Карл Маркс
Капиталот (том 1)

Забелешка на уредникот на изданието


„Капиталот“ е главното дело на Карл Маркс, на ова свое дело тој работеше четири децении од својот живот. По сознавањето дека економскиот поредок е основата, на која се издигнува политичката надградба, Маркс најголемото свое внимание го свртел кон проучувањето на тој економски поредок.“ (В. И. Ленин, Соч., 4. изд., т. 19, стр. 5)

Систематско проучување на политичката економија Маркс го почнал од крајот на 1843 во Париз. Тој си ја постави целта да напише еден обемен труд, кој би требало да ја содржи критиката на постојниот поредок и на буржоаската политичка економија. Неговите први испитувања во оваа област се одразија во оние трудови како што се: „Економско-филозофски ракописи од 1844 година“, „Германската идеологија“, „Бедата на филозофијата“, „Наемен труд и капитал“, „Манифест на комунистичката партија“ и други. Уште во овие трудови е разоткриена основата на капиталистичката експлоатација, непомирливата спротивност меѓу интересите на капиталистите и наемните работници, антагонистичкиот и преодниот карактер на сите економски односи во капитализмот.

По еден прекин, кој беше предизвикан од бурните настани за време на револуцијата во 1848/49, Маркс го продолжи своето економско иследување во Лондон, каде што мораше да емигрира во август 1849 година. Овде тој ја изучува темелно и сестрано историјата на економијата и тогашното стопанство во различни земји, особено во Англија, тогашна класична земја на капитализмот. Во овој период него го интересираат историјата на земјишната сопственост и теоријата на земјишната рента, историјата и теоријата на оптекот на парите и на цената, стопанските кризи, историјата на техниката и на технологијата и прашањата од агрономијата и агрохемијата.

Маркс работел под извонредно тешки услови. Тој бил присилен постојано да се бори со немаштина поради што не ретко го прекинувал изучувањето за да може да заработи за издршка. Долготрајното пренапрегнување на неговите сили под услови на материјално лишување не остана без последици — Mapкc тешко се разболе. Но и покрај тоа тој до 1857 веќе ги доведе своите широки подготовки на трудот до таа мера што можеше да почне систематизација и поопштување на насобраниот материјал.

Од август 1857 до јуни 1858 Маркс напиша еден ракопис од околу 50 печатарски табаци, кој во извесна мера претставуваше скица за идниот „Капитал“. Овој труд за првпат е објавен во 1939-1941 од Институтот за марксизам-ленинизам при ЦК на КП СССР на оригиналниот јазик под заглавие, „Grundrisse der Kritik der Politischen Ökonomie”. Во ноември 1857 г. Маркс скицирал еден план на своето дело, кој подоцна го разработил во подробности и суштествено го прецизирал. Својот научен труд, кај го посветува на критиката на економските категории, го поделува на шест книги; 1) за капиталот (со неколку уводни глави); 2) за земјишната сопственост; 3) за наемниот труд; 4) за државата; 5) за меѓународната трговија; 6) за светскиот пазар.

За првата книга (за капиталот) Маркс предвидел четири оддели: а) капиталот општо; б) конкуренцијата или заемната акција на многу капитали; в) кредитот; г) акцискиот капитал. Одделот а) требало да се расчлени на три дела: процес на производството на капиталот; процес на циркулацијата на капиталот; единство на двата процеса или капитал и профит, интерес. Ова последно расчленување стана подоцна основата за поделба на целото дело во три тома на „Капиталот“. Критиката и историјата на политичката економија и социјализмот требаше да биде предмет на еден друг труд.

Маркс предвидувал создаденото дело да излегува во книшки една по друга, при што првата безусловно би морала да сочинува една релативна целина и основата на целиот труд. Таа би требала да ги има одделите: 1. Стоката, 2. Парите или простата циркулација, и 3. Капиталот. Сепак, од политички причини при завршната редакција на првата книга „Кон критиката на политичката економија“, не беше внесен третиот оддел. Маркс укажал на тоа, дека токму со овој дел „почнува вистинската борба“ и дека при постоењето на официјалната цензура, полициските прогони и хајки од секаков вид против авторите, кои не се пожелни за владејачката класа, не би било препорачливо уште во почетокот да се објави една таква глава, пред широката јавност да знае нешто за новото дело. За првото издание Мapкc специјално ја напиша главата за стоката и темелно ја преработи главата за парите од ракописот од 1857/1858 година.

Делото „Кон критиката на политичката економија“ излезе во 1859 год. Беше предвидено набргу да излезе и следната книга, т.е. споменатиот дел за капиталот, кој ја сочинуваше главната содржина на ракописот од 1857/1858 година. Во Британскиот музеј Маркс се оддаде на повторно cистематско изучување на политичката економија. Сепак тој побргу беше присилен да ја прекине работата за една и пол години за да ги разобличи клеветничките напади на бонапартистичкиот агент Карл Фогт и за да ги даде во печат другите неодложни трудови. Дури во август 1861 г. Маркс пак почна да го пишува обемниот ракопис и го заврши кон средината на 1863 година. Ракописот, кој се состоеше од 23 книшки со вкупен обем од околу 200 печатарски табаци, е продолжение на првата книга „Кон критиката на политичката економија“ излезена во 1859 година и го носи истото заглавие. Претежниот дел од ракописот (книшките VI—XV и XVIII) ја третираат историјата на економските учења. Ова дело не е издадено за време на животот на Маркс и Енгелс. Институтот за марксизам и ленинизам при ЦК на СЕД го издаде под заглавието „Теории за вишокот на вредноста (Четврта книга од Капиталот)“ во три дела. Во првите пет книшки и делумно во книшките XIX—XXIII се третираат темите од првиот том на „Капиталот“. Овде Маркс го анализира претворањето на парите во капитал, ја развива теоријата за вишокот на вредноста и зафаќа една редица други прашања. Во книшките XIX и ХХ е дадена една солидна основа за 13. глава од првиот том, „Машинерија и крупна индустрија“; во нив се наведува богат материјал за историјата на техниката и една основна економска анализа за применувањето на машините во капиталистичката индустрија. Во книшките XXI—XXIII се осветлуваат одделни прашања кои се однесуваат на различни теми од „Капиталот“, меѓу нив и на оние од вториот том. На проблемите од третиот том му се посветени книшките XVI и XVII. На овој начин манускриптот од 1861-1863 во поголема или помала мера ги зафаќа проблемите од сите четири томови на „Капиталот“.

Во текот на натамошната работа Маркс заклучил целото негово дело да го изгради на оној план, што тој понапред го изработи за одделот „Капиталот општо“ со неговите три дела. Историско-критичкиот дел од ракописот требаше да биде четвртиот, завршниот член. „Целото дело“, пишува Маркс во своето писмо до Кугелман од 13 октомври 1866 г., „се дели, имено, на следниве делови: Книга I) Процес на производството на капиталот. Книга II) Процес на циркулацијата на капиталот. Книга III) Оформување на целокупниот процес. Книга IV) Кон историјата на теориите.“ Маркс се откажа од поранешниот план да го издаде делото во сукцесивно отпуштани книшки, и се реши прво целиот труд наполно да го заврши и после да се издаде.

Маркс ја продолжи работата на своето дело интензивно, а особено на оние делови кои во ракописот од 1861-1863 г. не биле доволно разработени. Тој проучи уште голем број додатна економска и техничка литература, меѓу другото за земјоделството, за прашањата на кредитот и оптекот на парите, изучуваше статистички материјали, парламентарни документи, извештаи за детскиот труд во индустријата, за условите на животот на англискиот пролетаријат итн. Непосредно потоа во текот на две и пол години (од август 1863 до крајот на 1865) Маркс создава еден нов обемен ракопис, кој е првата до ситници разработена варијанта од теориските три томови на „Капиталот“. Дури потоа кога беше напишан целиот труд (во јануари 1866 г), Маркс пристапи кон дефинитивната обработка за печат. Притоа тој го послуша советот од Енгелс, да не го подготвува целото дело за печат наеднаш, туку прво само првиот том. Оваа завршна обработка Маркс ја приготви со големо внимание. Тоа беше во основа уште една преработка на целиот прв том. Во интерес на целосноста, полноста и јасноста на изложувањето Маркс сметаше за нужно во почетокот на првиот том од „Капиталот“ да ја резимира содржината на својот труд „Кон критиката на политичката економија“, издаден во 1859 г.

При подготовките за новите изданија на германски јазик и при изданијата на други јазици Маркс вршеше понатамошни подобрувања на првиот том од „Капиталот“. Така тој изврши за второто издание (1872 г.) многубројни измени, даде битни укажувања во врска со руското издание, првиот превод на „Капиталот“ на туѓ јазик, кој излегува 1872 г. во Петербург, во значителна мера го преработи и редигира францускиот превод, кој излегуваше во одделни книшки една по друга од 1872 до 1875 година.

По појавата на првиот том Маркс ја продолжи неуморната работа на следните томови, бидејќи имаше предвид бргу да го заврши целото дело. Но сепак во тоа не успеа. Многустраната дејност во Генералниот совет на Меѓународната асоцијација на работниците бараше многу време. Поради лошото здравје тој мораше сѐ почесто да ја прекинува работата. Марксовата извонредна научна прецизност и крајна совесност, онаа строга самокритичност со која се стремеше, како што рече Енгелс, „наполно да ги разработи своите големи економски откритија, пред да ги објави“, му даваа поттик при разработувањето и при испитувањето еден или друг проблем постојано да врши нови проучувања.

По смртта на Маркс и двата следни тома од „Капиталот“ беа подготвени за печат и објавени од Енгелс. Вториот том се појави во 1885 г., а третиот во 1894. Со тоа Енгелс даде неоценлив придонес во ризницата на научниот комунизам.

Енгелс го редигира и преводот на првиот том од „Капиталот“ на англиски јазик (кој излезе во 1887), го подготви третото (1883) и четвртото (1890) издание на првиот том од „Капиталот“ на германски јазик. Освен тоа, по смртта на Маркс, а за време на животот на Енгелс, се појавија и следниве изданија на првиот том од „Капиталот“: три изданија на англиски јазик во Лондон (1888, 1889 и 1891), три изданија на англиски јазик во Њујорк (1887, 1889 и 1890), издание на француски јазик во Париз (1885), на дански јазик во Копенхаген (1885), на шпански во Мадрид (1886), на италијански јазик во Торино (1886), на полски јазик во Лајпциг (1884-1889), на холандски јазик во Амстердам (1894) како и еден ред други неполни изданија.

За четвртото издание на првиот том од „Капиталот“ (1890) Енгелс изврши, врз основа на Марксовите укажувања, завршна редакција на текстот и забелешките. Врз основа на оваа редакција е подготвено и ова наше издание на првиот том од „Капиталот“.


Содржина

Маркс-Енгелсова интернет архива