Трајко Мишковски

Автобиографија

од Мишковски Трајко, роден на ден 5 март 1904 во Велес, општина велешка, Република Македонија


Напишано: 23 мај 1979
Извор: Државен Архив на Република Македонија. Фонд: Трајко Мишковски – шпански борец (1903-1981)
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: јуни 2016


Потеклото ми потекнува од работничко, бидејќи мојот родител беше тулаџиски работник, но за време на работата се срушува еден брег од земја кој го поклопува и на тој начин му се скршува половината, а потоа станува доживотен инвалид. Тој, како инвалид, за да го издржи петчленото семејство, отвори едно дуќанче во маалото „Мегдан“, во кое продаваше свеќи и бонбончиња. Националната припадност, како на моите родители, така и мојата е македонска. Од школска спрема имам три класа гимназија, од кои третиот не го имам завршено поради истерување од гимназијата, а причина за моето истерување беше поради тоа што сум пеел македонски песни, овој период е во 1919 година. По исклучувањето од гимназијата отидов на занает. А кога се отвори Монополот во Велес, јас се вработив во истиот. Како работник работам од 1920 година. Во работничкото движење стапувам во од 1920-1926 година. Во овој временски период станувам [член] и на синдикалното движење во Велес. А 1922 година стапив во комунистичката младина на Југославија и за Македонија, додека 1923 година станувам член на КПЈ. А додека по време станувам и член на Месниот комитет на КП-Велес. Во овој временски период бев неколку пати апсен од страна на полицијата за мојата политичка дејност. Поради мојата партиска работа, од страна на членството бев биран за делегат на Покраинската партиска конференција, која во тоа време се одржуваше во Скопје.

Во почетокот на 1926 година, по задача на Покраинскиот комитет и на ЦК КПЈ, јас морав да емигрирам од земјата, поради тоа морав да ја минам југословенската граница и одам во Виена, каде се јавувам на јавка која ја добив од ЦК на КПЈ. По моето пристигнување во Виена, веднаш се поврзав со претставникот на Комунистичката партија на Југославија. Во Виена останав еден месец, а потоа ме испратија во Берлин. Овде исто бев задржан еден месец а потоа ми дадоа нормални документи под илегални услови, каде потоа бев пратен за Москва, на учење во партиската школа. По моето пристигнување во Москва, веднаш се јавив во Коминтерната при југословенската секција, кој беше претставник од страна на ЦК КПЈ другарот Филип Филиповиќ. Тој, по моето прифаќање од негова страна ме праќа на универзитетот при Коминтерната, кој се викаше во тоа време Комунистички универзитет на националните малцинства на Западот. Во овој универзитет учев 1926-1930 година. По завршувањето на спомнатиот универзитет, бев испратен на партиска работа во внатрешноста на СССР, каде работев сè до 1934 година. 

Потоа, некаде во месец септември 1934 година, бев повикан од страна на Коминтерната, која потоа ме испраќа на нелегална партиска работа во Југославија. Моето патување за Југославија, каде бев даден на ЦК КПЈ на располагање во Москва, кој ЦК веднаш ме испрати во Прага, каде се задржав извесно време, а потоа заминав за Виена. Во Виена се поврзав со претставникот на ЦК КПЈ Благоја Паровиќ, кој беше во тоа време организациски секретар на КПЈ. Овде се задржав извесно време, потоа заминав нелегално преку граница и минав за Југославија. По моето преминување на границата, пристигнав во Целје на јавка, а додека од Целје добив јавка за Загреб, а потоа Загреб ми даде јавка за Белград. Во Белград пристигнав некаде во почетокот на јануари 1935 година. Мене, моите соработници од ЦК на КПЈ бидејќи ме испратија за Југославија, како инструктор на ЦК КПЈ за Југославија, овде во Белград стапив во Белград стапив во врска со секретарот на Покраинскиот комитет за Србија, другарот Трајко Стаменковиќ. 

Потоа Стаменковиќ Трајко ме поврза со Анастасов Мире, кој беше во тоа време секретар на Покраинскиот комитет за Македонија. А во спомнатото време седиштето на Покраинскиот комитет на партијата беше во Куманово. Јас со јавка пристигнувам во Куманово при другарот Киро Шпарта, кој ме поврза со другарот Мире Анастасов, потоа одам заедно со Мире Анастасов во Скопје и таму најдовме нелегален стан каде јас требаше да живеам и така јас почнав да работам на нелегалната работа во Скопје. Во тоа време во Месниот комитет на КПЈ за Скопје бевме беа другарите и тоа: Блажо Орландиќ, по сеќавање беше еден шивачки работник Орце Николовски и еден другар кој работеше како автомеханичар во скопскиот аеродром, за неговото име не можам да се сетам. А потоа се поврзувам со внатрешноста на Македонија, како со Велес, Прилеп, Битола, Штип и другите места од внатрешноста. Јас во Скопје илегално работам до петтомајските избори 1935 година. После тоа бев принуден да го напуштам Скопје, бидејќи бев забележан од агентот Здравко Аџиангелев. Тој беше велешанец и некогашен комунист, со кој заедно во минатото време сме соработувале партиски, но подоцна стана шпион на српската полиција. И затоа бев принуден да го напуштам Скопје, со согласност на Покраинскиот комитет на КПЈ и ЦК КПЈ, поради што заминав за Белград. 

Таму веднаш се поврзав со партиската организација и бев кооптиран за член на Месниот комитет за Белград, а исто бев и како инструктор на ЦК КПЈ. Овде не само што вршев партиска работа, но и одев во внатрешноста на Србија како инструктор на ЦК КПЈ. Во Белград работам сè до крајот на 1935 и почетокот на 1936 година, кога настана провала со случајот на Митровиќ. Поради големата провала, морав да заминам за Загреб и во Загреб се поврзав со партиската организација, а потоа со секретарот на КПЈ - [Милан] Горкиќ, кој ми даде согласност да заминам за Виена. Во Виена пристигнав и со јавката се поврзав со претставникот на КПЈ, така во Виена по завршување на некои партиски работи и со решение на ЦК КПЈ одам за Прага. Штом пристигнав во Прага, исто така таму се поврзав со претставникот на КПЈ. Во Прага останувам сè до моето одење во Шпанија. 

По објавувањето на Франковиот преврат во Шпанија, кој тој успеал да изврши пуч против законитата влада и каде се водеа улични борби во Мадрид, Барселона и други градови. Штом јас ги прочитав вестите од случувањата во Шпанија, веднаш од Прага го известив ЦК на КПЈ за тие случувања и од истиот барав да ми овозможи за да одам во Шпанија за заеднички со шпанскиот пролетаријат да се борам против фашизмот во Шпанија, а преку таа борба да се борам и против фашизмот во својата земја. По кратко време ЦК КПЈ ми дозволи да можам да тргнам за Париз и таму да се поврзам и работам меѓу нашите работници кои работеа во Париз. Во тоа време морав да ја поминам пешки чешката, потоа германската граница. Кога дојдов на француската граница, поминав на француската територија и потоа дојдов во Париз. Штом пристигнав во Париз, веднаш се јавив на јавката и веднаш ме поврзаа со претставникот на КПЈ. Во тоа време претставник на КПЈ беше Родољуб Чолаковиќ, кој веднаш ме презеде потребни мерки и ме смести во еден стан, така во наредниот ден тој ме поврза со некои другари за да со истите почнам да работам по партиска линија, така за едно кратко време се јавија доброволци со желба да одат во Шпанија за таму да се борат во борбата против фашизмот. Такви борци беа 45 души, а исто и јас бев со нив, кои беа организирани од моја страна, а потоа тргнавме за Шпанија. Овој временски период беше во месец август 1936 година. 

Исто така нелегално ја поминавме француско-шпанската граница и потоа пристигнавме во градот Албасете, каде беше и базата на Интер-бригадите. Од спомнатиот терен се формираа интер-бригадите. Бидејќи не нè имаше нас Југословени за да формираме воена единица, се собравме со останатите народности од Балканот во кој бевме: Југословени, Бугари, Грци, Романци и Унгарци и тогаш создадовме една чета и и’ дадовме име - Прва балканска чета. Тогаш мене ме избраа за четен комесар, а додека еден друг другар беше избран за командир на четата и оваа наша чета влезе во состав на еден германски баталјон. Четата наша во составот на баталјонот беше трета чета. Овој баталјон го носеше името „Едгард Андреј“ [Едгар Андре]. Откако се формиравме и добивме оружје, тргнавме на мадридскиот фронт. Таму бевме од почетокот на ноември месец 1936 година сè до крајот на јануари 1937 година, а потоа бевме префрлени на фронтот Харама. На овој фронт бевме до март-април месец 1937 година. Од таму нè префрлија на фронтот Гвадалахара, а потоа на брунетскиот фронт. После брунетската офанзива, што беше во јуни месец 1937 година. Во овој времески период е донесено решение да се формира југословенски баталјон кој ќе го носи името на Ѓуро Ѓаковиќ. Баталјонот е формиран во едно село Карабанѓа во провинцијата Арагон. Тогаш мене ме назначија за началник на штабот Ѓуро Ѓаковиќ. А за командант беше назначен Алексо Демниевски, додека комесар беше другарот Дудек. По овој повод ние Југословените имаме свој баталјон. Нашиот баталјон се бореше на повеќе фронтови низ Шпанија. Како на фронтот Кинто Белчито, Сарагоса, Брунете и Тарагона, како и на други воени положаи. По едно извесно време јас станав командант на баталјонот „Ѓуро Ѓаковиќ“, а Алексо Демниевски отиде на зборниот пункт, каде што требаше да се формира 29-та бригада. Јас како командант на баталјонот бев неколку месеци, до крајот на 1937 - 1938 на почетокот. Кога бев префрлен во 17-та дивизија како началник на оперативното одделение и таму бев до крајот на борбите, како на реката Ебро и други. Потоа бевме повлечени сите интер-бригади од фронтовите со решението на Друштвото на народите, а потоа дојде повлекувањето од Шпанија. 

Ние Шпанија ја напуштивме на 11 февруари 1939 година, кога и ја преминавме шпанско-француската граница. Французите веднаш нè прифатија и нè однесоа во логор. Јас прво попаднав во логорот Сансебис. Во овој логор бев едно кратко време, после нè префрлија во логорот Гурст [Гирс], а потоа нè префрлија во логорот Верне. Од логорот Верне ме однесоа во затвор во градот Касте во јужниот дел на Франција. Од тој затвор ме префрлуваат во градот Гајак и во Гајак останувам сè до моето бегство 1943 година. Нашето бегство ни го организира Француската комунистичка партија. Во групата што избегавме од Франција бевме околу 30 души. Тие борци беа сите од интер-бригадите. По бегството од затворот веднаш бевме приклучени во партизанските одреди, кои се викаа по француски Маки, или организацијата на Отпорот. Ние како партизани делувавме во јужна Франција, земено од крајот на 1943 година сè до почетокот на 1945 година. Во француското движење на отпорот бев комесар на баталјонот. Во составот на баталјонот беа работни Полјаци, Шпанци и Југословени, а исто така имаше и руски заробеници кои беа ослободени од заробеништво. Во партизани останувам сè до февруари месец 1945 година.

Враќањето мое во Југославија е во месец март 1945 година. За моето враќање беше обезбеден авион, со кој доаѓам во Југославија, во Белград. Потоа веднаш се јавив во ЦК КПЈ, кој веднаш ме упати за Македонија да се јавам на ЦК СКМ [КПМ]. Во овој период бев даден на работа од страна на ЦК СКМ во синдикатите на Македонија, каде бев назначен за потпретседател на синдикатите за Македонија, а претседател во тоа време беше Аспарух Корубиновски. При крајот на 1945 година бев испратен на работа во одделението за изградба на власта при владата, како инструктор. По извесно време бев избран од Народното собрание на Македонија за редовен судија на Врховниот суд за Македонија. Како судија работев сè до крајот на 1947 година. Во овој временски период се организира Министерство за труд, за Македонија, а јас тогаш бев назначен за помошник министер. Покрај тоа бев и член на Извршниот совет на синдикатите на Македонија. Помошник министер на министерството бев сè до крајот на 1948 година, потоа бев лишен од слобода во врска со Резолуцијата на Информбирото. Оваа е мојата кратка биографија.

23 мај 1979 година                                                                                                                                    Трајко Мишковски

Скопје


Архива за Шпанската граѓанска војна и револуција

Македонска тематска архива

марксистичка интернет архива