по цена што е пониска од цената формирана според пропишаните мерила односно од пазарната цена, Републиката односно општината е должна да ѝ изврши соодветно надоместување на организацијата на здружениот труд. Висината и начинот на ова надоместување се утврдува со меѓусебен договор.

Член 53

Организациите на здружениот труд што вршат стопанска дејност и нивните деловни здруженија се здружуваат во стопански комори или други општи здруженија заради заедничко унапредување на трудот и работењето, заради усогласување на посебните, заедничките и општите општествени интереси, заради договарање за плановите и програмите за работа и развој и за самоуправно уредување на општествено-економските односи, заради покренување иницијатива за склучување на самоуправни спогодби и општествени договори, за донесување закони и за утврдување на економската политика и заради разгледување и решавање на други прашања од заеднички интерес.

Заради остварување на овие цели можат и организациите на здружениот труд што вршат општествени дејности да се здружуваат во здруженија за одделни дејности односно области на трудот и во други општи здруженија.

Со закон може да се пропише задолжително здружување на организациите на здружениот труд во комори, условите за формирање и начелата за нивната организација Здружените организации одлучуваат за видовите комори, организацијата, задачите и средствата за нивната работа.

Во комори и други општи здруженија се здружуваат, во согласност со закон, и работните луѓе што вршат дејности со самостоен личен труд со средства во сопственост на граѓаните.

3. Самоуправни интересни заедници

Член 54

Самоуправни интересни заедници основаат работните луѓе, непосредно или преку своите самоуправни организации и заедници, заради задоволување на своите лични и заеднички потреби и интереси и заради усогласување на трудот во областа за која основаат интересна заедница со тие потреби и интереси.

Правата, обврските и одговорностите во меѓусебните односи во самоуправната интересна заедница се уредуваат со самоуправната спогодба за нејзиното основање, со нејзиниот статут и со други самоуправни акти.

Заради задоволување на своите потреби и интереси во самоуправните интересни заедници, работните луѓе од своите лични доходи и од доходот на основните организации на здружениот труд им плаќаат придонес на овие заедници, во согласност со намената односно со целите за кои служат овие средства.

Член 55

Работниците и другите работни луѓе кои во областите на образованието, науката, културата, здравството и социјалната заштита врз начелата на заемност и солидарност ги остваруваат своите лични и заеднички потреби и интереси и работниците на организациите на здружениот труд што ги вршат дејностите во тие области, основаат самоуправни интересни заедници во кои остваруваат слободна размена на трудот, здружуваат труд и средства и рамноправно и заеднички одлучуваат за вршењето на тие дејности во согласност со заедничките интереси, ја утврдуваат политиката на развојот и унапредувањето на тие дејности и остваруваат други заеднички интереси.

Меѓусебните односи во овие самоуправни интересни заедници се уредуваат така што се обезбедува правото на работниците и другите работни луѓе што во нив здружуваат средства да одлучуваат за тие средства и правото на работниците на организациите на здружениот труд што вршат дејности во областа за која е основана интересна заедница, во слободна размена на трудот да остваруваат еднаква општествена економска положба како и работниците во другите организации на здружениот труд.

Врз овие основи можат да се основаат самоуправни интересни заедници и во други области на општествените дејности.

Член 56

Заради обезбедување на својата социјална сигурност, работните луѓе основаат самоуправни интересни заедници на пензиското и инвалидското осигурување или на други видови социјално осигурување во кои ги здружуваат средствата за таа цел и врз начелата на заемност и солидарност и на минатиот труд ги утврдуваат своите заеднички и поединечни обврски спрема тие заедници и заедничките и поединечните права што ги остваруваат во нив.

Врз овие основи можат да се основаат самоуправни интересни заедници и во други области, во кои со здружување на средства во заеднички фондови, се остваруваат определени заеднички интереси врз начелата на заемност и солидарност.

Член 57

Работните луѓе непосредно и преку своите организации на здружениот труд и други самоуправни организации и заедници основаат самоуправни интересни заедници во станбената област, во кои овие организации и заедници здружуваат средства за станбена изградба, ја утврдуваат политиката и програмата на таа изградба и заедно со станарите управуваат со станбените згради и становите во општествена сопственост и остваруваат други заеднички интереси.

Член 58

Во областа на комуналните дејности, енергетиката, водостопанството, сообраќајот и другите дејности на материјалното производство, ако трајното вршење на тие дејности е неопходно заради задоволување на потребите на определени корисници, можат да се основаат самоуправни интересни заедници на организациите на здружениот труд од тие области и корисниците на нивните производи и услуги во кои тие ги остваруваат заедничките интереси утврдени со самоуправна спогодба.

Член 59

Заради што понепосредно остварување на своите самоуправни права и интереси, работниците и другите работни луѓе и нивните организации на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници — членови на самоуправните интересни заедници имаат право во интересната заедница, под услови утврдени со самоуправната спогодба за основањето на самоуправната интересна заедница или со нејзиниот статут, да се организираат во основна заедница или единица за определено подрачје или за остварување на определени заеднички интереси и во таа основна заедница односно единица да остваруваат определени свои самоуправни права и интереси.

Самоуправните интересни заедници можат да се здружуваат во пошироки интересни заедници и да основаат сојузи и други здруженија на интересни заедници, како и да воспоставуваат други облици на меѓусебна соработка.

Кога самоуправна интересна заедница се основа за подрачје пошироко од подрачјето на општината, можат за подрачјата на општините да се основаат основни заедници како делови на таа самоуправна интересна заедница.

Член 60

Самоуправната интересна заедница и основните заедници и единици во нејзин состав, како и здруженијата на самоуправните интересни заедници, се правни лица со право, обврски и одговорности што ги имаат врз основа на уставот, законот, самоуправната спогодба за основањето на интересната заедница односно на здруженијата на интересните заедници и со нивниот статут.

Член 61

Со закон односно со одлука на собранието на општината заснована врз закон, може да се утврди обврска за основање односно да се основа самоуправна интересна заедница кога определени дејности односно работи на таквата заедница се од посебен општествен интерес, како и да се утврдат начелата за нејзината организација и за меѓусебните односи во неа и да се пропише обврска за плаќање на придонес на таа заедница.

Дејностите односно работите за кои со закон односно со одлука на собранието на општината заснована врз закон е утврдено дека се од посебен општествен интерес, самоуправната интересна заедница е должна да ги врши на начин утврден со законот односно со одлуката.

Член 62

Ако во самоуправната интересна заедница што врши определени дејности односно работи што се од посебен општествен интерес не се донесе одлука за прашање од кое битно зависи работата на интересната заедница, Собранието на Социјалистичка Република Македонија односно собранието на општината може, под услови и во постапка пропишани со закон, да донесе одлука со која привремено се решава тоа прашање.

Спрема самоуправна интересна заедница може да се преземат со закон утврдени привремени мерки во случаите и под условите под кои такви мерки можат да се преземат спрема организациите на здружениот труд.

4. Средства на општествено-политичките организации и другите општествени организации

Член 63

Општествено-политичките организации и другите општествени организации определени со закон можат да стекнуваат средства односно определени права на средства и со тие средства како општествени да се користат за остварување на своите цели и со нив да располагаат во согласност со статутот на тие организации и со закон.

Овие организации можат, под условите утврдени со закон, да организираат стопанска и друга дејност во согласност со своите цели и да учествуваат во доходот остварен со таквата дејност заради остварување на тие цели.

5. Општествено-економска положба и здружување на земјоделците

Член 64

На земјоделецот и на членот на неговото домаќинство што се занимава со земјоделство му се гарантира правото работејќи со средства на кои постои право на сопственост, да ја остварува со уставот утврдената самоуправна положба во социјалистичките општествено-економски односи, да располага со остварените резултати на својот труд, да ги задоволува своите лични и општествени потреби и, врз основа на својот придонес, да ја остварува својата социјална сигурност врз начелата на заемност и солидарност.

Врз основа на личниот труд земјоделците имаат во начело иста положба и во основа исти права и должности како и работниците во здружениот труд со општествени средства. Соодветни права и обврски земјоделците имаат и во поглед на здружувањето на трудот и на средствата, како и во односите на размената на пазарот и во кредитните односи.

Член 65

Земјоделците можат да го здружуваат својот труд и средствата на трудот во земјоделски задруги и во други облици на здружување на земјоделците или да ги здружуваат со организации на здружениот труд.

Земјоделската задруга има во начело положба, права, обврски и одговорности на организација на здружениот труд.

Земјоделците можат на средствата што ги здружуваат во земјоделска задруга да го задржат правото на сопственост или да утврдат право на враќање на вредноста на тие средства и други права по основ на нивното здружување, согласно со договорот за тоа здружување и со статутот на задругата.

Од доходот што земјоделската задруга ќе го оствари со своето работење, на земјоделците што го здружиле во задругата својот труд и средства, им припаѓа дел од доходот сразмерно со придонесот што го дале за остварување на тој доход со својот труд и со здружување на средствата односно со соработката со задругата. Делот на доходот што ќе го оствари задругата над овој износ се внесува како општествена сопственост во фондовите на земјоделската задруга и се користи за проширување и унапредување на нејзината дејност.

Член 66

Здружувајќи го слободно и рамноправно својот труд и средствата на трудот со работниците во здружениот труд со општествени средства, земјоделците ја прошируваат материјалната основа на својот труд и се користат со резултатите на општиот материјален и општествен развој и врз таа основа поцелосно ги задоволуваат своите лични и општествени потреби и ги развиваат своите работни и други способности.

Земјоделците што својот труд и средства на трудот ги здружуваат непосредно или преку земјоделска задруга или друг облик на здружување на земјоделците со организација на здружениот труд и со неа трајно соработуваат, управуваат рамноправно со работниците на таа организација, со заедничките работи, заеднички одлучуваат за заеднички остварениот доход и учествуваат во неговата распределба според својот придонес во остварувањето на тој доход во согласност со самоуправната спогодба.

Член 67

Со закон може да се пропише обврска за здружување на земјоделците што работат со свои средства на трудот или нивна соработка со определена работна организација, заради изведување

на мелиоративни работи, подобро искористување на мелиорираното земјиште и на водите, за одбрана од водите, за заштита на земјиштето од ерозија и уредување на пороите, или кога тоа го бара посебен општествен интерес во областа на одгледувањето и искористувањето на шумите или на унапредувањето на земјоделското производство на определени земјишта.

6. Самостоен личен труд со средства во сопственост на граѓани

Член 68

Се гарантира слободата на самостојниот личен труд со средства на трудот во сопственост на граѓани кога вршењето на дејностите со личен труд му одговара на начинот, на материјалната основа и на можностите на личниот труд и кога не е во спротивност со начелото за стекнување доход според трудот и со другите основи на социјалистичкото општествено уредување.

Со закон се уредуваат условите за вршење на дејностите со самостоен личен труд со средства на трудот во сопственост на граѓани и сопственосните права на средствата на трудот и на деловните простории што се користат за вршење на дејноста со самостоен личен труд.

Со закон можат, кога тоа го бара општествениот интерес, да се определат дејностите што не можат да се вршат со самостоен личен труд со средства во сопственост на граѓани.

Член 69

Работните луѓе што самостојно вршат дејност со личен труд со средства во сопственост на граѓани можат да основаат задруга и во неа, врз начелата за рамноправност, да го здружуваат својот труд и средствата на трудот и заеднички да располагаат со доходот што ќе го оствари задругата.

Задругата што ја основаат работните луѓе кои самостојно вршат дејност со личен труд со средства во сопственост на граѓани има положба, права, обврски и одговорности на земјоделска задруга, а нејзините членови имаат положба, права, обврски и одговорности како и членовите на земјоделската задруга.

Член 70

Работните луѓе што самостојно вршат дејност со личен труд можат, во согласност со договор и со закон, својот труд и средствата на трудот да ги здружуваат со организациите на здружениот труд во различни облици на кооперација и други видови деловна соработка. Во рамките на таа соработка овие работни луѓе учествуваат во управувањето со заедничките работи, заеднички одлучуваат за заеднички остварениот доход и учествуваат во неговата распределба сразмерно со својот придонес во остварувањето на тој доход.

Член 71

Работниот човек што самостојно врши дејност со личен труд со средства во сопственост на граѓани може, врз самоуправна основа, да го здружува својот труд и средства на трудот со трудот на други лица во рамките на договорна организација на здружениот труд.

Работниот човек што во договорната организација на здружениот труд го здружил својот труд и средства со трудот на други лица има право, како работоводител, да раководи со работењето на договорната организација и заедно со работниците да одлучува за нејзината работа и развој.

На работоводителот и на работниците во договорната организација на здружениот труд, врз основа на нивниот труд, им припаѓаат средства за задоволување на личните и заедничките потреби, а на работоводителот врз основа на средствата што ги здружил и дел од доходот во согласност со начелата што важат за здружување на трудот и на општествените средства во организациите на здружениот труд.

Делот од доходот остварен во договорната организација на здружениот труд, што преостанува по издвојувањето на средства за задоволување на личните и заедничките потреби на работоводителот и работниците и делот на работоводителот врз основа на средствата што ги здружил, е општествена сопственост. Работниците, заедно со работоводителот, управуваат со тој дел од доходот врз основа на својот труд како со општествени средства.

Условите и начинот на основањето и работењето на договорната организација на здружениот труд, како и нејзините права, обврски и одговорности се уредуваат со закон, а меѓусебните права, обврски и одговорности на работоводителот и работниците со договор во согласност со законот. Со договор се уредуваат и начинот и условите на здружувањето на средствата, како и начинот и условите на повлекувањето односно исплатувањето на средствата што работоводителот ги внел во договорната организација.

Работоводителот на договорната организација на здружениот труд го задржува правото на сопственост на средствата што ги здружил во таа организација. Со повлекувањето односно исплатувањето на овие средства на работоводителот му престануваат правата што ги има како работоводител во договорната организација.

Член 72

Со закон се определува во кои дејности, во согласност со нивната природа и со општествените потреби, и под кои услови работниот човек што самостојно врши дејност со личен труд со средства во сопственост на граѓани може, но исклучок и во ограничен обем, без основање на договорна организација на здружениот труд да користи дополнителен труд на други лица со нивно вработување.

Договорот за вработување го склучуваат работниот човек и работниците што ги вработува во согласност со колективниот договор што го склучуваат синдикалната организација и соодветната стопанска комора односно другото здружение во кое се претставени работни луѓе кои самостојно вршат дејност со личен труд со средства во сопственост на граѓаните. Со колективниот договор на тие работници им се обезбедува, согласно со правата на работниците во здружениот труд, право на средства за задоволување на личните и заедничките потреби и други права што ја обезбедуваат нивната материјална и социјална сигурност.

Со закон може да се определи делот од доходот што е резултат од вишокот на трудот на работниците вработени кај работниот човек што самостојно врши дејност со личен труд со средства во сопственост на граѓани да стане општествена сопственост и да се користи за потребите на развојот.

7. Општествено планирање

Член 73

Работниците во основните и другите организации на здружениот труд и работните луѓе во самоуправните интересни заедници, месните заедници и другите самоуправни организации и заедници во кои управуваат со работите и со средствата на општествената репродукција имаат право и должност, потпирајќи се врз научните сознанија и врз нив заснованите оценки за развојните можности и почитувајќи ги економските законитости, самостојно да донесуваат планови и програми за работа и за развој на своите организации и заедници, тие планови и програми да ги усогласуваат меѓусебно и со општествените планови на општествено-политичките заедници и врз таа основа да обезбедуваат усогласување на односите во целината на општествената репродукција и насочување на целокупниот материјален и општествен развој во согласност со заедничките интереси и цели утврдени врз самоуправни основи.

Член 74

Плановите и програмите за работа и развој на основните организации на здружениот труд и на организациите на здружениот труд во чиј состав се, се донесуваат и остваруваат во односи на соработка и меѓусебна зависност што произлегуваат од здружувањето на трудот и средствата во тие организации согласно со самоуправната спогодба обезбедувајќи го притоа правото на работниците во основните организации на здружениот труд да одлучуваат за донесувањето на тие планови и програми.

Основните и другите организации на здружениот труд, здружени во самоуправни интересни заедници или во други самоуправни организации и заедници, ги донесуваат и ги остваруваат своите планови и програми за работа и развој во согласност со заедничките интереси и цели односно со заедничките планови и програми што спогодбено ќе ги утврдат во рамките на овие самоуправни организации и заедници.

Организациите на здружениот труд, самоуправните интересни заедници и другите самоуправни организации и заедници ги усогласуваат своите планови и програми за работа и развој и со плановите и програмите на другите самоуправни организации и заедници со кои имаат определени заеднички интереси и цели што произлегуваат од нивната соработка и меѓусебна зависност во општествената репродукција и што ги утврдуваат со самоуправна спогодба.

Меѓусебните обврски што основните и другите организации на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници спогодбено ги утврдиле заради остварување на заедничкиот план, не можат еднострано да се раскинуваат односно да се менуваат за времето за кое е утврден планот.

Член 75

Врз основа на договор за заедничките интереси и цели на стопанскиот и општествениот развиток во општината, градската и регионалната заедница и на Републиката и, врз основа на плановите и програмите за работа и развој на организациите на здружениот труд, самоуправните интересни заедници и другите самоуправни организации и заедници, како и врз основа на заеднички оценетите можности и услови за развиток се донесуваат општествени планови на општините, на градските заедници и на Републиката.

Со општествените планови на општините, на градските заедници и на Републиката се утврдува заедничката политика на развојот и насоките и рамките за донесување на мерките на економската политика и управните и организационите мерки со кои се обезбедуваат услови за остварување на тие планови.

Член 76

Со плановите за работа и развој на организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници, како и со општествените планови на општините, на градските заедници и на Републиката, можат да се утврдуваат инвестиции и други цели и задачи односно може да се пристапи кон нивно остварување само ако се обезбедени материјални и други потребни услови за нивното остварување, на начин пропишан со закон.

Извршувањето на посебни задачи заради остварување на делите утврдени со општествените планови може да се утврди како обврска на определени организации на здружениот труд или на други самоуправни организации и заедници само врз основа на согласност на соодветните организации односно заедници. Ако извршувањето на ваквите задачи се утврдува како заедничка обврска на повеќе организации или заедници или и како обврска на органите на општината, на градската заедница односно на Републиката, овие организации, заедници или органи спогодбено ги утврдуваат заемните права и обврски и својата заедничка и поединечна одговорност за извршување на тие обврски.

Ако со општествениот план, врз основа на заеднички утврдените интереси и цели на развојот, се утврди дека извршувањето на определени задачи е неопходно за општествена репродукција, а со спогодба на организациите на здружениот труд или на другите самоуправни организации или заедници не можеле да бидат обезбедени средства и други потребни услови за нивното извршување, со закон може да се утврди обврска за здружување на средства за таа цел и да се пропишат други мерки заради извршување на тие задачи. Со овој закон се уредуваат висината на средствата, начинот на нивното користење, начинот и роковите на нивното враќање, како и правата и обврските на организациите на здружениот труд во управувањето со здружените средства.

Овој закон се донесува откако Собранието на Социјалистичка Република Македонија ќе оцени дека здружувањето на средствата е од општ општествен интерес. Законот се донесува со мнозинство гласови на сите делегати во Соборот на здружениот труд.

Собранието во согласност со развојната политика на Републиката, ја следи употребата на средствата и врши надзор над таа употреба.

Член 77

Законите и другите прописи и општите акти со кои се создаваат обврски за буџетите и фондовите на општините и на Републиката што можат да се основаат според овој устав не можат да се донесуваат ако претходно органот што го донесува соодветниот пропис односно акт не утврди дека за извршувањето на тие обврски се обезбедени средства.

Член 78

Работниците во организациите на здружениот труд и работните луѓе во другите самоуправни организации и заедници и нивните органи се одговорни за остварувањето на плановите за работа и развој на своите организации и заедници како и на општите цели и задачи утврдени со општествените планови на општините, на градските заедници и на Републиката и се должни за таа цел да ги преземаат потребните мерки и дејства.

Органите на општините, на градските заедници и на Републиката се одговорни со прописите и мерките што ги донесуваат заради остварување на општествените планови да обезбедат општи услови за што поусогласен и постабилен развој и со тие прописи и мерки да ги доведуваат во што поцелосна согласност посебните интереси и самостојното дејствување на организациите на здружениот труд и на другите самоуправни организации и заедници со заедничките интереси и цели на развојот утврдени со општествените планови.

Член 79

Општествениот план на Социјалистичка Република Македонија се засновува врз договор на работните луѓе, организациите на здружениот труд, самоуправните интересни заедници и другите самоуправни организации и заедници и на општините за економската политика на Републиката.

Со општествениот план на Социјалистичка Република Македонија, врз основа на заеднички оценетите можности и услови за развој на организациите на здружениот труд, самоуправните интересни заедници и другите самоуправни организации и заедници, на општините и на Републиката како целина и врз таа основа усогласените заеднички интереси, се утврдува економската политика на Републиката, се усогласува развитокот на Републиката и во согласност со нив се насочува општествената репродукција врз основите на самоуправните социјалистички општествено-економски односи.

Општествениот план на Републиката утврдува насоки и рамки за донесување мерки на економската политика и други мерки што, во согласност со правата и должностите утврдени со овој устав, ги донесуваат органите на Републиката заради обезбедување услови за остварување на усогласените заеднички интереси на организациите на здружениот труд, самоуправните интересни заедници и другите самоуправни организации и заедници и општините.

Со општествениот план на Републиката се утврдуваат и насоките и рамките за донесување мерки на економската политика и други мерки што во рамките на правата и должностите на Републиката, утврдени со овој устав, ги донесуваат органите на Републиката заради обезбедување на услови за остварување на усогласените заеднички интереси на здружениот труд, а особено за побрз развиток на стопански недоволно развиените краишта.

8. Општествен систем на информирање, општествено книговодство, евиденција и статистика

Член 80

Со општествениот систем на информирање се обезбедува усогласено евидентирање, прибирање, обработка и искажување на податоци и факти значајни за следење, планирање и насочување на општествениот развој, како и достапност на информациите за тие податоци и факти.

Дејностите во областа на општествениот систем на информирање се од посебен општествен интерес.

Член 81

Работниците во организациите на здружениот труд и работните луѓе во другите самоуправни организации и заедници и органите на тие организации и заедници, како и органите на општините, на градските заедници и на Републиката, се должни да организираат водење на книговодство и евиденција за фактите од значење за работата и одлучувањето во овие организации и заедници.

Организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници и општините, градските заедници и Републиката се должни на организациите за водење општествено книговодство, евиденција и статистика да им даваат податоци што се од значење за усогласување на односите во општествената репродукција и насочување на развојот и за остварување на правата на работните луѓе во самоуправните организации и заедници да бидат информирани за појавите и односите од заеднички односно општ интерес.

Член 82

Евиденцијата и информативно-аналитичките работи за располагањето со општествените средства, контролата на исправноста на податоците за располагањето со тие средства, контролата на законитоста на располагањето со општествените средства и контролата на извршувањето на обврските на организациите на здружениот труд и на другите самоуправни организации и заедници и на општествено-политичките заедници, како и другите работи на општественото книговодство утврдени со закон, ги врши Службата на општественото книговодство. Оваа служба ги врши и работите на платниот промет во Републиката.

Службата на општественото книговодство им обезбедува на организациите на здружениот труд и на другите општествени правни лица податоци врз основа на кои работните луѓе и органите на самоуправната работничка контрола остваруваат увид во материјалната положба и во финансиското и материјалното работење на своите и на другите организации и заедници.

Службата на општественото книговодство е самостојна во својата работа.

Службата на општественото книговодство работи врз основа на закон и други прописи и, во рамките на своите права и должности, е одговорна за нивната примена.

Член 83

Службата на општественото книговодство соработува со организациите на здружениот труд и со другите корисници на општествени средства во организирањето на нивната внатрешна контрола на финансиското и материјалното работење.

Службата на општественото книговодство може со закон да се задолжи да врши и други задачи.

9. Средства за општи општествени потреби

Член 84

Работниците во здружениот труд учествуваат во обезбедувањето на општите општествени потреби утврдени со овој устав што ги задоволуваат во општините и во Републиката со плаќање на даноци и други давачки од доходот на основната организација на здружениот труд и од своите лични доходи, во согласност со намената односно со целите за кои служат средствата добиени од даноците и другите давачки.

Обврските за плаќање на даноци и други давачки спрема општините и Републиката се утврдуваат во зависност од способноста на стопанството, во согласност со достигнатиот степен на продуктивноста на вкупниот општествен труд и со потребите на материјалниот и општествениот развој што одговараат на неговите можности и на долгорочните интереси на развојот на производните сили на општеството, да го обезбеди задоволувањето на личните и заедничките потреби на работните луѓе и потребите на проширената репродукција. Овие обврски се утврдуваат и во зависност од способноста на организацијата на здружениот труд, во согласност со општите обврски на стопанството и со резултатите на трудот и успехот што го остварува, да го обезбеди задоволувањето на овие потреби.

Овие начела се применуваат и кога со закон, во рамките на правата и должностите на Републиката утврдени со уставот, привремено се ограничува располагањето со средствата со кои управуваат работниците во организациите на здружениот труд или се утврдува обврска за здружување на тие средства.

Член 85

Заради задоволување на општите општествени потреби утврдени со овој устав работните луѓе што вршат самостојно дејност со личен труд со средства во сопственост на граѓаните, земјоделците и граѓаните плаќаат данок.

Работните луѓе што вршат самостојно дејност со личен труд со средства во сопственост на граѓаните и земјоделците плаќаат данок од личен доход.

Граѓаните плаќаат со закон утврдени даноци на приходите, имотот и имотните права.

Член 86

Системот, изворите и видовите даноци, такси и други давачки се утврдуваат со закон.

Општините и Републиката самостојно ја утврдуваат висината на даноците, таксите и другите давачки што според законот се нивни приходи и располагаат со нив.

Член 87

Даноците и придонесите што се плаќаат од доходот на основната организација на здружениот труд, се плаќаат според прописите и во корист на општината на чие подрачје основната организација на здружениот труд трајно ја врши дејноста.

Даноците и придонесите од личен доход односно од приходите на работниците и граѓаните, освен даноците на имот и приходи од имот, се плаќаат во согласност со закон, според прописите и во корист на општината на чие подрачје работникот или граѓанинот живее односно според одлуките и во корист на самоуправната интересна заедница која на работникот или на членовите на неговото семејство им обезбедува задоволување односно користење на услугите за кои се плаќаат тие придонеси.

Член 88

Заради изедначување на условите за стопанисување и заради усогласен развој на Социјалистичка Република Македонија и самоуправните интересни заедници, општините и Републиката ги усогласуваат обврските за плаќање на даноци и придонеси на организациите на здружениот труд, работните луѓе и граѓаните.

Член 89

Социјалистичка Република Македонија, заедно со другите социјалистички републики и со социјалистичките автономни покраини, ги усогласува основите на даночната политика и даночниот систем, кога е тоа нужно за обезбедување на единството и стабилноста на југословенскиот пазар.

10. Обезбедување на единствениот југословенски пазар

Член 90

Социјалистичка Република Македонија, заедно со другите републики и автономни покраини, преку органите на федерацијата, ги обезбедува следните основи на единствениот југословенски пазар:

— единствени пари, единствен монетарен систем, единствена монетарна политика и заеднички основи на кредитната политика;

— единствен систем и заедничка политика на економските односи со странство, единствен царински систем и заедничка царинска политика;

— начинот и видот на компензациите;

— насочување на стопанскиот и општествениот развиток и усогласување на односите на пазарот со општественото планирање врз основите на самоуправувањето.

Член 91

Заради остварување на единствениот југословенски пазар Социјалистичка Република Македонија обезбедува:

— рамноправни услови за вршење дејноста на организациите на здружениот труд, на нивните здруженија и на работните луѓе и за стекнување на доход, како и за основање и здружување на тие организации;

— слободно движење и здружување на трудот и на средствата на општествената репродукција и слободна размена на стоки и услуги, научни резултати и стручни искуства;

— слободно истапување на пазарот, самоуправно спогодување и општествено договарање заради унапредување на производството и прометот и интегрирање на општествениот труд;

— спречување да се стекнат предности врз основа на монопол на пазарот и други општествено и економски неоправдани предности;

— слободно вработување на граѓаните под исти услови што важат во местото на вработувањето;

— признавање на правата по основ на трудот, без оглед на тоа каде се стекнати во Социјалистичка Федеративна Република Југославија.

Противуставен е секој акт и секое дејство со кои се нарушува единството на југословенскиот пазар.

11. Народна банка на Македонија

Член 92

Народната банка на Македонија е установа на единствениот монетарен систем на Социјалистичка Федеративна Република Југославија.

Народната банка на Македонија, со Народната банка на Југославија и со народните банки на другите републики и на автономните покраини, ја остварува заедничката емисиона политика.

Народната банка на Македонија, во рамките на заедничката емисиона политика, ги утврдува условите и начинот на користење на паричните средства во Републиката и презема други мерки за спроведување на кредитната политика на Републиката.

Народната банка на Македонија, во рамките на своите права и должности, е одговорна за стабилноста на валутата, за општата ликвидност на плаќањето во земјата и спрема странство и за спроведувањето на заеднички утврдената монетарно-кредитна политика.

Народната банка на Македонија самостојно ги применува мерките со кои, се остваруваат целите и задачите на монетарно-кредитната и девизната политика. Деловните банки и другите финансиски организации се должни да се придржуваат за одлуките што ги донесува Народната банка на Македонија заради остварување на таа политика.

Народната банка на Македонија не може да врши дејност на деловна банка ниту да има статус на таква банка.

Народната банка на Македонија прима во депозит средства на Републиката и на општините, а во согласност со закон може во нивно име и за нивна сметка да врши и други банкарски работи.

Член 93

Со Народната банка на Македонија управуваат Советот на Народната банка на Македонија и гувернерот, што ги именува Собранието на Социјалистичка Република Македонија.

Советот и гувернерот за работата на банката одговараат пред Собранието.

Статусот на Народната банка на Македонија се утврдува со закон.

12. Сопственосно-правни односи

Член 94

На граѓаните им се гарантира правото на сопственост на предмети што служат за лична потрошувачка или за задоволување на нивните културни и други лични потреби.

Граѓаните можат да имаат право на сопственост на станбени згради и станови за задоволување на личните и семејните потреби. Станбените згради и становите и другите предмети што служат за лични потреби на кои постои право на сопственост не можат да се користат за стекнување на доход, освен на начин и под услови определени со закон.

Член 95

Со закон се определуваат границите и условите под кои здруженијата на граѓаните и другите граѓански правни лица можат да имаат право на сопственост на недвижности и на други предмети што служат за остварување на заедничките интереси на нивните членови и за целите за кои се основани, како и условите под кои тие можат да располагаат со нив.

Член 96

На земјоделците им се гарантира правото на сопственост на обработливо земјоделско земјиште во површина од најмногу 10 ха на домаќинство.

Со закон може да се утврди дека во ридско-планинските краишта површината на обработливото земјоделско земјиште на кое земјоделците имаат право на сопственост може да биде поголема од 10 ха на домаќинство.

Со закон се определува во кои граници и под кои услови земјоделците можат да имаат право на сопственост на друго земјиште, како и во кои граници и под кои услови другите граѓани можат да имаат право на сопственост на земјоделско и друго земјиште.

Со закон се определуваат условите и границите под кои може да се стекнува право на сопственост на шуми и шумско земјиште.

Член 97

Не може да постои право на сопственост на земјиште во градовите и во населбите од градски карактер и во други подрачја предвидени за станбена и друга комплексна изградба кои, во согласност со условите и по постапка утврдени со закон, ќе ги определи општината.

Условите, начинот и времето на престанокот на правото на сопственост на земјиштето на кое пред донесувањето на одлуката на општината постоело право на сопственост, како и надоместокот за тоа земјиште, се уредуваат со закон. Начинот и условите на користењето на таквото земјиште ги определува општината врз основа на закон.

Член 98

Правото на сопственост граѓаните и граѓанските правни лица го остваруваат во согласност со природата и намената на недвижностите и на другите предмети во нивна сопственост и со општествениот интерес утврден со закон.

Условите за промет на земјиште и други недвижности на кои постои право на сопственост се уредуваат со закон.

Член 99

Правото на сопственост на предмети од посебно културно значење може, врз основа на закон, да се ограничи ако тоа го бара општиот интерес.

Член 100

Недвижностите на кои постои право на сопственост можат, со правичен надоместок, да се експроприраат или тоа право може да се ограничи, ако тоа го бара општиот интерес утврден врз основа на закон.

Со закон се определуваат основите и мерилата на правичниот надоместок. Со определувањето на овие основи и мерила и со нивната примена не можат битно да се влошат условите за живот и работа што ги имал сопственикот чија недвижност се експроприра, врз основа на користењето на таа недвижност.

Правичниот надоместок не ја опфаќа зголемената вредност на недвижноста што непосредно или посредно е резултат од вложување на општествени средства.

Член 101

Рентата што се создава на земјиштето со вложување на општествени средства за негово користење за градежни, комунални или стопански намени му припаѓа на општеството и, по правило, се користи за уредување на просторот.

Рентата се утврдува, се зафаќа и се насочува со прописи на општините донесени врз основа на закон.

Со закон може да се уредува зафаќаното и насочувањето на другите видови рента што не е резултат од вложувањето на сопствениците или на корисниците на недвижностите (рудно богатство, шуми и води).

13. Станбени односи

Член 102

Работниците во основните организации на здружениот труд, во самоуправните интересни заедници и во работните заедници што вршат работи од заеднички интерес за повеќе основни организации на здружениот труд, на државните органи, општествено-политичките организации и здруженијата и во другите работни заедници што не се организирани како организации на здружениот труд, како и работните луѓе што работат со средства на трудот во сопственост на граѓаните и користат дополнителен труд на други лица и граѓанските правни лица, издвојуваат, здружуваат и распоредуваат средства за станбена изградба и за подобрување на условите за станување, во согласност со самоуправни спогодби и општествени договори, во рамките на самоуправната интересна заедница.

Во рамките на самоуправната интересна заедница, во согласност со начелата на солидарност и заемност, се насочуваат дел од средствата наменети за остварување на поповолни услови за станбена изградба за потребите на работните луѓе со пониски доходи, за работниците од оние организации на здружениот труд што не располагаат со потребните средства за таа цел и за надоместување на дел од станарината на работните луѓе и граѓаните со пониски доходи.

Работните луѓе и граѓаните учествуваат во станбената изградба со сопствени средства и со здружување на сопствени средства со општествени средства.

Член 103

Општините и Републиката ги утврдуваат основите на станбената политика, го насочуваат развитокот на станбеното стопанство и создаваат услови за рационална станбена изградба, во согласност со општествените и просторните планови за развој, имајќи ги предвид самоуправните спогодби и општествените договори за издвојување и здружување на средства за станбена изградба.

Општината се грижи за станбените потреби на работните луѓе и на граѓаните што не се во состојба на друг начин да обезбедат стан.

14. Добра од општ интерес

Член 104

Земјиштето, шумите, шумското земјиште, пасиштата, езерата, водите, водотоците, рудните и другите природни богатства, природните реткости, добрата во општа употреба, како и недвижностите и другите предмети од посебно културно и историско значење, како добра од општ интерес, уживаат посебна заштита и се користат под услови и на начин што се пропишани со закон.

Член 105

Секое земјиште, пасиште, шума, вода и водотек, рудните и другите природни богатства, мораат да се користат согласно со општите услови предвидени со закон со кои се обезбедува нивно рационално искористување и до другите општи интереси.

Член 106

Со закон може да се утврди начинот на управување со добрата од општ интерес.

Начинот на користење и управување со патиштата, како добра во општа употреба, се уредува со закон.

Член 107

Дивечот и рибите, како природни богатства, се под посебна заштита определена со закон.

15. Заштита и унапредување на човековата околина

Член 108

Работните луѓе и граѓаните, организациите на здружениот труд, општините и Републиката, месните заедници и другите самоуправни организации и заедници имаат право и должност да обезбедуваат услови за зачувување и развој на природните и со работа создадените вредности на човековата околина, како и да ги спречуваат и да ги отстрануваат штетните последици што со загадување на воздухот, земјиштето и водите, со бучава или на друг начин ги загрозуваат тие вредности или го доведуваат во опасност животот и здравјето на луѓето.

Со закон се уредува спречувањето на загадувањето на воздухот, на почвата и водата, спречувањето на штетната бучава и заштитата на животинскиот и растителниот свет.