Устав на Социјалистичка Република Македонија од 1974


Глава VIII

Народна одбрана

Член 290

Неприкосновено и неотуѓиво право и должност на македонскиот народ и народностите, на работните луѓе и граѓаните е да ја штитат и бранат независноста, суверенитетот, територијалната целокупност и со уставот утврденото општествено и политичко уредување на Социјалистичка Република Македонија и на Социјалистичка Федеративна Република Југославија.

Работните луѓе и граѓаните имаат право да учествуваат во организирањето на народната одбрана и, во рамките на системот и плановите за одбрана, да им се обезбеди активно учество во одбраната на земјата, како и услови за оспособување за одбрана и заштита.

Член 291

Никој нема право да признае или да потпише капитулација, ниту да прифати или признае окупација на Социјалистичка Република Македонија или на одделен нејзин дел. Никој нема право да ги спречи граѓаните на Социјалистичка Република Македонија да се борат против непријателот што ја нападнал земјата.

Член 292

Социјалистичка Република Македонија во согласност со основите на системот на народната одбрана, ја утврдува организацијата на народната одбрана, начинот и облиците на подготовките и начелата на плановите и подготвителните мерки во воена состојба, ја организира народната одбрана и раководи со територијалната одбрана, цивилната заштита и другите подготовки за одбрана на земјата, а во случај на напад на земјата — го организира општонародниот отпор и раководи со него на територијата на Републиката, се грижи за сразмерна застапеност на Македонците и на народностите во старешинскиот состав на Југословенската народна армија и врши со закон определени работи за потребите на Југословенската народна армија.

Член 293

Територијалната одбрана е дел од општонародната одбрана во Републиката, составен дел на вооружените сили на Социјалистичка Федеративна Република Југославија и најширок облик на организирање на народот за вооружен отпор.

Територијалната одбрана ја сочинуваат: штабови, единици, установи и други облици на вооружен општонароден отпор, што ги формираат и организираат Републиката, општините и организациите на здружениот труд.

Во штабовите, единиците и установите на територијална одбрана се применува начелото за што посразмерна застапеност на припадниците на народностите на Републиката и рамноправноста на нивните писма и јазици.

Во единиците на територијалната одбрана, составени од припадници на народностите, во командувањето и обуката се употребува јазикот на таа народност.

Член 294

Цивилната заштита е облик на општонародната одбрана за организирање и подготвување на работните луѓе и граѓаните, организациите на здружениот труд, месните заедници, самоуправните интересни заедници и другите самоуправни организации и заедници и на општината и Републиката за заштита и спасување на населението и материјалните добра од воени дејства, елементарни непогоди и други непогоди во мир.

Член 295

Право и должност на општините е, во согласност со основите на системот на народната одбрана, секоја на своето подрачје да ја уредува и организира народната одбрана, да ги насочува подготовките на месните заедници и на другите самоуправни организации и заедници во оваа област, да раководи со територијалната одбрана, цивилната заштита и другите подготовки за одбрана на земјата а во случај на напад на земјата — да го организира општонародниот отпор и да раководи со него.

Член 296

Во месните заедници, работните луѓе и граѓаните непосредно се организираат и се подготвуваат за учество и давање отпор на агресорот, за заштита и спасување од воени дејства и за извршување на други задачи од интерес за одбраната на земјата.

Член 297

Организациите на здружениот труд и другите самоуправни организации и заедници го вршат правото и должноста на одбрана на земјата во согласност со законот, плановите и одлуките на општествено-политичките заедници, обезбедуваат средства за народна одбрана и вршат други задачи од интерес за народната одбрана. Овие организации и заедници се одговорни за извршување на тие задачи.

Општествените организации, стручните и другите здруженија спроведуваат подготовки за општонародна одбрана во согласност со својата дејност, работат врз оспособување на своите членови за активно учество во општонародниот отпор и соработуваат со други органи и организации во спроведувањето на подготовките за општонародна одбрана.

Член 298

Општествено-политичките организации вршат подготовки за работа во војна, учествуваат во изработката и усогласувањето на плановите и спроведувањето на подготвителните мерки, а во рамките на општината односно Републиката ја поттикнуваат и насочуваат активноста на своето членство и на граѓаните за одбрана на земјата.