Карл Маркс
Капиталот (том 1)

ГЛАВА ПЕТНАЕСЕТТА

Менување големината на цената на работната сила и на вишокот на вредноста


Содржина

1. — Големина на работниот ден и интензивност на трудот постојана (дадена), производна сила на трудот променлива
2. — Постојан работен ден, постојана производна сила на трудот, променлива интензивност на трудот
3. — Производната сила и интензивноста на трудот постојани, работниот ден променлив
4. — Едновремени измени во траењето, производноста и интензивноста на трудот


Вредноста на работната сила се определува од вредноста на вообичаените потребни средства за живот на средниот работник. Масата на овие средства за живот, иако нивната форма може да се изменува, во определена епоха и во определено општество е дадена и затоа треба да се разгледува како постојана големина. Тоа што се изменува е вредноста на оваа маса. Уште два други фактора влегуваат во определувањето на вредноста на работната сила. Од една страна трошоците за нејзиното развивање што се изменуваат со начинот на производството, од друга страна нејзините природни разлики, дали е таа работна сила од мажи или жени, од полнолетни или неполнолетни. Употребата на овие различни работни сили, што и самата е условена со начинот на производство, создава голема разлика во трошоците за препроизводство на работничката фамилија и во вредноста на возрасниот машки работник. Сепак и обата фактора ќе ги исклучиме при следново испитување.

Ние претпоставуваме: 1) дека стоките се продаваат по својата вредност, 2) дека цената на работната сила може понекогаш да се качи над нејзината вредност, но никако да падне под неа.

Штом ќе го претпоставиме тоа еднаш, најдуваме дека релативната големина на цената на работната сила и на вишокот на вредноста ја определуваат три околности: 1) должината на работниот ден или екстензивната големина на трудот; 2) нормалната интензивност на трудот, или неговата интензивна големина, така што определена количество труд да се потроши во определено време; 3) најпосле производната сила на трудот, така што според степенот од развитокот на условите на производството, истото количество труд, во исто време дава поголемо или помало количество производ. Очевидно е дека се возможни мошне различни комбинации, ако е еден од трите фактори постојан, а два се изменуваат, или два фактора се постојани, а еден се изменува, или најпосле сите три едновремено се изменуваат. Овие комбинации стануваат уште поразлични, зашто при едновремената измена на различните фактори, големините и правците на измените можат да бидат различни. Во следново излагање се претставени само главните комбинации.

I. Големина на работниот ден и интензивност на трудот постојана (дадена), производна сила на трудот променлива

Под оваа претпоставка, вредноста на работната сила и вишокот на вредноста се определени со три закони.

Прво: работниот ден од дадената големина постојано се претставува во истата производ-вредност, како и да се изменува производноста на трудот и заедно со неа масата на производите, а следствено и цената на одделните стоки. Производот-вредност од еден дванаесетчасовен работен ден е на пр. 6 шил., иако масата на произведените употребни вредности се изменува со производноста на трудот, а според тоа вредноста од 6 шил. се разделува на повеќе или помалку стоки.

Второ: Вредноста на работната сила и вишокот на вредноста се изменуваат во обратен правец. Измената во производноста на трудот, нејзиното пораснување или смалување, дејствува во обратен правец врз вредноста на работната сила, а врз вишокот на вредноста во директен правец.

Производот-вредност од дванаесетчасовниот работен ден е постојана големина, на пр. 6 шил. Оваа постојана големина е еднаква на сумата од вишокот на вредноста плус вредноста на работната сила, што ја надоместува работникот со еден еквивалент. Само посебе се знае дека од два дела на некоја постојана големина едниот не може да се зголеми без да се смали другиот. Вредноста на работната сила не може да се качи од 3 шил. на 4 без да спадне вишокот на вредноста од 3 шил. на 2, а вишокот на вредноста не може да се качи од 3 на 4 шил. без да спадне вредноста на работната сила од 3 шил. на 2. Под овие околности, значи, не е возможна никаква измена во апсолутната големина било на вредноста на работната сила, било на вишокот на вредноста, без да се изменат едновремено нивните релативни или сразмерни големини. Невозможно е тие едновремено да се креваат или да паѓаат.

Потака, вредноста на работната сила не може да падне, значи ни вишокот на вредноста не може да се качи без да се зголеми производната сила на трудот, на пр. во горнион случај вредноста на работната сила не може да падне од 3 на 2 шил. ако пораснатата производна сила на трудот не допушти да се произведе за 4 часа иста маса средства за живот за чие производство порано се сакаше 6 часа. И обратно, вредноста на работната сила не може да се качи од 3 на 4 шил., ако не спадне производната сила на трудот, значи ако не е потребно за производство на истата маса средства за живот 8 часа, за кое порано беа доста 6 часа. Одовде излегува дека зголемувањето во производноста на трудот ја снижува вредноста на работната сила, а со тоа го повишува вишокот на вредноста, додека обратно, смалувањето во производноста ја зголемува вредноста на работната сила, а го смалува вишокот на вредноста.

При формулацијата на овој закон Рикардо не беше зел предвид една околност: иако измената во големината на вишокот на вредноста или на вишокот на трудот условува обратна измена во големината на вредноста на работната сила или на потребниот труд, оттука никако не произлегува дека тие се изменуваат во иста пропорција. Тие се повишуваат или паѓаат за иста големина. Но сразмерата во која се повишува или паѓа секој дел од производ-вредност или од работниот ден зависи од првобитната поделба, што е извршена пред измената во производната сила на трудот. Ако е вредноста на работната сила 4 шил. или потребното работно време 8 часа, вишокот на вредноста 2 шил. или вишокот на трудот 4 часа, и ако падне поради повишената производност на трудот, вредноста на работната сила на 3 шил. или потребниот труд на 6 часа, тогаш вишокот на вредноста ќе се повиши на 3 шил. или вишокот на трудот на 6 часа. Големината од 2 часа или од 1 шил. што се додава таму, а овде се одзема, е иста. Но сразмерната измена на големината е различна на обете страни. Додека вредноста на работната сила паѓа од 4 шил. на 3, значи за 1/4 или за 25%, вишокот на вредноста се качува од 2 на 3 шил., значи за 1/2 или за 50%. Оттука излегува дека сразмерното зголемување или сразмерното смалување на вишокот на вредноста, што станува поради една дадена измена во производната сила на трудот, толку е поголемо колку што е помал првобитниот дел на работниот ден што се претставува во вишок на вредноста, а толку е помало, колку е поголем овој дел.

Трето: нарастувањето или опаѓањето на вишокот на вредноста секогаш е последица, а никогаш причина на соодветното опаѓање или повишување на вредноста на работната сила.[10]

Бидејќи работниот ден е постојана големина и се претставува во постојана големина на вредност, бидејќи на измената на големината на вишокот на вредноста ѝ одговара обратна измена на големината на вредноста на работната сила, а вредноста на работната сила може да се изменува само со измена во производната сила на трудот, тогаш од овие услови очевидно следува дека секоја измена на големината на вишокот на вредноста произлегува од една обратна измена на големината на вредноста на работната сила. Значи, како што видовме, не е возможна никаква апсолутна измена на големината на вредноста на работната сила и на вишокот на вредноста без измена на нивната релативна големина, затоа сега следува дека никаква измена во релативни големини на нивните вредности не е возможна без измена во апсолутната големина на вредноста на работната сила.

Според третиот закон, измената на големината на вишокот на вредноста претпоставува движење на вредноста на работната сила причинето од измената во производната сила на трудот. Границата на првата измена е дадена од новата граница на вредноста на работната сила. Но, може, во случај ако му дозволат околностите на законот да дејствува, да се случат и меѓудвижења. Ако падне на пр. поради повишената производна сила на трудот, вредноста на работната сила од 4 шил. на 3, или потребното работно време од 8 часа на 6, тогаш цената на работната сила може да падне само на 3 шил. и 8 пен., 3 шил. и 6 п., 3 шил. и 2 п., итн., следствено и вишокот на вредноста да се повиши само на 3 шил. и 4 пен., 3 шил. и 6 п., 3 шил. и 10 п. итн. Степенот на паѓањето, чијашто минимална граница[1*] е 3 шил. зависи од релативната тежина што ја фрлаат на терезијата натискот на капиталот од една страна и отпорот на работниците од друга страна.

Вредноста на работната сила е определена од вредноста на едно определено количество средства за живот. Со измената на производната сила на трудот се изменува вредноста на овие средства за живот, а не нивната маса. Самата маса, при покачувањето на производната сила на трудот, може да расте едновремено и во иста сразмера и за работникот и за капиталистот, без да има некаква измена меѓу големината на цената на работната сила и големината на вишокот на вредноста. Ако е првобитната вредност на работната сила 3 шил., а потребното работно време 6 часа, а вишокот на вредноста исто така 3 шил. или вишокот на трудот 6 часа, тогаш едно вудвојување на производната сила на трудот, при неизменета поделба на работниот ден, ќе ги остави неизменети и цената на работната сила и вишокот на вредноста. Само што секоја од нив се претставува во двапати поголеми употребни вредности, но сразмерно поевтинети. Иако не се измени цената на работната сила, таа се качи над нејзината вредност. Ако паднеше цената на работната сила, само не до минималната граница дадена со нејзината нова вредност од 1 1/4 шил., туку на 2 шил. и 10 пен., 2 шил. и 6 п. итн., тогаш оваа падната цена ќе претставува сѐ уште една нарасната маса од средства за живот. Така би можела цената на работната сила, при повишена производна сила на трудот, постојано да паѓа, а едновремено непрекинато да расте масата на средствата за живот на работникот. Но вредноста на работната сила релативно, т.е. во споредба со вишокот на вредноста постојано би паѓала, а би се проширувал значи процепот меѓу животната положба на работникот и на капиталистот.[11]

Рикардо строго ги формулира горе утврдените три закона. Недостатоците на неговата поставка се: 1) што посебните услови, во чии рамки и важат овие закони, ги смета за сами од себе разбирливи, за општи и исклучителни услови на капиталистичкото производство. Тој не познава никаква измена нити во должината на работниот ден нити во интензивноста на трудот, така што кај него производноста на трудот станува сама за себе единствен променлив фактор; — 2) но, а ова „но“ ја прави неговата анализа погрешна во многу поголема степен, што ни тој, како ни други економисти, никогаш не го испитувал вишокот на вредноста како таков, т.е. независно од неговите посебни форми, како профит, земјишна рента итн. Затоа тој законот за нормата на вишокот на вредноста непосредно го фрла на еден куп заедно со законот за нормата на профитот. Како што веќе рековме, нормата на профитот е односот на вишокот на вредноста спрема целокупниот анансиран капитал, додека нормата на вишокот на вредноста е однос на вишокот на вредноста само спрема променливиот дел на овој капитал. Да земеме еден капитал од 500 ф. ст. (K) што се дели на суровини, средства на трудот итн., сѐ заедно 400 ф. ст. (с) и на 100 ф. ст. за наемнина (v); потака вишокот на вредност да е = 100 ф. ст. (m). Тогаш нормата на вишокот на вредноста е m / v = 100 ф. ст. / 100 ф. ст. = 100%. Но нормата на профитот m / K = 100 ф. ст. / 500 ф. ст. = 20%. Освен тоа е јасно дека нормата на профитот може да зависи од околности, што никако не дејствуваат врз нормата на вишокот на вредноста. Јас подацна, во третата книга од ова дело ќе покажам дека истата норма на вишокот на вредноста може да се изрази во најразлични норми од профит, а различните норми на вишокот на вредноста, под определени околности, во една иста норма на профит.

II. Постојан работен ден, постојана производна сила на трудот, променлива интензивност на трудот

Растечката интензивност на трудот претпоставува зголемено трошење на трудот во ист временски период. Поинтензивниот работен ден според тоа се овоплотува во повеќе производи отколку помалку интензивниот од еднаков број часови. Вистина и со повишена производна сила ист работен ден ќе дава повеќе производи. Но во последниов случај спаднува вредноста на одделниот производ, бидејќи тој чини помалку труд отколку порано, додека во првиот случај вредноста останува неизменета, бидејќи производот чини исто толку труд колку и понапред. Бројот на производите овдека расте без да паѓа нивната цена. Со нивниот број расте и сумата на нивните цени, додека таму истата сума вредности се претставува сама во зголемена маса производи. Значи, при ист број часови поинтензивниот работен ден се овоплотува во поголем производ-вредност, според тоа, при неизменета вредност на парите во повеќе пари. Производот-вредност на работниот ден се изменува според колебањата на неговата интензивност од општествениот нормален степен на интензивноста. Така, истиот работен ден не се претставува како порано во постојана, туку во променлива производ-вредност, — поинтензивниот дванаесетчасовен работен ден на пр. во 7 шил., 8 шил. итн., место во 6 шил., како дванаесетчасовниот работен ден од обична интензивност. Очевидно е дека, штом ќе се измени производот-вредност на работниот ден, да речеме од 6 на 8 шил., тогаш можат обата дела на овој производ-вредност, цената на работната сила и вишокот на вредноста, да растат едновремено, било во еднаков или во нееднаков степен. Цената на работната сила и вишокот на вредноста можат и обата во исто време да порастат од 3 на 4, ако се крене производот-вредност од 6 на 8. Кревањето на цената на работната сила овдека не го вклучува неопходното кревање на нејзината цена над нејзината вредност. Напротив, тоа може да биде следено од еден пад под[2*] нејзината вредност. Ова станува постојно, ако повишувањето на цената на работната сила не го компензира нејзиното забрзано абење.

Се знае дека, освен во краткотрајните исклучоци, една измена во производноста на трудот може да причини само тогаш измена во големината на вредноста на работната сила, а со тоа и во големината на вишокот на вредноста, ако производите на индустриските гранки за кои станува збор влегуваат во редовната потрошувачка на работниците. Ова ограничување овдека отпаѓа. Било да се изменува големината на трудот екстензивно или интензивно, на измената на неговата големина ќе ѝ одговара една измена во големината на неговиот производ-вредност, независно од природата на артикалот, во кој се претставува оваа вредност.

Ако се качи интензивноста во сите индустриски гранки едновремено и рамномерно, тогаш новиот повисок степен на интензивност ќе стане обичен, општествено нормален степен, и со тоа ќе престане да се смета како екстензивна големина. Притоа дури и тогаш средниот степен на интензивноста на трудот ќе остане различен при различни нации, а со тоа ќе се модифицира примената на законот на вредноста врз различните национални работни дни. Поинтензивниот работен ден на едната нација ќе се претставува во повисок паричен израз отколку помалку интензивниот на другата.[12]

III. Производната сила и интензивноста на трудот постојани, работниот ден променлив

Работниот ден може да се изменува во два правца. Тој може да се скуси или да се продолжи.

1) Скусувањето на работниот ден под дадени услови, т.е. при неизменета производна сила и интензивност на трудот, ја остава вредноста на работната сила, а со тоа и потребното работно време, неизменета. Тоа го скусува вишокот на трудот и вишокот на вредноста. Со апсолутната големина на вишокот на вредноста паѓа и неговата релативна вредност, т.е. неговата големина во однос на неизменетата големина на вредноста на работната сила. Капиталистот би можел да си ја надомести загубата само со снижување на цената на работната сила под нејзината вредност.

Сите излитени фрази против скусувањето на работниот ден тргаат од претпоставка дека феноменот станува под овдека претпоставените околности, додека всушност, напротив, измената во производната сила и интензивноста на трудот или станува пред скусувањето на работниот ден, или непосредно следува по него.[13]

2) Продолжување на работниот ден: Потребното работно време нека биде 6 часа или вредноста на работната сила 3 шил., исто и вишокот на трудот нека биде 6 часа, а вишокот на вредноста 3 шил. Вкупниот работен ден тогаш ќе изнесува 12 часа и ќе се претставува во една произведена вредност од 6 шил. Ако се продолжи работниот ден за 2 часа, а цената на работната сила остане неизменета, тогаш расте заедно со апсолутната и релативната големина на вишокот на вредноста. Иако големината на вредноста на работната сила останува апсолутно неизменета, таа релативно опаѓа. Под условите претпоставени во I, релативната големина на вредноста на работната сила не можеше да се изменува без измена во нејзината апсолутна големина. Овдека, напротив, релативната измена во големината на вредноста на работната сила е резултат на една апсолутна измена на големината на вишокот на вредноста.

Бидејќи производот-вредност, во која се претставува работниот ден, расте заедно со продолжувањето на работниот ден, тогаш цената на работната сила и вишокот на вредноста можат да растат едновремено, било за еднаков, било за нееднаков прираст. Овој едновремен пораст е возможен, значи во два случаја, при апсолутното продолжување на работниот ден, и при порасната интензивност на трудот, а без такво продолжување.

Со продолжувањето на работниот ден цената на работната сила може да падне под нејзината вредност, иако таа номинално остане неизменета или дури и да се поткрене. Имено, дневната вредност на работната сила се цени, како што се сеќаваме, според нејзиното нормално средно траење или според нормалниот период на животот на работникот, и според соодветно, нормално преобратување на животната супстанција во движење, преобратување својствено на човечката природа.[14] До извесна точка, поголемото трошење на работната сила, што е нераздвојно од продолжувањето на работниот ден, може да се компензира со поголемо надоместување. Над оваа точка, трошењето расте во геометриска прогресија и едновремено ги разрушува сите нормални услови за препроизводство и дејствување на работната сила. Цената на работната сила и степенот на нејзината експлоатација престануваат да бидат една со друга соизмерливи големини.

IV. Едновремени измени во траењето, производноста и интензивноста на трудот

Овде е очевидна возможноста за голем број комбинации. Можат да се изменуваат по два фактора, а еден да остане постојан, или можат сите три едновремено да се изменуваат. Тие можат да се изменуваат во еднаков или нееднаков степен, во ист или спротивен правец, и оттука овие измени можат делум или сосем да се израмнат. Туку лесно е да се анализираат сите возможни случаи според објаснувањата дадени под I, II, III. Резултатот од секоја возможна комбинација се најдува кога се разгледува со ред секој фактор еден по еден како променлив, а другите како постојани. Затоа ние овдека уште само накусо ќе се запреме на два важни случаја.

1) Намалувањето на производната сила на трудот со едновременото продолжување на работниот ден:

Кога овдека зборуваме за паѓањето на производната сила на трудот, тогаш се работи за оние гранки на трудот, чиишто производи ја определуваат вредноста на работната сила, т.е. на пр. за намалувањето на производната сила на трудот поради зголемената неплодност на земјата и соодветното поскапување на производите од земјоделството. Да земеме да биде работниот ден дванаесетчасовен, а неговата новопроизведена вредност 6 шил., од која половината ја надоместува вредноста на работната сила, а другата половина го сочинува вишокот на вредноста. Значи, работниот ден се дели на 6 часа потребен труд и 6 часа вишок на трудот. Поради поскапувањето на земјоделските производи, вредноста на работната сила се крева од 3 на 4 шил., значи потребниот труд се качува од 6 на 8 часа. Ако остане работниот ден неизменет, тогаш вишокот на трудот паѓа од 6 на 4 часа, а вишокот на вредноста од 3 на 2 шил. Ако се продолжи работниот ден за 2 часа, значи од 12 на 14 часа, тогаш вишокот на трудот ќе остане 6 часа, а вишокот на вредноста 3 шил., но неговата големина паѓа во споредба со вредноста на работната сила, мерена со потребниот труд. Ако се продолжи работниот ден за 4 часа, од 12 на 16 часа, тогаш пропорционалната големина на вишокот на вредноста и на вредноста на работната сила, на вишокот на трудот и на потребниот труд си останува неизменета, но апсолутната големина на вишокот на вредноста расте од 3 на 4 шил., апсолутната големина на вишокот на трудот од 6 на 8 работни часа, значи за 1/3 или за 33 1/3%. При паѓањето на производната сила на трудот и едновременото продолжување на работниот ден може, значи, апсолутната големина на вишокот на вредноста да остане неизменета, додека нејзината пропорционална големина да паѓа; нејзината пропорционална големина може да остане неизменета, додека нејзината апсолутна големина да расте, а можат и обете да растат, а според степенот на продолжувањето на работниот ден.

Во периодот од 1799 до 1815 г. покачувањето на цените на средствата за живот во Англија доведе до номинално повишување на наемнината, иако всушност наемнините изразени во средства за живот паднаа. Вест и Рикардо од тоа заклучија дека смалувањето на производната сила на земјоделскиот труд е причина за паѓањето на нормата на вишокот на вредноста, и ја направија оваа претпоставка, која важи само во нивната фантазија, излезна точка за важна анализа на релативниот однос меѓу големината на наемнината, профитот и земјишната рента. Но благодарение на покачената интензивност на трудот и на присилното продолжување на работното време, вишокот на вредноста беше пораснал тогаш апсолутно и релативно. Тоа беше периодот, кога безмерното продолжување на работниот ден доби право на граѓанство,[15] периодот што беше специјално карактеристичен од една страна со забрзаниот пораст на капиталот, а на друга страна со порастот на пауперизацијата.[16]

2) Повишување на интензивноста и на производната сила на трудот со едновремено скусување на работниот ден:

Повишувањето на производната сила на трудот и нејзината растечка интензивност дејствуваат еднообразно во еден правец. Обете ја зголемуваат масата на производите произведена во секој временски период. Значи, обете го скусуваат оној дел од работниот ден што му е потребен на работникот за производство на неговите средства за живот или на нивниот еквивалент. Апсолутната минимална граница на работниот ден се определува општо од овој негов потребен, но скуслив составен дел. Ако се сведе целиот работен ден на последниов, тогаш ќе исчезне вишокот на вредноста, што е невозможно под режимот на капиталот. Отстранувањето на капиталистичката форма на производство допушта да се ограничи работниот ден на потребниот труд. Сепак, под инаку неизменети околности, последниов ќе ги прошири своите рамки. Од една страна оти условите за живот на работникот ќе беа побогати, а неговите барања од животот поголеми. Од друга страна, еден дел од сегашниот вишок на трудот ќе се смета за потребен труд, имено потребен труд за создавање еден општествен резервен и акумулационен фонд.

Колку повеќе расте производната сила на трудот, за толку повеќе може да се скуси работниот ден, а колку повеќе се скусува работниот ден, толку повеќе може да расте интензивноста на трудот. Од општествена гледна точка производноста на трудот расте и кога се врши економија со него. Ова не го вклучува во себе само економисувањето во средствата за производство, туку и отстранувањето секаков бесполезен труд. Додека капиталистичкиот начин на производство присилува кон економија во секое индивидуално претпријатие, дотогаш неговиот анархичен систем на конкуренција произведува најбезмерно растурање на општествените средства за производство и на работната сила, покрај многу функции секако сега неопходни, но во својата сушност излишни.

При дадена интензивност и при дадена производна сила на трудот, делот од општествениот работен ден, потребен за материјалното производство е толку покус, а според тоа и делот од времето оставен за слободна, духовна и општествена дејност на индивидуата е толку поголем, колку е порамномерно распределен трудот меѓу сите дееспособни [работоспособни] членови на општеството, колку помалку може еден општествен слој да ја растовари од себе природната нужда на трудот и да му ја натовари на друг слој. Гледано од оваа страна, апсолутната граница за скусување на работниот ден е сеопштноста на трудот. Во капиталистичкото општество слободното време за една класа се создава ако се претвори целиот живот на масите во работно време.


Фусноти

[10] Кон овој трет закон Мекелек го придодаде, меѓу другото, и бесмислениот придаток дека вишокот на вредноста може да се крене без да падне вредноста на работната сила, — со укинување на данокот што капиталистот го плаќал понапред. Укинувањето на тој данок апсолутно ништо не го изменува количеството на вишокот на вредноста што ја исцицува индустрискиот капиталист од работникот во прва рака. Тој ја изменува само сразмерата во која го става вишокот на вредноста во својот сопствен џеб или го дели со трети лица. Според тоа, тој ништо не изменува во сразмерата меѓу вредноста на работната сила и вишокот на вредноста. Одземката на Мекелек, значи, го докажува само неговото неразбирање на правилото, една незгода што му се случува при вулгаризирањето на Рикардо исто така често, како и на Ж. Б. Сеја при вулгаризирањето на А. Смит.

[11] „Кога ќе настапи во производноста на индустријата некоја измена, та со определено количество труд и капитал се произведува повеќе или помалку отколку понапред, релативната големина на делот од наемнината може очигледно да се измени, а масата од производот што ја претставува тој дел да остане иста или може масата од производот да се измени, а релативната големина да остане иста“. („Outlines of Politicai Economy.” London 1832, стр. 67)

[12] „Под инаку еднакви услови, англискиот фабрикант во еден определен рок може да извлече значително поголемо количество труд (Work) отколку некој странски фабрикант, и тоа толку, што да се израмни разликата меѓу работниот ден што во Англија изнесува 64 часа неделно, а во странство 78 или 80 часа.“ (RIF, за 31 октомври 1855, стр. 65.) Поголемо законско скусување на работниот ден во континенталните фабрики би било најсигурно средство за смалувањето на оваа разлика меѓу континенталниот и англискиот работен час.

[13] „Има околности што го израмнуваат тоа... тие се плод на успешното дејствување на законот за десетчасовен труд.“ (RIF, за 1 декември 1848, стр. 7.)

[14] „Количеството труд, што го дал некој во рок од 24 часа, може приближно да се определи со иследување на хемиските измени што се извршиле во неговото тело, зашто измената на формите на материјата е индикатор за претходното трошење на движечките сили.“ (Grove: “On the Correlation of Physical Forces.” London 1864.)

[15] „Житото и трудот ретко одат сосем еднакво; но очигледно е дека суштествува извесна граница зад која е невозможно да се разделат. Во периодите на скапијата, кои причинуваат смалување на наемнината што е утврдено со свидетелски искази (пред парламентарната анкетна комисија во 1814/15), работничката класа прави необични усилби, што им донесуваат на одделни индивидуи добра заработка и се благопријатни за растењето на капиталот. Но ниеден човекољубец нема да дозволи да се вршат постојано и неограничено такви усилби. Тие заслужуваат секаква пофалба како привремено помошно средство, но кога би се вршеле постојано, тогаш би дошло до такви последици, како кога населението од некоја земја би нараснало до крајните возможни граници на неговата исхрана.“ (Malthus: Inquiry into the Nature and Progress of Rent“, London 1815, стр. 48, белешка.) Секоја чест на Малтус што го подвлекува продолжувањето на работниот ден, за кое тој директно укажува и на друго место во својот памфлет, додека Рикардо и други, и покрај очигледните факти, постојаната големина на работниот ден ја земаат како основа за сите свои иследувања. Но конзервативните интереси, чии слуга бил Малтус, не му давале нему да види дека безмерното продолжување на работниот ден со едновремениот извонреден развиток на машинеријата и експлоатацијата на женскиот и детскиот труд, мораше да го направи еден голем дел од работничката класа „прекуброен“, особено штом престана барањето за војни и англискиот монопол на светскиот пазар. Природно дека била многу поугодно и многу повеќе одговарало на интересите на владеачките класи, кои Малтус ги уважува со поповско идолопоклонство, да се објасни оваа „прекубројност“ со вечните закони на природата, отколку само со историските природни закони на капиталистичкото производство.

[16] „Една од главните причини за порастот на капиталот во време на војна дојде од поголемите напори, а можеби и од поголемата скудност на работните класи, најмногубројните во секое општество. По силата на околностите голем број жени и деца беа присилени да работат, а тие што веќе понапред беа работници поради истите причини се најдоа присилени да трошат уште поголем дел од своето време за зголемување на производство.“ („Еѕѕауѕ on Political Economy in which are illustrated the Principal Causes of the Present National Distress.“ London 1830, стр. 248.)


Забелешки на уредникот на изданието

[1*] Во германското издание од 1947 г., во забелешка е речено (962 стр.) дека во Марксовиот рачен егземплар од 2. издание е исправено со негова рака максимална граница, меѓутоа во сите други изданија остана минимална. Оваа исправка е наместо бидејќи во покажаниот случај вредноста на работната сила може максимално да падне за 1 шилинг, од 4 на 3, при што 3 ш. претставува максималниот пад. Минималната граница на паѓањето е онаа што е најблиска до 4 ш., ако остане 4 ш., опаѓањето е нула. Изразот минимална граница ја забележува најниската апсолутна сума во даден случај во која се изразува вредноста на работната сила — 3 ш. Значи, ако се мери степенот на паѓањето, тогаш 3 ш. е максималната граница.

[2*] Во 4. издание: на нејзината вредност.


Следно поглавје

Содржина

Маркс-Енгелсова интернет архива