VI

1923 — 1932 ГОДИНА

Летото 1923 година, во една атмосфера на пусти улици, студени погледи и суви дланки, Васил Антевски ја завршува гимназијата во Велес. Повлечен по смртта на Костадина, затворен од мразот на Обзнаната — ништо не му го загрева одголеното срце. Како секој матурант, распнат е меѓу крајности што се исклучуваат а уште се содржат во него: од една страна правото, а од друга музиката. За музиката чувствува непринуден усет, но не е сигурен колку во неа ќе најде задоволство да се осмисли; кон правото го влече една внатрешна потреба, не толку да се оствари колку да се оформи како целосен карактер. За двете студии е сиромашен, но спремен сам да си го вади лебот.

Сепак, надвладува не разумот туку нуждата: студиите на правото се чинат за степен посовладливи, а матурантот Васил од музички инструменти го имал в рака само примчето на кумот Андреја Поменовец. И така, со торбата оригинална литература за Француската револуција а не со гитара на рамо, Васил Антевски се качува на скалилото од патничкиот вагон на комбинираниот воз за Белград. Зад него, во маглите што не се одлепуваат од земјата, останува поробен неговиот народ по полињата и неговата потисната желба за музиката.

Тоа време, тие осум белградски години, колку што заземаат простор во животот на Васила Антевски толку не зафаќаат место во неговите сеќавања. Зашто тоа време — колку што е уситнето на упорно учење уште повеќе е изнудено за крваво печалење. 'Батти студирањето со слепен стомак! Секој семестар, во просек, трае една година, сосе семестралните распусти. Половина време работи, половина учи; поправо, цел ден виси како млад келнер, а ноќе кисни над дремливи скрипти. Едно влегува во главата, друго излегува — не знаеш каде си. Се случува, како келнер, да мрмори јуристички формулации над ќелави темиња, поради што гостите го гледаат како мрднат — само што не повикуваат полиција или барем лудница, да го засолне како потенцијално опасен. А додека учи ноќе, во дремката над испитите, се случува во скриптите да инкорпорира келнерски услуги, од што неговите цимери се превиткуваат во безгласна смеа — што не им е особено тешко поради хронично празните желудници.

Тогаш во Белград сè уште се во мал број студентите од Македонија; па и тие што се, тешко поминуваат — колку поради лошиот српски јазик толку и поради сиромашниот студентски џеб. Васил Антевски се извлекува со францускиот — и кога не знае во моментот да се изрази на прифатлив правописен јазик, и кот во пазувите останува само со студените прсти. Оттогаш има на ум: кога си среде штотуку ослободена средина, и припадник на сè уште неослободен народ, прибегни кон подалечниот јазик на некоја одамна ослободена земја — белки на таков начин ќе излезеш со позачувана глава, покажувајќи барем дека би можел да си ја продадеш и поскапо, и подалеку, и понапразно.

Од правните науки, како што се ближи до дипломскиот испит, Васил Антевски сè повеќе сфаќа дека општественото право е лично право на оној класен слој што ја има материјалната моќ не само да ја зацврстува својата позиција во средината туку и да влијае на вкупните движења во неа. Како, во таква поставеност, да се бориш за правдата кога ја немаш силата? Не е ли тоа лудост, рамна на онаа да се зафатиш со компонирање музика имајќи во рацете само позајмен прим?

Од љубовните доживувања, во најубавото време на студентската младост, Васил Антевски ги понесува само случајните допири; испуканите прсти на сиромашките колешки во смрдливата менза. И, по некоја прошетка на ветровитиот Калемегдан, каде што единствено засркнатата влага од измешаните здивови може да го одржи замрениот крвоток на утрешниот ден. Како да се даде љубовта на друг, кога се нема ни оган за секојдневниот живот? Како да се пренесе топлина наоколу, кога сопственото срце се смрзнува во грч? Како да се излезе од кожа, кога во неа прво треба да се влезе? Како да се надминат спротивностите, а да не се робува?

Кутриот студент, Васил Антевски! Ни на сон не сонува, во тоа печалбарско делничење и во таа глува битка по правничката диплома како мајсторско право за квалификувана живејачка, дека во тој долг мрак верно го следат две вљубени очи. Колку женски, толку и детски. Две искри од очи, што потајно го насрчуваат кон очекуваниот излез од недобројните пречки. Но тие очи никогаш не ќе му се доближат толку, за да го препознае тој околу нив ликот што ќе го засака и за да го понесе потаму на својот пат како светлечки ореол на нужната надеж. Не ќе ги сретне, иако тие ќе му одат по стапалките насекаде: низ универзитетската аула, во студентската менза, на калемегданската тераса.

Зошто животот не е барем толку милозлив за да ги и спои патиштата на оние судбини, кои здружени ќе го издржат со поголема леснина неговиот неправеден товар? Без да узнае и дека постојат, а не пак да запамети како се викаат — Васил Антевски ќе се прости од Белград ни со зрно радување во горчливиот плитар на тоа студирање-печалбарање.

Така, за жив срам, Васил Антевски го завршува правниот факултет по цели осум години. Без слушната музика, без доживеана љубов. Подноктиците му се потечени од помија, подочниците од бесоница, а душата — од понижување во немаштија. Сепак, макар и со кир на глуждовите, се враќа во Македонија со диплома в џеб. Тоа му е првото и конечно доаѓање во Скопје: во наредните десет години Васил Антевски толку ќе се сроди со овој град, што само смртта ќе го оттргне од него.