Карл Маркс
Капиталот (том 1)

Оддел четврти
Производство на релативниот вишок на вредноста

ГЛАВА ДЕСЕТТА

Поим за релативниот вишок на вредноста


Делот од работниот ден, што го произведува само еквивалентот на вредноста на работната сила што ја плаќа капиталот, досега за нас важеше како постојана големина, што тој всушност и си е – под дадени услови на производство, на еден даден степен од економскиот развиток на општеството. Над ова негово потребно работно време работникот можеше да работи 2, 3, 4, 6, итн. часа. Над големината на ова продолжување зависеше и нормата на вишокот на вредноста и големината на работниот ден. Додека потребното работно време беше постојано, вкупниот работен ден, напротив, беше променлив. Да претпоставиме сега еден работен ден кај кој ни се дадени неговата големина и неговата поделба на потребен труд и вишок на трудот. Линијата ac

a — — — — — — — — — — b — — c

нека претставува на пр. еден дванаесетчасовен работен ден, парчето аb 10-часовен потребен труд, парчето bc 2-часовен вишок на трудот. Како може сега да се зголеми производството на вишокот на вредноста, т.е. да се продолжи вишокот на трудот, без секое натамошно продолжување на ас или независно од секое натамошно нејзино продолжување?

И покрај дадените граници на работниот ден ас, изгледа дека bc е продолживо, ако не со проширувањето преку неговата крајна точка с, што е едновремено крајната точка на работниот ден ас, тогаш со преместувањето на својата почетна точка b во спротивниот правец кон а. Да земеме дека b' — b е на линијата

a — — — — — — — — — b' — b — — c

еднакво со половината од bc или еднакво на еден работен час. Кога во дванаесетчасовниот работен ден ас ќе се помрдне сега точката b на b', тогаш bc се растегнува во b'c, вишокот на трудот расте за половина, од 2 на 3 часа, иако работниот ден како и понапред си има само 12 часа. На ова продолжување на вишокот на трудот од b'с, од 2 на 3 часа е очевидно неможно без едновремено скусување на потребниот труд од ab на ab', од 10 на 9 часа. На продолжувањето на вишокот на трудот му одговара скратувањето на потребниот труд, или еден дел од работното време, кое досега работникот вистински го употребуваше за себеси, се претвора во работно време за капиталистот. Тоа што би се изменило не би било должината на работниот ден туку неговата расподелба на потребен труд и вишок на трудот.

Од друга страна, очевидно е дадена самата големина на вишокот на трудот штом е дадена големината на работниот ден, а при дадена вредност на работната сила. Вредноста на работната сила, т.е. работното време потребно за нејзиното производство, е определена со работното време потребно за препроизводството на нејзината вредност. Ако се изразува еден работен час во едно количество злато од половина шилинг или пенси; и ако дневната вредност на работната сила е 5 шилинзи, тогаш работникот мора да работи дневно 10 часа за да ја надомести дневната вредност на работната сила што му ја плаќа капиталот или за да произведе еден еквивалент на вредноста од своите средства за живот што му се дневно потребни. Со вредноста на овие средства за живот е дадена вредноста на неговата работна сила,[1] со вредноста на неговата работна сила е дадена големината на неговото потребно време. Пак големината на вишокот на трудот се добива ако го одземеме потребното работно време од вкупниот работен ден. Ако одземеме десет часа од дванаесет остануваат два, но од ова не се гледа како може, при дадените услови, да се продолжи вишокот на трудот над два часа. Секако капиталистот може да му плати на работникот само 4 шил. и 6 пенси место 5 шил., или уште помалку. За препроизводство на оваа вредност од 4 шил. и 6 пенси доста би било 9 работни часа, поради што би му дошло на вишокот на трудот 3 место 2 часа од дванаесетчасовниот работен ден, а самиот вишок на вредноста би се качил од 1 шил. на 1 шил. и 6 пенси. Сепак овој резултат би можел да се постигне само со смалување на вредноста на работниковата наемнина под вредноста на неговата работна сила. Со 4 шил. и 6 пенси, што ги произведува за 9 часа, тој располага со 1/10 средства за живот помалку одошто понапред, и така се врши само едно спечено препроизводство на неговата работна сила. Вишокот на трудот овде би се продолжил само со преминувањето на неговата нормална граница, неговиот домен би се раширил само со узурпаторското откинување од доменот на потребното работно време. Покрај важната ролја што ја игра овој метод на вистинското движење на наемнината, тој овде е исклучен со претпоставката дека стоките, значи и работната сила, се продаваат и купуваат по нивната полна вредност. Кога ќе се претпостави еднаш ова, тогаш работното време потребно за производството на работната сила и за препроизводството на нејзината вредност може да се смали не од тоа што би паднала наемнината на работникот под вредноста на неговата работна сила, туку само ако падне самата оваа вредност. При дадена должина на работниот ден продолжувањето на вишокот на трудот мора да произлезе од скусувањето на потребното работно време, а не обратно скусувањето на потребното работно време од продолжувањето на вишокот на трудот. Во нашиот пример вредноста на работната сила мора вистински да падне за 1/10, за да се смали со тоа потребното работно време за 1/10, од 10 на 9 часа, а поради тоа да се продолжи вишокот на трудот од 2 на 3 часа.

Но едно вакво паѓање на вредноста на работната сила за 1/10 од своја страна условува да се произведува иста маса средства за живот сега во 9, место порано во 10 часа. Сепак ова е неможно без зголемyвaњe на производната сила на трудот. Со дадените средства може на пр. еден чевлар да направи едно рало чизми во еден работен ден од 12 часа. Ако треба тој за истото време да направи две рала чизми. тогаш производната сила на неговиот труд мора да се вудвои, а таа не може да се вудвои без некоја измена во неговите средства на трудот или во неговата работна метода или едновремено во обата. За тоа мора да настапи некоја револуција во условите на производството на неговиот труд, т.е. во неговиот начин на производство, а со тоа и во самиот процес на трудот. Под наголемување на производните сили на трудот ние овдека разбираме општо секоја измена во процесот на трудот со која се скусува работното време општествено потребно за производство на некоја стока, значи кога помало количество труд се здобива со сила да произведува поголемо количество употребна вредност.[2] Значи, додека при производството на вишокот на вредноста во досега разгледуваната форма начинот на производството го претпоставивме како нешто дадено, тоа сега за производството на вишок на вредноста со претворање на потребниот труд во вишок на трудот никако не е доста капиталот да го овладее процесот на трудот во неговата историски наследена или најдена форма и само да го продолжи неговото траење. За да се повиши производната сила на трудот, а со повишувањето на производната сила на трудот да се снижи вредноста на работната сила и така да се скуси делот од работното време потребен за производство на оваа вредност, нужен е преврат во техничките и општествените услови на процесот на трудот, значи во самиот начин на производството.

Вишокот на вредноста произведен со продолжувањето на работниот ден јас го викам апсолутен вишок на вредноста; вишокот на вредноста што, напротив, произлегува од скусувањето на потребното работно време и соодветното изменувањe на односот меѓу големините на обата составни дела на работниот ден го викам — релативен вишок на вредноста.

За да се снижи вредноста на работната сила, повишувањето на производните сили мора да ги зафати оние индустриски гранки, чии производи ја определуваат вредноста на работната сила, значи или тие што влегуваат во кругот на обичните средства за живот, или што можат нив да ги надоместат. Но вредноста на некоја стока не се определува само со количеството труд што ѝ го дава нејзе последната форма, туку исто така и со масата труд содржана во средствата за нејзиното производство. На пример, вредноста на едни чизми не се определува само со трудот на чевларот, туку исто така и со вредноста на кожата, чиришот, конецот итн. Според тоа, наголемувањето на производната сила и соодветното поевтинување на стоките во индустриите што ги лиферуваат материјалните елементи од постојаниот капитал, средствата на трудот и материјалот за трудот за производство на потребните средства за живот, исто така ја снижуваат вредноста на работната сила. Напротив, во производните гранки што не лиферуваа ни потребни средства за живот, ни средства за производство потребни за нивното приготвување, повишената производна сила ја остава вредноста на работната сила негибната.

Поевтинетата стока, се разбира, ја снижува вредноста на работната сила само pro tanto, т.е. само во однос во кој таа влегува во препроизводството на работната сила. Така на пр. кошулите се едно потребно средство за живот, но само едно од многуте средства. Нивното поевтинување ги смалува само издатоците на работникот за кошулите. Целокупната сума на потребните средства за живот сепак се состои од различни стоки, разнородни производи од посебни индустрии, и вредноста на секоја таква стока постојано е еден аликвотен дел од вредноста на работната сила. Оваа вредност се смалува заедно со потребното работно време за нејзиното препроизводство, а вкупното скусување на работното време е еднакво со сумата на нејзините скусувања во сите оние посебни производни гранки. Овој општ резултат ние овде го разгледуваме така, како да е тој непосреден резултат и непосредна цел во секој одделен случај. Кога некој одделен капиталист наголемувајќи ја производната сила на трудот ги поевтини, на пр. кошулите, нему никако не му стои пред очи како нужна и целта да ја снижи вредноста на работната сила, а со тоа и потребното работно време pro tanto; туку тој, на крајот на краиштата, само доколку придонесува за овој резултат, ќе придонесе за повишување на општата норма на вишокот на вредноста.[3] Општите и нужните тенденции на капиталот треба да се разликуваат од формите во кои се пројавуваат тие.

Сега нема да го разгледуваме начинот како се пројавуваат внатрешните закони на капиталистичкото производство во надворешното движење на капиталот, како дејствуваат како принудни закони на конкуренцијата, и затоа во свеста на индивидуалниот капиталист дојдуваат како мотиви што го движат, но и однапред е олку јасно: научна анализа на конкуренцијата е можна само тогаш, кога ќе се разбере внатрешната природа на капиталот, токму онака како што му е разбирливо привидното движење на небесните тела само на оној што го познава нивното вистинско, но сетилно незабележливо движење. Сепак за разбирање на производството на релативниот вишок на вредноста и тоа само врз основа на досега веќе добиените резултати е нужно да се забележи следново.

Ако се претстави еден работен час во едно количество злато од 6 пенси или 1/2 шилинг, тогаш во дванаесетчасовниот работен ден се произведува вредноста од 6 шилинзи. Да земеме дека со дадената производна сила на трудот ќе се изготват во овие 12 работни часа 12 парчиња стока. Вредноста на средствата за производство, суровината итн. што е потрошена во секое парче нека е 6 пенси. Под овие околности одделната стока чини 1 шилинг, имено 6 пенси за вредноста на средствата за производство, 6 пенси за новата вредност придадена во времето на нејзината изработка. Сега некој капиталист нека успее да ја вудвои производната сила на трудот и со тоа место 12 да произведува 24 парчиња од овој вид стока во дванаесетчасовниот работен ден. Ако остане вредноста на средствата за производство неизменета, тогаш вредноста на одделната стока сега ќе падне на 9 пенси, имено 6 пенси за вредноста на средствата за производство, 3 пенси за новата вредност придадена со последниот труд. Покрај вудвоената производна сила работниот ден и сега како и понапред создава нова вредност само од 6 шил., која сега сепак се дели на двојно повеќе производи. На секој одделен производ, затоа, се паѓа уште само 1/24 место 1/12 од оваа вкупна вредност, 3 пенси место 6 п. Или — што е едно исто — сега им се придава на средствата за производство при нивното претворање на производ, сметајќи на секое парче, само уште половина работен час место порано еден цел. Индивидуалната вредност на оваа стока сега е пониска од нејзината општествена вредност, т.е. таа чини помалку работно време одошто големата маса артикли од истиот вид произведени под средните општествени услови. Парчето чини средно 1 шил., или претставува 2 часа општествен труд; со изменетиот начин на производство тоа чини само 9 пенси или содржи само 1 1/2 работен час. Но вистинската вредност на некоја стока не е нејзината индивидуална, туку нејзината општествена вредност. т.е. не се мери со работното време колку што таа во одделниот случај вистински му чини на производителот, но со работното време што се сака општествено за нејзиното производство. Според тоа, ако ја продава капиталистот, што го применува новиот метод, својата стока по нејзината општествена вредност од 1 шил., тогаш тој ќе ја продава неа за 3 пенси над нејзината индивидуална вредност и така ќе реализира еден екстра вишок на вредноста од 3 пенси. Но, од друга страна, дванаесетчасовниот работен ден сега нему му се претставува во 24 парчиња стока место понапред во 12. Значи, за да го продаде производот од еден работен ден, потребна му е двапати поголема продажба или двапати поголем пазар. Под инаку неизменети околности, неговата стока ќе си извојува поголем простор на пазарот само со снижување на нејзината цена. Поради тоа тој ќе ја продава над нејзината индивидуална, но под нејзината општествена вредност, да речеме по 10 пенси парчето. На овој начин тој вади од секое одделно парче и сега екстра вишок на вредноста од 1 пени. Ова повишување на вишокот на вредноста се врши за него, било да се наоѓа неговата стока на кругот на потребните средства за живот или не, та значи било да влегува во определувањето на општата вредност на работната сила или не. Според тоа, независно од последнава околност, за секој одделен капиталист суштествува мотивот да ја поевтинува стоката со повишување на производната сила на трудот.

При сето тоа зголеменото производство на вишокот на вредноста произлегува дури и во овој случај од скусувањето на потребното работно време и од соодветното продолжување на вишокот на трудот.[3а] Потребното работно време нека изнесува 10 часа или дневната вредност на работната сила 5 шил., вишокот на трудот 2 часа, дневно произведениот вишок на вредноста, според тоа, 1 шил. Но нашиов капиталист сега произведува 24 парчиња и ги продава по 10 пенси парчето или заедно за 20 шил. Бидејќи вредноста на средствата за производство е еднаква на 12 шил., тоа 14 2/5 парчиња стока го надоместуваат само авансираниот постојан капитал. Дванаесетчасовниот работен ден се претставува во преостанатите 9 3/5 парчиња. Бидејќи цената на работната сила = 5 шил., тоа потребното работно време се претставува во производ од 6 парчиња, а вишокот на трудот во 3 3/5 парчиња. Односот на потребниот труд спрема вишокот на трудот, кој под општествено средни услови изнесува 5:1, сега изнесува само уште 5:3. Истиов резултат се добива и вака: Вредноста на производот на дванаесетчасовен работен ден е 20 шил. Од тоа 12 шил. ѝ припаѓаат на вредноста на средствата за производство, која само повторно се појавува. Значи, остануваат 8 шил. како паричен израз на вредноста, во која се претставува работниот ден. Овој паричен израз е повисок од паричниот израз на општествено средниот труд од истиот вид, од кој 12 часа се изразуваат само во 6 шил. Трудот со исклучително производна сила дејствува како потенциран труд или во истите отсеци на време создава повисока вредност одошто општествено средниот труд од ист вид. Но нашиов капиталист плаќа за дневната вредност на работната сила како и понапред само 5 шил. Поради тоа на работникот му треба за препроизводство на оваа вредност сега само уште 7 1/2 часа место порано 10. Неговиот вишок на трудот затоа расте за 2 4/5 часа, а вишокот на вредноста што го произведува тој од 1 шил. расте на 3 шил. Но, според тоа, капиталистот што го применува подобрениот начин на производство си присвојува поголем дел од работниот ден како вишок на трудот, одошто другите капиталисти во истата гранка. Тој го прави поединечно она што го прави капиталот во цело и на големо при производството на релативниот вишок на вредноста. На, од друга страна, овој екстра-вишок на вредноста исчезнува штом ќе стане општ новиот начин на производство и со тоа ќе исчезне разликата меѓу индивидуалната вредност на поевтина произведената стока и нејзината општествена вредност. Истиот закон за определувањето на вредноста со работното време му дава на капиталистот што го вовел новиот метод, да го сети во таква форма, да мора тој да ја продава својата стока под нејзината општествена вредност, — тој ист закон како принуден закон на конкуренцијата ги гони неговите соперници и тие да го воведат новиот начин на производство.[4] Значи, целиот овој процес најпосле ја зафаќа општата норма на вишокот на вредноста само тогаш ако повишувањето на производната сила на трудот ги зафати оние гранки на производството, значи ако се изевтинат оние стоки што влегуваат во кругот на потребните средства за живот, па според тоа ги сочинуваат елементите на вредноста на работната сила.

Вредноста на стоките стои во обратна сразмера спроти производната сила на трудот. Исто така и вредноста на работната сила, зашто ја определуваат стоковните вредности. Спротивно на тоа, релативниот вишок на вредноста стои во директна сразмера спроти производната сила на трудот. Тој се качува со качувањето на производната сила и паѓа со нејзиното паѓање. Еден среден општествен работен ден од 12 часа под претпоставка да остане неизменета вредноста на парите, го произведува постојано истиот производ-вредност од 5 шил., па макар како се распределувала оваа сума на вредност меѓу еквивалент за вредноста на работната сила и за вишок на вредноста. Но ако падне поради зголемувањето на производната сила вредноста на дневните средства за живот, а со тоа и дневната вредност на работната сила од 5 шил., на 3 шил., тогаш вишокот на вредноста ќе порасне од 1 шил. на 3 шил. За да се произведе вредноста на работната сила понапред беше потребно 10, а сега уште само 6 работни часа. Четири работни часа се ослободија и можат да се присоединат кон областа на вишокот на трудот. Според тоа, внатрешниот стремеж и постојаната тенденција на капиталот е да ја повишува производната сила на трудот, за да ги поевтини стоките, а со поевтинувањето на стоките да го поевтини самиот работник.[5]

Апсолутната вредност на стоките сама по себе е сосем безразлична за капиталистот што ја произведува неа. Него го интересира само вишокот на вредноста што се најдува во неа и што се реализира во продажбата. Реализацијата на вишокот на вредноста сама по себе го вклучува надоместувањето на авансираната вредност. Бидејќи сега релативниот вишок на вредноста расте во директна сразмера со развитокот на производната сила на трудот, додека вредноста на стоките паѓа во обратна сразмера со истиот развиток, значи бидејќи истиот идентичен процес ги поевтинува стоките и го покачува вишокот на вредноста содржан во нив, тоа се решава загатката зошто капиталистот, кому му се сака да произведува само разменска вредност, постојано настојува да ја снижи разменската вредност на своите стоки — противречност, со која еден од основачите на политичката економија, Кенеј, ги мачеше своите противници, и на која тие му останаа должни да му одговорат.

„Вие се согласувате — вели Кенеј — дека колку се може повеќе да се заштеди на трошоците или на самите работи при фабрикувањето на индустриските производи, а без последици за производството, толку е покорисно ова штедење, бидејќи тоа ја смалува цената на изработката. И покрај тоа вие мислите дека производството на богатствата што произлегуваат од работите на индустријалците, се состои во зголемувањето на разменската вредност на нивната изработка“.[6]

Според тоа, во капиталистичкото производство економијата на трудот со развивање на производната сила на трудот[7] нема ни најмалку цел да го скуси работниот ден. Таа има цел само да го скуси работното време потребно за производството на определено количество стоки. Што работникот, при повишената производна сила на неговиот труд во еден час на пр. произведува 10 пати повеќе стоки отколку порано значи за секое парче стока му треба 10 пати помалку работно време, тоа не е никаква пречка да се пушти тој да работи како и понапред 12 часа и во 12 часа да произведува 1200 парчиња место порано 120. Нешто повеќе, неговиот работен ден може да се продолжи, така што тој сега да произведува во 14 часа 1400 парчиња итн. Затоа кај економистите од кројот на Мекелек, Јур, Сениор и tutti quanti [и сите други од тој крој] може од една страна да се прочита дека работникот треба да му се заблагодари на капиталот за развивањето на производните сили, зашто со тоа се скусува потребното работно време, а на друга страна дека тој мора да ја докаже оваа своја благодарност со тоа што ќе работи отсега 15 часа место 10. Развивањето на производната сила на трудот во рамките на капиталистичкото производство има цел да го скуси оној дел од работниот ден во кој работникот мора да работи сам за себеси, и токму со тоа да се продолжи другиот дел од работниот ден во кој тој може да работи за капиталистот бесплатно. До колку може да се постигне овој резултат и без поевтинување на стоките, ќе се покаже при разгледувањето на особените методи за производство на релативниот вишок на вредноста, на кое ќе преминеме сега.


Фусноти

[1] Вредноста на дневната средна наемнина се определува од тоа што му е потребно на работникот „за да живее, да работи и да се плоди.“ (William Petty: „Political Anatomy of Ireland“ 1672, стр. 64.) „Цената на трудот секој пат ја определуваат средствата за живот.“ Работникот не добива соодветна наемнина „штом неговата наемнина не му стасува да ја одгледа, сообразно со ниската положба на работникот, фамилијата каква што работниците често ја имаат.“ (Ј. Vanderlint; „Money answers etc“., стр. 15.) „На простиот работник, што ги има само рацете и умеењето, единствено што му преостанува е да им го продава својот труд на други... Според тоа, во секој труд мора да дојде до тоа наемнината од работникот да се ограничи на она што е безусловно потребно за неговото одржување“. (Turgot: „Réflexions etc.,“ Oeuvres, изд. Daire, св. I, стр. 10.) „Цената на средствата за живот вистински ги сочинува трошоците на производството на трудот.“ (Malthus: „Inquiry into etc. Rent," London 1815, стр, 48, забелешка.)

[2] „Кога се поусовршува занаетчиството, тоа значи оти се работи за откривање нови методи со чија помош некој производ ќе се изработува со помалку работни сили, или (што е сеедно) за покусо време.“ (Galiani: „Della Moneta“, стр. 159.) „Економијата во трошоците на производството може да биде само економија во количеството на трудот потрошено во производството“. (Sismondi: “Études,” св. I, стр. 22.)

[3] Ако фабрикантот со подобрување на машинеријата произведува двапати повеќе производи ... тој (на крајот на краиштата) добива само до толку, до колку со тоа ќе се оспособи да го облекува работникот поевтино ... и така на работникот да му припадне еден помал дел од вкупниот производ. (Ramsay: “An Essay on the Distribution etc.,“ стр. 168, 169.)

[3а] „Профитот не зависи од власта што може некој да ја има за да располага со производот на трудот од други луѓе, туку од неговата власт да располага со самиот труд, Ако биде тој во состојба да ја продава својата стока поскапа додека наемнините на неговите работници остануваат исти, тој од тоа ќе има очевидна добивка ... ќе му биде доста помал дел од она што го произведува за да го стави трудот во движење, а поради тоа нему самиот ќе му остане еден поголем дел.“ („Outlines of Political Economy”. London 1832, стр. 49, 50.)

[4] „Ако произведе мојот сосед многу со малку труд, и поради тоа ќе може поевтино да продава, морам и јас да се стремам да продавам исто така евтино. Така секој изнајдок, секоја постапка и секоја машина што овозможуваат да се изведе некоја работа со помалку раце, а оттука и поевтино, ги натерува луѓето да се впуштат во натпреварување да го применат или истиот изнајдок, истата постапка, или истата машина, или да изнајдат нешто слично, за да останат сите на истите услови и за да не може ниеден да продава поевтино од својот сосед.“ („The Advantages of the East-India Trade to England.“ London 1720, стр. 67.)

[5] „Во истата размера во која се смалуваат издатоците за еден работник, ќе се смалува и неговата наемнина, ако се укинат едновремено и ограничувањата што ѝ се наложени на индустријата“. („Considerations Concerning Taking off the Bounty on Corn Exported etc.“ London 1753, стр. 7.) „Интересот на индустријата и трговијата бара житото и сите други средства за живот да бидат колку што се може поевтини, зашто тоа што ги поскапува нив, ги поскапува наемнините ... Во сите земји каде што е индустријата слободна, цената на средствата за живот мора да влијае врз цената на трудот. Оваа ќе падне секој пат кога ќе поевтинат средствата за живот.“ (Исто, стр. 3.) „Наемнините се снижуваат во истата сразмера во која растат производните сили. Машината на секој начин ја смалува цената на средствата за живот, но едновремено ја смалува и цената на работникот.“ („A Prize Essay on the Comparative Merits of Competition and Co-operation.” London 1834, str. 27.)

[6] Quesnay: „Dialogues etc.,“ стр. 188, 189.

[7] „Овие шпекуланти прават толку многу економија на трудот од работниците што мораат да ги плаќаат. (J. N. Bidaut: “Du Monopole qui s’établit dans les arts industriels et le commerce.” Paris 1828, стр. 13.) „Претприемачот секогаш ќе стори сѐ што му е во сила за да економисува во времето и во трудот.“ (Dugald Stewart: „Works“ ed. by Sir W. Hamilton. Edinburgh 1855, кн. III, Lectures on Political Economy, стр. 318.) На капиталистите им е во интерес, да бидат што поголеми производните сили од работниците земени на работа. Целото нивно внимание речиси исклучиво е насочено кон зголемување на овие сили.“ (R. Jones: Textbook, etc., Lecture III.)


Следно поглавје

Содржина

Маркс-Енгелсова интернет архива