Карл Маркс
Капиталот (том 1)

ГЛАВА ДЕВЕТТА

Норма и маса на вишокот на вредноста


Во оваа глава, како и досега, вредноста на работната сила, значи делот од работниот ден потребен за препроизводство или одржување на работната сила, се претпоставува како дадена, постојана големина.

При таква претпоставка, тогаш со нормата на вишокот на вредноста едновремено е дадена и неговата маса, која уште одделниот работник му ја доставува во определен временски период на капиталистот. Ако изнесува на пр. потребниот труд 6 часа дневно, изразен во парично количество од 3 шил. = 1 талир, тогаш 1 талир е дневната вредност на една работна сила, или вредност на капиталот авансирана за купување една работна сила. Ако потака нормата на вишокот на вредноста е 100%, тогаш овој променлив капитал од 1 талир ќе произведува маса вишок на вредноста од 1 талир, или работникот секојден ќе лиферува маса вишок на труд од 6 часа.

Туку променливиот капитал е паричен израз за целокупната вредност на сите работни сили што ги употребува капиталистот едновремено. Значи неговата вредност е еднаква со средната вредност на една работна сила помножена со бројот на употребените работни сили. И така при дадената вредност на работната сила големината на променливиот капитал стои во права пропорција со бројот на работниците што се едновремено на работа. Ако е дневната вредност на една работна сила = 1 талир, тогаш значи нужно е да се авансира капитал од 100 или n талири за да се експлоатираат дневно 100 или n работни сили.

Исто така: ако променливиот капитал од 1 талир, што е дневна вредност на една работна сила, произведува дневно вишок на вредноста од 1 талир, тогаш променлив капитал од 100 талири ќе произведува дневно вишок на вредноста од 100 талири, а капитал од n талири дневно вишок на вредноста од 1 талир Х n. Значи масата на произведениот вишок на вредноста е еднаква на вишокот на вредноста што го дава работниот ден на одделниот работник помножена со бројот на употребените работници. Но бидејќи потака масата на вишокот на вредноста што ја произведува одделниот работник, при дадената вредност на работната сила, е определена со нормата на вишокот на вредноста, тогаш произлегува следниов прв закон: масата на произведениот вишок на вредноста е еднаква на големината на авансираниот променлив капитал помножена со нормата на вишокот на вредноста, или е определена со сложениот однос меѓу бројот на работните сили едновремено експлоатирани од еден ист капиталист и степенот на експлоатацијата на одделната работна сила.[1*]

Значи, ако ја обележиме масата на вишокот на вредноста со М, а вишокот на вредноста што го дава средно секој ден одделниот работник со m, променливиот капитал авансиран дневно во купување одделна работна сила со v, целокупната сума на променливиот капитал со V, вредноста на една средна работна сила со k, степенот на нејзината експлоатација со a'/a (вишок на трудот / потребен труд), а бројот на употребени работници n, тогаш ќе добиеме:

M =
{
(m/v) × V
k × (a'/a) × n

Ние постојано претпоставуваме не само дека е постојана вредноста на една работна сила туку дека и работниците употребувани од еден капиталист се сведени на средни работници. Има одземни случаи, каде што произведениот вишок на вредноста не расте сразмерно со бројот на експлоатираните работници, но тогаш не останува постојана ни вредноста на работната сила.

Затоа во производството на определена маса вишок на вредноста намалувањето на едниот фактор може да биде надоместено со покачувањето на другиот. Ако се смали променливиот капитал, а едновремено и во истата сразмера се качи нормата на вишокот на вредноста, тогаш масата на произведениот вишок на вредноста ќе остане неизменета. Ако капиталистот мора под понапрежната претпоставка, да авансира 100 талири за да експлоатира дневно 100 работници, и ако изнесува нормата на вишокот на вредноста 50%, тогаш овој променлив капитал од 100 ќе фрли вишок на вредноста од 50 талири, или од 100 Х 3 работни часа. Ако се вудвои нормата на вишокот на вредноста, или ако се продолжи работниот ден место од 6 на 9, од 6 на 12 часа, тогаш наполу смален променлив капитал од 50 талири ќе фрли исто така вишок на вредноста од 50 талири или 50 Х 6 работни часа. Смалувањето на променливиот капитал значи се израмнува со пропорционалното повишување на степенот на експлоатацијата на работната сила, или опаѓањето на бројот на работниците земени на работа со пропорционалното продолжување на работниот ден. Значи во извесни граници капиталот може да исцеди повеќе труд независно од приливот на работниците.[202] Обратно, опаѓањето во нормата на вишокот на вредноста ја остава масата на вишокот на вредноста неизменета ако расте пропорционално големината на променливиот капитал или бројот на работниците земени на работа.

Но притоа надоместувањето на бројот на работниците или големината на променливиот капитал со позголемување на нормата на вишокот на вредноста, или со продолжување на работниот ден, среќава непреминливи граници. Каква и да е вредноста на работната сила, значи било да е работното време потребно за издршка на работникот 2 или 10 часа, целокупната вредност што може работникот секој ден да ја произведува, секогаш е помала од вредноста во која се опредметени 24 работни часа, помала е од 12 шилинзи или 4 талири ако се овие паричен израз на 24 опредметени работни часа. Под нашата понапрежна претпоставка, според која се сака 6 работни часа дневно за да се препроизведе самата работна сила или за да се надомести авансираната вредност на капиталот за нејзиното купување, променлив капитал од 500 талири, кој работи со 500 работници и со норма на вишокот на вредноста од 100% или со дванаесетчасовен работен ден, дневно произведува вишок на вредноста од 500 талири или 6 Х 500 работни часа. Некој капитал од 100 талири што работи со 100 работници дневно со норма на вишок на вредноста од 200% или со 18-часовен работен ден произведува маса на вишок на вредноста само од 200 талири или 12 Х 100 работни часа. И неговиот целокупен производ — вредност, еквивалентот од авансираниот променлив капитал плус вишокот на вредноста, никогаш не може за еден ден да ја постигне сумата од 400 талири или 24 Х 100 работни дена. Апсолутната граница на средниот работен ден, што по природа секогаш е помала од 24 часа, ја прави апсолутната граница за надоместувањето на смалениот променлив капитал со зголемувањето на нормата на вишокот на вредноста, или надоместувањето на смалениот број на експлоатираните работници со повишување на степенот на експлоатацијата над работната сила. Овој сетилно јасен втор закон е важен за разјаснување многу појави што произлегуваат од тенденцијата на капиталот, за која подоцна ќе зборуваме, да го редуцира колку што се може повеќе бројот на работниците што ги има земено на работа или својот променлив составен дел преобратен во работна сила, е во противречност со неговата друга тенденција да произведува колку што се може поголема маса вишок на вредноста. Обратно. Ако расте масата на употребената работна сила, или големината на променливиот капитал, но не во иста сразмера со опаѓањето на нормата на вишокот на вредноста, тогаш се смалува масата на произведениот вишок на вредноста.

Третиот закон произлегува од определбата на масата на произведениот вишок на вредноста со два фактора со нормата на вишокот на вредноста и со големината на авансираниот променлив капитал. Ако е дадена нормата на вишокот на вредноста или степенот на експлоатацијата на работната сила и вредноста на работната сила или големината на потребното работно време, тогаш се разбира само од себеси, дека колку е поголем променливиот капитал толку е поголема произведената маса на вредноста и вишокот на вредноста. Ако е дадена границата на работниот ден, исто така ако е дадена и границата на неговиот потребен составен дел, тогаш масата на вредноста и вишокот на вредноста што ја произведува одделен капиталист очевидно зависи исклучиво од масата труд што ја пушта тој во движење. А ова зависи, под дадените претпоставки, од масата на работната сила или од бројот на работниците што ги експлоатира тој, а овој број од своја страна се определува со големината на авансираниот од него променлив капитал. При дадена норма на вишокот на вредноста и при дадена вредност на работната сила, масата на произведениот вишок на вредноста се однесува значи во права сразмера кон големините на авансираните променливи капитали. Туку ние сега знаеме дека капиталистот го дели својот капитал на два дела. Едниот дел го вложува во средства за производство. Овој е постојаниот дел од неговиот капитал. Другиот дел тој го преобратува во жива работна сила. Овој дел го сочинува неговиот променлив капитал. Врз базата на ист начин на производство, во различни индустриски гранки се врши различна расподелба на капиталот на постојан и променлив составен дел. Во рамките на една иста гранка на производството овој однос се изменува со измената на техничката основа и општествената комбинација на процесот на производството. Но како било да се раставува некој капитал на постојан и променлив составен дел, било последниов да се однесувал кон првиот како 1:2, 1:10, или 1:Х, со тоа нема ни да се гибнe штотуку поставениот закон, бидејќи според понапрежната анализа вредноста на постојаниот капитал вистина пак се појавува во вредноста на производот, но не влегува во новосоздадениот производ — вредност. Природно дека за да се употребат 1.000 предачи се сака повеќе суровини, вретена итн. одошто да се употребат 100. Но вредноста на овие придадени средства за производство може да се крева или паѓа, да остане неизменета, да биде голема или мала, таа ќе остане без никакво влијание врз процесот на оплодувањето на вредноста реализиран од истите работни сили, што ги движат тие средства за производство. Значи, законот што го констатиравме горе, ја зема оваа форма: Масите на вредноста и вишокот на вредноста што се произведени од различни капитали, а при дадена вредност на работната сила и при еднаков степен на експлоатацијата е во права сразмера со големината на променливите составени делови од овие капитали, т.е. нивните составени делови преобратени во жива работна сила.

Овој закон очигледно му противречи на секој опит заснован врз надворешниот вид на појавите. Секој знае дека фабрикантот на преѓа што пресметано процентуално во делови од целокупниот употребен капитал употребува релативно многу постојан и малку променлив капитал, сепак поради тоа не прибира ништо помалку добивка или вишок на вредност од некој лебар кој става во движење релативна многу променлив, а малку постојан капитал. За решавање на оваа привидна противречност се нужни уште многу меѓучленови, како што е од гледиштето на елементарната алгебра потребно многу меѓучленови за да се разбере дека 0/0 може да претставува некоја вистинска големина. Иако класичната економија не го формулира овој закон, сепак таа инстинктивно се држела за него, бидејќи тој воопшто е неминовна последица на законот на вредноста. Таа се обидува да го спаси него од противречностите на појавите со насилна апстракција. Подоцна[203] ќе видиме како се сопнала Рикардовата школа на овој препка-камен. Вулгарната економија, која „навистина ништо не научила“, овдека, како и секаде се опира на надворешниот изглед против законот на појавите. Таа мисли, спротивно на Спиноза, дека „незнаењето е достатна основа“.

Трудот, што е поставуван од ден на ден во движење од целокупниот капитал на некое општество, може да се разгледува како еден единствен работен ден. Ако, на пр., бројот на работниците е еден милион и средниот ден на еден работник изнесува 10 часа, тогаш општествениот работен ден се состои од 10 милиони часа. При дадената должина на овој работен ден, било да е неговата граница определена од физички или социјални услови, масата на вишокот на вредноста може да се зголемува само со зголемување на бројот на работниците, т.е. на работничкото население. Растењето на населението образува овдека математичка граница на производството на вишокот на вредноста од страна на целокупниот општествен капитал. Обратно, при дадена големина на населението, оваа граница го определува можното продолжување на работниот ден.[204] Во следната глава ќе се види дека овој закон важи само за формата на вишокот на вредноста што сме ја разгледувале досега.

Од досегашното разгледување на производството на вишокот на вредноста излегува дека не е секоја која било сума пари или вредност претворлива во капитал, ами напротив претпоставка за ова претворање е дека во рацете на одделни стопани на пари или стоки се најдува определен минимум пари или разменска вредност. Минимумот од променливиот капитал е цената на чинењето на една одделна работна сила што ќе се ползува од ден на ден цела година за добивање вишок на вредноста. Кога би ги поседувал овој работник сам своите средства за производство и кога би се задоволил да живее како работник, тогаш нему би му било доста работното време потребно за препроизводство на неговите средства за живот, да речеме од 8 часа дневно. Значи, нему ќе му требаат и средства за производство само за 8 работни часа. Спротивно на тоа, на капиталистот, кој го пушта работникот да му работи освен овие 8 часа уште, да речеме, 4 часа вишок на труд, му треба една придадена сума пари да ги прибави придадените средства за производство. Сепак под нашата претпоставка тој веќе мора да употребува двајца работници за да може од вишокот на вредноста што го присвојува секојден да живее како еден работник, т.е. да може да ги задоволи неговите нужни потреби. Во овој случај неговата цел би била производство за гола одржување на животот, не зголемување на богатството, а ова последново се претпоставува кај капиталистичкото производство. За да живее само двапати подобро од еден обичен работник, и половина од произведениот вишок на вредноста пак да го претвори во капитал, тој би морал да го зголеми едновремено со бројот на работниците и минимумот на авансираниот капитал за осумпати. Секако може самиот тој, исто онака како и неговиот работник, да запне непосредно со своите раце во процесот на производството, туку тогаш тој е само нешто средно меѓу капиталист и работник, „мал мајстор“. Извесен повисок степен на капиталистичкото производство бара, капиталистот целото време додека тој функционира како капиталист, т.е. како персонифициран капитал, да може да го употреби на присвојување [туѓ труд] и со тоа на контрола над туѓиот труд како и на продавање на производите од овој труд.[205] Средновековните еснафи се обидувале насила да го спречат претворањето на занаетчијата во капиталист со таа што го ограничувале на сосема мал максимум бројот на работниците што смеел да ги земе на работа одделниот мајстор. Стопанот на пари или на стока се претворува вистински во капиталист дури кога минималната сума авансирана за производство далеку ќе го надмине средновековниот максимум. И овдека, како и во природните науки, се покажува правилноста на законот што го откри Хегел во неговата „Логика“, дека чисто квантитативните измени на извесна точка се превртуваат во квалитативни разлики.[205a]

Минимумот на сумата вредност со која мора да располага одделниот стопан на пари или на стоки за да се развие во капиталист, се изменува на различните степени во развитокот на капиталистичкото производство, а при дадениот степен во развитокот, е различен во различни сфери на производството, според нивните особени технички услови. Извесни области на производството бараат веќе во самиот почеток на капиталистичкото производство еден минимум од капитал, кој сѐ уште не може да се најде во рацете на одделена индивидуа. Ова предизвикува, од една страна, државна помош на приватни лица, како во Франција за времето на Колберт, и како во некои германски држави сѐ до нашава епоха, од друга страна, образување друштва со законски монопол за водење извесни индустриски и трговски гранки,[206] — претходници на модерните акционерски друштва.

________________

Ние нема да се запираме на подробностите на овие измени што ги претрпе односот меѓу капиталистот и наемниот работник во процесот на производството, значи ни на натамошните нови определби на капиталот. Овде ќе нагласиме само неколку негови главни точки.

Внатре во процесот на производството капиталот се разви во команда над трудот, т.е. над работната сила што се ставила во дејство или над самиот работник. Персонифицираниот капитал, капиталистот, гледа да ја исполни работникот својата работа како што прилега и со нужниот степен на интензивност.

Капиталот потака се развива во принуден однос, што ја присилува работничката класа да врши повеќе работа отколку што пропишува тесниот круг на нејзините сопствени потреби за живот. А како производител на туѓата работност, како цедач на вишок на вредности и експлоататор на работната сила, капиталот далеку ги надминува по енергија, безмерност и ефикасност сите понапрежни системи на производството што почиваат на директен присилен труд.

Капиталот најпрво го потчинува трудот со оние технички услови, при кои тој него историски го заварува. Според тоа тој не го изменува непосредно веднаш начинот на производството. Затоа производството на вишок на вредноста во досега разгледуваната форма со простото продолжување на работниот ден се претстави како независно од секоја измена во самиот начин на производството. Во старомодната лебарница тоа не беше помалку ефикасно одошто во модерната предачница на памук.

Ако го разгледуваме процесот на производството од гледна точка на процесот на трудот, тогаш работникот не се однесува спрема средствата за производство како спрема капитал, туку како спрема само средство и материјал на неговата целесообразна производна дејност. Во некоја штаварница за кожи на пр. тој со кожата се однесува како со прост предмет на својот труд. Не е капиталистот тој, кому му ја штави кожата. Инаку е штом процесот на производството го разгледуваме од гледна точка на процесот на оплодување на вредноста. Средствата за производство веднаш се претвораат во средства за цицање на туѓиот труд. Тоа не е повеќе работникот што ги употребува средствата за производство, ами тоа се средствата за производство што го употребуваат работникот. Места оај нив да ги троши како материјални елементи на својата производна дејност, тие него го трошат како фермент на својот сопствен животен процес, а животниот процес на капиталот се состои само во неговото движeњe како вредност што се оплодува сама од себе. Печките за топење и работните згради кои ноќе стојат мирно и не цицаат жив труд, се „чиста загуба“ (mere loѕѕ) за капиталистот. Поради тоа печките за топење и работните згради обосновуваат некоја „претензија“ на „ноќен труд“ на работната сила. Простото претворање на парите во материјални фактори на процесот на производството, во средства за производство, ги превртува последниве во јуристичка титула и во присилна титула на туѓ труд и на вишок на трудот. Најпосле уште еден пример ќе ни покаже како се одразува во свеста на капиталистичките глави ова својствено и карактеристично за капиталистичкото производство извртување, тукуречи ничкум испревртен однос меѓу живиот и мртвиот труд, меѓу вредноста и силата што ја создава вредноста. За време на бунтот на англиските фабриканти од 1848-50 напишал:

„шефот на предачниците на лен и памук во Пејсли, една од најстарите и најпочитувани фирми на западна Шкотска, компанијата Карлајл, синови и Ко, која суштествува од 1752 и генерација по генерација ја води истата фамилија“, —

значи овој извонредно интелигентен џентлемен напишал во „Glasgow Daily Mail” од 25 април 1849 едно писмо[207] под заглавие: „Relaysystem”, „Релејниот систем“, каде што покрај другото, се испушти и следново смешно наивно место:

„Допуштете ни нам сега да го разгледаме злото што го повлечува по себеси скусувањето на работното време од 12 на 10 часа. Тоа се 'сведува' на самото оштетување на изгледите и на сопственоста на фабрикантите. Ако работел тој (т.е. неговите „раце“) 12 часа, а се ограничува на 10 часа, тогаш секои 12 машини или вретена од неговото претпријатие паѓаат на 10) („then every 12 machines or spindles, in his establishment, shrink to 10”), а ако сака да ја продаде својата фабрика, тогаш таа ќе се цени само како од 10 вретена, така што секоја фабрика во целата земја ќе изгуби еден шести дел од својата вредност.[208]

За овој по наследство капиталистички мозок од западна Шкотска вредноста на средствата за производство, вретената итн. се слеала до таква мера со нивните капиталистички својства сами од себе да се оплодуваат или секојден да голтнуваат определено количество туѓ труд бесплатно, што шефот на фирмата Карлајл и Комп. вистински си вообразува дека при продажбата на неговата фабрика нема да му се плати само вредноста на вретената туку покрај тоа и оплодувањето на нивната вредност, не само трудот што е содржан во нив и што е потребен за производство на вретена од ист вид, туку и вишокот на трудот што со нивната помош се исцицува од вредните западни Шкотланѓани од Пејсли. И токму поради тоа, мисли тој, со скусувањето на работниот ден за два часа дека и продажната цена на секои 12 предачни машини ќе падне на цена од 10 машини.


Фусноти

[202] Овој основен закон изгледа како да им е непознат на господата од вулгарната економија. Овие наопачни Архимеди мислат оти во определувањето на пазарната цена на трудот со барањето и предлагањето ја изнашле опирната тачка, не за да го движат светот, туку за да го запрат.

[203] Поблиску за ова во „Четвртата книга“.

[204] „Трудот т.е. времето што го троши некое општество во стопанството е определена големина на пр. 1 милион работници по 10 часа на ден прави 10 милиони работни часа... Зголемувањето на капиталот има своја граница. За секој период оваа граница е дадена во вистинската сума на работното време што може да се употреби во производството“. („An Essay on the Political Economy of Nations. London 1821”, стр. 47, 49.)

[205] „Закупникот [фармерот] не смее и самиот да работи; а ако тоа сепак го прави тогаш тој со тоа, според моето мнение само ќе губи. Тој треба да се занимава со општиот надзор на своето претпријатие: тој мора да го надгледува вршачот, ако не сака да му плаќа наемнина залудо и житото да му остане на сноп; жетварот, касачот итн. мораат да се надгледуваат. Тој непрекинато мора да го врви целиот закупен простор, за да не се пропушти ништо, а тоа би се случило кога би се врзал за едно место“. (An Inquiry into the Connections between the present Price of Provisions, and the Sizе of Farms etc.“ By a Farmer. London 1773, стр. 12.) Ова дело е мошне интересно. Во него може да се студира генезата на „capitalist farmer“ [капиталистички закупник], или на „merchant farmer [трговскиот закупник], како што изрично го вика него писателот, и може да се слушне за самофалството на капиталистичкиот закупник пред „small farmer“ [дребниот закупник], за кого работата се сведува всушност на работа за средствата за егзистенција. „Капиталистичката класа отпрво се ослободува само дeлум, а најпосле наполно од нужноста на рачниот труд.“ (Richard Jones: „Textbook of Lectures on the Political Economy of Nations”. Hertford 1852. Lecture III, стр. 39.)

[205а] Молекуларната теорија применувана во модерната хемија, научно најнапред развиена од Лоран и Жеpap, не почива на никаков друг закон. (Додаток кон 3 издание — За објаснување на оваа белешка, можеби прилично темна за лицата што не се занимаваат со хемија, ние укажуваме дека писателот овдека зборува за јагленоводородните соединенија. отпрво наречени во 1843 од Жерар „Хомологни редови“, од кои секој има своја алгебарска формула. Така редот од парафинот е: CnH2n+2; од нормалните алкохоли: CnH2n+2O; од нормалните маслени киселини: CnH2nO2 и многу други. Во горниве примери со просто квантитативно додавање на CH2 кон молекуларната формула секогаш се образува квалитативно различно тело. Шта се однесува за учеството на Лоран и Жерар во утврдувањето на овој важен факт, а кое гo проценил Маркс, спореди го: Корр: „Entwicklung der Chemie“, Munchen 1873, стр. 709 и 715, и Schorlemmer: „Rise and Pгogress of Organic Chemistry”, London 1879, стр. 54. — Ф. Е.).

[206] Институтите од овој вид Мартин Лутер ги викаше: „Die Gesellschaft Monopolia” [монополистички друштва].

[207] RIF, за 30 април 1849, стр. 59.

[208] Исто, стр. 60. Фабричкиот инспектор Стјуарт, и самиот Шкотланѓанец, а спротивно на англиските фабрички инспектори, сосем е опфатен од капиталистичкиот начин на мислење, изрично забележува дека ова писмо, што го приложува тој кон својот извештај, „е најполезното соопштение што го напpавил кој и да било од фабрикантите што го применуваат релејниот систем, и специјално за тоа пресметано за да ги отстрани предрасудите и сомненијата против овој систем“.


Забелешки на уредникот на изданието

[1*] Во авторизираното француско издание вториот дел од реченицата е даден на следниов начин: „или, сепак, е еднаква на вредноста од една работна сила помножена со степенот на нејзината експлоатација и помножена со бројот на работните сили кои едновремено се експлоатирани.“


Следно поглавје

Содржина

Маркс-Енгелсова интернет архива