Карл Маркс
Економско-филозофски ракописи

Надницата


Надницата се определува од непријателската борба меѓу капиталистот и работникот. Победува бездруго капиталистот. Капиталистот може да живее подолго без работникот, одошто работникот без капиталистот. Обединувањето на капиталистите е вообичаено и ефективно, обединувањето на работниците е забрането и повлекува со себе лоши последици за нив. Освен тоа, земјопоседникот и паричниот капиталист можат кон своите приходи да ја додадат уште индустриската печалба, а работникот не може кон својата индустриска заработка да ѝ додаде ни земјишна рента ни камата од капиталот. Ете зошто е толку силна конкуренцијата меѓу работниците. Значи, само за работникот поделбата меѓу капиталот, земјишната сопственост и трудот е неизбежна, суштествена и штетна поделба. Капиталот и земјишната сопственост не мораат да останат во таа апстракција, но трудот на работникот не може да излезе надвор од тие граници.

Значи, поделбата на капиталот, земјишната рента и трудот е смртоносна за работникот!

Најнизок и единствено нужен износ на надницата е вредноста за издржувањето на работникот во време на работата, и повеќе од тоа само толку, колку да може да го исхрани своето семејство и за да не изумре работничката раса. Според Смит, обичната надница е најнискиот минимум што одговара на „простата човечност“, т.е. со рамништето на животната егзистенција.

Побарувачката на луѓе неизбежно го регулира производството на луѓе како и секоја друга стока. Ако понудата во значителна мера ја надминува побарувачката, тогаш дел од работниците се оставаат во положба на питачи или да умрат од глад. На тој начин, егзистенцијата на работникот се сведува на условите на егзистенција на секоја друга стока. Работникот стана стока и среќа е за него ако успее да најде купувач. А побарувачката, од која зависи животот на работникот, зависи од волјата на богатите и капиталистите. Ако понудата квантитативно ја надминува побарувачката, тогаш еден од составните делови на цената (профитот, земјишната рента, надницата) се исплатуваат пониско од цената; во резултат на тоа соодветниот фактор на формирање на цената се отклонува од таквата примена и на тој начин пазарната цена гравитира кон природната цена како кон некој центар. Но, прво, на работникот, при поголема поделба на трудот, му е потешко од сѐ да му даде друга насока на својот труд, а второ, при потчинетата положба на работникот во однос на капиталистот, штетата ја трпи првенствено работникот.

Значи, при гравитацијата на пазарната цена кон природната цена најмногу и безусловно губи работникот. И токму способноста на капиталистот да му дава друга насока на својот капитал, или го лишува работникот од парчето леб, или го принудува да им се потчини на сите барања од даден капиталист.

Случајните и ненадејни колебања на пазарната цена се одразуваат помалку врз земјишната рента одошто на оној дел од цената што се разделува на профит и надница; но и врз профитот тие се одразуваат помалку одошто врз надницата. Во повеќето случаи станува така, што при зголемувањето на надницата на било кое место, на друго таа останува поранешната, а на трето опаѓа.

При печалба на капиталистот работникот не добива бездруго, а бездруго губи заедно со него при загуба на капиталистот! Така, на пример, работникот ништо не печали во оние случаи кога капиталистот — благодарејќи на фабричка или трговска тајна, благодарејќи на монопол или благодарејќи на поволната положба на своето парче земја — ја држи пазарната цена повисока од природната цена.

Понатаму: Цените на трудот се многу поконстантни одошто цените на средствата за живот. Често тие стојат во спротивен однос едни спрема други. Во години на скапотија надницата паѓа поради намалувањето на побарувачката на трудот и се повишува поради кревањето на цените на средствата за живот. На тој начин, едното го урамнотежува другото. Но во секој случај дел од работниците се лишуваат од парчето леб. Во годините на евтинија надницата се повишува поради зголемената побарувачка на трудот и опаѓа поради опаѓањето на цените на средствата за живот. На тој начин, едното се урамнотежува со друго.

Друга непогодна страна за работникот:

Разликата во цените на трудот на работниците од различни професии е многу поголема одошто разликата во профитите во различни гранки на примената на капиталот. Во трудот се покажува сета природна, духовна и социјална различност на индивидуалната дејност, и затоа трудот се наградува различно, додека мртвиот капитал секогаш останува ист и е рамнодушен кон стварните особености на индивидуалната дејност.

Воопшто треба да се забележи дека таму каде што работникот и капиталистот еднакво трпат загуба работникот трпи врз својата егзистенција, а капиталистот само врз печалбите од својот мртов мамон.

Работникот е принуден да се бори не само за физички. средства за живот, но и за добивање на работа, т.е. за можноста, за средства да ја оствари својата дејност.

Да земеме три основни состојби во кои може да се наоѓа општеството и да ја разгледаме положбата на работникот во нив.

1) Ако опаѓа богатството на општеството, тогаш повеќе од сите трпи работникот. Зашто, иако во среќна состојба на општеството, работничката класа не може да заработи толку колку што печали класата на сопствениците, „ниедна класа не трпи толку жестоко колку работничката класа од опаѓањето на општествената благосостојба.“

2) Да земеме сега такво општество во кое богатството расте. Тоа е единствена состојба поволна за работникот. Тука меѓу капиталистите настанува конкуренција. Побарувачката за работници ја надминува нивната понуда.

Но, прво: зголемувањето на надницата доведува до тоа што работниците се сотираат на работа. Колку повеќе сакаат тие да заработат, толку повеќе време се принудени да жртвуваат и сосем откажувајќи се од било каква слобода ропски се трудат во служба на лакомоста. Со самото тоа тие ја скусуваат должината на својот живот. Тоа скусување на животот на работниците претставува поволна околност за работничката класа во целина, бидејќи благодарејќи на тоа постојано се јавува нова побарувачка на трудот. Оваа класа е секогаш принудена да жртвува дел од самата себе за да не пропадне во целина.

Понатаму: кога општеството се наоѓа во процес на пораст на богатството? При пораст на капиталите и приходите во земјата. Но

α) тоа е можно само благодарејќи на натрупувањето на голема количина труд, зашто капиталот е акумулиран труд; значи, тоа е можно само благодарејќи на тоа што на работникот му се одземаат сѐ повеќе и повеќе продукти на неговиот труд, што неговиот сопствен труд во сѐ поголема и поголема степен му се спротивставува како туѓа сопственост, а средствата за неговата егзистенција и неговата дејност сѐ повеќе и повеќе се концентрираат во рацете на капиталистот.

β) натрупувањето на капиталот ја засилува поделбата на трудот, го зголемува бројот на работниците, и обратно — зголемувањето на бројот на работниците, ја засилува поделбата на трудот, исто онака како што поделбата на трудот го зголемува натрупувањето на капиталите. Како се развива поделбата на трудот, од една страна, и натрупувањето на капиталите, од друга, работникот така сѐ повеќе и повеќе потпаѓа во полна зависност од работата, и при тоа од определена, мошне еднострана, машинска работа. Напоредно со неговото духовно и физичко понижување до улогата на машина, со претворањето на човекот во апстрактна дејност и во желудник, тој паѓа во сѐ поголема и поголема зависност од сите колебања на пазарната цена, од примената на капиталите и своеволието на богатите. Наедно со тоа, како резултат на квантитативното зголемување на класата луѓе што живеат само од работа, се засилува конкуренцијата меѓу работниците, и, значи, се снижува нивната цена. Во фабричкиот систем таа положба на работникот ја достига својата врвна точка.

γ) во општество, чијашто благосостојба расте, само најбогатите можат да живеат од каматата од своите пари. Сите други се принудени со помош на својот капитал да се занимаваат со некаква работа, или да го вложуваат својот капитал во трговијата. Благодарејќи на тоа расте конкуренцијата меѓу капиталите, расте концентрацијата на капиталите, крупните капиталисти ги разоруваат малите, и еден дел од бившите капиталисти преминуваат во работничката класа, којашто поради таквиот прираст делум пак трпи снижување на надницата и паѓа во уште поголема зависност од малкуте крупни капиталисти. Со намалувањето на бројот на капиталистите, нивната конкуренција во побарувачката на работници речиси воопшто ја снемува; а што се однесува до работниците, како што расте бројот на работниците, така и конкуренцијата меѓу нив станува сѐ поголема, противприродна и попринудна. Поради тоа дел од работничката маса се снижуваат до питачи, или до состојба на загинување од глад, исто онака неизбежно како што дел од средните капиталисти неизбежно се спуштаат до положбата на работниците.

Значи, дури и во состојба на општеството што е најповолна за работникот, се неизбежни сотирањето во процесот на работата и рана смрт, понижување на работникот до улогата на машина, до улогата на роб на капиталот, чиешто натрупување му се противставува како нешто опасно за него, нова конкуренција, смрт од глад, или питаштво на дел од работниците.

Зголемувањето на надницата побудува во работникот капиталистичка страст за обогатување, но таа страст тој може да ја задоволи само преку жртвување на својата снага и дух. Зголемувањето на надницата има за претпоставка и последица натрупување на капиталот; затоа како резултат на зголемувањето на надницата, производот на трудот му се противставува на работникот како нешто сѐ повеќе и повеќе туѓо. Токму така и поделбата на трудот го прави работникот сѐ повеќе и повеќе едностран и зависен; таа породува конкуренција не само на луѓе туку и на машини. Бидејќи работникот е снижен до улогата на машина, машината може да истапи против него како конкурент. И најпосле, како што натрупувањето на капиталот го зголемува количеството труд, а со тоа значи и бројот на работниците, така благодарејќи на тоа натрупување едно исто количество на трудот произведува поголемо количество производи; се добива прекумерно производство, работата завршува или со тоа што значителен дел од работниците се лишува од работа, или со тоа што нивната надница паѓа до најбедниот минимум.

Такви се последиците на општествена состојба што е најблагопријатна за работникот, — состојба во која богатството расте, напредува.

Но на крајот на краиштата таа состојба на растење еднаш бездруго ја достигнува својата врвна точка. А тогаш каква станува положбата на работникот?

3) „Во земја што би го достигнала последното можно стапало на богатство, и едното и другото — надницата и каматата од капиталот — би биле многу ниски. Конкуренцијата меѓу работниците во потрага по работа би била толку голема, што наемнината би се свела на толку колку што е потребно за одржувањето на даден број работници, а бидејќи земјата во тоа време би била веќе достатно населена, тогаш тој број не би можел да се зголемува.“

Одвишокот би бил осуден на умирање.

Значи, при движење на општеството надолу — прогресирачка беда на работникот; при прогрес на општествената благосостојба — особен, сложен вид на беда; во општество што достигнало најголема благосостојба — постојана беда.

Но бидејќи, според Смит, општеството не е среќно таму каде што мнозинството страда; а меѓутоа дури и најбогатата состојба на општеството доведува во такво страдање на мнозинството, — и бидејќи политичката економија (воопшто општеството во кое владее приватниот интерес) води кон таа најбогата состојба, тогаш излегува дека цел на политичката економија е несреќата на општеството.

Што се однесува до односот меѓу работникот и капиталистот, треба уште да се забележи дека зголемувањето на надницата за капиталистот се компензира дури и повеќе со намалувањето на општото количество работно време и, дека повишувањето на надницата и зголемувањето на каматите од капиталот влијаат врз цената на стоките: првото — како проста камата, второто — како сложена камата.

Да застанеме сега сосем на становиштето на политичкиот економист и да ги споредиме според него теоретските и практичните барања на работниците.

Политичкиот економист ни вели дека првобитно и теоретски сиот продукт на трудот му припаѓа на работникот. Но едновремено со тоа тој вели дека во стварност на работникот му припаѓа најмалиот дел од продуктот — онолку без кое апсолутно не може да се помине: само толку колку што е неопходно да може тој да егзистира — не како работник туку како човек — и да го размножува не човечкиот род туку робовската класа на работниците.

Политичкиот економист ни вели дека сѐ што се купува со трудот и што е капитал не е ништо друго, туку натрупан труд, меѓутоа, истовремено тој ни вели дека работникот не само што не може да купи сѐ, туку е принуден да се продава самиот себе и своето човечко достоинство.

Додека земјишната рента на неработниот земјосопственик во повеќето случаи претставува трет дел од продуктот на земјата, а печалбата на дејствувачкиот капиталист дури двојно ја надминува каматата од парите, уделот што го има работникот претставува во најдобар случај толку, што при имањето на четири деца две од нив се осудени на смрт од глад.

Ако, според политичките економисти, трудот е она единствено со помош на што човекот ја зголемува вредноста на производите на природата, а работата на човекот е неговата дејствена сопственост, тогаш во согласност со истата таа политичка економија, земјосопственикот и капиталистот претставуваат сѐ на сѐ само привилегирани и безделни богови, што секогаш стојат над работниците и им ги диктираат законите.

Според зборовите на политичките економисти, трудот е единствена неменлива цена на нештата; и во исто време нема ништо што е толку поподложено на случајности и ништо друго не трпи поголеми колебања, одошто цената на трудот.

Поделбата на трудот ја зголемува производителната сила на трудот, богатството и префинетоста на општеството, и во исто време таа го осудува работникот на осиромашување и сведување до рамништето на машина. Трудот предизвикува натрупување на капиталите и со самото тоа растеж на општествената благосостојба, и истовремено тој го прави работникот сѐ повеќе и повеќе зависен од капиталистот, ја засилува конкуренцијата меѓу работниците, го вовлекува работникот во грозничав натпревар на хиперпродукцијата, по која настапува исто толку силно опаѓање на производството.

Според политичките економисти, интересот на работникот никогаш не е во спротивност со интересите на општеството 1) затоа што зголемувањето на надницата се компензира дури и повеќе со намалувањето на утрошеното работно време, заедно со другите погоре окарактеризирани последици, и 2) затоа што во однос на општеството вкупниот бруто продукт е нето продукт и само во однос на приватни лица има значење на изделување на чист продукт.

А дека самиот труд — не само при сегашните негови услови, но и воопшто, дотолку, доколку негова цел претставува само зголемување на богатството, — е штетен, погибелен, тоа произлегува од сопствените расудувања на политичките економисти, иако тие не го забележуваат тоа.

________________

Во согласност со теоријата, земјишната рента и профитот од капиталот се одбивки од надницата. А во стварност надницата е допуштена од земјата и капитал одбивка дадена на работникот, концесија на продуктот на трудот на работникот, на трудот.

Во состојба на општество во опаѓање најмногу трпи работникот. За специфичната тежина на угнетувањето што тој го трпи, тој има да заблагодари на својата положба како положба на работник, но неговата угнетеност воопшто се должи на самиот општествен поредок.

А во состојба на општество што напредува, гибелта и осиромашувањето на работникот е продукт на неговиот труд и, на произведеното од него богатство. Со други зборови, бедата произлегува од сушноста на самиот денешен труд.

Најбогатата состојба на општеството, тој идеал што сепак приближно се достига и што е барем цел како на политичката економија така и на буржоаското општество, е постојана беда на работниците.

Само по себе се разбира дека пролетерот, т.е. оној што немајќи капитал ни земјишна рента живее исклучиво од својот труд, и при тоа едностран, апстрактен труд, политичката економија го разгледува само како работник. Затоа таа може да истакне поставка дека работникот, исто онака како и секој коњ, треба да добива толку колку да биде во состојба да работи. Таа не го разгледува во неговото слободно: време, не го разгледува, како човек; тоа му го препушта на кривичното правосудство, лекарите, религијата, статистичките табели, политиката и надгледникот на питачите.

Да се издигнеме сега над рамништето на политичката економија и побараме во погоре изнесените поставки предадени речиси со сопствените зборови на политичките економисти, одговор на две прашања:

1) Каква смисла во текот на развитокот на човештвото има тоа сведување на поголем дел од човештвото на апстрактен труд?

2) Какви грешки прават реформаторите en détail [подробно, во поединости], коишто или сакаат да ја зголемат надницата и со тоа да ја подобрат положбата на работничката класа, или (како Прудон) ја гледаат целта на револуцијата во изедначувањето на надницата?

Во политичката економија трудот фигурира само како дејност за заработка.

________________

„Може да се тврди дека видови работа што бараат специфични способности или за нив подолга претподготовка, воопшто се станати подоходни; а сразмерната надница за механички еднообразна дејност, за која може секој брзо и лесно да се оспособи, при порастот на конкуренцијата опадне и неизбежно мораше да опадне.

Но токму тој вид на трудот — при сегашната состојба на неговата организација — е најраспространет. На тој начин, ако работникот од прва категорија сега заработува седумпати повеќе, а работникот од втора категорија исто онолку колку пред педесет години, тогаш, се разбира, тие обајцата заработуваат средно 4 пати повеќе одошто порано. Меѓутоа ако во некоја земја на првата трудова категорија ѝ припаѓаат само илјада, а во втората — милион луѓе, тогаш 999.000 луѓе не живеат подобро одошто живееле пред педесет години, а ако едновремено со тоа цените на најнеопходните предмети се пораснати, тогаш тие живеат уште полошо одошто порано. И со помошта на таков вид површни средни пресметувања луѓето сакаат да се измамат во однос на најмногубројната класа на населението. Освен тоа, големината на надницата е само еден од моментите при проценувањето на доходот на работникот, бидејќи за одмерувањето на тој доход има суштествено значење уште и обезбедената трајност за добивање доход, а за тоа не може да станува ни збор при анархијата на таканаречената слободна конкуренција со нејзините постојани колебања и периоди на застој. И најпосле, не бидува да се испушти од предвид и разликата во обичното траење на работниот ден тогаш и сега. Последниве дваесет и пет години, т.е. токму со времето на воведувањето на машини што го заштедуваат трудот во памучната индустрија, работниот ден на англиските работници во таа гранка на индустријата, во резултат на ламтежот на претприемачите за печалба, се зголеми до 12-16 часа, а продолжувањето на работниот ден во една земја и во една гранка на индустријата — при уште насекаде признатото право за неограничена експлоатација на бедните од богатите — мораше во поголема или помала мерка да се покаже и другаде“ (Шулц, „Движење на производството“, стр. 65).

„Сепак, дури кога тврдењето дека средниот доход на сите класи на општеството пораснал — би било толку вистинито колку што во стварност се покажува погрешна, тогаш сепак би можеле да се зголемуваат разликите и релативното заостанување на едни доходи од други и како резултат на тоа би можела уште поостро да избие спротивноста меѓу богатството и бедата. Бидејќи токму затоа што сета продукција расте и во исто толкава мера растат и потребите, копнежите и барањата, а, значи, може да расте и релативната беда, додека апсолутната беда се намалува. Ескимот што троши туленово масло и загорчена риба, не e сиромашен, бидејќи во неговото затворено општество сите имаат еднакви потреби. Но во држава што напредува, во која за некои десеттина години вкупната продукција пропорционално со бројноста на населението се зголемила за една третина, работникот, што заработува исто онолку колку и пред десет години, не останал на поранешното рамниште на благосостојба, а станал посиромашен за една третина“ (исто таму стр. 65—66).

Меѓутоа, политичката економија гледа во работникот само работно животно, само добиток, чии што потреби се сведени на најнеопходните физички потреби.

„За да се развива послободно во духовен однос еден народ тој не треба да биде повеќе роб на своите физички потреби, поробен од својата снага. Нему му е, значи, неопходно да има слободно време за духовна дејност и духовни наслади. Напредокот во организацијата на трудот дава можност да се најде време за тоа. Па во наши дни, при нови погонски сили и усовршување на машините, еден работник од памучната фабрика често исполнува работа за која порано требало 100 и дури 250-350 работници. Аналогни резултати има во сите гранки на производството, затоа што кон човечкиот труд во сѐ поголема и поголема мера се принудуваат на учество надворешните сили на природата. Ако загубата на време и човечка сила, неопходни за задоволувањето на извесно количество материјални потреби, би се намалила двојно, тогаш едновремено со тоа, без штета за физичката благосостојба, во исто толкава мера се зголемило слободното време за духовна дејност и духовна наслада. Но и во однос на распределбата на пленот, завојуван од стариот Хронос во неговата најсопствена област, сѐ зависи како и порано од слепиот неправеден случај. Во Франција пресметале дека при сегашната состојба на производството, за задоволувањето на сите материјални барања на општеството, би било достатно кога секој работоспособен човек би работел средно пет часа дневно ... Без оглед на заштедата на време, постигнувана со усовршувањето на машините, должината на ропскиот труд во фабриките за многубројното население е само порасната“ (исто таму, стр. 67-68).

„Преминот од сложениот рачен труд претпоставува негово раздробување на прости операции. Но во прво време само дел од еднообразно повтораните операции им се препуштаат на машините, а другиот дел — на луѓето. Според природата на нештата, и врз основа на согласниот опит, може да се смета без сомнение дека таквата постојано еднолична дејност е исто толку штетна за духот како и за телото. Затоа при таквата поврзаност на машинската работа со простата поделба на трудот меѓу голем број човечки раце мора да ce покажат и сите негативни страни на таа поделба. Меѓу другите показатели за штетноста на таквата поделба на трудот служи и порастот на смртноста меѓу фабричките работници ... Таа огромна разлика меѓу работата на човекот со помошта на машина и неговата работа во својство на машина ... не е земена предвид“ (исто таму, стр. 69).

„Но во идниот живот на народите слепите сили на природата што дејствуваат во машините, ќе станат наши робови и крепосници“ (исто таму, стр. 74).

„Во англиските фабрики-предилници работат само 158.818 мажи и 196.818 жени. На секои 100 работници во фабриките за памук на Ланкастерското грофовство доаѓаат 103 работнички, а во Шкотска дури 209. Во англиските фабрики за лен во Лидс на 100 работници мажи имало 174 жени-работнички; во Дрyдeн и на источниот брег на Шкотска дури 280. Во англиските фабрики за свила има многу работнички; во фабриките за волна, каде што е потребна поголема физичка сила, има претежно мажи. Во северноамериканските фабрики за памук во 1833 г. напоредно со 18.593 мажи работеле не помалку од 38.927 жени. На тој начин, благодарејќи на промените во организацијата на трудот, кругот на трудовата дејност на жените се прошири ... Економски жената стана посамостојна ... Машкиот и женскиот пол се приближија еден кон друг во социјален однос (исто таму, стр. 71-72).

„Во англиските предилници што работат со пареа и вода во 1835 г. работеа 20.558 деца на возраст 8-12 години, 35.867 на возраст 12-13 и, најпосле, 108.208 на возраст 13-18 години ... Вистина, натамошните успеси на механиката, што во сѐ поголема мера го ослободуваат човекот од еднолични работни операции, дејствуваат во насока на постепено отстранување на тоа зло. Сепак на брзите успеси на механизацијата им пречи токму околноста што капиталистите имаат можност да ја експлоатираат — сѐ дури до изабување — работната сила на подолните класи, дури и нивните деца, и тоа е за нив полесно и ги чини поевтино одошто користењето на ресурсите на механиката“ (исто таму, стр. 70-71).

„Лорд Брум им дофрла повик на работниците: „Станете капиталисти!“ ... Неволјата е во тоа што милиони луѓе можат да заработат за себе скудни средства за живот само преку напорна работа, што го разурнува организмот, што го сакати човекот во морален и умствен однос, и што се принудани да сметаат за среќа добивање дури на таква, за нив погибелна работа“ (исто таму, стр. 60).

„Значи, за да живеат, луѓето што немаат сопственост, се принудени непосредно или посредно да стапуваат да служат кај сопствениците, т.е. да се постават во зависност од нив“ (Пекер, „Нова теорија на социјалната економија“ итн., стр. 409).

Домашните слуги — главени за ајлак [издржување], работниците — надница, службениците — плата или награда“ (исто таму, стр. 409-410).

„Да се дава под наем својот труд“, „да се вложува својот труд на камата“, „да се работи наместо друг“, од една страна.

„Да се дава под наем објект на трудот“, „да се вложи објект на трудот со камата“, „да се принуди друг да работи наместо тебе“, од друга страна (исто таму, стр. 411).

„Таквиот економски поредок ги осудува луѓето на такви толку одвратни видови работа, на деградација толку бедна и горчлива, што да се биде дивјак во споредба со тоа изгледа како царски живот“ (пак таму, стр. 417-418).

„Проституирање на класата на несопствениците во сите видови“ (стр. 421-422). Собирачи на стари партали.

Ч. Лаудон во книгата „Решение на проблемот за населението и исхраната“, Париз, 1842, го пресметнува бројот на проститутките во Англија на 60-70 илјади. А бројот на „жените со сомнителен морал“ исто толку (стр. 228).

„Средната должина на животот на тие несреќни бездомни суштества од моментот на нивното стапување на патот на порокот е околу 6-7 години. Според тоа, за да може бројот на проститутките да се задржи на рамништето од 60-70 илјади, во Обединетото кралство бездруго мора на тој гнасен занает секоја година да му се посветуваат најмалку 8-9 илјади нови жени, околу 24 нови жртви со секој ден, или средно по една на час; ако таа пропорција постои на сета земјина топка, тогаш општиот број на тие несреќнички бездруго стои на рамништето од милион и пол“ (пак таму, стр. 229).

„Населението на бедниците pacтe истовремено со нивната беда; на крајно стапало на скудност и сиромаштија човечките суштества се трупаат во најголем број, оспорувајќи си го еден на друг правото да страдаат ... Во 1821 г. населението на Ирска набројуваше 6.801.827 луѓе. Во 1831 г. тоа порасна на 7.764.000 мина, т.е. за 10 години се зголеми за 14%. Во Ленстер, најимотна провинција, населението се зголеми само за 8%, додека во Конот, најбедна провинција, прирастот на населението достигна 21% („Извод од статистичките иследувања за Ирска публикувани во Англија“, Виена, 1840.)“ Бјуре, „За бедата“ итн. т. I. стр. 36-37). Политичката економија го разгледува трудот апстрактно, како предмет, „трудот е стока“; ако цената е висока, значи побарувачката на стоката е многу голема; ако цената е ниска, значи понудата е многу голема; „цените на трудот како стока мораат сѐ повеќе и повеќе да опаѓаат“; на тоа принудува делум конкуренцијата меѓу капиталистот и работникот, делумно конкуренцијата меѓу работниците. „Работничкото население, што го продава трудот, по сила на околностите е принудено да се задоволи со најништожниот дел од продуктот ... Зарем не е теоријата за трудот — стока ништо друго освен теорија на замаскирано ропство,“ (пак таму, стр. 43). „Зошто во трудот здогледале само разменска вредност?“ (пак таму, стр. 44). Крупните претпријатија го купуваат предимно трудот на жените и децата, затоа што тој ги чини поевтино одошто трудот на мажите (пак таму). „Положбата на работникот наспроти оној што по испалзува неговиот труд не е положба на слободен продавач ... Капиталистот е секогаш слободен да го искористи трудот, а работникот е секогаш принуден да го продава. Вредноста на трудот сосем се уништува, ако тој не се продава секој миг. Трудот не се подава ни на натрупување, дури ни на заштеда — за разлика од вистински стоки. Трудот е живот, а животот, ако не се разменува секојдневно за храна, страда и скоро загинува. Значи, за да биде животот на човека стока, треба да се допушти ропството“ (пак таму, стр. 49-50). Според тоа, значи, ако е трудот стока тогаш тој е стока со најнесреќни својства. Но дури според основните поставки на политичката економија трудот не е стока, бидејќи не претставува „слободен резултат на слободна спогодба“. Постојното економско устројство „ја снижува истовремено и цената и наградата за трудот, тој го усовршува работникот и го понижува човекот“ (пак таму, стр. 52-53). „Индустријата стана војна, а трговијата игра“ (пак таму, стр. 62).

Само машините што преработуваат памук исполнуваат (во Англија) работа на 84.000.000 работници на рачниот труд (пак таму, стр. 193).

Досега индустријата се наоѓаше во состојба на завојувачка војна; „таа ги растураше животите на луѓето што ја составуваат нејзината армија исто толку рамнодушно како и големите завојувачи. Нејзината цел беше поседувањето на богатство, а не среќа на луѓето“ (Бјуре, цит. дело, стр. 20). „Тие интереси“ (т.е. економските интереси), „бидејќи се слободно препуштени сами на себеси ... неизбежно мораат да се судрат еден со друг. Тие немаат инаков арбитар освен војната, а решенијата на војната им досудуваат на едните пораз и смрт, за да им дадат на другите победа .... Науката бара ред и рамнотежа во судирањето на спротивни сили: непрекинатата војна е, според неа, единствено средство да се постигне мир; таа војна се вика конкуренција“ (пак таму, стр. 23).

„За да се води успешно индустриска војна, се потребни многубројни армии, што можат да се сосредочат на иста точка за да се фрлат во бој, без да се мисли на загубите. Војниците на таа армија не ги носат врз себе тешкотиите со кои се судираат нити од чувство на преданост нити од долг; тие го прават тоа само заради тоа да можат да избегнат од гладот што неизбежно ги заплашува. Нема кај нив ни приврзаност ни признателност спрема своите командири. Тие командири немаат никакви наклонети чувства спрема своите потчинети. Тие потчинети за нив не се луѓе, туку само орудија на производство, што мора да придонесуваат колку што е можно повеќе доход со колку што е можно помали трошоци. Овие грмадници работници, сѐ повеќе и повеќе потиснувани, дури ја немаат увереноста дека секогаш ќе ги користат; индустријата што ги собрала заедно им дава да живеат само тогаш кога таа има потреба од нив; а штом само може да помине без нив, таа, без размислување, ги препушта на нивната сопствена судба, и работниците се принудени да ја нудат својата личност и својата сила по онаа цена што се готови да им ја дадат. Колку е подолга, помачна и поодвратна работата што им се дава, толку полошо таа се плаќа; понекогаш гледаш работници што работејќи со непрекинато напрегање по 16 часа во денот, одвај да можат со тоа да се здобијат со право да не умрат од глад“ (пак таму, стр. 68-69).

Ние сме уверени — и таа наша увереност ја споделуваат комесарите задолжени со иследувањето на условите за живот на рачните ткаачи, — дека крупните индустриски градови за кусо време би го изгубиле своето работничко население, ако од соседните села би немало непрекинат прилив на здрави луѓе, свежа крв“ (пак таму, стр. 362).


Следно поглавје

Содржина

Маркс-Енгелсова интернет архива