Карл Маркс
Капиталот (том 1)

Оддел трети
Производство на апсолутниот вишок на вредноста

ГЛАВА ПЕТТА

Процес на труд и процес на оплодување на вредноста


Содржина

1. — Процес на труд
2. — Процес на оплодување на вредности


1. Процес на труд

Употребувањето на работната сила е самиот труд. Купецот на работната сила ја троши со тоа што нејзиниот продавач ја пушта да работи за купецот. Првиот со тоа actu [на дело] станува дејствувачка работна сила, работник, што тој порано беше само potentia [потенцијално]. За да го претстави својот труд во стоки, тој пред сѐ мора него да го претстави во употребни вредности, во предмети што служат за задоволување на потреби од кој било вид. Значи, она што му го дава капиталистот на работникот да му го подготви, е нeкojа особена употребна вредност, некој определен артикал. Општата природа на производството на употребни вредности, или на добра не се изменува со таа што таа се врши за капиталистот и под негова контрола. Затоа процесот на трудот мора најнапред да се разгледа независно од секоја определена општествена форма.

Пред сѐ, трудот е процес меѓу човекот и природата, процес врз кој човекот со својата сопствена дејност ја условува, регулира и контролира измената на материјата [метаболизмот] меѓу себеси и природата. Спроти природната материја тој сам истапува како природна сила. За да ја присвои природната материја во форма погодна за неговиот сопствен живот, тој ги става во движење, природните сили на неговото тело, рацете и нозете, главата и дланките. Бидејќи со ова движење тој дејствува на природата надвор од себеси и ја изменува, едновремено со тоа тој ја изменува и својата сопствена природа. Тој ги развива задреманите во неа потенции и играта на нејзините сили ја потчинува на својата сопствена власт. Овде немаме работа со првите животински инстинктивни форми на трудот. Состојбата во која работникот истапува на стоковниот пазар како продавач на својата сопствена работна сила ја оставила далеку во исконска заднина состојбата, во која човечкиот труд уште не беше се откинал од неговите први инстинктивни форми. Ние претпоставуваме труд во таква форма, што му е исклучиво својствена на човекот. Пајакот врши операции што личат на тие од ткајачот, а пчелите со градењето на восочните ќелии засрамуваат некои луѓе-архитекти. Но и она што најлошиот архитект однапред го разликува од најдобра пчела, е тоа што тој ќелијата ја има изградено во својата глава, пред да ја изработи во восокот. На крајот на процесот на трудот излегува резултат, што во почетокот на процесот веќе суштествуваше во претставата на работникот, значи идеално. Она што го постигнува тој не е само измена на формите на природните предмети; тој едновремено ја реализира во природните предмети својата цел, што ја знае, која како закон го определува видот и начинот на неговото дејство и на која тој мора да ѝ ја потчини својата волја. А ова потчинување не е никаков осамен акт. Покрај напрегнатоста на органите што работат се бара, за сета време на работата, и целесообразна волја, која се пројавува како внимание, и тоа толку повеќе, што помалку го интересира работникот содржината на самиот труд и видот и начинот на неговото изведување, значи што тој помалку се насладува во трудот како во игра на своите телесни и духовни сили.

Простите моменти на процесот на трудот се целесообразната дејност или самиот труд, предметот на трудот и средството на трудот.

Земјата, (во која економски се разбира тука и водата) првобитно ги снабдувала луѓето со провијант, со готови средства за живот,[1] таа суштествува кака општ предмет на човечкиот труд без негово содејство. Сите предмети, што ги одделува самиот труд од нивната непосредна сврзаност со целоста на земјата, се предмети на трудот дадени од природата. Така е со рибата што ја фаќаме и што ја разделуваме од нејзиниот животен елемент, од водата, така е со дрвото што се сече во прашумата, со рудата што се откинува од нејзината жица. Напротив, ако самиот предмет на трудот веќе порано бил, така да се каже, прочистен со претходен труд, тогаш го викаме суровина. На пр. иcкoпаната руда што ја промиваме сeга. Сите сурови материјали се предмети на трудот, но не секој предмет на трудот е суров материјал. Предметот на трудот е само до толку суров материјал, до колку веќе претрпел некоја измена со посредство на трудот.

Средството на трудот е предмет или сума од предмети, што ги става работникот меѓу себеси и предметот на трудот, и што му служат нему како проводник на неговата дејност врз овој предмет. Тој се ползува со механичките, физичките, хемиските својства на предметите кога, согласно со својата цел, ги пушта да дејствуваат како средства на својата моќ врз други предмети.[2] Предметот што го овладува работникот непосредно — ако не го земеме предвид собирањето на готовите средства за живот, на пр. плодовите, при што му служат кака средства на трудот само неговите сопствено-телесни органи — не е предмет на трудот, туку средство на трудот. Така самите предмети од природата стануваат органи на неговата дејност, органи што ги присоединува кон сопствените телесни органи, со кои го продолжува своето природно тело, ем на пук на библијата. Како што земјата му е првобитен склад за провијант, таа е негов првобитен арсенал на средства на трудот. Таа на пр. му го дава каменот со кој фрла, трие, стега, сече итн. Самата земја е средство на трудот, но за да служи таа кака средство на трудот во земјоделството, нужни се пак цела низа други средства на трудот и веќе релативно високо развиена работна сила.[3] Воопшто, штом процесот на трудот барем нешто се развие, тој веќе бара преработени средства на трудот. Во најстарите пештери каде што луѓето живееле, најдуваме камени орудија и камени оружја. Покрај преработениот камен, дрво, коски и мида во почетокот на човечката историја главната ролја како средство на трудот ја игра припитоменото животно, значи со труд изгледано и изменето.[4] Употребата и создавањето на средствата на трудот, иако тоа во никулец им е својствено и на извесни видови животни, му даваат карактерна црта на специфичниот човечки процес на трудот, и затоа Франклин го дефинира човекот како „а toolmaking animal“, животно што прави орудија. Истата важност што ја имаат фосилните скелети за проучувањето на склопот на исчезнатите животински видови, ја имаат и останките на средствата на трудот за расудувањето за исчезнатите општествено-економски формации. Економските епохи не се разликуваат по тоа што се прави, на по тоа како се прави, со какви средства на трудот.[5] Средствата на трудот не се само мера за степените на развитокот на човечката работна сила, туку и показатели на општествените односи во кои се ра6оти. Меѓу самите средства на трудот механичките средства на трудот, што вкупно може да се наречат коскен и мускулен систем на производството, ни даваат многу порешителни карактерни белези за некоја епоха на општественото производство, отколку такви средства на трудот што служат само за држење на предметите на трудот, што вкупно може сосем општо да се означат кака систем на садови за производство, како на пр. цевки, бочви, кошници, грнци итн. А пак дури во хемиската фабрикација овие средства играат важна ролја.[5a]

Освен предметите, со чие посредство трудот дејствува на својот предмет, и поради тоа тие служат на еден или на друг начин како спроводници на неговата дејност, се сметаат кон средствата на процесот на трудот во поширока смисла и сите материјални услови што се општо потребни за да се изврши процесот. Тие не влегуваат директно во него, но тој без нив или никако не може да се изврши, или само нецелосно. Општо средство за работа од овој вид пак е самата земја, бидејќи му го дава на работникот locus standi [место на кое стои], а на неговиот процес му дава простор за дејство (field of employment). Средства на трудот од овој вид добиени со самиот труд се на пр. работилници, канали, патишта итн.

Значи, дејноста на човекот во процесот на трудот со средствата на трудот предизвикува однапред замислена измена врз предметот на трудот. Процесот се гаси во производот. Неговиот производ е употребна вредност, природна материја, приспособена со изменувањето на формата за човечки потреби. Трудот се сврза со својот предмет. Тој се опредмети, а предметот е обработен. Тоа што се појави на страната на работникот во форма на движење (Unruhe), ce појавува сега на страната на производот како неподвижно својство во форма на битие. Тој предеше, а производот е преѓа.

Ако се разгледува сега целиот процес од гледиштето на неговиот резултат, на производот, тогаш обата, средството на трудот и предметот на трудот се покажуваат како средства за производство,[6] а самиот труд кака производен труд.[7]

Додека некоја употребна вредност излегува од процесот на трудот како производ, други употребни вредности, производи од панапрежни процеси на трудот, влегуваат во него како средства за производство. Истата употребна вредност што е производ од овој труд станува средство за производство на друг труд. Затоа производите се не само резултат, туку едновремено и услов за процесот на трудот.

Со исклучок на екстрактивната индустрија, што своите предмети на трудот ги најдува во природата, — како рударството, ловот, рибарството итн. (земјоделството само до толку, до колку тоа отпрвин разработува ледина), сите индустриски гранки обработуваат предмети, што се суров материјал, т.е. предмети на трудот што се прочистени вeќe со труд, што се веќе самите производ на трудот. Така е на пр. со семето во поледелството. Животните и растенијата што обично се сметаат за природни производи, во нивната сегашна форма можеби не се само производи на трудот од минатата година, туку производи на преобразби што се вршат во текот на многу поколенија, под контрола на човекот, и со посредство на човечкиот труд. Но што се однесува специјално за средствата на трудот, тие во нивното огромно мнозинство покажуваат дури и за најплиткиот поглед траги од изминат труд.

Суровиот материјал може да ја сочинува главната супстанца од некој производ, или може да влезе во неговото образување само како помошна материја. Средствата на трудот трошат помошна материја; така парната машина троши јаглен, колцето масло, работниот коњ сено, или пак таа се додава на суровината за да се предизвика со тоа некоја материјална измена, како што се додава хлор на небеленото платно, јаглен на железото, боја на волната или таа служи да се изврши самиот труд, како на пр, материите што се употребуваат за осветлување и затоплување на работилниците. Разликата меѓу главната и помошната материја исчезнува дури во вистинската хемиска индустрија, бидејќи овде ниедна од употребените суровини не се појавува одново како супстанца на производот.[8]

Бидејќи секој предмет има разноразни својства и затоа е погоден да се исползува на различни начини, исто така и еден ист производ може да биде суровина за многу различни процеси на трудот. Житото е на пр. суровина за мелничарот, за фабрикантот на скроб, за фабрикантот на бира, за одгледувачот на добиток итн. Тоа може да биде суровина за своето сопствено производство како семе. Така и јагленот излегува од рударската индустрија кака производ, а влегува во неа како средство за производство.

Еден ист производ може да служи во еден ист процес на трудот како средство на трудот и како суровина. На пр. при гаењето добиток, каде што е добитокот обработуваната суровина, а тој е едновремено и средство за приготвување гноиво.

Некој производ, што суштествува во готова форма за трошење може одново да стане суровина за некој друг производ, како што е грозјето суровина за виното. Или пак трудот го остава својот производ во форми во кои тој е пак употреблив само како суровина. Суровината во оваа состојба се вика палуфабрикат, а можеби би било подобро да се вика степенуван фабрикат, како на пр. памукот, конецот, преѓата итн. Првобитната суровина, иако е веќе и самата производ, може да помине цела скала од разни процеси, во кои таа постојано сѐ одново функционира како суровина во постојано изменет вид, сѐ додека последниот процес на трудот не ја отфрли од себе како готово средство за живот, или готово средство на трудот.

Се гледа ова: Дали некоја употребна вредност ќe се јави како суровина, како средство на трудот или како производ, наполно зависи од нејзината определена функција во процесот на трудот, од местото што го зафаќа во него, и со измената на нејзината место се изменуваат и нејзините определби.

Затоа, со нивното влегување во нови процеси на трудот како средство за производство, производите го губат карактерот на производи. Тие вeќe функционираат уште само како материјални фактори на живиот труд. Предачот се однесува спрема вретеното како спрема средство со кое преде, а спрема ленот само како спрема предмет што го преде. Секако не може да се преде без материјал за предење и без вретено. Затоа се претпоставува при почетокот на предењето да бидат овие производи[1*] на самото место. За самиот пак овој процес е сосем сеедно што ленот и вретеното се производи од минатиот труд, токму како што е сеедно за актот на хранењe што е лебот производ од минатиот труд на селанецот, воденичарот, лебарот итн. Напротив, средствата на трудот во процесот на трудот го покажуваат својот карактер како производи од минат труд само со своите недостатоци. Нож што не сече, преѓа што само се кине итн. живо потсетуваат на ножарот А, предачот Е. Во погодениот производ е избришано тоа дека до неговите употребни својства се дошло со посредство на минатиот труд.

Машина што не служи во процесот на трудот е бесполезна. Освен тоа, таа паѓа под дејство на разрушувачките сили на природната измена на материјата. Железото рѓосува, дрвото гние. Преѓа што не ќe ce исткае или што не ќe се исплете е загубен памук. Живиот труд мора да ги дофати овие предмети, да ги скорне од мртвите и да ги претвори од возможни во вистински и делотворни употребни вредности. Навистина, оближувани од пламенот на трудот, присвојувани од него како свое тело, воодушевени од нeгo за нивните целесообразни и професионални функции во процесот, тие се трошат, но се трошат целесообразно, како елементи за создавање нови употребни вредности, нови производи, како средства за живот способни да влезат во индивидуалната потрошувачка, или како средства за производство во нов процес на трудот.

Така, ако постојните производи не се само резултат, туку исто така и услови за егзистенција на процесот на трудот, тоа, од друга страна нивното внесување во него значи нивниот контакт со живиот труд, единственото средство овие производи од минатиот труд да се додржат и реализираат како употребни вредности.

Трудот ги троши своите материјални елементи, својот предмет и своето средство, ги јаде, и значи тој е процес на потрошувачка. Оваа производна потрошувачка се разликува од индивидуалната потрошувачка со тоа, што последнава ги троши производите како средства за живот на живиот индивидуум, а првата ги троши како средства за живот на трудот, на неговата работна сила што се става во дејство. Поради тоа производот на индивидуалната потрошувачка е самиот потрошувач, а резултатот од производната потрошувачка е производ различен од потрошувачот.

До колку неговото средство и неговиот предмет се веќе самите производи, трудот ги троши производите, за да создаде производи, или ползува производи како средства за производство на производи. Но бидејќи процесот на трудот првобитно се развива само меѓу човекот и земјата што суштествува без негово содејство, тоа во него нему му служат сѐ уште такви средства за производство што постојат од природа и не претставуваат никакво соединение меѓу природните материи и човечкиот труд.

Процесот на трудот, како што го претпоставивме во неговите прости и апстрактни моменти е целесообразна дејност за создавање употребни вредности, присвојување природни предмети за човечки потреби, општ услов за размена на материјата меѓу човекот и природата, вечен природен услов за животот на луѓето и со тоа не само што e независен од која било форма на тој живот, но уште повеќе, тој е општ на сите негови општествени форми. Затоа немаме нужда да го прикажеме работникот во однос спрема други работници. Човекот и неговиот труд на една страна, природата и нејзините материи на друга, тоа е доста. Како што не може да се познае по вкусот кој ја одгледал пченицата, исто така не се гледа и на овој процес на трудот под какви услови тој врви, дали под бруталниот камшик на надгледувачот на робовите или под загрижените очи на капиталистот, дали го врши Cincinat кога ги обработува своите неколку jugeri[2*] земја, или дивјакот што го убива ѕверот со некој камен.[9]

Да се вратиме назад кон нашиот капиталист in ѕре [во перспектива]. Ние го оставивме него откога ги купи на стоковниот пазар сите фактори нужни за процесот на трудот: материјалните фактори или средствата за производство, личниот фактор или работната сила. Тој со итро око на познавач одбра за неговата особена работа, за предењето, за фабрикацијата на чизми итн. соодветни средства за производство и работна сила. Значи, нашиот капиталист се зафати да ја троши стоката што ја купи, работната сила, т.е. тој го пушти носителот на работната сила, работникот, да му ги троши со неговиот труд средствата за производство. Природно дека општата природа на процесот на трудот не се изменува ништо со тоа, што го врши нeгo работникот за капиталистот, наместо за себеси. Но исто така, отпрвин не може да го измени определениот вид и начин за правење чизми или предење преѓа затоа што се меша тука капиталистот. Тој мора отпрвин работната сила да ја земе таква каква што ја нашол на пазар, значи исто и неговиот труд каков што тој произлегува од периодот кога уште немало никакви капиталисти. Преобразувањето на самиот начин на производството, со потчинувањето на трудот под капиталот може да се изврши само подоцна, а затоа може да се разгледува дури подоцна.

Процесот на трудот, како процес на трошење на работната сила од страна на капиталистот, покажува ceгa две особени појави.

Работникот работи под контролата на капиталистот, кому му припаѓа неговиот труд. Капиталистот гледа работата да врви како што прилега, средствата за производство да се употребуваат целесообразно, значи суровините да не се растураат, орудијата за работи да се чуваат, т.е. да се разрушуваат само онолку, колку што е нужно при нивното употребување во работата.

А второ: производот е сопственост на капиталистот, а не на непосредниот производител, на работникот. Капиталистот ја плаќа на пр. дневната вредност на работната сила. Значи, нејзината употреба нему му припаѓа за еден ден како и секоја друга стока, на пр. еден коњ, кога ќe го земе пад наем за еден ден. Употребата на стоката му припаѓа на купецот на стоката, а стопанот на работната сила, кога го дава својот труд, вистински ја дава само употребната вредност што ја продал. Од моментот кога тој ќe стапи во работилницата на капиталистот, употребната вредност на неговата работна сила, значи нејзината употреба, трудот, му припаѓа на капиталистот. Со купувањето на работната сила капиталистот го присоединил самиот труд како жив квас кон мртвите елементи за обработување на производот, кој исто така нему му припаѓа. Од неговото гледиште процесот на трудот е само трошење на купената од него стока, работната сила, но сепак тој може да ја троши само ако ѝ додаде средства за производство. Процесот на трудот е процес меѓу предметите што ги купил капиталистот, меѓу предметите што му припаѓаат нему. Затоа нему му припаѓа целиот производ од овој процес, токму онака како што мy припаѓа производот од процесот на превривањето во неговата винска изба.[10]

2. Процес на оплодување на вредности

Производот — сопственоста на капиталистот — е употребна вредност, преѓа, чизми итн. Но иако чизмите, на пр. прават извесна база за општествениот напредок, а нашиот капиталист е решително напреден човек, сепак тој не ги фабрикува чизмите заради самите нив. Употребната вредност во стоковното производства воопшто не е нешто “qu’on aime pour lui-même” [што го сакаат заради самиот него]. Употребните вредности овдека воопшто се произведуваат, затоа што се и до колку се материјален супстрат, носител на разменската вредност. Нашиот капиталист држи за две нешта. Прво, тој сака да произведува употребна вредност, што има разменска вредност, артикал определен за продажба, стока. И второ, тој сака да произведува стока, чија вредност е поголема од сумата вредности на стоките што се потребни за нејзиното производство, од средството за производство и работната сила, за кои тој ги авансира на стоковниот пазар своите убави пари. Тој сака да произведува не само употребна вредност туку и стока, не само употребна вредност туку и вредност, и не само вредност туку и вишок на вредноста.

И вистина, бидејќи овдека се работи за стоковно производство, очевидно е оттука дека ние досега сме ја разгледувале сама едната страна на процесот. Како што е самата стока единство од употребна вредност и вредност, мора и нејзиниот процес на производството да биде единство од процесот на трудот и процесот на создавањето на вредноста.

Да го разгледаме ceгa процесот на производството и како процес на создавањето на вредноста.

Ние знаеме дека вредноста на секоја стока е определена со количеството труд материјализиран во нејзината употребна вредност, со општествено потребното работно време за нејзиното производство. Ова важи и за производот што го добива нашиот капиталист како резултат од процесот на трудот. Значи, прво треба да го пресметаме трудот опредметен во овој производ.

Нека биде тој на пр. преѓа.

За производење на преѓата отпрвин беше потребна нејзината суровина, да речеме 10 фунти памук. Каква е вредноста на памукот, сега нема да испитуваме, оти капиталистот го купил него на пазар по неговата вредност на пр. за 10 шилинзи. Во цената на памукот е претставен трудот потребен за производство на памукот како општ општествен труд. Понатаму ќe земеме дека потрошената маса вретена за изработка на памукот, која пред нас ги претставува сите други употребни средства на трудот, има вредност од два шилинга. Ако масата злато од 12 шилинзи е производ од 24 работни часа, или од два работни дена, тогаш на прво место излегува дека во преѓата се опредметени два работни дена.

Околноста што памукот ја измени својата форма и што истрошената маса вретена сосем исчезна не треба да нѐ заблуди. Според општиот закон на вредноста, ако вредноста од 40 ф. преѓа = на вредноста од 40 ф. памук + вредноста од едно вретено, т.е. до колку е потребно исто работно време за да се произведат обете страни од оваа равенка, тогаш да речеме и 10 ф. преѓа ќe биде еквивалент за 10 ф. памук + 1/4 вретено. Во овој случај исто работно време еднаш се претставува во употребната вредност на преѓата, а другпат во употребната вредност на памукот и вретеното. За вредноста е сосем сеедно дали се пројавува во преѓата, вретеното или памукот. Што вретеното и памукот, место да лежат спохојно едно крај друго, влегуваат во процесот на предењето во врска, што ги изменува нивните употребни форми, ги претвора во преѓа, исто така малку влијае врз нивната вредност, како кога би биле тие со проста размена, разменети со еквивалент од преѓа.

Работното време потребно за производство на памукот, е дел од работното време потребно за производство на преѓата, чија суровина е тој и поради тоа е содржано во преѓата. Иста е и со работното време потребно за производството на масата вретена, без чие абење или трошење не може да биде испреден памукот.[11]

Значи, до колку се има предвид вредноста на преѓата, т.е. работното време нужно за нејзиното производство, до толку различните посебни процеси на трудот, кои се одделени по време и простор, а низ кои мора да се премине, за да се произведе самиот памук и потрошената маса вретена, и за да се направи најпосле од памукот и вретената преѓа, можат да се разгледуваат како различни фази што одат една по друга во еден ист процес на трудот. Сиот труд содржан во преѓата е минат труд. Околноста, што работното време, потребно за производството на нејзините составни елементи е минато порано, стои во одамна минато време, додека напротив трудот непосредно потрошен во завршниот процес, во предењето, е поблиску до сегашното, и стои во минато време, таа околност нeмa никаква решавачка важност. Ако треба за градење некоја куќа определена маса труд, на пp. од 30 работни дена, тоа вкупното количество работно време, овоплотенo во куќата не се менува со тоа што триесеттиот работен ден влегол во производството за 29 дена подоцна од првиот работен ден. И така, работното време содржано во материјалот за работа и во средствата на трудот можеме да го разгледуваме наполно така, како да е патрошено само во некој поранешен стадиум на процесот на предењето, пред трудот што е додаден при крајот во форма на предење.

Вредностите на средствата за производство, на памукот и на вретеното, изразени во цена од 12 шилинзи, значи, сочинуваат составни делови од вредноста на преѓата или од вредноста на производот.

Само што притоа треба да се исполнат два услова: Прво, памукот и вретеното мора да послужат за производство на некоја употребна вредност. Во нашиов случај од нив мораше да настане преѓа. За вредноста е сосем сеедно која употребна вредност ќe ја носи, но некоја употребна вредност мора да носи. Второ, се претпоставува притоа дeкa е употребено само работното време што е нужно при дадени општествени услови на производството. Значи, ако е потребно 1 ф. памук за да се испреде 1 ф. преѓа, тогаш за создавањето една фунта преѓа смее да се потроши само 1 ф. памук. Исто е и со вретената. Ако го прифати капиталистот фантазија да употреби златни места железни вретена, сепак во вредноста на преѓата ќе се смета само општествено потребниот труд, т.е. работното време потребно за производството на железните вретена.

Сега знаеме колкав дел од вредноста на преѓата ги образуваат средствата за производство, памукот и вретеното. Тој е еднаков на 12 шилинзи, или материјализација на два работни дена. Сега, значи, се работи за оној дел од вредноста, што му го придава на памукот самиот труд на предачот.

Ние сме должни сега да го разгледуваме овој труд од сосем друга гледна точка, одошто во времето на самиот процес на трудот. Таму се работеше за целесообразна дејност, за преправање на памукот во преѓа. Колку е трудот поцелесообразен, толку е преѓата подобра, ако претпоставиме другите околности да останат исти. Трудот на предачот специфично се разликуваше до другите производни видови труд, и оваа различност се огледуваше субјективно и објективно, во посебната цел на предењето, во посебниот начин на неговите операции, во посебната природа на неговите средства за производство и во посебната употребна вредност на неговиот производ. Памукот и вретената служат како средства за живот на предачкиот труд, но со нив не можат да се направат никакви изјолучени топови. Напротив трудот на предачот, до колку создава вредност, т.е. до колку е извор на вредноста, со ништо не се разликува од трудот на сврдларот на топот, или, што ни е поблиску, од видовите труд на производителот на памукот и oд вретенарот што се реализирани во средствата за производство на преѓата. Сама поради овој идентитет на одгледувањето на памукот, правењето вретена и предењето можат да образуваат делови од една иста вкупна вредност, вредноста на преѓата, кои се разликуваат само квантитативно. Овдека веќе не се работи за квалитетот, за својствата и содржината на трудот, ами само уште за неговиот квантитет. Овој лесно се брои. Ќе претпоставиме дека предачкиот труд е прост труд, општествено среден труд. Подоцна ќе видиме дека спротивна претпоставка ништо не ја изменува работата.

За време на процесот на трудот, трудот постојано се преобразува од формата на движење во формата на битие, од формата на дејност во формата на предметност. При крајот на еден час предалното движење се претставува во извесно количество преѓа, значи во памукот се опредметило едно количество труд, еден работен час. Велиме еден работен час, т.е. трошење на животната сила на предачот за време од еден час, бидејќи овдека трудот на предењето има важност само доколку е тој трошење работна сила, а не доколку е специфичен труд на предењето.

А сега од решавачка важност е тоа, што за време додека трае процесот, т.е. за време на претворањето на памукот во преѓа, да се потроши само општествено потребно работно време. Ако при нормалните, т.е. при средните општествени услови на производството, а фунти памук мораат да се претворат за време од еден работен час во в фунти преѓа, тогаш ќe важи само оној работен ден како работен ден од 12 часа, кој 12 х а фунти памук ќe ги претвори во 12 х в фунти преѓа. Се смета оти само општествено потребно работно време создава вредност.

Како и самиот труд, така и суровината и производот, овде се појавуваат во сосем инаква светлина, одошто од гледната точка на самиот процес на трудот. Суровината овдека важи само како цицач на определено количество труд. Со ова исцицување таа вистински се претвора во преѓа, оти работната сила се потроши во форма на предење и ѝ се придаде нејзе. Hо производот, преѓата, сега е уште само мера за трудот што го исцица памукот. Ако се испреде за еден час 1 и 2/3 ф. памук или ако се претвори во 1 и 2/3 ф. преѓа — тогаш 10 ф. преѓа покажува 6 исцицани работни часа. Определени и со опит утврдени количества на производи, сега претставуваат само определени количества труд, определена маса на стврднато работно време. Тие се само уште материјализација на еден час, на два часа, на еден ден општествен труд.

Тоа што трудот беше токму предачки труд, неговиот материјал памукот, а неговиот производ преѓата, овдека е исто така сеедно, како што е сеедно што самиот предмет на трудот е веќе производ, значи суровина. Да беше работникот на работа во рудник место во предачницата, тогаш предметот на трудот, јагленот, ќe беше даден од природата. Сепак определено количество откршен од лежиштето јаглен, на пр. една цента, би претставувало определено количество исцицан труд.

При продажбата на работната сила претпоставивме дека нејзината дневна вредност е = 3 шилинзи, и дека во нив се овоплотени 6 работни часа, значи ова количество труд е потребно за да се произведе средната сума на секојдневните средства за живот на работникот. Ако претворува сега нашиот предач во текот на еден работен час 1 и 2/3 ф. памук во 1 и 2/3 ф. преѓа,[12] тогаш во 6 часа ќe претвори 10 ф. памук во 10 ф. преѓа. Додека траеше процесот на предењето памукот, значи, исцица 6 работни часа. Истото работно време се претставува во едно количество злато од 3 шилинзи. Значи, со самото предење му се придава на памукот вредност од 3 шилинзи.

Да ја видиме сега целокупната вредност на производот, на 16 ф. преѓа. Во нив се опредметени 2 и 1/2 работни дена, 2 дена содржани во памукот и масата вретена, а 1/2 ден труд исцицан за време на процесот на предењето. Истото работно време се претставува во една златна маса од 15 шилинзи. Цената што ѝ одговара на вредноста од 10 ф. преѓа изнесува, значи, 15 шилинзи, цената на 1 ф. преѓа е 1 ш. и 6 пенси.

Нашиот капиталист се ошумоглави. Вредноста нa производот е еднаква со вредноста на авансираниот капитал. Авансираната вредност не се оплоди, не произведе вишок на вредноста, значи парите не се претворија во капитал. Цената на 10 ф. преѓа е 15 ш., а 15 ш. беа издадени на стоковниот пазар за елементите што го создадоа производот, или што е исто, за факторите на процесот на трудот: 10 ш. за памукот, 2 ш. за потрошената маса вретена и 3 ш. за работната сила. Надуената вредност на преѓата ништо не помогнува, зашто нејзината вредност е само сума на вредности разделени порано на памук, вретена и работна сила, а не може да произлезе вишок на вредноста нити сега нити никогаш од едно вакво голо собирање на постојните вредности.[13] Сега сиве овие вредности се сконцентрирани во еден предмет, ама тоа беше така и во паричната сума од 15 ш., пред да се расцепи ова на три купувачки на стоки.

Сам од себе овој резултат не е за чудење. Вредноста на 1 ф. преѓа е 1 ш. и 6 пенси, а за 10 ф. преѓа мора нашиот капиталист да плати на стоковниот пазар 15 ш. Било тој својата приватна кyќa да ја купи готова на пазар, или сам да си ја ѕида, ниедна од овие операции нема да му ги зголеми парите издадени за здобивање на куќата.

Капиталистот, кај разбира по нешто од вулгарната економија, може ќe рече дека тој си ги авансирал своите пари со намера да направи од нив повеќе пари. Но и патот за адот е послан со добри замисли, и тој исто така можеше да има добра замисла да прави пари без да произведува.[14] Тој почнува да заплашува. Уште еднаш нема да го фатат. Во иднина тој ќe купува готови стоки на пазар, место самиот да ги произведува. Ако го сторат истото сите негови браќа капиталисти, кај ќe најде тој тогаш стока на пазар. А парите не може да ги јаде. Тој чати поученија. Треба да се има на ум неговото одречување. Тој можеше своите 15 ш. да ги растури. Место тоа тој ги потроши производно и со тоа направи преѓа. Но затоа тој сега има преѓа место гризење на совеста. Тој никако не смее да спадне во ролјата на собирачот на благо, кој ни покажа што може да произлезе од аскетизмот. Освен тоа, каде што ништо нема, и царот го губи своето право. Колкава и да е неговата заслуга за одречувањето, овде нема ништо од што да му се плати тоа екстра, бидејќи вредноста на производот што произлегува од процесот е еднаква само на сумата на вредностите на стоките, што биле внесени во него. Значи, нека се смири со тоа дека добрината е награда за добрина. Место тоа тој станува натраплив. Преѓа нему не му треба. Тој ја произведе за продажба. Па нека го, нека ја продаде, или, што е уште попросто, нека произведува во иднина само предмети за негова сопствена потреба, па тоа е рецептот, што веќе му го пропиша неговиот домашен лекар Мекелек како опробано средство против епидемијата на хиперпродукцијата. Тој јаросно се исправа на задните нозе. Зар работникот можеше само со своите раце во воздухот да произведува стоки, да создава дела на трудот? Зар тој не му даде нему материја, со која и во која тој и единствено може да го овоплоти својот труд? А бидејќи најголемиот дел од општеството сега се состои од вакви голтаци, зар со своите средства за производство, со својот памук и со своите вретена, не му стори тој неизмерна услуга на општеството, зар не и на самиот работник, кого, згора на тоа, го снабди уште со средства за живот? И дали не е право тој да ја внесе услугата во сметката? Туку пак зар работникот не му стори противуслуга нему, кога памукот и вретената му ги претвори во преѓа? Освен тоа, овдека сосем не се работи за услуги.[15] Услугата и не е ништо друго освен полезно дејство на некоја употребна вредност, била таа стока, била труд.[16] А овде важи разменската вредност. Тој му плати на работникот вредност од 3 ш. Работникот му врати точен еквивалент во придадената вредност на памукот од 3 ш. Му врати вредност за вредност. Нашиот пријател, до пред малку така надуен-капиталист, ненадејно го зазема непретенциозното држење на неговиот сопствен работник. Зар самиот тој не работеше? Зар не вршеше труд со надгледување и надѕирање на предачите? Дали не создава исто така вредност овој негов труд? Самиот негов overlooker [надзорник] и самиот негов manager [директор] ги збираат рамениците. Но притоа тој веќе со весела насмевка пак си ја поврати својата стара физиономија. Со целата литанија тој само нѐ задеваше, тој пет пари не дава за тоа. Вакви и слични празни брборења и шупливи вревења тој им ги препушта на професорите по политичка економија, кои се за тоа и нарочно платени. Самиот тој е практичен човек, кој вистина не промислува секојпат што ќe каже надвор од работата, но постојано си знае што треба во работата да прави.

Да погледнеме поодблиску. Дневната вредност на работната сила изнесува 3 ш., бидејќи во самата неа е опредметено половина работен ден, т.е. дека средствата за живот дневно потребни за производството на работната сила чинат половина работен ден. Но минатиот труд што се најдува во работна сила, и живиот труд што може таа да го даде, нејзините трошоци за дневното издржување и нејзиното дневно трошење, се две сосем различни големини. Првата ја определува нејзината разменска вредност, а втората ја образува нејзината употребна вредност. Со тоа дека за одржување на животот за време од 24 часа е потребен половина работен ден, работникот не е спречен да работи цел ден. Значи, вредноста на работната сила и вредноста што таа ја создава во процесот на трудот се две различни големини. Капиталистот кога ја купуваше работната сила, ја имаше предвид оваа разлика во вредноста. Нејзината полезна особина да прави преѓа или чизми, беше само еден conditio sine qua non [неизбежен услов], зашто за да се создаде вредност, трудот мора да се потроши во полезна форма. Но што беше од решавачка важност, е специфичната употребна вредност на оваа стока, нејзиното својство да биде извор на вредност, и тоа на повеќе вредности одошто ја има самата таа. Тоа е таа специфична услуга што ја чека капиталистот од неа. И притоа тој постапува според редот на вечните закони на стоковната размена. И, навистина, продавачот на работната сила, како продавачот на секоја друга стока, ја реализира нејзината разменска вредност и ја отуѓува нејзината употребна вредност. Тој едното не може да го добие, без да го даде другото. Употребната вредност на работната сила, самиот труд, исто така не му припаѓа на неговиот продавач, како што не му припаѓа употребната вредност од продадениот зејтин на продавачот на зејтинот. Стопанот на парите ја исплати дневната вредност на работната сила; затоа нему му припаѓа нејзината употреба за еден ден, трудот од цел ден. Околноста што дневното одржување на работната сила чини само половина работен ден, иако работната сила може да дејствува, т.е. да работи цел ден, и што за тоа вредноста, која ја создава нејзината употреба за време од еден ден, е двапати поголема од нејзината сопствена дневна вредност, таа околност е особена сpeќa за нејзиниот купец но не е никаква неправда спрема продавачот.

Нашиот капиталист го предвиде овој casus [случај] што го насмевнува. Поради тоа работникот ги најдува во работилницата средствата за производство што се потребни за процесот на трудот не од 6 часа, ами од 12 часа. Ако 10 ф. памук исцицаа 6 работни часа и се претворија во 10 ф. преѓа, тогаш 20 ф. памук ќe исцицаат 12 работни часа, и ќe се претворат во 20 ф. преѓа. Да го разгледаме производот од продолжениот процес на трудот. Сега во 20 ф. преѓа се опредметени 5 работни дена, 4 во потрошената маса памук, вретена и 1 што го исцица памукот за време на процесот на предењето. А златниот израз од 5 работни дена е 30 шилинзи или 1 ф. ст. и 10 ш. Значи, ова е цената од 20 ф. преѓа. Една фунта преѓа како и понапред чини 1 ш. и 6 пенси. Но сумата вредности од стоките внесени во процесот изнесува 27 ш. Вредноста на преѓата изнесува 30 ш. Вредноста на производот порасна за 1/9 над вредноста авансирана за неговото производство. Така 27 ш. се претворија во 30 ш. Тие придонесоа еден вишок на вредноста од 3 ш. Итроштината најпосле успеа. Парите се претворија во капитал.

Сите услови на проблемот се решени, а законите на стоковната размена никако не се нарушени. Еквивалент е разменет за еквивалент. Капиталистот, како купец, ја исплати секоја стока — памукот, масата вретена, работната сила, — по нејзината вредност. И потоа тој правеше, што прави секој друг купец на стоки. Тој ја трошеше нејзината употребна вредност. Процесот на трошењето на работната сила, што е едновремено и процес на производството на стоката, даде производ од 20 ф. преѓа во вредност од 30 ш. Капиталистот сега се враќа назад на пазар од каде што порано купи стока и продава стока. Тој ја продава фунтата преѓа за 1 ш. и 6 пенси, ни една пара над или под нејзината вредност. Па сепак тој извлечува од циркулацијата 3 ш. повеќе отколку што тој отпрво внесе во неа. Целиот овој ток, претворањето на неговите пари во капитал се врши во сферата на циркулацијата и не се врши во неа. Се врши со посредство на циркулацијата, бидејќи е условен со купувањето на работната сила на стоковниот пазар. Не се врши во циркулацијата, бидејќи оваа само воведува во процесот на оплодувањето на вредноста, кој се извршува во сферата на производството. И така e „tout pour le mieux dans le meilleur des mondes possibles” [сѐ најдобро уредно во најдобриот од сите светови].

Кога ги претвора парите во стоки, кои служат како материјални создавачи на нов производ или како фактори на процесот на трудот, и кога ја присоединува кон нивната мртва предметност живата работна сила, капиталистот ја претвора вредноста, минатиот, одпредметениот, мртвиот труд во капитал, во вредност што сама себе се оплодува, во страшилиште со душа кое фаќа да „работи“ со љубов и страст.

Ако го сравниме сега процесот на создавањето на вредноста со процесот на оплодувањето на вредноста, тогаш процесот на оплодувањето на вредноста не е ништо друго освен процес на создавање на вредноста продолжен преку извесна точка. Ако трае процесот на создавањето на вредноста само до точката, каде што вредноста на работната сила исплатена од капиталистот ќе биде надоместена со нов еквивалент, тогаш тој е прост процес на создавање на вредноста. Ако трае овој процес на создавањето на вредноста преку оваа точка, тогаш тој станува процес на оплодувањето на вредноста.

Ако го сравниме понатаму процесот на создавањето на вредноста со процесот на трудот, тогаш последниов се состои од полезен труд, што произведува употребни вредности. Движењето се разгледува од квалитативна страна, во неговиот посебен начин и вид, според целта и содржината. Истиот процес на трудот се претставува во процесот на создавањето на вредноста само од неговата квантитативна страна. Сега се работи уште само за времето што му треба на трудот за неговите операции или за траењето, во кое работната сила полезно се троши. И стоките што влегуваат во процесот на трудот овде не важат повеќе како функционално определени, материјални фактори на работната сила која дејствува целесообразно. Тие се сметаат само уште како определена количина на опредметен труд. Било да е содржан во средствата за производство или да е даден со работната сила, трудот се смета само уште по неговата временска мера. Тој изнесува толку и толку часа, дена итн.

Сепак тој се смета само доколку времето потрошено за производството на употребната вредност е општествено потребно. Ова фаќа многу нешта. Работната сила мора да функционира под нормални услови. Ако предачката машина важи како средство за производство со општествена важност за предењето, тогаш не смее да му се даде в раце на работникот рачен родан. Место памук нормално добар, не смее да му се даде фурда, што секој час само се кине. Во обата случаи тој би потрошил за производство на 1 фунта преѓа повеќе работно време отколку што е општествено потребно, а ова време не би создало ни вредност ни пари. Сепак нормалниот карактер на предметните фактори на трудот не зависат од работникот, но од капиталистот. Понатамошниот услов е нормалниот карактер на самата работна сила. Во специјалноста во која се употребува, таа мора да ја има вообичаената средна опитност, подготвеност и брзина. Туку нашиот капиталист купил на пазарот на трудот работна сила од нормален квалитет. Оваа сила мора да се потроши со обично средно напрегнување, со општествено обичен степен на интензивност. На ова капиталистот пази исто така плашливо, како што пази да не се губи време залудо, без работа. Тој ја купи работната сила за определено време. Затоа тој држи да си го добие своето. Тој не сака да го крадат. Конечно — и за тоа истиот господин има сопствен code pénal [казнен законик] — не смее да се врши никакво нецелесообразно трошење на суровини и средства на трудот, оти растурен материјал или средства на трудот, претставуваат излишно потрошена количина на опредметен труд, значи не се сметаат, и не влегуваат во образувањето на вредноста на производот.[17]

Се гледа: дека разликата меѓу трудот, до колку создава употребна вредност, и истиот труд доколку создава вредност, која ја добивме порано со анализата на стоката, ceгa се претставува како разлика меѓу различните страни на процесот на производството.

Како единство на процесот на трудот и процесот на создавањето на вредноста, процесот на производството е процес на производство на стоки; како единство на процесот на трудот и процесот на оплодувањето на вредноста тој е капиталистички процес на производството, капиталистичка форма на стоковното производство.

Порано забележавме дека е сосем сеедно за процесот на оплодувањето на вредноста дали присвоениот од капиталистот труд е прост, среден општествен труд, или комплициран труд, труд од повисока специфична тежина. Трудот што важи спроти општествениот среден труд како повисок, посложен труд е пројава на таква работна сила, во која влегуваат повисоки трошоци за нејзиното образување, чие производство бара повеќе работно време и затоа има повисока вредност од простата работна сила. Ако е вредноста на оваа сила повисока, тогаш за тоа таа се пројавува исто и во повисок труд и оттука и се опредметува, во истата должина време, во сразмерно повисоки вредности. Сепак макар колкава била разликата во степените меѓу предачкиот труд и трудот на јувелирот, делот од трудот со кој јувелирниот работник ја надоместува само вредноста на својата сопствена работна сила, квалитативно не се разликува никако од додатниот дел на трудот, со кој создава вишок на вредноста. Кака и порано, така и ceгa, вишокот на вредноста произлегува од квантитативниот вишок на трудот, од продолженото траење на истиот процес на трудот, во едниот случај од процесот на производството на преѓа, а во другиот случај од процесот на јувелирното производство.[18]

Од друга страна, во секој процес на создавањето на вредноста повисокиот труд постојано мора да се сведува на среден општествен труд, на пр. еден ден повисок труд на х дена прост труд.[19] Значи, ќe се избегнат излишните операции и ќe се поупрости анализата, ако земеме дека работникот употребуван од капиталот врши прост среден општествен труд.


Фусноти

[1] „Ни се чини — а тоа и навистина си е така — дека првобитните производи на земјата, што се најдуваат во ограничено количество и што суштествуваат сосем независно од човекот, се дадени од природата токму така како што му се дава на некој млад човек една мала сума пари за да му се даде можност да работи за себе и да си создаде имот.“ (Јаmеѕ Steuart: „Principles of Political Есonоmу”, изд. Dublin 1770, св. I, стр. 116.)

[2] „Колку што е моќен умот, исто толку е и итар. Итроста се состои општо во посредната дејност која, оставајќи ги предметите да дејствуваат еден на друг сходно на нивната природа и да се обработат еден со друг, без непосредно да се смеша таа во овој процес, сепак ја осуштествува само својата цел“. (Hegel: “Enzyklopädie, Erster Theil, Die Logik,” Berlin, 1840, стр. 382.)

[3] Во инаку бедната брошура: „Théorie de l’Economie Politique“, Paris 1815, Ганил противно на физиократите згодно изброи голем ред процеси на трудот што се претпоставка за земјоделството во вистинската смисла на зборот.

[4] Во „Réflexions sur la Formation et la Distribution des Richesses” (1766) Тирго добро ја разјаснува важноста на припитомените животни за почетокот на културата.

[5] Од сите стоки, вистинските луксузни стоки се најбезначајни за технолошки споредувања меѓу различните епохи на производството.

[5a] Белешка кон второто издание. Колку и малку да го познавала досегашната историска наука развитокот на материјалното производство, т.е. основата на целиот општествен живот, а со тоа и сета вистинска историја, сепак барем предисториското време е поделено на периоди врз основа природонаучни, а не врз таканаречени историски испитувања, на камен, бронзен и железен век, според материјалот на орудијата и оружјата.

[6] На пр. изгледа парадоксално што во риболовот рибата што не е фатена уште се вика средство за производство. Но досега сѐ уште не е пронајдено искуство да се фаќаат риби во водите во кои нема риби.

[7] Оваа определба на производен труд, како што излегува од гледна точка на простиот процес на трудот, никако не е достатна за капиталистичкиот процес на производството.

[8] Шторх ја разликува суровината во тесна смисла како „matière“, од помошните материи како „matériaux“. Шербилие ги означува помошните материи како „matières instrumentales.“

[9] Можеби од оваа висока логична основа полковникот Торенс го открил во каменот на дивјакот — потеклото на капиталот. „Во првиот камен што го фрлил дивјакот по животното што го гонел, во првиот стап што го фрлил тој за да го сметне плодот што не можел да го скине со рака, ние го гледаме присвојувањето еден артикал со цел за придобивање еден друг, и така го откриваме — пoтeклoто на капиталот“ (R. Torrens: „An Еѕѕау on the Production of Wealth etc..” стр. 70, 71.) Од оној прв стап можеби се објаснува и тоа зашто е „stock” на англиски јазик синоним за стап и капитал.

[10] „Производите се присвојуваат пред да бидат претворени во капитал; ова претворање не ги ослободува нив од она присвојување.“ (Cheibuliez: “Richesse ou Pauvreté,” изд. Paris 1841, стр. 53, 54.) „Со тоа што го продава пролетерот својот труд за една определено количество средства за живот (aprovisionnement), тој наполно се одрекува од секаков дел од производот. Присвојувањето на производот останува исто, како и понапред; тоа на никој начин не е изменето со споменатиот договор. Производот му припаѓа исклучиво на капиталистот, што ги даде суровините и средствата за живот. Тоа е една строга консеквенца од законот за присвојување, чиј основен принцип беше токму обратното имено секој работник да има исклучиво право на сопственост над својот производ.“ (Исто, стр. 58.) James Mill: „Elements of Political Есоnоmу etc.” стр. 70. „Штом работниците работат за наемнина, тогаш капиталистот е сопственик не само на капиталот (кој овде мисли на средствата за производство) туку и на трудот (of the labour also). Ако во поимот капитал, како што се прави обично, го вклучиме и тоа што се исплатува за наемнина, тогаш е бесмислено да се говори за трудот одделно од капиталот. Зборот капитал во оваа смисла ги вклучува обата, и капиталот и трудот.“

[11] „Врз определувањето на вредноста на стоките имa влијание не caмo трудот што е потрошен директно на нив, туку и трудот потрошен на садови, алати, згради, што служат во процесот на производството.“ (Ricardo: „The Prinсiрlеs of Political Economy“, стр. 16.)

[12] Броевите се овде сосем произволни.

[13] Тоа е основната поставка врз која почива учењето на физиократите за непроизводноста на секој неземјоделски труд, а тоа е непобитно за економистите по професија. „Овој метод на некоја стока да ѝ се припишуваат вредности од разни други стоки, (на пp. на платното вредноста на средствата за живот што ги потрошил ткајачот), значи, така да речеме да се наслојуваат врз една единствена вредност различни вредности, прави последнава да нарасте за соодветната сума... Изразот собирање мошне добро го опишува начинот на кој се образува производната цена; оваа цена е само збир од многу разни вредности употребени и собрани наедно; но собирањето не е множење.“ (Mercier de la Rivière: „L'Ordre naturel etc.,“ стр. 599).

[14] Така на пр. во 1844-47 тој извлече [еден] дел од својот капитал од производните претпријатија, за да го изгуби во шпекулации со железнички акции. Така во времето на Американската граѓанска војна тој ги затвораше фабриките и ги фрлаше фабричките работници на улица, за да игра на ливерпулската памучна берза.

[15] „Фали се, кити се и мазни се... Но кој зема пoвeќe или подобро „(отколку што дава)“ тој е лихвар, и тоа не се вели услуга, туку да му правиш пакост на својот ближен, како што станува при кражбата и грабежот. Нe е услуга и добротворство на ближниот сето она што се вика услуга и добротворство. Па и прељубникот и прељубницата си прават еден на друг голема услуга и задоволство. Еден Reiter (германски коњаник) му прави голема ритерска услуга на некој убиец и палач кога му помогнува да ограбува по патиштата и да ги напаѓа земјата и луѓето. Папистите им прават голема услуга на нашите, со тоа оти не ги издавуваат сите, не ги изгоруваат, и убиваат и не ги пуштаат да изгнијат по затворите, туку сепак по некои од нив оставаат да живеат и ги изгонуваат или им земаат сѐ што имаат. Самиот ѓавол им прави на своите слуги голема, неизмерна услуга... Сенасе секојден светот е полн со големи и сјајни услуги и добри дела“. (Martin Luther „An die Pfarrherrn, wider den Wucher zu predigen etc.“ Wittenberg 1540.)

[16] За тоа јас меѓу другото, забележав во Zur Kritik der Politischen Оekonomie, стр. 14,: „Се разбира, 'каква услуга' мора да им врши категоријата 'услуга' (service) на една сорта економисти како што се Ж. Б. Сеј и Ф. Бастија.“

[17] Ова е една од околностите што го поскапува производството засновано врз ропство. Работникот овде, според токму погодениот израз на старите, се разликува само како instrumentum vocale (орудие што говори) од животното како instrumentum sеmivocаlе (орудие што е обдарено со глас) и од мртвото работно орудие како instrumentum mutum (немо орудие). Но самиот работник им дава да осетат и на животното и на работното орудие, дека тој не е еднаков со нив, туку дека е човек. Самочувството за својата разлика тој си го придобива со тоа што тој постапува со нив лошо и ги опустошува соn аmоrе [со наслада]. Затоа во овој начин на производството економски принцип е да се употребуваат само најгруби, тешко подвижни орудија на трудот, но токму поради нивната грубост тие тешко можат да се упропастуваат. Поради тоа, до избувнувањето на Граѓанската војна, во робовските држави расположени на бреговите на Мексиканскиот Залив се најдувале во употреба плугови од старокинеска конструкција, што ја ринкаат земјата како некоја свиња или крт, но не ја сечат и не ја превртуваат. Спореди J. E. Cairnes. “The Slave Power,” London, 1862, стр. 46 и натаму. Во својата книга Ѕеа Bord Slave States [стр. 46 и нат.] Олмстед меѓу другото раскажува: „Овдека ми покажаа орудија со кои кај нас ни еден човек со токму ум не би го товарил работникот кому му плаќа наемнина; сметам оти нивната страшна тежина и неизделканост го прават трудот со нив барем за 10% потежок отколку со орудијата што се употребуваат кај нас. Но мене ме уверуваа дека е умно да не им се дава на робовите во рацете полесни и понегруби орудија со оглед на тоа оти тие ги употребуваат нив невнимателно и грубо. Онакви орудија какви што им даваме ние постојано и со полза на нашите работници, не би издржале ни еден ден на житните полиња во Виргинија, иако е таму земјата полесна за орање и понекаменита отколку кај нас. Исто така на прашањето зошто насекаде по фармите се употребуваат маски наместо коњи, ми е наведена како прва и очевидно решителна причина дека коњите не можат да ја издржат постапката на Негрите што ја поднесуваат постојано маските. Тие коњите секогаш за брго или ги онеспособуваат или ги осакатуваат; додека маските, напротив, го издржуваат и тепањето и лошата крана без особена штета и не настинуваат и не се поболуваат дури и кога ги запуштаат и кога ги напрегнуваат претерано. Треба само да наѕрам низ прозорецот од собата во која работам, за да видам како се постапува со добитокот на начин кој за секој закупник од север би бил причина веднаш да го истера тој работник.“

[18] Разликата меѓу сложениот и простиот труд, „skilled“ и „unskilied labour“ [квалифициран и неквалифициран труд] почива делум врз прости илузии, или најмалку врз разлики, што одамна престанале да бидат реални и продолжуваат да живеат уште само како традиционални навики; делум пак врз беспомошната положба на извесни слоеви од работничката класа, на кои помалку отколку на другите им се допушта да си ја извојуваат вредноста на нивната работна сила. Случајните околности притоа играат така голема ролја, што истите видови труд ги менуваат местата. На пр. таму каде што физичката сила на работничката класа е ослабена и релативно исцрпена, како што е во сите земји со развиено капиталистичко производство, грубите работи, што бараат многу мускулна сила, општо се превртуваат во виши, додека многу пофини работи се сметнуваат на степен на прост труд. Така на пр. трудот на еден bricklayer (ѕидар) во Англија зазема многу повисок степен, отколку трудот на еден ткајач на дамаст. Од друга страна трудот на еден fustiau cutter (стрижач на памучно кадифе), иако сака многу телесно напрегнување, а покрај тоа е и сосем нездрав, сепак фигурира како „прост“ труд. Покрај другото, не треба да се вообразува дека таканаречениот „skilled labour“ зазема по количество некој позначаен обем во трудот на нацијата. Ленг смета дека во Англија (и Велс) егзистенцијата на преку 11 милиони луѓе почива врз простиот труд. По одливањето на еден милион аристократи и на милион и пол паупери, скитници, престапници, проститутки итн. останува од 18 милиони жители, колку што биле во времето на неговиот спис, 4.650.000 од средната класа, вклучувајќи ги тука и малите рентиери, службениците, писателите, уметниците, учителите итн. За да ги добие овие 4 и 2/3 милиони, тој ги смета во работниот дел на средната класа, покрај банкарите итн. и сите подобро платени „фабрички работници“. Ни bricklayers [ѕидарите] не се отсутни мeѓу „потенцираните работници.“ Потоа нему му остануваат речените 11 милиони. (S. Laing: „National Distress etc.,“ London 1844 [стр. 51 и нат.]. „Големата класа која како средство за своето издржување може да го даде само обичниот труд, ја сочинува големата народна маса.“ (Јаmеѕ Mill во статијата „Colony.“ „Ѕuррlеment to the Encyclopedia britannica“, 1831 [стр. 8].)

[19] „Каде што се говори за трудот како мерка на вредноста, нужно се мисли на труд од определен вид... Тогаш е лесно да се изнајде односот во кој стојат другите видови на трудот спроти него.“ („Outlines of Political Economy“. London 1832, стр. 22, 23.)


Забелешки на уредникот на изданието

[1*] Во 4 издание: овој производ.

[2*] Утрo, јарем (мерка за земја)


Следно поглавје

Содржина

Маркс-Енгелсова интернет архива