Карл Маркс
Капиталот (том 1)

Оддел први
Стока и пари

ГЛАВА ПРВА

Стоката


Содржина

I. Двата фактора на стоката: употребната вредност и вредноста
II. Двојствен карактер на трудот што е претставен во стоките
III. Формата на вредноста или разменската вредност

A. Проста, поединечна или случајна форма на вредноста

1. Двата пола на изразот на вредноста: релативната форма на вредноста и еквивалентната форма
2. Релативната форма на вредност

a) Содржина на релативната форма на вредноста
б) Квантитативна определеност на релативната форма на вредноста

3. Еквивалентната форма
4. Целоста на простата форма на вредноста

B. Полна или развиена форма на вредноста

1. Развиената релативна форма на вредноста
2. Посебната еквивалентна форма
3. Недостатоци на полната или развиената форма на вредноста

C. Општа форма на вредноста

1. Изменет карактер на формата на вредноста
2. Однос меѓу развитокот на релативната форма на вредноста и еквивалентната форма
3. Премин од општата форма на вредноста во парична форма

D. Парична форма

IV. Фетишкиот карактер на стоката и неговата тајна


I. Двата фактора на стоката: употребната вредност и вредноста
(супстанцата на вредноста, големината на вредноста)

Богатството на општествата во кои владее капиталистичкиот начин на производство се пројавува како една „грамадна збирка на стоки“,[1] а одделната стока како негова елементарна форма. Поради тоа нашето испитување почнува со анализа на стоката.

Стоката, пред сѐ, е надворешен предмет, предмет што со своите својства ги задоволува човечките потреби од кој било вид. Природата на овие потреби, на пр. дали тие произлегуваат од стомакот или од фантазијата, ништо не ја изменува работата.[2] Овдека не се работи ни за тоа како ги задоволува предметот човечките потреби, дали непосредно како средство за живот, т.е. како предмет за задоволство, или по околен пат како средство за производство.

Секој полезен предмет, како железо, книга итн. треба да се разгледува од две гледни точки: по квалитет и по квантитет. Секој таков предмет е целост на многу својства и за таа може да биде полезен на разни страни. Да се откриваат овие разни полезни страни, а со тоа и разновидните начини на употреба на предметот е историски акт.[3] Таков е случајот со пронајдувањето на општествените мери за квантитетот на полезните предмети. Разликоста на стоковните мери произлегува делум од различните природи на предметите што треба да се мерат, а делум од согласност.

Полезноста на некој предмет го прави него употребна вредност.[4] Само што оваа полезност не виси во воздух. Условена со својствата на самото стоковно тело, таа без него не суштествува. Затоа самото стоковно тело, како железо, пченица, дијамант итн., е една употребна вредност или добро. Овој негов карактер не зависи од тоа дали при здобивањето на неговите употребни својства човекот дава многу или малку труд. При разгледувањето на употребните вредности секојпат се претполага нивната квантитативна определеност, како дузина часовници, аршин платно, тон железо, итн. Употребните вредности на стоките даваат материјал за една особена дисциплина: Познавање на стоката.[5] Употребната вредност се осуштествува само во употребата или во потрошувачката. Употребните вредности ја прават материјалната содржина на богатството, каква и да му е неговата општествена форма. Во општествената форма што треба да ја испитуваме тие едновремено се јавуваат и како материјални носители на разменската вредност.

Разменската вредност, пред сѐ, се појавува како квантитативен однос, како пропорција, во која употребните вредности од еден вид се разменуваат за употребните вредности од друг вид,[6] еден однос што постојано се менува со времето и местото. Оттука разменската вредност изгледа како нешто случајно и чисто релативно, а некаква во стоката внатрешна, иманентна разменска вредност (valeur intrinsѐque), се претставува како една contradictio in adjecto.[7] Да ја разгледаме работата поодблиску.

Некоја стока, на пр. 1 квартер пченица се разменува за х маст за обувки, или за у коприна, или за z злато итн., со еден збор за други стоки во најразлични пропорции. Значи, пченицата има разнообразни разменски вредности, а не само една единствена. Но поради тоа што х маст за обувки, исто така у коприна, z злато итн. се разменска вредност на еден квартер пченица, тогаш и х маст за обувки, у коприна, z злата итн. мораат да бидат една со друга заместливи или по големина еднакви разменски вредности. Од ова излегува прво: разменските вредности што важат за некоја стока изразуваат нешто еднакво. А второ: разменската вредност воопшто може да биде само начин за изразување, „појавна форма“ на некоја содржина што се разликува од неа.

Да земеме потака две стоки, на пр. железо и пченица. Во кој однос и да се врши нивната размена, тој секогаш може да се прикаже со некоја равенка во која дадено количество пченица се изедначува со некое количество железо, да земеме на пр. 1 квартер пченица = А центи железо. Што ни покажува оваа равенка? Дека во два различни предмета во еден квартер пченица како и во А центи железо суштествува нешто заедничко, од иста големина. А тоа значи дека обата се еднакви со некое трето нешто, што само по себе не е ни едниот ни другиот. Значи, мора да биде возможно секој еден од двата, до колку се разменска вредност — да се сведат на тоа трето нешто.

Ќе гo илустрираме ова со еден прост геометриски пример. За да се одредат и споредат површините на сите праволиниски фигури, овие се разделуваат на триаголници. Самиот триаголник се сведува на израз што е cоceм различен од неговата видлива фигура, — на половината од производот на неговата основа и неговата висина. Исто така, разменските вредности на стоките треба да се сведат на нешто заедничко од кое тие претставуваат поголемо или помало количество.

Ова заедничко не може да биде некое геометриско, физичко, хемиско, или некое друго природно својство на стоките. Воопшто, нивните телесни својства идат предвид само до колку тие ги прават нив употребливи, значи употребни вредности. Но, од друга страна, токму апстрахирањето од нивните употребни вредности е тоа што очигледно го окарактерисува односот во размената на стоките. Во рамките на разменскиот однос една употребна вредност чини токму толку колку и секоја друга, само ако ја има во соодветна размера. Или како што вели стариот Барбон:

„Едниот вид стока е добар колку и другиот, ако разменската вредност е од иста големина. Нити постои разлика, нити има возможност да се разликуваат предмети што имаат разменска вредност од еднаква големина... Олово или железо од 100 фунти стерлинзи има еднаква разменска вредност како злато или сребро во вредност од 100 ф. ст.“[8]

Како употребни вредности стоките, пред сѐ, се од различен квалитет, а како разменски вредности тие можат да бидат само од различен квантитет, па според тоа не содржат ни атом употребна вредност.

Ако ја оставиме сега настрана употребната вредност на стоковните тела, тогаш им останува уште само едно својство: својство да се производ на трудот. Но и производот на трудот веќе ни се измени во рацете. Штом го апстрахираме од неговата употребна вредност, ние сме го апстрахирале и од неговите телесни составни делови и од формите што го прават употребна вредност. Сега тој веќе не е ни маса, ни куќа, ни преѓа, ни кој било друг полезен предмет. Сите негови сетилни својства се изгубени. Сега тој веќе не е ни производ на дрводелскиот, ни на градежниот, ни на предачкиот, ни на некој друг определен производен труд. Заедно со полезниот карактер на производите од трудот исчезнаа и полезните карактери на видовите труд претставени во него, исчезнаа значи и различните конкретни форми од тие трудови, тие веќе не се разликуваат, туку сите заедно се сведени на еднаков човечки труд, на човечки труд земен апстрактно.

Да га разгледаме сега residiuum-от од производите на трудот. Од нив не преостана ништо друго освен истата сеништна предметност, проста здрвена смеса од безразличен човечки труд, т.е. потрошок на човечка работна сила Без оглед на формата на нејзиното трошење. Тие предмети сега претставуваат уште само тоа што за нивното произведување е потрошена човечка работна сила, што во нив е натрупан човечки труд. Како кристали на оваа ним заедничка општествена супстанца тие се вредности — вредности на стоки.

Во самиот разменски однос на стоките ни се појави нивната разменска вредност како нешто сосем независно од нивните употребни вредности. Ако сега вистински ја апстрахираме употребната вредност од производите на трудот, ќе ни остане вредноста која штотуку ја определивме. Според тоа, заедничкото што се покажува во односот на размената или во разменската вредност на стоката, е нејзината вредност. Натамошниот тек на испитувањето ќе нѐ врати на разменската вредност како на нужен начин за изразување или појавна форма на вредноста на стоката, што сепак прво треба да ја разгледаме независно од оваа форма.

Некоја употребна вредност, или добро, значи има вредност само затоа што во неа е опредметен или материјализиран апстрактен човечки труд. Па како да се мери сега големината на нејзината вредност? Со количество во неа содржан труд, „супстанцата што ја создава вредноста“. Самото количество на трудот се мери со неговото временски траење, а работното време има пак своја мера во определени делови од времето, како што се час, ден, итн.

Поради тоа што вредноста на една стока е определена со количество труд потрошено за време на нејзиното производство, би можело да изгледа дека стоката на некој човек ќе има толку поголема вредност колку е тој помрзлив или понеопитен, зашто за тоа нему му треба повеќе време за нејзината изработка. Но трудот, што ја сочинува супстанцата на вредноста, е еднаков човечки труд, трошење и иста човечка работна сила. Целокупната општествена работна сила, што се изразува во целокупната вредност на стоковиот свет, овде важи како една и иста човечка работна сила, иако таа се состои од безбројни индивидуални работни сили. Секоја од овие индивидуални работни сили е еднаква со секоја друга човечка работна сила, до колку има карактер на општествена средна работна сила и до колку дејствува како таква општествена работна сила, па значи и до колку и треба за произведување извесна стока само средно потребно или општествено потребно работно време. Општествено потребно работно време е работното време, што се бара, за да се изработи која била употребна вредност со постојните нормални услови за производството и со средниот степен од умеење и интензивност на трудот. На пр. по воведувањето на парниот разбој во Англија беше можеби доволно наполу помалку труд одошто порано, за да се претвори дадено количество преѓа во ткаенина. Вистина, на англискиот рачен ткајач и сега му треба за ова претворање исто онолку работно време колку и порано, само што сега производот на неговиот работен час претставува само половина од општествениот работен час и поради тоа паднал на половина од својата поранешна вредност.

Според тоа, големината на вредноста од некоја употребна вредност ја определува само количеството на општествено потребниот труд или работното време што е општествено потребно за нејзината изработка.[9] Одделната стока овде општо важи како среден егземплар од својот род.[10] Стоките, што содржат еднакво големи количества труд, или што можат да се изработат за исто работно време, поради тоа имаат и вредност од иста големина. Вредноста на една стока се однесува спрема вредноста на некоја друга стока, како работното време потребно за произведување на едната според работното време потребно за произведување на другата. „Како вредности сите стоки се само определено количество на здрвено работно време.“[11]

Поради тоа големината на вредноста на некоја стока би останала постојана, кога би било постојано работното време потребно за нејзиното произведување. Но, последново се изменува со секое изменување во производната сила на трудот. Производната сила на трудот се определува од разни околности, меѓу другите од средниот степен на работниковата вештина, степенот на развитокот на науката и нејзината технолошка применливост, општествената организација на процесот на производството, обемот и делотворноста на средствата за производство, и од природните услови. На пр. иста количество труд при добра жетва ќе се покаже во 8 бушели пченица, а при лоша само во 4. Исто количество труд дава повеќе метал во богатите, отколку во сиромашните рудници итн. Дијамантите ретко се најдуваат во земјината кора, и затоа нивното изнајдување чини средно многу работно време.

Значи, тие претставуваат во мал обем многу труд. Џекоб се сомнева, дека златото некојпат си ја исплатило својата полна вредност. Уште повеќе ова важи за дијамантите. Според Ешвеге во 1823 год., вкупната осумдесетгодишна експлоатација на бразилските дијамантски полиња уште не ја достигнала цената на средниот производ што го давале бразилските плантажи со шеќер и кафе за година и пол, иако претставувале многу повеќе труд, значи и повеќе вредност. Рудниците да се побогати истото количество труд би се претставувало во повеќе дијаманти и нивната вредност би паднала. Ако се овозможи да се претвори со малку труд јагленот во дијамант, неговата вредност може да падне под вредноста на тулата. Воопшто: колку е поголема производната сила на трудот, толку за изработка на некој артикал се сака помалку работно време, толку е помала масата труд кристализирана во него, толку е помала неговата вредност. И обратно: колку е помала производната сила, толку е поголемо работното време потребно за изработка на извесен артикал, толку е поголема неговата вредност. Значи, големината на вредноста на една стока се изменува директно според количеството, а обратно според производната сила на трудот што се осуштествува во неа.[1*]

Некој предмет може да биде употребна вредност, а да не биде вредност. Ваков случај имаме кога неговата полза за луѓето не се постигнува со труд. Така е со воздухот, необработуваната почва, природните ливади, дрвото што диво расте итн. Некој предмет може да биде полезен и производ на човечкиот труд, а да не биде стока. Секој оној што со својот производ ја задоволува својата потреба, вистина создава употребна вредност, но не и стока. За да произведе стока, мора да произведе не само употребна вредност, туку употребна вредност за други, општествена употребна вредност. (И не само просто за други. Во средниот век селанецот произведуваше жито за давачка на феудалниот господар, и жито за десеток на попот. Но ниту житото за давачка, ниту житото за десеток не биле стоки, иако се произведувани за други. За да стане стока, производот мора да се пренесе на друго лице, на кое ќе му служи како употребна вредност, преку размена.)[11a] Најпосле никаков предмет не може да биде вредност, ако не е предмет за употреба. Ако е тој бесполезен, тогаш е бесполезен и трудот содржан во него, не се смета за труд и затоа не создава никаква вредност.

ІI Двојствен карактер на трудот што е претставен во стоките

Отпрво стоката ни се покажа како нешто двородно, како употребна вредност и разменска вредност. После се покажа дека и трудот, до колку е изразен во вредноста, веќе не ги поседува истите белези, што му припаѓаат како на создавач на употребни вредности. Оваа дворедна природа на трудот содржана во стоката за првпат јас критички ја докажав.[12] Бидејќи оваа точка е излезна точка, околу која се врти разбирањето на политичката економија, ќе ја расветлиме овде поодблиску.

Да земеме две стоки, да речеме еден капут и 10 аршини платно. Нека е вредноста на првата двапати поголема од вредноста на втората, така што, ако вредноста на 10 аршини платно е = W, на капутот е = 2 W.

Капутот е една употребна вредност што задоволува некоја посебна потреба. За да се направи тој, потребен е определен вид производна дејност. Оваа е определена од нејзината цел, од начинот на оперирањето, од предметот, средството и од резултатот. Трудот, чија полезност се претставува вака во употребната вредност на неговиот производ, или во тоа што неговиот производ е употребна вредност, ќе го викаме кратко полезен труд. Од оваа гледна точка трудот секогаш се разгледува со оглед на неговиот полезен ефект.

Како што капутот и платното се квалитативно различни употребни вредности, така се квалитативно различни и видовите труд со кои тие дошле до суштествување — шиењето и ткаењето. Ако овие предмети не се квалитативно различни употребни вредности, а оттука и производи на квалитативно различни полезни видови труд, не би можеле воопшто да се противпоставуваат како стоки. Не се разменува капут за капут, иста употребна вредност за иста употребна вредност.

Во целокупноста на разнородните употребни вредности или стоковните тела се пројавува една целокупност на полезните видови труд исто толку многуобразни, разделени на исто толку различни родови, видови, фамилии, подвидови и варијанти — т.е. се пројавува една општествена поделба на трудот. Таа е услов за егзистенција на стоковното производство, иако обратно стоковното производство не е услов за егзистенција на општествената поделба на трудот. Во староиндиската општина трудот општествено е поделен, но без да станат производите стоки. Или, еден поблизок пример: во секоја фабрика трудот е систематски поделен, но до оваа поделба не се дојдува со тоа што би си ги разменувале работниците меѓусебно своите индивидуални производи. Само производите на самостојни и меѓу себе независни приватни видови труд противстојат едни спроти други како стоки.

И така видовме: во употребната вредност на секоја стока се најдува определен целесообразен производен или полезен труд. Употребните вредности не можат да противстојат една спроти друга како стоки, ако во нив не се најдуваат квалитативно различни полезни видови труд. Во една општество, каде што неговите производи општо ја земаат формата на стока, т.е. во едно општество од производители на стоки, оваа квалитативна разлика на полезните видови труд, што се вршат независно едни од други како приватни дејности на самостојни производители, се развива во еден многучлен систем, во една општествена поделба на трудот.

За капутот, меѓутоа, е безразлично, дали го носи шивачот или клиентот на шивачот. Во обата случаја тој дејствува како употребна вредност. Исто така, не се изменува ни односот меѓу капутот и самиот труд што го произведува со тоа што шиењето станува посебна професија, самостоен член од општествената поделба на трудот. Таму каде што го натерала нуждата за облекување, човекот шиел со илјади години пред некој човек да стане шивач. Но суштествувањето на капутот, платното и на секој елемент од материјалното богатство што не ни иде готов од природата, секогаш морало да се создава со една посебна, целесообразна производна дејност, која одделните природни материи ги приспособува за одделните човечки потреби. Поради тоа, трудот како создавач на употребни вредности, како полезен труд, е еден услов за суштествувањето на луѓето, независен од сите општествени форми, вечна природна нужност, да се овозможи размената на материјата меѓу човекот и природата, т.е. човечкиот живот.

Употребните вредности: капутот, платното итн., накратко стоковните тела, се соединение од два елемента, од природната материја и трудот. Ако ја одземеме вкупната сума од сите различни полезни видови труд, што се најдуваат во капутот, платното итн., секогаш ќе ни преостане еден материјален остаток, што постои од самата природа без содејство на човекот. Во своето производство човекот може да постапи само така, како и самата природа, т.е. може само да ги менува формите на материјата.[13] Нешто повеќе. Во самиот овој труд околу оформувањето човекот севезден е помогнуван од природните сили. Значи, трудот не е единствениот извор на употребните вредности, на материјалните богатства, што ги произведува. Трудот, како што вели Вилијам Пети, е неговиот татко, а земјата е неговата мајка.

Да поминеме сега од стоката, како употребен предмет, на стоката како вредност.

Според нашата претпоставка, капутот има двапати поголема вредност од платното. Но тоа е само една квантитативна разлика што засега уште не нѐ интересира. Ние затоа потсетуваме дека, ако вредноста на еден капут е 2 пати поголема од вредноста на 10 аршини платно, 20 аршини платно имаат иста големина на вредноста како и еден капут. Како вредности, капутот и платната се предмети од иста супстанца, објективен израз на еднороден труд. Туку шиењето и ткаењето се квалитативно различни видови труд. Но има општествени состојби, каде што истиот човек наизменично шие и ткае, каде што поради тоа и двата различни начина на трудот се само сменување на трудот од една иста индивидуа, а уште не се одделни цврсти функции од различни индивидуи, токму онака како што капутот, што нашиот шивач денеска го прави, и панталоните, што ќе ги направи утре, претставуваат само варијации од еден ист индивидуален труд. Натаму е очевидно, дека во нашето капиталистичко општество, во зависност од измените на правецот во барањето на трудот, извесен дел од општествениот труд наизменично се предлага де во форма на шиење, де во форма на ткаење. Ова менување на формата на трудот не оди без извесно триење, но тоа мора да оди. Ако се одземе определеноста од производната дејност, а според тоа и полезниот карактер на трудот, тогаш во неа ни останува само едно, дека е потрошок на човечка работна сила. Шиењето и ткаењето, иако се квалитативно различни производни дејности, и двете се производно трошење на човечкиот мозок, мускули, нерви, раце итн., а во оваа смисла обете се човечки труд. Тие се само две различни форми за потрошок на човечка работна сила. Секако, самата човечка работна сила мора да биде повеќе или помалку развиена, за да се потроши во оваа или онаа форма. Но вредноста на стоката претставува просто човечки труд, потрошок на човечки труд воопшто. Како што сега во буржоаското општество еден генерал или банкар игра голема ролја, а човекот напротив само сосема бедна,[14] исто така е овде и со човечкиот труд. Тој е потрошок на проста работна сила, што без посебно развивање ја има средно во својот организам секој обичен човек. Вистина, карактерот на самиот среден прост труд се сменува според различните земји и културни епохи, но тој е даден за секое определено општество. Покомплицираниот труд важи само како потенциран или подобро речено мултиплициран прост труд, така што едно помало количество од комплицираниот труд е еднакво со едно поголемо количество од простиот труд. Опитот покажува, дека такво сведување од сложен труд на прост се врши постојано. Некоја стока може да биде производ на најкомплициран труд, нејзината вредност се изедначува со производот на простиот труд, та затоа и самата претставува само определено количество прост труд.[15] Различните пропорции, во кои најразлични видови труд се сведуваат на прост труд како на своја единица за мера, се утврдуваат од еден општествен процес зад грбот на производителите и оттука ним им се чини како да се утврдени по преданијa. За да се упрости натамошното излагање, секој вид работна сила ќе важи непосредно како проста работна сила, со што само ќе заштедиме во трудот за сведување.

Значи, како што во вредностите на капутот и платното е апстрахирана разликата од нивните употребни вредности, така и во видовите труд што се изразени во овие вредности, е апстрахирана разликата од нивните полезни форми, од шиењето и ткаењето. Како што употребните вредности на капутот и платнато се единство на целесообразни, производни дејности од ткаенината и преѓата, а вредностите на капутот и платното напротив се само смеса од еднороден здрвен труд, исто така и видовите труд, содржани во овие вредности, не важат поради своите производни односи кон ткаенината и преѓата, туку само како потрошок на човечка работна сила. Шиењето и ткаењето се елементи во создавањето на употребните вредности на капутот и платното токму затоа што се од различен квалитет; а супстанца на вредноста од капутот и на вредноста од платното се само, до колку обете имаат, кога ќе им ги одземеме посебните квалитети, еднаков квалитет, квалитет на човечки труд.

Но капутот и платното не се само вредности воопшто, туку вредности од определена големина, а според нашата претпоставка капутот има двапати поголема вредност од 10 аршини платно. Од каде оваа разлика во големината на нивните вредности? — Оттука, што платното содржи наполу помалку труд одошто капутот, така што за производство на последниот треба работната сила да троши двапати подолго време отколку за производство на првото.

Според тоа, додека во однос на употребната вредност трудот содржан во стоката важи само квалитативно, дотогаш во однос на големината на вредноста тој важи само квантитативно, бидејќи тој веќе е сведен на човечки труд без натамошен квалитет. Таму за трудот се праша како и што, овде колку и за неговото временско траење. Бидејќи големината на вредноста од некоја стока го претставува само количеството на трудот содржан во неа, тоа стоките во извесна пропорција секогаш мораат да бидат вредности од еднаква големина.

Ако остане неизменета производната сила на сите полезни видови труд, нужни да речеме, за производство на еден капут, тогаш големината на вредноста на капутите расте со нивното сопствено количество. Ако еден капут претставува х работни дена, тогаш 2 капута претставуваат 2 х работни дена итн. Но да земеме оти потребниот труд за производство на еден капут се удвоил или преполовил. Во првиот случај еден капут ќе има вредност колку што имале порано 2, а во вториот случај 2 капута ќе имаат толку вредност колку што имал порано еден, иако во обата случај а и сега како и досега капутот ја врши истата услуга, а полезниот труд, содржан во него, останува и сега како и досега со неизменет квалитет. Но се изменило количеството труд потрошено за неговото производство.

Поголемо количество употребна вредност сама по себе е и поголемо материјално богатство, два капута поголемо од еден. Со два капута можат да се облечат двајца луѓе, а со еден само еден итн. Сепак на растежната маса од материјалното богатство може да ѝ одговара еден едновременен пад на големината на неговата вредност. Ова спротивно движење произлегува од двородниот карактер на трудот. Производната сила, природно, секогаш е производна сила на полезен, конкретен труд, и фактички го определува само степенот на ефективноста на целесообразната производна дејност во даден период. Оттука полезниот труд ќе стане побогат или поскуден извор на производи во вистинска сразмера според порастот или падот на својата производна сила. Напротив, една измена во производната сила сама по себе никако не го засегнува трудот што е претставен во вредност бидејќи производната сила ѝ припаѓа на конкретната, полезната форма на трудот, природно е дека таа веќе не може да се однесува на трудот, штом од него ја апстрахираше неговата конкретна, полезна форма. Поради тоа истиот труд во истиот период ја создава секогаш истата големина на вредност, па како и да се менува производната сила. Но тој во ист период дава различни количества употребни вредности, повеќе, ако производната сила порасте, помалку, ако падне. Значи, истата измена во производната сила што ја зголемува плодноста на трудот, а со тоа и масата на употребните вредности што ги дава трудот, ја смалува големината на вредностите од оваа зголемена целокупна маса, ако го скуси збирот на работното време потребно за нејзиното производство. И обратно.

Секој труд од една страна е потрошок на човечка работна сила во физиолошка смисла и во ова својство на еднаков човечки или апстрактен човечки труд ја создава вредноста на стоката. Од друга страна, секој труд е потрошок на човечка работна сила во посебна целесообразна форма, а во ова својство на конкретен полезен труд тој произведува употребни вредности.[16]

3. Формата на вредноста или разменската вредност

Стоките се јавуваат на светов во форма на употребни вредности или на стоковни тела, како што се железа, платно, пченица итн. Тоа им е нивната самоделска, природна форма. Сепак тие се стоки само затоа, што се нешто двородно, употребни предмети, а во исто време и носители на вредноста. Според тоа, се јавуваат како стоки или имаат форма на стока само до колку имаат двородна форма: природна и вредносна форма.

Предметноста на вредноста на стоката се разликува од вдовицата Hurtig со тоа што не се знае од која страна да ѝ се пристапи. Директно спротивно на сетилната груба предметност на стоковните тела, во предметноста на нивната вредност не влегува ни атом природна материја. Затоа може некоја одделна стока да се врти и превртува до не знам кога, како предмет од вредност таа останува непоимлива. Сепак, ако се сетиме дека стоките имаат предметност на вредноста само доколку се тие израз на едно исто општествена единство, на човечки труд, та според тоа предметноста на нивните вредности е чисто општествена, тогаш сама од себе се разбира дека таа може да се појави само во општествениот однос на стока спроти стока. Вистина, ние тргнавме од размeнската вредност, или од разменските односи на стоките, за да ѝ влеземе во трагата на вредноста што се крие во нив. Сега ние мораме да се вратиме на оваа појавна форма на вредноста.

Секој знае, дури инаку и ништо друго да не знае, дека стоките имаат една заедничка форма на вредноста — паричната форма, која е краен остар контраст на шарените природни форми на нивните употребни вредности. Но сега овде треба да се изврши она, што буржоаската економија дури не се обиде да го стори, треба, имено, да се докаже генезата на оваа парична форма, треба, значи да се проследи развитокот на изворот на вредноста, содржан во односот на вредностите на стоките, почнувајќи од неговиот најпрост, најневиден лик, па до блескавата парична форма. Заедно со тоа пак ќе исчезне загатката за парите.

Најпростиот однос на вредноста, очевидно е односот на вредноста во кој се најдува една стока спроти една единствена која било друга стока од различен вид. Затоа односот на вредностите од две стоки го дава најпростиот израз на вредноста за една стока.

А. Проста, поединечна или случајна форма на вредноста

х стока А = у стока В, или х стока А чини = у стока В.

(20 аршини платно = 1 капут, или 20 аршини платна чини 1 капут.)

1. Двата пола на изразот на вредноста: релативната форма на вредноста и еквивалентната форма

Тајната на секоја форма на вредноста е содржана во оваа проста форма на вредноста. Поради тоа нејзината анализа претставува вистинска тешкотија.

Две разнородни стоки, А и В, во нашиот пример платното и капутот играат овде, очигледно, две различни ролји. Платното ја изразува својата вредност во капутот, а капутот служи како материјал за изразување на оваа вредност. Првата стока игра активна, а втората пасивна ролја. Вредноста на првата стока е претставена како релативна вредност или таа се најдува во релативна форма на вредноста. Втората стока функционира како еквивалент или се најдува во еквивалентна форма.

Релативната форма на вредноста и еквивалентната форма се моменти што одат еден со друг, заемно се условуваат, неразделни се, но едновремено се и спротивни крајности, што една со друга се исклучуваат, т.е. тие се полови на ист израз на вредноста, секојпат се разделуваат на различни стоки, кои изразот на вредноста ги става во меѓусебен однос. На пр., вредноста на платното не можам да ја изразам во платно. 20 аршини платно = 20 аршини платно не е никаков израз на вредноста. Нешто повеќе, оваа еднаквост говори за обратното: 20 аршини платна не се ништо друго освен 20 аршини платно, едно определено количество употребен предмет платно. Вредноста на платното, значи, може да се изрази само релативно, т.е. во друга стока. Оттука релативната форма на вредноста на платното претполага спроти неа да се најде во еквивалентна форма една друга која било стока. Од друга страна, оваа друга стока, што фигурира како еквивалент, не може во исто време да се најдува во релативна форма на вредноста. Таа не ја изразува својата вредност. Таа само доставува материјал за изразување на вредноста на некоја друга стока.

Вистина, изразот 20 аршини платно = 1 капут, или 20 аршини платна вредат 1 капут, вклучува во себе и обратен однос: 1 капут = 20 аршини платно, или 1 капут вреди 20 аршини платно. Но ако сакам вредноста на капутот да ја изразам релативно, морам да ја обрнам еднаквоста, а штом ќе го сторам таа, платното станува еквивалент место капутот. Според тоа, една иста стока не може во ист израз на вредноста да се јави едновремено во двете форми. Уште повеќе, тие се исклучуваат полусно.

Дали сега некоја стока се најдува во релативна форма на вредноста или во спротивната еквивалентна форма, секојпат зависи исклучиво од нејзиното место во изразот на вредноста, т.е. од тоа дали е таа стока што ѝ се изразува вредноста или е стока со која се изразува вредноста.

2. Релативната форма на вредност

а) Содржина на релативната форма на вредноста

За да се изнајде како се крие простиот израз на вредноста од некоја стока во односот на вредностите од две стоки, прво мора овој однос да се разгледа сосем независно од неговата квантитативна страна. Обично се поставува токму обратно, па во односот на вредностите се гледа само пропорција во која се изедначуваат една со друга определени количества од два вида стоки. Се заборава, притоа, дека големините на различни предмети стануваат квантитативно споредливи само кога ќе се сведат на иста единство. Само како израз на исто единство тие се едноимени, па затоа и мерливи големини.[17]

Било да се 20 аршини платна = 1 капут или = 20 или х капути, т.е. вреди ли даденото количество платно малку или многу капути, секоја таква пропорција секогаш вклучува во себеси дека капутот и платното како големини на вредности се израз на исто единство, предмети од иста природа. Платно = капут, тоа е основата на равенката.

Но двете квалитативно изедначени стоки не играат иста ролја. Се изразува само вредноста на платното. И тоа како? Со неговиот однос спроти капутот како спроти негов „еквивалент“ или со нешто што е „разменливо“ за него. Во овој однос капутот служи како форма за егзистенција на вредноста, како предмет од вредност, дека само како таков тој е исто што и платното. Од друга страна, сопственото вредносно битие на платното излегува на видело, или добива самостоен израз, со тоа што платното само како вредност може да се стави во однос спроти капутот како спроти нешто што е од еднаква вредност, или што е разменливо за него. Така и маслената киселина е тело различно од пропилформатот. Сепак обете тела се состојат од исти хемиски супстанци — од јагленород (С), водород (Н), кислород (О) и тоа во еднаков процентуален состав, имено C4H8O2. Кога би ја изедначиле сега маслената киселина со пропилформатот, тогаш би значело дека во овој однос прво пропилформатот важи само како форма за егзистенција на C4H8O2, и второ, со тоа би било речено, дека и маслената киселина се состои од C4H8O2. Со изедначувањето на пропилформатот со маслената киселина, значи, ние би ја изразиле нивната хемиска супстанца за разлика од нивната телесна форма.

Кога велиме оти стоките, како вредности, се просто здрвен човечки труд, тогаш нашата анализа ги сведува нив на вредносна апстракција, но не им дава никаква форма на вредност различна од нивната природна форма. Инаку е во односот на вредностите на една стока спроти друга. Овдека вредносниот карактер на едната стока се појавува во нејзиниот сопствен однос спроти другата стока.

На пр., со тоа што капутот како предмет од вредност е изедначен со платното, се изедначува и трудот содржан во него со трудот што се најдува во платното. Сега, вистина, шиењето што го прави капутот е конкретен труд, различен од ткаењето што го прави платното. Но изедначувањето со ткаењето го сведува кроењето фактички на она што е вистински еднакво на двата вида труд, на нивниот заеднички карактер на човечки труд. Така со ова по обиколен пат е речено дека и ткаењето, до колку ткае вредност, нема никаков белег што би го разликувал од шиењето, значи дека тоа е апстрактен човечки труд. Само со изразување на еквивалентностите на разнородни стоки се изнесува на видело специфичниот карактер на трудот што создава вредност, бидејќи со тоа разнородните видови труд, содржани во разнородните стоки, вистински се сведуваат на она што им е општо, на човечки труд воопшто.[17a]

Недостатно е, меѓутоа, да се изрази само специфичниот карактер на трудот, од кој се состои вредноста на платната. Човечката работна сила во течна состојба или човечкиот труд, создава вредност, но самиот тој не е вредност. Тој станува вредност дури кога ќе дојде во здрвена состојба, кога ќе добие предметна форма. За да се изрази вредноста на платното како здрвен човечки труд, таа мора да се изрази како „предметност“, што како предметот се разликува од самото платно, а едновремено е заедничка со него со другите стоки. Задачата веќе е решена.

Во однос на вредноста на платното, капутот важи како нешто квалитативно еднакво со платното, како предмет од иста природа; бидејќи тој е вредност. Затоа овде важи како предмет во кој се појавува вредноста, или кој ја претставува вредноста со својата опипливо природна форма. Вистина, сега капутот, телото на капутската стока, е сама употребна вредност. Некој капут, исто така, изразува малку вредност како и кое и да било друго парче платно. Ова само докажува дека тој во рамките на вредносниот однос спрема платното значи многу повеќе, одошто надвор од него, слично на некои луѓе што значат повеќе во капут со злато опшиен одошто надвор од него.

За производството на капутот вистински е потрошена во форма на шиење човечка работна сила. Значи, во него е натрупан човечки труд. Од таа страна капутот е „носител на вредност“, иако самото ова негово својство не се проѕира низ него дури и кога е тој излитен. А во својот вредносен однос спрема платното тој истапува од таа страна, а поради тоа како овоплотена вреднаст, како тело на вредноста. И покрај неговата сосем закопчана појава, сепак платното ја препознава во него својата прекрасно сродна душа на вредноста. Сепак, капутот не може да претставува вредност спроти платното, а едновремено вредноста да не земе за платното форма на капут. Така и индивидуата А не може да се однесува спроти индивидуата B, како спроти едно Величество, а за А Величеството едновремено да не го земе и телесниот лик на B, па поради тоа се менуваат и цртите на лицето, косата и што не друго на Величеството, веќе според тоа како се изменува земскиот владетел.

Според тоа во односот на вредностите, во кој капутот е еквивалент на платното, капутската форма важи како форма на вредноста. Затоа вредноста на стоката платно се изразува во телото на стоката капут, вредноста на едната стока во употребната вредност на другата. Како употребна вредност платното е еден предмет сетилно различен од капутот, како вредност тој е нешто „еднакво со капутот“, па затоа изгледа како некој капут. Така тоа добива една вредносна форма различна од неговата природна форма. Неговото вредносно битие се пројавува во неговата еднаквост со капутот, како што овчата нарав на христијанинот се пројавува во еднаквоста со Божјето јагненце.

Се гледа дека сѐ што ни покажа порано анализата на стоковната вредност, ни го покажува и самото платно штом тоа влезе во врска со друга стока, со капутот. Само што тоа своите мисли ги предава само на нему својствен јазик, на стоковниот јазик. За да каже дека неговата сопствена вредност ја чини трудот со своето апстрактно својство на човечки труд, тоа вели дека капутот, до колку е од еднаква вредност со него, значи до колку е вредност, се состои од истиот труд од кој и платното. За да каже дека возвишената предметност на неговата вредност се разликува од неговото здрвено ленено тело, тоа вели дека вредноста изгледа хако капут и дека поради тоа, како предмет од вредност, и самото е еднакво со капутот како едно јајце со друго. Патем да забележиме дека стоковниот јазик освен еврејскиот има и многу други малку-многу точни дијалекти. На пр. германското „Werthsein“ не искажува така добро како романскиот глагол valere, valer, valoir, дека изедначувањето на стоката В со стоката А е израз на сопствената вредност на стоката А. Paris vaut bien une mеѕѕе.

И така, со посредство на вредносниот однос, природната форма на стоката В станува форма на вредноста од стока А, или: телото на стоката В станува огледало на вредноста од стоката А.[18] Стоката А притоа се однесува спроти стоката В како спроти тело на вредноста, како спроти материјализација на човечкиот труд, употребната вредност на В таа ја прави материјал што ќе ја изразува нејзината сопствена вредност. Вредноста на стоката А, изразена така во употребната вредност од стоката В, добива релативна форма на вредноста.

б) Квантитативна определеност на релативната форма на вредноста

Секоја стока, чија вредност треба да се изрази, е еден употребен предмет од дадено количество, 15 бушели жито, 100 фунти кафе итн. Ова дадено количество стока содржи едно определено количество човечки труд. Тоа значи оти формата на вредноста мора да изразува не само вредност воопшто, туку и квантитативно определена вредност или големина на вредноста. Поради тоа во односот на стоката А спрема стоката В, на платното спрема капутот, стоката од видот капут не се изедначува со платната само квалитативно, како тело на вредност воопшто, туку се изедначува определено количество од телото на вредноста, или од еквивалентот, на пр. 1 капут со едно определено количества платно, на пр. 20 аршини платно.

Равенката: „20 аршини платно = 1 капут, или 20 аршини платно вредат еден капут“, претполага дека во 1 капут се најдува точно толку супстанца на вредноста, колку што има во 20 аршини платна, значи обете стоковни количества прават еднакво количество труд, или работно време од еднаква големина. Но потребното работно време за производството на 20 аршини платно или на 1 капут се менува со секоја измена во производната сила на ткаењето или шиењето. Ние треба сега да го испитаме поодблиску влијанието од таквите измени врз релативниот израз на големината на вредноста.

I. Нека се измени вредноста на платното,[19] а вредноста на капутот нека остане иста. Ако потребното работно време за производство на платното се вудвои, да речеме поради сѐ поголемата неплодност на лененото поле, тогаш се вудвојува и неговата вредност. Место 20 аршини платна == 1 капут ние имаме 20 аршини платно = 2 капути, зашто сега еден капут ја содржи сама половината од работното време што е содржано во 20 аршини платно. И обратно, ако работното време потребно за производство на платното се смали наполу, да речеме поради посовршените разбои, тагаш вредноста на платното паѓа за половина. Така сега ќе имаме: 20 аршини платно = 1/2 капут. Значи, релативната вредност на стоката А, т.е. нејзината вредност изразена во стоката В, се крева и паѓа во права сразмера со вредноста на стоката А, ако вредноста на стоката B остане неизменета.

II. Вредноста на платното нека остане постојана, додека вредноста на капутот се менува. Под такви околности, ако се вудвои работно време потребно за производство на капутот, да речеме поради слабиот стриг на волна, тогаш место 20 аршини платно = 1 капут, ние ќе имаме сега 20 аршини платно = 1/2 капут. Напротив, ако падне вредноста на капутот наполу, тогаш 20 аршини платно = 2 капути. Според тоа, кога вредноста на стоката А не се менува, тогаш нејзината релативна вредност изразена во стоката В, се крева или паѓа во обратна сразмера според измената во вредноста на стоката B.

Ако ги споредиме разните случаи под I и II, тогаш произлегува дека истата измена во големината на релативната вредност, може да произлезе од сосем спротивни причини. Така од равенката: 20 аршини платно = 1 капут, станува 1) равенката 20 аршини платно = 2 капути, било дека вредноста на платното се вудвоила или дека наполу паднала вредноста на капутот, и 2) равенката 20 аршини платно = 1/2 капут, било дека вредноста на платното се преполовила, или дека вредноста на капутот се вудвоила.

III. Да земеме да се измени во исто време, во ист правец и во иста сразмера, количеството на трудот потребно за производство на платното и за производство на капутот. Во овој случај и сега ќе биде како понапред: 20 аршини платна = 1 капут, како и да се измениле нивните вредности. Измената во нивната вредност ќе ја откриеме штом ќе ги споредиме нив со некоја трета стока чија вредност не се изменила. Кога би пораснале или би се смалиле во исто време вредностите на сите стоки, во иста пропорција, тогаш нивните релативни вредности остануваат неизменети. Вистинската измена во нивната вредност би се разбрала од тоа што сега за истото време би се изработувало поголемо или помало количество стока воопшто отколку порано.

ІV. Да земеме да се измени работното време потребно за производство на платното и за производство на капутот, а со тоа и нивните вредности, во исто време, во ист правец, но во нееднаков степен или во спротивен правец итн. Влијанието на севозможни вакви комбинации на релативната вредност од некоја стока се изведува со проста примена на случаите под I, II и III.

Вистинските измени во големината на вредноста не се огледуваат нити недвосмислено нити исцрпно во нејзиниот релативен израз или во големината на релативната вредност. Релативната вредност на некоја стока може да се измени иако нејзината вредност останува постојана. Нејзината релативна вредност може да остане постојана иако се изменила нејзината вредност, и најпосле едновремените измени во големината на нејзината вредност и во релативниот израз на овие големини од вредноста, никако не мораат да се совпаднат.[20]

3. Еквивалентната форма

Видовме: Кога една стока А (платното) ќе ја изрази својата вредност во употребната вредност од некој друг вид стока В (капутот), тогаш самата таа ѝ наложува на последнава една особена форма на вредноста, форма на еквивалент. Стоката платно го изнесува на видело своето сопствено вредносно битие со тоа што со неа е изедначен капутот, без тој да земе некаква форма на вредноста различна од својата телесна форма. Значи, платното вистински го изразува своето сопствено вредносно битие со тоа што капутот е непосредно разменлив за него. Оттука следува дека еквивалентната форма на некоја стока е форма на нејзината непосредна разменливост за друга стока.

Кога еден вид стока, да речеме капутите, служи како еквивалент на еден друг вид стока, да речеме на платното, значи кога капутите примаат карактеристично својство да се најдат во форма на непосредна разменливост за платно, тогаш со тоа на никој начин не е дадена сразмерата во која капутите и платното се разменливи. Таа зависи, бидејќи е дадена големината на вредноста на платното, од големината на вредноста на капутите. Било да се изразува капутот како еквивалент, а платното како релативна вредност, или обратно, платното како еквивалент, а капутот како релативна вредност, сепак и сега, како и досега, големината на неговата вредност се определува од работното време потребно за неговото производство, значи, таа се определува независно од неговата форма на вредноста. Но штом стоката од видот капут ќе го заземе во изразот на вредноста местото на еквивалент, големината на неговата вредност не содржи никаков израз како големина од вредност. Напротив, во равенката на вредностите таа фигурира само како определено количество од извесен предмет.

На пр.: 40 аршини платно „чинат“ — колку? 2 капути. Бидејќи стоката од видот капут овде игра ролја на еквивалент, а употребната вредност на капутот важи спроти платното како тело на вредноста, тогаш е достатно определено количество капути за да се изрази вредноста на определено количество платно. Поради тоа 2 капути можат да ја изразат големината на вредноста од 40 аршини платна, но тие никогаш не можат да ја изразат својата сопствена големина на вредноста, големината на вредноста на капутите. Плиткото разбирање на фактот дека во равенката на вредноста еквивалентот има само форма на просто количество од некој предмет, на извесна употребна вредност, го довела Бејли, како и мнозина негови претходници и следбеници, во заблуда, да гледаат во изразот на вредноста само квантитативен однос. Еквивалентната форма на некоја стока, напротив, не содржи никаква квантитативна определба на вредноста.

Првата особеност што паѓа в очи при разгледувањето на еквивалентната форма е следнава: употребната вредност станува форма во која се пројавува нејзината спротивност, вредноста.

Природната форма на стоката станува форма на вредноста. Но notabene [внимавајте] ова quid pro quo [заменување] на една стока В (капут или пченица или железо итн.) се врши сама во рамките на односот на вредноста, во кој со неа стапила една, која и да било друга стока А (платно итн.), само во рамките на овој однос. Бидејќи ни една стока не може да се однесува спроти самата себе како спроти еквивалент, а според тоа ни својата сопствена кожа не може да ја направи израз на сопствената вредност, таа мора да се однесува спроти други стоки како спроти еквиваленти, или природната кожа на некоја друга стока да ја направи форма за својата сопствена вредност.

Да го илустрираме овој пример со една мера што им припаѓа на стоковните тела како на такви, т.е. како на употребни вредности. Една грутка шеќер, како тело е тешка, и затоа има тежина, но ни на една грутка шеќер нејзината тежина не може да ѝ се види ни да ѝ се гибне. Ние земаме сега различни парчиња железо чија тежина претходно е определена. Гледано за себе ни телесната форма на железото не е форма во која се пројавува тежината, како што не е тоа ни грутката шеќер. Сепак, за да ја изразиме грутката шеќер како тежина, ја ставаме во тежински однос спроти железото. Во овој однос железото важи како едно тело што ја претставува исклучиво тежината. Поради тоа количеството железо служи како мера за тежината на шеќерот, таа спроти телото на шеќерот го претставува само ликот на тежината, формата во која се пројавува тежината. Оваа ролја железото ја игра само во рамките на овој однос, во кој стапува спрема него шеќерот, или кое и да било друго тело, чија тежина сакаме да ја најдеме. Кога и двата предмета не би биле тешки, тие не би можеле да влезат во таков однос, нити пак според тоа би можел едниот да послужи како израз за тежината на другиот. Ако ги ставиме и обата на терезија, тогаш ние вистински ќе видиме дека тие се како тежини едно исто, па поради тоа, дека во определена сразмера се од иста тежина. Како што телото на железото, како мера за тежина спроти грутката шеќер ја застапува само тежината, така и во нашиот израз на вредноста телото на капутот спроти платното ја застапува само вредноста.

Но овдека престанува и аналогијата. Во изразот на тежината на грутката шеќер, железото застапува едно природно својство, заедничко на обете тела, нивната тежина — додека во изразот на вредноста на платното капутот застапува едно натприродно својство на обата предмета: нивната вредност, нешто чисто општествено.

Кога релативната форма на вредноста на некоја стока, на пр. платното, го изразува нејзиното вредносно битие како нешто сосем различно од нејзиното тело и нејзините својства, на пр. како нешто „еднакво со капутот“, тогаш самиот тој израз покажува дека во него се крие некој општествен однос. Обратно е со еквивалентната форма. Таа и се состои токму во тоа што некое стоковно тело, како капут, тој предмет, таков каков што си е, изразува вредност, значи, што од природа има форма на вредност. Вистина, ова важи само во рамките на односот на вредноста, во кој стоката платно се однесува спроти стоката капут, како спроти еквивалент.[21] Но бидејќи својствата на некој предмет не произлегуваат од неговите односи спроти другите предмети, туку, спротивно тие во такви односи само се потврдуваат, тоа изгледа дека и капутот од природа има своја еквивалентна форма, свое својство на непосредна разменливост, исто така, како што од природа, има свое својство да тежи и да топли. Оттука и загатката на еквивалентната форма која го поразува буржоаско-грубиот поглед на политичкиот економист дури тогаш, кога ќе излезе оваа форма пред него во готов вид како пари. Тогаш тој се обидува да го исчисти мистичниот карактер на златото и среброто, со тоа што ним им поттура понеблескави стоки, и секогаш сѐ со ново задоволство го прелистува каталогот на оној плебис од стоки, кој во свое време ја играл ролјата на стоковен еквивалент. Тој и не се досетува дека веќе најпростиот израз на вредноста: 20 аршини платно = 1 капут, го овозможува решавањето на загатката на еквивалентната форма.

Телото на стоката што служи како еквивалент, истапува секогаш како овоплотување на апстрактниот човечки труд, а секогаш е производ на определен полезен конкретен труд. Значи, овој конкретен труд станува израз на апстрактниот човечки труд. Ако на пр. капутот важи само како осуштествување на апстрактниот човечки труд, тогаш и шиењето, што е осуштествено вистински во него, важи како форма на ова осуштествување на апстрактниот човечки труд. Во изразот на вредноста на платното, ползата од шиењето не се состои во тоа што тоа прави алишта, па според тоа и луѓе, туку што тоа прави едно тело на кое се гледа дека е тоа вредност, значи дека е здрвен труд што по ништо не се разликува од трудот што се опредметил во вредноста на платното. За да направи едно такво огледало на вредноста, самото шиење не смее да одразува ништо друго, освен да го одразува своето апстрактно својство, својство да биде човечки труд.

Во формата шиење како и во формата ткаење се троши човечка работна сила. Поради тоа обете имаат општо својство на човечки труд и поради тоа, при определени случаи, на пр. при производството на вредноста, можат да дојдат предвид само од таа гледна точка. Во сето тоа нема ништо мистериозно, но во изразот на вредноста на стоката работата се превртува. За да се изрази на пр. дека ткаењето ја создава вредноста на платното, не во својата конкретна форма — ткаење, туку во своето општо својство на човечки труд, нему му се противставува шиењето, конкретен труд што го произведува еквивалентот на платното, како нагледна форма во која се осуштествува апстрактниот човечки труд.

Така втората особеност на еквивалентната форма е во тоа што конкретниот труд станува форма во која се пројавува неговата спротивност, апстрактниот човечки труд.

Но притоа конкретниот труд, шиењето, што важи само како израз на безразличен човечки труд, има форма на еднаквост со друг труд, со труд што се најдува во платното, и поради тоа, иако е приватен труд, како што е секој труд што произведува стоки, сепак е труд во непосредна општествена форма. Токму поради тоа се претставува во еден производ што е непосредно разменлив за друга стока. Значи, третата особеност на еквивалентната форма се состои во тоа што приватниот труд станува форма на својата спротивност, труд од непосредна општествена форма.

Обеве последни особености на еквивалентната форма ќе ни станат уште поразбирливи ако се вратиме до големиот иследувач што прв ја анализира формата на вредноста, како и толку други форми на мислењето, на општеството и на природата. Тој е Аристотел.

На прво место Аристотел сосем јасно укажува дека паричната форма на стоката е само понатака развиен вид на простата форма на вредноста, т.е. изразувањето на вредноста од некоја стока со која и да било друга стока, зашто вели:

„5 постели = 1 куќа“ (clinai pente anti oiciaς)
„Не се разликува“ од:
„5 постели = толку и толку пари“. (clinai pente anti ... oson ai pente clinai).

Тој потака увидува дека односот на вредноста што е coдpжaн во овој израз на вредноста, од своја страна, условува да бидат земени како квалитативно еднакви куќата и постелата и дека овие сетилно различни нешта без таква еднаквост на нивната сушност не би можеле да се доведат во меѓусебен однос како измерливи големини. „Без еднаквоста не може да има размена“ — вели тој — „а нема еднаквост без измерливост“ („out isothς mh oushς snmmetriaς“). Но овде тој ја прекинува натамошната анализа на формата на вредноста. „Но вистински е невозможно („th men oun alhqeia adunaton) такви разнородни нешта да бидат измерливи“, т.е. квалитативно еднакви. Ова изедначување може да биде само нешто што на вистинската природа на предметите им е туѓо, значи само „нужно спомогнување во практичната потреба“.

Значи, самиот Аристотел ни кажува на што се разбила неговата натамошна анализа, имено на тоа што му отсуствувал поимот за вредноста. Што е еднаквата, т.е. заедничката супстанца што во изразот на вредноста на постелата ја претставува куќата како постела? Такво нешто „вистински не може да суштествува“, вели Аристотел. Зошто? Куќата претставува нешто еднакво со постелата, до колку вистински го претставува тоа што е еднакво во обете, во куќата и во постелата, а тоа е човечкиот труд.

Но дека во формата на стоковните вредности сите видови труд се изразени како еднаков човечки труд, па со тоа и како видови труд од еднаква вредност, Аристотел не можеше да прочита од самиот израз на вредноста, од причина што грчкото општество почиваше врз робовски труд, што значи дека нееднаквоста на луѓето и на нивната работна сила му била природна основа. Тајната на изразот на вредноста, еднаквоста и еднаквото важење на сите видови труд, бидејќи се и до колку се човечки труд воопшто, може да се разоткрие дури тогаш, кога поимот за еднаквост на луѓето ќе ја добие тврдоста на народна предрасуда. Но тоа е возможно дури во едно општество, каде што стоковната форма е општа форма на производите на трудот. Значи и каде што односите на луѓето еден спрема друг како производители на стоки се владеачки општествени односи. Аристотеловиот гениј го покажува својот сјај токму во таа што во изразот на вредноста на стоката открил однос на еднаквост. Само историските рамки на општеството во кое живеел го спречиле да изнајде во што се состои „вистински“ тој однос на еднаквоста.

4. Целоста на простата форма на вредноста

Простата форма на вредноста на некоја стока се содржи во односот на нејзината вредност спроти некоја стока од друг вид, или во односот на размената за неа. Вредноста на стоката А квалитативно се изразува во непосредната разменливост на стоката В за стоката А. Квантитативно таа се изразува со разменливоста на едно определено количество од стоката В, за дадено количество од стоката А. Инаку речено: вредноста на некоја стока самостојно се изразува ако се претстави како „разменска вредност“. Кога во почетокот на оваа глава рековме, како што е влезено во обичај да се вели: стоката е употребна вредност и разменска вредност, тогаш тоа беше, вистински речено, неточно. Стоката е употребна вредност, односно употребен предмет и „вредност“. Таа се претставува како нешто двородно, каква што си е таа штом нејзината вредност ќе добие сопствена појавна форма различна од нејзината природна форма, форма на разменска вредност, а изолирано гледано, таа никогаш ја нема оваа форма, туку само во односот на вредноста или во односот на размената со некоја друга, од различен вид стока. Кога се има ова на ум, тогаш таков начин на изразување не пречи, туку служи за скусување.

Нашата анализа покажа дека формата на вредноста или изразот на вредноста на стоката произлегува од стоковната вредност, а не обратно, вредноста и големината на вредноста да произлегуваат од начинот на нејзиното изразување како разменска вредност. Сепак токму така си го вообразуваат тоа како меркантилистите и нивните современи поклоници како што се Ферие, Ганил, итн.,[22] така и нивните антиподи, модерните трговски патници — приврзаници на слободната трговија, како што се Бастија и компанија. Меркантилистите главната тежина ја пренесуваат на квалитативната страна на изразот на вредноста, а оттука на еквивалентната форма на стоката, што го најде својот конечен лик во парите — додека модерните прематари на слободната трговија, што по секоја цена мораат да се ослободат од нивната стока, напротив на квантитативната страна од релативната форма на вредноста. Оттука излегува дека за нив постои и вредност и големина на вредноста на стоките само во изразот што го добиваат стоките во односот на размената, значи само ако се забележани во дневниот ценовник. Шкотланѓанецот Меклод, чија функција се состои во што поучено дотерување на сосем сметканите поими на Ломбардстрит,[2*] прави успешна синтеза на празноверните меркантилисти и просветните прематари на слободната трговија.

Поблиското разгледување на изразот на вредноста од стоката А, содржан во односот на вредноста спрема стоката В, покажа дека во рамките на истиот израз природната форма на стоката А важи само како лик на употребната вредност, а природната форма на стоката B само како форма или лик на вредноста. Внатрешната спротивност меѓу употребната вредност и вредноста притаена во стоката, се претставува, значи, со една надворешна спротивност, т.е. со односот на две стоки, во кои едната стока, чија вредност треба да се изрази, важи непосредно само како употребна вредност, а, напротив, другата стока, со која се изразува вредноста, важи непосредно само како разменска вредност. Така, простата форма на вредноста на некоја стока е проста форма во која се појавува спротивноста содржана во неа меѓу употребната вредност и вредноста.

Во секоја општествена состојба производот на трудот е употребен предмет, но само една определена епоха во историскиот развиток го претставува трудот потрошен за производството на некој полезен предмет како негово „предметно“ својство, т.е. како негова вредност, го претвора производот на трудот во стока. Оттука излегува дека простата форма на вредноста на стоката, едновремено е и стоковна форма на производот на трудот, значи, развитокот на формите на стоката се совпаѓа со развитокот на формата вредност.

Уште на прв поглед се гледа недостатноста на простата форма на вредноста, на оваа зародишна форма, која дури преку низа метаморфози дозрева до формата цена.

Изразот на вредноста на стоката А во која и да било стока В, ја разликува вредноста на стоката А само од нејзината сопствена употребна вредност, и поради тоа ја доведува во однос на размена спроти само еден кој и да е одделен вид стока, што се разликува од самата неа, место да ја прикажува нејзината квалитативна еднаквост и квантитативна сразмерност со сите други стоки. На простата релативна форма на вредноста од една стока ѝ одговара поединечната еквивалентна форма од некоја друга стока. Така и капутот во релативниот израз на вредноста на платното, има еквивалентна форма или форма на непосредна разменливост само во однос на овој одделен вид стока — на платното.

Меѓутоа, поединечната форма на вредноста и сама преминува во една попотполна форма. Вистина, и со оваа форма вредноста на некоја стока А се изразува само во една стока од друг вид. Но сосем е сеедно од кој вид е оваа втора стока, или железо, или пченица итн. Така сега, во зависност од тоа како една иста стока влегува во однос на вредноста де со еден де со друг вид стока, никнуваат различни прости изрази на вредноста на една иста стока.[22a] Бројот на возможните изрази на нејзината вредност е ограничен само со бројот на видовите стоки различни од неа. Затоа поединечниот израз на нејзината вредност се претвора во постојано продолжлива редица на нејзините различни прости изрази на вредноста.

В. Полна или развиена форма на вредноста

z стока A = u стока В, или v стока С, или = w стока D, или = х стока Е, или = итн. (20 аршини платно = 1 капут или = 10 фунти чај, или = 40 фунти кафе или = 1 квартер пченица или = 2 унци злато, или = 1/2 тон железо, или = итн.

1. Развиената релативна форма на вредноста

Вредноста на некоја стока, на пр. на платното, е изразена сега во безброј други елементи од светот на стоките. Секое друго стоковно тело станува огледало на вредноста на платното.[23] Така дури сега самата оваа вредност се покажува вистински како здрвен безразличен човечки труд. Трудот што ја создава неа е претставен како труд што е буквално еднаков со секој друг човечки труд, каква и природна форма тој да има, и затоа е сеедно дали тој се опредметил во капут или во пченица, во железо или во злато итн. Поради тоа платното со својата форма на вредноста стои во општествен однос не само со еден поединечен инаков вид стока, туку со светот на стоките. Како стока, тоа е граѓанин на овој свет. Едновремено бескрајната низа од изрази на вредноста на стоките ни го кажува и тоа дека на вредноста ѝ е сеедно во која посебна форма на употребна вредност ќе се пројавува.

Во првата форма: 20 аршини платно = 1 капут може да биде случаен фактот, што тие две стоки се разменливи во определен квантитативен однос. Напротив, во втората форма веднаш се расветлува заднината што се разликува од основа од случајната појава, што ја определува неа. Вредноста на платното си останува еднаква големина па била таа претставена во капут, или кафе, или во железо итн. во безброј различни стоки од најразлични сопственици. Отпаднува случајниот однос меѓу двајца индивидуални сопственици на стоки. Станува очевидно дека размената не ја регулира големината на вредноста на стоката туку обратно, големината на вредноста на стоките го регулира нејзиниот однос во размената.

2. Посебната еквивалентна форма

Секоја стока, капут, чај, пченица, железо итн. важи во изразот на вредноста на платното како еквивалент, а со тоа како тело на вредност. Определената природна форма на секој вид од овие стоки сега е една посебна еквивалентна форма покрај многуте други. Исто така, различните, определени, конкретни, полезни видови на трудот, содржани во различните стоковни тела важат сега како исто толку посебни форми во кои се осуштествува или пројавува простиот човечки труд.

3. Недостатоци на полната или развиената форма на вредноста

Прво, релативниот израз на вредноста на стоката е недовршен, бидејќи е сочинет од низа што никогаш не се завршува. Веригата во која една равенка на вредноста се принадоврзува на друга, секогаш може да се продолжи со секој нов настанат вид стока, што дава материјал за еден нов израз на вредноста. Второ, овој израз прави еден шарен мозаик од разнородни изрази на вредности без меѓусебна врска. Најпосле, ако се изрази, како што мора да биде, релативната вредност на секоја стока во оваа развиена форма, тогаш релативната форма на вредноста на секоја стока е една бескрајна низа од изрази на вредноста, низа различна од релативната форма на вредноста на секоја друга стока. — Недостатоците на развиената релативна форма на вредноста се огледуваат и во соодветната нејзина еквивалентна форма. Бидејќи природната форма на секој одделен вид стока овде е една посебна еквивалентна форма покрај безбројни други посебни еквивалентни форми, тогаш воопшто суштествуваат само ограничените еквивалентни форми, од кои секоја ги исклучува другите. Исто така, определениот, конкретен, полезен вид труд содржан во секој посебен стоковен еквивалент е само посебна, значи не исцрпна форма, во која се појавува човечкиот труд. Вистина, последниов добива полна или тотална форма во која тој се појавува во целокупноста на овие посебни појавни форми. Но тоа значи дека тој нема единствена појавна форма.

Меѓутоа, развиената релативна форма на вредноста се состои само од еден збир на прости релативни изрази на вредноста или од равенки на првата форма, како:

20 аршини платно = 1 капут.
20 аршини платно = 10 фунти чај итн.
Но секоја од овие равенки содржи и идентично обратна равенка:
1 капут = 20 аршини платно.
10 фунти чај = 20 аршини платно.

И вистина: кога некој човек ќе го размени своето платно за многу други стоки, и поради тоа вредноста на платното ќе ја изрази во низа други стоки, тогаш многуте други сопственици на стоки нужно мораат да ги разменат своите стоки за платното и со тоа да ја изразат вредноста на своите различни стоки во една иста трета стока, во платното. И така, кога ќе го обрнеме редот: 20 аршини платна = 1 капут, или = 10 фунти чај, или = итн., т.е. кога ќе изразиме обратен однос што по самата сушност на работите се најдува во редот, тогаш ќе добиеме:

С. Општа форма на вредноста
1капут
10фунти чај
40фунти кафе
1квартер пченица
2унци злато
1/2тон железо
xх стока А итн.
      = 20 аршини платно

1. Изменет карактер на формата на вредноста

Сега стоките ги изразуваат своите вредности: 1 просто зашто ги изразуваат во една единствена стока и 2) единствено зашто ги изразуваат во една иста стока. Нивната форма на вредноста е проста и заедничка, а затоа и општа.

Формите I и II стасале обете само дотука, за да ја изразат вредноста на некоја стока како нешто што се разликува од нејзината сопствена употребна вредност, или од нејзиното стоковно тело.

Првата форма даде равенка на вредноста како: 1 капут = 20 аршини платно, 10 фунти чај = 1/2 тон железо итн. Вредноста на капутот се изразува како нешто еднакво со платното, вредноста на чајот како нешто еднакво со железото итн., но тоа нешто што е еднакво на платното и еднакво на железото, овие изрази на вредноста од капутот и чајот, иста така се разликуваат како платното и железото. Очевидно е дека во практиката оваа форма била само во првите почетоци, кога производите на трудот се претвораа во стоки само од време на време во случајна размена.

Втората форма пополно ја разликува вредноста на некоја стока од нејзината сопствена употребна вредност отколку првата, зашто сега на пр. вредноста на капутот ѝ противстои на неговата природна форма во сите возможни форми, како нешто што е еднакво на платното, еднакво на чајот, еднаква на железото итн. како еднакво на сѐ друго само не на капутот. Од друга страна, овде непосредно е исклучено секое заедничко изразување на стоковните вредности, дека сега во изразот на вредноста од секоја одделна стока сите други стоки се покажуваат само во форма на еквивалент. Развиената форма на вредноста вистински се јавува дури тогаш, кога некој производ на трудот, на пр. добитокот, повеќе не се разменува со разни други стоки како исклучок, туку веќе по навика.

Новодобиената форма С ја изразува вредноста на стоковниот свет во еден ист вид стока одделена од него, на пр. во платно, и на тој начин ја претставува вредноста на сите стоки низ нивната еднаквост со платното. Сега вредноста на секоја стока, како еднаква на платното, не се разликува само од нејзината сопствена употребна вредност, туку од секоја употребна вредност, и така, со тоа е изразено она што е во неа еднакво со сите други стоки. Поради тоа дури оваа форма вистински ги доведува стоките во однос една спрема друга како вредности, или прави да се покажуваат тие меѓу себе како разменски вредности.

И двете поранешни форми ја изразуваат вредноста на по една стока, било со по една единствена стока од друг вид, било со низа стоки различни од неа. Во обата случаја е така да се каже приватна работа на одделната стока да си даде себеси форма на вредност, и таа тоа го извршува без содејство на другите стоки. Овие играат спроти неа само пасивна ролја на еквивалент. Напротив, пак, општата форма на вредноста настанува само како заедничко дело на стоковниот свет. Една стока добива општ израз на вредноста само затоа што едновремено сите други стоки ја изразуваат својата вредност во ист еквивалент, а и секој новонастанат вид стока мора да го следи нивниот пример. Со тоа излегува на видело дека и предметноста на вредноста од стоката може да се изрази само со сестран општествен однос на стоките, дека е таа само „општествено битие“ на тие предмети, и поради тоа и нивната форма на вредноста мора да биде само форма од општествена важност.

Сега, во формата еднакво на платното, сите стоки не се покажуваат само како квалитативно еднакви, како вредности воопшто, туку и како квантитативно споредливи големини на вредност. Бидејќи тие ги огледуваат своите големини на вредноста во еден ист материјал, во платното, овие големини се огледуваат и заемно. На пр. 10 фунти чај = 20 аршини платно, и 40 фунти кафе = 20 аршини платно. Според тоа, и 10 фунти чај = 40 фунти кафе. Или во 1 фунта кафе се најдува само 1/4 од супстанцата на вредноста, од трудот, што се најдува во 1 фунта чај.

Општата релативна форма на вредноста на стоковниот свет ѝ отпечатува на стоката-еквивалент, на платното, што е исклучена од оваа форма, карактер на општ еквивалент. Неговата сопствена природна форма е заеднички лик на вредноста од овој свет, и затоа платното непосредно е разменливо за сите други стоки. Неговата телесна форма важи како очевидно овоплотување, како општа општествена материјализација на сиот човечки труд. Ткаењето, приватниот труд што произведува платно, едновремено се најдува и во општа општествена форма, во формата на еднаквост со сите други видови труд. Безбројните равенки, од кои е составена општата форма на вредноста, го изедначуваат реализираниот труд во платното редум со секој друг труд што се најдува во другите стоки, со тоа ткаењето го прави општа форма во која се пројавува човечкиот труд воопшто. На овој начин, опредметениот труд во стоковната вредност не е претставен само негативно, како труд од кој се апстрахирани сите конкретни форми и полезни својства на вистинските видови труд, туку баш изрично се истакнува неговата позитивна природа. Последнава е сведување на сите вистински видови труд на нивниот заеднички карактер на човечки труд, на потрошок на човечка работна сила.

Општата форма на вредноста, што ги претставува производите на трудот како прости здрвенки [Die Gallerte] од безразличен човечки труд, покажува со самиот свој склоп оти таа е општествен израз на стоковниот свет. Така таа ни открива дека во рамките на стоковниот свет општо човечкиот карактер на трудот го сочинува неговиот специфичен општествен карактер.

2. Однос меѓу развитокот на релативната форма на вредноста и еквивалентната форма

На степенот на развитокот на релативната форма на вредноста и му одговара степенот на развитокот на еквивалентната форма. Но треба добро да се има предвид дека развитокот на еквивалентната форма само е израз и резултат од развитокот на релативната форма на вредноста.

Простата и поединечна релативна форма на вредноста на некоја стока ја прави некоја друга стока поединечен еквивалент. Развиената релативна форма на вредноста, изразувањето на вредноста на една стока во сите други стоки, им дава форма на разнородни посебни еквиваленти. Конечно, еден особен вид стока прима форма на општ еквивалент, затоа што сите други стоки ја направиле материјал за својата единствена општа форма на вредноста.

Но во истата степен во која се развива релативната форма на вредноста воопшто, се развива и спротивноста меѓу двата нејзини пола, меѓу релативната форма на вредноста и еквивалентната форма.

Веќе првата форма — 20 аршини платно = 1 капут — ја содржи оваа спротивност, само што неа не ја фиксира. Според таа, како кога се чита равенката, однапред или одназад, секоја од овие две стоковни крајности, како платното и капутот, се најдува подеднакво де во релативна форма на вредноста, де во еквивалентна форма. Овдека сѐ уште е многу тешко да се пронајде спротивноста на половите.

Во формата II секогаш само по еден вид стока може полно да ја развие својата релативна вредност, или самата таа има развиена релативна форма на вредноста, само поради тоа што се најдуваат и до колку сите други стоки се најдуваат спроти неа во еквивалентната форма. Овдека веќе не може да се изместуваат двете страни од равенката на вредноста — како 20 аршини платно = 1 капут или = 10 фунти чај или = 1 квартер пченица — без да се измени целокупниот карактер и без да се претвори од полна во општа форма на вредноста.

Најпосле, последната форма, формата III, му дава на стоковниот свет општа општествена релативна форма на вредноста, поради тоа и до колку, сите стоки што спаѓаат во неа, со исклучок на една единствена, се исклучени од општата еквивалентна форма. Затоа една стока, платното, се најдува во форма на непосредна разменливост со сите други стоки или во непосредна општествена форма, зашто не се најдуваат и до колку не се најдуваат сите други стоки во неа.[24]

Обратно, стоката што фигурира како општ еквивалент е исклучена од единствената, а со таа и од општата релативна форма на вредноста од стоковниот свет. Ако се сака и платното, т.е. која и да било стока што се најдува во форма на општ еквивалент, да земе едновремено учество и во општата релативна форма на вредноста, таа би морала тогаш сама себе да си служи како еквивалент. Тогаш би добиле: 20 аршини платно = 20 аршини платно, една тавтологија што не изразува ни вредност ни големина на вредноста. За да ја изразиме релативната вредност на општиот еквивалент, мораме, напротив да ја превртиме формата III. Општиот еквивалент нема заедничка релативна форма на вредноста со другите стоки, туку неговата вредност релативно се изразува во бескрајната низа од сите други стоковни тела. Така развиената релативна форма на вредноста, или формата II, сега се пројавува како специфична релативна форма на вредноста за стоката-еквивалент.

3. Премин од општата форма на вредноста во парична форма

Општата еквивалентна форма е форма на вредноста воопшто. Значи, таа може да ѝ припаѓа на која било стока. Од друга страна, извесна стока се најдува во форма на општ еквивалент (во форма III) само затоа што ги исклучува и доколку ги исклучува како еквиваленти сите други стоки. И дури од моментот кога конечно ќе се ограничи ова исклучување на некој специфичен вид стока, единствената релативна форма на вредноста од стоковниот свет добива објективна цврстина и општа општествена важност.

Сега специфичниот вид стока, на која природната форма општествено ѝ сраснува со еквивалентната форма, станува парична стока или функционира како пари. Да ја игра ролјата на општ еквивалент во рамките на стоковниот свет, станува нејзина специфична општествена функција, а со тоа и нејзин општествен монопол. Ова привилегирано место меѓу стоките, што фигурираат во формата II како посебни еквиваленти на платното, а кои во формата III заеднички ја изразуваат својата релативна вредност со платното, историски го освојува една определена стока — имено златото. И поради тоа, кога во формата III ќе ја ставиме место стоката платно, стоката злата, добиваме:

D. Парична форма
20аршини платно =
1капут =
10фунти чај =
40фунти кафе =
1квартер пченица =
2ounces of gold =
1/2тон железо =
xстока А =
      = 2 унци злато

При преминот од формата I во формата II, и од формата II во формата III, стануваат основни измени. Напротив, формата IV со ништо не се разликува од формата III, освен со тоа, што сега место платното во формата на општ еквивалент се најдува златото. Во формата IV златото останува она што во формата III беше платното — општ еквивалент. Напредокот се состои само во тоа, што формата на непосредна општа разменливост или формата на општ еквивалент со општествена навика, сега конечно срасна со специфичната природна форма на стоката злато.

Златото истапува пред другите стоки како пари само затоа што порано истапувало веќе пред нив како стока. Како и сите други стоки таа функционирало како еквивалент, било како одделен еквивалент во одвоени актови на размената, било како посебен еквивалент, покрај другите еквивалентни стоки. Малку по малку, златото фатило да функционира како општ еквивалент во потесни и пошироки кругови. Штом извојувало монопол на ова место во изразот на вредноста од стоковниот свет, златото станало парична стока, и дури од моментот кога станало тоа веќе парична стока, се разликува формата IV од формата III, или општата форма на вредноста се претворила во парична форма.

Простиот релативен израз на вредноста на некоја стока, на пр. на платното, даден во стока која веќе функционира како пари, на пр. во злато, е форма на цена. Според тоа „ценовната форма“ на платното е:

20 аршини платно = 2 унци злато.
Или ако две фунти стерлинзи се монетарно име на 2 унци злато,
20 аршини платно = 2 фунти стерлинзи.

Тешкотијата за поимање на паричната форма се ограничува на поимањето на општата еквивалентна форма, значи воопшто на самата општа форма на вредноста, на формата III. Формата III се сведува, ако одиме наназад, на формата II, на развиената форма на вредноста, а нејзиниот конститутивен елемент е формата I: 20 аршини платно = 1 капут, или х стока А = у стока В. Поради тоа простата форма на вредноста е ќелија на паричната форма.

IV. Фетишкиот карактер на стоката и неговата тајна

На прв поглед стоката изгледа сама по себе разбирлива, нешто тривијално. Од нејзината анализа излегува оти таа е нешто сосем проколнато, полно со метафизички итроштини и теолошки мушички. До колку е употребна вредност, на неа нема ништо мистериозно, било јас да ја разгледувам од гледна точка дека таа, со своите својства, задоволува човечки потреби или дека ги добива тие својства дури како производ на човечкиот труд. Јасно е дека човекот со својата дејност ги менува формите на природните материи на начин што му е нему полезен. На пример, се менува формата на дрвото кога ќе се направи од него маса, но сепак масата си останува дрво, обичен сетилен предмет. Но, штом таа ќе истапи како стока, се претвора во еден сетилен и натсетилен предмет. Таа не само што стои на свои нозе на земја, ами застанува на глава пред сите други стоки, та од својата дрвена глава пушта многу почудни мушички отколку да фати сама од себе да игра.[25]

Мистериозниот карактер на стоката, значи, не произлегува од нејзината употребна вредност. Тој, исто така, не произлегува ни од содржината на определбите на вредноста. Зашто, прво, колку и да бидат различни полезните видови труд или производните дејности, физиолошка вистина е дека тие се функции на човечкиот организам и дека секоја таква функција, каква и да била содржината и формата, во основа е трошење човечки мозок, нерви, мускули, сетилни органи итн. А второ, тоа, што служи како основа за определување на големината на вредноста, е временското траење на ова трошење, или квантитетот на трудот, а на овој начин квантитетот на трудот може дури осетно да се разликува од неговиот квалитет. Во сите општествени состојби луѓето морало да ги интересира колку работно време е потребно за производство на средствата за живот, иако тоа не било еднакво на различните степени на развитокот.[26] Најпосле, штом луѓето работат еден за друг било на кој начин, нивниот труд добива, исто така, една општествена форма.

Па тогаш од што произлегува загадочниот карактер на производот на трудот штом ќе земе форма на стока? Очевидно од самата оваа форма. Еднаквоста на човечките работи ја добива конкретната форма од еднаква предметност на вредноста на производите на трудот, мерењето на потрошената човечка работна сила со нејзиното временско траење ја добива формата на големина на вредноста на производите на трудот. Најпосле, односите на производителите, во кои дејствуваат општествените определби на нивните трудови, добиваат форма на општествени односи меѓу производите на трудот.

Значи, таинственоста на стоковната форма се состои просто во тоа што таа им ги одразува на луѓето општествените карактери на нивните сопствени трудови како предметни карактери на самите производи на трудот, како општествени својства што произлегуваат од природата на овие предмети, а оттука и општествениот однос на производителите спроти целокупниот труд им го одразува како еден општествен однос меѓу предметите што постојат надвор од нив. Со ова заменување производите на трудот стануваат стоки, сетилни и натсетилни, или општествени предмети. Така и светлосниот впечаток од некој предмет на очниот нерв не се покажува како субјективно раздразнување на самиот очен нерв, туку како објективна форма на еден предмет надвор од окото. Но, при гледањето еден предмет, надворешниот предмет вистински фрла светлост на еден друг предмет, на окото. Овдека имаме еден физички однос меѓу физички предмети. Спротивно на ова, стоковната форма и односот на вредноста на производите на трудот во која таа се изразува немаат апсолутно никаква работа со нивната физичка природа и со оние односи меѓу предметите што произлегуваат од неа. Овдека се случува само тоа, што определениот општествен однос меѓу самите луѓе зема во нивните очи фантасмагорична форма на еден однос меѓу предметите. И за да му најдеме некоја аналогија на тоа, ние мораме да се свртиме кон магловитите региони на верскиот свет. Во него производите на човечката глава се појавуваат како самостојни суштества, надарени со сопствен живот, и кои се најдуваат во однос меѓу себеси како и со луѓето. Така и со производите на човечките раце во стоковниот свет. Ова јас го викам фетишизам, што се прилепува на производите на трудот штом тие се произведуваат како стоки, и поради тоа е неразделно сврзан со стоковното производство.

Овој фетишки карактер на стоковниот свет, како што покажа веќе горната анализа, произлегува од особениот општествен карактер на трудот што произведува стока.

Употребните предмети воопшто стануваат стоки само затоа што тие се производи на приватни трудови што се вршат независно еден од друг. Комплексот на овие приватни видови труд го сочинува целокупниот општествен труд. Како што производителите стапуваат во општествен контакт дури со размената на производите на својот труд, така и специфичните општествени карактери на нивните приватни трудови се пројавуваат само во рамките на таа размена. Или, приватните трудови вистински се покажуваат како зглобови на целокупниот општествен труд дури со односот во кој ги доведува размената меѓу производите на трудот, а преку нив и меѓу производителите. Затоа на последниве им се прикажуваат општествените односи на нивните приватни трудови онакви какви што се, т.е., не како непосредни општествени односи на самите лица во нивните трудови, туку, напротив, како предметни односи меѓу лицата, а општествени односи меѓу предметите.

Дури во рамките на својата размена производите на трудот добиваат една општествено еднаква предметност на вредноста одделена од нивната сетилно различна употребна предметност. Ова расцепување на производите на трудот на полезен предмет и предмет од вредност во практиката настапува дури кога размената доста се распространува и здобива таква важност да се произведуваат полезни предмети со цел за размена, значи кога веќе уште при самото нивно произведување се зема предвид нивниот карактер како вредности. Од овој момент приватните трудови на производителите навистина добиваат двороден општествен карактер. Од една страна, како определени полезни видови труд, тие мораат да задоволат една општествена потреба и така да се потврдат како зглобови на целокупниот труд, на самоникнатиот систем на општествената поделба на трудот. Од друга страна, тие ги задоволуваат разнообразните потреби на своите сопствени производители само до колку секој одделен полезен приватен труд е разменлив за секој друг вид полезен приватен труд, значи само до колку е еднаков со него. Еднаквости на различните трудови, во секој поглед може да се состои само во едно апстрахирање од нивните вистински нееднаквости, во сведување на нивниот заеднички карактер што го имаат како трошење човечка работна сила, како апстрактен човечки труд. Мозокот на приватните производители го одразува двородниот општествен карактер на нивните трудови само во формите што се јавуваат во практичните односи, во размената на производите – значи општествено полезниот карактер на нивните приватни трудови се јавува во формата, во која производот на трудот мора да биде полезен, и тоа за други – а општествениот карактер на еднаквоста на разновидните трудови се појавува во формата на заедничкиот вредносен карактер на овие материјално различни предмети, на производите на трудот.

Значи, луѓето не ги доведуваат своите производи на трудот еден спроти друг како вредности, тие предмети важат за нив само како материјални обвивки на еднородниот човечки труд. Обратно. Кога во процесот на размената ги изедначуваат еден со друг своите различни производи како вредности, тие ги изедначуваат еден со друг своите различни трудови како човечки труд. Тие ова не го знаат, но го прават.[27] Според тоа, на вредноста не ѝ пишува на челото што е таа. Нешто повеќе, вредноста го претвора секој производ на трудот во општествен хиероглиф. Отпосле луѓето се обидуваат да ја одгатнат смислата на хиероглифите, да вникнат во тајната на својот сопствен општествен производ; бидејќи определбата на употребните предмети како вредности е исто така нивни општествен производ како и јазикот. Доцното научно откритие, дека производите на човечкиот труд, до колку тие се вредности, се само материјален израз на човечкиот труд потрошен за нивното произведување, прави епоха во историјата на развитокот на човештвото, но никако не го отстранува предметниот привид на општествениот карактер на трудот. На оние што се опфатени во стоковното производство, како пред, така и по ова научно откритие, им се чини дека она што важи само за оваа особена форма на производството, за стоковното производство, имено дека специфичниот општествен карактер на меѓусебно независните приватни видови труд се состои во нивната еднаквост како човечки труд и дека тој зема форма на вредносен карактер на производите на трудот, е исто така дефинитивно, како што научното раставување на воздухот на неговите елементи ја остава и натаму да суштествува формата на воздухот како една физички телесна форма.

Она што во прв ред практично ги интересира разменувачите на производите е прашањето, колку тие добиваат туѓи производи за сопствениот производ, значи во која сразмера се разменуваат производите. Штом со навика овие сразмери ќе добијат извесна постојаност, изгледа како тие да произлегуваат од природата на производите на трудот, така на пример, како 1 тон железо и 2 унци злато да се еднакви вредности како што се 1 фунта злато и 1 фунта железо еднакви тежини и покрај нивните различни физички и хемиски својства. Вистински пак, вредносниот карактер на производите на трудот се утврдува дури кога ќе фатат овие да дејствуваат како големини на вредноста. Последниве постојано се менуваат независно од волјата, предвидувањето и дејноста на разменувачите. Нивното сопствено општествено движење за нив зема форма на движење на предмети под чија контрола стојат самите тие, место тие нив да ги контролираат. Неопходно е да се развие полно стоковното производство, за да произлезе од самото искуство научното сознание, дека приватните трудови, вршени независно еден од друг, но како природни зглобови на општествената поделба на трудот се сестрано зависни еден од друг, постојано се сведуваат на својата општествена пропорционална мера, бидејќи во случајните и постојано колебливите односи во размената на нивните производи, општественото работно време потребно за нивното производство силум се спроведува како регулаторен природен закон, да речеме, како законот на тежата, на пример како кога ќе му се урне некому врз глава некоја куќа.[28] Затоа определбата на големината на вредноста со работното време е тајна што се скрива зад видливото движење на релативните вредности на стоките. Откривањето на оваа тајна ја отстранува илузијата за чисто случајното определување на големината на вредноста на производите на трудот, но никако не ја отстранува и неговата материјална форма.

Размислувањето за формите на човечкиот живот, што значи и за нивното научно анализирање, воопшто тргнува по еден пат спротивен на вистинскиот развиток. Тоа почнува отпосле, и оттука од готовите резултати на процесот на развитокот. Формите што им притиснуваат на производите на трудот печат на стока, поради тоа се претпоставка за стоковната циркулација, веќе имаат во општествениот живот постојаност на природни форми пред да се обидат луѓето да си дадат сметка не за историскиот карактер на овие форми кои веќе, напротив, за нив важат како неизменливи, туку и за нивната содржина. Така само со анализата на стоковните цени се дошло до определбата на големината на вредноста, а само со заедничкиот паричен израз за стоките до фиксирањето на нивниот вредносен карактер. Токму оваа готова форма на стоковниот свет – паричната форма – е онаа што, место да го открива, го покрива со материјален превез општествениот карактер на приватните трудови, а со тоа и општествените односи на приватните работници. Кога ќе речам дека капутот, чизмите итн. се однесуваат спроти платното како спроти општо овоплотување на апстрактниот човечки труд, тогаш глупоста на овој израз боде в очи. Но, кога производителите на капутот, чизмите итн. ги доведуваат овие стоки во однос спроти платното – или спроти златото и среброто, што работата во ништо не ја менува – како спроти општ еквивалент, тогаш односот на нивните приватни трудови според целокупниот општествен труд им се покажува точно во таа глупава форма.

И токму такви форми ги сочинуваат категориите на буржоаската економија. Тоа се форми на мислење со општествена важност, значи објективни форми на мислење, за односите во производството на овој историски определен општествен начин на производството, на стоковното производство. Поради тоа сиот мистицизам на стоковниот свет, сите привиденија и сторенија што ги замаглуваат производите на трудот врз основа на стоковното производство, веднаш исчезнуваат штом ќе преминеме кон другите форми на производството.

Бидејќи политичката економија сака робинзонади,[29] ајде нека се појави прво Робинзон на својот остров. Иако е воспитан во скромност, тој сепак мора да задоволува разнородни потреби, та затоа мора да врши разновидни полезни трудови, да прави алати, да произведува мебели, да припитомува лама, да лови риби, да лови итн. Овде нема да зборуваме за молитвите и слично, зашто тие му прават на нашиот Робинзон задоволство и дејностите од тој род ги смета како починка. И покрај различноста на своите производни функции, тој знае дека тие се само различни форми на дејноста на истиот Робинзон, значи само различни начини на човечкиот труд. Самата нужда го тера него точно да си го распределува своето време на своите различни функции. Која ќе зафати од нив повеќе, а која помалку место во неговата вкупна дејност зависи од тоа дали се поголеми или помали тешкотиите што треба да се совладаат за да се постигне полезниот ефект што се сака. На тоа го учи опитот, и нашиот Робинзон, кој ги спасил од потонатиот брод часовникот, главната книга, мастилото и перото, брзо почнува, како добар Англичанец, да води книга за самиот себе. Неговиот инвентар содржи список на употребните предмети што ги има тој, на различните видови труд што се нужни да се направат тие, и најпосле колку работно време средно му чини определеното количество од овие различни производи. Сите односи меѓу Робинзона и предметите, што го сочинуваат неговото богатство, создадено со неговите раце, овдека се толку прости и провидни, што би можел да ги разбере, без особено умствено напрегнување дури и Г. М. Вирт. И сепак тие ги содржат сите основни определби на вредноста.

Да се пренесеме од светлиот Робинзонов остров во мрачниот европски среден век. Место независниот човек, најдуваме овде оти е секој зависен – крепосници и феудални господари, вазали и суверени, мирјани и попови. Личната зависност не е карактеристична само за општествените односи во материјалното производство, туку и во областите на животот изградени во него. Но, точно поради тоа, што односите на личната зависност ја образуваат дадената општествена основа, не се присилени нити трудовите нити производите да земаат фантастичен лик, различен од нивните реалности. Во општествениот механизам тие влегуваат како натурални служења и натурални давачки. Натуралната форма на трудот и неговата посебност овдека е негова непосредна општествена форма, а не неговата општост, како што е врз основа на стоковното производство. Кулукот, исто така, се мери со време како и трудот што произведува стоки, но секој крепосник знае дека кога го служи својот господар троши определено количество од својата лична работна сила. Десетокот што задолжително му се дава на попот е појасен од неговиот благослов. Поради тоа, како и да расудуваме за карактеристичните маски под кои се среќаваат овдека луѓето, општествените односи на лицата во нивните трудови на секој начин се пројавуваат како нивни сопствени лични односи, а не се преоблечени во општествени односи на предметите, на производите на трудот.

За да се разгледува заедничкиот т.е. непосредно општествениот труд, ние не сме принудени да одиме наназад до неговата првобитна форма, што ја среќаваме на прагот од историјата на сите културни народи.[30] Поблизок ни е примерот што ни го дава патријархалното производство на една селска фамилија што произведува за сопствена потреба жито, добиток, преѓа, платно, облекло итн. Овие различни предмети ѝ противстојат на фамилијата како различни производи на нејзиниот фамилијарен труд, а меѓу себеси не стојат како стоки. Различните видови труд што ги создаваат овие производи: земјоделството, сточарството, предењето, ткаењето, шиењето, итн. во својата природна форма се општествени функции, зашто се функции на фамилијата што има сопствена самоникната поделба на трудот, како и стоковното производство. Разликите во полот и староста, а исто така и природните услови на трудот што се менуваат со годишните времиња, го регулираат распоредувањето на трудот во фамилијата и работното време на одделните членови од фамилијата. Но, трошењето на индивидуалните работни часови, што се мери со временското траење, од самиот почеток се појавува овде како општествена определба на самите трудови, зашто, индивидуалните работни сили уште од самиот почеток дејствуваат единствено како органи на заедничката работна сила на фамилијата.

Најпосле, да си претпоставиме, за разнообразие, еден сојуз на слободни луѓе што работат со заеднички средства за производство и нивните многубројни индивидуални работни сили ги трошат самосвесно како една општествена работна сила. Сите определби од Робинзоновиот труд овде се повторуваат со разлика што овде се општествени место индивидуални. Сите Робинзонови производи беа исклучиво негов личен производ и оттука употребни предмети непосредно за него. Целокупниот производ на сојузот е општествен производ. Еден дел од овој производ служи како средство за производство. Тој останува општествен. Но, другиот дел го трошат членовите на сојузот како средство за живот. Поради тоа, тој мора да се распредели меѓу нив. Начинот на оваа распределба ќе се изменува според посебниот вид на самиот општествено-производен организам и според соодветниот степен на историскиот развиток на производителите. Само за паралела со стоковното производство ќе претпоставиме дека учеството на секој производител во средствата за живот е определено со неговото работно време. Така работното време би играло двојна ролја. Неговото општествено-планско распределување ја регулира правилната сразмера на различните функции на трудот според различните потреби. Едновремено, од друга страна, работното време служи наедно и како мера за учеството на индивидуалниот производител во заедничкиот труд, а оттука и во оној дел од заедничкиот производ што тој треба да го потроши индивидуално. Општествените односи на луѓето спрема нивните трудови и спрема производите на нивниот труд овдека остануваат сосем едноставни, како во производството така и во распределбата.

За едно општество од производители на стоки, чиј општ општествен однос во производството се состои во тоа, што спроти своите производи се однесуваат како спроти стоки, значи како спроти вредности, и што во таа материјална форма ги доведуваат своите приватни трудови во меѓусебен однос како еднаков човечки труд, за такво општество најсоодветна е религиозната форма на христијанството со својот култ за апстрактниот човек, а особено во својот буржоаски развиток, во протестантизмот, деизмот итн. Во староазиските, античките итн. начини на производство, претворањето на производите во стока, а следствено и претворањето на битието на човекот како производител на стока, игра подредена ролја, но станува сè позначајна до колку заедницата влегува сè повеќе во стадиумот на своето распаѓање. Вистинските трговски народи суштествуваат само во меѓусветовите на стариот свет, како Епикуровите богови, или како Евреите во порите на полското општество. Оние стари општествени производни организми значително се попрости и попровидни од буржоаскиот, но тие почиваат или врз незрелоста на индивидуалниот човек што уште не се откинал од папочната врвца што го врзува со другите во природно родовската заедница, или пак врз основи на непосредно господство и потчинетост. Тие се условени од еден низок степен на развитокот на производните сили на трудот и соодветната ограниченост во односите на луѓето во рамките на производствениот процес на нивниот материјален живот, а следствено на тоа и ограниченоста во односите меѓу самите нив и меѓу нив и природата. Оваа вистинска ограниченост идеално се огледува во старите природни и народни религии. Религиозниот одраз на вистинскиот свет општо може да се изгуби дури тогаш, кога односите на практичниот секојдневен живот од ден на ден ќе им покажуваат на луѓето провидно разумни односи еден спрема друг и спрема природата. Обликот на општествениот процес на животот, т.е. процесот на материјалното производство, ќе го сметне од себеси мистичниот замаглен превез само кога ќе стане тој како производ на слободно сојузени луѓе, под нивна свесна планска контрола. Но, за ова е нужна една таква материјална основа на општеството или една таква низа од материјални услови на егзистенции, кои пак и самите се самоникнат производ од една долга и болна историја на развитокот.

Вистина, политичката економија, макар и неполно,[31] ја анализирала вредноста и големината на вредноста и ја открила содржината што е скриена во овие форми. Но, таа никогаш и не го поставила прашањето зошто оваа содржина зема онаква форма, значи зошто трудот се претставува како вредност, а мерењето на трудот со неговото временско траење во големина на вредноста на производите на трудот?[32] Формулите, на кои на челото им е напишано, дека ѝ припаѓаат на една општествена формација во која процесот на производството господари над луѓето, а човекот уште не над процесот на производството, овие формули важат во нејзината буржоаска свест како природна нужност, исто така сама од себе разбирлива, како самиот производен труд. Поради тоа, таа ги третира предбуржоаските форми на општествениот производен организам, нешто слично како што ги третираат црковните отци претхристијанските религии.[33]

Колку се лаже еден дел од економистите со фетишизмот што се прилепил за стоковниот свет, или со предметните привиди на општествените определби на трудот, докажува, меѓу другото, и досадната бесвкусна препирка за ролјата на природата во создавањето на разменската вредност. Бидејќи разменската вредност е определен општествен начин, за да се изрази трудот потрошен на извесен предмет, таа не може да содржи повеќе природна материја отколку меничниот курс.

Бидејќи стоковната форма е најопштата и најнеразвиената форма на буржоаското производство, поради што таа се јавува рано, иако не господаречки, значи на карактеристичен начин, како денеска, изгледа дека сè уште е релативно лесно да се согледа нејзиниот фетишки карактер. При поконкретните форми се губи дури и тој изглед на едноставност. Од каде се илузиите за монетарниот систем? Оттука што тој во златото и среброто не може да види, дека тие како пари претставуваат еден општествен производствен однос туку во формата на природните предмети виде чудни општествени својства. А модерната политичка економија, што му се криви од високо на монетарниот систем, зар нејзиниот фетишизам не е очевиден, штом ќе проговори за капиталот? Колку време помина откако исчезна илузијата на физиократите дека земјишната рента расте од земјата, а не од општеството?

Но, за да не одиме многу далеку овдека ќе биде доста само уште еден пример во врска со самата стоковна форма. Кога стоките би можеле да зборуваат, тие би кажале: нашата употребна вредност може да ги интересира луѓето. Нам како на предмети таа не ни припаѓа. Она што ни припаѓа нам како на предмети е нашата вредност. Тоа го докажуваат нашите сопствени соодноси како предмети – стоки. Ние се однесуваме една спрема друга само како разменски вредности. Да чуеме сега, како говори економистот од душата на стоката:

„Вредноста (разменската вредност) е својство на предметот, богатството (употребната вредност) е својство на човекот. Вредноста во оваа смисла нужно ја опфаќа размената, богатството не“.[34] „Богатството (употребната вредност) е атрибут на луѓето, вредноста е атрибут на стоките. Човекот е богат, заедницата е богата; зрното бисер или дијамант се скапоцени… Зрното бисер или дијамантот имаат вредност како бисер и дијамант“.[35]

Досега ниеден хемичар не открил во бисерот или во дијамантот разменска вредност. Но, економистите, изнајдувачите на таа хемиска супстанца, што толку претендираат на критична длабочина, најдуваат дека употребната вредност на предметот е независна од нејзините својства како предмет, туку напротив дека вредноста им припаѓа како на предмети. Она што ги поткрепува нив во ова е чудната околност што употребната вредност на предметот се реализира за човекот без размена, значи во непосреден однос меѓу човекот и предметот, а нивната вредност, напротив, само во размена, т.е. само во еден општествен процес. Кој не би се сетил овдека за добриот Догбери како го подучува ноќниот стражар Сикоула:

„Да бидеш личен човек, е дар од околностите, но да знаеш да читаш и да пишуваш, иде од природата“.[36]


Фусноти

[1] Karl Marx: „Zur Kritik der Politischen Oekonomie”, Berlin 1859, str. 3.

[2] „Желбата има за претпоставка нужда: таа е апетитот на духот, и тој му е нему исто така својствен како и гладот на телото... најповеќето (предмети) ја добиваат својата вредност со таа што ги задоволуваат потребите на духот.“ (Nicholas Barbon: “A Discourse Concerning Coining the New Money Lighter. In Answer to Mr. Locke’s Considerations, etc.”, London, 1696, стр. 2, 3.)

[3] „Предметите имаат една внатрешно својство (vertue — тоа кај Барбона е специфичен израз за употребната вредност), кога на секое место го имаат истото својство, како што е својството на магнетот да привлекува железо. (Исто, стр. 6). Својството на магнетот да привлекува железо станала полезна дури тогаш кога со него е откриена магнетската поларност.

[4] „Природната вредност (natural worth) на секој предмет се состои во неговото својство да ги задоволува нужните потреби на човечкиот живот или да служи за удобност.“ (John Locke, “Some Considerations on the Consequences of the Lowering of Interest, 1691,” во „Works“ изд. Lond., 1777, т. II., стр. 28.). Во 17 век ќе најдеме кај англиските писатели уште на многу места „Worth” за употребната вредност, a „Value” за разменската вредност, сосем во духот на еден јазик, што сака непосредните предмети да ги изразува на германски, а пренесените на романски.

[5] Во буржоаското општество владее fictio juris [правна фикција], ceкoj човек, како купец на стоки, да има енциклопедиско познавање на стоките.

[6] „Вредноста се состои во односот на размената меѓу овој и оној предмет, меѓу определено количество од овој и определено количество од оној производ“ (Le Trosne: “De l’Intérêt Social.” Physiocrates, Ed. Daire. Paris, 1846. стр. 889.)

[7] „Ништо не може да има внатрешна разменска вредност“. (N. Barbon: „A Discourse concerning coining etc.“, стр. 6) или како што вели Батлер:

The value of a thing
Is just as much as it will bring.
(Еден предмет вреди онолку, колку што ќe донесе.)

[8] N. Barbon, исто, стр. 53 и 7.

[9] Забелешка кон второто издание. “The value of them (the necessaries of life), when they are exchanged the one for another, is regulated by the quantity of labour necessarily required, and commonly taken in producing them.” „Вредноста на употребните предмети, штом се разменуваат тие еден за друг, се определува со количества труд што нужно се бара и што обично се троши за нивното производство“ (“Some Thoughts on the Interest of Money in General, and Particularly in the Public Funds, etc.” Lond., p. 36). Оваа значајна анонимна брошура од минатиот век нема датум. Сепак нејзината содржина произлегува дека таа е излезена за времето на Џорџ II, приближно во 1739 или во 1740 година.

[10] „Сите производи од еден вид всушност се само една маса на која цената ѝ се определува генерално и без оглед на околностите на одделни случаи. (Le Trosne: “De l’Intérêt Social.” стр. 893.)

[11] K. Marx: „Zur Кritik“ etc., стр. 6.

[11a] Забелешка кон четвртото издание. — Го внесов објаснениево во заграда зашто без него често погрешно се разбираше дека кај Маркс важел како стока секој овој производ што не го трошел производителот, туку некој друг ... Ф. Е.

[12] „Zur Kritik” etc., стр. 12, 13 и натаму.

[13] „Сите појави во вселената, било да се предизвикани од човечка рака или од општите природни закони, не се фактички нови создавања, туку само преобразување на материјата. Соединувањето и раставувањето се единствените елементи, што ги изнајдува повторно човечкиот разум при анализата на идејата на препроизводството; така е и со препроизводството на вредноста“ (употребната вредност, иако Вери овдека во својата полемика против физиократите и самиот токму не знае за каков вид вредност зборува) „и на богатството, кога земјата, воздухот и водата се претвораат на полето во жита, или кога под раката на човекот лачењето на инсектот се претвора во свила, или кога се составуваат одделни парчиња метал, за да го сочинат механизмот на будилникот.“ (Pietro Verri, “Meditazioni sulla Economia Politica”, првин напечатено 1773 во Кустодиевата издание на италијанските економисти од Parte Мaderna, т. XV, стр. 22.)

[14] Спореди Hegel: „Philosophie des Rechts.“ Berlin 1844, стр. 250, § 199.

[15] Читателот мора да има предвид дека овде не станува збор за наемнина или за вредност, што ја добива работникот да речеме за еден работен ден, туку за стоковна вредност, во која се опредметува неговиот работен ден. Категоријата на наемнината на овој степен од нашето излагање сѐ уште воопшто не постои.

[16] Забелешка кон второто издание. За да докаже „дека трудот е единствена крајна и реална мера во која можат вредностите од сите стоки да се ценат и споредуваат во сите времиња“, А. Смит вели: „Еднакви количини труд мораат да имаат еднаква вредност за работникот во сите времиња и на сите места. При нормална состојба на неговото здравје, на силата и на дејноста и при среден степен на умеење што може да го има, тој секогаш мора да жртвува еднаков дел од својот мир, од својата слобода и од својата среќа.“ („Wea1th of Nations", кн. I, гл. V) Од една страна А. Смит овде (не секаде) го меша определувањето на вредноста со количество труд, потрошено за производството на стоката, со определувањето на стоковните вредности со вредноста на трудот, и поради тоа се обидува да докаже дека еднакви количества труд имаат постојано еднакви вредности. Од друга страна, тој се сеќава дека трудот, до колку се претставува во вредноста на стоките, важи само како трошење на работната сила, но пак и ова трошење го разбира само како жртвување на мирот, слободата и среќата, а не како нормална животна дејност. Секако тој го има пред очи модерниот наемен работник. — Многу поточно вели анонимниот претходник на А. Смит цитиран во 9-та белешка: .,Некој употребил една недела за да го направи овој предмет за употреба... а оној што му дава нему еден друг предмет во размена, не може да најде ништо подобро, за да оцени што е еднакво со првиот предмет, отколку да пресмета кој предмет му чини нему исто толку труд и време. Работата се сведува на тоа дека трудот, што го вложил некој човек во извесно определено време во некој предмет, се разменува за труд, што го употребил другиот во истото време за изработка на некој друг предмет.“ („Some Thoughts on the Interest of Money etc." стр. 39.) — (Кон 4. издание: Англискиот јазик го има тоа предимство, што има два различни збора за овие две страни на трудот. Трудот што ја создава употребната вредност и што е квалитативно определен се вика Work спротивно на зборот Labour; трудот што ја создава вредноста и што се мери само квантитативно се вика Labour спротивно на Work. Види ја белешката кон англискиот превод стр. 31. Ф. Е.)

[17] Малцината економисти, оние што се занимавале со анализа на стоковната вредност, како С. Бејли. не можеа да дојдат до никаков резултат, прво затоа што тие ја мешаа формата на вредноста со вредноста, и второ, затоа што тие, под грубото влијание на практичниот буржуј ја имаат однапред предочено исклучиво квантитативната определеност. „Располагањето со количествата... ја образува вредноста.“ (Money and its Vicissitudes. London 1837, стр. 11, автор С. Бејли.)

[17a] Забелешка кон второто издание. Еден од првите економисти што навлезе во природата на вредноста по Вилијам Пети, прочуениот Франклин вели: „Бидејќи трговијата воопшто не е ништо друго туку размена на еден труд за друг труд, тогаш најправилната проценка за вредноста на сите предмети е во трудот“. („The Works of В. Franklin etc,” издал Sparks. Boston 1836, т. І. стр. 267). Франклин не е свесен оти со тоа што ја цени вредноста на сите предмети „со труд“, ја апстрахира од разликоста на разменуваните видови на трудот и така тој нив ги сведува на еднаков човечки труд. Тоа што не го знае тој, сепак го кажува: Прво тој говори за „едниот труд“ после за „другиот труд“, најпосле за „труд“ без натамошни определби како за супстанца на вредноста од сите предмети.

[18] Во извесен поглед со човекот е како и со стоката. Бидејќи тој не се раѓа ни со огледало, ни како фихтеански филозоф: Јас сум јас, — затоа човекот најнапред се огледува во друг човек. Човекот Петар дури се однесува спрема човекот Павле како спрема еднаков на себе, се однесува тој и спрема самиот себе како спрема човек. Но со таа и Павле, од месо и крв, во својата павловска телесност, му важи нему како форма во која се појавува родот човек.

[19] Изразот „вредност“ е употребен овде, како што се случуваше веќе наместа и понапред, за определена вредност, т.е. за големина на вредноста.

[20] Белешка кон второто издание. Ова несовпаѓање меѓу големината на вредноста и нејзиниот релативен израз вулгарната политичка економија го експлоатира со вообичаената нејзина остроумност. На пр.: „Ако допуштите еднаш, дека А паѓа, поради таа што В, за кое се разменува А, расте, иако притоа не е ништо помалку труд потрошен на А, и вашиот општ принцип за вредноста паѓа наземи... Ако се допушти дека вредноста на В паѓа во однос на А, оти вредноста на А расте во однос на В, тогаш ви се излизнува од под нозете основата врз која Рикардо го постави својот велик принцип, дека вредноста на една стока секогаш се определува од количеството овоплотен труд во неа. Зашто, ако некоја измена во трошоците на А не ја измени само нејзината сопствена вредност во однос на В, за кое таа се разменува, туку ја изменува и вредноста од В во однос на А, иако не се извршила никаква измена во количество на трудот потребно за производството на В, тогаш паѓа наземи не само доктрината што тврди дека количество труд издадено за некој артикал ја регулира неговата вредност, туку се руши и доктрината според која трошоците за производство на еден артикал ја регулираат неговата вредност.“ (J. Broadhurst: „Political Economy", London 1842, стр. 11, 14.)

Г. Бродхарст можеше исто така, убаво да каже: да ги погледнеме еднаш бројните односи 10/20, 10/50, 10/100 итн. Бројот 10 останува неизменет, а сепак неговата пропорционална големина, неговата големина во однос на броевите 20, 50, 100 постојано се смалува. Значи, се руши големиот принцип дека големината на еден цел број, на пp., на 10, се „регулира“ од бројот на единиците содржани во него.

[21] Такви рефлексивни определби се воопшто нешто особено. Овој човек е на пр. крал само затоа што другите луѓе се однесуваат спрема него како поданици. Тие, пак, обратно, мислат дека се поданици, поради тоа што тој е крал.

[22] Белешка кон второто издание. F. L. A. Ferrier, sous-inspecteur des douanes, “Du gouvernement considéré dans ses rapports avec le commerce,” Paris, 1805; и Charles Ganilh, “Des Systèmes d’Economie Politique, – 2nd ed., Paris, 1821.

[22a] Белешка кон второто издание. На пр. кај Хомера вредноста на еден предмет е изразена во редица различни предмети.

[23] Поради тоа се зборува за капутската вредност на платното, ако неговата вредност се претставува во капути, за неговата житна вредност, ако се претставува во жито итн. Секој таков израз означува дека она што се покажува во употребната вредност на капутот, житото итн. е вредноста на платното. „Бидејќи вредноста на секоја стока го изразува нејзиниот разменски однос, ние можеме да зборуваме за таа вредност како за нејзина ... житна или платнена вредност, според тоа која стока се споредува со неа; и така суштествуваат илјадници различни вредности, онолку колку што има стоки, и сите се еднакво реални и еднакво номинални“ („A Critical Dissertation on the Nature, Measure and Causes of Value: chieflу in reference to the writings of Mr. Ricardo and his fоllowers. Ву the Author of Essays on the Formation etc. of Opinions“. London 1825. стр. 39.) С. Бејли, авторот на ова анонимно дело, што во свое време крена голема врева во Англија, си вообразува дека со ова укажување на шарените релативни изрази на една иста стоковна вредност ги уништил сите определби на поимот за вредноста. Инаку тој, и крај сета негова ограниченост, ги напипал ранливите места на Рикардовата теорија, што докажува раздразнетоста со која го нападна него Рикардовата школа на пр. во „Westminster Review.”

[24] Јасно е оти на формата на општата непосредна разменливост всушност не може да се види дека е таа противречна стоковна форма, исто така неразделна од формата на непосредната разменливост како што е неразделна позитивноста на едниот магнетен пол од негативноста на другиот. Според таа некој може да си вообрази дека може да им се удри едновремено на сите стоки печатот на непосредната разменливост, како што може да се вообрази дека сите католици можат да се сторат папи. За ситниот буржуј, кој го гледа во стоковното производство nес plus ultra [врвот] на човечката слобода и индивидуалната независност, природно е оти би било мошне пожелно да се ослободи од незгодите сврзани со оваа форма, имено и од не непосредната разменливост на стоките. Живописното изразување на оваа филистерска утопија го сочинува Прудоновиот социјализам, како што покажав на друго место, дека не се одликува со оригиналност, туку напротив тој е повторување на она што одамна пред него и многу подобро го изложија Греј, Бреј и други. Тоа пак не ѝ пречи на ваква мудрост и ден денеска во извесни кругови да се кити со името science. Нема ниту една школа што се китела повеќе cо зборот science отколку Прудоновата, оти „wo Begriffe fehlen, Da stellt zur rechten Zeit ein Wort sich ein.“ [Каде што е недостиг на поими, навреме се најдува некој збор].

[25] Да се потсетиме, дека во Кина и масите почнаа да танцуваат, кога изгледаше дека целиот друг свет мирно стои – за охрабрување на другите.

[26] Белешка кон второто издание. Кај старите Германи големината на едно утро („journal“) земја се сметала според трудот од еден ден и поради тоа утрото се викало Tagwerk (jurnale исто и jurnalis, terra jurnalis, jurnalis или diornalis), Mannwerk, Mannskraft, Mannsmaad, Mannshauet итн. Види Georg Ludwig von Maurer: „Einleitung zur Geschichte der Mark -, Hof -, usw. Verfassung“. München 1854, стр. 129 и натаму.

[27] Белешка кон второто издание. Поради тоа кога Галијани вели: „Вредноста е однос меѓу две лица“ – „La Ricchezza è una ragione tradue persone“ – тогаш тој би морал да додаде: однос прикриен под предметната лушпа. (Galiani: „Della Moneta“, стр. 220, св. III, од Кустодиевата збирка „Scrittori Classici Italiani di Economia Politica“. Parte Moderna. Milano 1803.)

[28] „Што да се мисли за еден закон кој може да се воспоставува само со периодични револуции? Токму тој е еден природен закон што почива врз несвесноста на учесниците“. (Friedrich Engels: „Umrisse zu einer Kritik der Nationalökonomie“ во Deutschfranzösische Jahrbücher, herausgegeben von Arnold Ruge und Karl Marx. Paris 1844.)

[29] Белешка кон 2. издание. Ни Рикардо не е без своја робинзонада. „Според него, првобитниот рибар и првобитниот ловец веднаш ги разменуваат рибата и дивечот како стопани на стока, сразмерно на работното време опредметено во овие разменски вредности. Во овој случај тој паѓа во анахронизам, така што како да се служеле првобитниот рибар и првобитниот ловец за пресметување на своите орудија за труд со ануитетните таблици што биле во употреба на лондонската берза во 1817 год. Изгледа дека „паралелограмите на Г. Овен“ се единствена општествена форма што ја познавал тој освен буржоаската. (Karl Marx: „Zur Kritik etc.,“ стр. 38, 39.)

[30] Белешка кон второто издание. – „Во последно време се има раширено една смешна предрасуда дека формата на првобитната заедничка сопственост била специфично словенска, дури исклучиво руска форма. Таа е првобитната форма што можеме да ја следиме кај Римјаните, Германите, Келтите, но од која суштествува кај Индијците и денеска една цела редица од најразновидни примери, иако делум во распаднат вид. Едно поточно проучување на азијатските, специјално на индиските форми на заедничката сопственост, ќе покаже како се добиваат од различните форми на првобитната заедничка сопственост различни форми на нејзиното распаѓање. Така, на пр. различните оригинални типови на римската и германската приватна сопственост можат да се изведат од различните форми на индиската сопственост.“ (Karl Marx: „Zur Kritik etc.“ стр. 10.)

[31] Недостапноста на Рикардовата анализа за големината на вредноста – а таа е најдобрата – ќе се изнесе во третата и четвртата книга на ова дело. Но, што се однесува за вредноста општо, класичната политичка економија никаде директно и со јасна свест не го разликува трудот, како се претставува во вредноста, од трудот како се претставува тој во употребната вредност на неговиот производ. Таа, се разбира, фактички ја прави разликата, бидејќи трудот еднаш го разгледува квантитативно, а другпат квалитативно. Но, нејзе ни на ум не ѝ иде дека простата квантитативна разлика на видовите на трудот го има за претпоставка нивното квалитативно единство или еднаквоста, т.е. нивното сведување на апстрактен човечки труд. Рикардо, на пр. изјавува дека е согласен со Дестит де Траси кога овој вели: „Бидејќи е сигурно дека само нашите физички и морални способности го образуваат нашето првобитно богатство, тогаш и примената на овие способности, на трудот од секој род, е нашето првобитно благо, а со оваа примена се создаваат сите предмети што ги викаме богатство… Исто така е јасно, дека сите тие предмети го претставуваат само трудот што ги создал нив, а кога тие имаат вредност, или дури две различни вредности, сепак можат да ги имаат овие вредности само од вредноста на трудот, од која се произлезени тие.“ (Destutt de Tracy: „Eléments d’idéologie, 4 и 5 дел.“ Paris 1826, стр. 35, 36, цитирано во Рикардовите: „The Principles of Political Economy“, 3 изд., London 1821, стр. 334.) Ние ќе укажеме само на тоа дека Рикардо му ја подметнува на Траси својата сопствена подлабока смисла. Всушност, Дестит, од една страна, вели дека сите предмети што го сочинуваат богатството „го претставуваат трудот што ги создал нив“, но, од друга страна, вели дека тие своите „две различни вредности“ (употребната вредност и разменската вредност) ги добиваат од „вредноста на трудот“. Тој со тоа паѓа во плиткоста на вулгарната економија, која вредноста на едната стока (овдека на трудот) во употребната вредност како и во разменската вредност. Но, самиот тој толку слабо го разликува двородниот карактер на трудот, што е претставен двојствено, та тој во целата глава: „Вредноста и богатството, нивните особености што ги разгледуваат“ со мака мора да се брка со тривијалностите на еден Ж. Б. Сеј. Тој најпосле затоа е и зачуден, зашто Дестит навистина се согласува со самиот него за трудот како за извор на вредноста, а пак, од друга страна се согласува за поимот на вредноста со Сеј.

[32] Еден од основните недостатоци на класичната политичка економија е во тоа што таа никогаш не успеала од анализата на стоката, а специјално од анализата на вредноста на стоката да ја изнајде формата на вредноста, што имено неа ја прави разменска вредност. Токму нејзините најдобри претставници, како А. Смит и Рикардо, ја третираат формата на вредноста како нешто сосем рамнодушно или дури како нешто надворешно на природата на стоката. Причината не е само во тоа што анализата на големината на вредноста го апсорбира целото нивно внимание. Таа лежи подлабоко. Формата на вредноста на производот на трудот е најапстрактна, но и најопшта форма на буржоаскиот начин на производство, па со тоа се карактеризира како особен тип на општествено производство, а едновремено со тоа се карактеризира како историски. Поради тоа ако се гледа погрешно во буржоаскиот начин на производство како на вечна природна форма на општественото производство, тогаш нужно се испушта од вид специфичното во формата на вредноста, значи во формата на стоката, а во натамошниот развиток во формата на парите, во формата на капиталот итн. Оттука кај економистите, што се инаку сосем согласни со мерењето на големината на вредноста со работно време, наидуваме на најшарени и најпротивречни претстави за парите, т.е. за готовиот облик на општиот еквивалент. Ова најизразито се покажува на пр., при третирањето на банкарството, каде што општите дефиниции на парите веќе не се достатни. Оттука, во спротивност на ова, произлезе еден реставриран меркантилен систем (Ганил и др.), кој во вредноста ја гледа само општествената форма, или дури само нејзината привидност лишена од супстанцата. Да забележам еднаш за секојпат, дека под класична политичка економија јас ја разбирам сета економија од В. Пети наваму, што ја иследува внатрешната поврзаност на буржоаските односи во производството, спротивно на вулгарната економија што се врти само наоколу во рамките на привидната поврзаност, и што сè одново и одново го прежива материјалот што е даден веќе одамна од научната економија, со цел да даде едно приемливо толкување за буржоазијата, така да се рече на најгрубите феномени и да ги приспособи за домашна употреба на буржоазијата, но инаку таа се ограничува на тоа да ги систематизира, испедантира и прогласи за вечни вистини баналните и самодоволни претстави на агентите на буржоаското производство за нивниот сопствен најдобар свет.

[33] „Економистите постапуваат на чуден начин. За нив суштествуваат само два вида институции – вештачки и природни. Институциите на феудализмот се вештачки, а институциите на буржоазијата се природни. Во овој случај тие личат на теолозите, што исто така, разликуваат два вида религии. Секоја религија што не е нивна е измислица од човекот, додека нивната сопствена религија е откровение од господа. Според тоа, некогаш имало историја, но сега ја нема.“ (Karl Marx: „Misère de la Philosophie. Rèponse à la Philosophie de la Misère par M. Proudhon“, 1847, стр. 113). Навистина е комичен г. Бастија што си вообразува дека старите Грци и Римјани живееле само од грабеж. Но, ако некој живее многу векови од грабеж, тогаш сепак мора да има постојано нешто за да се граби, или предметот за грабеж мора непрекинато да се препроизведува. Според тоа, изгледа дека и Грците и Римјаните имале некој процес на производство, значи некоја економика, што ја сочинувала материјалната основа на нивниот свет, онака како што буржоаската економика е основа на денешниот свет. Или можеби нешто Бастија мисли, дека еден начин на производство, што почива врз робовски труд, само со тоа почива на еден систем од грабежи. Тогаш тој застанува на опасна почва. Но, ако еден гигант на мислата како што беше Аристотел грешеше кога го возвеличуваше робовскиот труд, тогаш зошто би морал да има право еден кепец-економист, како што е Бастија кога го возвеличува наемниот труд? – Го ползувам овој случај за да отфрлам накусо еден приговор, што ми е направен од еден германско-американски весник при издавањето на моето дело „Zur Kritik der Politischen Oekonomie“, 1859. Во овој весник е речено, за моето гледиште, дека определениот начин на производство и производствените односи, што му одговараат нему секогаш, накусо дека „економската структура на општеството е реалната база, врз која се крева една јуристичка и политичка надградба, и на која ѝ одговараат определени форми на општествената свест“, дека „начинот на производството на материјалниот живот го условува социјалниот, политичкиот и духовниот процес на животот воопшто“, – сево ова, според весникот, навистина е исправно за денешниот свет, во кој владеат материјалните интереси, но не е исправно ни за Средниот век, каде што владееше католицизмот, ни за Атина и Рим, каде што владееше политиката. Пред сè за чудење, е што некој сака да претпостави, дека овие на цел свет познати фрази за Средниот век и за античкиот свет му останале на кој и да било непознати. Барем толку е јасно дека Средниот век не можеше да живее од католицизмот, како ни античкиот свет од политиката. Напротив, за начинот и патот како тие го обезбедувале животот се објаснува зошто при едниот случај главната ролја ја играла политиката, а при другиот – католицизмот. Освен тоа, треба само малку да се познава на пр. историјата на римската република, за да се знае дека тајната на оваа историја ја сочинува историјата на земјишната сопственост. Од друга страна, уште Дон Кихот си настрада поради заблудата што ја имаше за скитничкото рицарство, дека е тоа еднакво совместливо со сите економски форми на општеството.

[34] „Value is a property of things, riches of man. Value, in this sense, necessarily implies exchanges, riches do not.“ („Observations on some verbal disputes in Political Economy, particularly relating to value and to supply and demand.“ London 1821, стр. 16.)

[35] „Riches are the attribute of man, value is the attribute of commodities. A man or a community is rich, a pearl or a diamond is valuable… A pearl or a diamond is valuable as a pearl or diamond.“ S. Bailey: „A critical Dissertation etc.“, стр. 165.

[36] Писателот на овие „Observations“ и С. Бејли го обвинуваат Рикардо, дека тој разменската вредност ја претворил од нешто само релативно во нешто апсолутно. Напротив. Привидната релативност што ја имаат како разменски вредности овие предмети, на пр., дијамантот и бисерот, ја сведе тој на вистинскиот однос скриен зад привидноста на нивната релативност како прости изрази на човечкиот труд. Ако рикардовците му одговараат грубо на Бејли, но без да погодат, тоа иде само затоа дека тие ни кај самиот Рикардо не најдуваат никакво разјаснување за внатрешната врска меѓу вредноста и формата на вредноста или разменската вредност.


Забелешки на уредникот на изданието

[1*] Во првото издание следуваше: Сега ние ја знаеме супстанцата на вредноста. Тоа е трудот. Ја знаеме мерата на нејзината големина. Тоа е работното време. Останува да се анализира нејзината форма, која вредноста ја претставува како разменска вредност. Притоа сепак ќе биде нужно веќе изнајдените определби нешто поблиску да се разработат.

[2*] Лондонска улица кај што се големите банки.


Следно поглавје

Содржина

Маркс-Енгелсова интернет архива