Карл Маркс
Капиталот (том 1)

ГЛАВА ВТОРА

Процесот на размената


Стоките не можат сами да одат на пазар нити да се разменуваат сами. Затоа треба да ги најдеме нивните чувари, стопаните на стоките. Стоките се предмети и затоа безотпорни спроти човекот. Ако не сакаат милум, тој може да употреби сила, инаку речено да ги земе.[37] За да ги доведуваат овие предмети во однос еден спрема друг како стоки, нивните чувари мораат да се држат еден спрема друг како персони чија волја обитава во овие предмети, така што едниот само со волјата на другиот, значи секој од нив само врз заеднички акт на волјата од обајцата може да присвојува туѓи стоки и со тоа да ги отуѓува своите сопствени. Затоа тие мораат да се признаат еден со друг како приватни сопственици. Овој правен однос, чија форма е договорот, било да е оваа форма законски развиена или не, е еден однос на волјите во кој се изразува економскиот однос. Содржината на овој правен однос, или на односот на волјите му ја дава самиот економски однос.[38] Лицата овдека постојат едно за друго само како претставници на стоки, и со тоа како стопани на стоки. Во понатамошниот тек на излагањето воопшто ќе видиме, дека економските карактерни маски на лицата се сама персонификација на економските односи, и дека лицата настапуваат еден спроти друг како носители на овие односи.

Имено, она што го разликува стопанот на стоките од стоката е околноста што за стоката секое друго стоковно тело служи само како форма во која се изразува нејзината сопствена вредност. Затоа таа, како роден левелер и циник, секогаш е готова да ја размени не само својата душа туку и своето тело, со секоја друга стока, па дури и да била таа погрда и од Мариторна.[1*] Ова отсуство на смисла кај стоката за конкретното својство на стоковното тело го дополнува стопанот на стоката со своите сопствени пет и повеќе сетила. За него неговата стока нема непосредна употребна вредност. Инаку не би ја изнесол на пазар. Таа има употребна вредност за други. Непосредно за него таа има само употребна вредност што е носител на разменска вредност, значи што е средство за размена.[39] Затоа тој сака да ја отуѓи неа за стока чија употребна вредност него ќе го задоволи. Сите стоки се неупотребни вредности за своите стопани, а употребни вредности за своите нестопани. Ова значи дека тие треба да одат од рака на рака во сите правци. На ова преместување од рака на рака ја прави нивната размена, а нивната размена ги доведува нив во однос една спроти друга како вредности и ги реализира како вредности. Затоа стоките мораат претходно да се реализираат како вредности, пред да можат да се реализираат како употребни вредности.

Од друга страна, тие мораат да се потврдат како употребни вредности, пред да можат да се реализираат како вредности. Зашто човечкиот труд потрошен на нив се смета само до колку е потрошен во една форма полезна за други. Но само размената може да покаже дали е тој полезен за други, дали, според тоа, неговиот производ задоволува туѓи потреби.

Секој стопан на стока сака да ја отуѓи својата стока само за таква туѓа стока, чија употребна вредност ги задоволува неговите потреби. До толку за него размената е само индивидуален процес. Од друга страна, тој сака да ја реализира својата стока како вредност, значи да ја реализира по својата волја во секоја стока од иста вредност, па имала сега или немала неговата сопствена стока употребна вредност за стопанот од другата стока. До толку размената за него е општ општествен процес. Но истиот процес едновремено не може да биде за сите стопани на стоки само индивидуален и наедно само општ општествен.

Ако ја погледнеме работата поодблиску, ќе видиме дека на секој стопан на стока му важи секоја туѓа стока како посебен еквивалент на неговата стока, затоа неговата сопствена стока важи како општ еквивалент на сите други стоки. Но бидејќи истото го прават сите стопани на стоки, тогаш ниедна стока не е општ еквивалент, и затоа стоките немаат ни општа релативна форма на вредноста, во која би се изедначиле како вредности и би се споредиле како големини на вредности. Затоа тие воопшто не истапуваат една спроти друга како стоки, туку само како производи или употребни вредности.

Во својата заплетканост нашите стопани на стоки мислат како Фауст: Отпрво беше делото. Тие, значи, дејствувале пред да фатат да мислат. Законите на стоковната природа се појавија во природниот инстинкт на стопаните на стоките. Тие можат своите стоки да ги доведат во однос една спрема друга како вредности, и со тоа како стоки, само ако ги доведат во спротивност спроти која било друга стока како општ еквивалент. Тоа го покажа анализата на стоката. Но само општественото дејство може да направи една определена стока општ еквивалент. Затоа општествената акција на сите други стоки исклучува една определена стока, во која тие сестрано ги изразуваат своите вредности. Со тоа природната форма на таа стока станува еквивалентна форма со општествена важност. Функцијата на општ еквивалент низ општествениот процес станува специфична општествена функција на одделната стока. Така таа станува пари.

“Illi unum consilium habent et virtutem et potestatem suam bestiae tradunt. Et ne quis possit emere aut vendere, nisi qui habet characterem aut nomen bestiae aut numerum nominis ejus.”[2*]

Паричниот кристал е нужен производ од процесот на размената, и со него разнородните производи на трудот вистински се изедначуваат, а со тоа и вистински се претворуваат во стока. Историското раширување и продлабочување на размената ја развива и спротивноста меѓу употребната вредност и вредноста што дреме во стоковната природа. Потребата да се воспостави оваа спротивност надворешно води кон создавање самостојна форма на стоковната вредност, и не се смирува и не се запира, сѐ додека тоа конечно не се постигне со разделувањето на стоката во стока и пари. Според тоа, во иста мера во која се врши претворањето на производот на трудот во стока, се врши и претворањето на стоката во пари.[40]

Непосредната размена на производот, од една страна, има форма на прост израз на вредност, а од друга страна, уште ја нема. Таа форма беше: х стока A = y стока В. Формата на непосредната размена на производите е: х употребна вредност А = у употребна вредност В.[41] Овдека предметите А и B не се стоки пред размената, туку стануваат такви дури со неа. Првиот услов во кој еден предмет за употреба има можност да стане разменска вредност, е неговото суштествување како неупотребна вредност, како количества од употребна вредност што ги надминува непосредните потреби на своите стопани. Сами по себе предметите за човекот се нешто надворешна и затоа отуѓливо. За да биде заемно отуѓувањето, доста е луѓето, по премолчана согласност, да застанат еден спроти друг како стопани на овие отуѓливи предмети, а токму со тоа како меѓусебно независни лица. Меѓутоа, еден ваков однос на заемна отуѓеност не суштествува за членовите од една првобитна заедница, било таа да има форма на патријархална заедница или на староиндиска општина, на државата Инка итн. Размената на стоките започнува каде што се завршуваат заедниците, на допирните точки со туѓите заедници или со членовите на туѓите заедници. Но штом предметите еднаш ќе станат стоки за надворешниот живот на заедницата, тие, со обратно дејство, стануваат стоки и во нејзиниот внатрешен живот. Квантитативниот однос на нивната размена отпрва е сосем случаен. Тие се разменливи со таа што нивните стопани имаат волја меѓусебно да ги отуѓат. Притоа, потребата за туѓи употребни вредности малку по малку се утврдува. Со постојаното повторување, размената станува редовен општествен процес. Оттука, со текот на времето, барем еден дел од производите на трудот почнуваат да се произведуваат со цел за размена. Од овој момент, од една страна, се утврдува разликувањето меѓу полезноста на предметот за непосредна потреба и неговата полезност за размена. Нивната употребна вредност се разделува од нивната разменска вредност. Квантитативниот однос, од друга страна, во кој тие се разменуваат, станува зависен од самото нивно производство. Навиката ги утврдува како големини на вредност.

Во непосредната размена на производите секоја стока е непосредно средство за размена за својот стопан, а еквивалент за својот нестопан, но само до колку таа за него е употребна вредност. Според тоа, артикалот што се разменува уште не добива форма на вредност, независна од неговата сопствена употребна вредност, т.е. од индивидуалните потреби на разменувачите. Нужноста од оваа форма се развива со зголемувањето на бројот и разнообразноста на стоките што влегуваат во процесот на размената. Задачата никнува едновремено со средството за нејзино решавање. Однос во кој стопаните на стоките ги разменуваат и споредуваат своите сопствени артикли со разни други артикли, никогаш не се врши, а разни стопани на стоки во тој однос да не ги разменуваат и не ги споредуваат како вредности своите различни стоки со еден ист трет вид стока. Таква трета стока, со тоа што станува еквивалент за разни други стоки, иако во тесни рамки, добива непосредна форма на општ или општествен еквивалент. Оваа општа еквивалентна форма изникнува и ја снемува со моменталниот општествен допир, од кој се родила. Таа едноподруго и за кратко време ѝ припаѓа де на оваа, де на онаа стока. Но, со развитокот на стоковната размена, таа се припива исклучиво за посебен вид стока, или се кристализира во парична форма. Во прво време зависи само од случајот за кој вид стока таа ќе се прилепи. Но, главно, решавачко значење имаат две околности. Паричната форма се прилепува, или за најважните артикли што се земаат за размена од странство, а кои се вистински природно настанати појавни форми за разменската вредност на домашните производи, или за оној употребен предмет што го сочинува основниот елемент на домашниот отуѓлив посед, како што е, на пр. добитокот. Паричната форма прво ја развиваат номадските народи, бидејќи целокупниот нивни имот е во подвижна форма, а оттука непосредно во отуѓлива форма, и бидејќи нивниот начин на живеење постојано ги доведува во допир со туѓи заедници, и со тоа ги поттикнува на размена. Луѓето често ги направиле примитивен паричен материјал и самите луѓе, во ликот на робовите, но земјата никогаш. Таква идеја можеше да изникне само веќе во развиено буржоаско општество. Таа се јавува во последната третина од ХVII-иот век, додека обид за нејзино заведување во национални размери е извршен дури еден век подоцна, во Француската буржоаска револуција.

Во онаа мера, во која размената на стоките ги раскинува своите тесни локални граници, и затоа стоковната вредност станува во сѐ поширок обем материјализација на човечкиот труд воопшто, и паричната форма на стоките, преминува на благородните метали, кои од природа се погодни за општествена функција на општ еквивалент.

Дека „парите по својата природа се злато и сребро, иако златото и среброто по својата природа не се пари“,[42] докажува согласноста на нивните природни својства со нивните функции.[43] Но засега ние ја познаваме само едната функција на парите, да служат како форма за изразување на вредноста на стоките или како материјал, во кој општествено се изразуваат големините на стоковните вредности. Адекватна форма во која се пројавува вредноста, или материјализацијата на апстрактен, и оттука еднаков човечки труд, може да биде само една материја, од која сите егземплари имаат ист еднообразен квалитет. Од друга страна, бидејќи разликата во големината на вредноста е чиста квантитативна, паричната стока мора да биде способна за чисто квантитативни разлики, значи да биде способна за произволно делење и за повторно составување од своите делови. А златото и среброто ги имаат овие својства од природа.

Употребната вредност на паричната стока се вудвојува. Покрај особената употребна вредност што ја има како стока, на пр., златото да служи за исполнување шупливи заби, како суровина за луксузни предмети итн., паричната стока добива и една формална употребна вредност што извира од нејзината специфично општествена функција.

Бидејќи сите други стоки се само одделни еквиваленти на парите, а парите нивни општ еквивалент, тоа тие се држат како посебни стоки спроти парите како општа стока.“[44]

Видовме, дека паричната форма е само одблесок на односите од сите други стоки застанат на една стока. Туку дека парите се стока,[45] е откритие само за оној, што тргнува од нивниот готов лик, за отпосле да го анализира него. Процесот на размената не ѝ ја дава вредноста на стоката, што ја претвора тој во пари, туку ѝ ја дава нејзината специфична форма на вредност. Мешањето на овие две определби доведе до заблудата, да се смета вредноста на златото и среброто како вообразена.[46] Бидејќи во определена функција парите можат да се заменат со прости парични знаци, оттука произлезе другата заблуда, дека парите се само еден прост знак. Но, од друга етрана, тука лежи и претчувството дека паричната форма на предметот е само негова надворешна и само пројавна форма, зад каја се кријат односите меѓу луѓето. Во таа смисла секоја стока би била еден знак, зашто таа како вредност е само материјална лушпа на човечкиот труд потрошен во неа.[47] Но кога општествените карактери што ги добиваат предметите, или материјалните карактери што ги добиваат општествените определби на трудот врз основа на некој определен начин на производство, ќе се прогласат за прости знаци, тие едновремено се прогласуваат и за произволни производи на човечкото размислување. Тоа беше омилениот манир на просветителите од XVIIІ век, за да се сметне, барем привремено, привидот на нешто туѓо од загадочните облици на човечките односи во кои процесот на изникнување уште не можеше да се одгатне.

Порано спомнавме дека еквивалентната форма на некоја стока не вклучува квантитативна определба на големината на нејзината вредност. Ако знаеме дека златото е пари, та поради тоа е непосредно разменливо со сите други стоки, не значи дека знаеме и колку вредат на пр. 10 фунти злато. Како секоја стока, златото може да ја изрази својата сопствена големина на вредноста само релативно во други стоки. Неговата сопствена вредност ја определува работното време потребно за неговото производство, а се изразува со количеството на секоја друга стока, во која се стврднало исто толку работно време.[48] Утврдувањето на неговата релативна големина на вредноста се врши со непосредна размена на самиот извор од неговото производство. Штом ќе влезе тоа во циркулацијата како пари, неговата вредност е веќе дадена. Ако во последните десетлетја од 17 век веќе далеку се измина од почетокот на анализата на парите, со тоа што се знаеше дека парите се стока, но сепак тоа беше сама почетокот. Тешкотијата не се состои во тоа да се разбере дека парите се стока, туку како, зошто и со што стоката е пари.[49]

Видовме веќе уште во најпростиот израз на вредноста, х стока А = у стока В, дека предметот, со кој се претставува големината на вредноста од некој друг предмет, изгледа оти својата еквивалентна форма ја има независно од тој однос како општествено природно својство. Ние го проследивме зацврстувањето на таа фалшива привидност. Таа е завршена штом општата еквивалентна форма ќе срасне со природната форма од некој особен вид стока или штом ќе се искристализира во парична форма. И не изгледа дека таа стока станала пари само затоа што сите други стоки ги изразуваат во неа сестрано своите вредности, туку обратно, изгледа дека тие ги изразуваат во неа своите вредности затоа што таа е пари. Движењето што доведе до ова се губи во својот сопствен резултат не оставајќи трага од себе. Без своето учество стоките наидуваат на готов облик на својата вредност во стоковното тело што суштествува надвор од нив и крај нив. Овие предмети, златото и среброто, такви какви што излегуваат од земјината утроба, се едновремено и непосредно отеловување на сиот човечки труд. Оттука и магијата на парите. Чистото атомистичко однесување на луѓето во општествениот процес на нивното производство, и поради тоа и материјалниот облик на нивните сопствени односи во производството, што се независни од нивната контрола и од нивната свесна индивидуална дејност, пред сѐ се појавуваат во тоа што производите на нивниот труд општо земаат форма на стока. Оттука загатката на паричниот фетиш е само загатка на стоковниот фетиш, но само што е очевидна и ги засенува очите.


Фусноти

[37] Во 12 век, толку прочуен со својата побожност, меѓу овие стоки често излегуваа и сосем деликатни нешта. Така еден француски поет од она време набројува меѓу стоките што се најдувале на пазарот Ланди покрај материи за алишта, обувки, кожи, земјоделски алати, сурови кожи итн. и „femmes folles de leur corps“ [жени со пламено тело].

[38] Прудон отпрво ги црпе своите идеали за праведноста, „justice éternelle“ [вечна правда] од правните односи што му одговараат на стоковното производство, со што патем речено, ѝ се дава на сета ситна буржоазија утешен доказ оти формата на стоковното производство е исто така вечна како и праведноста. После тој сака, напротив, да ги преобрази соодветно на овој идеал вистинското стоковно производство и вистинското право што му одговара нему. Што ќе се рече за еден хемичар, кој место да ги проучува вистинските закони за измената на материјата и врз основа на тоа да решава определени задачи, би сакал да ја преобрази измената на материјата сообразно со „вечните идеи“ на „naturalité“ [природност] и на „affinité“. Зар ние ќе знаеме нешто повеќе за лихварството, ако се каже оти тоа ѝ противречи на „justice éternelle“ и на „équité éternelle“ и на „mutualitѐ éternele“ [вечна заемност] и на другите „verités éternelles“ [вечната вистина], отколку што за него знаеле отците кога велеле оти лихварството ѝ противречи на „grâce éternelle“ [вечна милост], на „foi éternelle“ [вечна вера] и на „la volonté éternelle de Dieu“ [вечна божја волја]?

[39] „Зашто е двојствена употребата на секое добро. — Едната му е својствена на самиот предмет како таков, другата не му е; така на пр., едни сандали можат да служат за обување и за размена. Обете се употребни вредности на сандалите, оти и тој што ги разменува сандалите за нешто што да било што му е нужно, на пр., за храна, ги ползува сандалите како сандали. Само не на начин на нивната природна употреба. Бидејќи тие не суштествуваат заради размената.“ (Аристотел: „De Republica,“ св. I, гл. 9.)

[40] Според ова треба да се суди за итроста на ситнобуржоаскиот социјализам што сака да го овековечи стоковното производство, а едновремено да ја укине „спротивноста меѓу парите и стоката“, т.е. самите пари, зашто тие суштествуваат само во оваа спротивност. Исто така, би можел да се укине папата, а да се пушти да суштествува католицизмот. Поподробно за ова види во моето дело: „Zur Kritik der Politischen Oekonomie”, стр. 61 и натаму.

[41] Сѐ додека уште не се разменуваат два различни употребни предмета, туку како што често најдуваме кај дивјакот, се предлага една хаотична маса од предмети како еквивалент за нешто трето, сѐ дотогаш и непосредната размена на производите сѐ уште стои во своето предворје.

[42] Karl Marx: „Zur Кritik" etc., стр. 135. „Благородните метали ... од природа се пари.“ (Galiani: „Della Moneta" во Кустодиевата збирка, „Parte moderna“, св. III, cтp. 72.)

[43] Поподробно за овa види во моето погоре цитирано дeло, оддел „Благородни метали“.

[44] „Парите се универзална стока“. (Verri: „Meditazioni sulla Economia Politica”. cтp. 16.).

[45] „Само по себе среброто и златото, што можеме да ги означиме под општо име благородни метали се ... стоки ... чија вредност де се крева, де паѓа. На благородниот метал може да му се признае поголема вредност, тогаш кога негова помала тежина се разменува за поголема маса земјоделски или индустриски производи во земјата итн. ([S. Clement] „A Discourse on the General Notions of Money, Trade and Exchange, аѕ they stand in relations to each other“. Ву a Merchant. London 1695, стр. 7.) „Среброто и златото, исковани или неисковани во пари иако се употребуваат како мера за сите други предмети, сепак тие се токму толку стоки колку што е виното, маслото, тутунот, облеките или штофот.“ ([J. Child] „A Discourse concerning Trade, and that in particular of the East Indies etc.“ London 1689, стр. 2.) „Капиталот и богатството на кралството [на Англија] не се ограничуваат само на парите, нити пак златото и среброто можат да се избришат од бројот на стоките" ([Th. Papilon] „The East India Trade a most profitable Trade”. London 1677, стр. 4.)

[46] „Златото и среброто имаат вредност како метали пред да станат пари“. (Galiani: „Della Moneta“, стр. 72.) Лок вели: „Општaтa согласност меѓу луѓето да му придадат на среброто една имагинарна вредност поради неговите квалитети што го прават погодно за пари.“[3*] Напротив Лo вели: „Како можеле разни нации да му придадат на некој кој да било предмет една имагинарна вредност... или како можела оваа имагинарна вредност да се одржи?“ Но колку малку се разбирал во работата и самиот тој се гледа од следново: „Среброто се раменувало според употребната вредност што ја има тоа, значи според неговата вистинска вредност; со својата определба како пари тоа доби додатна вредност (une valeur additionelle)”. (Jean Law: “Considérations sur le numéraire et le commerce”, во издание Е. Daire: Economistes Financiers du XVIII siècle, стр. [469], 470.)

[47] „Парите се знак за нив (за стоките)“, (VV. de Forbonnais: “Eléments du Commerce“, Ново изд. Leyde, 1766, св. II, стр. 143.) „Нив стоките ги привлекуваат како знак (исто, стр. 155). „Парите се знак за некој предмет и го претставуваат него.“ (Montesquieu: “Esprit des Lois”. Oeuvres, Londоn 1767, кн. II, стр. 2.) Парите не се прост знак, зашто и самите тие се богатство; тие не ја претставуваат вредноста, тие самите се вредност. (Le Trosne: „De l’Intérêt Social.”, стр. 910) „Кога го разгледуваме поимот на вредноста, тогаш самиот предмет се разгледува само како знак, и тој нема значење сам по себе, туку колку што чини тој.“ („Hegel: „Philosophie des Rechts”, стр. 100). Претставата за парите како прости знаци и како чисто имагинарна вредност на благородните метали ја лансираа правниците, уште пред економистите во нивната лакејска служба на кралската власт, кои низ целиот Среден век го поткрепуваа правото на кралот за фалсификување монети врз традициите на римското царство и врз поимите за парите изразени во пандектите. „Никој не може и не смее да се сомнева“, вели верниот ученик на јуристите Филип де Валоа во еден декрет од 1346 г. „оти само нам и на нашето кралско величество ни припаѓа правото ... да коваме монети, да снабдуваме со пари, и сите распоредби во врска со монетaтa, правото да се пушти во оптек и да ѝ се определи вредноста како ќе ни биде нам згодно и како ќе ни се чини нам за добро“. Догма на римското право била, царот да ја декретира вредноста на парите. Било безусловно забрането да се третираат парите како стока. „Никому не смее да му се дозволи да тргува со пари; оти тоа што е определено за ползување на сите, не cмee да стане стока“. Добро разјаснување за ова види во G. F. Pagnini: „Saggio sopra il giusto pregio delle cose“, 1751, при Custodi, Parte Moderna, т. II. Особено во вториот дел од делото Пагнини полемизира против господата јуристи.

[48] „Ако некој може да добие од перуанските рудници и да пренесе во Лондон една унца сребро за исто време за кое би му било потребно да произведе еден бушел жито, тогаш првиот производ ја сочинува природната цена на вториот; а ако почнат да се експлоатираат нови побогати рудници и ако се добиваат две унци сребро со истиот труд со кој порано се добиваше една, тогаш житото со цена од 10 шилинзи бушелот ќе биде исто толку евтино колку што беше понапред по цена од 5 шил., ако останат исти другите околности." William Petty: „A Treatise of Taxes and Contributions”, London 1667, стр. 31.)

[49] Професор Рошер откако нѐ поучи нас оти: „Погрешните дефиниции за парите можат да се поделат во две главни групи: на такви што ги сметаат парите за нешто поголемо, и на такви што ги сметаат нив за нешто помало од стоката“, после следува еден шарен каталог од творби за парите, во кој ни најмалку не се придонесува за осветлувањето на историјата на теориите за парите, а после иде моралот: „Секако не може да се одрече, дека мнозинството од модерните национални економисти не ѝ посветиле достатно внимание на особеноста што ги разликува парите од другите стоки (значи сепак повеќе или помалку како стока) ... Впрочем, полумеркантилистичката реакција на Ганил не е сосем без основа“. (Wilhelm Roscher: “Die Grundlagen der Nationaloekonomie“. 3 издание, 1858, стр. 207-210). Повеќе-помалку-недостатно-до колку-не сосем! Какви определби на поимите? И ова еклектичко и професорско брборење го крсти скромно г. Рошер во политичката економија „анатомно-физиолошки метод“. Сепак нему му должиме за една откритие, имено дека парите се „пријатна стока“.


Забелешки на уредникот на изданието

[1*] Грда крчмарка од романот на Сервантес „Дон Кихот“.

[2*] „Овие имаат една волја и ќе му ја дадат силата и власта своја на ѕверот. Никој да не може да купи ни да продава, освен оној што го има печатот или името на ѕверот, или бројот од името негово“ (Апокалипса).

[3*] John Locke: “Some Considerations etc.”, 1691, изд. 1777, том. II, стр. 15.


Следно поглавје

Содржина

Маркс-Енгелсова интернет архива