Петар Кропоткин

Две писма до Ленин


Напишано: 1920
Извори: Anarhistička biblioteka, Библиотека Андрея Бирюкова, Викитека
Превод: Здравко Савески, од српскохрватски и руски јазик
Техничка обработка: Здравко Савески
Онлајн верзија: февруари 2017


Прво писмо

Дмитров, 4 март 1920 година

Почитуван Владимир Илич,

Ми се обратија неколку работници вработени во поштенско-телефонско-телеграфскиот оддел со молба да ве известам за нивната навистина очајна состојба и, бидејќи тоа прашање не се однесува толку на Комесаријатот за поштите и телеграфите, туку на општата состојба на работите во Русија, јас веднаш прифатив да ја исполнам нивната молба.

Вие, се разбира, знаете дека во Дмитровскиот округ е апсолутно невозможно да се живее од платите што ги добиваат овие службеници – од 2.000 рубљи до 3.000 рубљи месечно. За 2.000 рубљи не е можно да се купи ниту вреќичка компири; јас тоа го знам од сопственото искуство. За замена се бара сапун и сол, кои ги нема. Откако цената на брашното дојде до 9.000 рубљи, стана невозможно – дури и кога ќе се успее да се најде некој што е подготвен да продаде брашно – за 2.000 рубљи да се купи и осум фунти леб, односно пет фунти жито. Накратко, без снабдување со намирници службениците се осудени на вистински глад.

Покрај тоа, при такви цени, она недоволно снабдување, кое го добиваат поштенско-телефонско-телеграфските службеници од московската централа (согласно декретот од 15 август 1918 година) – т.е. осум фунти жито за службеникот или службеничката и по пет фунти жито за неработоспособните членови на семејството – веќе два месеци не се испорачува. Локалните органи за потпора не можат да одвојуваат од своите залихи, а обраќањата на службениците (125 луѓе во Дмитровскиот реон) до Москва останаа без одговор. (Пред еден месец еден од службениците ви пишал лично вам, но одговор до сега не добил).

Сметам за своја должност да ве известам дека положбата на тие службеници е навистина очајна. Мнозинството од нив буквално гладува. Тоа се гледа по нивните лица. Многумина се подготвуваат да заминат, каде знаат и умеат. А во меѓувреме, тоа отворено го кажувам, тие совесно ја вршат својата работа, се соживееја со неа, и сосема не е во интерес на локалниот живот да се изгубат такви работници.

Ќе додадам уште дека во таква очајна положба се наоѓаа цели категории други советски работници.

Не можам да не ви кажам во заклучокот неколку зборови за општата состојба на работите. Ако се живее во поголемите центри, во Москва, не може да се знае вистинската состојба на земјата. Нужно е да се живее во провинцијата, во близок контакт со секојдневниот живот – со неговите потреби и бедата, со изгледнетите – возрасни и деца, со оние што безброј пати мора да одат во разни канцеларии за да добијат дозвола за набавка на една евтина петролејка итн. за да се дознае вистината за преживеаните страдања.

Постои само еден излез од овие страдања. Неопходно е да се забрза преминот кон понормални услови за живот. Долго вака не можеме да издржиме и ние одиме кон крвава катастрофа. Никакви локомотиви на сојузниците, никакви извози на руското жито, лен, кожи и други работи, кои нам самите ни се неопходни, не можат да му помогнат на населението.

Едно е несомнено. Дури и ако диктатурата на партијата беше соодветно средство за да му се нанесе удар на капиталистичкиот систем (во што јас многу се сомневам), за создавањето на новиот, социјалистички систем таа безусловно е штетна. Нужно, неопходно е локалното организирање, локалните сили, а нив ги нема! Ги нема во ништо! Наместо тоа, каде и да се свртиш, луѓе кои никогаш не знаеле ништо од стварниот живот, кои прават груби грешки за кои потоа се плаќа со илјадници животи и пустошење на цели окрузи.

Сетете се само на снабдувањето со дрва!! Или, на пролетната сеидба од минатата пролет!!...

Без учество на локалните сили, без организирање оддолу – од самите селани и работници – невозможно е да се изгради нов живот.

Би се рекло дека советите треба да му служат токму на тоа организирање оддолу. Но Русија веќе стана советска република само по своето име. Напливот и раководењето на луѓето на „партијата“, т.е. превласта на новопечените комунисти (идејните комунисти ги има повеќе во центрите) веќе го уништија влијанието и творечката сила на таа многу-ветувачка творба – советите. Сега во Русија управуваат не советите, туку партиските комитети. А нивната организација страда од недостатоците на бирократските организации.

За да се излезе од сегашните проблеми, Русија мора да се сврти кон креативноста на локалните сили, кои, јас го гледам тоа  - можат да станат фактор во создавањето на новиот живот. Што побрзо се сфати неопходноста од тој пат, толку подобро. Толку посклони ќе бидат луѓето да се приклонат кон социјалните форми на живот. Ако, пак, продолжи сегашната состојба, самиот збор „социјализам“ ќе се претвори во проклетство, како што се случи во Франција со поимот „еднаквост“ четириесет години по владеењето на јакобинците.

Со другарски поздрав, П. Кропоткин.


Второ писмо

Дмитров, Московска област

21 декември 1920

Почитуван Владимир Илич,

Во „Известија“ и „Правда“ е објавено официјално известување, кое информира за одлуката на советската власт да зема во заложништво есери [членови на Партијата на социјалистите-револуционери] од групата на [Борис] Савинков и [Виктор] Чернов, белогардејци од Националниот и Тактичкиот центар и врангелови офицери; и, во случај на обид [за атентат] врз водачите на Советите – решено е „беспоштедно да се истребат“ овие заложници.

Не се најде никој околу Вас да напомени дека такви мерки – кои претставуваат враќање кон најтемните времиња на Средниот век и религиозните војни – се недостојни за луѓе кои презедоа на себе да создадат идно општество врз комунистички принципи; и дека такви мерки не може да прифати оној кому му е драга иднината на комунизмот?

Не се најде никој од вас да помисли – што е тоа заложник?

Тоа значи човек да биде затворен – но не како казна за некој престап. Тој се држи затворен за со неговата смрт да се уценува непријателот. „Ако убиете еден од нашите, ќе убиеме некој од вашите“. Но не е исто, да се води човек секое утро да биде казнет и да се носи назад во затвор со зборовите: „Сепак, не денес“.

Никој од вашите другари не спомна дека тоа е рамно на воведување на тортурата – за заложниците и нивните роднини?

Се надевам дека никој од вашите другари нема да ми каже дека луѓето кои се на власт немаат лесен живот. Сега дури и помеѓу кралевите има такви кои ги сметаат обидите за атентат врз нив за „карактеристика на нивното занимање“. А револуционерите – така правеше Луиза Мишел – ја преземаат на себе заштитата пред судот што им се заканува по нивниот живот; или одбиваат да бидат судени, како што направија Малатеста и Волтерина де Клер.

Дури и кралевите и папите ги одбија таквите варварски средства на самозаштита, како земањето заложници. Како вие, проповедниците на новиот живот и градителите на новото општество, можете да прибегнувате кон такво оружје за заштита од непријателите? Нема ли тоа да биде знак дека вие го сметате својот комунистички експеримент за неуспешен па не го спасувате вам драгиот начин на живот, туку самите себе?

Не можете ли да сфатите, не ви влегува во глава дека вие, комунистите – и покрај грешките што ги направивте – работите за иднината и дека поради тоа вие не смеете да го извалкате своето дело со такви дејствија, толку слични на примитивниот терор, дека токму таквите дејствија, извршувани во минатото, го отежнуваат новиот комунистички потфат?

Верувам дека на најдобрите од вас иднината на комунизмот им е помила од сопствениот живот. Една помисла на таквата иднина мора да ве одврати од таквите мерки.

И покрај сите нејзини тешки грешки (кои мене, како што знаете, ми се многу добро познати), Октомвриската револуција донесе огромен напредок. Таа покажа дека социјалната револуција не е невозможна, како што почна да се верува во Западна Европа. И покрај сите нејзини недостатоци, таа претставува напредок во борбата за еднаквост, кој нема да биде уништен преку обидите да се оживее минатото.

Зошто тогаш да се турка револуцијата на пат кој води до нејзиниот пораз и тоа првенствено поради грешките кои во никој случај не се својствени на социјализмот или комунизмот, туку претставуваат остаток од стариот поредок, од неограничениот авторитет, авторитетот кој сè проголтува?

П. Кропоткин