Карл Маркс
Економско-филозофски ракописи

Профит од капиталот


1) Капитал

1) Врз што се засновува капиталот, т.е. приватната сопственост на производите од туѓиот труд?

„Дури ако капиталот не се сведува на грабеж или измамништво, сепак е неопходна помошта на законодавството за да се направи свето наследството“ (Сеј, том I, стр. 136, забелешката).

Како се станува сопственик на производните фондови?[1]. Како се станува сопственик на производите што се создаваат со помошта на тие фондови?

Врз основа на позитивното право (Сеј, том II, стр. 4).

Со што се здобиваат луѓето заедно со капиталот, на пример, со наследството на крупен имот?

„Човекот што наследува крупен имот, не се здобива со самото таа непосредно со политичка власт. Онаа сила, што непосредно и директно му се пренесува со тој посед, е куповната сила, право да се распоредува со сиот труд на други, или сиот продукт на нивниот труд, што го има во даденото време на пазарот“ (Смит, том I, стр. 61).

Значи, капиталот е командната власт над трудот и неговите продукти. Капиталистот не располага со таква власт благодарејќи на своите лични или човечки својства, туку само како сопственик на капитал. Неговата сила е кyповната сила на неговиот капитал, на која не може ништо да се спротивстави.

Понатаму ние ќе видиме, прво, како капиталистот со помош на својот капитал ја остварува својата командна власт над трудот, а потоа ќе ја видиме и командната власт на капиталот над самиот капиталист.

Што е тоа капитал?

„Едно определено количество натрупан и во резерва ставен труд“ (Смит, том II, стр. 312).

Капиталот е натрупан труд.

2) Фонд (fonds, stock) претставува секое натрупување на продуктите од земјата и мануфактурниот труд. Фондот се наречува капитал само во случај ако на својот сопственик му донесува доход или печалба (Смит, том II. стр. 191).

2) Добивка од капиталот

Профитот од капиталот, или добивката од капиталот, сосем се разликува од надницата. Разликата меѓу нив се покажува на двоен начин: прво, профитот од капиталот се определува наполно од вредноста на вложениот капитал, иако трудот за надгледувањето и управувањето при различни капитали може да биде еднаков. Освен тоа, во крупните фабрики сета таа работа му е доверена на главниот чиновник, чијашто плата ни најмалку не е пропорционална на тој капитал, за чие функционирање се грижи тој. Без оглед на тоа што во дадениот случај трудот на сопственикот се сведува речиси на нула, сопственикот си бара профити во сразмер со големината на својот капитал“ (Смит, том I, стр. 96-99).

Зошто капиталистот бара запазување на таква пропорција меѓу добивката и капиталот?

„Тој не би имал интерес да ги користи работниците кога од продажбата на нивните изработки не би очекувал да добие повеќе одошто е нужно за да го надополни капиталот, даден од него како аванс за надниците; и тој не би имал интерес да применува голема, а не мала сума на фондови кога неговата добивка не би била правопропорционална на сразмерот на вложениот капитал“ (Смит, том I, стр. 96-97).

Значи, капиталистот извлекува добивка, прво, од надницата, а второ од авансираната сировина.

Каков е односот меѓу добивката и капиталот?

„Ако е веќе тешко да се определи обичната средна стапка на надницата во дадено место и во дадено време, тогаш е уште потешко да се определи средната добивка од капиталот. Промените во цените на стоките со кои тргува капиталот, успехот или неуспехот на неговите соперници и клиенти, илјадници други случајности на кои се подложени стоките, како при превозот така и во магазините, — сето тоа обусловува секојдневни, ако не и речиси секојчасовни промени во добивката“ (Смит, том I, cтp. 179-180). „И покрај сета невозможност точно да се определат размерите на добивките од капиталите, претстава за нив сепак може да се добие врз основа на паричната камата. Ако, имајќи пари, е можно преку нивната примена да се добие голема добивка, тогаш за правото да се послужи со нив се исплатуваат големи проценти; ако пак добивката е мала, тогаш и каматата е мала“ (Смит, том I, стр. 181). Пропорцијата, бездруго запазувана меѓу обичната каматна стапка и стапката на чистата добивка, неизбежно се менува со порастот или опаѓањето на добивката. Во Велика Британија се смета дека двојниот размер во споредба со каматата е она што луѓето на трговивијата го наречуваат чесна, умерена, разумна добивка, сите тие изрази означуваат само едно, дека тоа е среден и вообичаен профит“ (Смит, том I, стр. 198).

Која е најниската профитна стапка? Која е највисока?

Hајниската стапка на обична добивка од капитал секогаш треба да биде малку повисока одошто е потребно за надополнување на случајните загуби, на кои е подложена секоја примена на капиталот. Овој одвишок [surplus] и е токму добивка или чист доход. Токму исто така стои работата и со најниската каматна стапка“ (Смит, том I, стр. 196).

Највисоката стапка, до која можат да се издигнат обичните печалби, е онаа стапка што во повеќето стоки во целост ја одзема земјишната рента и ја сведува надницата содржана во добавуваната стока на најниската цена, на простото одржување на животот на работникот во време на работата. Додека работникот се користи на работа, тој секогаш вака или инаку треба бездруго да се храни; а земјишната рента може сосем да отпадне. Пример: во Бенгалија агентите на Источноиндиската трговска компанија“ (Смит, том I, стр. 197-198).

Освен сите погодности на незначителна конкуренција, што капиталистот има право да ги користи во дадениот случај, тој може, без да ја нарушува вредноста, да ја држи пазарната цена повисока од природната цена.

Прво со помош на трговската тајна, кога пазарот е многу оддалечен од оние што ги изнесуваат на него своите стоки; во тој случај е можно да се држи во тајност можната промена на цените — нивното повишување над природното рамниште. Таа пазење на тајната доведува да тоа другите капиталисти да не ги вложуваат своите капитали во дадената гранка.

Потоа, со помош на фабричката тајна, што му дава можност на капиталистот да ја доставува со помали производствени трошоци својата стока по иста цена, или дури поефтино од своите конкуренти, а добивајќи при тоа поголема добивка. — (Измамата со помош на пазење на тајната не е неморална? Берзанската трговија.) — Понатаму: таму каде што производството е сврзано со определен крај (на пример, скапоцени вина) и никогаш не може да се задоволи ефективната побарувачка. И најпосле: во резултат на монополите на одделни лица и компании. Монополската цена ги достига границите на најмногу можното (Смит, том I, стр. 120-124).

Други случајни причини што можат да ја повишат добивката од капиталот: за добивањето на нови територии, или појавата на нови гранки во трговијата, често дури и во богата земја ја зголемуваат добивката од капиталот, доколку тоа одвлекува дел од капиталите од старите гранки на трговијата, ја смекнува конкуренцијата, го намалува количеството на стоките изнесувани на пазарот, стоки чиишто цени поради тоа се повишуваат; тие што тргуваат со такви стоки можат во таков случај да плаќаат позајмени пари со повисоки камати“ (Смит, том I, стр. 190).

На колку поголема обработка се подлага една стока како објект на мануфактурата, толку повеќе расте оној дел од цената што се распаѓа на надница и профит, во споредба со оној нејзин дел што ја составува земјишната рента. Во онолкава мера колку што таа стока се подлага на сѐ понатамошна и понатамошна обработка, не само што се увеличува последователната низа добивки, но и секоја следна добивка станува поголема од добивката добиена во претходниот стадиум, затоа што капиталот, од кој се добива, неминовно станува сѐ поголем. Капиталот што ги вработува ткајачите мора секогаш да биде поголем од капиталот што ги вработува предачите, затоа што тој не само го надоместува овој последниов капитал со неговите добивки, но освен тоа ја исплатува уште заработката на ткајачите, а добивките секогаш мора да се наоѓаат во определена пропорција спрема капиталот“ (том I, стр. 102-103).

На тој начин, порастот на делот на човечкиот труд во природниот продукт, при неговата обработка и преработка, не ја зголемува надницата туку делум бројот на капиталите што донесуваат добивка, а делум големината на секој следен капитал во споредба со претходниот.

За добивката што ја извлекува капиталистот од поделбата на трудот ќе стане збор подоцна.

Капиталистот добива двојно: прво, од поделбата на трудот; второ, воопшто од порастот на уделот на човечкиот труд во продуктот на природата. Колку е поголем уделот внесен во стоката од човекот толку е поголема добивката од мртвиот капитал.

„Во едно исто општество просечната профитна стапка од капиталот е многу поблиска до исто рамниште одошто надницата за различни видови на трудот“ (том I, стр. 228). „При различни примени на капиталот, вообичаената стапка на добивката се менува во зависност од помалата или поголемата обезбеденост за враќањето на капиталот. Профитната стапка се повишува заедно со ризикот, иако не токму во иста пропорција“ (пак таму, стр. 226-227).

Се разбира само по себе дека добивките од капиталот растат исто така и поради олеснувањето или поефтинувањето на средствата за циркулација (на пример, книжните пари).

3) Госпотствувањето на капиталот над трудот и мотивите на капиталистот

„Единствениот мотив што го побудува поседникот на капиталот да го вложи капиталот токму во земјоделството, или токму во мануфактурата, или токму во оваа или онаа посебна гранка на трговијата на големо или на мало е — желбата за профит. Нему никогаш не му доаѓа на ум да пресметнува колку продуктивен труд ќе вложи во работа секој од тие различни начини на примената на капиталот, или пак колку ќе ја зголеми вредноста на годишниот продукт на земјиштето и трудот во неговата земја“ (Смит, том II, стр. 400-401).

„За капиталистот, најкорисна примена на капиталот ќе биде онаа негова примена што ќе му донесува нему при еднаква сигурност најголем профит. Таа примена нема да биде секогаш најкорисна и за општеството. Најкорисна е онаа примена на капиталот што е управена да извлече корист од природните производни сили“ (Сеј, том II, стр. 130-131).

„Најважните работни операции се регулираат и се водени од плановите и пресметките на оние што ги вложуваат капиталите. А нивната цел, што тие ја поставуваат во сите тие планови и операции е профитот. А профитната стапка не се покачува, како земјишната рента и надницата, заедно со порастот на општествената благосостојба, и не опаѓа, како нив, заедно со опаѓањето на општеството. Напротив, таа стапка, се разбира, е ниска во богатите и висока во сиромашните земји; и никогаш не е толку висока како во оние земји што најбрзо јурат кон својата полна пропаст. Значи, интересот на таа класа не се наоѓа во таква врска со општите интереси на општеството, во каква што се наоѓаат интересите на другите две класи ... Посебните интереси на оние што се занимаваат со една или друга посебна гранка на трговијата или мануфактурата, во извесен однос се секогаш различни од интересот на публиката, а често дури и му се непријателски спротивни. Трговецот е секогаш заинтересиран за проширувањето на пазарот и ограничувањето на конкуренцијата на продавачите ... Тоа е онаа класа луѓе чии што интереси нема никогаш да се совпаѓаат токму со интересите на општеството, онаа класа луѓе што воопшто е заинтересирана да ја измами публиката и се труди да ја надмудри“ (Смит, том II, стр. 163-165).

4) Акумулација на капиталите и конкуренцијата меѓу капиталистите

Количествениот пораст на капиталите, што ја повишува надницата, има тенденција да ја намалува добивката на капиталистите со конкуренцијата меѓу капиталистите“ (Смит, том I, стр. 179).

„Ако, на пример, во некој град, капиталот што е потребен за ситната бакалска трговија е поделен меѓу двајца трговци, тогаш благодарејќи на конкуренцијата секој од нив ќе продава поевтино одошто во случај кога тој капитал би се наоѓал во рацете на еден човек; а ако капиталот е поделен меѓу дваесетмина, тогаш конкуренцијата ќе биде толку поактивна коку помалку ќе има можност тие да се спогодат меѓу себе за покачувањето на цените на нивните стоки“ (Смит, том II, стр. 372-373).

Бидејќи веќе знаеме дека монополските цени ја достигаат најголемата можна граница, зашто интересот на капиталистите, дури и според општоусвоеното гледиште на политичката економија, непријателски му противстои на интересот на општеството, и зашто повишувањето на профитот од капиталот дејствува врз цената на стоките, аналогно на дејството на сложена камата (Смит, том I, стр. 199-201), — тогаш конкуренцијата е единствено средство за заштита против капиталистите; по зборовите на политичките економисти, таа погодно влијае и за повишувањето и на надницата и за поефтинувањето на стоките во интерес на потрошувачката публика.

Сепак конкуренцијата е можна само благодарејќи на тоа што капиталите се размножуваат, и тоа во многу раце. Појавата на поголем број капитали е можна само благодарејќи на многустраната акумулација, зошто капиталот и се формира воопшто само благодарејќи на акумулацијата, а многустраната акумулација неизбежно се претвора во еднострана. Конкуренцијата меѓу капиталите ја зголемува акумулацијата на капиталите. Акумулацијата што при госпотствувањето на приватната сопственост се јавува како концентрација на капиталот во рацете на малцина, е воопшто нужна последица ако капиталите му се пропуштат на својот природен тек; а преку конкуренцијата таа природна намена на капиталот токму и си прави слободен пат.

Чувме дека добивката од капиталот е пропорционална на неговата големина. Затоа дури сосем без оглед на намерна конкуренција, крупниот капитал се акумулира во сразмер со својата големина поскоро одошто малиот капитал.

Значи, веќе сосем независно од конкуренцијата, акумулацијата на крупниот капитал станува многу побрза одошто акумулацијата на малиот капитал. Но да ги проследиме работите понатаму.

Со порастот на капиталите се намалуваат, поради конкуренцијата, профитите од капиталот. Но тој начин, страда прво малиот капиталист.

Порастот на капиталите и големиот број капитали имаат за своја претпоставка прогресивно богатење на земјата.

„Во земја што достигнала многу висок степен на богатство, вообичаената профитна стапка е толку мала, што каматата, чија исплата ја овозможува таа стапка е мошне ниска, за да може од неа да живее кој и да било, освен најбогатите луѓе. Затоа сите средноимотни луѓе се принудени самите да го вложуваат својот капитал, применувајќи го во каква била работа или учествувајќи во која било гранка на трговијата.“ (Смит, том I, стр. 196-197).

Ваквата состојба е љубима состојба за политичката економија.

„Пропорцијата меѓу сумата капитали и сумата доходи насекаде ја определува пропорцијата меѓу трудољубието и безработицата; таму каде што надвиваат капиталите, господствува трудољубието; таму каде што надвиваат доходите, господствува безработицата“ (Смит, том II, стр. 325).

А како стои работата со вложувањето на капиталот во околности на нарасната конкуренција?

„Со умножувањето на капиталите количеството на фондовите за заеми со камата мора постојано да расте. Со умножувањето на такви фондови паричната камата се намалува, 1) затоа што пазарната цена на сите предмети опаѓа во онаа сразмера со која расте нивното количество, 2) затоа што со умножувањето на капиталите во земјата станува сѐ потешко да се најде погодно вложување на нов капитал. Меѓу различните капитали настанува конкуренција при кое поседникот на еден капитал прави секакви усилби да завладее со работата што ја зел друг капитал. Но во повеќето случаи тој не може да се надева на истиснување на тој друг капитал, ако на своите клиенти не им предложи поповолни услови. Нему му останува не само да ги продава предметите по пониска цена, но често и да ги купува поскапо, за да најде можност за продажба. Колку повеќе фондови се определуваат за одржувањето на производниот труд, толку е поголема побарувачката на труд: работниците лесно наоѓаат работа, а капиталистите се судираат со тешкотии да најдат работници. Конкуренцијата меѓу капиталистите предизвикува покачување на надницата и опаѓање на профитот“ (Смит, том II, стр. 358-359).

Поради тоа, малиот капиталист е принуден да избира едно од двете: 1) или да го јаде својот капитал, бидејќи веќе не може да живее од камати, и, значи, да престане да биде капиталист; 2) или самиот да се зафати со работа, да ја продава својата стока поефтино и да купува поскапо одошто побогатиот капиталист и да плаќа повисока надница. А бидејќи пазарната цена, благодарејќи на веќе претпоставената силна конкуренција и без тоа е мошне ниска, малиот капиталист пропаѓа. Напротив, ако големиот капиталист сака да го отстрани од патот малиот капиталист, тогаш, во споредба со последниот, на негова страна се сите предности што му се својствени на капиталистот како капиталист во споредба со работникот. Помалите сразмери на профитот му ги компензира поголемата големина на капиталот, и тој може дури да поднесе времени загуби сѐ дотогаш додека помалиот капиталист не пропадне и тој не се ослободи од неговата конкуренција. Така тој си ги акумулира добивките на малиот капиталист.

Понатаму: големиот капиталист купува секогаш поевтино одошто малиот, затоа што неговите купувања имаат помасовен карактер. Затоа тој може без штета да продава поевтино.

Но ако опаѓањето на каматата од парите ги претвора средните капиталисти од рентиери во претприемачи, тогаш и обратно: порастот на бројот на трговскиот капитал и од тоа обусловеното намалување на профитот предизвикува опаѓање на паричната камата.

„Истовремено со намалувањето на доходот, којшто може да се извлече од примената на капиталот, бездруго се намалува и цената што може да се плати за употребата на тој капитал“ (Смит, том II, стр. 359). Колку повеќе растат богатството, индустријата, населението, толку повеќе опаѓа каматата, а тоа значи и профитот од капиталите; а со тоа не помалку и самите капитали не престануваат да растат, и при тоа уште побрзо од порано без оглед на смалувањето на добивките ... Крупниот капитал, иако со мали добивки, расте по општо правило многу побрзо од малиот капитал со големи добивки. Парите прават пари, вели поговорката“ (Смит, том I, стр. 189).

Ако на овој голем капитал му противстојат мали капитали со мали добивки, како што е тоа случај при претпоставената состојба на силна конкуренција, тогаш тој наполно ќе ги уништи.

Нужна последица при таква конкуренција е општото влошување на квалитетот на стоките, фалсификација, фиктивно производство, масовно тpyење, како што тоа се гледа во големите градови.

Важна околност во конкуренцијата на големите и малите капитали е понатаму, соодносот меѓу основниот капитал и обртниот капитал [capital fixe и capital circulant].

Обртниот капитал е капиталот применуван при производство на средствата за живот, во мануфактурата или во трговијата. Тој капитал не му донесува на својот сопственик доход или профит додека останува во негова сопственост, или додека ја запазува својата поранешна форма. Тој постојано излегува од неговите раце во некаква определена форма за да се вратат веќе во друга форма и донесува профит само со помошта на таквата циркулација, или со такви постојани претворања и заменувања. Основниот капитал е капиталот што се вложува во мелиорација на земјиштето, во закупувањета на машини, орудија; алатки и сѐ“ (Смит, том II, стр. 197-198).

Секоја заштеда во расходите на основниот капитал означува пораст на чистата добивка. Вкупниот капитал на секој претприемач неминовно се дели на негов основен капитал и негов обртен капитал. Ако општата сума на вкупниот капитал останува неизменета, еден негов дел ќе биде толку помал колку што е поголем другиот. Обртниот капитал се троши за суровнни и надница, и го става производството во движење. На тој начин секоја заштеда во основниот капитал што не ја намалува производната сила на трудот го зголемува фондот што го става во движење производството“ (Смит, том II, стр. 226).

Уште од самиот почеток се гледа дека односот меѓу основниот капитал и обртниот капитал е за големиот капиталист многу поповолен одошто за малиот. На многу големиот банкар му е потребно само мошне малу повеќе capital fixe одошто на мошне малиот: и кај едниот и кај другиот основниот капитал се сведува на загубите на банкарската контора. Орудијата за производство на крупниот земјопоседник не се множат ни најмалку пропорционално со големината на неговото земјиште. Токму така и кредитот, со кој располага големиот капиталист пред помалиот, е сам од себе толку поголема заштеда на основниот капитал, и тоа во пари, што тој секогаш треба да ги има во готово. И, најпосле, само по себе се разбира дека таму каде што индустрискиот труд достигнал висок степен на развиток, т.е. таму каде што речиси сиот рачен труд станал фабрички труд, таму на малиот капиталист не му достига неговиот целокупен капитал веќе и само затоа да го има потребниот основен капитал.

Воопшто при акумулацијата на големи капитали, се случува исто така и соодветната концентрација и упростување на основниот капитал во споредба со помалите капиталисти. Големиот капиталист си воведува за себе своевидна организација на орудијата на трудот.

„Исто така и во подрачјето на индустријата секоја мануфактура и секоја фабрика претставува веќе поопширна врска на повеќе или памалу големо материјална богатство со многубројни и многувидни интелектуални способности и технички умешности заради заедничка цел на производството ... Таму каде што законодавството ја штити постојаната целост на големи маси земјишна сопственост, одвишокот на населението што е во пораст се стреми кон занаетчиската работа и како последица на тоа се добива, како што се гледа тоа во Велика Британија, главно во индустриската сфера да се собираат големи маси пролетери. Таму, пак, каде што законодавството допушта непрекинато раздробување на земјата, како што е тоа случај во Франција, таму се зголемува бројот на ситни и задолжени сопственици, кои во процесот на натамошното раздробување на земјиштето паѓаат во класата на сиромашните и незадоволните. Кога, најпосле, тоа раздробување и задолженост достигаат особено висок степен, крупниот земјопосед одново го голтнува малиот, како што крупната индустрија ја уништува ситната; а доколку пак се формираат повеќе или помалку големи комплекси на имоти, сета таа маса безимотни работници, што не е потребна за обработка на земјата, пак се устремува во индустријата“ (Шулц „Движење на производството“, стр. 58-59).

„Својствата на стоките од еден и ист вид се изменуваат во резултат на промените во начинот на производството особено во резултат на применувањето на машините. Само со исклучувањето на човечката сила се појави можност од една фунта памук во вредност од 3 шилинга и 8 пенса да се добијат 350 замотки преѓа долга 167 англиски или 36 германски милји, во вредност од 25 гвинеи“ (пак таму, стр. 162).

„Цената на памучните изработки во Англија последниве 45 години се снижи во просек за 11/12, и она количества фабрикати за кое уште во 1814 г. плаќаа 16 шилинзи, сега чини според пресметките на Маршал 1 шилинг и 10 пенса. Поголемата евтинија на индустриските прадукти ја зголеми како побарувачката внатре во земјата така и извозот на надворешниот пазар; во врска со тоа во Велика Британија бројот на работниците од индустријата за памук, по воведувањето на машините не само што не се намали, туку и се зголеми од 40.000 на 1,5 милион. Што се однесува до заработката на индустриските претприемачи и работниците, тоа како последица на порастот на конкуренцијата меѓу фабрикантите нивната добивка, во споредба со количеството на доставаната од нив продукција, неминовно се намали. Во годините 1820-1833 бруто-печалбата на фабрикантите во Манчестер по парче просто платно се намали од 4 шилинга и 1 1/3 пенса на 1 шилинг и 9 пенса. Но за надополнувањето на таа загуба обемот на производството беше зголемен во уште поголем степен. Поради таа, во одделни гранки на индустријата одвреме-навреме настапува прекумерно производство (хиперпродукција); се појавуваат чести банкротства, како последица на кои внатре во класата на капиталистите и господари на трудот настанува несигурно колебање и непостојаност на сопственоста, што отфрла извесен дел од економски разурнатите сопственици во редовите на пролетаријатот; често при тоа ненадејно се појавува нужноста од запирање или намалување на работата, што секогаш се одразува многу тешко врз класата на наемните работници“ (пак таму, стр. 63).

„Да се дава пад наем својот труд значи да се започне своето ропство; да се дава под наем објект на трудот значи да се создаде своја слобода ... Трудот е човек, а во објектот на трудот, напротив, нема ништо од човекот“ (Пекер, „Теорија на социјалната економија“ итн., стр. 411-412).

„Елементот материја, што не може да создаде богатство без другиот елемент, трудот, придобива волшебно својство да се оплодува за нив [за сопствениците на таа материја], како тие со своите сопствени дејства да го вложиле во неа тој втор неопходен елемент“ (пак таму).

„Ако се претпостави дека секојдневниот труд на работникот му донесува средно 400 франка во годината и дека таа сума е достатна за секој возрасен, за да живее, задоволувајќи ги најнеопходните потреби, тогаш излегува дека секој оној што има годишен приход од 2.000 франка во вид на камата, од закуп, од наемнина за живеалиште итн. индиректно ги принудува да работат за него петмина; 100.000 франка рента претставуваат труд на 250 мина, а 1.000.000 франка — труд на 2.500 мина“ (пак таму, стр. 412-413) — и, значи, 300.000.000 франка (Луј Филип) — труд на 750.000 работници.

„Човечкиот закон им дал на сопствениците право да се користат и ја злоупотребуваат својата сопственост, т.е. да прават сѐ што сакаат со кои било објекти на трудот. Законот ни најмалку не ги обврзува секогаш и навреме да им даваат работа на оние што немаат сопственост, или пак секогаш да им исплатуваат достатна наемнина итн.“ (пак таму, стр. 413). „Полна слобода што се однесува до определувањето на карактерот на производството, неговото количество, квалитет, неговата своевременост, полна слобода на употреба на богатствата, на распоредување со објектите на секој труд. Секој е слободен да го разменува својот предмет како што сака, без да се обѕира на што било освен на својот сопствен индивидуален интерес“ (пак таму, стр. 413).

„Конкуренцијата претставува само израз на необврзана размена, што од своја страна е најблиска и логична последица на индивидуалното право да се користи и злоупотребува со орудијата на секое производство. Тие три економски моменти, што всушност претставуваат единствена целост — правото на користењето и злоупотребата, слободата на размената и неограничената конкуренција — повлекуваат со себе такви последици: секој произведува што сака и како што сака, кога сака и каде што сака. Произведува ли тој добро или лошо, мошне многу или недостатно, мошне рано или мошне доцна, мошне скапо или мошне евтино; никој не знае, ќе успее ли тој да продаде, како ќе продаде, кога ќе продаде, каде ќе продаде, кому ќе му продаде. Токму така стои работата и со купувањето. Производителот ги игнорира и потребите, и изворите, и побарувачката и понудата. Тој продава кога сака и кога може, каде што му е згодно, на кого му е згодно, по цена што нему му одговара. Токму така тој и купува. Во сето тоа тој е секогаш играчка на случајот, роб на законот, наложен од посилни, од оние што се помалку ограничени во своите акции, од оние што се побогати ... Во исто време кога на една точка владее недостиг на богатство, на друга точка се гледа одвишок и растурање. Додека еден производител продава многу или мошне скапо и со огромна печалба, другиот не продава ништо или продава со загуба ... Понудата не ја знае побарувачката, а побарувачката не ја знае понудата. Вие произведувате потпирајќи се на вкусот и модата, што се гледаат меѓу потрошувачите, но кога вие сте приготвиле соодветна стока, тогаш се покажува дека тој нивни каприц веќе поминал и нивните мисли се запреле сега на друг вид производ ... Неизбежни последици на сето тоа се непрекинатост и универзалност на банкротството; неточно предвидени пресметки, ненадејно упропастување и неочекувано обогатување; комерцијални кризи, затворање на претпријатија, периодична презаситеност на пазарот со стоки, или пак глад за стоки; нестабилност и опаѓање нa надницата од добивките, загуба или чудовишно растурање на богатства, време и усилби на арената на жестоката конкуренција“ (пак таму, стр. 414-416).

Рикардо во својата книга „Земјишната рента“: нациите се само производствени работилници; човекот е машина за потрошувачка и производство; човечкиот живот е капитал; економските закони слепо владеат со светот. За Рикардо луѓето се ништо, продуктот е сѐ. Во глава 26 од францускиот превод се вели: „На човекот што има капитал од 20.000 франка, што му донесува годишно 2.000 франка профит, сосем му е сеедно дали неговиот капитал употребил 100 или 1.000 мина ... Не е ли исто таков и реалниот интерес во целата нација? Ако само нејзиниот чист реален доход, нејзината рента и профит не се менуваат, тогаш нема никакво значење дали таа нација има 10 или 12 милиони жители“ (т. II, стр. 194-195). „Навистина, вели г. де Сисмонди (т. II. стр. 331), останува само да се посака кралот останат наполно сам на својот остров, со притиснување на копчето да ги принуди автоматите да ја исполнат сета работа во Англија.“

„Господарот што го купува трудот на работникот по толку ниска цена, што таа одвај му стасува на работникот за задоволување на најитните потреби, не е виновен ни за недостатноста на надницата, ни за прекумерното траење на работата: тој самиот се потчинува на истиот закон што им го налага на другите ... Изворот на бедата не е толку од луѓето, колку од силата на нештата“ (Бјуре, цит. дело стр. 82).

„Во Англија има многу места каде што на жителите не им достигаат капитали за полна обработка на својата земја. Значителен дел од волната од јужните грофовства на Шкотска мора да прави долго патување по суво, по лоши патишта, за да стаса за преработка во Јоркшир, затоа што на местото на нејзиното производство нема капитали за мануфактура. Bo Англија постојат повеќе мали фабрички градови чии што жители немаат капитал за превозот на нивниот индустриски производ на оддалечените пазари, каде што тој производ наоѓа побарувачка и потрошувачка. Трговците што ги има тука само се агенти на побогати трговци, што живеат во овие или оние големи трговски градови“ (Смит, том II, стр. 382).

„За да се зголеми вредноста на годишниот продукт на земјата и трудот нема друг начин освен: или да се зголеми бројот на продуктивните работници, или да се покачи производноста на трудот на оние работници што работеле порано... И во едниот и во другиот случај речиси секогаш е потребен извесен додатен капитал“ (Смит, том II, стр. 338).

„Значи, бидејќи според самата природа на нештата акумулацијата на капиталот претставува неопходен претходен услов за поделбата на трудот, натамошната поделба на трудот може да станува само во сразмер во кој станувала сѐ поголема и поголема акумулација на капиталите. Колку е поголема поделбата на трудот толку повеќе расте количеството суровини што можат да бидат преработени од еден ист број луѓе; а бидејќи работата на секој работник сѐ повеќе и повеќе се упропастува, се изнаоѓаат сѐ нови и нови машини, за да ги олеснат и намалат тие работи. Затоа со порастот на поделбата на трудот, за да се даде постојана работа на тој ист број работници, е неопходно претходно да се натрупа исто такво количество на средства за живот колку и порано, и многу поголемо количество на суровини, орудија и алатки одошто тоа било потребно порано, при помалку развиени услови. Во секоја гранка на производството бројот на работниците расте заедно со порастот на поделбата на трудот во неа, или, поточно, токму тоа зголемување на нивниот број и создава можност за нив за таков вид поделба на одделни групи и делови“ (Смит, том II, стр. 193-194).

„Исто онака како што значителниот пораст на производната сила на трудот не може да станува без претходно натрупување на капитали, така и акумулација на капитали природно го предизвикува тој пораст. Со помош на својот капитал капиталистот се стреми да произведе колку е можно поголемо количество продукт, а за тоа тој се труди да спроведе меѓу своите работници најцелисходна поделба на трудот и да ги снабди со најдобрите можни машини. Неговите можности да успее во едниот и другиот правец зависат од големината на неговиот капитал и од бројот на луѓето на кои тој капитал може да им даде работа. Затоа не само количеството на трудот расте во земјата според порастот на капиталот што по приведува во движење, туку, освен тоа, поради тој пораст на капитал едно и исто количество труд произведува многу поголемо количество труд“ (Смит, том II, стр. 194-195). Оттука и хиперпродукција.

„Пошироки комбинации на производните сили ... во индустријата и трговијата преку обединувањето на помногубројните и помногуобразните сили на човекот и силите на природата, за потфати во поголем размер. И ваму и таму ... веќе потесно обединување на основните гранки на производство една со друга. Така на пример, крупните фабриканти се трудат да придобијат и крупен земјишен посед, за да не добиваат од туѓи раце барем дел од суровините за нивните индустриски претпријатија; или со своите индустриски претпријатија тие ја поврзуваат и трговијата, не само заради продажбата на своите сопствени фабрикати, туку и заради купувањето на производи од инаков вид и заради нивната продажба на своите работници. Во Англија, каде што одделни фабриканти имаат понекогаш 10-12 илјади работници ... веќе често се сретнуваат таков вид обединувања на различни видови производство, под водство на едно раководно лице, такви, така да се рече, малечки држави или провинции внатре во државата. Така на пример, во последно време сопствениците на рудниците кај Бирмингем го земаат во свои раце сиот процес на производството на железо, додека порано тоа производство било распределено меѓу различни претприемачи и сопственици. (В. ја статијата „Бирмингемската рударска област“ во списанието „Deutsche Vierteljahrsschrift” № 3. 1838 год.)

— И, најпосле, во толку многубројните сега големи акционерски компании ние гледаме опширни комбинации на паричните сили на мнозина учесници, со научни и технички познавања и умешности на други лица, на кои им се препушта самото исполнување на работата. Преку тоа капиталистите добиваат можност да ги искористат своите заштеди на многу начини, и дури истовремено во земјоделството, индустријата и трговијата, поради што нивните интереси стануваат помногустрани, а спротивностите меѓу интересите на земјоделството, индустријата и трговијата се смекнуваат и уништуваат. На самата нарасната можност за разновидно искористување на капиталот неминовно придонесува за продлабочувањето на јазот меѓу имотните и неимотните класи“ (Шулц, цит. дело, стр. 40-41).

Огромната добивка што ја извлекуваат сопствениците на живеалишта од сиромаштијата. Станарината се наоѓа во обратен однос спрема сиромашкото рамниште на животот, породувано од развитокот на индустријата.

Се извлекуваат проценти и од пороците на разурнатите пролетери (проституција, пијанство; лихварот што дава заем под залог).

Акумулацијата на капиталите расте, а нивната конкуренција се намалува кога капиталот и земјопоседот се наоѓаат во едни раце, а исто така во тој случај, кога капиталот, благодарејќи на своите големи размери, е способен да комбинира различни гранки на производството.

Рамнодушен однос спрема луѓето. Дваесетте лутриски лоза на Смит.

Нето и бруто приход кај Сеј.


Забелешки на уредникот на изданието

[1] Фонд (stock), (fonds) — парични средства наменети за некоја цел, резерва, капитал, парична маса.


Следно поглавје

Содржина

Маркс-Енгелсова интернет архива