Кочо Рацин

Смртта на астурискиот рудар


Прв пат објавено: Neven Pejko "Smrt asturijskog rudara", "Slobodna misao - list hrvatskog radnog naroda u Kanadi", Toronto, god. VII, br. 493, 25 novembar 1937.
Извор: "Krv i život za slobodu: slike iz života i borbe studenata iz Jugoslavije u Španiji", Titograd, 1978, 146-147 str.
Препев: ?
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: октомври 2014



Во лагуните подземни, низ сиот живот, ме разјадуваа плинови и темница.
Ме давеа тешки, безизлезни дни во јаремот на наемното ропство.
Свежо пуполче од баскиските гори — станав жолт, визбински цвет
и во прозорците мемливи, влажни и мрачни изгнија моите гради.
И шикна крв со саѓеста плунка и лигаво течеше од устата.
Крвта топла, румена — бакцили од ТБЦ —
гноесто расточената крв
румено бледа, со изгниени парчиња од дробовите
ги натопи мокрите коридори на лагуните
и црвено ги обои стапките.
Топеше црно, крваво злато!
Црно крваво злато од гноесто расточената крв и пот!
Црно крваво злато на моите бели господари
рицари од Ла Манча и прекрасната земја Шпанија!
А длабоко, длабоко во мене се слеваше тешката легура на омразата
пенесто вриеше и во крвава пареа го затреперуваше сонот —
денешната јава — дамнешниот татнеж на подземните, задушливи лагуни...
Во сочното утро на баскиските гори се точи модрината на небото.
Но пламнеат горите, крвавите гори — крваво утро се родило.
Крвава шепа го крвари небото, ги крвави врвовите на горите
и гори топла човечка крв во чадот од барут и плин.
И трепери влажната, крвава земја во страста на канонадата.
Истрели. Пукот. Шрапнели. Гранати. Шрапнели.
Штракаат митралези. Цивкави пушки.
— Бој. Решителен бој!
Таму — Фашизмот.
Тука — Слободата.
Слободата!
Но глеј! — јас паднав!
Омразениот куршум на платениот убиец ги проби ранливите гради.
Тече топол млаз од устата и се чади темјанот на крвта во локвите.
Гноесто расточена, таа сега ја натопува влажната, разровена земја
и чудо! — мене ми е толку прекрасно, и блажен сум многу, многу...
Та навистина — јас паднав!
Ќе умрам овде во локвите на својата румено бледа крв.
Но чудно! — во претсмртниот час ќе излудеам од некаква среќа.
Паднав — но не затрупан од карпите и задушен од метанот!
Паднав — но не од глад, лазејќи немошно како црв!
Паднав — но од сонот го штрекнав сиот свет —
милиони сега со трепет го наслушуваат чукањето на моето срце на умирање
милиони сега трепетно го запираат здивот и ја креваат тупаницата —
Слобода! На Фашизмот смрт! Слобода!
Паднав — но паднав за слободата!



Рацинова архива

Архива за Шпанската граѓанска војна и револуција

марксистичка интернет архива