Лав Троцки

Говор пред Президиумот
на Извршниот комитет на Коминтерната


Одржан: 27 септември 1927
Извори: Speech to the Presidium of the ECCI, Leon Trotsky, “The challenge of the Left Opposition, 1926-27”, Pathfinder Press, 1980, pp. 522-533., Искра — Research
Превод: Здравко Савески, од англиски и руски јазик
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: декември 2020


1. Ме обвинувате дека ја кршам дисциплината. Не се сомневам дека веќе ја имате подготвено пресудата. Сега ниту една организација не разговара или одлучува, туку само спроведува. Дури и Президиумот на Коминтерната не е исклучок.

2. Што го нарекувате фракционерско делување? Сè што Секретаријатот на Сесојузната комунистичка партија не го дозволува, а Секретаријатот на Сесојузната комунистичката партија ги крши правилата, ги тресе темелите на партиската дисциплина и наметнува забрана на она што претставува неотуѓиво право и примарна должност на секој член на партијата.

[Кинеската револуција]

3. Ова е жив и живописен пример. Денешните весници известуваат дека револуционерната армија го презела Сватоу. Поминаа неколку недели откако се одвиваше напредокот на војските на Хо Лунг и Је Тинг. „Правда“ овие армии ги нарекува револуционерни војски. Овој пат, во секој случај, е многу поблизу до вистината отколку во однос на армиите на Чанг Кај Шек, Фенг Ју Ксијанг или Танг Шен Џи. Но, ве прашувам: какви изгледи отвора движењето на револуционерната армија што го зазеде Сватоу за кинеската револуција? Кои се паролите на движењето? Која е нејзината програма? Кои треба да бидат нејзините организациони форми? Што бидна со паролата за кинески совети, кој одеднаш – за еден ден – го изнесе „Правда“ во јули? Околу ова не слушаме ниту еден збор во печатот, освен фундаментално лажниот напис на другарот Лозовски.

Зошто молчи печатот на СКП [Сесојузната комунистичка партија]? Зошто молчи печатот на Коминтерната? На крајот на краиштата, резолуцијата на последниот Пленум на Извршниот комитет на Коминтерната, донесена врз основа на извештајот на другарот Бухарин, уште е на сила до денес. Оваа резолуција е целосно погрешна. Таа ѝ помогна на владата на Вухан да го заврши она што Чанг Каи Шек не го заврши.

Опортунистичките тези и резолуции на Сталин и Бухарин, кои двапати ја водеа Кинеската револуција до најсериозни порази, се печатат без забрани. Забранети се марксистичките критики и марксистичките формулации. Секој што ги шири нашите тези е обвинет за нарушување на дисциплината и е избркан од партијата. Но ние велиме дека секој чесен член на партијата е должен да бара објавување на сите документи за кинеското прашање и е должен да ги шири нашите критики за опортунистичката линија на Сталин-Бухарин, со сите можни сили и средства. Прашањето за судбината на Кинеската револуција стои неизмерно повисоко од бирократските наредби и забраните на Секретаријатот на Централниот комитет, кои се прикажуваат како мерки на револуционерна пролетерска дисциплина.

4. Реков дека органите на Коминтерната молчат за третата фаза од Кинеската револуција, која може да стане почеток на новиот подем, но, ако политиката е погрешна, таа може да подготви трет пораз, најтежок, најсилен, и со тоа да ја ослабне револуцијата за неколку години.

Со молкот на целиот печат и со молкот на Коминтерната, во меѓувреме тивко се подготвува нова опортунистичка комбинација, целосно во духот на кинеската политика на Сталин и Бухарин. Во Москва се формира нов и модерен Куоминтанг, околу вдовицата на Сун Јат Сен и соработникот на Чанг Кај Шек, Евгени Чен. Првата фаза беше Чанг Каи Шек; втората фаза: Ванг Чинг Веи; третата фаза: Евгени Чен и компанија. Првите две фази завршија со задушување и убиства на работниците и селаните. Третата фаза ќе води кон истото. Наместо да се обезбеди целосна независност на Кинеската комунистичката партија, да се подигне нејзината самопочит, да се прошири нејзиниот состав, да се постават пред неа задачите на диктатура на советите, што ќе ги обедини пролетаријатот и многуте милиони сиромашни селани во Кина, Сталин-Бухарин подготвуваат нов испекторат што ќе биде поставен над Кинеската комунистичка партија, нова ситно-буржоаска помирувачка контрола над неа, односно нови окови за рацете и нозете на пролетерската авангарда. Ние ви кажуваме: ова ќе заврши во трета катастрофа. И дали навистина мислите дека ќе замолчиме?

5. Од 1925 година, ние се бориме за независност на Кинеската комунистичка партија, за нејзино ослободување од дисциплината на Чанг Каи Шек. Овој витален и фундаментален слоган на болшевизмот се нарекува троцкизам. Во Кина, агентите на Коминтерната ги нарекоа троцкисти оние вистински пролетерски револуционери кои ја бранеа основната премиса на болшевичката политика: независност на пролетерската партија. Против нив, агентите на Коминтерната го поддржаа Чен Ду Ксиу, кој ја преведе политиката на Мартинов на кинески.

Која е вината на Опозицијата? Само во тоа што таа премногу внимаваше на забраните на сталинистичкиот Секретаријат кои беа катастрофални за револуцијата и што веднаш отворено не го постави пред целата Коминтерна, со сета цврстина и одлучност, повикот за целосна независност на Кинеската комунистичка партија.

6. Во мај оваа година, на пленарната седница на Извршниот комитет на Коминтерната, се спротивставивме со краткиот предлог на потполно опортунистичката резолуција на Бухарин. Тој гласи:

„Пленумот ќе направи вистинската работа ако ѝ стави крај на резолуцијата на Бухарин и ја замени со резолуција од неколку реда:

„Прво, селаните и работниците не треба да им веруваат на водачите на левиот Куоминтанг, туку треба да ги градат своите совети заедно со војниците. Второ, советите треба да ги вооружат работниците и напредните селани. Трето, Комунистичката партија мора да ја обезбеди својата целосна независност, да создаде дневен печат и да го преземе водството во креирањето на советите. Четврто, земјата треба веднаш да биде одземена од земјопоседниците. Петто, реакционерната бирократија мора да се распушти веднаш. Шесто, мора на лице место да се справиме со перфидните генерали и другите контрареволуционери. И, на крајот, општиот курс мора да биде кон воспоставување на револуционерна диктатура преку советите на депутатите на работниците и селаните“. [„Време е да се разбере, време е повторно да се разгледа и време е да се промени“]

Овие редови се гласот на вистинскиот болшевизам, привремено задушен од бирократскиот апарат во служба на опортунистичката политика. И, навистина мислите дека нема да им ги кажеме овие редови на кинескиот и светскиот пролетаријат? Секој што мисли така не е револуционер.

7. Кинеската резолуција на последниот пленум на Извршниот комитет на Коминтерната сè уште не е откажана. До сега, позицијата на Сталин сè уште не е осудена, кој прво повика да му се верува на Чанг Каи Шек, а потоа ја прогласи владата на Вухан за водечки центар на аграрната револуција.

Зар не е во право другарот Трен, кога рече дека политиката на Сталин-Бухарин – при организираното молчење на целата Коминтерна – ја довело во заблуда авангардата на меѓународниот пролетаријат? Зарем „Иманите“ не испрати телеграма со која го поздрави џелатот Чанг Каи Шек како херој на Шангајската комуна? Зарем политиката што ќе го изгуби од вид длабокиот амбис помеѓу пролетерските комунари и генералот Галифет, не е ли таа криминална политика која не само што мора да биде осудена, туку и да биде окарактеризирана како криминална?

8. Уште полошо, Куоминтангот, до ден денес, сѐ уште е член на Коминтерната. Кој Куоминтанг? Куоминтангот на Чанг Каи Шек или Куоминтангот на Ванг Чинг Веи? Но, сега тие се обединети. Така, обединетиот Куоминтанг на Чанг Каи Шек и Ванг Чинг Веи сѐ уште е дел од Коминтерната. Вие брзате да го избркате [Воислав] Вујовиќ[1] и мене. Но, заборавивте да ги исклучите другарите по оружје Чанг Каи Шек и Ванг Чинг Веи. Можеби ќе се согласите да го поставите ова прашање на агендата денес.

9. Борбата за независност на Комунистичката партија, борбата на пролетаријатот за селанството и против буржоазијата, борбата за совети на депутатите на работниците, селаните и војниците, од опортунистите се нарекуваат троцкизам. Зошто? Со цел посигурно да се борат против ленинизмот. Троцкизмот е клучен збор зад кого се кријат банкротираните кога немаат што да кажат. Молчењето на Коминтерната за новата фаза на Кинеската револуција, што се одвива пред нашите очи, е доказ за нечуена збунетост. Вистинскиот пат и цел мора да бидат јасно истакнати. Невозможно е да молчиме. Нема да премолчиме, затоа што сме револуционери, а не бирократи.

[Борба против војната]

10. Или, можеби, ситуацијата е подобра околу второто прашање од агендата на последниот пленум на Извршниот комитет на Коминтерната – околу прашањето за борбата против војната? Ние со другарот Вујовиќ во центарот на дискусијата за војната го поставивме прашањето на Англо-рускиот комитет. Невозможно е да се решат одредени тактички прашања без основна стратешка ориентација. Нам ни се спротивставуваа дека Англо-рускиот комитет е начин на поврзување со масите. Како да може шрајкбрехерот да биде поврзан со штрајкувачот. Нам ни се спротивставуваа дека Англо-рускиот комитет може да ја подобри меѓународната позиција на СССР. Како агентите на империјализмот да можат да ја заштитат револуцијата од империјализмот. Тоа беше политика на гнилите илузии. Хајнц Нојманите, Шмералите, Мартиновите и Кусиненците зборуваа дека нам, на опозицијата, не ни е драга одбраната на СССР. Сталин, груб и нелојален како и секогаш, зборуваше за обединет фронт од Чемберлен до Троцки.

На последниот пленум на Извршниот комитет на Коминтерната, рековме во тезите: „Колку станува поакутна меѓународната ситуација, толку повеќе Англо-рускиот комитет ќе се претвори во инструмент на британскиот и меѓународниот империјализам. По сè што се случи, можат да не разберат само оние што не сакаат да разберат. Веќе изгубивме премногу време. Би било криминал да се пропушти уште еден дополнителен ден.“

Поминаа неколку месеци – и доказот е пред нас. Не раскинавме со штрајкбрехерите и предавниците на очиглед на масите со цел да ја разјасниме ситуацијата и да му помогнеме на генералниот штрајк, на штрајкот на рударите за јаглен, да ѝ помогнеме на Кинеската револуција. Но штрајкбрехерите од Генералниот совет ги прекинаа односите со нас за да му помогнат на Чемберлен против нас. Ние го прикривме Генералниот совет преку воспоставувањето блок со него во најкритичните месеци за него, по мај 1926 година. Со нашите фундаментално погрешни политики, ние им помогнавме на Томас и Парсел да ги задржат сите свои позиции и да го свикаат последниот Единбуршки конгрес на синдикатите.

Целата официјална политика кон Англо-рускиот комитет беше грубо противречење на опортунизмот против болшевизмот. Меѓународниот пролетаријат научи огромна лекција од овој пример. Тој треба да го запамти тоа. Но, за да го направи тоа, тој мора да се запознае со тоа. Затоа не можеме да молчиме. Тоа е прашање на основните интереси на меѓународниот пролетаријат. Ова е повисоко и посилно од наредбите на Секретаријатот, кој срамно застрани и му наметнува сè повеќе пречки на развојот на меѓународната пролетерска авангарда.

[Прашања за дисциплината и организациските правила]

11. Дисциплината е најважното оружје на револуцијата. Но не и единственото. Дисциплината не може да ја замени точната линија и нејзиното колективно спроведување. Обидот да се одржи дисциплината само со механички средства е безнадежна и реакционерна. Колку попогрешна е линијата, толку повеќе репресија е потребна за одржување на формалната дисциплина. Бирократската дисциплина, врз основа на погрешна политичка линија не е средство за консолидирање на партијата, туку за нејзина дезорганизација и уништување. Овие зборови го опишуваат сталинистичкиот режим, кој сега е целосно пренесен во Коминтерната.

12. Во последното писмо од Централниот комитет на нашата партија, како и во голем број други документи, се содржи тврдењето дека во нашата изјава од 8 август „признавме бројни наши грешки“ и ветивме дека нема да спроведуваме фракционерско делување. Всушност, не се спомнати какви било наши грешки во нашата изјава. Кога на 8 август објавивме дека ние сме за безусловна одбрана на СССР, против поделбата, против курсот кон две партии, против системот на постојано фракционерство, не зборувавме за нашите грешки, туку само ја отфрливме клеветата што систематски се покренуваше и се покренува против нас. Ние го објаснивме фракционерството од страна на бирократскиот режим, во целосна согласност со резолуцијата од 5 декември 1923 година. Борбата против фракционерството е можна само преку борба против бирократскиот режим. Ние ја водиме и ќе продолжиме да ја водиме оваа борба.

13. Се обидувате да го поставите прашањето на Опозицијата на планот на чистата дисциплина. Но, за да се бара дисциплина, сепак мора самите да ги почитувате елементарните норми на Статутот и партиската демократија. Во меѓувреме, овие норми се кршат сè повеќе и повеќе грубо.

14. Да започнеме со наједноставни примери. Стенограмот од седницата на последниот пленум, на која беше осудена опозицијата, беше објавен со исклучителна брзина. Мојот говор беше отстранет од стенограмот, со забелешка дека не сум го поправил текстот. Меѓутоа, стенограмот ми беше доставен дури во моментот на објавување на целиот извештај во печатот. Јас поднесов жалба на ова до вас. Што направивте против ваквото срамно кршење на елементарните права и вистинската измама на партијата? Ништо особено.

15. Другарот Вујовиќ е член на Извршниот комитет на Коминтерната, избран од Конгресот. Организациското биро на Централниот комитет на Сесојузната комунистичка партија одлучи да го испрати другарот Вујовиќ во провинција со цел да му се одземе можноста да ги извршува функциите што му се доверени од светскиот конгрес. Што е ова ако не флагрантно поткопување на Статутот и дисциплината? Дали се залагавте за правата на членот на Извршниот комитет? Ниту во најмала рака. Денес сакате да го тргнете Вујовиќ од Извршниот комитет со цел да ја покриете ретроактивно анти-статутната резолуција на Организациското биро на Централниот комитет на Сесојузната комунистичка партија.

16. Наскоро по последниот пленум на Извршниот комитет на Коминтерната, Централната контролна комисија на Сесојузната комунистичка партија ме повика на одговорност за моето однесување во Извршниот комитет на Коминтерната. Ова беше флагрантно кршење на Статутот и на организациската дисциплина. Тоа е исто како некоја провинциска контролна комисија да ме повика на одговорност за моето однесување на пленумот на Централниот комитет. Самиот Извршен комитет на Коминтерната донесе пресуда по ова прашање. И покрај апсолутната јасност на проблемот, Централната контролна комисија на Сесојузната комунистичка партија утврди дека е можно да ме судат за моите говори на пленумот на Извршниот комитет на Коминтерната.

Кој се бори против сталинистичкиот курс во европските комунистички партии, тој е исклучен. Сè повеќе и повеќе болшевици се исклучени, како во европските партии, така и во СКП, само затоа што го делат гледиштето на Опозицијата во СКП. Исклучените се прогласени за ренегати, по што ние сме обвинети за солидарност со ренегатите. Зборот „ренегат“ стана евтин збор.

Чанг Каи Шек беше прогласен за сојузник до вчера; Ванг Чинг Веи за доверлив револуционер; Парсел за пријател. По оваа логика, револуционерите протерани поради одбраната на ленинизмот се прогласени за ренегати. Оваа злоупотреба ги компромитира обвинителите, а не обвинетиот.

17. Президиумот на Извршниот комитет, како и Извршниот комитет, ги добива своите овластувања од Конгресот. Според Статутот, конгресите на Коминтерната мора да се свикуваат на годишно ниво. Ова значи дека овластувањата на Извршниот комитет и неговиот Президиум се даваат само за една година. Неовластеното проширување на овие овластувања е кршење на Статутот. Се разбира, ако војна, блокада и слично, го спречат свикувањето на Конгресот, апсурдно би било да се прави проблем од формална гледна точка. Но, за време на војните и блокадите меѓународните конгреси се среќаваа релативно редовно. Сега, кога апсолутно ништо не ве спречува да свикате правилно организиран конгрес, вие го свикувате четири години по Петтиот конгрес, односно си присвоивте за дополнителни три години права што не ви припаѓаат.

Врз основа на што? Само Кинеската револуција ќе го оправдаше свикувањето на два вонредни конгреса во минатата година. За тоа време, се состанаа конгресот на Втората интернационала и конгресот на Амстердам. Само Третата интернационала, во ера на најголемите светски пресврти и растечката опасност од војна, не се има состанато на конгрес веќе четири години. И дали ќе се состане следната година е сосема непознато. Зарем ова не е грубо кршење на Статутот и дисциплината? Зарем ова не е директна узурпација?

18. А Конгресот на СКП? Не е свикан веќе две години. Што го спречува нормалното свикување на конгресот? Ништо освен намерата на сталинистичката фракција да се справи со Опозицијата зад грбот на партијата, пред конгресот и без конгресот. Истата причина доведе до ново одложување на Шестиот конгрес [на Коминтерната]. Пред сите прашања стои прашањето за организациското самозачувување на групата на Сталин. Не можете да зборувате за Кинеската револуција, за Англо-рускиот комитет, за нашата политика во Персија, Монголија, Авганистан, за раслојувањето на село, за индустријализацијата, за политиката на цени, дури ниту за Днепрострој – затоа што во сите овие теми Сталин има само грешки, колебања, опортунистички талкања и порази. Сега не можеме да зборуваме за прашања од меѓународната политика, особено за преговорите со Франција за признавање на долговите. Во однос на овие прашања, направени се грешки не помалку отколку во другите. И овие проблеми беа одлучени зад грбот на партијата и паднаа на својата глава во готов облик. Партијата знаеше помалку од светската буржоазија. Неможноста на раководството да се ориентира во меѓународната ситуација, правилно да ги процени односите меѓу класите и меѓу државите, доведе и води кон политика која е изместена од своето место. И тоа ќе нè чини скапо и веќе е така. Сега е јасно дека за грешките и одложувањата ќе платиме многу повеќе отколку што можевме – и тоа во замена за многу сомнителни резултати. Особено е невозможно да се зборува за внатрешно-партискиот режим, во кој сите други грешки, сите политички падови го наоѓаат својот најживописен израз. На партијата ѝ е наредено да молчи, затоа што политиката на Сталин е политика на банкрот. Но, токму ова е причината зошто партијата е должна да зборува. И токму затоа ќе зборува Опозицијата.

19. Подготовката на 15-от Конгрес е алка во синџирот на злоупотреба на партијата. Централниот комитет, кој водеше фундаментално погрешна линија за сите основни прашања, забранува да се критикува пред Конгресот. Членовите на партијата добиваат милостива дозвола да ги достават своите контратези, откако Сталин и Бухарин ги напишаа своите тези. Како всушност да се работи за тезите на Сталин. Станува збор за целата негова политика веќе две години. Оваа политика води во ќорсокак. Оваа политика даде низа порази и го подготвува патот за уште поголеми порази во иднина. Но не. Никој не смее да зборува за оваа реална, фактичка политика што се спроведува две години. Платформата на Опозицијата дава сеопфатна проценка на оваа политика. Затоа платформата е прогласена за нелегален документ. Членовите на партијата се подложени на претреси, исклучувања и на сите видови на материјални репресија поради дистрибуирање на платформата која го критикува Централниот комитет на два месеци пред конгресот.

Самоволното одложување на конгресот за една година, забраната на дискусиите, притисокот врз членовите на партијата преку државни средства, одземањето на парчето леб на ленинистите кои не сакаат да станат сталинисти – сето ова не е повреда на дисциплина, сето тоа е нормален ред на нештата. А протестирањето против тоа, борбата против овие гнасни работи е кршење на дисциплината и продолжување на фракционерското делување. Не, нема да нè заплашите со бедни бирократски закани.

20. Партискиот режим е најопасен од сите опасности. Затоа што ја парализира главната сила на отпор кон непријателот – авангардата на пролетаријатот.

Ако рацете на војникот се врзани, тогаш главната опасност не е непријателот, туку јажето што ги врзува рацете на војникот. Сегашниот режим ги врзува иницијативата и независната активност на партијата. Ова е најитната, најсериозната опасност, затоа што ја слабее Партијата пред лицето на непријателите.

21. На членовите на партијата им е великодушно дадено правото да ги достават своите контратези. Потоа, тие ќе бидат отпечатени на билтенот за дискусија. Ова ќе биде во најдобар случај 3-4 недели пред конгресот. Билтенот за дискусија потоа ќе биде испратен насекаде каде што Секретаријатот сака да го испрати. Во меѓувреме, во тек се подготовките за партиски конференции, за да се утврди составот на конгресот. Таканаречената „дискусија“ ќе биде објавена кога конгресот ќе биде веќе избран – со секретари назначени од Сталин. Тешко е да се замисли поодвратна игра со партијата! Сите овие механизми се темелно проникнати со духот на узурпацијата. Кој не се бори против тоа, не е достоен за името болшевик. Ќе се бориме до крај.

Вчера се исклучени заради препишување и ширење на платформата на Опозицијата другарите Охотников, Гутман, Дворес, Каплинскаја, Карин, Максимов, Владимиров, Рабинович, Гердовски и Воробев. Сите тие се одлични членови на партијата, претежно искалени во борба, и покрај младоста, посветени револуционери, кои не се себични, не се кариеристи, туку вистински болшевици. Повеќето од исклучените опозиционери стојат повисоко од оние што ги исклучија. Во меѓувреме, тие не само што беа исклучени од партијата, туку се обидоа и гнасно да ги наклеветат, вклучувајќи – преку ГПУ – во случајов некој непознат, безимен „офицер на Врангел“. На ова мора да се додаде уште нешто. Денес, откако Зиновјев, Смилга и Петерсон напишаа протест, кого јас не го потпишав само затоа што бев отсутен, после тоа Менжински изјавува дека овој таканаречен офицер на Врангел, овој наводен контрареволуционер, е всушност агент на ГПУ, кој помагал да се разоткријат заговори. Не знам дали нашите другари се сретнале со него или не, но ако се случило, тоа значи дека со агент на ГПУ, а не со офицер на Врангел.

Оние што ја знаат историјата, знаат дека секој чекор по патот на узурпацијата секогаш бил придружуван од вакви обвинувачки фалсификати. Другарите Серебријаков, Преображенски и Шаров во писмото до Централниот комитет изјавија дека тие се организатори на препечатување на Платформата. Писмото на Политбирото ја нарекува изјавата на овие тројца другари „ренегатска“. Авторите на оваа злоупотреба само се дискредитираат себеси. Серебријаков, Преображенски и Шаров стојат две глави повисоко на политичко и морално ниво од оние кои ги прикриваат своите престапи со навреди. Жални, трипати жални се оние политички банкроти, кои мора да се кријат зад грбот на офицерот Врангел од Платформата на болшевиците-ленинисти (опозицијата). Нема да им помогне тоа. Ниту заканите, ниту репресиите, ниту термидорските клевети, ниту бонапартистичките фалсификати нема да нѐ спречат да работиме за зачувување на револуционерните традиции на партијата и да ја обезбедиме нејзината револуционерна иднина.

[Каде е излезот?]

22. Сталин ви кажува излез: да ги исклучите Троцки и Вујовиќ од Извршниот комитет на Коминтерната. Мислам дека ќе го сторите тоа. Но, што ќе се промени со ова? Ништо. Или речиси ништо. Главните прашања сè уште се решаваат надвор од Извршниот комитет и надвор од Президиумот. Вие го знаете ова, како и јас. Како и секоја мерка што е прекумерна, исклучувањата ја изгубија острината. Пред само неколку дена, Сталин-Бухарин побараа од францускиот Централен комитет да го избрка Трен од своите редови само затоа што Трен кажа неколку горчливи зборови на вистината за кинеската политика на Сталин-Бухарин. И другар Нин, еден од најдобрите дејци на интернационалната пролетерска авангарда, главен деец во Профинтерната – што ќе правите со него? Тој исто така отворено ја прогласи својата целосна солидарност со Опозицијата. Каква судбина подготвувате за него? Каква акција ќе преземете во неговиот случај? Во германската партија, другарот Телман, со целата своја ужасна политичка беспомошност, се одржува како лидер по назначување само затоа што секој што го критикува е отповикан од Германија или е исклучен. Всушност, зад грбот на Телман се наоѓа опортунистот Е. Маер. Револуционерните лидери не се прават преку назначувањата од апаратот. Луѓето кои се согласуваат со сè однапред, никогаш нема да станат вистински револуционери, а камоли револуционерните лидери. Не сакам да кажам ништо лично навредливо за Шмерал, Пепер, Кусинен и други. Но, тоа не се оние другари кои можат да го преземат водството во борбата на пролетаријатот за власт. А, болшевици не се оние што ги почитуваат сите наредби на Секретаријатот на Сесојузната комунистичка партија, туку оние што знаат да се борат за диктатурата на пролетаријатот.

23. Исклучувањата нема да помогнат. Ги има премногу. И стануваат сѐ повеќе. Режимот на Сталин ја дрма партијата со еднострани дискусии, исклучувања и секакви репресии воопшто. Партијата не излегува од состојбата на дискусиона треска, поттикната одозгора: апаратот започнува нова дискусија секој месец, апаратот ѝ дава тема, ја храни со лажни материјали, ги сумира своите резултати, извршува пресуди и репресија, го одложува конгресот за една година, сега го подготвува конгресот од сопствените работници во апаратот, назначени однапред, кои се сигурни дека ќе ја овластат врхушката да ја продолжи истата работа и понатаму. Режимот на Сталин сѐ повеќе ги чини скапо партијата и интернационалната револуција.

24. Вие велите: дали тоа значи поделба, раскол? На ова одговарам: целата политика на Сталин е насочена кон раскол, поточно, на низа последователни отсекувања, кои треба да станат сѐ почести и подлабоки. Само партијата која ги повратила своите права може да ги спречи овие последици. За да го направи ова, таа мора да ги разбере опасностите што ѝ се закануваат. Нашата платформа е целосно посветена на оваа цел. Секој што ја шири нашата платформа му служи на единството на партијата на револуционерната основа на ленинизмот. Има само еден излез: чесен конгрес. Истото важи и за Коминтерната. Прво, објавување на сите документи. Потоа дискусија. Потоа – меѓународниот конгрес.

25. Вие велите: значи, опозицијата се стреми кон раскин со Сталин и Бухарин? Не. Зборуваме за партиската линија, а не лично за Сталин, Бухарин и други.

Личната несреќа на Сталин, која сè повеќе станува несреќа на партијата, се состои во огромното несовпаѓање помеѓу идеолошките ресурси на Сталин и моќта на партиско-државниот апарат што е концентриран во неговите раце. Во таканаречениот „Тестамент“, во кој Ленин, одмерувајќи го секој збор, дава оцена за водечките елементи на партијата, тој особено внимателно ја предупредуваше партијата за Сталин, за неговата суровост и нелојалност, за злоупотребата на власта и за Бухарин – за неговата схоластичност, неговата неспособност да го совлада марксизмот. Ленин ја даде оваа проценка во време кога го пишуваше својот друг сјаен совет за партијата. Непотребно е да се каже, немаше пад во пристрасност, лоша волја и сл. во одговорите на Ленин. Тој во овој документ се водеше повеќе од секогаш од партиско-политички размислувања – и тоа беше сè. Со своите многу благи по форма, но многу тешки по содржина оценки Ленин не сакаше да ги стигматизира или изолира Сталин и Бухарин. Тој само сакаше да ја предупреди партијата за местото што може да го заземат во колективното раководство. Целото писмо на Ленин е проникнато со идејата дека со оглед на приближните сили и услови, раководството на партијата може да биде само колективно. Бирократскиот режим неизбежно води кон владеење на еден човек. Колективното раководство може да се замисли само врз основа на партиска демократија. Сметаме дека во однос на раководството, не е доцна да се вратиме на советите што ги даде Ленин во својот тестамент. Но, колку и да е важно ова прашање, над него има уште едно прашање, поважно: потребно е да се врати партијата на патот на ленинистичката политика и ленинистичкиот режим. И Коминтерната мора да се врати на истиот пат.

Сите наши сили се посветени на оваа задача. Ние ги изложивме нашите ставови во платформа, во чија изработка малку или повеќе учествуваа најмалку 200 стари партиски членови – болшевици. Најмалку илјада членови на партијата веќе ги додадоа своите потписи на оваа платформа, која сите тие, заедно со нас, си поставија како своја задача да ја стават на отворена дискусија пред партијата и Коминтерната. Тоа ќе го постигнеме по секоја цена.


Забелешка на преведувачот

[1] Воислав Вујовиќ, до тој момент член на Извршниот комитет на Коминтерната, заедно со Троцки бил исклучен од неговиот состав по ова негово заседание. Повеќе за Вујовиќ, видете во неговата биографија.


Архива на Лав Троцки

марксистичка интернет архива