Одржан: Рио де Жанеиро, 12 јуни 1992 година
Извор: "Tomorrow Will Be Too Late", Socialist Voice, Portal Cuba.cu
Превод: Здравко Савески, од англиски и шпански јазик
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: декември 2025
Господине претседателе на Бразил, Фернандо Колор де Мело;
господине генерален секретар на Обединетите нации, Бутрос Гали;
Екселенции:
Еден важен биолошки вид е во опасност од исчезнување поради брзото и прогресирачко уништување на неговите природни услови за живот: човекот.
Сега станавме свесни за овој проблем кога е речиси предоцна да го спречиме.
Потребно е да се истакне дека потрошувачките општества се првенствено одговорни за бруталното уништување на животната средина. Тие произлегуваат од старите колонијални метрополи и од империјалните политики кои, од своја страна, ја создадоа заостанатоста и сиромаштијата што денес го мачат огромното мнозинство од човештвото. Со само 20 проценти од светското население, тие трошат две третини од металите и три четвртини од енергијата произведена во светот. Тие ги отруја морињата и реките, го загадија воздухот, ја ослабнаа и продупчија озонската обвивка, ја заситија атмосферата со гасови што ги менуваат климатските услови со катастрофални ефекти од кои веќе почнуваме да страдаме.
Шумите исчезнуваат, пустините се шират, а милијарди тони плодна почва се исфрлаат во морето секоја година. Бројни видови изумираат. Популацискиот притисок и сиромаштијата водат до очајни напори за преживување, дури и на сметка на природата. Не е можно да се обвинат за ова земјите од Третиот свет, довчерашни колонии, денес експлоатирани и ограбени нации од еден неправеден глобален економски поредок.
Решението не може да биде да се спречи развојот на оние на кои им е најпотребен. Реалноста е дека сè што придонесува денес за недоволниот развој и сиромаштијата претставува флагрантно нарушување на екологијата. Десетици милиони мажи, жени и деца умираат секоја година во Третиот свет како резултат на тоа, повеќе отколку во која било од двете светски војни. Нееднаквата размена, протекционизмот и надворешниот долг ѝ штетат на екологијата и придонесуваат за уништување на животната средина.
Ако се сака да се спаси човештвото од ова самоуништување, мора да се распределат подобро богатството и технологиите достапни на планетата. Помалку луксуз и помалку отпад во мал број земји за да има помалку сиромаштија и помалку глад во поголемиот дел од Земјата. Да нема повеќе пренесувањето во Третиот свет на животните стилови и потрошувачките навики што ја уништуваат животната средина. Да стане порационален човечкиот живот. Да се спроведе праведен меѓународен економски поредок. Да се искористи целата наука што е потребна за одржлив развој без загадување. Да се плати еколошкиот долг, а не надворешниот долг. Да исчезне гладот, а не човекот.
Сега кога наводните закани од комунизмот исчезнаа и кога повеќе нема изговори за студени војни, трки во вооружување и воени трошоци, што нè спречува веднаш да ги посветиме тие ресурси на унапредување на развојот на Третиот свет и борба против заканата од еколошко уништување на планетата?
Престанете со егоизмите, престанете со хегемониите, престанете со нечувствителноста, неодговорноста и измамата. Утре ќе биде предоцна да го направиме она што одамна требаше да го направиме.
Ви благодарам.