Исклучувања[1]


Напишано: 1939
Извор: Josip Broz Tito "Sabrana djela", "Komunist" i dr. (Beograd, Zagreb), 1982, tom 4
Превод: Здравко Савески, од хрватски јазик
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: декември 2006


Поради разорното партиско делување, групаштво, обидите за обновување на фракциските борби во КПЈ и ширењето на забуна во редовите на Партијата во земјата и ширењето лажни гласини од странство, поради врски со троцкистичките и други сомнителни елементи итн. од редовите на КПЈ се исклучуваат: И[ван] Мариќ и М[аргита] Мариќ, Лабуд Кусовац и неговата жена.

Како туѓ и непартиски елемент се исклучува Бобо ([Борис] Божиќ). Поради групашко и антипартиско делување, поради тесни врски со троцкистите и поради известување на истите за партиските тајни, како на пример Дарласу [Шимун Лалиќ] во Франција, од Партијата е исклучен И[во] Б[аљкас] (Жак). Поради недисциплина, групаштво и непокорување на одлуките на Партијата, од Партијата е исклучен В[ицко] Ј[еласка] (Стари). Како туѓ и сомнителен елемент од Партијата е исклучен Л[азар-Филип] Ч[ули]ќ.

Како елементи кои на нашата Партија и на работничката класа им нанеле големи штети во текот на низа години преку своите фракциски и групашки борби, преку врските со класниот непријател, ја лажеа КИ, со своето деструктивно делување го кочеа развојот на Партијата и на тој начин го обезглавија движењето на работничката класа на Југославија и така му помагаа на класниот непријател, од редовите на КПЈ се исклучени: М. Горкиќ [Јосип Чижински], Флајшер [Иван Гржетиќ], С[има] Марковиќ, С[имо] Миљуш, [Антун] Маврак, Крешиќ [Ѓуро Цвииќ], Андреј [Стјепан Цвииќ], Петровски [Камило Хорватин], Сењко [Владимир Ќопиќ], Мартиновиќ [Јован Малишиќ], Шварцман [Вилим Хорвај], Шварц [Гојко Самарџиќ], Драгaчевац [Коста Новаковиќ], Бергер [Акиф Шеремет], Лихт [Радомир Вујовиќ], Граберица [Јованка Хорватин], Дреновски [Јанко Јовановиќ], Гргур В[ујовиќ], З[ора] Миљуш.[2]

Поради обид за создавање фракции во Партијата, поради недисциплина и непокорување на одлуките на Партијата, внесување на збрка во партиските редови и неискреност пред ЦК и предавничко држење пред класниот непријател, поради што ја доведе во заблуда не само КПЈ, туку и целата работничка класа, од редовите на КПЈ е исклучен Петко Милетиќ. Поради фракционерство, недисциплина и антипартиско делување се исклучени [Борис] Војнилович и [Иван] Корски.



Фусноти

[1] Автор на текстот е Јосип Броз (заб. на прев.).

[2] Како што веќе забележав во својот предговор кон ова издание, ние тогаш, во основа, ги прифаќавме таквите интерпретации на осудите на овие наши другари во СССР какви што за нив ни ги даваа официјалните советски органи. По моето враќање од Коминтерната, на седницата на ЦК КПЈ (во средината на март 1939), донесовме одлука нивните имиња да се објават во [партиското гласило] „Пролетер“. Околу тоа во своето писмо го известив и Воранц Прежихов, кого го оставив за вршење на партиските работи во Париз.

Се разбира дека тоа беа невино осудени револуционери. Околу тоа зборував и во својот реферат по повод одбележувањето на 40-годишнината од создавањето на нашата Партија (во април 1959). Нивната рехабилитација треба до крај да се спроведе, без обѕир на тоа што помеѓу нив имаше и загрижени фракционери кои и' нанесоа и низа други потешкотии на нашата Партија. Според тоа, едно се осудите за фракционерство и тука ние немаме што да менуваме во нашите тогашни оценки. Меѓутоа, сосема е друго нешто - чудовишно и до крај нехумано - да се осудат на смрт и да се стрелаат револуционери и свои довчерашни другари, како што тоа го правеше Сталин.

Беше голема грешка да се исклучат од Партијата сите оние југословенски револуционери кои ги апсеше и осудуваше НКВД [Народниот комесаријат за внатрешни работи на СССР]. Нема ништо пострашно за еден револуционер од тоа како невин да страда од рацете на своите другари. (Забелешка на Тито по повод издавањето на неговите собрани дела).


Архива на Јосип Броз Тито

Југословенска тематска архива

марксистичка интернет архива