V

1919 — 1921 ГОДИНА

Летото, 1919, Костадин Антевски го пречекува Васила Антевски во Велес. Го гледа, не може да му се нагледа; се радува, не може да му се нарадува; се смешка, не може да ја додржи смеата:

— Е, виде ли? Ни светна! Сепак, и нам ни светна! Најпосле!

Сега е пак повереник во селото, српската власт му враќа за Солунскиот фронт: на железничката станица го чека со еднопрежна чеза.

— Се нашетавме пеш по светот, а? Господ зема, ама знае и да враќа. Така ли е? На што те научи светот? Дај да видиме!

Па го качува на државната чеза со ученичкиот багаж и му ги кажува новостите во селото, за време на нивното и неговото отсуство. Од Оморани половината војници не се вратиле од војната — кој загинал на едната, кој на другата страна од фронтот. Од стадото, што го има пасено по основната школа, нема останато ни блек ни ашик — сè е растргнато од волци и браќа, од стрвници и крадци. Стрико му Здравко, откако кратко се навластувал со неговите Бугари, кренал сè од имотот што можело да се одлепи од калта — па ја спраштил зад граница. Од оставнината на Стефана Антевски скапува само уште казанот за печење ракија. Ама, за кого?

Младиот Васил го слуша, а сè си мисли како да му ја соопшти својата одлука дека не сака да остане в село. Како и потаму да биде овчар, кога под мишка враќа книги? Како да се сведе на светот меѓу Оморани, Поменово и Мокрени, кога го вкусил светот меѓу три мориња и две војни? Како, вака израснат, да се врати во окуснетата облека, додека животот некаде дрочи и бара нови облици за човековите сокови? Како да му објасни дека темнината на овдешниот свет треба да се пробие со светлината на оној, во кој човекот грабнал повеќе од животот? Како да го убеди овој самозадоволен повереник, за кого власта во селото е власт во светот?

Но, Коце Антевски се покажува како човек од разбирање — го одобрува решението на синот да го продолжи школувањето. Што друго да прави: да го пушти овчар — нема стадо; да го прати на орање — нема ниви; да сече дрва в планина — нема шума. Што друго да прави, освен да се измоли за помош од власта и да го пушти детето да учи. Се чини за друго и не го бива: види како му се мршави плешките — ќе се залепат за земја, ако му нарамиш заграб прачки. Прстите му се кршат како суварки за потпалка, а и очите одвај му искрат во водникавите белки — како, господи прости ми, болештина да го суши.

Костадин Антевски е сега, по повторното доаѓање на власт во Оморани, некако изменет: како да преболел нешто, како да отрпнал, па многу што го свртува на шега; наклонетоста за подбив, смислата за хумор, широчината за помирливост — порано ги немало кај него. Ја сфаќа ли веќе превртливоста на светот, изодливата врвица на животот и жестокиот комар на судбината? Во секој случај, уште истото лето Коце Антевски го запишува Васила Антевски во велешката гимназија, откако претходно добива ветувања дека кралската власт ќе има разбирање за селскиот повереник, кој сака да си го даде детето на учење, па дури и му наоѓа сместување во градот кај семејниот кум Андреја Поменовец.

Таа година, првата победничка година по Првата светска војна, Велес е како замаен ранет: едни сили го оставаат, други му стасуваат; една крв му истекува, друга му надоаѓа; еден лик му снемува, друг му се набележува. Поминато е времето на комитите, атентаторите и утопистите; настапуваат денови на работниците, синдикалистите и комунистите. Преживеаните од војната, гладни во мирот — безимотните и безработните го креваат својот глас во заедничко незадоволство: победите од војната и слободите по ропството пак се во облаците. Касарната пак си е касарна, затворот пак си е затвор, баждарницата пак си е баждарница — а народот пак скришум си го говори сопствениот јазик. Додека Вардар севезден протекува, од тесен вруток до широка утока, и не знаеш дали е поголем или е поматен од разбиените води на Пена, Пчиња или Црна.

Васил Антевски ги памети калните бранови под дрвениот мост и неговото потклекнување пред брзите води што носат црни камења, црвосани дрвја и цркнати лишки. Сеедно дали е есен или пролет, лето или зима, кога ќе собере вода колку за еден излив на сила, Вардар надоаѓа како долго запирана крв од неизлечива рана и ги збигорува бреговите со засушената пена на својот гнев. Оттогаш, кога не знае како му е, Васил се вѕира во Вардар: потонувањето во неговите води о како вслушување во сопствената душа.

Но шумот на гневот е сè почуен, тој го надвикува рикот на реката. По стрмните сокаци, кои кривулесто стекнуваат на главната улица меѓу двата моста, се истура тежок бран работен народ. Такви се суводолиците кога ќе се разбудат од грмењето на планините. Над матицата од демонстрациите, како грива што го премостува судирот на новите бранови со старата земја, тогаш се испишуваат паролите од, извиците на луѓето: сакаме работа, бараме леб, долу крвопијците, долу капиталистите, да живее слободата, да живее социјализмот!

Тоа е жешкото лето на црвената комуна, кога на велешките избори од 1,933 гласови комунистите добиваат 1,285. Васил Антевски, шеснаесетгодишен гимназист и новороден ентузијаст, дојден од село да го запише наредниот клас во градот — се вовира меѓу демонстрантите, зјапа во нивните лица, се вслушува во нивните гласови, сака да го долови не само редот на нивниот чекор туку и тупотот на нивниот пулс. А нешто му е познато во сето тоа, барем толку познато, колку да сети дека што е поблизу до него како да е посвој. Дали е тоа нешто што потекнува, или наоѓа некоја врска, со неговото детско овчарување по голините околу Оморани; или со она бессоно нуркање по рововите на Солунскиот фронт; или со совесното живуркање во интернатите на милосрдната туѓина?

Во секој случај, за вечно гладниот — не само во преносна и духовна, туку и во буквална и физичка смисла — Васил Антевски, Големата Француска револуција не може а да не се доведува во некаква врска со масовните работнички демонстрации, црвената општина не може а да не е следбеник на париската комуна, барањето на национална слобода и социјална правда не може да застарува ако не се остварува. Читајќи ја комуналната програма на Комунистичката партија, Васил Антевски тоа лето 1920 година се чувствува како да ја чита најубавата литература по онаа што љубоморно, како амајлија, ја носи од Франција. Месните општински совети, комуналното стопанство, организирањето на народната исхрана, грижата за станови, хигиенските и санитарни должности, социјалните должности, одделно просветените должности, како и финансиските извори — во сето тоа тој се гледа и како корисник и како извршител. Впивајќи ги како суша капката, тие во Васила Антевски ќе останат доживотни определби.

Вез остварувањето на националната слобода и социјалната правда, Васил Антевски оттогаш нема да признава ни една стварност — без оглед колку таа во одделни случаи ќе му прирасне за кожата. Независно од крајот; на секое нешто, па и на него самиот; зашто сè има свој крај. Како и црвената општина во Велес 1920 година, како и секавичната живејачка на татко му Костадин од Оморани, како и неговата градска младост во велешката гимназија — сè предвремени, прекинати, недоречени и неизживеани краишта. Мудроста, ако ја има во животот, мора да е во тоа: во тие краишта да се видат нови почетоци.

Но, каков почеток да види Васил Антевски во умирачката на татко си Коце Антевски? Каков, чиј, на што?

Откако проживеа триесет и седум години, од кои половината по патишта и војни а половината во работа и над ракија, Коце Антевски умре како старец: без црно влакно, без здрав заб, без стисок во рацете и блесок во очите. Навраќајќи во селото на училишните распусти, Васил го гледаше како се смалува, како се топи, како гасне — токму како грутка снеговна во локва кална и ладна. Го јадеше непозната и неизлечива болештина, и тоа не во дел од снагата туку сиот, како да му ја јадеше првин душата. Просто се гледаше, со секој ден и секое обденување, како умира човекот: како да слегува по удолни скали и со секој чекор да е сè помал, сè полесен, сè постуден, сè подалечен и сè поизедначен со подземната мрачка. Сè му умираше, само јазикот — не; тој остар, поган, отровен јазик. Само во него, само низ него, само од него — заискруваше напати онаа верба и оној подбив кон животот, со кои некогаш се почнала скудната живејачка. Излазувајќи од дупката на устата и обѕирајќи се по крастата на снагата, тој јазик — таа усвитена змија под смрзнат камен — уште касаше наоколу, ама веќе се касаше и себе:

— 'Батти животот, 'батти! Додека удриш дланка од дланка — свршил. Немаш време ни да згрешиш, а не пак и да се поправаш. Слушај, синко: не верувај им на оние што велат дека во животот за сè има време. Нема! Лага е тоа. Кога нема време за радување, значи дека нема време за сè. Ако сакаш векот да ти помине човечки, имаш време само арни работи да правиш. Немој како мене: јас сум скот. Скот, не човек! Дедо ти Стефан, кутриот мој татко, исто колку мене живееше. Ама, и живејачката и умирачката му беа подостојни од моиве. Ако грешеше, грешеше спрема себеси а не спрема луѓето. Јас, пак, кутреникот, мислев дека имам време за сите гревови на светов. А не било така, да знаеш. Само, ти си на деда си: си го голташ лошотилакот, со добрина им враќаш на луѓето. Не угледувај се на мене, синко. Јас сум изгубена пара, дури ни од деда ти не купив човештилак. Белки нема Антевци да ги снаоѓа ова: да бидат арни преку едно колено и мажите да не ја дочекуваат четириесеттата! Кусоумни и кусовечни.

И умре Костадин Антевски на својата триесет и седма година — како млад старец, како весел кобец, како грешен мудрец. Горчливата семка на неговиот промашен живот ја закопа песочната земја на неплодното Оморани. Тоа беше 1921 година. Васил Антевски, одвај на седумнаесет години, тогаш за последен пат го гледаше своето село, својот татко и својата прокоба.