Петар Кропоткин

Комунизам и анархија


Напишано: 1900
Извор и превод: Анархија форум
Техничка обработка и корекции на преводот: Здравко Савески
Онлајн верзија: јануари 2021


Многу анархисти и мислители воопшто, иако препознавајќи ги огромните предности на комунизмот кои може да ги понуди на општеството, сепак сметаат дека оваа форма на општествена организација е опасност за слободата и слободниот развој на индивидуата. Оваа опасност исто така е препознаена од многу комунисти и, земено во целина, прашањето се спојува со друг поширок проблем кој во нашиот век остави силен печат: односот на индивидуата кон општеството. За важноста на ова прашање не треба многу да се инсистира.

Проблемот станува замаглен на неколку начини. Кога зборуваме за комунизам, повеќето луѓе мислат на повеќе или помалку христијански, манастирски и секогаш авторитарен комунизам пропагиран во првата половина од овој век и практикуван во одредени заедници. Овие заедници го земаа семејството како модел и се обидоа да го заменат „големото комунистичко семејство” со „реформираниот човек”. Со таа цел, покрај заедничкото работење, тие наметнаа живеење блиску заедно како фамилија, како и изолација или сепарација на колонијата од сегашната цивилизација. Ова не придонесе кон ништо помалку од тотално мешање на сите „браќа” и „сестри” во целокупниот приватен живот на секој член.

Згора на ова пак, разликата не беше доволно забележана како помеѓу изолираните заедници, базирани на различни случувања за време на последните три или четири века, и бројните федеративни заедници кои имаат веројатност да се појават во општество кое ќе го инаугуира општествена револуција. Пет аспекти од темата потребно е да се разгледуваат посебно:

1. Заедничкото производство и потрошувачка
2. Домашниот живот во заедништво (кохабитација: потребно ли е да се уреди според сегашниот модел на семејството?)
3. Изолираните заедници во наше време
4. Федеративните заедници во иднината
5. Дали комунизмот нужно ја ускратува индивидуалноста? Со други зборови, Индивидуата во комунистичкото општество.

Огромно движење на идеи се случуваше во овој век под името на социјализмот општо, започнувајќи со Бабеф, Симон, Фурие, Роберт Овен и Прудон кои ги формулираа предоминантните струи на социјализмот, и потоа продолжувајќи со наследниците (Французи) Консидеран, Пјер Леру, Луј Блан, (Германците) Маркс, Енгелс, (Русите) Чернишевски, Бакунин итн, кои работеа или на популаризирање на идеите на основачите на социјализмот или ги поставуваа истите на научни основи.

Овие идеи, заземајќи прецизен облик, породија две главни струи: авторитарниот комунизам и анархистичкиот комунизам; а исто така и некои школи во средината меѓу нив кои се стремат да најдат пат измеѓу, како државниот капитализам, колективизмот, соработката; помеѓу работните маси тие формираа силно работничко движење кое се стреми кон организирање на целата маса на работници според занаетите за борба против капиталот и кое станува интернационално со честото меѓудејствие помеѓу работниците од различни националности. Следните три клучни точки беа стекнати од ова масовно движење на идеи и акции, и тие веќе се широко навлезени во јавната свест:

1. Напуштање на наемниот систем, модерната форма на античкото слугување.
2. Напуштање на индивидуалната сопственост над средствата за производство.
3. Еманципација на индивидуата и на општеството од политичката машинерија, државата, што помага да се одржи економското ропство.

Околу овие три точки сите се согласуваат, дури и оние кои застапуваат „трудови пари” или кои, како Брус посакуваат сите да бидат „функционери“, т.е. вработени на државата или заедницата, признаваат дека ако застапуваат еден од овие предлози тоа е само затоа што тие не гледаат моментална можност за комунизмот. Тие го прифаќаат овој компромис како практичен маневар, но нивната цел секогаш останува комунизмот. А што се однесува до државата, дури и најжестоките застапници на државата, на авторитетот, дури и на диктатурата, признаваат дека со исчезнувањето на класите државата исто така ќе престане да постои.

Оттаму, можеме да кажеме, без да претераме околу важноста на нашата секција на социјалистичкото движење – анархистичката секција – дека и покрај сите разлики помеѓу различните секции на социјализмот (кои разлики се пред сѐ базирани на повеќе или помалку револуционерниот карактер на средствата за акција на секоја секција), можеме да потврдиме дека сите секции, преку гласот на нивните мислители, ја препознаваат еволуцијата кон слободен комунизам, како цел на социјалистичката еволуција. Сето останато, како што самите признаваат, се само чекори кон оваа цел.

Би било некорисно да се дискутира за овие чекори без да се прегледаат тенденциите на развојот на модерното општество.

Од овие различни тенденции, пред сѐ две го задржуваат нашето внимание. Едната е зголемениот напор на одлучување на уделот на секоја индивидуа во модерното производство. Индустријата и земјоделството станаа толку комплицирани, толку поврзани, сите индустрии се толку зависни едни од други, што плаќањето на производителот според резултатите станува речиси невозможно како што индустријата се развива, и гледаме дека сѐ повеќе се плаќа по плата наместо по произведено парче. Платите од друга страна, стануваат сѐ поеднакви. Оваа поделба на модерното буржоаско општество на класи се разбира останува, и секако дека постои буржоаска класа која онолку повеќе заработува, колку што помалку работи. Самата работничка класа е поделена на четири поголеми дела:

1. Жени
2. Земјоделски работници
3. Неквалификувани работници
4. Квалификувани работници

Овие поделби ги претставуваат четирите степени на експлоатација и се резултат на буржоаското организирање.

Во општество на рамноправни, каде сите можат да научат одреден занает и каде што експлоатацијата на мажот над жената, или на производителот над селанецот, ќе престане, овие класи ќе исчезнат. Но, дури и денес, платите од сите овие класи се стремат да станат повеќе еднакви. Ова води до изјавата: „работата на целата морнарица вреди колку на еден златар“ и го натера Роберт Овен да ги зачне неговите „трудови пари”, платени за сите кои работеле толку многу часови во производството на потребните стоки.

Но ако ги погледнеме сите обиди направени во оваа насока, ќе најдеме дека, со исклучок на неколку илјади фармери во Соединетите Држави, трудовите пари не се проширија од крајот на првата четвртина на веков, кога Овен се обиде да ги воведе. Причините за ова се дискутирани на друго место (види го поглавјето: Наемниот систем, во мојата книга „Освојувањето на лебот”).

Од друга страна, гледаме голем број обиди на делумна социјализација, стремејќи се во насока на комунизмот. Стотици комунистички заедници биле создадени за време на овој век речиси насекаде и во овој момент ние сме свесни дека повеќе од стотина од нив, сите се повеќе или помалку комунистички. Во иста насока на комунизмот – има делумен комунизам, односно – речиси сите обиди на социјализација кои ги гледаме во буржоаското општество, а што се стремат да се направат, или помеѓу индивидуи или во однос на социјализацијата на општинските работи.

Хотели, парни бродови, гостилници, сите се експерименти во оваа насока преземени од буржоазијата. Дневно го имаш изборот помеѓу десет и педесет чинии на располагање во хотелот или парниот брод, без никој да го контролира количеството колку си јадел. Оваа организација дури е и интернационална и пред да го напуштите Париз или Лондон може да купите бонови (купони за 10 франци на ден) што ќе ви овозможат да останете по ваша волја во хотелите во Франција, Германија, Швајцарија итн. сите припаѓаат на интернационалното друштво на хотели.

Буржујот темелно ги разбира предностите на делумниот комунизам, комбиниран со речиси неограничената слобода на индивидуата во однос на потрошувачката, и во сите овие институции за фиксна цена месечно вие ќе бидете примени и најадени, со исклучок на поскапите додатоци (вино, посебни апартмани), кои се наплаќаат посебно.

Осигурувањето од оган, кражба и несреќа (особено во селата каде еднаквоста на условите дозволува наплата на еднаква премија за сите жители), посредувањето со кое големите англиски продавници за само 1 шилинг неделно ве снабдуваат со сите риби кои може да ги троши едно мало семејство, клубови, безбројните друштва за осигурување од болести, итн. Оваа маса на институции, создадени за време на 19 век, се приближуваат кон комунизмот во делот на тоталната потрошувачка.

Конечно, постојат низа општински институции – вода, гас, електрична енергија, престојувалишта за работниците, возови, униформни бродови, бањи, куќи за перење, итн. – каде што слични обиди за социјализирана потрошувачка се прават во сѐ поголема мера.

Ова досега не е комунизам. Далеку е од тоа. Но принципот на овие институции содржи дел од принципот на комунизмот: за колку на ден (пари денес, утре труд) ти имаш право да си дозволиш – толку се очекува луксуз – овие или други работи што ги посакувате.

Овие излети кон комунизмот се разликуваат од вистинскиот комунизам на многу начини; особено во следниве два:

1. Плаќање со пари, наместо плаќање со труд.
2. Потрошувачите немаат глас во администрирањето на бизнисот.

Ако, сепак, идејата, тенденцијата на овие институции се разбере добро, не би било тешко да се започне денес со приватна или јавна иницијатива за спроведување на првиот спомнат принцип. Да претпоставиме територија од 500 хектари, на која се изградени 200 колиби, секоја од нив опкружена со градина и овоштарник на територија од четврт хектар. Менаџментот ѝ овозможува на секоја фамилија што зазема колиба да избира од 50 чинии на ден тоа што е пожелно, или ја обезбедува со леб, зеленчук, месо, кафе според потребите на домаќинството. За возврат тие ќе бараат пари за сработеното или работни часови, според изборот на потрошувачот, во еден од одделите на естаблишментот: земјоделие, сточарство, готвење, чистење. Ова може да се воведе во пракса уште утре ако е потребно, и мора да се чудиме зошто таква фарма/хотел/градина сѐ уште не е направена од некој претприемачки хотелски сопственик.

Ќе биде приговорено, без сомнение, дека токму тука, во воведувањето на трудот во заедништво, комунистите генерално доживеале неуспех. Сепак овој приговор не може да опстане. Причините за овој неуспех секогаш треба да се бараат на друго место.

Прво, речиси сите заедници беа формирани од речиси религиозен бран на ентузијазам. Од луѓето се бараше да бидат „пионери на човештвото”; да се потчинат на диктатот на прецизната моралност, да станат прилично регенерирани од комунистичкиот живот, да го дадат сето свое време, часовите на труд и одмор на комуната, да живеат целосно за комуната.

Ова значеше едноставно однесување како калуѓери и да се бара – без било каква потреба – луѓето да бидат тоа што не се. Само неодамна беа формирани заедници од анархистички работни луѓе без било какви претензии, за чисто економски цели – да се ослободат себеси од капиталистичката експлоатација.

Втората грешка лежи во желбата да се управува заедницата според моделот на семејството, да се направи од нив „голема фамилија”. Тие сите живееја во истата куќа и беа присилени континуирано да се среќаваат со своите „браќа и сестри.” Често е многу тешко двајца вистински браќа да живеат заедно во иста куќа и семејниот живот не е секогаш хармоничен; па затоа беше фундаментална грешка да им се наметне „големата фамилија” на сите, наместо да се направи обид, спротивно на тоа, кој ќе гарантира исто толку слобода и семеен живот за секоја индивидуа.

Покрај тоа, една мала заедница не може да живее долго; „браќата и сестрите”, принудени да се среќаваат континуирано, среде недостаток од нови импресии, завршуваат со неподнесување на едни со други. И ако две лица преку станување на ривали или едноставно бидејќи не си се допаѓаат, станат способни преку нивно несогласување да ја растурат заедницата, пролонгираниот живот на таквите заедници ќе биде чудно нешто, особено поради тоа што сите заедници што се основани досега самите меѓусебно се изолирале. Тоа е предодреден заклучок дека блиско здружување од 10, 20 или 100 лица не може да трае подолго од три или четири години. Ќе беше уште повеќе за жалење ако тоа потраело подолго, бидејќи ќе значи дека или сите биле ставени под влијанието на една индивидуа или дека сите ја изгубиле својата индивидуалност. Па, бидејќи е сигурно дека членовите на една заедница би биле заедно три, четири или пет години, треба да постојат барем дванаесет или повеќе федерирани заедници со цел оние кои поради една или друга причина сакаат да напуштат една заедница, да можат да се преместат во друга, а да бидат заменети од новодојденци од други места. Инаку, комунистичката кошница мора нужно да исчезне или (што речиси секогаш се случува) да потпадне во рацете на една личност – вообичаено најлукавиот од „браќата”.

Конечно, сите заедници што се основани досега се изолираат себеси од општеството; но борба, живот на борба од активен човек, е далеку поитно потребно одошто добро снабдената маса. Оваа желба да се види светот, да се измеша со други струи, да се борат битките е императивниот повик за младата генерација. Оттука доаѓа (како што забележува Чајковски од сопственото искуство) дека младите луѓе, на возраст од 18 до 20 години, нужно ја напуштаа заедницата која не ја разбира целината на општество.

Не треба да додаваме дека владите од сите видови отсекогаш биле најсериозните препреки за сите заедници. Оние кои го виделе најмалото од ова или воопшто не го виделе (како младиот Икар) успеваат најдобро. Ова е лесно разбрано. Политичката омраза е една од најнасилните по својот карактер. Ние може да живееме во истиот град со нашите политички противници доколку не бидеме присилени да ги гледаме секој момент. Но како е возможен животот во една мала заедница каде се среќаваме зад секој агол. Политичкото несогласување влегува во училниците, работилниците, местата за одмор и животот станува невозможен.

Од друга страна, убедливо е докажано дека заедничката работа, комунистичкото производство, успева зачудувачки. Во ниту едно комерцијално претпријатие немало толкава голема вредност додадена на земјата од трудот како во заедниците основани во Америка и Европа. Грешки при пресметка може да се случат насекаде, како што се случуваат во сите капиталистички претпријатија, но оттогаш е познато дека за време на првите пет години од нивното основање четири од сите комерцијални претпријатија банкротираа, мора да се признае дека ништо слично или приближно до ова се нема случено во комунистичките заедници. Па кога буржоаскиот печат, сакајќи да биде генијален, зборува за нудење на остров на анархистите на кој тие таму ќе си воспостават своја заедница, потпирајќи се на нашето искуство ние сме подготвени да го прифатиме овој предлог, но само ако тоа е, на пример, Isle de France (Париз) и ако при проценката на општественото богатство го добиеме нашиот дел од него. Само што ние веќе знаеме дека ниту Париз, ниту нашиот дел од општественото богатство нема да ни биде дадено, ние некој ден ќе ги земеме и едното и другото преку средствата на социјалната револуција. Париз и Барселона во 1871-ва не беа многу далеку од тоа – а идеите станаа патоказ оттогаш.

Прогресот ни дозволува да видиме над сѐ, дека изолиран град, што ќе ја прокламира Комуната, ќе има големи потешкотии да опстои. Според тоа, експериментот треба да биде направен на територија, примерно, една од западните држави, Ајдахо или Охајо – како што предлагаат американските социјалисти, и тие се во право. На доволно голема територија, не во границите на еден град, ние мора некој ден да го спроведуваме во пракса комунизмот на иднината.

Ние толку многу пати имаме покажано дека државниот комунизам е невозможен, дека е бескорисно да се задржува на таа тема. Дополнителен доказ за ова лежи во тоа што верниците во државата, залагачите на социјалистичката држава самите не веруваат во државниот комунизам. Дел од нив се занимаваат со освојувањето на дел од власта во државата денес – буржоаската држава – и воопшто не се вознемируваат себеси да објаснуваат дека нивната идеја за социјалистичка држава е поразлична од системот на државен капитализам под кој секој би бил функционер на државата. Доколку им кажеме дека тоа е нивната цел, тие се нервираат; сепак не објаснуваат каков друг систем на општество тие сакаат да воспостават. Бидејќи не веруваат во можноста за социјална револуција во блиска иднина, нивната цел е да се стане дел од власта во буржоаската држава денес и да ѝ остават на иднината да одлучи каде ова ќе заврши.

А оние што се обиделе да скицираат како би изгледала идната социјалистичка држава, тие одговараат на нашата критика со тврдењето дека сѐ што сакаат се само бироа со статистики. Но ова е само играње со зборови. Освен тоа, одвратно е денес дека само статистиките од вредност се оние снимени од секоја индивидуа за себе, дадена возраст, занимање, социјален статус, или списоци на што продал или купил, произвел или потрошил.

Прашањата што треба да се постават се вообичаено од доброволна елаборација (од научници, статистички друштва) и работата на статистичките бироа се состои денес во дистрибуирање на прашањата, во аранжирање и механички сумирање на одговорите. За да се намали државата, владите до оваа функција и да се каже дека, преку „власта”, само ова ќе биде разбрано, значи ништо друго (кажано искрено) туку чесно повлекување. А јас морам навистина да признаам дека јакобинците од пред триесет години се вратија бескрајно многу назад кон нивните идеали на диктатура и социјалистичка централизација. Никој не би се осмелил да каже дека производството или потрошувачката на компирот или оризот мора да се регулира од парламентот на германската народна држава (Volksstaat) во Берлин. Овие блуткави нешта не се кажуваат повеќе.

Комунистичката држава е утопија од која се откажале веќе и нејзините следбеници и време е да се продолжи понатаму. Далеку поважно прашање што треба да се разгледа, всушност е ова: дали анархистичкиот или слободниот комунизам исто така не имплицира намалување на индивидуалната слобода?

Всушност, во сите дискусии за слободата нашите идеи се искривени од преживеаното влијание од минатите векови на слугинство и религиозна опресија.

Економистите го претставија наметнатиот договор (под закана од глад) помеѓу господарот и работниците како состојба на слобода. Политичарите, повторно, таканаречената сегашна држава на граѓанинот кој станал слуга и плаќач на данок на државата. Најнапредните моралисти, како Мил и неговите бројни следбеници, ја дефинираа слободата како право да се прави сѐ освен повредување на еднаквата слобода на останатите. Настрана фактот дека зборот „право” е многу збунувачки термин предаден од минатите времиња, кој значи ништо или премногу, дефиницијата на Мил им овозможи на филозофот Спенсер, бројни автори и дури и на некои индивидуалистички анархисти да реконструираат судници и легални казни, дури до смртната казна, т.е. повторно ја воведоа, нужно, самата држава што тие восхитувачки ја критикуваа самите. Идејата за слободна волја е исто така скриена позади сите овие резонирања.

Ако ги тргнеме настрана сите несвесни акции и ги разгледаме само промислените акции (оние врз кои законот, религијата и казнените системи самите се обидуваат да влијаат), ќе најдеме дека на секоја акција од ваков вид ѝ претходи некаква дискусија во човековиот мозок; на пример, „Ќе излезам да се прошетам”, некој ќе помисли „Не, имам закажано средба со пријател” или „Ветив дека ќе завршам една работа” или „Ќе ми биде жал за моите жена и деца да ги оставам дома” или „Ќе ја изгубам работата ако не отидам на работа”.

Последното размислување го имплицира стравот од казната. Во првите три инстанци овој човек мора да се соочи само со самиот себе, неговата навика за лојалност, неговите симпатии. И тука лежи сета разлика. Ние велиме дека човекот што е принуден да размислува дека мора да се откаже од таков и таков ангажман поради страв од казна, не е слободен човек. И потврдуваме дека човештвото може и мора да се ослободи самото од стравот од казна и дека тоа не може да воспостави анархистичко општество во кое стравот од казната и дури несакањето да биде обвинет нема да исчезнат. Кон овој идеал маршираме. Но знаеме дека не можеме да се ослободиме ниту од навика за лојалност (од држењето до зборот) ниту од нашите симпатии (стравот од задавање на болка на оние кои ги сакаме и на кои не сакаме да им зададеме болка или да ги разочараме). Во оваа последна смисла, човекот никогаш не е слободен. [Робинзон] Крусо, на неговиот остров, не бил слободен. Во моментот кога започнал да го гради својот брод, да ја одгледува својата градина или да собира залихи за зимата, тој веќе бил заробен, апсорбиран од својата работа. Ако се чувствувал мрзливо и ако преферирал да остане да лежи во пештерата, тој се двоумел за момент, но сепак одел да работи. Во моментот кога добил друштво на куче и на две-три кози и, пред сѐ, откако го сретнал Петко, тој не бил апсолутно слободен во онаа смисла во која овие зборови понекогаш се употребуваат во расправите. Тој имал обврски, морал да мисли за интересите на другите, тој не бил повеќе совршениот индивидуалист кој понекогаш очекуваме да го видиме во него. Во моментот кога има жена или деца, се образовал себеси или се доверил на други (општеството), во моментот кога има домашно животно или дури само овоштарник кој треба да го наводнува во одредени часови – од тој момент натаму тој повеќе не е „безгрижникот”, „егоистот”, „индивидуалистот” кој понекогаш е претставен како слободен човек. Ниту на островот на Крузо, уште помалку во општеството од било каков вид, ваков тип не постои. Човекот ги зема и секогаш ќе ги зема предвид интересите на другите луѓе во пропорција со воспоставените односи од заеднички интерес помеѓу нив, а дотолку повеќе доколку другите ги потврдуваат овие сентименти и желби.

Оттука не наоѓаме друга дефиниција за слободата од следнава: можноста за делување без да се биде повлијаен во тоа делување од стравот од казна од општеството (телесни ограничувања, закана со глад или дури и цензура, освен кога таа доаѓа од пријател).

Разбирајќи ја слободата на овој начин – а се сомневаме дали поголема и истовремено пореална дефиниција за неа може да се најде – може да кажеме дека комунизмот може да ја отстрани, па дури и да ја искорени сета индивидуална слобода и во многу комунистички заедници имаше такви обиди; но тој исто така може да ја подобри оваа слобода до нејзините најголеми можности.

Сѐ зависи од фундаменталните идеи на кои се основа здружувањето. Не се работи за формата на здружувањето која што вклучува поробување; туку идеите на индивидуалната слобода кои ги носиме со нас за здружување се тие што го определуваат повеќе или помалку слободарскиот карактер на тоа здружување.

Ова се однесува на сите форми на здружување. Кохабитацијата на две индивидуи под истиот покрив може да води до поробување на едната од волјата на другата, како што може да доведе и до слобода за двете. Истото се однесува и на семејството или на соработката на две лица во градинарство или во издавање на весник. Истото е и во однос на поголемите или помалите здруженија, на секоја општествена институција. Оттука, во десеттиот, единаесеттиот и дванаесеттиот век среќаваме комуни на рамноправни, на луѓе кои се подеднакво слободни – а четири века подоцна ја гледаме истата комуна како повикува на диктатурата на свештеникот. Судиите и законите останаа, идејата за римското право, за државата стана доминантна, додека исчезнаа оние за слободата, за разрешувањето на споровите преку арбитража и за примената на федерализмот до највисок степен; оттука се појави ропството. Па, од сите институции или форми на општествена организација што биле испробани до ден денешен, комунизмот е онаа која гарантира најголемиот степен на индивидуална слобода – со тоа што идејата што ќе ја роди заедницата да биде слободата, анархија.

Комунизмот е способен да се стекне со сите форми на слобода или на угнетување, а што другите институции не се способни да го направат. Тој може да произведе манастир каде сите имплицитно ќе се потчинуваат на наредбите на нивниот претпоставен, а може да произведе и апсолутно слободна организација, оставајќи ѝ ја целосната слобода на индивидуата, постоејќи сѐ додека здружените сакаат да останат заедно, не наметнувајќи ништо никому, наместо да се биде анксиозен, да се брани, зголемува и проширува во сите насоки слободата на индивидуата. Комунизмот може да биде авторитарен (каде заедницата набрзо ќе се распадне) или може да биде анархистички. Државата, напротив, не може да биде ова. Таа е авторитарна или престанува да биде држава.

Комунизмот ја гарантира економската слобода подобро од било која друга форма на здружување, бидејќи може да гарантира благосостојба, па дури и луксуз, за возврат од неколку часа работа наместо целодневна работа. Сега, да се даде десет или единаесет часови слободно време (неработно) дневно од шеснаесетте што ги живееме свесно (спиејќи осум часа), значи да се зголеми индивидуалната слобода до онаа точка која беше еден од идеалите на човештвото веќе илјадници години.

Ова може да се направи денес во комунистичко општество, човекот може да има едно десет часа неработно време. Ова значи еманципација од еден од најтешките товари на човековото ропство. Тоа е зголемување на слободата.

Да се признаат сите луѓе за рамноправни и да се одбие власта од човек на човек е уште едно зголемување на индивидуалната слобода до степен до кој ниту една друга форма на здружување не го признава дури и само како сон. Таа станува возможна само откако првиот чекор е преземен: кога човек ги има загарантирано средствата за егзистенција и не е присилен да им ги продава своите мускули и својот мозок на оние кои се стремат да ги експлоатираат.

Конечно, да се признаат повеќе различни занимања како основа за сиот прогрес и да се организира на таков начин што може да биде апсолутно слободен за време на неработното време, истовремено да може да си ја менува работата, промена за која неговото рано образование и инструкција ќе го подготват – ова може лесно да се примени во комунистичкото општество – ова, повторно, значи еманципација на индивидуата, која ќе најде отворени врати во секоја насока за нејзиниот потполн развој.

За останатото, сѐ зависи од идеите врз кои е заснована заедницата. Знаеме една религиозна заедница во која на членовите кои се чувствуваат несреќно и покажуваат такви знаци на нивните лица, обично им се обраќа некој „брат“: „Ти си тажен. Сепак, направи среќен лик, инаку ќе им влијаеш на другите браќа и сестри”. А знаеме и за заедници од седум членови, едни од кои се поместија од одредувањето на четири комитети: за градинарење, начини и средства, одржување на домот, и извозување, кон апсолутни права за претседателот на секој комитет. Секако постоеле заедници основани или освоени од „криминалци на авторитет” (посебен вид препорачан за внимание од страна на г-дин Ломброуз) и голем број заедници основани од луди поддржувачи на апсорпцијата на индивидуата од општеството. Но овие луѓе не се производ на комунизмот, туку на христијанството (еминентно авторитарно во својата суштина) и на римското право, на државата.

Фундаменталната идеја на овие луѓе, кои сметаат дека општеството не може да постои без полиција или судии, идејата за државата, е постојана опасност за сета слобода, а не е фундаментална идеја на комунизмот – кој се состои од трошење и произведување без пресметка на точниот удел на секоја индивидуа. Оваа идеја, напротив, е идеја за слободата, за еманципацијата.

Така дојдовме до следниве заклучоци: Обидите за комунизам досега пропаднаа бидејќи:

1. Беа основани на поттик од религиозен карактер наместо да се смета заедницата само како средство за економска потрошувачка и производство,
2. Се изолираа од општеството,
3. Беа задоени со авторитарен дух,
4. Беа изолирани наместо федерирани,
5. Бараа од своите членови толку многу труд, а им оставаа толку малку неработно време и
6. Беа моделирани во форма на патријархално семејство наместо да се има за цел најголемата еманципација на индивидуата.

Комунизмот, што е еминетно економска институција, не го прејудицира на никаков начин количеството на слобода загарантирана на индивидуата, иницијаторот, бунтовникот против обичаите што се кристализираат. Може да биде авторитарен, што нужно води до смрт за заедницата, а може да биде и слободарски, кој во дванаесеттиот век дури и под делумниот комунизам на младите градови од тоа време, водеше до создавање на млада цивилизација полна со енергија, нова пролет во Европа.

Единствената долготрајна форма на комунизам, сепак, е онаа при која, гледајќи го блискиот контакт помеѓу другарите што ги доведува заедно, се прави секој напор да се прошири степенот на слобода на индивидуата во сите можни правци.

При такви услови, под влијанието на оваа идеја, слободата на индивидуата, зголемена веќе од количеството на неработно време обезбедено за неа, нема да биде ограничена на никој друг начин освен на начинот што се појавува и денес со општинскиот гас, испораката на храна од куќа до куќа од големи продавници, модерните хотели или преку фактот дека за време на работните часови ние работиме рамо до рамо со илјадници наши работници.

Со анархијата како цел и како средство, комунизмот станува возможен. Без неа, тој нужно станува ропство и не може да опстои.


Архива на Петар Кропоткин

Анархистичка тематска архива

марксистичка интернет архива