Владимир Илич Ленин

Државата и револуцијата


ГЛАВА III

ИСКУСТВО НА ПАРИСКАТА КОМУНА ОД 1871 ГОДИНА

МАРКСОВАТА АНАЛИЗА


1. ВО ШТО Е ХЕРОИЗМОТ НА ОБИДОТ НА КОМУНАРИТЕ

Познато е дека неколку месеци пред Комуната, по есента на 1870 година, Маркс ги предупредуваше париските работници, докажувајќи им дека обидот да се турне владата би бил просто глупост на очајанието.[31] Но кога во март 1871 година на работниците им беше наметнат решителниот бој и тие го прифатија. Кога востанието стана факт, Маркс со најголем восхит ја поздрави пролетерската револуција, без оглед на лошите предзнаци. Маркс не се запна за педантното осудување на „несвоевременото“ движење, како што направи жално познатиот руски ренегат на марксизмот Плеханов, кој во ноември 1905 година пишуваше во духот на заострувањето на борбата на работниците и селаните, а во декември 1905 година врескаше либералски: „Не требаше да се фаќаме за оружје.“[32]

Туку, Маркс не само се восхитуваше од хероизмот на комунарите, кои, според неговиот израз, „го штурмуваат небото.“[33] Во масовното револуционерно движење, иако тоа не ја постигна својата цел, тој гледаше историско искуство од огромна важност, извесен чекор напред на светската пролетерска револуција, практички чекор, поважен од стотици програми и замислувања. Да го анализира тоа искуство, да извлече од него тактички поуки, да ја провери врз основа на него својата теорија — ете како ја постави Маркс својата задача.

Единствената „исправка“ кон „Комунистички манифест“ што најде Маркс за нужно да ја направи беше направена врз основа на револуционерното искуство на париските комунари.

Последниот предговор кон новото германско издание на „Комунистички манифест", потпишан од двајцата негови автори, е од 24 јуни 1872 година. Во тој предговор авторите, Карл Маркс и Фридрих Енгелс, велат дека програмата на „Комунистички манифест“ е „сега наместа застарена“.

„... Особено — продолжуваат тие — Комуната докажа дека „работничката класа не може просто да ја преземе готовата државна машина и да ја пушти во движење за своите сопствени цели“...[34]

Зборовите во двојни наводници во овој цитат авторите ги зеле од Марксовото дело „Граѓанската војна во Франција“.[35]

И така, Маркс и Енгелс ѝ придаваа таква гигантска важност на една основна и главна поука од Париската комуна што ја внесоа неа како суштествена исправка во „Комунистички манифест“.

Многу е карактеристично дека токму таа суштествена исправка беше искривена од страна на опортунистите, и нејзината смисла, сигурно, им е непозната на девет десеттини, ако не и на деведесет и девет отсто, од читателите на „Комунистички манифест“. Подробно за тоа искривување ние ќе говориме подолу, во главата специјално посветена на искривувањата. Засега ќе биде доволно да одбележиме дека општо распространетото, вулгарно „разбирање“ на прочуениот Марксов став што го приведовме се состои во тоа дека Маркс тука, божем, ја подвлекувал идејата за бавниот развиток во спротивност на преземањето на власта и слично на тоа.

Навистина е, пак, токму обратно. Марксовата мисла се состои во тоа што работничката класа мора да ја раз6ие, да ја искрши „готовата државна машина“, а не да се задоволи со нејзиното просто преземање.

На 12 април 1871 година, т.е. токму во времето на Комуната, Маркс му пишуваше на Кугелман:

... „Ако погледнеш во последната глава на мојот 'Осумнаесетти бример', ќе видиш дека јас велам оти следниот обид на француската револуција нема повеќе, како досега, да се состои во тоа — бирократско-воената машина да се пренесе од едни раце во други, но да се скрши таа (курзивот е на Маркс, во германскиот оригинал стои zerbrechen), а токму тоа е предусловот за секоја вистински народна револуција на континентот. Токму тоа и се обидуваат да го направат нашите херојски партиски другари“ (стр. 709 во „Neue Zeit“, XX, 1 год. 1901—1902).[36] (Писмата на Маркс до Кугелман излегоа на руски најмалку двапати, едното издание под моја редакција и со мој предговор).

Во зборовите: „да се скрши бирократско-воената машина“ е изразена накратко главната поука на марксизмот по прашањето за задачите на пролетаријатот во револуцијата во однос на државата. И токму таа поука не само што е наполно заборавена, но и директно искривоколчена од страна на владејачкото, кауцкијанско „толкување“ на марксизмот!

Што се однесува до Марксовото повикување на „Осумнаесетти бример“, ние порано го приведовме во целина соодветното место.

Интересно е да се одбележат особено две места во приведеното расудување на Маркс. Прво, тој го ограничува својот заклучок само за на континентот. Тоа беше јасно во 1871 година, кога Англија уште беше образец на чисто капиталистичка земја, но без милитаризам и во значителна мера без бирократија. Поради тоа Маркс ја исклучуваше Англија, каде што револуцијата, и дури народната револуција, се замислуваше и беше тогаш можна без претходниот услов —разрушувањето на „готовата државна машина".

Сега, во 1917 година, во епохата на првата голема империјалистичка војна, ова Марксово ограничување отпаѓа, и Англија и Америка, најголемите и последните — во целиот свет — претставници на англосаксонската „слобода“, во смисла на непостоење на милитаризам и бирократизам, се истркалаа наполно во општоевропската гнасна, крвава кал на бирократско-воените установи, кои сe' потчинуваат на себеси, кои се' потиснуваат под себе. Сега и во Англија и во Америка „предуслов за секоја вистински народна револуција“ е кршењето, разрушувањето на „готовата“ (доведена таму во 1914—1917 година до „европско'" општоимперијалистичко совршенство) „државна машина.“

Второ, особено внимание заслужува извонредно длабоката забелешка на Маркс дека разрушувањето на бирократско-воената државна машина е „предуслов за секоја вистински народна револуција“. Овој поим „народна“ револуција изгледа чуден во устата на Маркс, и руските плехановци и меншевици, тие следбеници на Струве, кои, сакаат да бидат сметани за марксисти, сигурно би можеле да објават дека овој израз на Маркс му се „испуштил“. Тие марксизмот го сведоа на такво бедно либералско извртување, што за нив освен противпоставувањето на буржоаската и пролетерската револуција, една на друга, ништо друго не постои, — па и тоа противпоставување го разбираат до немајкаде укочено.

Ако ги земеме за пример револуциите на XX век, тогаш и португалската, и турската револуција ќе треба, секако, да ги признаеме за буржоаски. Но, „народна“ не е ниту едната, ниту другата, зашто масата на народот, неговото грамадно мнозинство ниту во едната, ниту во другата револуција активно, самостојно, со свои сопствени економски и политички барања забележливо не истапи. Напротив, руската буржоаска револуција од 1905—1907 година, иако во неа немаше такви „блескави“ успеси какви што повремено бележеше португалската и турската, беше несомнено „вистински народна“ револуција, зашто масата на народот, неговото мнозинство, најдлабоките општествени „низини“, задавени од гнетот и експлоатацијата, се подигаа самостојно, му удрија на целиот ток на револуцијата печат на своите барања, на своите обиди да градат на свој начин ново општество на местото од старото што го разрушуваа.

На европскиот континент во 1871 година пролетаријатот не составуваше мнозинство од населението во ниедна земја. „Народната“ револуција, која во движењето навистина го вовлекува мнозинството, можеше да биде таква само ако го опфатеше и пролетаријатот и селанството. Обете тие класи и го составуваа тогаш „народот“. Обете класи се обединети со тоа што „бирократско-воената државна машина“ ги угнетува, ги дави, ги експлоатира. Да се разбие таа машина, да се скрши — таков е вистинскиот интерес на „народот“, на неговото мнозинство, на работниците и на мнозинството од селаните, таков е „предусловот“ за слободниот сојуз на бедните селани и пролетаријатот, а без таков сојуз демократијата е несигурна и социјалистичката преобразба невозможна.

Кон таков сојуз, како што е познато, си пробиваше пат Париската комуна, која не ги постигна своите цели поради ред причини од внатрешен и надворешен карактер.

Следствено, говорејќи за „вистински народна револуција“ Маркс, не заборавајќи ги ни најмалку особеностите на ситната буржоазија (за нив тој говореше многу и често), строго водеше сметка за фактичкиот однос на класите во повеќето од континенталните држави на Европа во 1871 година. А од друга страна, тој утврди дека „разбивањето“ на државната машина го бараат интересите и на работниците и на селаните, дека тоа нив ги обединува, ја поставува пред нив заедничката задача за отстранување на „паразитот“ и за неговото заменување со нешто ново.

А со што имено?

2. СО ШТО ДА СЕ ЗАМЕНИ РАЗБИЕНАТА ДРЖАВНА МАШИНА?

На ова прашање во 1847 година, во „Комунистички манифест", Маркс даваше се уште сосем апстрактен одговор, поточно, одговор што ги покажуваше задачите, но не и начинот како да се решат тие. Да се замени со „организација на пролетаријатот во владејачка класа", со „освојување на демократијата" — таков беше одговорот на „Комунистички манифест".[37]

Не впуштајќи се во утопија, Маркс од искуството на масовното движење чекаше одговор на прашањето за тоа во какви конкретни форми. ќе почне да се излива таа организација на пролетаријатот како владејачка класа, на каков имено начин таа организација ќе биде усогласена со најповолното и најдоследно „освојување на демократијата".

Искуството од Комуната, колку и да беше мало, Маркс го подложи во „Граѓанската војна на Франција" на највнимателна анализа. Да ги приведеме најважните места од тоа дело:

„Во XIX век се разви, водејќи потекло уште од Средниот век, „централизираната државна власт со нејзините насекаде присутни органи: постојана војска, полиција, бирократија, свештенство, судски сталеж''. Со развитокот на класниот антагонизам меѓу капиталот и трудот „државната власт добиваше се повеќе и повеќе карактер на јавна сила за угнетување на трудот, карактер на машина за класно владеење. По секоја револуција што означува извесен напредок на класната борба, чисто угнетувачкиот карактер на државната власт се пројавува се поотворено и поотворено". По револуцијата од 1848—1849 година државната власт станува „национално орудие на војната на капиталот против трудот". Втората империја го затврдува тоа.

„Директна спротивност на империјата беше Комуната". „Таа беше определена форма", на таква република која беше должна да ја отстрани не само монархиската форма на класното владеење туку и самото класно владеење" ...

Во што имено се состоеше таа „определена" форма на пролетерската, социјалистичка република? Каква беше државата што таа почна да ја создава?

... „Прв декрет на Комуната беше ... укинувањето на постојаната војска и нејзино заменување со вооружениот народ" ...

Тоа барање стои и денеска во програмите на сите партии што имаат желба да важат како социјалистички. Но колку чинат нивните програми најдобро се гледа од држењето на нашите есери и меншевици. кои на дело, токму по револуцијата од 27 февруари, се откажаа да го спроведат во живот тоа барање!

... „Комуната беше составена од градски одборници, избрани врз основа на општо избирачко право во разни квартови на Париз. Тие беа одговорни и во секое време отповикливи. Повеќето од нив, се разбира, беа работници или признати претставници на работничката класа"... .„Полицијата, која дотогаш беше орудие на централната влада, беше незабавно лишена од сите свои политички функции и претворена во одговорен и во секое време отповиклив орган на Комуната ... Исто така и чиновниците од сите други гранки на управата ... Почнувајќи од членовите на комуната па надолу, јавната служба мораше да се врши за работничка надница. Сите привилегии и парични издатоци за репрезентација на државните великодостојници исчезнаа заедно со тие великодостојници ... По отстранувањето на постојаната војска и полицијата, тие орудија на материјалната сила на старата влада, Комуната веднаш се зафати со тоа да го скрши орудието на духовното угнетување, силата на поповите ... Судиите ја изгубија својата привидна независност ... за понатаму тие мораа да бидат јавно избирани, одговорни и отповикливи ... [З8]

И така, Комуната како да ја замени разбиената државна машина „само" со пополна демократија: уништување на постојаната војска, полна изборност и отповикливост на сите службеници. Но вистински тоа „само" значи гигантска замена на едни установи со установи од принципиелно подруг вид. Тука се гледа токму еден од случаите на „претворувањето на квантитетот во квалитет": демократијата, спроведена најдоследно како што може само да се замисли, се претворува од буржоаска демократија во пролетерска, од држава (посебна сила за угнетување на определена класа) во нешто такво што всушност веќе не е држава.

Да се угнетува буржоазијата и нејзиниот отпор е се` уште потребно. За Комуната тоа беше особено потребно, и една од причините за нејзиниот пораз се состои во тоа што таа го правеше тоа недоволно решително. Но тука како угнетувачки орган се јавува мнозинството од населението, а не малцинството, како што било секогаш и при ропството, и при крепосништвото, и при наемното ропство. А штом мнозинството од народот само ги угнетува своите угнетувачи, тогаш „посебна сила" за угнетување веќе не е потребна ! Во таа смисла државата почнува да одумира. Наместо посебните установи на привилегираното малцинство (привилегираното чиновништво, командниот состав на постојаната војска), самото мнозинство може тоа непосредно да го врши, а колку самото извршување на функциите на државната власт станува посенародно, толку помалку станува потребна таа власт.

Особено забележлива е во таа смисла мерката на Комуната што Маркс ја подвлекува: укинувањето на сите издатоци за репрезентација, на сите парични привилегии на чиновниците, сведување на платата на сите државни службеници до нивото на „работничката надница". Токму тука најочигледно се покажува преломот — од демократија буржоаска кон демократија пролетерска, од демократија угнетувачка кон демократија на угнетените класи, од држава како „посебна сила" за угнетување на определена класа кон угнетување на угнетувачите со општата сила на мнозинството од народот, на работниците и селаните. И токму во таа, особено очигледна — по прашањето за државата, можеби, најважна — точка, поуките на Маркс се најмногу заборавени! Во популарните коментари — а ним бројот не им се знае — за тоа не се говори. „Вообичаено е" за тоа да се молчи како за „наивност“ што си го одживеала своето време, исто како што христијаните, кога христијанството стана државна религија, „заборавија" за „наивноста" на првобитното христијанство со неговиот демократско-револуционерен дух.

Намалувањето на платата на високите државни чиновници изгледа „просто" како барање на наивниот, примитивен демократизам. Еден од „основачите" на најновиот опортунизам, бившиот социјалдемократ Ед. Бернштајн, честопати се занимаваше со повторување на баналните буржоаски потсмеви спрема примитивниот демократизам. Како и сите опортунисти, како и сегашните кауцкијанци, тој апсолутно не го разбра тоа дека, прво, преминот од капитализам кон социјализам е невозможен без извесно „враќање" кон „примитивниот" демократизам (зашто инаку како може да се премине кон извршување на државните функции од страна на мнозинството од населението и од страна на целото население?), а второ, дека „примитивниот демократизам" врз базата на капитализмот и капиталистичката култура не е она што е демократизмот во првобитните или преткапиталистичките времиња. Капиталистичката култура создаде крупно производство, фабрики, железници, пошти, телефон итн., а на таа база грамадното мнозинство од функциите на старата „државна власт" толку се упростија и можат да бидат сведени на такви најпрости операции на регистрирање, запишување, контролирање, што тие функции ќе станат наполно достапни за сите писмени луѓе, што тие функции наполно ќе можат да бидат вршени за обична „работничка надница“, што ќе може (и ќе мора) да им се земе на тие функции и најмалата сенка на нешто привилегирано, „началничко".

Полната изборност, отповикливост во секое време на сите државни службеници без исклучок, сведувањето на нивната плата на обична „работничка надница", овие прости и „сами по себе разбирливи" демократски мерки, кои наполно ги обединуваат интересите на работниците и на мнозинството од селаните, служат истовремено како мовче што води од капитализмот кон социјализмот. Тие мерки се однесуваат на државното, чисто политичко преустројство на општеството, но тие ја добиваат, се разбира, целата своја смисла и значење само во врска со „експропријацијата на експропријаторите" што се врши или се подготвува, т.е. во врска со преминувањето на капиталистичката приватна сопственост над средствата за производство во општествена сопственост.

„Комуната — пишуваше Маркс — ја оствари паролата на сите буржоаски револуции — евтина влада — уништувајќи ги двете најкрупни расходни ставки: постојаната војска и чиновништвото". [39]

Од селанството, како и од другите слоеви на ситната буржоазија, само едно ништожно малцинство „се издига", „стануваат луѓе" во буржоаска смисла, т.е. се претворуваат или во имашливи луѓе, во буржуи, или во обезбедени и привилегирани чиновници. Огромното мнозинство од селаните во секоја капиталистичка земја, каде што само има селанство (а такви се повеќето капиталистички земји), е угнетено од владата и жедува за нејзиното туркање, жедува за „евтина" влада. Ова може да го оствари само пролетаријатот и, остварувајќи го тоа, тој истовремено прави чекор кон социјалистичкото преустројство на државата.

3. УНИШTУВАЊЕ НА ПАРЛАМЕНТАРИЗМОТ

„Комуната — пишуваше Маркс — требаше да биде не парламентарно, но работно тело, извршно и законодавно во исто време“ . . .

. . . „Наместо еднаш во три или шест години да се решава кој член од владејачката класа ќе го претставува и потиска [ver- или zertreten] народот во парламентот, наместо тоа, општото избирачко право треба да му служи на народот, организиран во комуни, за да си избира тој за своето претпријатие работници, надзорници и книговодители, како што индивидуа лн ото избирачко право му служи за таа цел на секој друг работодавец". [40]

Таа значајна критика ка парламентаризмот, дадена во 1871 година, сега исто така влегува, благодарејќи на господството на социјалшовинизмот и опортунизмот, во „заборавените зборови" на марксизмот. Министрите и професионалните парламентарци, предавниците на пролетаријатот и „практичните" социјалисти од наши дни им ја оставија критиката на парламентаризмот исклучиво на анархистите, и на таа восхитувачки разумна основа ја прогласија секоја критика на парламентаризмот за „анархизам"! Нема ништо чудно во тоа што пролетаријатот од „напреднатите" парламентарни земји, гнасејќи се од таквите „социјалисти'' како што се Шајдемановци, Давидовци, Легионовци, Самбаевци, Реноделовци, Хендерсоновци, Вандервелдовци, Стаунинговци, Брантинговци, Бисолатиевци и комп., се почесто ги пројавуваше своите симпатии спрема анархосиндикализмот, покрај тоа што тој е близнак на опортунизмот.

Но за Маркс револуционерната дијалектика никогаш не била празна модна фраза, дрнкалка, каква што ја направија Плеханов, Кауцки и др. Маркс умееше безмилосно да прекинува со анархизмот затоа што овој не знаеше да го исползува дури ни „оборот" на буржоаскиот парламентаризам, особено тогаш кога е сосем јасно дека нема револуционерна ситуација — но истовремено тој умееше и да дава вистински револуционерна пролетерска критика на парламентаризмот.

Еднаш во неколку години да се решава кој член од владејачката класа ќе го потиска, ќе го затапува народот во парламентот — ете во што се состои вистинската суштина на буржоаскиот парламентаризам, не само во парламентарно-уставните монархии, туку и во најдемократските републики.

Но штом се поставува прашањето за државата, штом се разгледува парламентаризмот, како една од установите на државата, од гледиштето на задачите на пролетаријатот во таа област, тогаш каде е излезот од парламентаризмот? Како може да се мине без него?

Пак и пак треба да кажеме: поуките на Маркс, засновани врз изучувањето на Комуната, се толку заборавени, што на современиот „социјалдемократ" (читај: современиот предавник на социјализмот) секоја друга критика на парламентаризмот, освен анархистичката и реакционерната, му е наполно непоимлива.

Излезот од парламентаризмот, секако, не е во уништувањето на претставничките установи и на изборноста, но во претворувањето на претставничките установи од говорници во „работни" установи. „Комуната требаше да биде не парламентарна, но работна установа, законодавна и извршна во исто време".

„Не парламентарна, но работна" установа, тоа им е речено право в очи на современите парламентарци и парламентарни „собни кученца" на социјалдемократијата! Погледнете на која и да било парламентарна земја од Америка до Швајцарија, од Франција до Англија, Норвегија итн.: „вистинската државна" работа ја бркаат зад кулисите и ја вршат одделенијата на министерствата, канцелариите, штабовите. Во парламентите само се дрдори со специјална цел да му се фрли прав в очи на „простиот свет". Тоа е толку точно што дури и во руската република, буржоаско-демократската република, пред таа да успее да создаде вистински парламент, веднаш излегоа на видело сите тие гревови на парламентаризмот. Хероите на гнилото еснафство, како што се Скобелевци и Церетелиевци, Черновци и Авксентиевци, успеаја да ги испоганат и советите по типот на најгнасниот буржоаски парламентаризам, претворувајќи ги во празни говорници. Во советите господата „социјалистички" министри ги залажуваат лековерните селани со фразерство и резолуции. Во владата постојано се игра кадрил, од една страна, за да се дофатат есерите и меншевиците до „колачот“ на доходните и почесни местенца, од друга страна, за да се „оттргне вниманието" на народот. А во канцелариите и во штабовите ја „вршат" „државната" работа!

„Дело Народа", органот на владејачката партија на „социјалистите-револуционери", неодамна во уводникот призна — со беспримерна отвореност на луѓе од „доброто друштво", во кое „сите" се занимаваат со политичка проституција — дека дури и во оние министерства што ги држат „социјалистите" (извинете за изразот!), дека дури и во нив целиот чиновнички апарат си останал во суштината стариот, функционирал на стариот начин, ги саботирал револуционерните мерки сосем „слободно"! Па и да не беше тоа признание, зар фактичката историја на учеството на есерите и меншевиците во владата не го докажува тоа? Овде е карактеристично само тоа што господата Черновци, Русановци, Зензиновци и други редактори на „Дело Народа", наоѓајќи се во министерското друштво со кадетите, толку го загубиле срамот, што не се срамат јавно, не црвенејќи, како за ситница да зборуваат дека „кај нив" во министерствата се си е по старо! Револуционерно-демократска фраза — за затапување на селските момоци, а чиновничко-канцелариско одолжување — за „задоволување" на капиталистите — ете ви ја суштината на „чесната" коалиција.

Корумпираниот и гнил парламентаризам на буржоаското општество Комуната го заменува со установи во кои слободата на мислењето и расправањето не се изродува во измама зашто парламентарците мораат сами да работат, сами да ги извршуваат своите закони, сами да го контролираат она што излегува од нивната работа во животот, сами да одговараат непосредно пред своите избирачи. Претставничките установи си остануваат, но парламентаризам, како посебен систем, како поделба на законодавната и извршната работа, како привилегирана положба за пратениците, тука не суштествува. Без претставнички установи ние не можеме да ја замислиме демократијата, дури ни пролетерската демократија, без парламентаризам ние можеме и мораме, ако критиката на буржоаското општество за нас не е празен збор, ако стремежот за соборување на буржоаското господство е наш сериозен и искрен стремеж, а не „изборна" фраза за собирање на работнички гласови, како што е кај меншевиците и есерите, кај Шајдемановци и Легиновци, Самбаевци и Вандервелдовци.

Крајно поучно е што Маркс, говорејќи за функциите на она чиновништво што ѝ е потребно и на Комуната и на пролетерската демократија, ги зема за споредба службениците ка „секој друг работодавец" т.е. обичното капиталистичко претпријатие со „работници, надзорници и книговодители".

Кај Маркс нема ниту капка утопизам во смисла на сочинување, измислување на „ново" општество. Не, тој го изучува раѓањето на новото општество од старото, преодните форми на старото општество кон новото како природноисториски процес. Тој го зема фактичкото искуство на масовното пролетерско движење и настојува да извлече од него практички поуки. Тој „се учи" од Комуната, како што сите големи револуционерни мислители не се плашеле да се учат од искуството на големите движење на угнетената класа, не однесувајќи се никогаш спрема нив со педантни „наравоученија" (како Плехановото: „не требаше да се фаќаме за оружје", или Церетелиевото: „класата мора да се самоограничува").

За уништување на чиновништвото наеднаш, насекаде, до крај, не може ни да се зборува. Тоа е утопија. Но да се разбие веднаш старата чиновничка машина и веднаш да се почне изградувањето на нова што го овозможува постепеното исчезнување на секакво чиновништво, тоа не е утопија, тоа е искуство од Комуната, тоа е непосредната, најблиската задача на револуционерниот пролетаријат.

Капитализмот ги упростува функциите на „државната" управа, овозможува да се укине „началствувањето“ и да се сведе целата работа кон организација на пролетерите (како владејачка класа), која од името на целото општество наема „работници, надзорници и книговодители".

Ние не сме утописти. Ние не сме „мечтатели" што сакаат некако наеднаш да бидат без секаква власт, без секакво потчинување; тие анархистички мечти, основани врз неразбирањето на задачите на пролетерската диктатура, од основа му се туѓи на марксизмот и фактички служат само за одлагање на социјалистичката револуција до она време додека луѓето не станат подруги. Не, ние сакаме социјалистичка револуција со такви луѓе какви што се сегашниве, кои не можат без потчинување, без надзор, без „надзорници и книговодители".

Но треба да ѝ се потчинуваме на вооружената авангарда на сите експлоатирани и трудбеници — на пролетаријатот. Специфичното „началствување" на државните чиновници може и мора веднаш, од денеска до утре, да почне да се заменува со простите функции на „надзорниците и книговодителите", функции што уште сега се веќе наполно достапни за нивото на развитокот на граѓаните воопшто и што наполно можат да бидат вршени за „работничка надница".

Ќе организираме крупно производство сами ние, работниците, тргнувајќи од она што е веќе создадено од капитализмот, опирајќи се на своето работничко искуство, создавајќи најстрога, железна дисциплина, која ќе биде поткрепувана од државната власт на вооружените работници, ќе ги сведеме државните чиновници на прости извршители на нашите налози, на одговорни, отповикливи, скромно платени „надзорници и книговодители" (се разбира, со техничари од сите сорти, видови и степени) — ете ја нашата пролетерска задача, ете од каде можеме и сме должни да почнеме во пролетерската револуција. Таквиот почеток, врз база на крупното производство, сам по себе води кон постепено „одумирање" на секакво чиновништво, кон постепено создавање на таков поредок — поредок без наводници, поредок што не личи на наемно ропство — таков поредок кога се повеќе упростуваните функции на надзорот и контролата ќе ги извршуваат сите по ред, кога тие ќе станат навика и најпосле ќе отпаднат како посебни функции на посебен слој луѓе.

Еден остроумен социјалдемократ во седумдесеттите години на минатиот век ја нарече поштата образец на социјалистичко стопанство. Тоа е многу точно. Сега поштата е стопанство, организирано по углед на државнокапиталистичкиот монопол. Империјализмот постепено ги претворува сите трустови во организации од таков тип. Над „простите" трудбеници, кои се натрупани со работа и кои гладуваат, тука стои истата таа буржоаска бирократија. Но механизмот на општественото стопанисување тука е веќе готов. Да се турнат капиталистите, да се разбие со железната тупаница на вооружените работници отпорот на тие експлоататори, да се скрши бирократската машина на современата држава — и пред нас ќе остане ослободениот од „паразитот" технички високо опремен механизам, кој сосем можат да го пуштат во движење самите обединети работници, наемајќи техничари, надзорници, книговодители, плаќајќи ја работата на сите нив, како и воопшто на сите „државни" чиновници со работничка надница. Тоа е конкретна, практична задача, веднаш остварлива во однос на сите трустови, која ги ослободува трудбениците од експлоатацијата, која го зема предвид искуството, практички започнато (особено во областа на државната изградба) од страна на Комуната.

Сето народно стопанство организирано како поштата, така што техничарите, надзорниците, книговодителите, како и сите службеници да примаат плата не поголема од „работничката надница", под надзорот и раководството на вооружениот пролетаријат — ете ја нашата најблиска цел. Ете каква држава, и на каква економска основа, ни е потребна. Ете што ќе го уништи парламентаризмот, а ќе ги зачува претставничките установи, ете што ќе ги спаси работните класи од проституирањето на тие установи што го врши буржоазијата.

4. ОРГАНИЗАЦИЈА НА ЕДИНСТВОТО НА НАЦИЈАТА

... „Во една кратка скица на националната организација, која Комуната немаше време да ја разработи понатаму, наполно определено се вели дека Комуната требало . . . да стане политичка форма дури и на најмалото село" ... Комуните би ја избирале и „националната делегација" во Париз.

... „Малкуте, но многу важни, функции што тогаш уште би останале за централната влада, немало да бидат укинати — таквото тврдење беше свесен фалсификат — но ќе биле пренесени на комунални, т.е. на строго одговорни чиновници" . . .

... „Единството на нацијата немало да биде уништено, но напротив, ќе било организирано по патот на комуналното устројство; тоа ќе станело стварност по патот на уништувањето па онаа државна власт што се претставуваше себеси како инкарнација на тоа единство, но сакаше да биде независна од нацијата, да стои над неа. Навистински, таа државна власт беше само паразитски израсток врз телото на нацијата"... „Задачата се состоеше во тоа да се отсечат чисто угнетувачките органи на старата државна власт, а нејзините оправдани функции да и се земат на власта што претендира да стои над општеството и да им се вратат на одговорните слуги на општеството". [41]

До која мера не ги разбрале — можеби ќе биде поточно да се каже: не сакале да ги разберат — овие Марксови расудувања опортунистите од современата социјалдемократија, најдобро покажува херостратовски знаменитата книга на ренегатот Бернштајн „Претпоставките на социјализмот и задачите на социјалдемократијата". Токму по повод наведените Марксови зборови Бернштајн пишуваше дека оваа програма „по својата политичка содржина покажува во сите суштествени црти најголема сличност со федерализмот — на Прудон . . . Покрај сите други разминувања меѓу Маркс и „ситниот буржуј" Прудон (Бернштајн ги поставува зборовите „ситен буржуј" во наводници, што. според неговото мислење, треба да биде иронично), во овие точки текот на нивните мисли е толку близок што поблизок не може ни да биде". Се разбира, продолжува Бернштајн, значењето на муниципалитетите расте, но „мене ми изгледа сомнително дека првата задача на демократијата била таквото укинување (Auflösung — буквално: растопување) на современите држави и полната измена (Umwandlung — преобразба) на нивната организација, како што тоа го замислуваат Маркс и Прудон: образување на народно собрание од делегати на покраинските или обласните собранија, кои, од своја страна, би биле составени од делегати на комуните, така што целата поранешна форма на националните претставништва наполно би исчезнала" (Бернштајн, „Претпоставките", стр. 134 и 136 на германското издание од 1889 година).

Ова е просто чудовишно: да се мешаат погледите на Маркс за „уништувањето на државната власт — на паразитот" со федерализмот на Прудон! Но тоа не е случајно, зашто на опортунистот ни на ум не му иде дека Маркс тука воопшто не говори за федерализмот наспроти централизмот, но за разбивањето на старата, буржоаска државна машина, која суштествува во сите буржоаски земји.

На опортунистот му иде на ум само она што го гледа околу себе, во средината на малограѓанското филистерство и на „реформистичкиот" жабурник, т.е. само „муниципалитетите"! За револуцијата на пролетаријатот опортунистот со одвикнал и да мисли,

Тоа е смешно. Но забележливо е што по оваа точка со Бернштајн не спореа. Бернштајн многумина го побиваа — особено Плеханов во руската, а Кауцки во европската литература, но ниту едниот ниту другиот за ова изопачување на Маркс од страна на Бернштајн не говореа.

Опортунистот толку се одвикнал да мисли револуционерно и да размислува за револуцијата, што тој му припишува „федерализам" на Маркс, мешајќи го со основачот на анархизмот Прудон. А Кауцки и Плеханов, кои сакаат да бидат ортодоксни марксисти и да го одбранат учењето на револуционерниот марксизам, молчат за тоа! Тука лежи една од причините на онаа крајна вулгаризација ка погледите врз разликата меѓу марксизмот и анархизмот што им е својствена и на кауцкијанците и на опортунистите и за која треба ние уште да говориме.

Во приведените расудувања на Маркс за искуството од Комуната нема ниту трага од федерализам. Маркс се согласува со Прудон токму во она што не го гледа опортунистот Бернштајн. Маркс се разминува со Прудон токму во она во што Бернштајн ја глода нивната сличност.

Маркс се согласува со Прудон во тоа што се тие и двајца за „разбивање" на современата државна машина. Тоа согласување на марксизмот со анархизмот (и со Прудон, и со Бакунин) не сакаат да го видат ниту опортунистите, ниту кауцкијанците, зашто тие во таа точка отстапија од марксизмот.

Маркс се разминува и со Прудон и со Бакунин токму по прашањето на федерализмот (а и да не зборуваме за диктатурата на пролетаријатот). Федерализмот произлегува принципиелно од ситнобуржоаските сфаќања на анархизмот. Маркс е централист и во неговите наведени расудувања нема никакво отстапување од централизмот. Само луѓе полни со еснафска „суеверна вера" во државата можат да го сметаат уништувањето на буржоаската државна машина за уништување на централизмот!

Но ако пролетаријатот и бедното селанство ја земат во свои раце државната власт, ако се организираат наполно слободно во комуни и ја обединат акцијата на сите комуни за удар по капиталот, за скршување на отпорот на капиталистите, за предавање на приватната сопственост над железниците, фабриките, земјата и др. на целата нација, на целото општество, зар тоа нема да биде централизам? Зар тоа нема да биде најдоследен демократски централизам?

На Бернштајн просто не може да му влезе во главата дека е можен доброволен централизам, доброволно обединување на комуните во нација, доброволно слевање на пролетерските комуни, при разрушувањето на буржоаското господство и на буржоаската државна машина. На Бернштајн, како и на секој филистер, централизмот му се оцртува како нешто што може да биде натрапено и одржувано само одозгора, само од чиновништвото и војската.

Маркс нарочно, како да ја предвидувал можноста за изопачување на своите погледи, потцртува дека оптужбите против Комуната за тоа како таа божем сакала да го уништи единството на нацијата, да ја укине централната власт, се свесен фалсификат. Маркс нарочно го употребува изразот „да се организира единството на нацијата", за да му го спротивстави свесниот, демократски, пролетерски централизам — на буржоаскиот, војнички, чиновнички централизам.

Но... полош е од секој глув оној што не сака да слуша. А опортунистите од современата социјалдемократија заправо не сакаат да слушаат за уништување на државната власт, за отсекување на паразитот.

5. УНИШТУВАЊЕ НА ДРЖАВАТА-ПАРАЗИТ

Ние веќе ги приведовме соодветните зборови на Маркс и треба да ги дополниме.

... „Обичната судбина на новите историски творби — пишуваше Маркс — е таа што нив погрешно ги сметаат за копија на постарите и дури одживеани форми на општествениот живот, на кои тие донекаде личат. Така и оваа нова Комуна, која ја крши (bricht — разбива) современата државна власт, беше погрешно сметана како воскреснување на средновековните комуни . . . како сојуз на мали држави (Монтеские, жирондистите) [42] ... како претерана форма на старата борба против прекумерната централизација" ...

.. . „Комуналното устројство би му ги вратило на општественото тело сите оние сили што досега му ги голташе тој паразитски израсток „државата", која се храни на сметка на општеството и која го кочи неговото слободно движење. Дури и со самото тоа преродбата на Франција би била поттикната напред"...

Комуналното устројство би ги довело селските производители под духовното водство на главните градови во секој округ и би им ги осигурило таму, во лицето на градските работници, природните претставници на нивните интереси. — Веќе самото суштествување на Комуната ја носеше со себеси, како нешто само по себе разбирливо, месната самоуправа, но не веќе како противтежа на државната власт, која сега станува излишна". [43]

„Уништувањето на државната власт", која беше „паразитски израсток", нејзиното „отсекување", нејзиното „разрушување"; „државната власт сега станува излишна" — ете со какви изрази говореше Маркс за државата, оценувајќи го и анализирајќи го искуството од Комуната.

Сево ова беше пишано речиси пред половина век, и сега ние мораме да правиме еден вид раскопување за да го доведеме неизопачен марксизмот до свеста на широките маси. Заклучоците, направени врз основа на посматрањата над последната голема револуција што ја преживеа Маркс, беа заборавени токму тогаш кога наближи времето на следните големи револуции на пролетаријатот.

.. . „Разнообразноста на толкувањата што ги предизвика Комуната и разнообразноста на интересите што го најдоа својот израз во неа докажуваат дека таа беше многу еластична политичка форма, додека сите поранешни форми на владата беа во својата суштина угнетувачки. Нејзината вистинска тајна беше ова: таа беше, во суштината, влада на работничката класа, резултат од борбата на произведувачката класа против присвојувачката класа, таа беше најпосле пронајдената политичка форма при која можеше да се изврши економско ослободување на трудот" . . .

. . . „Без последниот услов комуналното устројство би било невозможност и измама" .. . [44]

Утопистите се занимаваа со „пронаоѓање" на политички форми при кои би требало да се изврши социјалистичкото преустројство на општеството. Анархистите не сакаа да се занимаваат со прашањето за политичките форми воопшто. Опортунистите од современата социјалдемократија ги зедоа буржоаските политички форми на парламентарната демократска држава како граница преку која не смее да се премине, и си го кршеа челото правејќи молитви пред тој „идол", прогласувајќи го за анархизам секој стремеж да се скршат тие форми.

Од целата историја на социјализмот и на политичката борба Маркс го изведе заклучокот дека државата мора да исчезне, дека преодна форма на нејзиното исчезнување (преминот од државата кон недржава) ќе биде „организираниот во владејачка класа пролетаријат". Но Маркс не се зафаќаше за тоа да ги пронајдува политичките форми на таа иднина. Тој се ограничи со точното посматрање на француската историја, со нејзината анализа и со заклучокот до кој доведуваше 1851 година: работите одат кон разрушување на буржоаската државна машина.

И кога се разгори масовното револуционерно движење на пролетаријатот, Маркс, не гледајќи на неуспехот на тоа движење, не гледајќи на неговата кратковременост и очевидна слабост, почна да изучува какви форми пронајде тоа движење.

Комуната — тоа е „најпосле пронајдената" од пролетерската револуција форма во која може да се изврши економското ослободување на трудот.

Комуната — тоа е првиот обид на пролетерската револуција да ја разбие буржоаската државна машина и „најпосле пронајдената“ политичка форма со која може и мора да се замени разбиеното.

Во понатамошното излагање ние ќе видиме дека руските револуции од 1905 и 1907 година, при подруги услови, го продолжуваат делото на Комуната и ја потврдуваат генијалната историска анализа на Маркс.


штала, кочина (заб на уред.) назад
говорници - во стариот превод дрдорилници (заб на уред.) назад
кадрил - вид на танц со многу преместувања, популарен во Русија (заб на уред.)назад


Следно

Содржина

Ленинова архива