IV

1918 — 1919 ГОДИНА

Одеднаш, од тој солунски колеж — во француски колеџ. Од пустелијата на карпите во врволицата на градот; од татнежот на војната во цвркотот на птиците; од чадот на барутот во миризбата на светот, од стравот пред смртта во предавство пред мирот.

Малиот Васил Антевски не може да се свести, тоа не го ни сонувал — зар е можна таква промена? Патувањето со брод му е како бладање во оган: некакви води а тој жеден, некакви светлини а сè во мрак, некаква бучава а не е војна, некакво лелеење што не е сон и некакво лебдеење што не е без тло. Го пренесуваат ли, полумртов, од еден свет во друг? Од светот на стварноста во светот на соништата, од зглавјето на тратот во постелата на облаците?

Како стапнат на кора од друга планета, Васил Антевски влегува во колеџот Сlaude Bernand — Villefranche Saine Rhộne: грубите табани му поигруваат на густата трева како на врели јајца. Го стрижат, го мијат, го облекуваат. Го најадуваат со мек леб, го напојуваат со сладок чај, го легнуваат на бела перница; и никаков шум, никаква светкавица во слепоочниците, не го вади од сон. И сè е како сон: мирните утра, мекото зглавје, чистата јака, топлото меше.

Овчарчето од Оморани, поминато војна на фронт, овде го примаат колку со чудење толку со начудување. По четири години прекин, и уште префрлен од српски на француски, Васил Антевски учи како улав — не од друго, туку од што му е совесно заради сето ова што му го нудат овдешните луѓе и од што му е навистина лесно по носењето вода во калните ровови на фронтот. Кога морал да почне школа на еден туѓ јазик, зошто да не го продолжи на друг? Мајчиниот, и така, ќе му стане таен – искра во кремен, само удар што ќе ја извади на виделина.

Оттогаш знае: ни една школа не е толку тешка, колку што е немањето никаква. Ако човек не си го цени умот колку што може да му понесе, попусто му е вербата во рацете пред товарот на животот. Во Франција Васил Антевски научува што е испрана јака на вратот, добра книга во скутот, совесен образ пред светот. За една година, колку што е таму, го совладува францускиот толку што се охрабрува да учи и други јазици покрај него. Единствен литературен јазик што не ќе го знае додека е жив — тоа неговиот, сопствен, македонски. Омилена лектира му е онаа за Големата француска револуција и за изборените човечки правдини: младиот дух му е обземен од оние победи на човекот, кои ги збогатуваат неговите слободи. Незамислив му е животот, ако не е посветен на тоа.

Гледајќи ја оваа земја, во која човекот ужива извесни права и слободи, со една живејачка што барем не е понижувачка, Васил Антевски се сеќава на својата — на нејзиното вековно ропство, на својот народ поробен и обесправен, на неговиот човек со сиромашен, заостанат и мрачен живот. Зошто е тоа така, зошто мора тоа така да биде? Зар човекот од Оморани, само затоа што пропиштел во таа балканска пустелија, треба да е нешто пониско од овој во Бордо, кој со крштевањето ги наследува плодовите на човековиот ум и труд? Зар уште од првиот писок, на плач или смеа, луѓето да се разликуваат — како местото на раѓањето да е нивна заслуга или казна? Дури, не само луѓето, туку и народите!

Со младешка возбуда, Васил Антевски си ги поставува овие прашања — знае дека ќе наиде и на други, колку повеќе ќе го осознава животот. Не е многу разочаран што сите одговори не ги наоѓа веднаш — некои му ги навестуваат книгите, за повеќето животот е глув. Најмногу е задоволен од едно: сè појасно му станува зошто го оставил селото; зошто сакал да го остави селото и да се оттурне во светот. Светот треба да се види, за да се има во себе — па потоа да се живее со него, каде и да се најде човек.

Сите деветстотини деведесет и девет дена на сечилото од Солунскиот фронт чинат колку еден единствен овдешен одблесок на денот, кога ќе се открие нова добрина на животот и нова вистина за човекот. Тоа сега го знае Васил Антевски, макар што има само петнаесет години.